Песна

Живи жртви!

Словесни сепаленици! Маченици во Христа, Божји совршени жртви.

Јагненца, кои ги знае Бог, и

Кого тие искрено Го познаваат. Од волците никогаш нема да биде нападнато Твоето трло. Бидете наши молитвеници преку водите на упокојувањето. За да бидеме со вас, завиткани со вас.

Добро е, браќа, да испееме нешто од светите богоносни отци, зашто тие секогаш и секаде се трудат да нè поучат со она што ги просветлува нашите души. Нам ни претстои од произнесените зборови за да ја разбереме самата сила на споменот кој го правиме, било да станува збор за Господов празник, или светите маченици, или отци, било тоа едноставно да е некој свет или значаен ден. Ние треба со трезвеноумие да пееме и да ги устремиме умовите во силата на зборовите на светителите, за да не, како што се вели во Старечникот, пее само устата, туку и срцето заедно со усните.

 Од претходната песна научивме малку, по силата наша, научивме за светата Пасха. Повторно да погледнеме што нè учи св. Григориј за мачениците. Во песната за нив, која неодамна ја пеевме, во неговите зборови, се вели: „Живи жртви, словесни сепаленици“. Што значи „живи жртви“, кои продолжуваат да живеат? Жртва се нарекува сè она што Му се принесува на Бога, овца или вол, или слично на тоа. Но, зошто се кажува за светите маченици дека се „живи жртви“? Затоа што овцата при принесување, прво се коле и умира: се сече на парчиња и потоа Му се принесува на Бога. А, светите маченици се сечени додека биле живи, стругани по телото, мачени и дробени на парчиња. Понекогаш џелатите им ги сечеле рацете и нозете, а им ги ваделе јазиците и очите, и толку многу биле дерени во предниот дел, така што им се гледала целата утроба. Сето тоа, светителите го поднесувале со трпение, имајќи сè уште живот во себе. Затоа се нарекуваат „живи жртви“. А, зошто се нарекуваат „словесни сепаленици“? Затоа што едно е да бидеш „жртва“, а друго „сепаленица“. Понекогаш не се принесува цела овца, туку само нејзината првина, како што се вели во законот: десен бут, долен дел од белиот дроб, двата бубрега и слично на тоа (3 Мојс 3, 4). Така се принесувало жртва, односно првина. Тоа се нарекува жртва.

 А за сепаленица говориме кога се принесува цела овца или вол, или нешто друго, и која се спалува во целост, како што се вели во III книга Мојсеева: главата со нозете и целата внатрешност (3 Мојс 4, 11). А, понекогаш се случувало да ги принесат и кожата и лепешката (Сп. 3 Мојс 8, 17). И, просто речено, сè се спалувало во целост. Тоа се нарекува сепаленица. Така синовите Израилеви по законот принесувале жртви сепаленици. Овие жртви сепаленици биле симбол за душата која сакала да се спаси, и себеси да му се принесе на Бога. Ќе ви кажам што рекле отците за нив, та читајќи ги, би ги воздигнале своите мисли и би ги збогатиле вашите души.  Тие велат, под десна рака се подразбира силата, а рацете се земаат како дејствување (практична работа), како што рековме претходно, на друго место. Значи, десната рака е сила на рацете. И така, тие ја принесувале силата на десната рака, т.е. добрите дела, зашто десно се зема она што е добро. И сето останато што кажавме дека се принесува, долниот дел од белиот дроб и двата бубрега, и салото со нив, бутот и лојот со бутот, и срцето и градите, и останатото, исто така, се симболи. А сето ова, како што говори апостолот, се појавува со симболика и е напишано за наша поука (1 Кор 10, 11). Како? Ќе ви објаснам. Душата, како што говори св. Григориј, е триделна. Има желбен (чувствен), одбивен (раздразлив), и словесен (мислен) дел. Претпоставете да принесле дроб? Отците го спомнуваат дробот во смисла со желбата, а долниот дел од дробот е нејзиниот врв. Значи, тие го принесувале, симболички, желбениот дел, неговата првина, најдобриот и најдрагоцениот негов дел. А, тоа значи дека не треба ништо да љубиме повеќе од Бога, бидејќи како што рековме, треба да Му се принесува она што е најдрагоцено.

А, бубрезите и лојот, и останатото што е слично на тоа, означуваат едно исто, бидејќи и таму, како што велат, наоѓаат желба. Симболот на силните страсти (лутината, омразата) е срцето, кое, како што велат е животната сила. Тоа е она за што св. Василиј вели: „Гневот е вжештена крв околу срцето“.

Градите се симбол на словесниот дел, зашто така отците го увиделе значењето на градите. Затоа се говори дека Мојсеј, по Божја заповед, облекувајќи му архијерејска одежда на Арон, на неговите гради му ставил градник, според Божјиот план (2 Мојс 28, 15).

Сите тие, како што рековме, се симболи на душата, која со Божја помош, со дела се очистува и се враќа во својата природна состојба. Евагриј говори дека словесната душа природно се раководи „кога се предава на добродетел, нејзиниот раздразлив дел се подвизува за да ја придобие, а додека словесниот дел се предава на согледување на созданието“. Затоа, кога ќе принесат овца или вол, или нешто друго за жртвување, синовите Израилеви одвојувале некои од наведените делови и ги принесувале на жртвеникот пред Господ. Тоа се нарекувало жртва. Но, сепаленица подразбира принесување на цела жртва, која се гори до пепел, и таа се спалува како што е, недопрена, цела, потполна, како што рековме. Таа е симбол на совршените, оние кои говорат: „Ние оставивме сè и тргнавме по Тебе“ (Мт 19, 2). На таа мера на совршенство Господ го поттикнувал оној од кого чул: „Сè ова го сочував од младоста“. А Исус, му рекол: „Уште едно ти недостига“ (Лк 18, 21-22). А што е тоа? „Земи го крстот и следи Ме.“ (Мт 16, 24) Светите маченици целите Му се принесувале на Бога. И не само себе, туку и она што било нивно, и она што било околу нив. „Ние самите сме едно нешто, вели св. Василиј, а друго е она што е наше, а трето е она што е околу нас.“ Ние сме, она што сум го кажал, ум и душа, наше е телото, а околу нас е она што го поседуваме и другите предмети. Значи, светителите Му се принесувале на Бога со сето срце, со цела душа, со цела сила, како што е напишано: „Љуби Го Господа Бога, со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој разум“(Мт 22, 37). Тие не само што ги занемариле жените и децата, славата и богатството, и сето останато, туку ги занемариле самите свои тела. Поради тоа се нарекуваат сепаленици. Словесни се нарекуваат поради тоа што човекот е разумно (словесно) живо суштество и „совршена жртва за Бога“.

Понатаму св. Григориј го додава следново: „Бог, Кој Го познаваат и од Него повиканите овци“. Како тие Го знаат Бога? Како што Самиот Бог нè научил кога рекол: „Моите овци го слушаат Мојот глас, и Јас ги знам, и тие Мене Ме познаваат“(Јн 10, 14 и 27). Зошто рекол: „Моите овци го слушаат Мојот глас?“ Тоа е исто како да рекол: „Тие ги слушаат Моите зборови и ги исполнуваат Моите заповеди; и поради тоа Ме познаваат“. Преку чување на заповедите светителите Му се приближуваат на Бога. Колку што Му се приближуваат, толку и Го познаваат и стануваат познати за Него – зашто Бог знае сè, скриените нешта, дури и работи кои не постојат. И, св. Григориј вели за светителите дека Му се познати на Бога, бидејќи, како што ви кажував, преку заповедите тие Му се приближуваат. Колку што човекот се оддалечува, толку постанува големо растојанието, што е помеѓу него и Бог, и не Го познава ниту, пак, е познат од Него, како што се вели за оној кој се приближува, дека познава и дека е познат. Според тоа, се вели дека Бог не ги знае грешниците, бидејќи се оддалечуваат од Него. Затоа и Самиот Бог говори: „Навистина ви велам, не ве познавам“ (Мт 25, 12). А светителите, како што претходно ви зборував, се здобиваат со добродетел преку извршување на заповедите, и така стануваат поблиски со Бога. Колку што Му се приближуваат, толку подобро Го познаваат Бога и стануваат познати за Него.

„Трлото нивно е недостапно за волците.“ Со трлото се именува местото што е заградено, во кое пастирот ги собира овците и ги чува за да не бидат грабнати од волците или од крадците. А, трлото на светителите е отсекогаш чувано и заштитено, како што рекол Господ: „Каде што ни молец, ниту ’рѓа ги уништува, и каде што крадци не поткопуваат и крадат“(Мт 6, 22). Затоа, да се молиме, браќа, да бидеме во истото стадо со нив и барем да се најдеме на онаа блажена сладост и да го споделиме нивниот спокој. Ако, најпрво, не ја достигнеме нивната состојба, нема да бидеме достојни да пребиваме во нивната слава, но барем да бидеме трезвеноумни за да не бидеме исфрлени надвор од Рајот, како што вели св. Климент: „Кој не е овенчан со круна на мачеништво, сепак, да не биде далеку од оние што тоа го сториле“. Во царската палата се наоѓаат големи и знаменити чинови – како на пример: сенатори, патриции, генерали, управители, началници и сите добро почитувани, и имаат добро платена функција. Меѓутоа, има и други во палатата, кои служат за мала плата. Сепак, и тие се нарекуваат царски слуги, и се наоѓаат внатре во дворот. Иако немаат слава како другите, сепак, се внатре. А, се случува, напредувајќи малку по малку, и тие да достигнат до високите чинови и сјајните достоинства. Така и ние да се потрудиме да го избегнеме гревот со дела и барем на крајот да се спасиме од адот. Така и ние, по Христовото човекољубие, ќе стигнеме до самиот влез во Рајот, по молитвите на сите светители. Амин!