Отците имале обичај да кажат дека на монасите им е несвојствено да се гневат или да разгневуваат други луѓе. Исто така, тие говореле: „Човекот што го контролира гневот, го контролира ѓаволот; но човекот што е потчинет на страстите е целосно туѓ на монашкиот живот. Што да кажеме за себеси кога не само што не престануваме со гневот и омразата, но понекогаш се оддаваме и на злопамтење? Што друго можеме да правиме, освен да ја оплакуваме нашата бедна состојба? Да се контролираме себеси и да се избавиме, со Божја помош, од горчината на погубните страсти. Понекогаш, некој бара прошка пред својот брат кога доаѓа до раздор или расправија, но, сепак, и по простувањето останува тажен и има помисли против својот брат. Тој не треба да ги занемари тие помисли, туку да се труди брзо да ги пресече, бидејќи се работи за злопамтење. Тоа бара поголема будност за да не се падне во поголемо зло. Кој побарал прошка, поради заповедта, тој момент го исцелува гневот. Меѓутоа, против злопамтењето сè уште не се борел, и поради тоа во него останува тагата на братот. Злопамтењето е една работа, а гневот е друга; избувливоста и огорчување се сосема трета.
Ќе ви кажам пример за појасно да разберете. Оној кој запалува оган, најпрво зема мал жар односно зборовите на братот кои ожалоставуваат. Тоа е сè уште мал жар. Што може да направи еден збор од твојот брат? Ако го поднесеш зборот, си ја угаснал искрата. Ако, пак, почнеш да мислиш: „Зошто ми го рече тоа братот? И јас треба да му вратам“, или: „Да не сакаше да ме ожалости, не би ми го рекол тоа. И јас треба него да го ожалостам“. Така, додаваш мало парче дрво во огнот, или нешто друго што го разгорува огнот и креваш чад, односно се растројуваш. Растројувањето му излева на умот чувства кои го возбудуваат срцето и го охрабруваат да нападне. Ова раздразнување нè поттикнува да ѝ се одмаздиме на личноста која нè нажалила и таа постанува дрска, како што рекол ава Макариј: Со хранење на помисли, злобата го раздразнува срцето. И обратно, срцето се скрушува кога злобата се истребува со молитва и надеж. Да ги поднесеше, како што реков, малкуте зборови на својот брат, би ја угаснал малата искра пред да премине во огорченост. Но, и неа, ако сакаш, лесно можеш да ја угаснеш, додека е сè уште време, преку премолчување, со молитва на усните и со поклон од срце. Ако, пак, продолжиш со распалување на срцето и со преокупирање на помислите, зошто ми ги кажа тие зборови и дека треба да му вратам, ти дуваш во жарта и се разгоруваш предизвикувајќи чад. Од овој наплив на помисли и конфликтни чувства срцето го зафаќа оган и ете ќе се најдеш облеан во страсти. Оваа страст, св. Василиј ја нарекува зовриена крв околу срцето: ова се нарекува раздразливост. Но, ако сакаш, можеш да ја угаснеш, пред да стане гнев. Но, ако продолжиш да се огорчуваш, ќе огорчиш и други, ќе заличиш на оној кој фрла дрва во оган и уште повеќе го разгорува огнот. Така се појавува гневот.
Тоа е она за што говорел ава Зосим кога бил запрашан да ја објасни изреката: „Каде што нема избувливост, борбата е во мирување“. Како што рековме, оној кој во почетокот на огорчувањето, кога се крева чад и се исфрлаат искри, успева самиот да се укори и да направи поклон пред да се распали, и да дојде до гнев, тогаш се смирува. Но, ако не се смири кога ќе настапи гневот, туку продолжува да се огорчува и да се распалува, тогаш тој личи на човек кој фрла дрва во огнот. Тој продолжува да гори сè додека не направи голем жар. Ако дрвото се претвори во јаглен и се покрие со пепел, може да остане нераспаднато и по неколку години, па дури и ако се полева со вода; така е и со гневот, ако се поднесува подолго време постанува злопамтење. Тогаш човекот тешко дека ќе се ослободи, освен ако не пролее крв. Ете, ја гледате разликата? Имајте го ова на ум. Ете, чувте што е почетно вознемирување, што е гнев, а што злопамтење. Гледате ли како од неколку зборови се дошло до толкав гнев? А, ако на почетокот самиот себе се обвинуваш, без да се оправдуваш или, пак, да враќаш со зло за зло, ти ќе се избавиш од него. Затоа, секогаш ви говорам: кога ќе настапи страста, пресечете ја додека е млада за да не се зацврсти во вас, бидејќи ќе се намачите. Лесно е да извадиш мал корен, но многу е тешко да искорнеш големо дрво. Се чудам дека не внимаваме воопшто на она што го пееме во псалмите секој ден: не сме свесни дека се проколнуваме себеси. А, не треба ли да знаеме што изговараме кога пееме: „Ако возвратив со зло, нанеси ми зло и нека паднам незаштитен пред непријателите мои“ (Пс 7, 5). Што значи „нека паднам“? Сè додека човек стои, има сила да се спротивстави на своите непријатели, да удира и да го удираат, да победува или да го победуваат. Но, како ќе се бори со непријателите свои оној што лежи? А ние, се молиме не само да не паднеме пред своите непријатели, туку да не паднеме незаштитено. Ајде да продискутираме што значи незаштитено да се падне пред своите непријатели. „Паѓањето“ значи да се нема повеќе сила да станеме. „Незаштитено“ значи ништо добро во нас со кое би можеле да се исправиме; затоа што оној кој ќе се исправи, повторно може да се погрижи за себе и некако повторно да стапи во борба. А потоа (во зборовите на псалмот) велиме: „Нека ја гони непријателот душата моја и нека ја зароби“ (Пс 7, 6). Не само да ја „гони“, туку и да ја „зароби“, за да му бидеме потчинети и да сме победувани од него во сè. Затоа молиме да нè фрли на земја, на овој начин, ако возвраќаме со зло за зло. И не се молиме само за тоа, туку додаваме: животот нека ни биде згмечен на земја (Пс 7, 6). Што мислиме кога велиме нашиот живот? Животот наш се добродетелите, нашата правилна одлука – ние се молиме за овој живот да биде фрлен на земја и сиот наш разум и дела да бидат фрлени на земја. А „славата наша во прав насади ја“ (Пс 7, 6). А, што е нашата слава, ако не знаењето кое настанува во душата по пат на исполнување на светите заповеди. Затоа, ние говориме за нашата слава да постане срамота, како што вели апостолот (Фил 3, 19); да се пресели во прав, за нашиот живот и слава да постанат земни, за да не помислиме на Бога, но само за телесно уживање на страстите на плотта како за оние за кои Бог вели: „Духот мој нема вечно да ги одржува во живот луѓето“ (1 Мојс 6, 3). Гледате како се проколнуваме себеси, пеејќи го сето ова во псалмите, доколку возвраќаме со зло за зло. А, колкупати тоа го правиме, и не се загрижуваме, туку остануваме рамнодушни.
Со зло за зло може да се врати не само со дело, туку и преку зборови и преку нашето однесување. Некој привидно не враќа со зло за зло, но се покажува како да го враќа, како што реков, преку зборови или со своето однесување. Тоа се случува кога човек со поглед или со своето однесување го нажалува братот свој – и тоа го прави со намера – односно да врати со зло за зло. Друг човек, пак, можеби не враќа со зло за зло со зборови, со дело или со однесување, но во срцето свое е повреден поради својот брат и затоа се огорчува против него. Некој, пак, не е растажен поради братот свој, но се радува кога ќе чуе дека тој се нажалил; многу е јасно дека и тој возвраќа со зло за зло во своето срце. Некој друг, пак, нема ни злоба, ниту се радува за понижувањето на оној кој го вознемирил, туку и сам се вознемирил кога и тој е вознемирен, но не му е мило кога нешто добро му се случува на својот брат – тој е нерасположен кога го гледа својот брат прославен и успокоен – и тоа е еден вид на злопамтење, кое сепак, не е толку сериозно. И, конечно, постои таков човек, кој сака да се радува на својот брат кој се успокојува и прави сè за да му послужи, односно сè доведува во ред за да му угоди на својот брат во напредокот и спокојството.
На почетокот на ова кажување рековме дека некој останува малку лут иако братот побарал прошка од него, а исто така, рековме дека преку барањето прошка „гневот“ е излечен, но дека не ја излекувал лутината. Се случува некој да го вознемири својот брат, но меѓусебно да побараат прошка и да си простат, и така кон него тој нема повеќе помисли; но ако се случи истиот брат, неколку дена покасно, да рече нешто што би го навредило, тој почнува да се присетува на она првото и да се огорчува не само за второто, туку и за првото. Така, тој постанува сличен на оној кој има рана и става завој; но подоцна, кога раната ќе заздрави и остави лузна, сепак, останува слаба точка и ако некој фрли камен на неа, ова место е лесно повредливо од останатото тело и започнува да крвари. Истото му се случило и на другиот: имал рана и ставил завој, а ова е метанијата што ја направил; и така, покасно, раната е исцелена, односно гневот, како оној првиот, и започнал да се труди и против злопамтењето, настојувајќи да не задржи ниедно зло како сеќавање во своето срце. Тоа претставува лечење на раната. Но, таа не е во потполност исцелена. Постои уште еден остаток од злопамтењето, односно лузната од која лесно се отвора целата рана, доколку се зададе мал удар. Треба да се бориме и кората целосно да исчезне, и местото потполно да заздрави за да не би останала ниедна лузна и да не се помисли дека на тоа место воопшто немало рана. Како да се постигне тоа? Преку молитва од сето срце за оној кој нè огорчил, и да говориме: „Боже, помогни му на братот, но и мене по неговите молитви“. Така се молиме за својот брат, што е сигурен знак за сочувство и љубов, и воедно се смируваме кога бараме помош по молитвите на својот брат. И таму каде што има сочувство, љубов и смирение, како може да се појави гневот или другите страсти? Како што вели ава Зосим: „Дури и ѓаволот и сите зли сили да се пуштат во погон за да го покажат злото, би било напразно пред смирението, кое се појавува во нас преку исполнувањето на Христовите заповеди“. А, друг старец, говори: „Човекот што се моли за своите непријатели не е злопамтив“. Работете на ова и добро ќе го разберете она што го слушате; а доколку не работите вие не би го апсорбирале само преку зборовите. Постои ли човек кој сака да научи некој занает само преку зборови? Не! Тој постојано треба да работи – па дури и да греши – малку по малку, работејќи трпеливо и истрајно, тој се учи на занаетот, помаган од Бога, Кој гледа на неговото дело и неговото смирение. А, ние, дали би сакале занаетот да го учиме само со зборови без практично искуство во работата? Како е ова можно? Тогаш, ајде да внимаваме на себе и да работиме со воодушевеност, додека сè уште имаме време. Бог нека ни дава да го памтиме она што го слушаме, инаку би ни било за осуда во денот на Судот.