ПСАЛМ 1

Блаженство за побожните. Зло за безбожниците

1. Блажен е оној човек, што не оди на советот безбожнички, не застанува на пат на грешници и не седи во друштво на развратници,
2. па му омилел законот на Господа и во законот Негов дење и ноќе се поучува;
3. тој е како дрво посадено крај воден извор, кое својот род го дава навреме, и чиј лист не вене; и во сè што прави, напредува.
4. Но не се такви безбожниците; тие се како прав, што го растура ветар по земјата.
5. Затоа безбожниците нема да се одржат на судот, ниту грешниците – во соборот на праведниците.
6. Зашто Господ го знае патот на преведниците; патот, пак, безбожнички води во погибел.

ПСАЛМ 2

Пророкување за царството на Синот Божји и за победата над Неговите непријатели

1. Зошто се бунат народите, и племињата смислуваат лоши работи?
2. Се креваат царевите земски, и кнезовите се собираат заедно против Господа и Неговиот Помазаник.
3. „Да ги раскинеме врските нивни и да го отфрлиме од себе јаремот нивни.”
4. Оној, Кој живее на небесата, ќе им се смее и Господ ќе ги исмее.
5. Тогаш во гневот Свој ќе им говори и со јароста Своја ќе ги збуни:
6. „Јас го помазав Царот Свој на Сион, на Мојата Света Гора.”
7. Ќе го кажам определението – Господ Ми рече: „Ти си Син Мој, Јас денес Те родив.”
8. И побарај од Мане, и ќе Ти ги дадам народите во Твое наследство, и краиштата на замјата – во Твоја власт.
9. Ти ќе ги пасеш со железен жезал; ќе ги разбиваш како грнчарски сад.”
10. И сега цареви, вразумете се; поучете се, судии земни!
11. Служете Му на Господа со страв и радувајте се со трепет.
12. Почитувајте го Синот, та да не се разгневи, и на патот свој да не погинете; зашто Неговиот гнев брзо ќе се разгори. Блажени се сите, кои на Него се надеваат.

ПСАЛМ 3

Надеж во Бога против сите непријатели

1. Господи, колку многу се намножија непријателите мои! Мнозина се креваат против мене;
2. мнозина велат за душата моја: нема спас за него во Бога.
3. Но Ти, Господи, си застапник мој, слава моја; Ти ја подигаш главата моја.
4. Со гласот свој викам кон Господ, и Он ме слуша од Својата Света Гора.
5. Легнувам, спијам и станувам, оти Господ ме чува.
6. Не се плашам од многу илјади луѓе, што од сите страни навалиле на мене.
7. Стани Господи! Спаси ме, Боже мој! Зашто Ти ги поразуваш сите мои непријатели и им ги здробуваш забите на грешниците.
8. Од Господа е спасението. Твојот благослов нека биде на народот Твој.

ПСАЛМ 4

Давидовата вечерна молитва е полна со храброст против непријателите

1. Кога викам, чуј ме, Боже, правдо моја! Во маката моја дај ми простор. Помилуј ме и услиши ја молитвата моја.
2. Синовите човечки, до кога ќе бидете со тврдо срце; до кога ќе сакате суета и ќе барате лага?
3. Знајте дека Господ го запазил Својот светија; Господ слуша кога викам кон Него.
4. Не грешете, гневејќи се; размислете во срцата свои и на постелите свои, и смирете се.
5. Принесете жртва за правда и надевајте се на Господа.
6. Мнозина велат: кој ќе ни покаже што е добро? Покажи ни ја светлината на лицето Свое, Господи!
7. А мене Ти си ми го исполнил срцето со радост поголема отколку кога ќе се роди во изобилие пченица и вино.
8. Затоа мирно легнувам и спијам; оти Ти, Господи, си ми влил надеж да живеам без опасност.

ПСАЛМ 5

Давидовата утрена молитва за помош против безбожните непријатели.

1. Чуј ги, Господи, зборовите мои, разбери ги поплаките мои.
2. Чуј го гласот на моето молење, Цару мој и Боже Мој!
3. Наутро чуј го гласот мој, наутро застанувам пред Тебе и во Тебе гледам.
4. Оти Ти си Бог, Кој не сака беззаконија; за лошиот нема место при Тебе:
5. безбожниците нема да излезат пред очите Твои; Ти ги мразиш сите што вршат неправда.
6. Ти ќе ги уништиш сите лажливци; од крвопиец и лукав Господ се гнаси.
7. А јас, пак, според Твојата голема милост, ќе влезам во Твојот дом И ќе се поклонам во Твојот свет храм со страв пред Тебе.
8. Господи, упатувај ме во Твојата правда, поради непријателите мои патот Твој пред мене порамни го.
9. Зашто во устата нивна нема вистина; во срцето им е измама; грлото им е отворен гроб; на јазикот, пак, дволичност.
10. Казни ги, Боже, нека пропаднат тие и мислите нивни; поради многуте нечестни работи отфрли ги, бидејќи Те огорчија Тебе.
11. Па нека се зарадуваат сите, кои се надеваат на Тебе: вечно да се радуваат оние што Ти ги закрилуваш; и да се радуваат со Тебе оние, што го сакаат името Твое.
12. Оти Ти, Господи, го благословуваш праведникот и со оружјето на милоста Своја го закрилуваш.

ПСАЛМ 6

Покајничка молитва. Надеж во помошта од Господа

1. Господи, не ме карај во јароста Своја и не казнувај ме во гневот Свој.
2. Смилуј се на мене, Господи, оти сум немоќен; исцели ме, Господи, бидејќи коските мои се потресени;
3. и душата моја е возбудена. А Ти, Господи до кога?
4. Обрни се, Господи, избави ја душата моја, спаси ме поради милоста Своја,
5. бидејќи мртвите не Те спомнуваат Тебе; во пеколот кој ќе Те слави Тебе?
6. Се уморив воздивнувајќи; секоја ноќ го навлажнувам леглото мое, со солзи свои ја натопувам постелата моја.
7. Од скрб ми се помрачи окото мое, остарев поради сите мои непријатели.
8. Отстапете од мене вие сите, кои вршите неправда, оти Господ го чу гласот на мојот плач.
9. Господ ја чу молбата моја, Господ ќе ја прими молитвата моја.
10. Нека се посрамат и уплашат сите мои непријатели; да се повратат и веднаш да се засрамат.

ПСАЛМ 7

Плачна Давидова песна што Му ја пеел на Господа

1. Господи, Боже мој, на Тебе се надевам, спаси ме од сите што ме гонат, и избави ме;
2. Да не би некогаш непријателот да посака да ми ја истргне душата; ќе трга, а ќе нема кој да спасува.
3. Господи, Боже мој, ако го направив тоа, ако има неправда во рацете мои;
4. ако зло вратив на оние, кои поради правда ме напаѓаат, тогаш нека отпаднам од непријателите мои;
5. нека ја гони непријателот душата моја, и нека ја стигне, и нека го згази животот мој на земјава, и телото мое во прав нека го претвори.
6. Стани, Господи, во гневот Свој; крени се против жестината на непријателите Твои; стани, Господи, Ти кој заповедаш.
7. И многу народ ќе се собере околу Тебе; и Ти издигни се над него високо.
8. Господ им суди на народите. Суди ми, Господи, според правдата моја и според чистотата моја.
9. Да престане злобата на грешниците, а праведникот исправи го, Ти, Боже, кој ги испитуваш срцата и утробите праведно.
10. Помош очекувам од Бога, Кој ги спасува оние што се со чисти срца.
11. Бог е праведен судија, и силен, и долготрпелив и не се гневи секој ден.
12. Но ако не се покаете, Он ќе го очисти Своето оружје, ќе го затегне својот лак и ќе го насочи,
13. и затега смртна стрела, а стрелите Свои ги вжарува.
14. И, ете, кај безбожникот сè повеќе неправда, па се зачна злоба, а тоа роди беззконие,
15. па си копа и ископа јама, и падна во јамата, што ја направи,
16. и злобата негова му падна на главата негова, а врз неа и неправдата негова слезе.
17. Го прославувам Господа поради правдата Негова и му пеам на Господа Севишниот.

ПСАЛМ 8

Божјата величина во создавањето; човековата нискот и висина

1. Господи, Господи наш, колку е чудесно името Твое по целата земја! Си ја издигнал славата Своја над небесата.
2. Од устата на младенците и доенчињата си ја создал похвалата Своја заради непријателите Твои, за да го срушиш непријателот и одмаздникот.
3. Кога ќе ги погледам небесата, дела на прстите Твои, па месечината и ѕвездите, што си ги поставил Ти:
4. Што е тоа човек, та се сеќаваш на него, или синот човечки, па го посетуваш?
5. Си го направил малку помал од ангелите, но со слава и чест си го венчал,
6. и си го поставил над делата од рацете Твои, и сè си потчинил под нозете негови;
7. овците и воловите сите, и ѕверовите полски;
8. птиците небески и рибите морски, сè што се движи по морските патишта.
9. Господи, Господи наш, колку е чудесно името Твое по целата земја!

ПСАЛМ 9

Благодарствена песна поради спасување од непријателите

1. Те прославувам Тебе, Господи, со сето срце свои, ги известувам сите чудеса Твои;
2. се радувам и се веселам во Тебе, му пеам на името Твое, Севишни.
3. Кога се вратија непријателите мои, се сопнаа, изгубија сила и погинаа од лицето Твое.
4. Бидејќи донесе пресуда за мене и ме одбрани; седна на престолот Свој, судија праведен.
5. Им запрети на народите и загина нечестивиот; името му го затре за сите векови.
6. Непријателот остана сосема без оружје; градовите Му ги разруши, и погина споменот за нив.
7. Но Господ секогаш живее; го подготвил престолот Свој за суд;
8. Он ќе ѝ суди на вселената по правда, на луѓето ќе им суди право.
9. И ќе му биде Господ прибежиште на сиромавиот, помошник во право време во неволја.
10. Па нека се надеваат на Тебе оние кои го знаат името Твое, бидејќи не ги оставаш оние што Те бараат.
11. Пејте Му на Господа Кој живее на Сион, кажувајте ги на народите делата Негови;
12. бидејќи Он се одмаздува за крв, ја помни; не ги заборава пискотите на неволниците.
13. Смулуј се, Господи на мене; погледај како страдам од непријателите мои, Ти, Кој ме избавуваш од вратата на смртта.
14. За да ги кажувам сите похвали за Тебе пред вратите на ќерката Сионска и да го прославувам спасението Твое.
15. Пропаѓаа народите во јама, што сами ја направија; во замка, која сами ја наместија, се фати ногата нивна.
16. Го познаа Господа, Кој суди; во делата на рацете Негови грешникот се заплетува.
17. Ќе се вратат во пеколот сите грешници, и сите народи, кои Бога Го забораваат.
18. Зашто нема засекогаш да биде заборавен сиромавиот, и надежта на бедните нема никогаш да престане.
19. Стани, Господи, за да не се засили човекот, и народите да примаат суд пред Тебе.
20. Постави, Господи, законоположник над нив, за да разберат незнабожците дека се луѓе.
21. Зошто Господи се оддалечуваш и не сакаш на неволните во право време да им помогнеш?
22. Кога нечесниот се разбесува, ги мачи бедните бездушно, и тие паѓаат во замките негови.
23. Бидејќи грешникот се гордее со желбата на душата своја и одбива да биде благословен.
24. Грешникот го дразни Господа, за многуте негови гревови, вели, дека Он не истражува: нема Бог пред него.
25. Патиштата негови се секогаш криви, а судовите Твои се многу високи, за да мисли на нив, и така над непријателите се гордее.
26. И во срцето свое си вели: нема да минувам од род во род без зло.
27. Устата му е полна со клетви, измами и навреди; под јазикот негов тежина и пропаст.
28. Седи во заседа со богати, потајно убива невини, очите негови демнат бедни.
29. Седи скришум како лав во пештера, со намера да фати беден, и кога ќе фати, го сплетува во својата мрежа.
30. Се смирува, прилегнува и тогаш бедниот паѓа совладан.
31. па вели во срцето свое: Бог заборавил, го свртел лицето свое за да не го види крајот.
32. Стани, Господи, Боже мој, нека се крене раката Тавоја, не ги заборавај за секогаш бедните Твои.
33. Зошто безбожникот Го разгневува Бога, зошто во срцето свое да вели – Бог не испитува?
34. Но Ти гледаш, оти ги забележуваш маките и навредите на бедниот; бедниот Тебе Ти се предава, Тебе Ти се остава сиромавиот и сиракот; биди им помошник.
35. Сотри ја мишката на грешникот и на лукавиот; па да се бара и да не се најде безбожноста негова.
36. Господ е вечен цар, во сите времиња; ќе ги снема народите од земјата Негова.
37. Господи, Ти ги слушаш желбите на бедните; закрепи ги срцата нивни, отвори го увото Свое!
38. Дај правда на сиракот и на смирениот, па да престане човекот на земјата да задава страв.

ПСАЛМ 10

Жалење поради недостиг на Божја помош

1. На Господа се надевам, зошто да ѝ речете на душата моја: „Одлетај во гората своја како птица?”
2. Но ете грешниците, го затегнаа лакот, ја притегнаа стрелата своја на тетивата, па од мрак да стрелаат на чистите по срце.
3. Ти што си направил, тие го разрушија; што може праведникот да прави? Господ е во својот свет храм.
4. Господ е на престолот небесни; очите Негови гледаат на сиромавиот, веѓите Негови ги испитуваат синовите човечки.
5. Господ го испитува праведникот, а безбожникот, и оној што сака неправда, ја мрази душата своја.
6. На грешниците ќе пушти дожд од разгорен јаглен, оган и сулфур, а силен ветар ќе им биде дел во чашата нивна.
7. Зашто Господ е праведен, ја сака правдата: лицето Негово ќе го гледаат праведниците.

ПСАЛМ 11

Молитва за помош

1. Спаси ме, Господи, зашто не остана праведен, зашто се намалија верните меѓу синовите човечки.
2. Суета му кажуваат секој на ближниот свој; од дволично срце устите зборуваат лага.
3. Нека ги истреби Господ сите соблазниви усти и јазик што се возвеличува;
4. оние што зборуваат: „Јазикот свој ќе го величаме; устата ни е со нас; кој е господар над нас?”
5. „Заради страдањата на сиромасите и офкањата на бедните ќе се кренам сега – вели Господ – ќе го спасам оној, кому сакаат да му напакостат.”
6. Зборовите на Господа се зборови чисти, сребро во оган исчистено од земја, седумпати пречистено.
7. Ти, Господи, ќе нè одбраниш и ќе нè запазиш од овој род и довека.
8. Нечестивите одат наоколу; според возвишеноста Своја многу си им допуштил на синовите човечки.

ПСАЛМ 12

Безнадежна состојба и молитва за помош

1. До кога, Господи, сосема ќе ме забораваш, до кога ќе го одвраќаш лицето Свое од мене?
2. До кога ќе размислувам во душата своја, и ќе жалам во срцето свое дење и ноќе? До кога непријателот мој ќе се издига над мене?
3. Погледај, чуј ме, Господи, Боже мој! Просвети ги очите мои, за да не заспијат некако со сон смртен;
4. да не рече непријателот мој: „го надвив.” Гонителите мои ќе се зарадуваат, ако почнам да премалувам.
5. Јас, пак, се надевав на Твојата милсот; срцето мое ќе се зарадува заради спасението од Тебе; ќе му пеам на Господа, Кој ми направи добрини и ќе го воспевувам името на Севишниот Господ.

ПСАЛМ 13

Воздишки за помош од Господа

1. Рече безумниот во срцето свое: „Нема Бог.” Се развратија луѓето, извршија гнасни дела, нема кој да прави добро.
2. Господ погледна од небесата со внимание кон синовите човечки, за да види, има ли кој Го разбира и Го бара Бога.
3. Сите се застранија, сите станаа лоши, нема кој да прави добро, нема дури ниеден.
4. Зар нема да се вразумат сите, што вршат беззаконие, кои така го јадат народот Мој, како што јадат леб, и кои не го призовуваат Господа.
5. Таму ќе се уплашат тие од страв, каде што нема страв, зашто Господ е во родот на праведните.
6. Вие се подигрувате со сиромашниот, но Господ е негова надеж.
7. Кој ќе му даде од Сион спасение на Израилот? Кога Господ ќе ги врати заробените од Својот народ, тогаш нека се зарадува Јаков, и нека се развесели Израилот.

ПСАЛМ 14

Кој е достоен да стои пред Бога

1. Господи, кој може да престојува во Твоето живеалиште? Кој може да се настани во Твојата Света Гора?
2. Оној, што оди непорочно, што врши правда и во срцето свое говори вистина.
3. Кој не клевети со јазикот свој, не прави зло на ближниот свој и не го навредува ближниот свој;
4. ништожен е пред него оној што е злобен; Господ ги слави оние, што се бојат од Него; кој кога се колне на својот ближен, не порекнува;
5. кој не го дава среброто свое со лихва и не прима поткуп против невин. Кој така постапува, нема никогаш да се поколеба.

ПСАЛМ 15

Добро наследство на светиите.

1. Пази ме Господи, зашто на Тебе се надевам.
2. Му реков на Господа: „Ти се Господ мој: моите добра Тебе не ти сè потребни.
3. На светиите, кои се на земјата Негова, им направи многу добрини и сè што сакаат да имаат.
4. Се намножија немоќта на оние, што одат кон крвави жртви; јас нема да ги принесувам нивните крвави приливи и со устата своја нема да ги спомнам нивните имиња.
5. Господ е дел на моето наследство и од чашата моја. Ти си Оној Кој го воспоставува наследството мое.
6. Меѓите ми паднаа на најубавото; зашто наследството ми е најубаво.
7. Ќе го благословувам Господа, Кој ме вразумува; па дури и ноќе ме учи мојот внатрешен глас.
8. Секогаш Го гледав пред себе Господа, зашто Он е од мојата десна страна, за да не се поколебам.
9. Заради тоа се возрадува срцето мое, и воскликна јазикот мој; па дури и телото мое ќе
почива во надеж,
10. оти Ти нема да ми ја оставиш душата моја во пеколот, ниту, пак, светецот Твој да види
распаѓање.
11. Ти ми ги покажа патиштата на животот: со радост ме исполнува Твоето лице; вечно блажеснтво е во Твојата десница.

ПСАЛМ 16

Праведникова молитва

1. Услиши ја, Господи, правдата моја, чуј го гласот на молбата моја, прими ја молитвата моја што не излегува од лажлива уста.
2. Од Твоето лице нека излезе судот за мене; очите мои нека ја видат вистината.
3. Ти го искуша срцето мое, ме посети ноќе; со оган ме провери и не нејде неправда во мене.
4. Човечки дела нека не зборува устата моја; поради зборовите на устата Твоја чекорев по патиштата тешки.
5. Утврди ги стапките мои на патиштата Твои, за да не ослабнат нозете мои.
6. Кон Тебе викам, зашто Ти ќе ме чуеш, Боже; приклони го увото Свое кон мене, и чуј ги зборовите мои.
7. Покажи ја чудесната милост Твоја, Ти, кој ги избавуваш оние што се надеваат на Тебе – од оние што се противат на Твојата десница.
8. Пази ме како зеница на окото; засолни ме под сенката на Твоите крила,
9. од лицето на нечестивите, кои ме напаѓаат – од непријателите на душата моја, што ме опкружуваат:
10. тие срцето свое го затворија, наоколу со устата своја – гордо зборуваат.
11. Гонејќи ме, сега ме опколуваат; тие ги управија очите свои, за да ме соборат на земја;
12. тие се како лав, подготвен за лов и како лавче, кое стои во потајни места.
13. Стани, Господи, пресретни ги и обори ги; спаси ја душата моја со Својот меч од нечестивиот;
14. од оние, Господи, кои ги има малку на земјата – раздели ги во нивниот живот, и од она што е сокриено Твое ќе се наполни стомакот нивни; откако се наситија синовите нивни, од вишокот оставија и за децата свои.
15. А јас пред лицето Твое ќе се покажам во правда, ќе се наситам кога ќе ми се покаже славата Твоја.

ПСАЛМ 17

Благодарност за чудесното спасение

1. Ќе Те возљубам, Господи, крепост моја!
2. Господ е моја тврдина и прибежиште мое, мој избавител, Бог мој, помошник мој; и ќе се надевам на Него; Он е мој заштитник, сила на спасението мое и заштитник мој.
3. Ќе Го призовувам и ќе Го прославувам Господа, и ќе се спасам од непријателите свои.
4. Смртни маки ме обзедоа, и потоци од беззаконија ме вознемирија;
5. пеколни болести ме опколија, смртини стапици ме стегнаа.
6. Во притеснение Го повикав Господа и кон мојот Бог извикав. И Он од Својот свет храм го чу гласот мој, и мојот вик стигна до Неговиот слух.
7. Се затресе и се разниша земјата; затреперија и од темел се поместија горите, зашто Господ се разгневи;
8. се крена дим од гневот Негов и од лицето Негово оган пламна; кој проголтува си; разгорени јаглења отскокаа од Него.
9. Ги приклони Он небесата и слезе, – а мрак падна под нозете Негови.
10. И седна на херувими, па полета и се понесе на ветерните крилја.
11. Од мракот направи Свој заклон, и сенка околу Себе – темна вода во воздушните облаци.
12. Од молскање бегаа од Него облаците, градот и огнените јаглења.
13. И загрме Господ од небесата, и Севишниот го пушти Својот глас: град и разгорени јаглења.
14. И ги пушти стрелите Свои и ги распрсна, ги умножи молњите – и ги растури.
15. И се појавија извори водни, и се открија основите на вселената од страшниот глас Твој, Господи, од здивот на гневот Твој.
16. Он посегна од висините, и ме прифати, па ме извлече од многуте води.
17. А ќе ме избави од силните мои непријатели и од оние кои ме мразат, од оние што се посилни од мене.
18. Тие се кренаа против мене во денот на мојата несреќа, но Господ беше потпора моја.
19. Ме изведе Он на пространо место и ме избави, зашто ме засака.
20. Ми воздаде Господ според мојата правда, и според чистотата на моите раце ме вознагради,
21. зашто ги запазив патиштата на Господа и не се оддалечив од мојот Бог;
22. оти сите заповеди Негови се пред мене, и наредбите Негови не ги отстранив од себе.
23. Ќе бидам непорочен пред Него и ќе се пазам од беззаконија.
24. И ќе ми воздаде Господ според мојата правда, и по чистотата на рацете мои пред очите Негови.
25. Со светиите Ти постапуваш свето, со невин човек – си благ,
26. со чистиот – чисто, а со лукавиот – според неговото лукавство,
27. зашто Ти ги спасуваш угнетените и гордите ќе ги понизиш.
28. Оти Ти го осветлуваш моето светило, Господи; мојот Бог ја осветлува темнината моја;
29. Ти ќе ме избавиш од искушенијата, и со мојот Бог, и ѕид ќе прескочам.
30. Бог мој, непорочен е Неговиот пат, Господовите зборови со оган се пречистени; Он е заштитник на сите, кои се надеваат на Него.
31. Зашто, кој е Бог, освен Господа, и кој е Бог освен нашиот Бог?
32. Бог е Оној Кој ме препашува со сила и ми поставува непорочен пат;
33. ми ги прави нозете како на елен и ме поставува на височини;
34. ми ги обучува рацете за борба, и мускулите мои ги прави да затегнуваат бакарен лак.
35. Ти ми даде заштита за моето спасение, Твојата десница ме прифати, и Твоето воспитување ме исправи до крај; и тоа ќе ме научи.
36. Ти ги рашируваш чекорите мои под мене, и нозете мои не се заморуваат.
37. Ќе ги гонам непријателите мои и ќе ги стигнам, и не се враќам, додека не ги победам;
38. ќе ги притиснам, и тие не ќе можат да опстанат, ќе паѓаат под нозете мои,
39. зашто Ти ме препаша со сила за борба и ги покори пред мене оние, што станаа против мене;
40. Ти ги натера во бегство непријателите мои, и ги истреби сите оние, што ме мразат;
41. тие повикаа, но нема кој да ги спаси: и кон Господа, – но Он не ги чу;
42. ќе ги иситнам како прав на ветар, ќе ги газам како кал по патиштата.
43. Ќе ме избавиш од народ бунтовен, ќе ме поставиш за поглавар над народ, чии чуѓе не познавав, и тие сега ќе ми служат;
44. само по слух за мене ме слушаат туѓинците и ми се покоруваат;
45. туѓинците бледнеат и треперат, излегувајќи од своите градови.
46. Жив е Господ, и нека е благословен мојот Бог! И нека се превознесува Бог на моето спасение.
47. Бог, Кој одмаздува за мене, Кој ми ги покорува народите,
48. Избавител од моите гневни непријатели! Ќе ме возвисиш над оние, што стануваат против мене, и ќе ме избавиш од човек неправеден.
49. Поради тоа Те исповедам пред народите, Господи, и ќе го воспевувам името Твое;
50. Ти Кој величествено го спасуваш царот Свој и му правиш милост на Твојот помазаник Давида и на потомството негово – довека.

ПСАЛМ 18

Божјата слава е во создавањето и Законот Негов

1. Небесата ја објавуваат славата на Бога, а за делата на рацете Негови известува сводот небески.
2. Ден на денот објавува, и ноќ на ноќта знаење открива.
3. Нема јазик, ниту, пак, говор, во кој не се слуша нивниот глас.
4. Нивниот звук се разнесува по целата земја, а нивните зборови до краиштата на вселената. На сонце го поставил Своето живеалиште;
5. и излегува како младоженец од брачното легло, се радува како исполин, минувајќи по патот свој:
6. од крајот на небесета е излезот негов, и патувањето негово до другиот крај; ништо не е сокриено од топлината негова.
7. Непорочен е законот на Бога – душите ги укрепува; верно е откровението на Господа – ги учи припростите,
8. и Господовите повелби се праведни – го веселат срцето; Господовата заповед зрачи светлина; ги просветлува очите.
9. Стравот Господов е чист – пребива довека; судовите Господови се вистина – сите се праведни;
10. поскапи се од злато и од скапоцени камења – послатки се од восочен мед.
11. Слугата Твој ги пази; а кој ги пази голема награда добива.
12. Кој може да ги согледа своите грешки? И од оние тајни очисти ме,
13. и од туѓите запази го слугата Твој, за да не овладеат со мене. Тогаш јас ќе бидам непорочен и ќе бидам очистен од големите престапи.
14. Зборовите на устата моја и помислите на срцето мое нека бидат благоугодни пред Тебе, Господи, помошнику мој и избавителе мој!

ПСАЛМ 19

Молитва за победа. Увереност во Божјата помош

1. Нека те услиши Господ во тежок ден, да те заштити името на Бога Јаковов.
2. Да ти испрати помош од Светилиштето и од Сион да те поткрепи.
3. Нека си спомни за секоја твоја жртва; и сепалениците твои да бидат примени.
4. Да ти го даде Господ и она што ти срце сака; и сите твои помисли да ги исполни.
5. Ќе се зарадуваме на твоето спасение и во името на нашиот Бог ќе се издигнеме. Да ги исполни Господ сите твои молби.
6. Сега знам дека Господ го спасува Својот помазаник, го слуша од светите Свои небеса; спасението е во силата на Неговата десница.
7. Едни – со коли, други – со коњи, а ние со името на Господа, нашиот Бог, се фалиме:
8. тие се препнаа и паднаа, а ние се кренавме и стоиме прави.
9. Господи, спаси го царот и услиши нè кога Ти се молиме!

ПСАЛМ 20

Благодарност за победите во минатото

1. Господи, со Твојата сила ќе се весели царот и за спасението од Тебе безмерно ќе се радува.
2. Ти му даде, она што срцето негово посака, и молбата на устата негова не ја отфрли,
3. зашто Ти го пресретна со добри благослови, му возложи на главата венец со скапоцени камења.
4. Тој побара од Тебе живот, а Ти му даде долголетие во веки веков.
5. Голема е славата негова поради спасението од Тебе; Ти го покри со чест и величие.
6. Ќе положиш на него вечен благослов, развеселувајќи го со радоста на лицето Твое,
7. зашто царот се надева на Господа и во милоста на Севишниот не се сомнева.
8. Раката Твоја ќе ги најде сите Твои непријатели, десницата Твоја ќе ги најде сите што Те мразат.
9. Кога ќе се разгневиш, ќе ги направиш како огнена печка; гневот Господов ќе ги погуби, и оган ќе ги проголта.
10. Ти ќе го уништиш плодот нивни од земјата, и семето нивно – меѓу човечките синови,
11. зашто смислија против Тебе зло, се договорија, но не можеа ништо да направат.
12. Ти ќе ги поставиш како цел, а од Твоите лакови ќе пуштиш стрели во лицето нивно.
13. Издигни се, Господи, со Твојата сила: ние ќе ја воспеваме и ќе ја прославуваме Твојата моќ.

ПСАЛМ 21

Пророштво за страдањата и славата на Месијата

1. Боже мој, Боже мој, почуј ме; зошто ме остави? Далеку се од спасението мое зборовите со кои паѓам во грев.
2. Боже мој! Те призивам дење – и Ти не слушаш, и ноќе – и нема мир за мене.
3. Но Ти живееш во Светилиштето Свое – опкружен со пофалби од Израилот.
4. На Тебе се надеваа татковците наши; се надеваа и Ти ги избави;
5. кон Тебе викаа, и се спасуваа; на Тебе се надеваа, и не се посрамија.
6. Јас сум црв, а не човек, потсмев за луѓето и презир во народот.
7. Сите, што ме гладаа, ми се подбиваа; нишајќи ги главите, велеа:
8. „Тој се надеваше на Господа, нека го избави, нека го спаси, ако Му е угоден.”
9. Но Ти ме подигна од утробата, стана надеж моја преку млекото мајчино.
10. Кон Тебе сум приврзан уште од зачнувањето мое; од утробата на мајката моја Ти си мој Бог.
11. Не отстапувај од мене, зашто неволјата е близу, а нема кој да ми помогне.
12. Многу телиња ме обиколија, дебели јунци ме опкружија,
13. ја отворија устата против мене како лав, кој го раскинува својот плен и рика.
14. Јас се разлеав како вода; сите мои коски се разглобија, срцето мое стана како восок, се топи во моите гради.
15. Силата моја се исуши како цреп, јазикот ми се залепи за непцата, во смртоносен страв ме фрли.
16. Кучињата многу ме опколија, цела чета од злочинци се врти околу мене; ми ги пробија рацете и нозете.
17. Се броеја сите коски мои, а тие гладаа и ме презираа;
18. ги разделија меѓу себе алиштата мои и за облеката моја фрлија жреб.
19. Но Ти, Господи, не оддалечувај се од мене! Сило моја! Побрзај ми на помош!
20. Избави ја од меч душата моја, и од пците еднородната моја;
21. Запази ме од устите лавовски и од роговите на еднорогите, спаси ја мојата смиреност.
22. Ќе го објавувам името Твое на браќата свои, сред собранието ќе Те фалам.
23. Вие, што се плашите од Господа, восфалете Го. Целото семе Јаковово нека Го прославува; нека се бои од Него целото семе Израилево,
24. зашто Он не ја презре ниту ја одби молитвата на страдалникот, не го сокри лицето Свое од мене, а ме послуша кога Те повикав.
25. За Тебе е похвалата моја, во великото собрание; ќе ги исполнам ветувањата свои пред оние што се плашат од Него.
26. Ќе јадат сиромасите и ќе се најадат, ќе го фалат Господа оние што Го бараат; ќе живеат срцата нивни довека!
27. Ќе се сетат и ќе се обрнат кон Господа сите земни краишта, и ќе се поклонат пред Тебе сите племиња на народите,
28. зашто царството е на Господа, и Он е владетел над народите.
29. Ќе јадат и ќе се поклонат сите силници на земјата; пред него ќе паднат сите што слегуваат во земјата. А душата моја ќе живее за Него.
30. Потомството мое ќе Му служи и ќе се наречува Господово довека;
31. тоа ќе им ја соопштува на луѓето, што ќе се родат, правдата Негова, зашто сето тоа Господ го создал.

ПСАЛМ 22

Господ е Пастир наш. Господ е добриот Пастир

1. Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува,
2. Он ме пасе на плодни пасишта и ме води на тихи води,
3. ја поткрепува душата моја, ме води по патот на правдата заради името Свое.
4. Кога би тргнал и по долината на смртна сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене; Твојот жезал и Твојата палка ме успокојуваат.
5. Си приготвил пред мене трпеза на очиглед на непријателите мои, си ја помазал главата моја со елеј; и чашата твоја ме напојува со блаженство.
6. И милоста Твоја така да ме придружува преку сите денови на мојот живот, и јас ќе престојувам во домот Господов многу дни.

ПСАЛМ 23

Свечено влегување на Великот Цар во Светилиштето

1. Господова е земјата и она што ја исполнува вселената е сè што живее на неа,
2. зашто Он ја основа врз морињата, и на реки ја утврди.
3. Кој може да излезе на гората Господова и кој ќе застане на Неговото свето место?
4. Оној, чии раце се невини и чие срце е чисто, кој не се колнел во душата своја напразно и не го спомнувал лажливо името Господово пред ближниот свој, –
5. тој ќе добие благослов од Господа и милост од Бога, Својот Спасител.
6. Таков е родот на оние што Го бараат Господа, кои Го бараат Бога Јаковов!
7. Подигнете ги, порти, горништата свои, подигнете се, вечни порти, и ќе влезе Царот на славата!
8. Кој е тој Цар на славата? – Крепкиот и силниот Господ, силниот во војна Господ.
9. Подигнете ги, порти, горништата свои, подигнете се, вечни порти, и ќе влезе Царот на славата!
10. Кој е Царот на славата? – Господ над војските – Он е Цар на славата!

ПСАЛМ 24

Молитва за заштита

1. Ког Тебе, Господи, ја издигнувам душата своја.
2. Боже мој, на Тебе се надевам, да не се посрамам довека, да не ме исмејуваат непријателите мои,
3. да не се засрамат оние што се надеваат на Тебе; да се посрамат оние, што вршат беззаконија без причина.
4. Покажи ми ги, Господи, патиштата Твои и научи ме да врвам по патеките Твои.
5. Упати ме кон Твојата вистина и научи ме, зашто Ти си Бог на моето спасение; на Тебе се надевам секој ден.
6. Спомни Си ги штедростите Твои, Господи, и милостите Твои, зашто се вечни.
7. Гревовите на младоста моја и незнаењето мое не ги споменувај; по милоста Своја сети се на мене, заради Твојата доброта, Господи!
8. Благ и праведен е Господ, грешниците ги изведува на пат,
9. ги упатува кротките кон правда и ги учи кротките на Своите патишта.
10. Сите патишта Господови се милост и вистина за оние, кои го пазат заветот Негов и откровението Негово.
11. Заради Твоето име, Господи, прости ми го гревот мој, зашто е голем.
12. Кој човек е тој што се плаши од Господа? Нему Он ќе му покаже кој пат да избере.
13. Неговата душа ќе почива во добро, неговото семе ќе ја наследи земјата.
14. Близок им е Господ на оние што се плашат од Него; ним им го открива заветот Свој.
15. Очите мои секогаш се кон Господа, зашто Он ги вади од стапица нозете мои.
16. Погледни на мене и смилуј се на мене, зашто сум самотен и во мака.
17. Скрбите на срцето мое се умножија; извади ме од неволјите мои.
18. Погледај ги страдањата и маките мои, па прости ми ги сите гревови мои.
19. Погледај ги моите непријатели, колку многу се намножија и колку многу ме мразат.
20. Запази ја душата моја и избави ме, за да не се посрамам, зашто на Тебе се надевам.
21. Непорочноста и правдата нека ме учат, зашто на Тебе се надевам, Господи.
22. Избави го, Боже, Израилот од сите невојли негови.

ПСАЛМ 25

Молитва за спасение во простота

1. Суди ме, Господи, бидејќи одев непорочно и, надевајќи се на Господа, нема да се поколебам.
2. Искушај ме, Господи, испитај ме; отвори ги утробата моја и моето срце.
3. Твојата милсот е пред очите мои, а јас одам во Твојата вистина,
4. со луѓе суетни не седев и со престапници на законот Твој нема да отидам;
5. го намразив собиралиштето на злонамерните; со нечестивите нема да седнам;
6. ќе ги мијам рацете свои во невиноста и ќе го заобиколувам жртвеникот Твој, Господи,
7. за да ја разгласувам похвалата Твоја и да ги раскажувам сите Твои чудеса.
8. Господи, го засакав живелиштето на Твојот дом и местото каде што пребива и славата Твоја.
9. Не погубувај ја душата моја со грешници и животот мој со луѓе крвници,
10. во чии раце има беззаконие, чија десница е полна со поткупи.
11. Јас, пак, одам во својата непорочност, избави ме, Господи, и помилуј ме.
12. Ногата моја стои на прав пат, во собранијата ќе Те благословувам, Господи.

ПСАЛМ 26

Во Божјата близина страв нема

1. Господ е моја светлина и мое спасение: од кого да се бојам? Господ е крепост на мојот живот, од кого ќе се плашам?
2. Кога се приближија до мене злобни противници и непријатели, за да го изедат телото мое, ослабнаа, се сопнаа, и паднаа.
3. И полк да се крене против мене, нема да се исплаши срцето мое; дури и цела војска да се дигне против мене, и тогаш ќе се надевам на Него;
4. само за едно Го молам Господа, само тоа го сакам: да останам во домот Господов преку сите денови на животот мој, да ја гледам Господовата убавина и да го посетувам Неговиот свет храм,
5. зашто во злочест ден Он би ме сокрил во Својата скинија, би ме сокрил под покривот на своето живеалиште; би ме искачил на карпа.
6. Тогаш главата моја ќе се издигне над непријателите што ме опкужуваат; и јас ќе принесам во скинијата Негова жртва поради радоста, па ќе пеам и ќе го фалам Господа.
7. Чуј го, Господи, гласот мој, бидејќи кон Тебе викам помилуј ме и услиши ме.
8. Срцето мое ги повторува Твоите зборови: – Барај го лицето Мое; и јас го барам лицето Твое, Господи.
9. Не сокривај го од мене лицето Свое; не го одбивај во гневот слугата Твој. Биди мој помошник; не отфрлувај ме и не ме оставај, Боже, Спасителе мој!
10. Зошто татко ми и мајка ми ме оставија, но Господ ме прими.
11. Научи ме, Господи, на Твојот пат и упати ме по патеката на правдата, поради непријателите мои;
12. не ме предавај на своеволноста на непријателите, зашто востанаа против мене лажни сведоци и дишат злоба.
13. Но јас верувам, дека ќе ја видам Господовата благост во земјата на живите.
14. Надевај се на Господа, биди мажествен; нека е цврсто срцето твое; надевај се на Господа.

ПСАЛМ 27

Молитва за спасение од грешници

1. Кон Тебе, Господи, викам: не биди безгласен кон мене, та да не заприлегам при Твоето молчење на оној што слегува во гроб.
2. Чуј го гласот на молитвите мои, кога Ти се молам, кога кревам раце кон Твојот свет храм.
3. Не вбројувај ме меѓу нечестивци и злосторници, кои со ближните свои говорат за мир, а во срцето имаат зло.
4. Подај им, Господи, според нивните дела, според нивните лоши постапки; според делата на нивните раце, подај им го она што го заслужиле.
5. Зашто не ги разбраа делата на Господа, ниту делата на рацете Негови; Он ќе ги сосипе и нема да ги подигне.
6. Благословен Господ, зашто Он го чу гласот на молитвите мои.
7. Господ е крепост моја и штит мој; на Него се надеваше срцето мое и Он ми помогна; затоа се зарадува срцето мое и Јас ќе го прославувам со сето мое срце.
8. Господ е крепост на Својот народ и заштитник за спасението на Својот помазаник.
9. Спаси го народот Свој и благослови го наследството Твое; паси ги и издигај ги довека!

ПСАЛМ 28

Гласот на Господа е во бурата

1. Принесете Му на Господа, синови Божји, принесете Му на Господа јаганца, принесете Му на Господа слава и чест,
2. принесете Му слава на Господа и на името Негово, поклонете Му се на Господа во Неговиот свет двор.
3. Гласот Господов е над водите; Бог на славата загрми, Господ е над многу води.
4. Гласот Господов е во силата, гласот Господов е во велелепието.
5. Гласот Господов крши кедри; ќе ги скрши Господ кедрите ливански,
6. и направи како теле да потскокнува Ливан, а Сирион – како младо биволче.
7. Гласот Господов сече како огнен пламен.
8. Гласот Господов ја потресува пустињата; ќе ја затресе Господ пустињата Кадес.
9. Гласот Господов ги ослободува бремените кошути и ги оголува горите; и во храмот Негов секој ја возвестува славата Негова.
10. Господ седи на престолот над потопот, и ќе седи Господ како цар довека.
11. Господ ќе му даде сила на Својот народ, Госод со мир ќе го благослови народот Свој.

ПСАЛМ 29

Благодарствена молитва за спасение од смртта

1. Ќе Те вознесувам, Господи, затоа што ме прифати и не допушти непријателите мои да се радуваат над мене.
2. Господи, Боже мој, повикам кон Тебе, и Ти ме исцели.
3. Господи, Ти ја изведе душата моја од пеколот и ме спаси од оние што слегуваат во гроб.
4. Пејте Му на Господа, праведници Негови, и исповедајте Го, сеќавајќи се на Неговата светост,
5. зашто гневот Му е во јароста Негова, а животот – во милоста Негова: навечер настанува плач, а изутрина голема радост.
6. И јас си реков во изобилието мое: „Нема да се поколебам довека.”
7. Господи, според волјата Твоја подај ѝ на добрината моја сила; но Ти го сокри лицето Свое, и јас се збунив.
8. Тогаш кон Тебе, Господи, повикав и не мојот Бог, му се помолив:
9. „Каква полза од крвта моја, кога ќе слезам во гроб? Ќе ја исповеда ли правот, ќе ја објави ли тој вистината Твоја?”
10. Ме услиши Господ, и ме помилува, и Господ стана помошник мој.
11. Ти ја претвори тагата моја во радост, го симна од мене костретот и ме препаша со веселба,
12. за да Те слави душата моја и да не замолкнам; Господи, Боже мој, вечно ќе те славам!

ПСАЛМ 30

Молитва за помош во немирни времиња

1. На Тебе, Господи, се надевам, за да не се посрамам довека; поради правдата Своја спаси ме и очисти ме.
2. Приклони го увото Твое кон мене, побрзај да ме избавиш. Биди ми Бог заштитник и прибежиште, за да се спасам.
3. Зашто Ти си крепост моја и прибежиште мое, заради името Твое поведи ме и управувај со мене.
4. Изведи ме од оваа стапица, која потајно ми ја поставија, зашто Ти си мој заштитник.
5. Во Твоите раце го предавам духот свој; Ти си ме спасувал, Господи, Боже на вистината.
6. Не ти се мили оние што пазат суетни работи, но јас се надевав на Господа.
7. Ќе се радувам и ќе се веселам поради Твојата милост, зашто Ти погледна на смиреноста моја и ја спаси од мака душата моја,
8. и не ме предаде во рацете не непријателите мои; нозете мои ми ги постави на чистина.
9. Помилуј ме, Господи, зашто сум притеснет од скрб: се помрачија во јароста окото мое, душата моја и утробата моја.
10. Премале од жал животот мој, и годините мои – од воздишки; изнеможе силата моја, и страв во коските мои ме опфати.
11. Пред сите непријатели мои станав за прекор, дури и пред соседите мои, а и плашило за познатите мои; оние што ќе ме видат на пат, бегаат од мене.
12. Заборавен како мртовец сум во срцата на луѓето; станав како скршен сад,
13. биедејќи чув дека мнозина околу мене погубно шетаат, и кога ќе се соберат заедно, се договораат и душата моја да ми ја одземат.
14. Јас, пак, се надевам на Тебе, Господи, и си реков: Ти си мој Бог.
15. Дните мои се во Твоите раце; избави ме од рацете на непријателите мои и од гонителите мои.
16. Нека засветли лицето Твое над слугата Твој; спаси ме со Твојата милост.
17. Господи, не допушти да се посрамам, поради тоа што кон Тебе повикав; нечестивите нека се посрамат и нека замолкнат во пеколот.
18. Да онемеат лажливите усти, што говорат лошо против праведникот со гордост и презрение.
19. Колку е голема добрината Твоја, Господи, што си ја запазил за оние, кои се бојат од Тебе, и што си ја приготвил за оние, кои се надеваат на Тебе пред синовите човечки!
20. Ќе ги сокриеш под покривот на лицето Свое од човечките возбуди, ќе ги заклониш од нападите на јазиците противнички.
21. Нека е благословен Господ, зашто ја пројави кон мене Својата чудесна милост во утврдениот град!
22. Во малодушноста своја си реков: отфрлен сум од очите Твои; но Ти ги услиши гласот на молитвата моја, кога повикав кон Тебе.
23. Сакајте Го Господа, сите праведници Негови, зашто Господ бара вистина и им отплатува на оние, кои премногу гордо постапуваат.
24. Вие сите бидете силни и нека крепне срцето ваше што се надевате на Господа!

ПСАЛМ 31

Блаженство поради простени гревови

1. Блажени се оние, чии беззаконија им се простени, и чии гревови се покриени!
2. Блажен е оној човек, на кого Господ не му зема за грев, и во чија уста нема лукавство!
3. Затоа што замолкнав, се исушија коските мои од секојдневното мое воздишување,
4. бидејќи и дење и ноќе тежеше над мене раката Твоја, копнеев како на летен припек.
5. Но јас го познав гревот мој и не го сокрив беззаконието свое, па реков: „Ќе ги исповедам на Господа моите престапи,” и Ти ми го прости гревот мој.
6. Затоа секој праведник нека Ти се помоли навреме, и тогаш притисокот од многуте води нема да го достигне.
7. Ти си мое прибежиште од маката со која сум опкружен; радост моја голема, спаси ме од оние кои ме опколија.
8. „Ќе те вразумам,” – вели Бог – „ќе ти го покажам патот, по кој да одиш; ќе ги управувам очите Мои на тебе.”
9. „Не бивајте како коњ или како маска, кои немаат разум, чија челуст со узда и оглавник се скротува за да ти се покоруваат.”
10. Многу маки ќе го снајдат грешникот, но оној кој се надева на Господа, него милост ќе го опкружува.
11. Веселете се во Господа и радувајте се, праведници: радувајте се сите кое сте со чисти срца.

ПСАЛМ 32

Похвална песна за сесилниот Бог

1. Радувајте се, праведници, во Господа: на праведниците им прилега похвала.
2. Славете Го Господа со гусли, пејте Му на псалтир со десет жици,
3. пејте Му нова песна; пејте Му силно и со восклик,
4. зашто словото на Господа е право, и сите дела Негови се вистински.
5. Он сака милостиња и суд преведен; со милоста Господова е исполнета земјата.
6. Преку словото на Господа се зацврстија небесата, и преку Духот на устата Негова – сите сили нивни.
7. Он ги собира како во мев морските води; бездните ги става во сокровишта.
8. Нека се бои од Господа целата земја; нека треперат пред Него сите жители во вселената,
9. зашто Он рече и тие настанаа; Он заповеда и се создадоа.
10. Господ ги руши помислите на незнабошците, ги спречува намерите нивни и ги сопира помислите на кнезовите.
11. А замислата Господова вечно постои; мислите на срцето Негово преминуваат од род во род.
12. Блажен е оној народ, на кој Господ му е Бог, и луѓето, кои Он ги избрал за наследството Свое.
13. Од небесата погледа Господ, ги виде сите синови човечки;
14. од престолот, на кој седи, погледна на сите, кои живеат по земјата:
15. Он, Кој на сите ним им ги создал срцата, ги знае сите дела нивни.
16. Не го спасува царот голема војска; голема сила ни исполинот нема да го спаси.
17. Несигурен е коњот за спасување, со глемата сила своја не може никогаш да се избави.
18. Но, ете, очите Господови се врз оние, кои се бојат од Него и кои се надеваат на милоста Негова,
19. дека Он ќе ја спаси душата нивна од смрт и во време на глад ќе ги прехрани.
20. Душата наша се надева на Господа: зашто Он е наш помошник и наш заштитник,
21. зашто во Него ќе се весели срцето наше; оти на името Негово свето се надеваме.
22. Милоста Твоја нека биде над нас, Господи, онака како што Ти се надеваме.

ПСАЛМ 33

Треба да се слави помошта Божја и човекот да се учи на страв Господов

1. Ќе го благословувам Господа во секое време; похвала за Него секогаш има во мојата уста.
2. Со Господа ќе се фали душата моја! Нека го чујат тоа кротките и нека се зарадуваат.
3. Возвеличете Го Господа со мене, и заедно да го превознесуваме името Негово.
4. Го побарав Господа, и Он ме чу и од сите опасности мои ме избави.
5. Пристапете Му и ќе се просветите, и лицата ваши нема да се посрамат.
6. Кога несреќниот вика, – Господ го услишува и го спасува од сите негови беди.
7. Ангел Господов застанува околу оние, кои се бојат од Него, и ги спасува.
8. Вкусете и ќе видите, колку е благ Господ! Блажен е оној човек, кој на Него се надева!
9. Бојте се од Господа, сите праведници Негови, зашто ништо нема да им недостига на оние кои се плашат од Него.
10. Осиромашеа и огладнеа богатите, а оние што Го побараа Господа, не ќе бидат лишени од
секакви добра.
11. Дојдете, чеда, послушајте ме: јас ќе ве научам да се боите од Господа.
12. Сака ли човек да живее и да види добри денови,
13. нека си го воздржува јазикот од зло и устата своја од лаги,
14. нека се клони од зло и нека прави добро; да бара мир и да врви по него.
15. Очите на Господа се обрнати кон праведниците, и ушите Негови – кон молитвите нивни.
16. Но лицето на Господа и против оние што вршат зло; ќе го истреби од земјата споменот за нив.
17. Повикаа праведниците, и Господ ги услиши и ги спаси од сите маки нивни.
18. Блиску е Господ до оние со скрушено срце, и смирените по дух ќе ги спаси.
19. Бројни се маките на праведниците, но од сите нив Господ ќе ги избави.
20. Господ ги чува сите коски нивни; ниедна од нив нема да се строши.
21. Зла смрт го снаоѓа грешникот, а оние, што го мразат праведниот, ќе загинат.
22. Господ ќе ги спаси душите на слугите Свои, и никој од оние, кои се надеваат на Него, нема да погрешат.

ПСАЛМ 34

Молитва за спасение од пакосни непријатели

1. Пресуди им, Господи, на оние кои ме навредуваат, и собори ги оние што се борат против мене;
2. земи оружје и штит и дојди ми на помош;
3. извади го мечот и пресретни ги гонителите мои; кажи ѝ на душата моја: „Јас сум спасение Твое!”
4. Да се постидат и засрамат оние што ја бараат душата моја: нека се повратат и нека се посрамат, оние што ми мислат зло;
5. нека бидат како прав пред ветрот, и Ангел Господов да ги прогонува,
6. патот нивни нека биде темен и лизгав, и Ангел Господов да ги прогонува,
7. бидејќи без вина поставија тајна мрежа за моја пропаст, без вина ја навредија душата моја.
8. Нека дојде врз нив замка што не ја знаат и мрежата нивна, што ја поставија за мене, да ги улови самите нив; нека се сплеткаат во неа и нека загинат.
9. А мојата душа ќе се радува во Господа, ќе се весели поради спасението од Него.
10. Сите коски мои ќе речат: „Господи, кој е подобен на Тебе, Кој спасуваш слаб од силен,
беден и сиромав од грабителите нивни?”
11. Се кренаа против мене неправедни сведоци: и за она што не го знам ме сослушуваат;
12. ми враќаат зло за добро, и душата моја останува осамена.
13. А кога ми додеваа, јас се облекував во кострет, ја истоштував душата моја со пост, и молитвата ми се враќаше во градите мои.
14. Постапував така, како тој да беше ближен мој, мој брат; одев тажен со наведната глава; како оној што е загрижен и нажален, така се смирував.
15. А тие се зарадуваа и се собраа против мене, ми задаваа рани, а да не знам зошто, ме кинеа и не престануваа;
16. ме доведоа до искушение, ми се потсмеваа многу и со забите свои крцкаа против мене.
17. О, Господи, кога ќе го погледаш тоа? Оттргни ја душата моја од нивните злодела, мојата осамена душа – од тие лавови.
18. Ќе Те прославувам, Господи, на големо собрание, меѓу многуброен народ ќе Те восфалувам;
19. не допушти да се зарадуваат над мене оние, кои ми се непријатели без причина, кои ме мразат без вина и намигнуваат со очите.
20. Зашто за мир ми зборуваа тие, а во лутината своја смислуваа измами.
21. Ги отворија устите свои против мене, велејќи: „Добро! Добро! Очите наши видоа.”
22. Ти виде Госоди, немој да премолчиш; Господи, не отстапувај од мене!
23. Стани, разбуди се поради мојата правда, о Боже мој и Господи мој!
24. Пресуди ми според Твојата правда, Господи, Боже мој, та да не ликуваат оние над мене;
25. за да не речат во срцето свои: „Добро, добро за душата наша!” и да не кажат: „го проголтавме.”
26. Нека се постидат и засрамат сите, кои се радуваат на мојата несреќа; да се облчат во срам и позор, оние што се гордеат над мене.
27. Нека се зарадуваат и нека се развеселат, оние што ја сакаат мојата правда, и непрестајно нека велат: да се возвеличи Господ, Кој му пожелува мир на Својот слуга!
28. И јазикот мој ќе зборува за правдата Твоја и за Твојата похвала секој ден.

ПСАЛМ 35

Човековата расипаност и добрината Божја

1. Беззаконикот зборува во себеси – дека греши, нема страв Божји пред очите негови,
2. зашто тој се залажува себеси, место да го увиди своето беззааконие и да го намрази;
3. зборовите на устата негова се неправда и лукавство; тој не сака да се вразуми, и да врши добро;
4. на леглото свое си помислува беззконие, поаѓа на лош пат, од зло не се гнаси.
5. Господи, Твојата милост е на небесата, Твојата вистина – до облаците!
6. Твојата праведност е како горите Божји, а судовите Твои како голема бездна! И луѓе и добиток ќе спасиш Ти, Господи!
7. О колку обилно си ја пројавил Твојата милост, Боже! Синовите човечки ќе се надеваат под Твојата закрила;
8. тие ќе се наситат од изобилието на Твојот дом, и од потокот на Твојата красота ќе ги напојуваш;
9. зашто во Тебе е изворот на животот: во Твојата светлина ќе гледаме светлина.
10. Покажи ја милоста Своја кон оние кои Те познаваат, и правдата Своја кон оние со чисто срце;
11. да не ме згази ногата горда, и раката на грешникот да не ме поколеба.
12. Таму паднаа они, што вршат беззаконие; соборени се и не можат веќе да станат.

ПСАЛМ 36

Напредокот на безбожниците не треба да ги ожесточува праведниците

1. Не жести се поради злобниците и не завидувај им на оние што вршат беззаконие,
2. зашто тие ќе се исушат како трева, и како зелено растение набргу ќе свенат.
3. Надевај се на Господа и прави добро; живеј на земјата и таа ќе те храни изобилно.
4. Утешувај се со Господа, и Он ќе ти даде срцето срцето твое што ќе посака.
5. Откриј го патот свој пред Господа и на Него надевај се и Он ќе изврши сè;
6. и ќе ја изведе правдата твоја како светлина, и справедливоста твоја – како пладне.
7. Покори Му се на Господа и моли Го усрдно. Не жести се на оној, кој успева на патот свој, на човек кој врши беззаконие.
8. Престани да се гневиш и остави ја јароста, не жести се толку многу – самиот да не правиш зло,
9. зашто оние, што вршат зло, ќе бидат истребени, а оние, кои се надеваат на Господа, ќе ја наследат земјата.
10. Уште малку, и грешникот ќе го нема; ќе го побараш местото негово и нема да го најдеш.
11. А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир.
12. Грешникот ќе демнее на праведниот и ќе чкрта со забите против него,
13. но Господ ќе го измее, зашто однапред гледа, дека му се ближи крајот.
14. Грешниците ги вадат мачевите, го оптегнуваат лакот свој, за да го кутнат бедниот и сиромавиот, за да ги прободат оние, што се со чисто срце.
15. Но мечот нивни нека се забие во нивното срце, и лаковите нивни нека се скршат.
16. Малото богатство кај праведниот е многу подобро отколку големото богатство на грешниците.
17. Зашто мишките на грешниците ќе спласнат, а на праведниците Господ им ги поткрепува.
18. Господ ги знае патиштата на непорочните; и нивното наследство ќе биде вечно:
19. во зло време нема да бидат посрамени и во деновите на глад ќе бидат сити;
20. зашто грешниците ќе загинат, и непријателите Господови ќе ги снема заедно со нивната слава и величие; ќе исчезнат како дим.
21. Грешникот зема на заем и не може да врати, а праведникот е милостив и дава,
22. зашто оние, кои Господа Го благословуваат, ќе ја наследат земјата, а кои Го проколнуваат, ќе бидат истребени.
23. Господ ги завцрстува стапките на човекот и мили Му се неговите патишта:
24. кога треба да падне, нема да се разбие, зашто Господ ќе го држи.
25. Бев млад, веќе остарев, и не видов оставен праведник ниту потомците негови леб да просат;
26. тој секој ден знае да се смилува и на заем да дава, и потомството негово ќе биде благословено.
27. клони се од зло и прави добро, па ќе живееш вечно;
28. зашто Господ ја сака правдата и не ги остава праведниците Свои; нив вечно ќе ги чува. А беззакониците ќе бидат исфрлени и потомството на безбожниците ќе биде истребено.
29. Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно.
30. Устата на праведникот кажува мудрост, а јазикот негов изговара правда.
31. Законот на неговиот Бог е во срцето негово; стапките негови нема да се сопнат;
32. грешникот го демне праведникот и бара да го убие;
33. но Господ нема да го предаде во негови раце и нема да го осуди, кога ќе биде суден.
34. Надевај се на Господа и пази ги Неговите патишта; Он ќе те воздигне, за да ја наследиш земјата; и ќе го гледаш истребувањето на грешниците.
35. Видов страшен безбожник, кој се превознесуваше и издигаше како кедрите ливански.
36. Поминав и, ете, го нема; го побарав, и не го најдов.
37. Чувај ја незлобивоста и пази ја правдата, зашто наследството на таков човек е мир;
38. а безбожниците сите ќе бидат истребени, нивното наследство ќе се затре.
39. Спасението, пак, на праведниците доаѓа од Господа и Он е нивни заштитник во тешко време;
40. и ќе им помага Господ и ќе ги избави; ќе ги одбере од грешниците и ќе ги запази, зашто на него се надеваат.

ПСАЛМ 37

Животот на праведникот и безбожникот

1. Господи, во јароста Своја не карај ме и во гневот Свој не казнувај ме,
2. зашто стрелите Твое се забија во мене, и Твојата рака тежи врз мене,
3. За телото мое нема лек од Твојот гнев; во коските мои нема мир од гревовите мои;
4. зашто беззаконијата мои ја надвишија главата моја, како тешко бреме ме притиснаа.
5. Смрдат и гнијат раните мои поради безумието мое.
6. Настрадав и се стопив сосема, цел ден натажен одам;
7. бидејќи одвнатре горам од оган, нема лек за телото мое.
8. Озлобен сум и прекумерно понизен; рикав поради воздишките на срцето Мое.
9. Господи, пред Тебе се сите мои желби, и мојата воздишка не е сокриена од Тебе.
10. Срцето ми се возбуди, и ме напушти силата моја, и светлината на очите мои, – и неа ја нема во мене.
11. Моите пријатели и моите ближни се приближија и не се доближија; застанаа подалеку од мене,
12. а оние што ја бараа душата моја, зборуваа лошо и без основа и секој ден кроеја сплетки;
13. а јас, пак, како глув не слушав и сум како нем, кој не ја отвора устата своја;
14. станав како човек, што не слуша и што во устата своја нема прекор,
15. зашто на Тебе, Господи, се надевав; Ти ќе ме услишиш, Господи, Боже мој.
16. Оти си реков: да не се погордеат над мене моите неприајтели; и кога ми се поколебаа нозете мои, тие изговорија лоши зборови над мене.
17. Готов сум да паднам, и јадот мој секогаш е пред мене.
18. Беззаконието свое го признавам и ќе се смирувам поради гревот мој.
19. А непријателите мои живеат и сè посилни стануваат од мене, и се намножија оние што неправедно ме мразат,
20. па враќајќи ми зло за добро, бидејќи бев за правда, тие ме отфрлија како мртовец.
21. Не оставај ме, Господи, Боже мој, не отстапувај од мене;
22. побрзај да ми помогнеш, Господи, Спасителе мој!

ПСАЛМ 38

Молитва за утеха од Господа

1. Си реков: ќе пазам на патиштата мои, за да не згрешам со јазикот свој; се погрижив устата моја да е претпазлива додека е грешникот пред мене.
2. Онемев и се смирив, и замолкнав дури и за доброто; и јадот мој се обнови.
3. Пламна срцето мое во мене и додека размислувам оган ќе се разгори во мислите мои. Проговорив со јазикот свој:
4. кажи ми го, Господи, мојот крај, и колкав е бројот на моите дни, за да знам колку сум ништожен.
5. Ете, Ти си ми дал дни колку една педа, и векот мој е како ништо пред Тебе. И навистина, сè е суета, секој човек што живее.
6. Навистина, човек оди како сенка и залудно се возбудува; собира богатство, а не знае кому ќе му го остави.
7. И сега што да очекувам? Зар надежта моја не е во Тебе, Господи?
8. Спаси ме од сите беззаконија; си допуштил да бидам поруга на безумниот.
9. Занемев и не ја отворив устата, зашто Ти ме создаде.
10. Отстрани ги од мене ударите Твои, изнемоштувам од Твојата силна рака.
11. Преку казни заради беззаконија си го воспитал човекот и душата негова си ја расточила како пајажина. И залудно се возбудува секој човек.
12. Услиши ја, Господи, молитвата моја и почуј ја молбата моја; не биди безгласен како моите солзи, зашто сум туѓ во Тебе и придојден, како сите мои татковци.
13. Допушти ми да здивнам, пред да заминам и да ме нема веќе.

ПСАЛМ 39

Спасен праведник му благодари на Бога

1. Долго време се надевав на Господа, и Он се наклони над мене и ја чу молитвата моја,
2. и ме изведе од длабината на јадот и од длабока тиња, па ги постави нозете мои на камен и ги зацврсти стапалата мои;
3. а во устата моја вложи нова песна – похвала на нашиот Бог. Мнозина ќе видат, и страв ќе ги опфати и ќе се надеваат на Господа.
4. Блажен е оној човек, чија надеж е името на Господа и не се загледува во ништожни работи и лажни воодушевувања.
5. Многу чудесни дела си направил. Господи, Боже мој, и по многуте мисли Твои кој може да се спореди со Тебе! Почнав да ги објавувам и да зборувам со нив, но тие број немаат.
6. Жртви и приноси Ти не побара, но телото ни го подготви; сепаленица и жртва за грев Ти не побара.
7. Тогаш реков; еве, идам; во книгата за мене е напишано;
8. одлучив да ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; и Твојот закон е во срцето мое.
9. ја објавувам Твојата правда во големото собрание; не ѝ бранев на устата моја; Ти го знаеш тоа, Господи.
10. Твојата правда не ја сокрив во срцето мое, ја објавив вистината Твоја и спасението Твое; и не је затаив Твојата милост и Твојата вистина од собранието.
11. Но, Господи, не отстранувај го милосрдието Твое од мене; Твојата милост и Твојата вистина ме пазеа постојано,
12. зашто зла безбројни ме опкружија; ме притиснаа беззаконијата мои, и не можев дури ни да гледам, – тие се повеќе од влакната на главата моја; а и срцето мое ме остави.
13. Благоволи, Господи, да ме избавиш; Господи, побрзај ми на помош.
14. Нека се засрамат и нека поцрвенат сите, кои бараат да ја погубат душата моја! Нека бидат вратени назад и нека бидат предадени на потсмев оние, кои ми сакаат зло.
15. Веднаш да си го понесат својот срам оние, кои сакајќи да ми се наругаат велат: „Добро, добро!”
16. Нека се зарадуваат и нека се развеселат во Тебе сите, кои Те бараат, и оние што сакаат спасение од Тебе непрестајно нека зборуваат: велик е, велик – Господ!
17. А јас сум сиромав и беден; Господ ќе се грижи за мене. Ти си помошник мој и заштитник мој, Боже мој, не задоцнувај.

ПСАЛМ 40

Жалење поради лоши непријатели и неверни пријатели

1. Блажен е оној, што ги прегледува бедните и сиромасите! Во злочест ден Господ ќе го избави.
2. Господ нека го запази и нека го заштити и ублажи животот негов на земјата; и да не го предаде во рацете на непријателот негов.
3. Господ нека му помогне кога лежи болен в постела. Ти ја изменуваш целата постела негова при болеста негова.
4. Реков: „Господи, смилуј се на мене, излекувај ја душата моја, зашто згрешив пред Тебе.”
5. Непријателите мои зборуваат лошо за мене: „Кога ќе умре, и кога ќе загине името негово?”
6. И ако некој дојде да ме види, говори лага; неговото срце собира неправда во себе, и тој, штом ќе излезе надвор, расправа.
7. Сите мои непријатели шепотат меѓу себе против мене, помислувајќи ми зло:
8. „За законопрестапен збор ме набедија; кој еднаш легне веќе нема да стане.”
9. Дури и човекот, кој беше во мир со мене и на кого се надевав, кој јадеше мој леб, ја крена ногата против мене.
10. А Ти, Господи, помилуј ме, исправи ме, та да им возвратам.
11. По тоа ќе дознаам, дека сум ти мил, кога непријателот мој нема да се погордее над мене;
12. а мене, пак, ме прифати цел поради мојата незлобивост и ме зацврсти пред Себе вечно.
13. Нека е благословен Господ, Бог Израилев, од века до век! Амин, амин!