Еден од старците имал обичај да каже: „Пред сè друго, потребно ни е смирение“, за да бидеме подготвени на секој збор што го слушаме, да одговориме: „Се покорувам“, бидејќи преку смирението се уништуваат сите напади и препреки на непријателот. Што е смислата на овие зборови? Зошто тој говори дека, пред сè друго потребно ни е смирението, а не, пред сè, потребно ни е воздржување? Затоа што апостолот вели: „Секој натпреварувач се воздржува од сè“ (1.Кор 9,25). Или, зошто не вели: „Пред сè друго, потребен ни е страв од Бога“, бидејќи е напишано: „Почеток на мудроста е стравот од Господ“(Пс 110, 10) и повторно: „Од стравот од Господ секој се отстранува од злото“ (Изр 15, 27). Или, зошто не вели: „Пред сè друго, потребни ни се вера и милосрдие“, бидејќи е кажано дека преку вера и милосрдие се очистуваме од гревовите, како што и апостолот вели: „Без вера не е можно да Му се угоди на Бога“ (Евр 11, 6). Затоа, ако е невозможно да Му се угоди на Бога без вера, а ако со верата и милосрдието се очистуваат гревовите, ако со стравот човекот се отстранува од злото, и почеток на мудроста е стравот од Господа, и човекот кој се бори треба од сè да се воздржува, тогаш зошто вели: „Пред сè друго, потребно ни е смирение“, а ги остава настрана другите важни работи. Светиот човек сака да ни покаже дека ниту стравот од Бога, ниту верата, ниту воздржувањето, ниту која било добродетел ќе нè направи праведни ако нема смирение, и затоа вели: „Пред сè друго, потребно ни е смирение, за да бидеме послушни во сè што ќе ни се каже и да одговориме: „Се покорувам“, бидејќи преку смирението сите напади и препреки на непријателот се уништуваат.

Проценете сами, браќа, колку е силнo смирението. Проценете колку е силно дејството на зборовите „прости ми“. Зошто, пак, ѓаволот се нарекува не само непријател, туку и противник? Тој се нарекува непријател, бидејќи ги мрази луѓето, мрази сè што е добро, и е предавник; а противник се именува, бидејќи се обидува да попречи сè што е добро. Ако некој сака да се моли, тој го попречува со нечисти слики, помисли и мразење. Ако некој сака да даде милостина, тој го попречува со скржавост или одлагање. Ако некој сака да бдее, тој го попречува со униние и мрзливост. За сè добро што посакуваме да направиме, тој е против нас. Затоа се именува непријател и противник. Но, со понизноста, сите негови напади и препреки немаат сила. Смирението е навистина големо нешто, бидејќи секое добро дело е придружено со тоа, а преку него сите ние треба да поминеме, како што е речено: „Погледај ги страдањата и маките мои, па прости ми ги сите мои гревови“ (Пс 24, 18), и: „Се смирив и Господ ме спаси!“ Затоа што, самото смирение, малку по малку, ни помага да се спасиме (како што вели ава Јован). Дури и ако не можеме да се трудиме многу, тогаш да се смируваме. Цврсто верувам во милоста Божја, дека и мал подвиг со смирение ќе ни овозможи да бидеме таму, на исто место каде што се светителите, кои многу се потрудиле и биле вистински служители на Бога. Да! Слаби сме и не можеме многу да се трудиме, но не можеме ли барем да бидеме смирени? Блажен е, браќа, оној кој има смирение. Големо е смирението. Добро го опишал тоа оној свет отец, кој имал вистинско смирение, велејќи: „Смирението не се гневи, ниту некого разгневува“. Ова изгледа чудно, но смирението е спротивно на гордоста, и сметам дека го заштитува човекот од неа. Но, човекот се гневи и за богатство и за она што треба да јаде; како тогаш тој говори дека смирението не се гневи или некого разгневува? Смирението е големо (како што рековме), и има сила да донесе Божја благодат во душата. А понатаму, самата Божја благодат, влегувајќи во душата, ја штити од овие тешки страсти, односно од гневот и од разгневување на ближните, како што вели еден од старците: „За монасите сосема е несвојствено да се гневат“. Бидејќи, ако некој се гневи, и ако набрзина не се покрие со смирение, за кратко време, разгневен каков што е, ќе ги разгневи и другите, и ќе падне под власт на ѓаволот.

Затоа старецот вели дека смирението не се гневи ниту некого разгневува; но, зошто велам дека смирението заштитува само од овие две страсти? Тоа ја заштитува душата од секоја страст и искушение. Кога свети Антониј ги видел расплетени, насекаде, сите мрежи на ѓаволот, воздивнувајќи запрашал: како е можно човекот да ги избегне нив? Бог му одговорил: „Преку смирението. Тоа ти овозможува да ги избегнеш сите нив!“ И, што е уште почудно, Тој додал: „Не можат дури да се допрат до тебе“.

Ја гледаш ли силата на смирението?

Дали ја гледаш благодатта на оваа добродетел? Навистина, нема ништо посилно од смирението. Ако нешто му се случи на смирен човек, наеднаш се спротивставува самиот на себе. Тој се осудува како да е достоен за казна и нема да осуди никого, и да ја префрли вината. Така поминува без мрморење, без жалост, со потполно спокојство. Поради тоа не се гневи ниту некого разгневува. Затоа и светителот рекол дека, пред сè друго, потребно ни е смирение.

Постојат два вида смирение како што постојат и два вида гордост. Првата гордост е кога некој го презира својот брат, кога го потценува како да е никој и ништо, додека себеси се смета за поголем од него. Ако не се покае, таквиот човек, малку по малку, за кратко време, ќе премине кон другата гордост, и тогаш ќе се возгордее против Самиот Бог, припишувајќи си ги достигнувањата себеси, а не на Бога. Навистина, браќа, познавав човек, кој дојде до ваква состојба. Од почетокот, ако некој од браќата му речеше нешто, тој возвраќаше: „Што му е нему? Тој не е Зосим или некој од неговата дружина“. Потоа почна и други да потценува и да говори: „Никој не е подобар од Макариј“. А, малку подоцна почна да вели: „Ама кој е и Макариј?“ Никој не е подобар од Василиј и Григориј. Подоцна и нив ги потценуваше, говорејќи: „Кој е Василиј? Кој е Григориј? Никој нема како Петар и Павле“. А јас му реков: Навистина, брате, ќе ги омаловажиш и нив. И, верувајте ми, за кратко време почна да вели: „Кои се Петар и Павле? Нема никој како Света Троица“. Подоцна се крена и против Бога – и тотално се помрачи. Затоа сме должни, браќа, да се бориме против првата гордост, за да не паднеме, малку по малку, во совршена гордост.

Исто така, постои светска и монашка гордост. Светска гордост е онаа гордост кога некој се воздига пред братот свој, бидејќи е побогат или поубав или, пак, има повеќе имот. Затоа, кога гледаме дека ова е празна слава, или дека имаме побогат манастир, или дека е поудобен, или дека имаме повеќе монаси, треба да забележиме дека сме постигнале висока точка на оваа светска гордост. Ова се случува кога некој е вообразен за материјални нешта. Што да кажам кога некој се воздига дека има убав глас или дека убаво пее, или дека е способен за многу работи или дека е одличен работник. Ова одговара на првата гордост и сè уште е гордост од овој свет. Но, монашката гордост е онаа кога некој се воздига бидејќи бдее, или пости, или поради неговата побожност, или поради правилото, или дека е ревносен. Се случува некој да се смирува за да се здобие со слава. Сето ова е монашка гордост. Како и да е, не сме воопшто без гордост, но ако се гордееме поради нашиот монашки живот, тогаш барем да не се гордееме поради материјалните нешта. Ова е тоа што сакав да го кажам за првата и за втората гордост: светската гордост и монашката. Останува сега да ги разгледаме двата вида смирение.

Првиот вид смирение се состои во тоа да го гледаме братот како поумен од себе, и во сè да го гледаме посовршен од себе, како што рекол еден свет човек: „Смирен е оној човек, кој е подолу од сите“. Вториот вид е оној кога Му се припишува секаков успех на Бога. Така постапувале светиите. Тоа природно се раѓа во душата со исполнување на заповедите. Тоа е слично со гранките на дрвата: кога носат плодови се навалени, но кога нема плод се испружени и растат право.

Постојат и такви дрва, кои никогаш не носат плод, сè додека гранките растат направо, но ако им се обеси камен ќе се навалат и ќе донесат плод. Така е и со душата. Кога се смирува, таа донесува плод, и колку што носи плодови, повеќе се смирува. Исто така, и светителите; колку се поблиску до Бога, толку повеќе се гледаат себеси како грешници. Се сеќавам, еднаш, зборувавме за смирението и еден од угледните граѓани на Газа се чудеше слушајќи ги нашите зборови за тоа дека човек самиот себе се смета за најгрешен доколку се приближува кон Бога. Тој зачудено рече: „Како е ова можно?“ И, не разбирајќи, сакаше да дознае што значат тие зборови. Јас му реков: „Господине началнику, за што се сметате овде во градот, во споредба со другите луѓе?“ Тој рече: „Сметам дека сум голем и прв во градот“. А јас, му реков: „Ако појдеш во Кесарија, за што ќе се сметаш таму?“ Тој одговори: „За последен од тамошниот народ“. Јас, пак, го прашав: „Ако отидеш во Антиохија, за што ќе се сметаш таму?“ А тој, одговори: „Таму ќе се сметам за еден прост човек“. „А, ако отидеш во Цариград, и му се приближиш на царот, што ќе помислиш за себе?“ Тој одговори: „Ќе бидам како сиромашните“. Тогаш, му реков: „Па ете, така и светителите, колку што се приближуваат до Бога, сè повеќе се гледаат како грешници!“ Кога Авраам Го видел Бога, се нарекол прав и пепел (1 Мојс 18, 27). А Исаија, рекол: „Тешко мене, зашто сум човек со нечиста уста“(Ис 6, 5). Исто така, што одговорил Даниил кога се нашол во дупката со лавовите и кога Авакум принесувајќи му јадење, рекол: „Прими ја хранава што Бог ти ја прати?“ Даниил одговорил: „Боже, Ти си спомна за мене“ (Дан 14, 36-7). Тој имал големо смирение во своето срце кога бил во дупката со лавовите, кои воопшто не го повредиле, и со зачуденост, не само еднаш, туку и двапати, рекол: „Господ се сети на мене“.

 Го гледате ли смирението на светителите и какво било настроението на нивните срца? Тие избегнувале слава, па и тогаш кога Бог им праќал луѓе како помош. Тоа е исто како што оној кој е облечен во свила бега кога му фрлаат нечиста крпа за да не ја извалка својата скапоцена облека, така и светителите, облечени во добродетелите, бегаат од човечката слава, за да не се извалкаат од неа. Оние, пак, што бараат таква слава наликуваат на гол човек кој упорно бара крпи, или што било, за да го покрие својот срам. Така и оној кој е гол од добродетелите посакува да биде фален од луѓето. Затоа светителите, кога Бог ги праќал да им помогнат на луѓето, од смирение се откажувале. Мојсеј во една прилика, рекол: „О, Господи, Те молам, не сум доброречив, тепкам“ (2 Мојс 4, 10). Еремија, пак, рекол: „Јас сум дете“ (Ер 1, 6). Така, секој од светителите, како што реков, се здобил со смирение, преку исполнување на заповедите. Никој не може да објасни како дошло до тоа, смирението да се раѓа во душата. Човекот само преку искуство може да се научи, а со зборови не може.

 Еднаш Зосим говорел за смирението. Имало некој софист кој, слушајќи што говори (старецот), сакал да сфати, па прашал: „Како се сметаш себеси за грешник? Зар не гледаш дека си свет? Не гледаш ли дека веќе си стекнал добродетел? Зарем не гледаш дека ги исполнуваш заповедите? Како ти, исполнувајќи ги овие работи, се сметаш себеси за грешник?“ Старецот не знаел што да му одговори, само рекол: „Не знам како да ти објаснам, но тоа е вистина (дека сум грешник)“. Софистот настојувал да дознае како тоа може да биде вистина. Но, старецот и понатаму не знаејќи како да му објасни, само рекол: „Не се бунтувај. Тоа го мислам“. Откако дознав дека старецот се нашол во недоумица како да одговори, јас му реков: „Нели е тоа исто како во софизмот или медицината? Она што човекот го учи или го практикува, малку по малку, по подолго време го апсорбира, и оттаму се раѓа некаква навика. Софистот или лекарот не знаат да објаснат и да одговорат како се здобиле со таквата навика. Така е и со смирението; исполнувајќи ги заповедите се раѓа состојба на смирение и самиот процес не може да се објасни со зборови. Кога го чу ова ава Зосим се израдува и во тој момент ме прегрна, и рече: „Ти го одговори прашањето. Така е, како што рече“. Софистот откако ги слушнал тие зборови го прифатил објаснувањето. И старците имале обичај да кажат кога се раѓа состојба на смирение (во душата), но никој не можел да објасни.

 Кога ава Агатон бил на смртната постела, браќата го прашале: „Отец, зарем и ти се плашиш?“ А тој, одговорил: „Колку што беше до мене, јас ги исполнував заповедите, но јас сум само човек. Како да знам дали моите дела Му се угодни на Бога? Зашто една работа е човечкиот суд, а друга работа е Божјиот“. Ете, тој ни ги отворил очите да го разбереме смирението, укажувајќи ни како да се здобиеме со него. Но, како се раѓа во душата, како што реков неколкупати, никој нема зборови да објасни, ниту пак, може да замисли, освен ако самата душа не се научи преку труд. Но, отците постојано повторувале како се раѓа смирението. Меѓу старците постојано се пренесувало како еден од браќата прашал еден од нив: „Што е смирение?“ Старецот му одговорил: „Смирението е големо и Божествено дело, и патот до смирението е работа, телесна работа, да се сметаш себеси помал од другите и да Му се молиш за сè на Бога: тоа е патот до смирението, кое самото по себе е Божествено и нејасно“.

 Зошто е речено дека телесниот труд ја приведува душата кон смирение и како е можно телесниот труд да делува на душата?

 За да се сметаш себеси помал од другите, како што кажавме претходно, тоа е спротивно на првата гордост. Зашто, како е можно човек да се смета себеси поголем од другите, да биде арогантен за сè, или да го укорува и презира секого ако се смета за помал од сите? Повеќе од јасно е, смирениот и побожен човек, знае дека е невозможно да се стекне добро без помош и заштита од Бога, и затоа не престанува да Му се моли на Бога за Тој да биде милостив кон него. Човек за сè што очекува од Бога е подготвен да направи прогрес; тој знае како ќе го направи тоа, и затоа не може да биде арогантен. Тој не се надева на своите способности, но сите успеси Му ги припишува на Бога. Тој секогаш Му благодари на Бога, плашејќи се Бог да не запре со помошта, бидејќи тогаш би се покажала неговата слабост и немоќ. Преку смирение се моли, а преку молитвата се смирува. Колку повеќе напредува во добродетелите, толку повеќе се смирува. Колку повеќе се смирува, толку повеќе добива помош (од Бога), и напредува (во духовниот живот) преку добродетелта на смирението.

 Да се вратиме на прашањето: зошто физичката работа поттикнува состојба на смирение, и како делува телесниот труд на душата? Тоа е затоа што душата паднала во непослушание, поради заповедите, како што вели св. Григориј, во самозадоволства и слобода, која преминува во прелест. На некој начин, таа како да се соединила со телото, т.е. целата постанала плотска, како што е речено: „Духот Мој нема вечно да ги одржува во живот луѓето, зашто тие се плот“ (1 Мојс 6, 3). Како што бедната душа сострада со телото за сè што му се случува, така и физичката работа води кон смирение, како што рекол старецот.

 Расположението на душата на здравиот човек е една работа, а друга на болниот; една е состојбата на гладниот човек, а друга на ситиот. Исто така, расположението на човекот што јава коњ се разликува од она кога човек јава на магаре; едно е расположението на човекот што седи на трон, а друго на оној што седи на земја. Расположението на оној кој е убаво облечен се разликува од оној облечен во партали.

 Така, трудот го смирува телото, а кога телото е смирено и душата ќе се смири, така што добро е речено дека телениот труд води кон смирение. Затоа Евагриј, кога се борел со хулните помисли, иако разумен човек, знаејќи дека хулењето произлегува од гордоста и дека со смирување на телото се смирува и душата, поминал 40 денови необлечен во пустина, без покрив, така што неговото тело било покриено со инсекти, слично на дивите животни. Старецот е во право кога вели дека телесниот труд води кон смирение. Нека благиот Бог ни дарува благодат на смирение, кое го спасува човекот од многу зла и големи искушенија.