Сакам да ви кажам неколку зборови за лажењето, бидејќи не гледам дека си го воздржувате јазикот, од кој лесно се паѓа во многу гревови. Гледате, браќа, во секоја работа, како што секогаш ви говорам, постојат навики во добро и во зло. Затоа е потребно трезвеноумие, инаку би биле „ограбени“ од лагата. Ниеден лажго не се соединува со Бога; бидејќи лагата му е туѓа на Бога. Напишано е: „Лагата е од лукавиот“. И повторно: „Ѓаволот е лажго и е татко на лагата“ (Јн 8, 44). Ете, гледате, тој е наречен татко на лагата. А Бог е вистина, и Тој вели: „Јас сум Патот, Вистината и Животот“ (Јн 14,6). Гледате од кого се одлепуваме и по патот на лагата со кого се приклучуваме. И така, ако сакаме да се спасиме, треба со сето срце да ја сакаме Вистината и да се заштитиме од секаква лага за да не бидеме одвоени од Вистината и од Животот.
Постојат три различни лаги: постои оној што лаже во мислите, постои таков кој лаже со зборови и постои човек чиј живот е лага. Лаже во помислите оној кој прима претпоставки од другите. Ако види некој да разговара со својот брат започнува да претпоставува: „Тие зборуваат за мене“. И, ако прекинат со разговорот, тој се сомнева дека тие запреле поради него. Доколку некој каже некој збор, тој се сомнева дека е кажан за него да го вознемири, и едноставно, во секоја работа тој се сомнева на ближниот, говорејќи: „Тој го направил тоа заради мене. Тој заради мене така рекол. Заради тоа го направил тоа“. Таквиот човек е лажго во мислите. Сè што говори не е вистина, туку зборува со сомнеж. Оттаму доаѓа бескорисна истрага, клевета, измама, кавга, пребрзо осудување и сл.
Исто така, се случува некој да се сомнева во некоја работа која подоцна станува вистина; и поради тоа тој сака да се поправи, поминувајќи подолго време во размислување: „Доколку некој говори против мене, гледам што е причината што ме обвинува. Ќе се поправам поради тоа“. Но, ова е од ѓаволот уште од самиот почеток, бидејќи започнува со лага; не знаејќи ја добро работата, тој се сомнева во она што не го знае. Како може трулежно дрво да донесе добар плод? Ако навистина сака да се поправи, тогаш на зборовите од братот: „Не прави го тоа, или зошто го направи тоа?“, нека не се огорчува, туку да му се поклони и да му заблагодари што го укорил. Така ќе може да се излечи од грешките. И, кога Бог ќе ја види таквата кроткост, нема никогаш да го напушти, туку ќе му го испрати она што му е потребно за да се поправи. Да се рече: „За да се поправам треба да им верувам на сомнежите“ и секогаш да се има сомнеж, и да се поминува време во сабеанализа е оправдување на ѓаволот кога се обидува да те прелаже.
Во тоа време, кога бев во општожитието, се најдов во искушение да заклучам дека духовната состојба на човекот зависи од неговото однесувањето. Еднаш, додека стоев на молитва, помина покрај мене една жена со барде вода. Не знам како се свртев, но погледнав во нејзините очи и веднаш помислив дека е блудница. На таа помисла веднаш се огорчив и му ја открив на стариот ава Јован. „Владико, што треба да правам ако некогаш и без особена желба гледам некое движење и помислата ми наметнува да заклучам за неговата духовна состојба?“ И, старецот ми го разјасни тоа, велејќи: „Претпостави дека некој има вроден нагон и дека преку борба го надминува тоа. Од тоа не може да се разбере неговата духовна состојба. Никогаш не верувај им на претпоставките, бидејќи погрешната претпоставка го води правилното размислување кон погрешен заклучок. Сомнежите се лажни и го заслепуваат умот“. Оттогаш и за Сонцето да ми говореа дека е Сонце; за темнината дека е темнина, не им верував на помислите. Ништо не е потешко од сомневањето. Ако ги примиме за некое време, постануваат толку штетни, што започнуваат да нè уверуваат и да ни наметнуваат мисла јасно да ги гледаме работите кои ниту постојат, ниту, пак, претходно постоеле.
И, ќе ви кажам интересно нешто што ми се случи од самиот почеток до самиот крај, додека бев во општожитието. Имавме еден брат на кого му пречеше оваа страст, односно беше наведен на погрешно мислење од неговите сомнежи. Тој толку многу им придаваше значење на сомнежите, така што за секој негов сомнеж беше убеден дека е вистина и дека не може да биде поинаку. Како што поминувало времето, ѓаволот, за да го прелаже, го пратил во градината за да надгледува. Бидејќи секогаш подмолно гледал и сосредоточено слушал, помислил дека видел некој од браќата како краде и јаде смокви. А беше Велики Петок и сè уште не беше настапил вториот час. Ѓаволот толку го прелажал, така што бил убеден дека тоа навистина се случило и незабележително си заминал оттаму без да каже нешто. Кога дошло времето за причест на Литургијата, тој повторно гледал што ќе направи оној брат, кој украл и јадел смокви. И кога го видел братот како ги мие рацете за да се причести, веднаш истрчал кај авата, и му рекол: „Гледај, оној брат оди да се причести заедно со браќата. Заповедај да не му дадат, бидејќи утрово го видов да краде и да јаде смокви од градината“. Во моментот кога пристапил со големо умиление за да се причести, авата веднаш го тргнал настрана пред да пристапи кон свештеникот кој давал причест и го прашал: „Кажи ми брате, што правеше утрово?“ А тој се изненадил, и рекол: „Каде отец?“ А авата, рекол: „Во градината каде што влезе утрово, што правеше таму?“ А братот, чудејќи се уште повеќе, одговорил: „Отец, јас не ја видов градината утрово, ниту пак, бев во општожитието во зорите. Напротив, само што дојдов од пат. Веднаш по отпустот на бдението, економот ме прати да донесам нешто“. Местото за набавка, за кое братот говорел, било далеку со милји и се вратил дури за време на Литургијата. Аввата, потоа, отишол кај економот и го прашал: „Каде го прати денес овој брат?“ И економот го потврдил она што го рекол братот, односно дека го пратил во тоа и тоа село. Аввата му рекол: „Зошто не го доведе да земе благослов?“ А овој, правејќи поклон, рекол: „Прости, отец. Ти се одмараше по бдението и поради тоа не го доведов да земе благослов од тебе“. Уверувајќи се, авата со молитва го отпуштил братот да оди и да се причести. Потоа авата го повикал братот, кој се сомневал и давајќи му епитимија, го одлачил од светата причест. И не само тоа; по Литургијата ги повикал сите монаси, заедно, и со солзи им објаснил што се случило, кажувајќи го примерот со братот. А, тоа го направил со тројна причина: да го посрами ѓаволот кој сее сомнеж; да му се прости на братот поради грешките и потоа да добие помош од Бога; да внимаваат браќата да не допуштат да бидат прелажани од своите сопствени сомнежи. И, бидејќи многу нè поучи нас и браќата, рече: „Нема ништо поштетно од сомневањето, како што видовме што се случи“.
И други слични работи отците ни кажуваа на различни начини, предупредувајќи нè на штетата од сомневањето. Затоа, браќа, да се стремиме никогаш да не веруваме во своите сомнежи. Ништо не нè одделува целосно од Бога или ништо не нè спречува од забележување на нашите гревови повеќе од сомневањето. Ништо добро не доаѓа од него, освен безбројни маки и не ни остава време да стекнеме страв од Бога. И, доколку безвредни сомнежи никнат во нашите умови, да ги промениме во милосрдни помисли и тие нема да ни наштетат; бидејќи, сомнежите се зло и никогаш не го оставаат умот во мир. Тоа е сè што сакам да кажам за лагата во мислите.
А, што се однесува до лажење со зборови, ќе го кажам следново: Замислете некој кој не станал за да оди на бдение и наместо да рече искрено: „Прости ми, отец, немав храброст да станам“, вели: „Имав треска и се чувствував зашеметен, и не бев во можност да станам, бев слаб“ – и така тој говори многу лаги наместо да се покае и да побара прошка. И, ако некој го укори за некоја работа, тој настојува да го убеди дека не е виновен само за да не го поднесе прекорот. Исто така, ако се случи да има нешто против својот брат, тој не престанува да се оправдува и да говори: „Но, ти го рече тоа“, или „Ти го стори тоа“. „Не го реков јас тоа; туку некој друг“ – не ова, туку она – само да не се понижи. И повторно, ако посака нешто, тој не допушта да си каже: „Го сакам тоа“, туку настојува да го заобиколи. „Јас страдам од ова и затоа ми е потребно тоа“, или „заповедано ми е да ми се даде тоа и тоа“, и така говори лаги, сè додека не му се исполни желбата. Како што гревовите се зголемуваат преку сластољубието, среброљубието или поради славољубието, можеме да кажеме дека лагата ги има своите корени во овие три пороци. Некој лаже за да не биде укорен или за да не се понизи, или за да ја задоволи својата желба, или да стекне нешто; и затоа не престанува да се врти наваму-натаму, користејќи секакво лукавство сѐ додека не ја исполни својата цел. На крајот, никој не му верува, па дури и да кажува вистина, бидејќи се сомнева дека ја кажува вистината.
Но, понекогаш се случуваат и такви принудни ситуации во кои доаѓа до големо разлутување и огорченост. Кога доаѓа до такви ситуации и кога некој е принуден, нека ги преименува зборовите за да избегне поголема несреќа или опасност. Како што му рекол ава Алониј на ава Агатон: „Претпостави дека двајца луѓе извршиле убиство во твое присуство и еден од нив избегал во твојата келија. А, полицијата која го пребарува него, те прашува: ’Дали убиецот е кај тебе?‘ Ако не го прикриеш, ти би го предал на смрт“. Ако човек направи такво нешто, нека не биде безгрижен, туку да се покае и да плаче пред Бога, сметајќи го, како што реков, за искушение и да не постане навика, туку да го прави тоа еднаш засекогаш.
Како што противотровот е моќен против змиски отров или средството за чистење е корисно доколку се користи во нормални граници, така тоа може да постане штетно доколку се зема прекумерно, без потреба. Може да се користи во крајна потреба, но никако да премине во практика. И, ако настане потреба, прави го тоа со страв и трепет, изнесувајќи ги пред Бога својата намера и својата мака, бидејќи си под притисок; инаку би си наштетил себеси.
Видовме што значи да си лажго во помислите и лажго со зборовите, а сега да видиме што значи да лажеш со својот сопствен живот. Човекот, кој лаже со својот живот, и иако развратник, се преправа дека е воздржлив; или пак, е скржав, а говори за милосрдие и сочувство; или оној кој е горд, а го воспева смирението. И, ако зборува за својата намера, прво треба смирено да ја исповеда својата слабост, и да рече: „Оваа добродетел е укор за мене: бидејќи јас сум испразнет од секакво добро“. По исповедањето на својата слабост, нека се восхитува и нека ја воспева оваа добродетел. И повторно, кога ја воспева добродетелта, неговата цел не е за да соблазни други, инаку во таков случај би размислувал вака: „Јас сум мизерен и страдам поради тоа. Зошто и друг да соблазнам? Зошто да ѝ наштетам и на друга душа и на себе да си ставам товар?“ Така, лично грешејќи, би ги оттргнал и другите од добро; зашто, да се оплакуваш себеси е навистина смирение и да се штеди ближниот е навистина сочувствување. Но, тој не се пофалува заради наведената добротетел на ваков начин; поточно, името на добродетелта ја користи или за да го скрие своето растројство, или за да се претстави како добродетелен човек, доколку не го земе ликот на добродетелта. А апостолот, вели: „И ѓаволот се претвора во ангел на светлината“ (2 Кор 11, 14). Затоа не е чудно што и неговите слуги се претвораат како да се слуги на праведноста. Така и лажгото, како што реков, говори за добродетелите со пофалба и воодушевување како оној кој навистина ги извршува и како оној кој е искусен во нив. Тоа е човек чиј живот е лага: тој не е едноставен човек, туку дволичен; еден е однатре, а друг однадвор. Сега зборувавме за лагата, која доаѓа од ѓаволот и зборувавме за вистината, која е Бог. Браќа, да бегаме од лагата за да се ослободиме од рацете на злото, но и да се подвизуваме за да ја задржиме Вистината и да се соединиме со Оној Кој рекол: „Јас сум Вистината“[1]. Бог нека нè удостои со Својата Вистина.
[1] Јн 14, 6.