Отците говорат дека седењето во келија е една половина (од духовниот напредок), а посетувањето на старци е другата половина. Значењето на ова кажување е следното: тоа значи дека и во келијата и надвор од келијата потребно е еднакво трезвеноумие, и дека потребно е да се знае колку е корисно молитвеното тихување во осаменост, а колку посетувањето на старци и браќа. Ако некој е трезвеноумен со таа цел, тој се труди да го исполнува она што го кажале отците. А, кога седи во келија, и кога се моли, и кога се поучува, кога се занимава со ракоделие, тој се бори против силата на своите помисли. А, кога оди во посета, тогаш ја набљудува својата (духовна) состојба; односно дали стекнува корист од средбата или не, и дали може без штета да се врати во својата келија. И, ако види дека претрпел штета, тој ја разбира својата слабост и дека ништо не стекнал од молитвеното тихување. Смирувајќи се, се враќа во својата келија, плаче, се кае и се приклонува кон Бога поради својата немоќ. Така барем седи во тихување, внимавајќи на својот духовен живот.
А, кога ќе се најде во група луѓе, тој се анализира себеси, односно дали се наоѓа во истата состојба или полоша. И така, се враќа во келијата, правејќи го истото, се кае и плаче, молејќи Го Бога за подобрување на својата духовна состојба. Самотијата во неговата келија го воздига, а луѓето го искушуваат. Поради тоа, добро рекле отците дека седењето во келија е една половина, а посетувањето на старци е друга половина.
Затоа и вие, кога се посетувате еден со друг треба да знаете поради што излегувате од келија, а не да излегувате постојано. Оној кој без цел оди на патување, како што рекле отците, напразно се труди. Секој, кога работи некоја работа, треба секако, да има цел и да знае зошто ја прави. Каква цел треба да имаме кога се среќаваме еден со друг? Најпрво љубов, зашто е речено: „Кога го гледаш братот, Го гледаш Господ, твојот Бог“. Второ, да го чуеме Божјиот збор, зашто во средбите секогаш се размислува за Божјиот збор. Често, еден ќе праша, а друг ќе одговори, а тоа е како дополнение за да се дознае сопствената состојба, како што реков претходно. На пример, некој оди да јаде со другите и се анализира себеси, и гледа дали може да се воздржи кога се изнесува добро јадење, кое му се допаѓа и да не земе од него? Дали внимава да не земе повеќе од својот брат? И, што ако претходно храната е поделена на порции? Дали е нестрплив да земе поголемо парче за себе, а да остави помало за својот брат? Човекот понекогаш не се срами да подаде рака и да го стави помалото парче пред својот брат, а за себе да го земе поголемото. Но, каква е разликата помеѓу поголемиот и помалиот дел? Колкава е разликата помеѓу двете парчиња, па да го надитрува братот и со тоа да греши? Тој постојано се испитува дали може да се воздржи од многуте јадења и да се предаде на ситост кога наидува на разни јадења. Слично, ако има повеќе порции, мора ли да проба од сите и да се прејаде? Дали гледа да се чува од дрскост, дали поднесува дека на неговиот брат му се укажува поголема чест? Дали може да поднесува дрзок човек кој многу зборува или прави нешто што е недолично, а да не го осудува, туку да се свртува кон побожност и да се труди да постапува како ава Антониј кој, кога ги посетувал браќата, гледал што е добро кај секого од нив, и тоа го поставил како цел за стекнување. Од еден научил кротост, од друг смирение, од трет долготрпение. Подоцна, во него се наоѓало собрано добро од сите нив.
Ете и ние така треба да правиме, и поради тоа да одиме во посета. А кога се враќаме во својата келија, треба да се испитуваме себеси и да видиме во што сме добиле корист или, пак, сме добиле штета. И, штом ќе најдеме дека сме заштитени, треба да Му благодариме на Бога, Кој нè чува без повреда, а ако сме згрешиле треба да се каеме и да жалиме поради нашите сопствени слабости. Секој добива корист или штета од сопствената состојба. Ако некому нанесуваме зло преку нашата состојба, тогаш и самите си нанесуваме зло. Можеме, како што секогаш ви говорам, од сите работи, ако сакаме, да извлечеме корист и зло. Ќе ви кажам пример за да го разберете тоа. Некојси човек, се случило, една ноќ да се најде на едно место. Не велам дека е монах, туку некој од градот. Покрај него поминале тројца луѓе. Едниот за него мислел дека чека проститутка; другиот мислел дека е крадец; а третиот, пак, дека го повикал својот пријател од блиските куќи и дека го чека да слезе, и да отидат некаде на молитва. Гледате, тројцата го виделе едниот и ист човек на едно место, но секој од нив имал различни помисли за него. Едниот мислел едно, другиот друго, а третиот сосема трето, секој според својата состојба. Како што постојат тела кои имаат јаки киселини и произведуваат нездрави телесни течности, така секоја храна, што ја земаат ја претвораат во нездрави сокови, дури и самата храна да е корисна и здрава. Причината за заболената храна не доаѓа од храната, туку од телото кое, како што велат, има нездрав состав и кое по потреба делува и ја менува храната (на полошо). Ќе ви кажам пример за подобро да разберете. Дивата свиња има тело со многу добри сокови, а негова храна се корените, семките од урми и разни растенија. И, бидејќи има тело со добри сокови, тој и таквата храна ја претвора во добри сокови. Така и ние, доколку имаме добра навика и сме во добра состојба, можеме како што претходно реков, секоја работа да ја претвориме да биде корисна, па дури и ако самата по себе не е таква. Добро е напишано во Изреките: „Кој ги крие престапите свои, нема да напредува; а кој се освестува и ги остава, ќе биде помилуван“ (Изр 28, 13). А на друго место се вели: „Бегај од безумен човек, кај кого не забележуваш разумна уста“ (Изр 14, 7).
Сум чул за еден брат, кој, кога ќе посетел некој брат и кога ќе видел неуредена келија, си говорел во себе: „Блажен е овој брат, бидејќи занемарил сè што е земно и целиот ум го вознел нагоре, така што нема време да ја доведе во ред својата келија“. И повторно, кога одел кај друг и кога ќе видел дека келијата е уредена, чиста и разубавена, си говорел во себе: „Како што душата на овој брат е чиста, така и неговата келија е чиста, бидејќи добрата состојба на неговата душа е одраз на состојбата на неговата келија“. И тој, никогаш не рекол за никого: „Тој е неуреден, или оној е вообразен“, туку според добрата состојба си добивал корист од секого.
Благиот Бог и нам нека ни дава добра состојба за да ја користиме и никогаш да не мислиме зло за ближниот. Но, ако поради нашата состојба треба да размислуваме, или пак, се сомневаме во злото на нашиот ближен, тогаш веднаш да се потрудиме нашата помисла да ја преобратиме во добра мисла; бидејќи ако не мислиме зло за ближниот, со Божја помош се раѓа добрина, која Му е благопријатна на Бога, на Кого Му припаѓа слава и чест во вечни векови. Амин.