Кога Бог го создал човекот, му всадил нешто Божествено, како некоја топла и светла помисла, која делува како искра, просветлувајќи го умот и покажувајќи му што е добро, а што лошо. Ова се нарекува совест, која го претставува природниот закон. Тоа се тие извори кои, како што рекле отците, Исак ги откопувал, а Филистејците ги затрупувале(1 Мојс 26, 15). Следејќи го овој закон на совеста, патријарсите и сите светители пред напишаниот закон Му угодувале на Бога. По престапувањето, неопходен бил пишан закон, потребни биле светите пророците, а особено важни ни биле поуките на нашиот Владика, Исус Христос, за да се открие совеста и да се воздигне; и така, животворната искра би се оживотворила преку исполнување на заповедите. Од нас зависи дали ќе ја погазиме, или пак, ако ја послушаме да ѝ дозволиме да свети и да нè просветлува.

Кога совеста ни вели: „Направи го тоа!“, а ние ја презираме, и кога повторно ни зборува, а ние пак не послушуваме и продолжуваме да ја презираме, таа повеќе не говори јасно од „тежината“ што лежи на неа. Таа е како ламба која свети во оштетено огледало и ги отсликува нештата замаглено и темно, исто како што не може да се види отсликувањето на лицето во заматена вода. Ние не сме способни да согледаме што ни говори совеста и затоа мислиме дека неа ја немаме. Сепак, не постои човек без совест, како што рековме, бидејќи таа е нешто Божествено и никогаш не може да исчезне. Таа секогаш нè опоменува за нашите обврски, но ние тоа не го чувствуваме, бидејќи ја презираме или ја газиме. Затоа пророкот го оплакува Ефрем и говори: „Ефрем е угнетен од противникот, поразен е преку суд“ (Ос 5, 11). Овде непријателот е совеста. Затоа е речено во Евангелието: „Помири се со противникот твој навреме, уште додека си на пат со него, за да не те предаде противникот на судијата, а судијата на слугата и да бидеш фрлен в затвор; вистина ти велам, нема да излезеш оттаму, сè додека не ја дадеш и последната пара“ (Мт 5, 25-6). Зошто совеста ја именува како противник? Се нарекува противник, бидејќи постојано се спротивставува на нашите зли помисли и ни кажува што треба и што не треба да правиме. Затоа нашиот Господ нè опоменува: помири се со противникот твој навреме, уште додека си на пат со него. А „патот“, како што вели св. Василиј, е овој свет.

 Затоа браќа, да бидеме ревносни и да ја чуваме нашата совест додека се наоѓаме во светот и да не ја отфрламе нејзината важност. Да не ја погазуваме во ништо, ни најмалку, бидејќи кога презираме мали нешта, лесно е да презреме и големи. Кога велиме: „Што би било ако кажам само неколку зборови? Што е важно ако го јадам овој залак? Што е разликата ако го ставам носот овде или онде?“ Зборувајќи на овој начин: „Што е ова или тоа важно“, човекот зема лоша и горка храна, и започнува да отфрла големи и тешки работи, па дури и ја погазува сопствената совест. И така, на крајот, уништувајќи ја, малку по малку, тој доаѓа во опасност и конечно станува нечувствителен.

 Затоа, внимавајте браќа да не ги занемаруваме малите нешта. Гледајте да не ги презираме како да немаат никаква вредност. Не постојат „мали нешта“ – тоа е прашање на малигнен гној. Да живееме трезвеноумно и да се грижиме за она што е лесно, за да не постане тешко. И успесите и грешките почнуваат со мали работи, и доведуваат до големи работи – било добри или зли. Затоа нашиот Господ нè предупредува да водиме сметка за нашата совест, која води грижа и вели: „Биди внимателен, гледај што правиш, беднику, помири се со својот противник, додека си на пат со него“. И, ја придодава стравотијата и опасноста: „За да не те предаде противникот на судијата и да не бидеш фрлен в затвор“. И што друго? „Вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, сè додека не ја дадеш и последната пара.“ (Мт 5, 26) Совеста нè предупредува, како што реков, што е добро, а што зло и ни кажува што треба да правиме, а што не треба да правиме. Таа ќе нè суди и во идниот век. Затоа е речено: да не те предаде на судијата... итн.

 За да ја сочуваме нашата совест, треба да разгледаме неколку факти. Човекот е должен да ја чува совеста кон Бога, кон ближниот и кон материјалните работи. Кон Бога: тој не треба да ги презира Божјите заповеди, дури и оние нешта кои не се видливи од луѓето или оние нешта за кои човекот не треба да положи сметка пред другите. Човекот треба да ја послуша совеста која е поврзана со Бога, на пример, дали ја запоставил молитвата? Ако зла помисла влегла во неговото срце, дали бил трезвен и дали се контролирал или ја прифатил? Го гледа својот ближен, кој зборува или прави нешто; дали се сомнева во зло, во него, или пак, го осудува? Едноставно речено, треба да се чуваме во сите скриени работи што се случуваат внатре во нас, работи кои никој не ги гледа освен Бог и нашата совест. Тоа би било чување на нашата совест кон Бога.

 А, чувањето на совеста кон ближниот значи да не му правиме, воопшто, ништо што би го натажило или повредило, било со дело, било со збор, било со израз на лицето или со погледот; бидејќи има изрази, како што реков, кои го повредуваат ближниот и има погледи кои, исто така, го повредуваат. И просто речено, човек треба да се чува од сè она од што знае дека би се родиле помисли кај ближниот или, пак, би го повредило или натажило, бидејќи со тоа се помрачува и неговата совест. Тоа е чување на совеста кон ближниот.

 Во поглед на чување на совеста кон материјалните нешта: да не се користат нечесно, да не се употребуваат бескорисно, да не се фрлаат, а ако се најдат изгубени работи да не се оставаат иако можеби немаат голема вредност, туку да се земат и да се стават на вистинското место. Исто така, не треба да ја злоупотребуваме својата облека. Да претпоставиме дека некој ја носи облеката недела или две и веднаш сака да ја соблече за перење, пред време; така тој постојано сака чиста и нова облека. Овие нешта се спротивни на совеста. Слично е и со постелата, некој би се задоволил со еден душек, а некој сака поголем; некој има едно ќебе, а некој сака да го замени за ново или некое подобро заради углед или поради непромисленост. Некој може да помине со едноставна прекривка, а некој бара ленена и понекогаш се препира ако не ја добие. А оној кој гледа на братот свој: „Зошто овој има, а јас немам?“, таквиот човек не е на вистинскиот пат. Исто е и кога некој ја обесува својата наметка или прекривка да се суши на сонце и од невнимание ги остава да изгорат – сето ова е против совеста. Слично е и со храната: човекот може да ги задоволи потреби на своето тело со леб, зеленчук и неколку маслинки, но тој посакува и бара повкусна и поскапа храна – сето ова е против совеста.

 Отците ни кажуваа дека монахот никогаш не треба да го мачи совеста за каква било работа. Потребно е, браќа, секогаш да бидеме трезвени и да се чуваме настрана од сè за да не паднеме во опасност, бидејќи нашиот Господ ќе нè обвини, како што кажавме погоре. Бог нека ни дава да ги слушаме и да ги исполнуваме овие работи, инаку зборовите на нашите отци би биле за наша осуда.