Свети Јован, во едно од неговите Посланија, вели: „Совршената љубов го изгонува стравот“ (Јн 4, 18). Што сака со ова да ни каже светителот? За каква љубов и за каков страв ни говори? Псалмопејачот (Давид) вели: „Имајте стравопочит кон Господа сите праведници Негови“ (Пс 33, 9). Вакви изреки наоѓаме на многу места во Светото Писмо. Според тоа, ако светителите Го љубеле Бога и имале стравопочит кон Него, како можеме да кажеме: „Љубовта го изгонува стравот?“ Св. Јован сака да ни каже дека постојат два вида страв: едниот е воведен, а другиот е совршен; едниот, својствен за почетници – во побожноста, додека другиот е за совршените во нивната светост, кои стекнале вистинска љубов. Првите се оние кои ја исполнуваат Божјата волја преку страв од осуда; односно, тоа се почетниците. Она што го прават, не го прават заради самото добро, туку поради страв од маки. Други, пак, ја исполнуваат Божја волјата заради љубов кон Самиот Бог, Го љубат Него и знаат што е прифатливо за Бога. Таквиот човек пребива во добродетел и знае што значи да се биде со Бога. Гледаш! Тоа е човек што има вистинска љубов, а св. Јован ја нарекува совршена љубов, и таа љубов човекот го води кон совршен страв. Тој се плаши од Бога и ја исполнува волјата Божја не поради страв од казнување, ниту за да избегне осудување, туку затоа што, како што рековме, вкусил од благоста на пребивањето со Бога; се плаши дека ќе отпадне од таа состојба; се плаши дека ќе се одврати од неа. Тоа е совршен страв, кој се раѓа од совршената љубов и го отфрла воведниот страв. И, ете, затоа тој (апостолот) вели дека совршената љубов го исфрла стравот надвор. Но, невозможно е да се дојде до совршена љубов, освен преку тој воведен страв.

Постојат, како што вели св. Василиј, три состојби преку кои Му угодуваме на Бога. Првата состојба е стравот од казна; тоа е кога се наоѓаме во состојба на роб. Втората состојба е кога робовите работат за надоместок, исполнувајќи ги должностите. Третата состојба е онаа на синовите, кога се стремиме за „високо“ добро. Така, на пример, кога синот станува возрасен, ја исполнува волјата на својот татко не бидејќи се плаши да биде казнет, ниту дека ќе добие награда од него, туку затоа што тој знае дека е љубен од својот татко. Тој го љуби и го почитува својот татко, и уверен е дека целиот имот од татко му е негов. Таквиот човек е достоен да слушне: „Затоа не си веќе роб, туку син... наследник Божји преку Христос“ (Гал 4, 7). Како што рековме, тој повеќе не се плаши од Бога со тој воведен страв, туку навистина Го љуби, како што вели св. Антониј: „Не се плашам повеќе од Бога, туку Го љубам“. А Господ, го забележал стравот кога му рекол на Авраам да го жртвува синот: „Еве, сега знам дека се плашиш од Бога“ (1 Мојс 22, 12). На што се однесува тоа: „Сега знам?“ Авраам бил милосрден и направил многу нешта од послушност кон Бога и не го поштедил својот единствен син, патувал од место на место во непозната земја, меѓу идолопоклоничкиот народ, каде воопшто не постоел никаков страв од Бога, и како врв на сè претрпел стравотен тест на жртвување на својот единствен син. На крајот, Бог му вели: „Сега знам дека имаш страв од Бога“, укажувајќи дека совршената љубов им припаѓа на светителите. Тие не ја исполнуваат Божјата волја од страв поради казна или заради добивање награда, туку од љубов, се плашат да направат нешто што е против Божјата волја. Заради тоа апостолот вели: „Љубовта го отстранува стравот“. Тие не работат со страв, туку се плашат затоа што љубат.

Тоа е совршен страв, но совршениот страв не може да се појави ако човекот нема воведен страв. А, во Светото Писмо, е речено: „Почеток на мудроста е стравот од Господ“ (Пс 110, 10), и уште: „Стравот од Бога е почеток и страв“. На почеток тој го именува како воведен страв, а подоцна следи совршен страв на светителите. Уводниот страв припаѓа на нашата состојба, тој ја чува душата, како калај. Напишано е: „Со стравот од Господ секој ќе се отклони од злото“ (Изр 15, 27). И така, оној кој бега од злото поради страв од маки, или како роб кој се плаши од својот господар, тој постепено доаѓа до тоа да прави добро и започнува да се надева на награда поради неговите добри дела, како што е случајот со наемникот. Ако постојано го избегнува злото, како што рековме, слично на роб, и правејќи добро заради надеж, слично на наемникот, пребивајќи во добро, со Божја помош, и сразмерно на тоа, соединувајќи се со Бога, конечно тој ќе вкуси и ќе дојде до некое искуство на Бога и никако нема да посака да се одвои од Него. Затоа што, како што вели апостолот, кој може таквиот да го издвои од љубовта кон Бога? ( Рим 8, 35) Тогаш тој достигнува мера на син и љуби заради самото добро, и се плаши бидејќи љуби. Тој е оној голем и страшен страв. Учејќи нè за разликата на еден страв од друг, пророкот (Давид) вели: „Дојдете, чеда, послушајте ме: јас ќе ве научам да имате стравопочит кон Господ“ (Пс 33, 11). Обрнете внимание на секој збор на пророкот, бидејќи секој негов збор има сила. Прво вели: „дојдете кај мене“, повикувајќи нè на добродетел. Потоа додава: „чеда“. Светителите ги именуваат чеда оние кои се преобраќаат од нивните зборови, од зло кон добро, како што и апостолот вели: „Чеда мои, за кои сум повторно во родилни маки, додека не се обликува во вас Исус Христос“ (Гал 4, 19). Потоа, повикувајќи нè кон Него и подготвувајќи нè за ова преобразување, пророкот ни вели: „Ќе ве научам на стравот од Господ“. Видете ја смелоста на светителот. Кога сакаме да кажеме нешто за духовниот живот, секогаш велиме: „Сакате ли да поразговараме малку и да се пробаме во стравот од Бога или во каква било добродетел?“ Но, светиот пророк не говори така, туку со смелост вели: „Дојдете, чеда, послушајте ме: јас ќе ве научам да имате стравопочит кон Господ“; кој е човекот што посака живот и сака да види добри денови? А потоа, како некој да одговорил: „Јас сакам. Научи ме како да живеам и да видам добри денови“, а тој поучува говорејќи: „Воздржи го јазикот од зло и устата своја од лаги“ (Пс 33, 13). И така, тој најпрво го отсекува злото преку стравот од Бога. Воздржи го својот јазик од зло: тоа значи не ја повредувај совеста на ближниот со ништо, односно не зборувај лаги и не биди избувлив. А устата твоја нека не говори лукавство: односно не го лажи својот ближен. Потоа пророкот додава: „бегај од злото“. Прво зборува за одредени гревови, озборување и лажење, а потоа зборува, генерално, за сите зла. „Бегај од злото“, значи бегање од сите зла и бегање од сè што води кон злото. Со тоа не запира, бидејќи додава: „и прави добро“; затоа што се случува некој да не прави зло, но да не прави ни добро. Некој не врши неправда, но не врши ни милост; друг не мрази, но и не љуби. И, затоа, добро рекол пророкот: „Бегај од злото и прави добро“. Така тој ни ги покажува резултатите од трите состојби за кои зборувавме: со стравот од Бога се раководиме во отстранување на злото, а потоа нè повикува да се соединиме со доброто. Кој ќе се удостои да го отфрли злото и да побегне од него, воден од светителите, сосема природно ќе прави добро. Откако доследно го кажавме ова, тој нè води кон резултатите, додавајќи: „барај мир и стреми се кон него“.  Не рекол само „барај“, туку упорно стреми се кон него, за да го достигнеш.

Добро врежете ги овие зборови и забележете ја ревноста на светителот. Кај оној кој се удостоил да го избегне злото и се труди, заедно со Бога, борбите со непријателот доаѓаат веднаш. Тогаш тој се подвизува, се труди, се скрушува, не само плашејќи се да не се врати на злото, туку и, слично на наемникот, се надева на добра награда. На таков начин, трпејќи напади и борејќи се со непријателот, тој прави добро со многу жалост и со многу скрушеност. Но, кога добива помош од Бога и полека стекнува навика во она што е добро, тој закрепнува и постепено вкусува мир и чувствува што значи маката при борбата, а што радоста и задоволството од мирот. Тогаш бара мир, се труди и тежнее кон него за да го достигне, за совршено да го стекне и да го всели во себе. Што е поблажено од душата на оној кој се удостоил да достигне таква мера? Таквиот човек, како што често сме зборувале, ја достига мерата на синот. И, навистина, блажени се миротворците зашто се наречени синови Божји (Мт 5, 19). Што може да ја поттикне душата да прави добро ако не радоста што ја носи самото добро? Кој ја познава таа радост освен оној кој ја доживеал? Таквиот човек знае што значи совршен страв, како што рековме претходно.            

Ете веќе чувме што значи совршениот страв на светителите и што е воведен страв, кој ѝ припаѓа на нашата падната природа. Исто, чувме како да бегаме од него и каде да одиме со стравот од Бога. Конечно, сакаме да научиме како доаѓа стравот од Бога. За да дојдеме до тоа мораме да видиме што нè одвојува од тој страв.

Отците ни говорат дека човекот се здобива со страв од Бога ако ги има на ум смртта и вечните маки, ако се испитува, секоја вечер, како му поминал денот и, секое утро, како му поминала ноќта; ако го воздржува јазикот и ако се прилепува со човек кој има страв од Бога, како негов духовен водач. Еден брат, еднаш му рекол на еден од старците: „Што можам да направам за да се научам на страв од Бога?“ А старецот, му одговорил: „Оди и биди му ученик на оној што има страв од Господ и од неговиот страв Господ ќе те научи да имаш страв од Него“. Ние го бркаме стравот од Бога, бидејќи го правиме обратното: немаме размислување за смртта или вечните маки, не внимаваме на себе и не се испитуваме како го поминавме денот; исто така, живееме рамнодушно и ако сме самоугодници – ова е совршено уништување. Ништо толку не нè оттргнува од стравот од Бога како предавањето на мечтите. Кога ава Агатон бил запрашан што мисли за самоугодувањето, рекол дека тоа е како голем пожар од кој, кога ќе се запали, сите бегаат, и кој ги уништува сите плодови на дрвото. Боже мој! Ја гледате ли силата на оваа страст и нејзината уништувачка моќ. И кога повторно бил прашан: „Дали е премногу опасна?“, тој одговорил: „Да, нема ништо пострашно од самоугодувањето. Таа е подготовка за сите страсти, бидејќи го истерува стравот од Бога“. Таму каде што нема таков страв, се наоѓа секаква страст, бидејќи со стравот од Господ се отфрла секакво зло. Бог нека нè спаси од смртоносната болест на самоугодувањето.

Самоугодувањето зазема неколку форми. Човек е самоугодувач во зборувањето, во допирот, или со погледот. Од самоугодување се паѓа во празнословие, во говори за светот, во правење шеги и поттикнување на непристојни смешки. Самоугодување е и ако некој допре некого без причина, кога некој некого ќе го удри на шега, кога турка некого, кога грабнува некого, кога некој бесрамно се загледува во некого. Сето ова доаѓа бидејќи човекот нема страв од Бога во душата, и одовде, малку по малку, тој оди во потполна запуштеност. Поради оваа причина, кога Бог ги дал заповедите, рекол: „Пазете ги израилевите синови“ (3 Мојс 15, 31). Затоа што без страв од Бога и срам човекот не може да Го почитува Бога, и не обрнува никакво внимание на ниедна заповед. Затоа, нема ништо поштетно од самоугодувањето. Тоа е зародиш на сите страсти. Тоа ја отфрла побожноста, почитта кон другите и раѓа презир (кон заповедите). Поради тоа што сме самоугодувачи и не се срамиме еден од друг, ни се случува да зборуваме со злоба и да се повредуваме.

Се случува некој од нас, гледајќи нешто некорисно, да бега и полага отров во срцето на другиот. И не само што си штети на себеси, туку му наштетува и на својот брат, ставајќи му во неговото срце од лутиот отров. Честопати умот на таквиот брат, кој бил во молитва или во некоја друга добра состојба, кога некој му приоѓа и му мрмори, не само што го спречува во она што го прави, туку му носи и искушение. Нема ништо поштетно или попогубно отколку да си наштетиш не само на себеси, туку и на својот ближен.

Затоа, браќа, да имаме побожност и да се плашиме да не си наштетиме себеси, но и на другите, да се почитуваме еден со друг и да се трудиме да не се гледаме во лице еден со друг, бидејќи, како што рекле некои од отците, и тоа е самоугодување. И, ако види некој дека неговиот брат погрешил, не треба да го презира и не треба да молчи, и така оставајќи го да погине. Не треба, пак, ни да го проколнува, ниту да го озборува. Подобро е да му каже, со страв од Бога, на некого кој може да го поправи таквото однесување. Или, пак, самиот тој да му каже со љубов и со смирение: „Прости, брате мој, бидејќи сум расеан и затоа оваа работа можеби не ја работиме добро“. Ако не те послуша, кажи му на друг во кого тој има целосна доверба, или кажи му на оној што управува, на игуменот, во согласност со големината на гревот; но, пред сè, како што рековме, обиди се да му зборуваш за да се поправи, а не да му мрмориш или да го озборуваш, не заради негово понижување, не заради таквиот да го воздигнеш или, пак, заради осудување. Внимавај само да не се претвориш во некој кој сака да го поправи, но истовремено во себе внесува нешто од претходно споменатото. Навистина, дури и да му каже на својот ава, но не заради поправање на ближниот, или заради избегнување на сопствена штета, тоа би било грев на озборување. Затоа, секој нека си го испита своето срце. Доколку некој има некаков пристрасен чекор, не треба да зборува. А, ако добро се испита, забележува дека зборува со сочувствување и заради корист, а во себе се вознемирува со страсна помисла, па така нека му каже смирено на игуменот за својот ближен, вака: „Совеста ми зборува дека ова сакам да го кажам заради поправање на мојот брат, но во себе чувствувам дека имам помешана помисла. Не знам! Можеби тоа е поради тоа што претходно имав нешто против мојот брат. Или, во прашање е клевета која ми пречи да му зборувам за да се поправи мојот брат. Навистина, не знам. Тогаш авата ќе му каже дали да зборува или не. Се случува некој да зборува не заради корист на својот брат, не заради страв од сопствена штета, или не заради злопамтење, туку просто така, од празнословие. Но, која е користа од таквото мрморење? Често и самиот брат знае дека и за него зборувале, и затоа се огорчува. А кога некој зборува, не заради корист на својот брат, Бог не допушта да произлезе никаква збрка, и не допушта да дојде до огорчување и штета.

И така, да се грижиме, како што рековме, да се воздржуваме со својот јазик, од неполезно зборување за својот ближен за да не го повредиме ниту со збор, ни со дело, ниту со израз, ни на кој било начин. Кога ќе чуете од својот брат непријатни зборови не бидете толку чувствителни и не се навредувајте наеднаш за да му возвратите со зло, останувајќи на тоа. Тоа не е за оние кои сакаат да се спасат, ниту пак за подвижниците. Здобијте се со страв од Бога, но со побожност, за да се сретнете еден со друг со приклонети глави пред братот, како што рековме, смирувајќи се пред Бога и својот брат, и отсекувајќи ја својата волја. Навистина е добро кога некој, правејќи некоја работа, му прави услуга на својот брат и му укажува почит. Така, тој стекнува поголема корист од оној на кого му помогнал.

Не знам дали некогаш сум направил добро. Но, знам дека сум бил покриен со благодатта Божја, бидејќи никогаш не сум мислел дека сум подобар од мојот брат и секогаш го сметав пред мене (во добродетелите).

Пред извесно време, додека бев ученик на ава Серидон, се разболе помошникот на ава Јован, ученик на ава Варсануфиј, и ава Серидон ми нареди да му служам на старецот. А јас и вратата на неговата келија му ја целивав со иста таква почит како другите што го целиваат чесниот Крст. Многу го почитував. А кој не би го правел истото, кога ќе се удостои да му служи на толку свет човек? Неговите зборови беа чудесни. Секој ден, кога го исполнував послушанието, правев поклон пред него и го прашував да ми даде совет, и секогаш го добивав. Старецот имаше четири изреки и, како што реков, секогаш кога го напуштав имаше обичај да каже една од нив. А велеше вака: „Речено е еднаш, брате – обичај му беше така да започнува – Бог да те сочува во љубовта. Отците, пак, говореле: Чувањето на неповредена совест на својот ближен раѓа смирение“. Друга вечер ќе ми речеше: „Речено е еднаш, брате, Бог да те сочува во љубовта. Исто така, отците рекле: Никогаш не сум ја ставал мојата волја пред другите“. Другпат, старецот ќе рече: „Речено е еднаш, брате, Бог да те сочува во љубовта. Отците рекле: Бегај од сè што е човечко и ќе се спасиш“. И повторно, тој ќе речеше: „Еднаш е речено, брате, Бог да те сочува во љубовта. Отците ќе кажат: Поднесувајте го товарот еден на друг и исполнувајте го така законот Христов“ (Гал 6, 2).

Секоја вечер, кога си заминував, старецот ми кажуваше една од четирите поуки како на некого кога му се дава нешто за по пат, и тие ми беа како заштита во текот на целиот мој живот. Сепак, без разлика што имав толкава доверба во светителот, и тоа што имав толкаво расположение да му служам и да му бидам послушен, штом еден од браќата се пожали дека не може да му служи, веднаш отидов кај авата и го разубедив дека братот може подобро од мене да му служи. Но, ниту авата, ниту старецот се сложија. Но, јас со сите сили работев да му укажам предност на мојот брат. И, поминувајќи таму десет години, јас не знам дали на некого сум му зборувал со потценување, иако имав и друго послушание. Го велам ова за да не рече некој дека ништо не сум правел.

Верувајте ми, добро се сеќавам кога ме навредуваше еден брат, одејќи позади мене од болницата до црквата. Јас одев пред него, не испуштајќи никаков глас. Кога авата дозна за тоа – но не знам кој му кажа – и кога сакаше да му даде епитимија, јас паднав пред неговите нозе, говорејќи: „Не го казнувај, заради Господа. Јас погрешив. Братот нема ништо со тоа“. И друг брат, дали поради искушение, или од простотилак, Бог знае зошто, во некое време од ноќта, пролеваше вода над мојата глава, така што мојата постела беше мокра. Но, и други од браќата доаѓаа дење и ја тресеа својата постелнина пред мојата келија и можев да видам мноштво муви и инсекти, кои влегуваат во мојата келија, а јас не можев да ги сотрам. Беа во голем број поради жешкото. Кога легнав да спијам сите ми се нафрлија. Можев да спијам само ако бев многу уморен, и кога ќе се разбудев ќе го видев целото тело во рани. Но, сепак, на никого од нив не му реков: „Не го прави тоа“ или „Зошто го правиш тоа?“ И, не знам, како што реков, дали некогаш кажав збор со кој би повредил некого. Научете се да го носите бремето еден со друг, научете се да се почитувате еден со друг. Ако некој од вас чуе непријатен збор, или ако претрпи нешто против волјата, не треба да негодува, или веднаш да се навреди, за во време на подвиг да не биде неподготвен како оној кој има раслабено, неподготвено и слабо срце, кое не може да поднесе никаква навреда. Не бидете како тиква, која наеднаш се расипува ако ја допре мало каменче и направи мала дупка; напротив, имајте смело срце за вашата љубов еден кон друг, која би победувала сè што доаѓа против вас. Ако некој од вас има послушание или обврска кај куварот, или кај градинарот, или кај визбарот, на кратко, секој од вас кој има одредена обврска кон некого, добро нека се грижи околу своето послушание и да го сочува сопствениот мир, и никогаш да не си дозволи да западне во душевен немир или нетрпеливост, или во пристрасност, или во барање на своите права, знаејќи дека сето тоа го оддалечува од заповедите Божји. Исто така, не треба да се остави каква било работа, без разлика на нејзината големина; бидејќи занемарувањето е зло. Но, не треба на штета на душевното спокојство да се заврши одредената задача. Каква било работа што ви се укажува, макар да била особено важна и потребна, не сакам да ја извршувате од самољубие или со сомнеж. Бидете уверени дека секое дело кое го извршувате, било да е големо, како што рековме, или да е мало, е само една осмина од она што го бараме, додека да се сочува устројството, па макар и да не се исполнило послушанието, претставува една половина или четири осмини. Гледате колкава е разликата.

И така, што било кога работите и сакате да е совршено, и во потполност да го исполните, потрудете се да го извршите целосно, како што е, една осмина (од она што се бара), и во исто време да ја сочувате неповредена внатрешната природа како четири осмини. Ако треба, заради исполнување на послушанието, да го напуштиме правилото и да се повредиме себеси или другиот, секако не е добро да загубиме четири осмина за да сочуваме една осмина. Заради тоа, имајте на ум дека оној што така постапува, неразумно го исполнува послушанието. Таквиот, или од претенциозност или од човекоугодие се мачи себеси, но и ближниот, за подоцна да слушне дека никој не е подобар од него. Господи, Боже! Каква смелост! Тоа не е победа, браќа, тоа е чиста загуба; вистинска пропаст. Слушнете! Ви велам, дури и ако испратам некој од вас за каква било потреба, и ако тој забележи дека настанува расправија или некоја друга штета, нека престане со работата за да не се повреди себеси и останатите. Подобро е да трпи работата отколку да настане расправија; односно да настане метеж помеѓу вас. Инаку, би загубиле четири осмини, што е очигледна неразумност. Не ви го велам ова за да се уплашите и да избегате од она што треба да го правите или за да бидете рамнодушни и веднаш да го фрлите алатот, а со тоа да ја погазите совеста, од желба да ја избегнете грижата; ниту, пак, поради влегување во непослушност, секој од вас да говори: „Јас тоа не можам да го сторам. Ми штети и ме обеспокојува“. Така никогаш нема да го извршите послушанието, ниту пак, да ги исполните Божјите заповеди. Но, трудете се, со сета сила, од љубов да го извршувате секое послушание, со смирение и со почитување покорувајте се еден на друг. Ништо не е посилно од смирението. Меѓутоа, ако некој забележи дека самиот себе или други очајува, нека престане со работата, нека попушти пред другиот и нека не држи до своето за да не следи штета; бидејќи илјадапати е подобро да не го направите тоа како што сакате. Нека биде онака како што наложува ситуацијата, само вие, покрај вашата упорност и права кои ги имате, па дури и да изгледа оправдано, не се возмутувајте и не натажувајте се еден со друг, губејќи половина или четири осмини. Инаку, разликата во штетата би била огромна. А, често се случува некој да ја изгуби и онаа една осмина и ништо да не направи. Во тоа се состои целата приказна за расправијата. Основното правило е дека целата работа што ја правиме, ја правиме со помош што ја добиваме од другите. Колку е корисно за нас кога имаме понизност еден кон друг. Ако го правиме обратното само си нанесуваме маки и штети еден со друг. А, вие знаете ли што е речено во старечникот? „Од ближниот доаѓаат и животот и смртта.“ Постојано поучувајте се, браќа, за да се научите на зборовите на старците и за да настојувате – со љубов и страв од Бога – да имате корист за себе и за другите. На таков начин ќе имате корист од сè што се случува, за да напредувате со Божја помош. Самиот Бог, Човекољубецот, ќе ни подари страв од Него, зашто е речено: „Имај страв од Бога и исполнувај ги Неговите заповеди, зашто тоа му е света должност на човекот“ (Проп 12, 13).