Пасхална химна на св. Григориј (Пронајдена од С. Петридис во Пасхалната омилија на св. Григориј)
Ден е на Воскресение.
Да Му принесеме плод на Бога – а тоа значи самите себе.
Како Негови најскапоцени деца, да се вратиме на подобието (Божјо). Она што навистина е Негово подобие во нас.
Да го почитуваме нашето достоинство.
Да Го чествуваме нашиот Прототип.
Да ја разбереме силата на ’тајната‘ со која Христос умре.
Со радост ќе ви кажам нешто за песната што ја пееме, за да не бидете обземени само со благозвучноста, туку вашите умови да бидат во склад со значењето на зборовите. Што пеевме до пред малку? „Ден е на Воскресение, да се принесеме самите себе како плод“.
Древните Израелци, кога ги прославувале празниците, принесувале дарови според законот, на пр. темјан, жртви сепаленици, првина и слично. Св. Григориј нè советува и ние, слично на нив, да Го празнуваме Бога, поттикнати да говориме: „Ден е на Воскресение“, како да сака да каже дека тоа е ден, кој ги заменува сите нивни празници, ден на Божествен собир, ден на Христовата Пасха. А што е „Христовата Пасха“? Израелците ја чувале пасхата во чест на излегувањето од Египет. А Воскресението, односно Пасхата која денес ја чествуваме и славењето за кое ни препорачува св. Григориј е втемелено во душата, која излегува од душевниот Египет, т.е. од гревот. Кога душата преминува од грев кон добродетел, ја прославува Господовата Пасха, како што рекол Евагриј: „Господовата Пасха е премин од злото“.
Значи, денес е Господовата Пасха, ден на светол празник, ден на Христовото воскресение, Кој го распнал гревот, умрел за нас и воскреснал. Да се принесеме себеси како жртвен дар на Господа, Кој нема потреба од бесловесни животни. „Жртви и бесловесни дарови Ти не посака, и не Ти беа угодни сепалениците од овците и телињата“ (Пс 39, 6). И кај пророкот Исаија, Господ вели: „Зошто ми се многуте ваши жртви?“ (Ис 1,11). Но, Јагнето Божјо се жртвуваше за нас, како што вели апостолот: „Христос, пасхата наша, беше жртвувана за нас“ ( 1 Кор 5, 7). За да ги земе гревовите на светот (Сп. Јн 1, 29), постанувајќи „проклетство за нас“, како што е напишано во Светото Писмо: „Секој да е проклет што виси на дрво“ за да нè откупи од проклетството на законот (Гал 3, 13). И така, ќе примиме посиновение (Гал 4, 5), принесувајќи дар кој Му е угоден. А кој дар да Му го принесеме на Христос, на денот на Неговото Воскресение, со оглед на тоа што Тој не сака бесловесни животни?
Светителот нè подучува, говорејќи: „Ден е на Воскресение“, и додава: „Да се принесеме самите себе“, како што говори и апостолот: „Подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, како ваша богослужба“ (Рим 12, 1).
Тогаш, како треба да бидат нашите тела како жртва жива на Бога? „Така што нема да ги извршуваме похотите на телото и помислите“(Ефес 2, 3), туку „одејќи по Духот, избегнувајќи ги похотите на телото“ (Гал 5, 16). „Затоа умртвете ги органите од земната природа во вас.“ (Кол 3, 5)
Но, зошто се нарекува жива жртва? Затоа што бесловесните животни, во време на жртвопринесувањето умираат, а светителите, кои Му се себепринесуваат на Бога, живи се жртвуваат секој ден – како што говори Давид: „Заради Тебе нè убиваат секој ден, нè сметаат како овци определени за колење“ (Пс 43,22). Тоа е она што го говори св. Григориј: „Да се принесеме себеси како плод“ (на Воскресението), односно да се жртвуваме, да се умртвуваме преку целиот ден, како што правеа светителите, заради Христос нашиот Бог. Како се умртвувале светителите? Тоа го правеле така што не го љубеле светот и она што е од светот (1 Јн 2,15)– како што се вели во Соборните посланија. Напротив, „одвојувајќи се од похотите на светот, похотите на очите и од горделивоста на животот“ (Јн 2, 16), односно од сластољубието, среброљубието и од суетата, и земајќи го крстот Го следеле Христос, распнувајќи го светот во самите себе и самите себе за светот (Сп. Мт 16, 24). За тоа говори апостолот: „Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое со неговите страсти и похоти“(Гал 5, 24). Ете како светителите се умртвувале (во светот).
Но, како се принесувале себеси? Така што не живееле за себе, туку се потчинувале на Божјите заповеди, отфрлувајќи ги своите желби заради Божјата заповед, љубов и заради своите ближни, како што рекол свети Петар: „Ете, ние оставивме сè, и по Тебе појдовме“ (Мт 19, 27). Тој немал никаков имот, пари, злато или сребро, туку само стара мрежа, како што вели св. Јован Златоуст. Меѓутоа тој, како што рече, се откажал од сите свои желби, сета приврзаност кон овој свет, од каде јасно се гледа дека доколку би имал пари или моќ, тој би ги презрел и земајќи го крстот, би Го следел Христос, според зборовите: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“ (Гал 2,20). Ете како светителите се принесувале себеси, умртвувајќи се, како што рековме, за секое самоволие или страсни желби, живеејќи само за Христос и за Неговите заповеди.
Така и ние! Да се принесеме себеси како што нè поучува св. Григориј, бидејќи сака да бидеме „најскапоцени Божји деца“. Навистина, човекот е најскапоцено од сите видливи созданија. Останатите созданија Творецот со збор ги привел во живот, велејќи: „Нека биде тоа“ – така и би. „Нека има земја“, така и би. „Нека има вода“... итн(Сп. Јн 1, 3; 1, 10). Но, Бог го создал човекот со Своите раце и го украсил; а останатото создание го уредил и го поставил за да му служи на човекот, поставувајќи го за владетел и да се насладува од сладостите на Рајот (Сп. Јн 2). И, што е уште почудно!? Кога поради гревот отпаднал, Бог го повикал да се врати преку крвта на Својот единороден Син, зашто човекот е најскапоценото Божјо создание. И, не само најскапоцено, како што рекол светителот, туку и „најсродно“, велејќи: „Да создадеме човек според Нашите образ и подобие“ (1 Мојс 1, 26), и повторно: „Бог го создаде човекот според Своите образ и подобие и му дувна во лицето негово живот“(1 Мојс 2, 17).
Самиот наш Господ, Кој се всели во нас, зеде човечки облик, и зеде човечки тело и ум – едноставно речено, во сè постана човек, освен во гревот. Тој ни постана ближен, и така речено нѐ присвои. Ова било добро кажано и објаснето од светителот, кој рекол дека човекот е најдрагоценото и најблиското суштество до Бога. А потоа, додава: „Да го вратиме она што е по образот“. Како можеме да го направиме тоа? Да се учиме од апостолот, кој говори: „Да се очистиме од секаква скверност на телото и на духот“(2 Кор 7, 1). Да го очистиме образот, онаков каков што сме го примиле. Да го измиеме од скверниот грев за преку добродетел да се покаже неговата убавина.
За таа убавина се молел и Давид, говорејќи: „Господи, по Твојата волја дај Ѝ убавина на мојата сила“. Затоа, да го очистиме во нас она што е по образот (Божји). Бог ова го бара од нас каков што ни го дал, односно „без дамка или изгужван“ или слично на тоа (Еф 5, 27). Да го очистиме образот, онаков каков што сме го примиле. Да го познаеме нашето достоинство. Да сфатиме за какви големи богатства сме се удостоиле. Да разбереме по чиј образ сме создадени. Да не ја презираме величината на она што ни го дарувал по Својата добрина, а не поради наше достоинство. Да разбереме дека сме постанале по Божјиот образ со кој нè создаде. Да Го почитуваме Првообразот. Да не го навредуваме образот Божји по кој сме постанале. Зарем оној кој сака да го наслика царот ќе се осуди да користи старомодни бои во својата слика, и така да го бесчести царот, ако знае дека ќе биде казнет? Напротив, тој секогаш става скапоцени и светли бои, достојни за царскиот портрет. Понекогаш користи и златни ливчиња на царската слика и се труди, колку што е можно, на сликата да ги пренесе сите царски одежди, така што оној кој гледа да помисли дека го гледа самиот цар, самиот праобраз. Истото се однесува и за нас, не треба да Го бесчестиме нашиот Првообраз. Ние сме создадени по образот и подобието Божји, и затоа да го направиме јасен и чист тој образ, достоен на нашиот Првообраз. Бидејќи, ако се казнува оној кој ја бесчести сликата на царот – кој е од иста природа како и ние – што треба ние да претрпиме, кои во себе го презираме Божествениот образ, и како што рекол св. Григориј: „На Образот не му Го враќаме чисто она што е по образ во вас“. Значи, да Го почитуваме Првообразот.
„Да ја познаеме силата на тајната, со која Христос умре за нас.“
Силата на тајната, на смртта Христова е оваа: со гревот ние сме го избришале она што е по образот, и со тоа постанавме мртви, како што вели апостолот: поради престапите и гревовите (Еф 2, 1). Заради тоа Бог, Кој нè создал по Својот образ, се сожалил на Своето создание и на Својот образ. Тој заради нас постанува човек и заради сите ја прифаќа смртта, за да нè води, нас кои бевме мртви, назад во животот од кој сме отстапиле, поради престапот.
Кога бил ставен на светиот Крст, го распнал гревот, поради кој сме биле истерани од Рајот и со тоа го запленил пленот, како што е напишано (Еф 4, 8 и Пс 67, 18).
Што значи: го запленил пленот? По престапот на Адам, непријателот сите нас нè запленил и нè држел потчинети. По одвојувањето од телото, душите оделе во адот, затоа што Рајот бил заклучен. Но, Христос Кој високо бил издигнат на светиот и животворен Крст, со крвта нè спасил од запленетоста во која нè држел непријателот поради престапот. Со други зборови, Тој нè оттргнал од рацете на непријателот, и со тоа, обратно нè запленил, победувајќи го и рушејќи го оној кој претходно нè заробил. Затоа се вели: го запленил пленот.
Тоа е силата на тајната: Христос за нас умрел, за нас умрените, како што рекол светителот, да нè воведе во живот. Значи, ние сме спасени од адот преку Христовото човекољубие и од нас зависи дали ќе влеземе во Рајот. Нашиот непријател не нè присилува како претходно, ниту пак, нè држи во ропство.
Браќа, единствено треба да се погрижиме, да се сочуваме од грев на дело. За ова многупати ви зборував, дека секое грешно дело нè става под власт на непријателот, бидејќи своеволно му се предаваме и се поробуваме себеси под него. Нели е срамота и голема беда ако – иако Христос нè избави од адот преку Неговата крв и ако знаеме дека ова е вистина – се враќаме назад во адот? Не сме ли подостојни од полошо и победно мачење? Човекољубивиот Бог нека се смилува и да ни даде трезвеноумие за да Го разбереме и да си помогнеме во денот на Судот, и да најдеме малку милост.