Ако се сеќававме, браќа, на зборовите на светите отци, и ако се поучувавме од нив, не би грешеле лесно и не би се препуштале на невнимателност. Кога ние, како што тие говореле, не би го занемарувале она што е мало и што ни се чини безначајно, не би паднале ни во она што е големо и тешко. Јас секогаш ви говорам дека лошите навики доаѓаат од оние мали нешта – кога говориме: „Што значи ова или она?“ – и тоа е првиот чекор во занемарување на големите нешта. Знаете ли колку е тежок гревот на осудување на ближниот? Што има потешко од тоа? Што е тоа што Бог не го поднесува и од што Тој се одвраќа? Како што и отците говореле: има ли полошо од осудување на ближниот? Сепак, од она, навидум мало, се доаѓа до големо зло. Поточно, од прифаќање на сомнежот за ближниот: „Што ако чујам што говори оној брат? Што ако и јас кажам некој збор?“ На крајот, умот лесно заборава за своите гревови и говори со осуда кон ближниот, зборува лошо за него и одовде паѓа во она, во што го осудува. Бидејќи постануваме безгрижни за нашите гревови и не ја оплакуваме својата смрт (како што говорат отците), ја губиме силата да се поправиме и речиси секогаш се грижиме за тоа што прави ближниот. Ништо толку не Го лути Бога или го соголува човекот од благодатта и ништо толку не предизвикува напуштање (од страна на Бога) како клеветењето, осудувањето и понижувањето на ближниот.
Постојат три различни нешта: клеветење, неправедно осудување и понижување. Клеветење е кога се зборува за некој кој лажел, или се разгневил, или дека блудничел, или нешто слично. Таквиот го клевети братот и пристрасно зборува за гревот на братот. Осудувањето значи: „тој и тој е лажго, или тој е гневен, или тој е блудник. Оној кој така говори постанува судија на самото расположение на својата душа и го сведува на заклучок целиот негов живот, говорејќи дека е таков, осудувајќи го како таков. Тоа е страшна работа. Едно е да се каже: „Тој се разгневи“, а друго е да се каже: „Тој е гневен“. Со тоа, како што реков, тој одлучува за целиот негов живот. Тешко е да осудуваш некого за секој негов грев. А, Самиот Христос рекол: „Лицемере, извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на својот брат“ (Лк 6, 42).
Гледате, тој го споредува гревот на братот со даска и вашиот избрзан суд со штица. Многу е тешко осудувањето на ближниот! И оној фарисеј, кој се молел, Му благодарел на Бога за своите добрини, не лажел, туку ја зборувал вистината, и не бил осуден за тоа; бидејќи ние сме должни да Му благодариме на Бога и да се удостоиме да правиме добро, зашто Тој ни помага и сотрудува со нас. Тој не бил осуден поради тоа што рекол: „Не сум како другите луѓе“, но тој бил осуден, бидејќи рекол: „Не сум како овој цариник“(Лк 18, 11). Тој не само што ја осудил самата личност, туку и самото расположение на неговата душа, накратко речено, целиот негов живот. Затоа цариникот си замина оправдан, а не фарисејот.
Нема ништо потешко од осудувањето и презирањето на ближниот, како што веќе неколкупати повторував. Зошто не се осудуваме себеси и своите гревови, кои точно знаеме кои се и за кои сме должни да дадеме одговор пред Бога? Зошто го приграбуваме судот Божји? Што сакаме од Неговото создание? Зарем не треба да трепериме кога некој ќе рече „Тој е нечист“, за братот кој паднал во блуд. Или, пак, не знаете како страшно се проповеда за тоа во старечникот? Светиот ангел му ја донел душата на некој старец, и му рекол: „Ова е човекот што го судеше. Само што почина. Каде наредуваш да го пратиме, во Царството или во погибелта?“ Има ли потешко нешто од тоа да судиш некому? Што поинаку би значеле зборовите на ангелот, упатени кон старецот, ако не: „Бидејќи ти си судија на праведниците и на грешниците, кажи што наредуваш за оваа бедна, смирена душа? Дали да се помилува или да се казни? Старецот, прекумерно уплашен, остатокот од неговиот живот го поминал со воздишки, солзи и неуморен труд, молејќи се да му се прости гревот; и покрај тоа што паднал пред нозете на ангелот, молејќи за прошка. А ангелот, му рекол: „Ете, гледаш, Бог ти покажа колку е тежок гревот на осудување за повеќе да не паднеш во него“. Сепак, душата на старецот не можела да се утеши од неговата тага и покајание до самата смрт.
И, зошто сакаме да го судиме нашиот ближен? Што ни е грижа за туѓиот товар? Ние имаме за што да се грижиме, секој од нас има свои долгови и гревови. Само на Бога Му припаѓа правото да суди и оправдува. Тој ја знае секоја наша состојба и нашите сили, нашето отпадништво и нашите дарови, и телесниот состав и способностите. И според тоа, Тој знае како да го суди секого од нас според делата. Бог на еден начин ги суди епископите, а на друг начин царевите. Еден е судот кон игуменот, а друг е кон искушеникот. Тој различно го суди младиот од стариот, болниот од здравиот. Кој може да ги разбере овие судови освен Оној Кој сè направил, сè создал и знае сè? Се сеќавам кога ја слушнав следнава работа: брод полн со робови дошол на пристаништето каде што живеела една девојка, која била трудољубива во нејзиниот духовен живот. Кога слушнала дека бродот се приближува, многу се израдувала, бидејќи сакала да си купи девојченце за да ѝ биде како помошничка. Таа си мислела: „Ќе ја земам кај мене и ќе ја воспитам, за да не го запознае злото на овој свет“. Таа пратила некого да види дали има такво девојченце и од сопственикот на бродот дознала дека има две, токму онакви какви што посакувала. Веднаш ја платила цената и зела едно од нив во својата куќа. Тогаш сопственикот на бродот се оддалечил од местото. Запловувајќи не толку далеку, се сретнал со некој што бил водач на жени забавувачки. Кога го видел другото девојче, посакал да го земе кај себе. Се договориле и ја платил цената, а девојчето отишло со водачот. Сега погледнете на Божјата тајна; видете го Неговиот суд. Кој може тоа да го објасни? И така, светата девојка го зело девојченцето, го воспитала во стравот од Бога и го поучувала во секое добро дело. Исто така, таа ја поучувала малата во монашкиот живот и на благоухание од светите Божји заповеди. Другото несреќно девојченце било земено за да биде забавувач, за да постане ѓаволско орудие. Со каква зараза би се научила ако не со погибел на душата? Што можеме да кажеме за оваа страшна работа? Насила биле одведени од нивните родители. Двете не знаеле каде одат: една се нашла во Божјите раце, а другата паднала во рацете на ѓаволот. Може ли да се рече дека Бог исто ќе бара и од едната и од другата? Секако не! Да претпоставиме дека двете паднале во блуд, или во некој друг грев; дали може да се рече дека подлежат на ист суд, бидејќи двете паднале во еден ист грев? Дали е тоа можно? Едната знаела за Судот, за Царството, ден и ноќ се поучувала во зборовите Божји. А другата, несреќница, ништо не знаела за ова, не знаела ниту за добро, напротив, таа знаела за сè што е срамно, сè што е ѓаволско. Тогаш како можеме да ги мериме со исто мерило?
Ниеден човек не може да ги знае сите судови Божји. Само Тој е единиот Кој зема сметка за сите и ги суди срцата на сите нас. Навистина, се случува некој брат да греши од наивност, но има едно добро дело кое Му е поугодно на Бога од целиот твој живот; па, како можеш да го судиш и да ја стеснуваш својата душа? Па, дури и да се случило да згреши, од каде знаеш ти колку се борел и колку крв пролеал пред да згреши; така што неговиот пад е скоро оправдан пред Бога. Зашто Бог го гледа неговиот труд и неволјата која ја искусил, како што реков, пред прегрешението, и му укажува помилување и простување. Така Бог го помилува, а ти го судиш и со тоа ја уништуваш својата душа? Од каде знаеш колку солзи пролеал за тоа пред Бога? Ти си го видел гревот, но не си го видел покајанието.
Но, понекогаш има случаи кога не само судиме, туку и го омаловажуваме човекот; бидејќи едно е некого да судиш, а друго е да го омаловажуваш, како што реков. Презирањето е присутно не само кога го осудуваме ближниот, туку и кога се одвраќаме од него, гнасејќи се како од нешто гадно. И тоа е полошо од осудување, и е многу уништувачко.
Оние кои сакаат да се спасат не обрнуваат внимание на ближните, туку секогаш гледаат на себе и така напредуваат. Таков бил оној кој, гледајќи го братот како згрешил, рекол: „Тешко мене; ако тој денес згрешил – јас утре!“ Ја гледаш ли непоколебливоста? Ја гледаш ли подготвеноста на умот? Како тој веднаш успеал да го избегне судот? Кога рекол „јас утре ќе згрешам“ се уплашил и тој во иднина дека може да згреши. И, со тоа не се задоволил, туку се понизил пред братот, велејќи: „Тој ќе се покае за својот грев, но јас не се покајувам. Нема да стигнам до покајание и не сум целосно преобратен“. Дали ја гледате Божествената светлина во неговата душа? Не само што го избегнал осудувањето, туку и се понизил. А ние, бедните, избрзано осудуваме, се огорчуваме и презираме што било да видиме или чуеме, или само се сомневаме. И, што е уште полошо, ние не престануваме и си штетиме себеси, и веднаш наоѓаме друг брат за да му кажеме: „тоа и тоа се случи“. Така и нему му штетиме, ставајќи му грев во неговото срце. И, не се плашиме од Оној Кој рекол: „Тешко на оној кој го пои ближниот свој со пијалак, измешан со злобата своја!“ Што друго би правел ѓаволот освен да нè соборува и да ни штети? А ние се покажуваме како соработници на ѓаволот, како за своја погибел, така и за ближниот. Зашто, оној кој ѝ штети на својата душа, соработува со ѓаволот и му помага. А, оној кој ѝ носи добро на душата, соработува со светите ангели.
Која би била причината за нашиот пад, ако не поради недостаток на љубовта? Кога би имале вистинска љубов, на недостатоците на ближниот би гледале со сочувство и сострадање, како што е речено: „Љубовта покрива многу гревови“(1 Птр 4, 8), и „Љубовта не мисли зло... сè поднесува“ (1 Кор 13, 5-6), и сл. Како што реков, немаме вистинска љубов, која би покривала секакво прегрешение, како што правеле светителите кога ги гледале човечките недостатоци. Зарем светиите се слепи и не ги гледаат гревовите? Па, кој го мразел гревот толку многу ако не светителите? Сепак, тие не ги мразат оние кои грешат, ниту пак, ги осудуваат, не се одвраќаат од нив, но сострадаат со нив, ги вразумуваат, ги утешуваат, ги лечат и прават сè за да ги спасат. Погледнете на риболовецот: кога ќе фрли јадица во морето и ќе фати голема риба, чувствува дека рибата се бори толку силно за да побегне, и затоа не се обидува наеднаш да ја извлече, инаку би се скинала јадицата и би ја изгубил рибата. Напротив, тој го отпушта јажето и ѝ дозволува на рибата да оди каде сака, но кога ќе види дека таа е изморена и дека јажето е поотпуштено, малку по малку, ја привлекува рибата. Така и светите отци, преку трпение и љубов, го привлекуваат, а не го отфрлаат или, пак, го одбегнуваат. Така и мајката не го мрази и не се одвраќа од својот несреден син, напротив, го украсува и сè прави да изгледа поубаво; исто и светителите, секогаш го покриваат, го средуваат и му помагаат да се поправи братот кој греши и кој може да им наштети на други, и правејќи го тоа самите напредуваат кон љубовта Христова. Што направи свети Амон кога еднаш дошле вознемирени браќа кај него, велејќи му: „Дојди и види оче. Има жена во ќелијата на братот“. Какво милосрдие и каква љубов покажал кон таквиот брат. Знаејќи дека братот ја сокрил под буре, тој отишол и седнал на него и им рекол на другите да го пребараат местото. Бидејќи ништо не нашле, тој им рекол: „Бог да ви прости“. И така, испраќајќи ги посрамени, им рекол да не веруваат на сè што зборуваат против својот ближен. И така, братот го заштитил заради Бога, но го укорил кога било погодно. Кога останале сами, го зел за рака и му рекол: „Погрижи се за себе брате“. Наеднаш се пробудила совеста кај братот и се загрижил, и веднаш сожалувањето и сочувствувањето на старецот проработиле кај него.
Затоа, да се стремиме да се стекнеме со љубов, да се здобиеме со добродушност кон нашиот ближен за да се заштитиме од злобното клеветење, судење и презирање. Да си помагаме еден со друг како на наши составни делови. Кој од нас, кој има рана на својата рака или нога, или на некое друго место, би се одвратил и би го исекол тој дел, па дури и да загнои? Нели би го исчистил и измил, и би ставил завој на него, би го засенил со крстен знак, би го допрел со мошти, би се помолил и би ги молел светителите да се молат за негово исцеление, како што имал обичај да каже ава Зосим – едноставно кажано, никој не го остава, никој не се одвраќа од своите делови, па дури и ако немаат голема важност, и напротив, сè прави за да ги излечи. Така и ние сме должни да сострадаме еден со друг, да си помагаме еден со друг, да дозволиме да ни помогнат оние кои се посилни (во верата) од нас, и да работиме заедно еден со друг како би си помогнале на себе и еден на друг; зашто ние сме членови еден на друг, како што вели апостолот (Рим 12, 5). Ако сме едно тело, тогаш секој е дел од другиот. Кога страда еден дел, тогаш страдаат сите делови (1 Кор 12, 26). Што значи за вас општожитието? Зарем не мислите дека сме едно тело и делови еден на друг? Управителот е главата; оние кои надгледуваат и ги поправаат (оние кои грешат) се очите; оние кои донесуваат корист преку поуките – устата, оние кои слушаат и послушуваат се ушите; оние кои работат се рацете, а оние кои се испратени да однесат порака и кои имаат надворешни должности се нозете. Дали си глава? Исполни ја обврската. Дали си око? Гледај и проценувај. Дали си уста? Зборувај и поучувај. Дали си уво? Слушај! Ако си рака, работи; ако си нога, оди и врши ја должноста! Секој нека му служи на телото според своите сили и секогаш нека се стреми да му помага на другиот, било преку укажувања или поуки, било преку хранење на срцето на братот со слово Божјо, било преку утеха во време на жалости или преку подавање рака заради помош или заради работа. Едноставно, како што реков, секој нека се стреми кон единство со другиот; бидејќи колку што повеќе се соединува со ближниот, толку повеќе се соединува со Бога.
Сега ќе ви дадам пример од отците. Замислете си кружница исцртана со шестар. Центарот е на исто растојание до периферијата. Сега, внимавајте што ви говорам. Претпоставете си дека оваа кружница е светот, а центарот е Самиот Бог. Линиите кои водат од кружницата до центарот, се човечките животи. И така, како што светителите навлегуваат во внатрешноста на духовноста, тие посакуваат да бидат блиску до Бога; и, сразмерно на нивниот напредок во духовните работи, навистина Му се приближуваат на Бога, но и на ближниот. Колку што Му се приближуваат на Бога, толку се поблиски меѓусебно; и колку што се поблиски меѓусебно, толку Му се поблиски на Бога. Истото се однесува и за оддалечувањето. Колку што човекот се оддалечува од Бога и се свртува кон надворешните работи, јасно е дека колку што се оддалечуваат луѓето од Бога се оддалечуваат еден од друг. Таква е природата на љубовта. Колку што ја одбиваме Божјата љубов, толку секој од нас е оддалечен од ближниот. Ако Го љубиме Бога, ќе бидеме соединети со Него, а преку љубовта кон Него би биле соединети со љубовта кон нашиот ближен; и, колку што сме соединети со ближниот, толку сме соединети со Бога. Бог нека нè удостои да го слушаме она што е корисно и да се трудиме да го исполнуваме. Колку што внимаваме и се грижиме да го исполнуваме она што го слушаме, толку Бог ќе нè просветли и ќе направи да ја разбереме Неговата волја.