ИГУМЕНОТ: Ако не сакаш да паднеш во гнев и злопамтење, немој воопшто да имаш приврзаност кон предметите, ниту пак, присвојувај каков било материјален предмет, а исто така, не го занемарувај она што е безначајно. Што и да се бара од тебе, давај го радосно. Немој да се вознемируваш ако поради невнимание или од негрижа се скрши или изгуби. Така треба да правиш, но не како оној кој ги занемарува манастирските предмети – бидејќи си должен со своја сила и ревност да се грижиш за нив – туку, затоа што не би сакал некој да се гневи и да вика кон тебе, покажувајќи секогаш пред Бога, дека се грижиш според силите. Тоа можеш да го оствариш ако со работите раководиш не како со свои, туку како нешта кои се посветени на Бога, а тебе ти е доверена само грижата за нив. Тоа ни дава можност да не бидеме пристрасни кон нив и да не ги занемаруваме. Ако имаш таква цел, биди уверен дека нема да престанеш да се гневиш и да разгневуваш други.
ЕКОНОМОТ: Помислата ми кажува да се радувам на таквите зборови и би сакал да е така. Но, зошто не сум способен да го правам тоа?
ОДГОВОР: Бидејќи не се поучуваш од нив. Ако сакаш да ги имаш во погодно време, секогаш поучувај се и постави стража во срцето, и верувај ми дека ќе напредуваш. Здружи ја молитвата со добрите намери. Грижи се за изнемоштените, како што многупати сум кажал, за потоа и Бог некого да подигне, кој би се грижел за тебе доколку еден ден паднеш болен. „Со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери“ (Мт 7, 2).
Ако совесно се погрижиш за работите, соодветно на силите, треба да знаеш и да си убеден дека сè уште не го знаеш вистинскиот пат, и затоа си должен без гнев и жалости, туку со радост да прифатиш кога ќе слушнеш дека си погрешил во она за кое си мислел дека си го направил совесно. Преку укорите со оние со кои си во разговор или сè непотполно се поправа или, пак, добро се утврдува. Труди се да напредуваш, за да бидеш во состојба, без тага, без чувство на притеснетост и со трпение да ги поднесуваш телесната и духовната неволја. Ако слушнеш дека си направил некоја работа која не си ја направил, не се гневи, ниту пак, треба да се разбеснуваш, туку веднаш направи му поклон на оној кој така ти рекол и со смирение речи му: „Прости ми и помоли се за мене“, и потоа замолчи, како што нè подучуваат отците. А, ако тој те праша дали таа работа е вистинита или не, спокојно направи поклон и кажи ја вистината за работата која се случила. И, по реченото, повторно направи поклон со смирение, говорејќи го истото: „Прости ми и помоли се за мене“.
ЕКОНОМОТ: Што да правам бидејќи не сум секогаш во иста состојба при средбата со братот?
ОДГОВОР: Ти не можеш да бидеш во иста состојба при средбата со братот, но барем потруди се да не се соблазнуваш од ништо, ниту да осудуваш, ниту да навредуваш, или да враќаш со зборови, дела или движења кон браќата кои одбиваат да ти помогнат. Но, пред сè, труди се да се издигнуваш, не посакувајќи да бидеш награден со зборови и дела, станувајќи горделив. Создај си слобода во однесувањето и во својот говор, сè до незначајните работи. Знај дека страста се засилува против оној кој е нападнат или е измачен од некоја страсна помисла, а особено ако ја оствари; и така, тој ја засилува против себе, односно ѝ додава сила за повеќе да го напаѓа и мачи. А кај оној кој се подвизува и се спротивставува на својата помисла, и прави спротивно на неа, како што многупати сум рекол, тогаш ја ослабува страста и таа нема сили да го напаѓа и да го мачи. И така тој, малку по малку, подвизувајќи се и помаган од Бога, ја победува и самата страст. Бог нека нè заштитува по молитвите на светителите. Амин.
ЕКОНОМОТ: Зошто ава Пимен вели дека најзначајни се три работи: Да се плашиме од Господ, да Му се молиме на Господ и да му се прави добро на ближниот?
ИГУМЕНОТ: старецот му одговорил: „Да се плашиме од Господ“, бидејќи стравот од Бога води кон секоја добродетел. „Стравот од Бога е почеток на мудроста“ (Пс 111, 10). Исто така, без стравот од Бога никој не може да стекне добродетел или да прави какво било добро, зашто „со страв од Господ зло се отстранува“(Изр 16, 6). Потоа вели: „Моли Му се на Бога“, зашто човекот не може да стекне добродетел, ниту нешто добро да направи, како што реков, па дури и да има желба поради страв од Бога. Сето тоа е залудно ако нема помош од Бога. Секогаш се потребни и Божјата помош и човековата ревност да дејствуваат заедно.
Затоа човекот треба за сè да се моли и да Го моли Бога, да му помогне и да му содејствува во секоја работа.
Конечно, „да му се прави добро на ближниот“. Тоа е љубов. Оној кој има страв од Бога и кој Му се моли на Бога си помага на себеси. Но, преку љубовта кон ближниот секоја добродетел се усовршува. Затоа старецот рекол „да му се прави добро на ближниот“. Зашто, оној кој има страв од Бога и кој Му се моли, треба и на ближниот да му биде корисен и да му прави добро. Тоа е суштински дел на љубовта, или како што вели апостолот, совршенство на добродетелите (1 Кор 13, 13).