Да испитаме, браќа, поради што некој, понекогаш, поднесува навредлив збор без да се гневи, а понекогаш се гневи кога ќе го чуе истиот збор. Што е причината за ваквата разлика? Дали една е причината или се повеќе? Јас гледам повеќе причини, но за другите една е причината. Најпрво, се случува некој што е во молитва и духовно расположение, да се наоѓа, да речам, во добра положба и поради тоа го поднесува братот, и не се гневи. Се случува некој да е особено приврзан кон некого и поради тоа го поднесува братот, и не се гневи. Потоа, има некој кој го презира некого, бидејќи тој сака да му нанесе страдање. И така, гледајќи ниско на она што доаѓа од него, не гледајќи го како човек, тој неговите дела и зборови не ги поднесува за ништо. Ќе ви кажам за уште нешто за кое ќе се чудите. Имаше еден брат во манастирот (во кој подоцна јас влегов), кој никогаш не се гневеше, иако забележував дека браќата го навредуваа или се однесуваат подмолно со него. А, тој младич, сè поднесуваше од нив како ништо да не му сметаше. Јас, пак, се воодушевував на големината на неговата незлобливост, сакајќи да дознаам како се здобил со оваа добродетел. Еднаш го тргнав на страна, му се поклонив, и го замолив да ми каже каква помисла доаѓа од неговото срце, која му дава такво смирение, кога го навредуваат или, пак, некој подмолно се однесува со него. Тој природно и едноставно ми одговори: „Јас ги поднесувам нивните мајтапи како што човекот го поднесува лаењето на кучето“. Откако го слушнав одговорот, погледнав со очите надолу и си реков во себе: „Овој брат го нашол патот“. Потоа се осенив со крсниот знак и се оддалечив од него, молејќи Го Бога за мене и за него.

 Значи, се случува човек да не е разгневен поради презирање. Тоа е очигледна штета; доколку некој се разгневи поради братот кој навредува, што значи дека во тој момент не бил во добро расположение, или дека има одбивност кон него. За тоа постојат и многу други причини, кои различно можат да се објаснат. Но, сепак, причината за секое гневење е, доколку точно испитаме, затоа што не се себеукоруваме. Поради тоа ги имаме сите тие огорчувања и немаме мир. И, не треба да се чудиме кога од светите отци ќе чуеме дека нема друг пат освен овој, и дека нема никој што пронашол друг пат и мир. И зарем не можеме да се надеваме на спокојство и одење по прав пат ако воопшто немаме самоукорување? Навистина, ако човек не се држи до овој пат, па макар и да направи многу подвизи, нема да престане да се гневи кон другите, а и тие кон него, губејќи го на тој начин целиот свој труд. Каква радост, какво спокојство, има оној кој се себеукорува, каде и да отиде, како што рекол ава Пимен? Што и да му се случи, било штета или бесчестие, или каква било друга жалост, тој би ја прифатил како достоен за неа и никогаш не би се збркал. Таквиот човек има целосна безгрижност.

 Но, некој ќе рече: „Да претпоставиме, ако некој брат ми штети, и ако јас се преиспитам и не најдам дека јас сум причината, зошто јас да се окривувам?“ Ако човекот навистина се преиспитува себеси во страв од Бога, секако дека ќе најде дека дал повод, било преку збор или со неговото однесување. Но, може да се рече дека, во тој момент, не му дал никаков повод, но порано можеби го ожалостил во една или во друга работа, или пак, ожалостил друг брат, и сега е должен да страда поради тоа, а често и за некој друг грев. Поради тоа, ако некој, како што реков, точно се испитува себеси во страв од Бога, односно ја испитува совеста, тој секогаш ќе ја најде причината (во себе). И, повторно, некој си мисли дека седи во мир и тишина; а кога некој брат ќе пријде кај него да му каже навредлив збор, тој се огорчува. Притоа, мисли дека оправдано е огорчен и си вели во себе: „Ако не дојдеше да ми зборува и да ме огорчува немаше да згрешам“. Но, тоа е смешно; и е неразумно, бидејќи не е тоа од оној кој му внел таква страст. Тој само му укажал на страста во него за да се покае, се разбира доколку сака. Така е и со расипаниот леб, кој однадвор е чист. Меѓутоа, неговото негодување се покажува кога некој ќе го испровоцира. Така и тој седел во мир, како што си мислел, но во себе имал страст, а не знаел за тоа. Братот му кажал само еден збор и во него му ја покажал сокриената расипаност. Затоа, ако е подготвен да побара прошка и се понизи пред братот, тогаш ќе се очисти и ќе напредува, и дури ќе му биде благодарен за причината која му донела духовна корист. За него искушенијата нема да бидат тешки, а и полесно ќе ги поднесува. Напредувајќи, душата постанува појака и се здобива со сила да поднесе сè што ќе ѝ пријде. Силното животно со спокојство го носи товарот. Ако се случи да се препне, веднаш станува и воопшто не чувствува дека се сопнало. Слабото животно, ако го има истиот товар, тогаш се навалува. Нему му е потребна голема помош за да се исправи. Така е и со душата: ако греши, таа станува болна. Така, сè што ќе ѝ се случи ќе ја оптовари. Сè што се случува само ја оптоварува душата. Она, што претходно било тешко за човекот, постепено станува сè полесно и полесно. Навиката да се самоукоруваме себеси, а никогаш другите, нас ни носи многу добра, големо спокојство и напредок, особено поради тоа што ништо нема да ни се случи без Божја промисла.

 Но, да претпоставиме, ако некој рече: „Како да не бидам вознемирен кога не добивам нешто што посакувам, а многу ми е потребно“. Таквиот човек нема право да укорува или да ожалостува некој друг. Зашто, ако нему му е особено потребно, треба да рече: „Христос, нашиот Господ, подобро знае дали тоа ми е потребно. Тој нека ми биде замена за тој предмет или таа храна“. Израилевите синови јадеа манна во пустината четириесет години и манната била иста за сите. За секого била она што му било потребно. Ако некој сакал луто, таа било лута; ако некој имал потреба од благо, таа била блага. Со прости зборови, на секого му била она што било во согласност со неговата потреба. Така, кога човек наместо јајце добива зеленчук, треба да ѝ каже на помислата: „Ако ми било потребно, Бог би ми го пратил. Но, и овој зеленчук ќе ми послужи како јајце“. И нека се потпре на Бога,  бидејќи ќе постане сведок на Бога.

 Ако некој е достоен за спокојство, Бог ќе ги увери и сараценските срца да се смилостиват кон него според потребите. А, ако не е достоен за утеха и таа не му е корисна, нема да се успокои, па макар да создаде ново небо и нова земја. Секако дека човек понекогаш наоѓа повеќе починка отколку што му е потребна. Но, Бог е Тој што е милостив и му дава на секого она што му е потребно, кога го издигнува некого, кога му дава повеќе отколку му е потребно; и така, Бог го покажува Своето човекољубие и човекот го учи да се заблагодарува. А, кога не му го дава и она што му е неопходно, Тој преку Своите зборови го надоместува дејството со работи кои му се потребни и го учи на смирение. Така сме должни секогаш да гледаме на работите нагоре. Што и да претрпиме од некого, било добро или зло, да пазиме на она горе и да се заблагодаруваме за она што се случува, држејќи се секогаш до самоукорување и говорејќи како што говореле отците: „Што добро и да ни се случи е по Божја промисла, а злото поради нашите гревови“. И навистина сè што трпиме, трпиме поради нашите гревови. Страдањето на светителите било заради Бога, или за да ја покажат својата добродетел за корист на многумина, или за да се умножи нивната награда од Бога. Како можеме, ние бедните, да кажеме такво нешто кога секојдневно грешиме; кога покажувајќи ги нашите страсти го оставаме правиот пат од отците и одиме по крив пат, укорувајќи го ближниот, а притоа, не се самоукоруваме. А така, секој од нас има намера кривицата да ја префрли на својот брат и да му го даде целиот товар. Секој од нас е невнимателен и не почитува ниедна заповед, а од ближниот бараме сите да ги исполни.

 Еднаш ми пријдоа двајца браќа, кои се жалеа еден на друг. Постариот говореше за помладиот: „Тој се растажува кога му велам да заврши некоја работа, а тогаш и јас се растажувам, бидејќи ако има вера и љубов кон мене тогаш веднаш ќе прифати сè што му велам“. А помладиот, говореше: „Прости, чесен оче, но тој не ми зборува со страв од Бога, туку како да сака да ми наредува. Мислам дека поради тоа моето срце нема целосна доверба, како што говорат отците“. Кај нив постои укорување еден со друг, но на крајот си бараат прошка, што не е случај со нас. Исто така, и други двајца, жалејќи се еден на друг и правејќи метанија еден на друг, сепак, останале незадоволни. Едниот говорел: „Тој нема верба во мојата љубов кон него и ќе биде така сè додека не му ја покажам разликата, и затоа и јас немам доволно верба во него“. Боже мој, колку е бесмислено сето ова? Го гледате нивниот изопачен начин на размислување? Бог знае колку ми е жал за ова; бидејќи ги користиме изреките на старците за да ја оправдаме нашата волја и пропаста на нашите души. Секој од нив ја префрла вината на другиот. Едниот е должен да каже: „Бидејќи од срце не направив метанија пред својот брат, Бог не му дал целосна доверба во мене“. А другиот, бил должен да каже: „Бидејќи не покажав љубов кон мојот брат, пред да ми направи метанија, Бог не му дал целосна доверба“. Така и тие требало да постапат еден кон друг. Едниот требало да рече: „Јас дрско зборувам и затоа Бог не го уверил мојот брат“. А другиот, бил должен, да рече: „Мојот брат со смирение и љубов ми дава наредба, а јас немам послушание и страв од Бога“. Никој од нив не го нашол патот за самоукорување, туку секој вината ја префрлал на другиот.

 Гледате ли зошто немаме напредок, односно зошто не добиваме корист од тоа? Постојано се напаѓаме еден со друг. Секој себеси се оправдува и не ги исполнува заповедите, а очекува од ближниот тоа да го стори. Затоа и не се здобиваме со добродетели. Штом малку се просветлиме, веднаш тоа го бараме и од ближниот, укорувајќи го и говорејќи: „Тој е должен тоа да го направи. Зошто тоа не го стори?“ А, зошто најнапред ние не ги исполнуваме заповедите? Зошто ние не се испитуваме? Како одговорил оној старец кога го прашале: „Што е најголемото што си го нашол на твојот пат, оче?“ Тој рекол: „Во сè да се укоруваме себеси“. И кога оној што го прашувал го чул одговорот, само потврдил: „Навистина нема друг пат“. Така и ава Пимен рекол, со воздишка, дека сите добродетели доаѓаат во оваа куќа освен една, без која човек не може да преживее. Го прашале која е таа добродетел, а тој одговорил: „Човекот самиот себе да се укорува“. И блажен Антониј рекол дека човекот прави добро кога своите согрешенија ги исповеда пред Бога и очекува искушенија до последен здив.

 Насекаде забележуваме дека отците го исполнувале ова правило, сè оставајќи Му на Бога, па дури и најмалото нешто, и така наоѓале спокојство. Таков бил и оној свет отец кога бил болен, неговиот брат, наместо мед, му ставил масло од ленено семе во храната, кое било штетно. Сепак, старецот ништо не му одговорил првиот пат кога пробал, но и другпат кога му принел јадење, и јадел онолку колку што му било потребно, а не го укорил братот со ниеден збор, дека е невнимателен. И, не само што не го предупредил, туку немал ни лоша помисла кон него. И тогаш, братот разбрал дека згрешил и почнал да жали: „Оче, јас те убив! И на мене го префрли гревот бидејќи премолчи!“ А тој, пак, со каква кротост му одговорил: „Не биди загрижен, чедо мое. Ако Господ сакаше да јадам мед, ти би ставил мед“. И така, целата работа ја предал на Бога. „Што има со тоа Бог? Братот погрешил, а ти велиш: ‘Да сакаше Бог’. Каква е врската со Бога“. Но, тој инсистирал: „Да сакаше Бог да јадам мед, братот би ставил мед“. И така, иако бил болен, а и неколку дена немал примено храна, сепак, старецот не се пожалил на братот, туку целата работа ја препуштил на Бога. И добро рекол старецот, зашто да сакаше Бог би го претворил маслото во мед. А ние, за секоја работа го обвинуваме и осудуваме ближниот како да прави зло против својата совест. Само што ќе чуеме збор го извртуваме неговото значење и велиме: „Ако не сакаше да ме ожалости, не би го рекол тоа“. Каде е светителот, кој рекол за Семеите: „Оставете го нека колне, зашто Господ му заповедал да го колне Давид“ (2 Цар 16, 10). Господ му рекол на убиецот да го проколне пророкот? Зарем навистина тоа го рекол Бог? Но, пророкот, знаејќи дека ништо не привлекува милост од Бога како искушението, а особено оние во време на жалости и непријатности, рекол: „Остави го нека го колне, зашто Господ така му рекол“. Но, зошто? „За да го види Господ моето смирение и да ми врати со добро наместо неговата клетва.“( 2 Цар 16, 12) Гледаш ли како го искористил своето знаење? Затоа тој ги запрел оние во намерата да им се осветат на оние кои колнат, велејќи: „Што треба да правам со вас синови Серуини? Оставете го нека ме колне како што Господ му заповедал“.

 Ние, пак, не сакаме да кажеме за нашиот брат дека Господ му рекол. Напротив, само што ќе чуеме збор, веднаш реагираме како кучињата. Ако некој им фрли камен, тие го оставаат оној кој фрла и трчаат по каменот за да го гризат. Така и ние правиме. Го оставаме Бога, Кој допушта да нè снајдат беди за да се очистиме од нашите гревови и се свртуваме кон ближниот: „Зошто ми го рече тоа? Зошто ми го направи тоа?“ И наместо да имаме корист од ова, ние го правиме спротивното, си штетиме на себе, не знаејќи дека сè што се случува е по Божја промисла и за добро на секого. Бог нека нè вразуми преку молитвите на светителите. Амин.