За тоа дека не треба да се потпираме на својот разум

             Во   Изреки   (Соломонови)   се   вели:

„Оние кои немаат водство, паѓаат како лисја, а спасението е во многуте совети“ (Изр 11, 14). Видете ја, браќа, силата на овие зборови. Гледате на што нè учи Светото Писмо. Тоа нè упатува да не се потпираме на себе, да не се сметаме за остроумни, да не веруваме дека можеме самите да се управуваме. Нам ни е потребна помош, потребен ни е водач за да се приближиме кон Божјата благодат. Никој не е понесреќен и блиску до погибел од оној кој нема наставник на патот кон Бога. Зашто е речено: „Оние кои немаат водач, паѓаат како лисја“. Лисјата на почетокот се секогаш зелени, свежи и убави на изглед. Но, постепено овенуваат и паѓаат, и на крајот ветар ги развејува и ги газат. Така е и со човекот, кој нема водач. На почетокот има ревност за пост, бдеење, за безмолвие, за послушание и за други работи. Но, по кратко време, огнот се угаснува и немајќи никој да го води, да го поддржува и повторно да го запали, се исушува и, постанувајќи непослушен, паѓа и на крајот постанува алатка во рацете на непријателите, кои прават што сакаат со него. За оние кои ги откриваат своите помисли и постапки, и сè прават со советување, се вели: „Спасението е во многуте совети“. Кога се вели: „во многуте совети“, не значи со секој да се советуваш, туку во сè да се советуваш со оној во кого имаш целосна доверба. Според тоа, треба сè да се открива и за сè да се прашува за совет, а не едно да се говори, а друго да се премолчува. За оној кој ова го прави постојано, навистина има спасение во многуте совети. Ако човек не открива сè што се однесува на него, и особено ако има зла навика и воспитување, ѓаволот наоѓа мала доза на самоволие или самозадоволство, и со тоа го соборува. Кога гледа дека некој не сака да греши, ѓаволот не е толку неискусен за да му рече (како на најголем грешник) оди и направи блуд или укради. Тој знае дека ние тоа не го сакаме, и не ни кажува нешто што не сакаме да чуеме; но, пронаоѓа во нас од тоа мало самоволие или самозадоволство и преку тоа, навидум добро, нè повредува. Затоа, повторно е речено: „Лукавиот прави зло кога го меша со праведност“ (Изр 11, 15), односно со нашата праведност, зашто тогаш тој е посилен и може повеќе да повреди, и ќе делува слободно. Кога се држиме до својата волја и кога се држиме до нашата праведност, навидум правејќи добро, ние самите на себе си плетеме замки – и притоа не знаеме како гинеме. Зашто, како можеме да ја разбереме волјата Божја, кога си веруваме само на себе и се држиме до својата волја?

Поради ова ава Пимен говорел: „Нашата волја е ѕид помеѓу Бог и човекот“. Ја гледате ли силината на таа изрека? И уште ова го додава за нашето самоволие: „Таа е како камен што се испречува и се противи на Божјата волја“. И така, ако човекот ја напушти својата волја, може да рече: „Со Бога ќе го преминам ѕидот. Боже мој, непорочен во Својот пат“ (Пс 17, 30-31). Колку прекрасно зборува! Кога човек се откажува од својата волја ќе види пат без пороци. Потпирајќи се на својата волја, тој не гледа дека Божјите патишта се непорочни. Штом чуе некоја порака, тој веднаш се оддалечува и ја отфрла. Зашто, како тој може да поднесе нешто или да послуша каков било совет кога се држи до сопствената волја. А старецот продолжува да говори за самооправдувањето: „Човекот не оди по прав пат ако самооправдувањето го здружи со самоволието“. Боже мој!

Колку се страшни последиците на кои укажуваат старечките поуки!

Смртта е навистина судот што треба да се очекува по самоволието на човекот. Тоа е голема опасност, во која бедниот целосно паѓа; бидејќи, кој може да натера друг човек да знае повеќе од тоа што е за него подобро. Таквиот потполно се држи до сопствените помисли. Тогаш непријателот го очекува неговиот пад. Затоа е речено: „Лукавиот прави зло кога се меша со правдата“ (Изр 11, 15). Се вели дека ѓаволот го мрази предупредувањето, и не само предупредувањето, туку и самиот негов звук не сака да го чуе. Тој го мрази и самиот глас, кој служи како поука. А човекот, пред да запраша за нешто што е корисно, прво размислува дали е полезно или, пак, непријателот му го предлага тоа; тогаш ѓаволот ги мрази самиот звук или зборовите и бега од нив. За што? Па тој знае дека ќе го обелодени неговото зло штом ќе се зборува или прашува за нешто корисно. А тој, од ништо не се плаши за да биде препознат, бидејќи тогаш тој не може да посее замки како што сака. Ако човекот сака да ја заштити душата, тогаш треба да ги изложува своите помисли и да му биде послушен на искусниот: „Ова прави го, а тоа избегнувај го. Тоа е добро, а тоа не е. Тоа е добродетел, а тоа е самоволие“. Исто така од искусниот ќе чуе и ова: „Сега не е време за таа работа“, а другпат: „Сега е време“, и така, ѓаволот не наоѓа начин да му наштети на човекот или да го собори. Така човекот, како што реков, е насочен и од сите страни е заштитен. На него се исполнува изреката дека „спасението е во многуте совети“. Лукавиот тоа не го сака и го мрази. Она што сака лукавиот е човекот да прави зло и да се радува кога некој не прифаќа совет. Зошто? „Затоа што тие паѓаат како лисја.“

Сетете се на оној брат кого ѓаволот особено го сакал, а за кого ава Макариј говорел: „Имам еден брат, кога ќе ме види се менува како ветар“. Ѓаволот ги сака таквите луѓе и се радува заради нив, бидејќи се без управување и не се препуштаат на Бога за да им помогне и за да ги раководи. Зарем не отиде тој ист демон на останатите браќа, кога го видел светителот како тој носи различни јадења во широка тепсија? Зарем не ги нападна сите? Но, секој од нив треба, кога ќе ја насети неговата замка, веднаш да брза да ги открие своите помисли кај својот духовен отец. Затоа таквите наоѓаат помош во време на искушение, така што лукавиот не може да ги победи. Ѓаволот нашол само еден несреќен брат, кој се потпирал на себеси и кој никогаш немал помош. Затоа и лукавиот си поигрувал со него како со играчка. И, одејќи си, тој му се заблагодарил, додека другите ги проколнувал. Дознавајќи од лукавиот за таа работа и за името на братот, ава Макариј отишол кај него и видел дека причината за неговиот пад е неоткривање на совеста. Поради тоа непријателот си поигрувал со него како што сакал. И кога бил запрашан од светителот: „Брате, како поминуваш?“, тој одговорил: „По твоите молитви, добар сум“. А, кога повторно го запрашал ава Макариј: „Не се бориш ли со помислите?“, тој одговорил: „Сега сум добар“. Ништо не сакал да открие, сè додека светителот, користејќи го знаењето, го натерал нешто да каже за себе. Потоа го потсетил на словото Божјо и го вратил на прав пат. По својот обичај непријателот повторно дошол за да го собори и да го посрами. Меѓутоа, се нашол вчудовиден, бидејќи сега бил и непожелен. На крајот, се оддалечил без успех и бил посрамен токму од тој брат. Кога повторно бил запрашан од светителот: „Како е твојот пријател?“, тој повеќе не го именувал за пријател, туку непријател, и го проколнувал велејќи: „Дури и тој станал непослушен, и тој се оддалечил од мене; тој станал пожесток од останатите“. Гледате зошто непријателот го мрази секој што ги открива своите помисли. Бидејќи, сака да нè уништи. Гледате зошто толку ги сака оние кои се потпираат на себе? Бидејќи, тие му помагаат и самите на себеси плетат замки.

Колку што јас знам, единствен пад за монахот е тогаш кога му верува на својот суд. Некои велат: „Човекот паѓа поради ова или поради тоа“, но јас велам и повторувам дека не знам за друг пад, освен поради оваа причина. Дали си видел некој да падне? Тогаш сигурно сам се раководел. Нема ништо пожално од тоа. Бог ме заштитил и секогаш се плашев од оваа опасност. Кога бев во општожитие, му ги откривав сите мои помисли на старецот Јован, и никогаш не се решив да правам спротивно на неговиот совет. Понекогаш помислата ми говореше: „Нема ли тој да ти го каже истото што и јас? Зошто да го вознемируваш него?“ А јас имав обичај да им речам на помислите: „Бидете проклети ти и твојата мудрост, и твојот разум, и твојата остроумност, и твоето знаење, бидејќи она што го знаеш е од ѓаволот“. И така, често одев да го прашувам старецот. Понекогаш ми се случувало тој да одговори она што јас сум го имал на ум. Тогаш помислата ќе ми речеше: „Ете, значи, тоа е она за што јас ти говорев. Зарем напразно не го вознемируваше старецот?“ А јас, ѝ одговарав на помислата: „Сега е добро. Сега тоа доаѓа од Светиот Дух. А она што е твое потполно доаѓа од демонот, од страсната состојба“. Така никогаш не си дозволував да поверувам на своите помисли без размислување. И, верувајте ми, браќа, бев во таква состојба на спокојство и безгрижност. Но, се нажалував, како што претходно ви кажав, кога ќе ги слушнев зборовите: „Во Божјото Царство треба да влеземе преку многу маки“(Дела 14, 22). Гледајќи дека немам никакви маки, јас се плашев и бев многу збунет, не знаејќи ја причината за таквото спокојство, сè додека ава Јован не ми објасни, велејќи: „Не се загрижувај. Секој кој се препушта на послушание кон отците има такво спокојство и безгрижност“.

Затоа и вие, браќа, трудете се да се испитувате за сè и не се потпирајте на себеси. Учете се од искуство и видете колку безгрижност, каква радост и какво спокојство носи тоа. А, бидејќи реков дека никогаш не сум бил вознемирен, слушнете сега што ми се случи. Еднаш, додека престојував во општожитие, ме нападна голема и неподнослива тага. Бев на таква мака што готов бев да ја испуштам душата. Таа болка била ѓаволска лукавост, и до неа се доаѓа со ѓаволска завист. Иако беше тешко за поднесување, сепак, не траеше долго, а чувството  беше мачно, ме притискаше и беше безутешно. Никаде не се наоѓаше мир, туку од секаде доаѓаа тешкотии. Сепак, благодатта Божја брзо ја посетува душата. Кога не би нè посетила, никој не би бил во состојба да ги издржи искушенијата. Еден ден, додека неутешно седев во дворот на манастирот и Му се молев на Бога, одненадеж погледав во внатрешноста на црквата и видов некој кој изгледаше како епископ и којшто влегуваше во олтарот. Јас никогаш не им се приближував на непознати или на посетители без потреба или наредба, но тогаш нешто ме повлече да одам кон него. Отидов по него. Кога влегов, тој долго стоеше со подигнати раце кон небото, а јас стоев позади него, молејќи се во голем страв. По завршувањето на молитвата, тој се заврти и тргна кон мене. Како што ми се приближуваше, сè повеќе чувствував како од мене се оддалечуваат тагата и ужасот. Штом застана пред мене, ја пружи раката и допирајќи ми ги градите со прстите, рече:

Трпеливо се надевав на Господ, и Тој се наклони над мене; и ја чу молитвата моја. И ме изведе од длабината на јазот, и од длабока тиња.

Па ги постави нозете мои на камен и ги зацврсти стапалата мои. Во устата моја вложи нова песна – похвала за нашиот Бог (Пс 39, 1-2).

Ги повтори овие стихови, трипати, удирајќи ме по градите, како што реков, и потоа си замина. Веднаш умот ми се просветли и срцето ми се исполни со радост, утеха и сладост. Постанав друг човек. По неговото заминување, побрзав за да го најдам, но не успеав. Тој исчезна. Од тој момент, по Божја промисла, не се сеќавам дека бев повеќе вознемирен со тага или страв, бидејќи Господ ме заштити по молитвите на старците.

Ова ви го кажав за да знаете какво спокојство и безгрижност може да има човекот ако не се потпира на себе, но сè што е во врска со него остава на Бога и на оние кои го водат според Бога.

Научете се и вие да прашувате за сè и да не се потпирате на себе, и да видите дека тоа е добро. Тоа е смирение, спокојство и радост. Инаку, која би била причината некој напразно да се прави луд? Не е можно да се спасиме на друг начин. Не потресувајте се ако не знаете што да правите доколку нема некого да прашате. Ако некој сака да ја исполнува Божјата волја во своето срце, Бог нема да го остави и ќе го води според Својата волја. Ако навистина човекот го постави срцето според волјата Божја, Бог ќе го просветли како мало дете за да му каже на тој човек што е Неговата волја. Но, ако човекот не сака да ја исполнува волјата Божја, нема да му помогне ако отиде кај пророк, бидејќи Бог ќе му всади одговор во срцето за да му одговори според неговото искривено срце. Така се вели и во Светото Писмо: „Ако, пак, пророкот, дозволи да се измами, тоа е затоа што Јас, Господ, сум го научил тој пророк“ (Ез 14; 9). Затоа сме должни со целата сила да се управуваме по Божјата волја и да не му веруваме на сопственото срце. Ако се случи да правиме добро, и чуеме од некој свет човек дека тоа е добро, должни сме да го сметаме за добро, но не целосно да веруваме дека навистина добро правиме и дека е совршено за нас. Должни сме да се трудиме според своите сили, а судот за тоа како постапуваме да им го препуштиме на другите. Така ќе знаеме дали правиме добро. И, на крајот, не треба да бидеме самозадоволни, туку да го очекуваме Божјиот суд. Кога го прашале свети Агатон дали се плаши од Божјиот суд, рекол: „До сега се трудев со сите сили, но не знам дали мојот труд Му е угоден на Бога. Едно е судот Божји, а друго судот човечки“. Бог нека нè сочува нас, кои се потпираме на себе, од неволјите и да нè удостои да се држиме до патот на нашите отци.