ПСАЛМ 41
Копнеж за светилиште во туѓа земја
1. Како што кошутата жеднее по водни извори, така и душата моја, Боже, копнее по Тебе!
2. Душата моја жедува за силниот и живиот Бог: кога ќе дојдам и ќе се јавам пред лицето Божјо?
3. Солзите мои беа леб за мене и дење и ноќе, кога секој ден ми зборуваа: каде е твојот Бог?
4. Се сетив на тоа и ја излив душата своја, зашто ќе поминам низ места каде што е чудесната скинија – до Божјиот дом – при гласно воскликнување и прославување, како на голем празник.
5. Зошто тагуваш, душо моја, и зошто толку ме вознемируваш? Надевај се на Бога, бидејќи јас не Него се надевам, мојот Бог е мое спасение.
6. Се возбуди душата моја во мене, поради тоа ќе си спомнувам на Тебе до земјата Јорданска, од Ермон и од гората мала.
7. Бездна повикува бездна со гласот на Твоите водопади; сите Твои води и Твои бранови навалија на мене.
8. Дење Господ ќе ја покажува милоста Своја, а јас ноќе ќе Му пеам и ќе Му се молам на Бога на мојот живот.
9. Ќе му речам на Бога: Ти си мој застапник. Зошто ме заборави? Зошто одам нажален додека непријателот ме притискува?
10. Трошејќи ги коските мои, непријателите мои се подигруваат со мене, велејќи ми секој ден: каде е твојот Бог?
11. Зошто тагуваш, душо моја, и зошто ме вознемируваш? Надевај се на Бога, бидејќи Него јас пак ќе Го прославувам, мојот Бог е моето спасение.
ПСАЛМ 42
Молитва за заштита
1. Пресуди ми, Боже, и расправи ја тужбата моја против народот кој не е свет. Избави ме од неправеден и лукав човек.
2. Бидејќи Ти си крепост моја, Боже, зошто си ме отфрлил? И зошто одам така нажален додека непријателот ме мачи?
3. Испрати ја Твојата светлина и Твојата вистина да ме водат и да ме доведат во Твојата света гора и во Твоето живеалиште.
4. И ќе пристапам до Божјиот жртвеник, до Бога, Кој ја радува мојата младост. На цитра ќе Те славам, Боже, Боже мој!
5. Зошто тагуваш душо моја, и зошто ме вознемируваш! Надевај се на Бога, бидејќи пак ќе Го исповедам Него, Спасителот и мојот Бог.
ПСАЛМ 43
Молитва за помош
1. Боже, со ушите наши чувме, а татковците наши ни раскажуваа за делото што си го направил во нивните дни, во деновите древни.
2. Ти со Твојата рака си истребил народи, а нив си ги населил; си поразил луѓе и си ги изгонил;
3. бидејќи тие не со меч ја придобија земјата, и нивните мишки не ги спасиле, туку Твојата десница и Твојата мишка и светлината на Твоето лице, зашто Ти беа по волја.
4. Боже, само Ти си цар мој и Бог мој, Кој му извојува победа на Јакова.
5. Со Тебе, како со рогови, ќе ги избодеме нашите непријатели, и со Твоето име ќе ги уништиме оние, што востануваат против нас;
6. зашто јас нема да се надевам на мојот лак и мечот мој нема да ме спаси;
7. туку Ти ќе нè спасиш од непријателите наши и ќе ги посрамиш оние што нè мразат.
8. Со Бога ќе се фалиме секој ден и Твоето име вечно ќе го прославуваме.
9. Но сега Ти нè отфрли и нè посрами, па не излегуваш, Боже, со нашите војски;
10. нè сврти во бегство пред непријателите наши, и оние, што нè мразат, нè ограбуваа.
11. Нè предаде како овци да нè изедат и нè растури меѓу незнабошците.
12. Ефтино го продаде народот Свој и со тоа не ја крена цената негова;
13. нè предаде за презир кај соседите наши, за потсмев и хулење на оние, кои живеат околу нас;
14. нè направи за приказ меѓу незнабошците, и мнозина ја вртат главата.
15. Секој дена срамот мој е пред мене, и црвенило го покрива лицето мое,
16. од гласот на оној што се потсмева и од клеветникот, од непријателите и одмаздниците.
17. Сето тоа нè снајде нас, но ние не Те заборавивме, Тебе и не го нарушивме Заветот Твој.
18. И не отстапи срцето наше, и стапките наши не се отклонија од Твојот пат.
19. зашто нè порази во местото, каде што бевме озлобени и нè покри со смртна сенка.
20. Ако го бевме заборавиле името на нашиот Бог и да ги бевме протегнале рацете наши кон туѓ бог,
21. зар Бог тогаш немаше да испита за тоа? Зашто Он ги знае тајните на срцата.
22. Заради Тебе умираме секој ден, нè сметаат како овци определени за клање.
23. Рабуди се, зошто спиеш, Господи! Разбуди се, и не отфрлај нè засекогаш!
24. Зошто го одвраќаш лицето Свое, ја забораваш бедата наша и неволјата наша?
25. Бидејќи душата наша се понизи до прав, а утробата ни се прилепила на земјата,
26. стани, Господи, и помогни ни, избави нè поради името Твое.
ПСАЛМ 44
Во слава на Божјиот Помазаник и Неговата невеста
1. Од срцето мое се излива благ збор; му зборувам на Царот за делата мои; јазикот ми е како трска на брзописец.
2. Ти си најпрекрасниот меѓу синовите човечки, благодат се излива од Твојата уста; затоа Бог Те благословил довека.
3. Препаши го на бедрото мечот Свој, о силнику: во Својата красота и убавина!
4. И така украсен, поитај и царствувај заради вистината, кротоста и правдата, и Твојата десница ќе покаже чудесни дела.
5. Изострени се Твоите стрели, о јунаку, народите ќе паднат пред Тебе, – тие ќе се забодат во срцата на царските непријатели.
6. Твојот престол, Боже, е вечен: жезлото на правдата е жезло на Твоето царство.
7. Ти ја засака правдата и го намрази беззаконието; затоа, Боже, Твојот Бог, Те помаза со елеј на радоста повеќе од Твоите соучесници.
8. Сите Твои облеки мирисаат на смирна, алој и касија; кога излегуваш од дворците од тешка слонова коска, во што наоѓаш радост.
9. Царски ќерки се во Твојата почесна придружба; царицата стои покрај Тебе оддесно во облека украсена и со злато проткаена.
10. Чуј, ќерко, види, приклони го увото свое и заборави го твојот народ и домот на таткото твој.
11. Зашто Царот ја посака твојата убавина, оти Он е твој Господар и приклони Му се тогаш ти.
12. И ќерката тирска ќе Му се поклони со подароци и најбогатите меѓу народот ќе те замолат.
13. Сета слава на царската ќерка е внатре: нејзината облека е везена со злато;
14. во везена облека ќе ја доведуваат кај Царот; по неа водат при Тебе девици, нејзини другарки, и ги приведуваат кон Тебе,
15. ги доведуваат со веселба и радост, влегуваат во Царевиот дворец.
16. Место твоите татковци, овде ќе бидат твоите синови; Ти ќе ги поставиш за кнезови по целата земја.
17. Ќе го спомнуваат името Твое од род во род; затоа народите ќе Те слават од век до век.
ПСАЛМ 45
Бог е со нас. Он е наше прибежиште и сила
1. Бог ни е нам прибежиште и сила, помошник, на секој кој во мака ќе се најде.
2. Затоа нема да се уплашам, па макар и земјата да се разниша, и горите да се преместат во срцето морско.
3. Збучеа и се креваа водите нивни, се затесоа горите од жестината нивна.
4. Речните потоци го веселат Божјиот град, Севишниот го осветли живеалиштето Свое.
5. Бог е среде него; тоа нема да се разниша: Бог ќе му помогне уште пред зори.
6. Се збунија народите; се потресоа царствата; Севишниот го пушти Својот глас, и земјата се затресе.
7. Господ на силите е со нас, Јакововиот Бог е наш застапник.
8. Дојдете и видете ги делата Божји – чудесата што ги направи Он на земјата.
9. Прекратувајќи ги војните до крајот на земјата, ќе го скрши лакот и ќе го здроби оружјето, и штитовите големи со оган ќе ги изгори.
10. Застанете и разберете дека Јас сум Бог; ќе се издигам над народите и ќе се превознесувам над земјата.
11. Господ на силите е со нас, Јакововиот Бог е наш застапник.
ПСАЛМ 46
Бог е Цар на целата земја
1. Заплескајте со рацете, сите народи воскликнете кон Бога со радосен глас;
2. зашто Севишниот Господ е страшен, Голем Цар е над целата земја.
3. Он ни покори под нозете луѓе и народи;
4. за Свое наследство ни ја избра красотата на Јакова, кого го возљуби.
5. Се издигна Бог при восклици, Господ се возвисува при трубен звук.
6. Пјете му на нашиот Бог, пејте; пејте му на нашиот Цар, пејте,
7. зашто Бог е Цар над целата земја; пејте Му мудро!
8. Бог се зацари над народите, Бог седи на светиот Свој престол;
9. незнабожечките кнезови се состанаа со Авраамовиот Бог, зашто земните силници кои Му припаѓаат на Бога, силни се подигнаа.
ПСАЛМ 47
Радоста на Сион поради Божјата помош во војна
1. Голем е Господ и многу фален во градот на нашиот Бог, на Својата света гора.
2. Прекрасна возвишеност, радост на целата земја е гората Сион; на северната страна нејзина е градот на големиот Цар.
3. Бог, Кој е во Својот дворец, знаеме дека е заштитник.
4. Зашто, ете, се собраа царевите земни и сите дојдоа заедно,
5. па, откако видоа, се восхитија, се збунија и се поколебаа:
6. страв ги опфати таму, па се мачеа како жена родилка;
7. и со силен ветар ги разби тарсиските кораби.
8. Како што чувме, така и видовме во градот на Господа на силите, во градот на нашиот Бог: Бог го основа за довека.
9. Ја примивме, Боже, милоста Твоја среде храмот Твој.
10. Според името Твое, Боже, е и Твојата похвала до краиштата на земјата: Твојата десница е полна со правда.
11. Нека се весели гората Сион, и да се радуваат јудејските ќерки заради Твоите судови, Господи.
12. Одете околу Сион и обиколете го, прикажувајте во кулите негови.
13. Положете ги срцата свои во неговата моќ; разгледајте ги неговите дворци, за да му раскажете на идниот род.
14. Зашто овој Бог е наш Бог во сите векови: Он ќе ни биде пастир вечен.
ПСАЛМ 48
Привиден е напредокот на безбожниците и нивната безумна надеж во богатството
1. Чујте го ова сите народи; внимавајте вие сите што живеете по вселената,
2. земнородни и синови човечки, како богатите така и сиромасите.
3. Устата моја ќе кажува мудрост, и мислата на срцето мое – поука.
4. Ќе го наклонам увото свое кон раскажувањето: со гусла ќе ја отркијам гатанката моја.
5. Зошто да се плашам во тешки денови, кога беззаконието на моите патишта ќе ме опколи?
6. Вие, што се надевате на силите свои и се фалите со големото богатство свое, чујте:
7. Братот не може да се искупи; а може ли човекот да се откупи? На Бога нема да му даде откуп за него,
8. ниту цена за откуп на душата своја.
9. Некој и ќе се намачи долго, ќе живее до крајот и пак ќе пропадне, кога ќе види дека и мурдите умираат.
10. Неразумните и безумните загинуваат заедно, а го оставаат богатството на други.
11. Тие си мислат, дека горбовите нивни се вечни, живеалиштата од род во род, така што земјите нивни ги носат имињата нивни.
12. И човек со почест ова не го разбира; па заприлегува на животните, со кое се поистоветува.
13. Тој нивни пат е нивна соблазна, иако потоа со својата уста убаво ќе зборуваат.
14. Тие се како овци затворени во пеколот, смртта им е пастир, и изутрина праведните ќе господарат над нив; но силата нивна ќе се истроши во пеколот од славата нивна.
15. Но Бог ќе ја спаси душата моја од раката на пеколот, кога ќе ме прими.
16. Не плаши се кога човек богатее, кога славата на домот негов расте;
17. зашто, умирајќи, ништо нема да земе, ниту, пак, славата негова ќе појде по него;
18. макар што при животот негов душата негова ја ублажуваат, а тебе те фалат кога си угодуваш;
19. ќе отиде дури во родот на своите татковци, нема никогаш да види светлина.
20. Човек, кој неразумно живее, сличен е на животните.
ПСАЛМ 49
Вистинско богослужење
1. Бог над боговите, Господ, говори и ја повикува земјата од сончевиот изгрев до запад.
2. Од Сион, кој е врв на убавината, ќе се појави Бог;
3. иде нашиот Бог, и ќе прозбори; пред Него оган ќе се разгори, околу Него бура.
4. Одозгора Он ќе ги повика небото и земјата, за да му суди на Својот народ:
5. Соберете ги при Него светиите Негови, кои се заветуваа како жртва за Него.
6. И небесата ќе ја огласат Неговата правда, зашто Бог е судија.
7. Чуј, народе Мој, и Јас ќе ти говорам, Израиле, ќе сведочам против тебе: Јас сум Бог, Твој Бог.
8. нема да те прекорувам поради твоите жртви; твоите сепаленици секогаш се пред Мене;
9. нема потреба да примам телци од твојот дом, ниту козли од стадата твои,
10. зашто Мои се сите горски ѕверови и добитокот по горите и говедата.
11. Ги познавам сите птици небески, и убавината на полињата е пред Мене,
12. ако огладнам, нема да ти кажам тебе, зашто Моја е вселената и сè, што ја исполнува.
13. Зар Јас да јадам јунешко месо и да пијам крв јарешка?
14. Принеси Му на Бога благодарствена жртва и на Севишниот молитвите свои упатувај Му ги;
15. и повикај Ме во тежок ден; Јас ќе те избавам, и ти ќе Ме прославиш.
16. А за грешникот Бог рече: „Зошто ги кажуваш Моите наредби и со уста го примаш Мојот завет?”
17. А самиот ја мразиш поуката Моја и зад грб го фрлаш зборовите Мои?
18. Кога ќе видеше крадец, се зближуваше со него и со прељубници се дружеше;
19. устата твоја е полна со злоба, и јазикот твој лукавство плете;
20. седиш и го клеветиш братот свој, и против синот на својата мајка се соблазнуваш.
21. Ти го изврши тоа, а јас молчев; ти си помисли дека Јас сум, каков што си ти. Ќе те изобличам и ќе ти ги изнесам пред лицето твое гревовите твои.
22. Разберете го ова вие, кои го заборавате Бога, за да не ве грабне, па тогаш ќе нема избавител.
23. Кој принесува жртва благодарствена, тој Ме прославува, и кој го следи Мојот пат, нему ќе му го соопштам Божјото спасение.
ПСАЛМ 50
Покајничка молитва
1. Помилуј ме, Боже, поради големата Твоја милост, и заради големата Твоја добрина избриши ги беззаконијата мои.
2. Многупати ме изми од моето беззаконие и очисти ме од мојот грев,
3. зашто беззаконието мое го знам и мојот грев е секогаш пред мене.
4. Пред Тебе Единствениот згрешив и пред Тебе зло извршив, за да бидеш праведен кога ќе пресудуваш и да победиш кога ќе судиш.
5. Ете, во беззаконие сум зачнат и во грев ме роди мајката моја.
6. Но, Ти ја засака вистината во срцето, и внатре во мене ми ја објави непознатата и тајната премудрост Твоја.
7. Пороси ме со исоп, и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег.
8. Дај ми да чујам радост и веселба, и ќе се зарадуваат коските мои ослабнати.
9. Сврти го лицето Свое од гревовите мои и избриши ги сите мои беззаконија.
10. Создај чисто срце во мене, Боже, и дух вистински обнови во мене.
11. Не отфрлај ме од лицето Свое и Светиот Дух Твој не одземај Го од мене.
12. Врати ми ја радоста, спасувајќи ме и со Својот моќен Дух зацврсти ме.
13. Беззакониците ќе ги научам да одат по Твоите патишта, и безбожниците кон Тебе ќе се обрнуваат.
14. Избави ме од крвта, Боже, на моето спасение, и јазикот мој ќе се зарадува на Твојата правда.
15. Господи, отвори ја устата моја, и устата моја ќе ја објави похвалата Твоја;
16. оти, да сакаше жртва, јас ќе Ти ја принесев; но сепалениците не ги сакаш.
17. Жртвата пред Бога е смирен дух; срце понизно и смирено Ти, Боже, не отфрлуваш.
18. Господи, направи му добро на Сион, според благоволението Свое, воздигни ги ѕидовите ерусалимски.
19. Тогаш ќе Ти бидат угодни жртвите на правдата, вознесувањата и жртвите сепаленици; тогаш на Твојот олтар ќе принесуваат телци.
ПСАЛМ 51
Праведникова утеха
1. Зошто, се фалиш, силнику, со злоба? Беззаконија вршиш по цел ден.
2. Јазикот твој погубни работи измислува; како наострен брич ти е – и веќе си смислил измама.
3. Ти повеќе ја засака злобата отколку доброто, неправдата, отколку да говориш правда;
4. ти, лукав јазику, засака секакви погубни зборови.
5. Поради тоа Бог, до крај ќе те уништи, ќе те истргне и ќе те пресели од живеалиштето твое, и коренот твој – од земјата на живите.
6. Ќе видат праведните, ќе се уплашат и ќе му се подсмеваат, па ќе речат:
7. ете човек, кој не ја полагаше силата своја во надеж на Бога, а се надеваше на големото богатство свое, и кој се осили во лесномисленоста своја.
8. А јас, пак, сум во Божјиот дом како плодна маслина и се надевам на милоста Божја во сите векови.
9. Вечно ќе Те славам за она што го направи, и ќе се надевам на името Твое, зашто тоа е благо пред светиите Твои.
ПСАЛМ 52
Безумствата на луѓе кои не веруваат во Бога
1. Рече безумникот во срцето свое: „нема Бог.” Станаа развратни луѓето и гнасни во беззаконијата; нема кој да прави добро.
2. Бог со внимание погледна од небесата кон синовите човечки, за да види, има ли некој што е разумен или да Го бара Бога.
3. Сите тргнаа по лош пат, станаа еднакво расипани; нема кој да прави добро, нема ниеден.
4. Зар нема да се вразумат оние, што вршат беззаконие. Оние што го јадат народот Мој, како што го јадат лебот, но Бога не Го повикуваат.
5. Ќе се уплашат тие од страв, и таму каде што страв нема, зашто Господ ќе им ги растури коските на оние, што си угодуваат еден на друг. И тие ќе се посрамат, зашто Бог ќе ги понизи.
6. Кој ќе му даде спасение на Израилот од Сион? Кога Бог ќе ги врати заробените од народот Свој, тогаш ќе се зарадува Јаков и ќе се развесели Израилот.
ПСАЛМ 53
Молитва за спасение
1. Боже, со името Твое спаси ме и со силата Твоја суди ми.
2. Боже, услиши ја молитвата моја, чуј ги зборовите од устата моја;
3. зашто туѓинци се кренаа против мене, и силници го бараат животот мој; тие не мислат на Бога.
4. Ете, Бог ми помогна; Господ е заштитник на животот мој.
5. На непријателите мои Он ќе им врати за злото; ќе ги истреби со вистината Своја.
6. Со сесрдност Ти принесувам жртва, го прославувам името Твое, Господи, зашто е благо,
7. оти Ти ме избавуваш од секаква мака и окото мое презриво ги гледа непријателите мои.
ПСАЛМ 54
Молитва за помош против лажни браќа
1. Прими ја Боже, молитвата моја и не презирај го моето молење;
2. погледај ме и услиши ме. Нажален сум во тагата моја
3. и збунет сум од гласот на напријателите, од притисокот на грешниците, зашто вршат врз мене беззаконие и со гнев непријателствуваат против мене.
4. Срцето мое затрепери во мене, и смртен страв ме спопадна;
5. страв и трепет ме сполетаа, и темнина ме покри.
6. И јас реков: „Кој ќе ми даде крилја гулабови, па да одлетам и се успокојам.”
7. Далеку би отишол и би се сместил во пустињата;
8. се надевав на Оној Кој ме спасува од малодушноста и од бурата.
9. Потопи ги, Господи, и раздели ги нивните јазици, зашто видов насилство и расправии во градот.
10. Дење и ноќе обиколуваат покрај ѕидовите негови; и во него беззаконие, мака и неправда има;
11. а не оскудеваше ни измама и лукавство по улиците негови.
12. Да ме беше навредил непријателот мој, тоа би го поднел, и завидливецот мој да се беше покажал силен, јас ќе се сокриев;
13. но тоа беше ти, човеку, кој си како јас, водач мој и пријател мој,
14. со кого сме јале леб заедно и сме оделе заедно во Божји дом!
15. Смртта дојде на нив; да слезат живи во пеколот, зашто лукавство има среде нив, во живеалиштата нивни.
16. Јас, пак, Бога ќе го повикам, и Господ ќе ме услиши.
17. Навечер и наутро, и напладне ќе молам и ќе викам, и Он ќе го чуе гласот мој,
18. ќе ја избави во мир душата моја од оние, кои ми се приближуваат, зашто многу ги има што беа против мене,
19. Бог ќе ме чуе и ќе ги понизи; Оној, Кој вечно живее, зашто во нив нема промена; тие не се плашат од Бога.
20. Ги креваат рацете свои против оние, со кои живееја во мир, го нарушија Неговиот завет.
21. Се растурија од гневот на лицето Негово, а во срцето им е непријателство; зборовите им станаа како елеј, но тие се
стрели.
22. Пренеси ја на Господа маката своја, и Он ќе те поткрепи. Не дозволувај праведниот човек да пострада.
23. Ти, Боже, ќе ги фрлиш во погибелна јама; крвниците и лукавите луѓе да не поживеат ни половина од деновите свои. Јас, пак, Господи, на Тебе се надевам!
ПСАЛМ 55
Молитва за утеха
1. Смилуј се Боже, на мене, зашто човек сака да ме голтне; напаѓајќи секој ден, ме притиска.
2. Моите непријатели по цел ден ме газат, зашто мнозина се оние, кои ме напаѓаат со гордост.
3. Кога страв ќе ме спопадне дење, на Тебе се надевам.
4. Во Бога ќе ги фалам зборовите свои; на Бога се надевам. Нема да се плашам; што може да ми направи човек?
5. Секој ден ги извртуваат зборовите мои; сите нивни мисли упатени против мене се зло.
6. Се собираат и се кријат, ги набљудуваат петите мои, упорно работат против мојот живот.
7. Нема за што да ги спасуваш, Боже, Со гнев Боже, собери ги народите.
8. Боже, Ти го знаеш животот мој, солзите мои Си ги ставил пред себе – како во заветот Твој.
9. Непријателите мои ќе се вратат назад, секогаш кога Те призовувам; по тоа знам дека Ти си Бог мој.
10. Со Бога се фалам за Неговото слово. Со Господа се фалам за зборот Негов.
11. На Бога се надевам, не се плашам; што може да ми направи човекот?
12. Во мене се, Боже, благодарствените молитви мои кон Тебе, кои ќе Ти ги упатам.
13. Зашто Ти ја избави душата моја од смрт, а и нозете мои од сопнување, за да благоугодам пред Бога во светлината на живите.
ПСАЛМ 56
Величање на милоста Божја
1. Смилуј се, Боже, на мене. Смилуј се, зашто на Тебе се надева душата моја, и во сенката на крилјата Твои ќе ја положам надежта моја додека не минат беззаконијата.
2. Ќе повикам кон Бога Севишниот, кон Бога, Кој ми прави добро.
3. Он ќе прати од небото и ќе ме спаси; ќе ги посрами оние, кои ме презираат. Ќе ја испрати Бог Својата милост и Својата вистина.
4. И нека ја избави душата моја од лавови; лежам смутен меѓу синовите човечки; та нивни заби се копја и стрели, а јазикот им е остар меч.
5. Возвиси се на небесата, Боже, и по целата земја нека биде Твојата слава!
6. Тие подготвија стапица за нозете мои; и се обидоа да ја измамат душата моја: ископаа пред мене јама, но сами паднаа во неа.
7. Подготвено е срцето мое, Боже, спремно е срцето мое, ќе пеам и ќе свирам.
8. Разбуди се, славо моја, разбуди се псалтиру и гусле! Јас ќе станам рано.
9. Ќе Те славам, Господи, меѓу народите, ќе Те воспеам меѓу племињата,
10. зашто Твојата милост се возвеличи до небесата, и дури до облаците – Твојата вистина.
11. Вознеси се, Боже на небесата и по целата земја нека биде Твојата слава!
ПСАЛМ 57
Бог е судија на земјава
1. Дали навистина кажувате правда? Судите ли праведно, вие, човечки синови?
2. Во срцето свое кроите беззаконие на земјата, вашите раце плетат неправда на земјата.
3. Се отуѓија грешниците од мајчиното крило, се заблудеа од утробата мајчина, говорејќи лага.
4. Јароста им е како змијски отров, како отровот на глувата аспида, која ги затнува ушите свои,
5. и не го слуша гласот на бајачот, вражачот вешт во вражањето.
6. Бог неке им ги скриши нивните заби во устите нивни; разби ги, Господи, челустите лавовски!
7. Нека се разлијат како вода што истечува; ќе го растегнеш својот лак, додека не малаксаат.
8. Како восок што се топи да се растопат, оган нека падне над нив, та сонце да не видат никогаш.
9. Пред котлите ваши да осетат топлина од запаленото трње.
10. Ќе се зарадува праведникот, кога ќе ја види одмаздата на безбожниците; ќе ги измие рацете свои во крвта на грешникот.
11. И ќе рече човекот: навистина има плод за праведникот! Навистина има Бог, Кој суди на земјата!
ПСАЛМ 58
Молитва за помош против замки од пакосни непријатели
1. Спаси ме од непријателите мои, Боже мој, заштити ме од оние што стануваат против мене!
2. Избави ме од оние, што вршат беззаконија; спаси ме и од крвниците;
3. зашто, ете, тие ја демнат душата моја; ме напаѓаат силните беа престап мој и без грев мој, Господи.
4. Без моја вина навалија на мене; стани, излези ми во пресрет и погледај.
5. Ти, Господи, Боже на силите, Боже Израилев, разбуди се и посети ги сите овие народи и не поштедувај ниеден од оние што вршат беззаконие.
6. Навечер тие се враќаат, вијат како кучиња и одат околу градот.
7. И, ете, хулат со јазикот свој; во устата имаат меч, „зашто, – си велат тие, – кој ќе чуе?”
8. Но Ти, Господи, ќе ги исмееш; Ти ќе ги посрамиш сите народи.
9. Силата моја во Тебе ја чувам, зашто си Ти, Боже, мој застапник.
10. Мојот Бог, Кој ме милува, иде пред мене; Бог мој, Кој ми ги покажува моите непријатели.
11. Не убивај ги, за да не го заборават мојот народ; растури ги со силата Своја и победи ги, Господи, заштитниче мој.
12. За гревот на устата нивна; за зборот во устата нивна нека се фатат во гордоста своја, бидејќи само клетви и лаги кажуваат.
13. Во крајниот гнев, и нема веќе да ги има; за да увидат, дека Бог управува над Јакова и до краиштата на земјата.
14. Навраќаат секоја вечер, гладуваат како кучиња, и одат околу градот;
15. Тие се радуваат кога бараат храна, а кога нема да се заситат, ги поминуваат ноќите ‘ржејќи.
16. Јас, пак, со песна ќе ја славам Твојата сила и од рани зори ќе се зарадувам со Твојата милост, бидејќи Ти ми беше застапник мој и прибежиште во денот на мојата несреќа.
17. Помошник мој си Ти, Тебе Ти пеам, зашто Ти си застапник мој, Боже мој, милост моја.
ПСАЛМ 59
Молитва за избавување
1. Боже, Ти нè отфрли и нè растури, се разгневи, но сепак се смилува на нас.
2. Ја потресе земјата и ја залула; стегни ги пукнатините нејзини, зашто таа се ниша.
3. Ти му покажа на Твојот народ жестокост и ни напои со заносно вино.
4. На оние, што се бојат од Тебе, им даде знак за да побегнат од убојник лак.
5. За да се избават Твоите возљубени, спаси ме со Твојата десница и услиши ме.
6. Рече Бог во Своето Светилиште: „Ќе се зарадувам, ќе го разделам Сихем и ќе ја премерам долината на Сокхот заради поделба.
7. Мој е Галад, и Мој е Манасија, и Ефрем е крепост на главата Моја, и Јуда е цар Мој.
8. Со Моав се мие Мојата надеж, на Идумеја ќе ѝ го подадам обувките Свои, а над Филистејците ќе славам победа.”
9. Кој ќе ме воведе во урепениот град? Кој ќе ме доведе до Идумеја?
10. Зар не Ти, Боже, Кој нè отфрли? И нема веќе да излегуваш, Боже, со нашите војски?
11. Помогни ни во маката, зашто од човекот нема спасение.
12. Со Бога ќе бидеме силни, Он ќе ги уништи нашите мачители.
ПСАЛМ 60
Молитва на потиштен цар
1. Услиши го, Боже, моето молење, прими ја молитвата моја.
2. Кон Тебе повикав од крајот на земјата, кога срцето ми папса. Ќе ме издигнеш на карма и мир ќе ми дадеш.
3. Ме упати, зашто Ти беше моја надеж, крепосен заклон од непријателот.
4. Ќе се населам вечно во Твоето живеалиште и ќе се засолнам под покривот на Твојата закрила.
5. зашто Ти, Боже, ги чу моите молитви и им даде населедство на оние, кои се бојат од Твоето име.
6. Додај му уште денови кон деновите царски и продолжи му ги годините од род во род,
7. за да биде твој вечно пред Бога; милост и вистина сака тој.
8. И така, со песна ќе го воспевам Твоето име и ќе ги извршувам своите завети од ден во ден.
ПСАЛМ 61
Ништожноста човекова
1. Па, зар во Бога не се успокојува душата моја? Та од Него е моето спасение.
2. Зашто Он е Бог мој, и мој Спасител. Застапник мој: нема повеќе да се поколебам.
3. До кога ќе притискаат врз човекот? Го уривате сите вие како наклонет ѕид и накривена ограда.
4. намисливте да го отфрлите моето достоинство со лага; со устата своја благословувате, а со срцето свое колнете.
5. А ти, душо моја, само по Бога оди, зашто на Него трпеливо се надевам.
6. Он е Бог мој и Спасител мој: застапник мој и нема веќе да се колебам.
7. Во Бога е моето спасение и мојата слава; Он е Бог Кој ми помага и надежта моја е во Бога.
8. Надевајте се на Него сите луѓе, отворете го срцето ваше пред Него: Бог е нашиот помошник.
9. Синовите човечки се само суета; синовите човечки се лажливци; кога би ги ставиле на мерило, тие сите заедно би биле полесни од здив.
10. Не се надевајте на неправда и не посакувајте отимање; кога богатството расте, не го приврзувајте срцето кон него.
11. Еднаш Бог рече, а двапати јас го чув тоа, дека силата е во Бога,
12. дека во Тебе, Господи, е силата Божја и дека во Тебе има милост, зашто Ти ќе му дадеш на секого според делата негови.
ПСАЛМ 62
Копнеж за општење со Бога
1. Боже, Боже мој, кон Тебе поранувам; за Тебе зажедне душата моја. Колку пати за Тебе копнее телото мое на замјата пуста, неплодна и безводна?
2. И така се појавив во Светилиштето Твое, за да ја видам Твојата сила и Твојата слава.
3. Зашто милоста Твоја е подобра од животот, устата моја ќе Те фали.
4. Така ќе Те благословувам во животот мој, и во Твое име ќе ги кревам рацете мои.
5. Како со маст и елеј се наситува душата моја, и со радосен глас ќе те фали устата моја.
6. Кога ќе се сетам за Тебе во постелата моја, во утринските часови за Тебе размислувам,
7. зашто Ти си ми помошник и во сенката на Твојата закрила ќе воскликнувам.
8. Кон Тебе се приближи душата моја, твојата десница ме поддржува.
9. А оние кои залудно го побараа мојот живот, ќе слезат во пеколот!
10. Ќе бидат поразени со силата на мечот; ќе станат плен на лисиците.
11. А царот ќе се зарадува во Бога, и секој ќе се фали, кој во Него се колне, бидејќи ќе им се затне устата на оние што говорат неправда.
ПСАЛМ 63
Молитва за Божјата помош против тајни непријатели и клеветници
1. Чуј го, Боже, гласот мој, кога Ти се молам; зачувај ми го животот мој од непријателот што ме застрашува.
2. Ти ме заштити од лукавите, од многуте злочинци.
3. Кои ги наострија јазаците свои како меч, го затегнаа лакот свој – па исфрлаат ранливи зборови,
4. за да стрелаат скришно на непорочниот; тие стрелаат ненадејно врз него и нема да се уплашат.
5. Тие цврсто се договорија за зло; се договорија како да ја прикријат замката, па си рекоа: кој ќе го види?
6. Па бараа неправда, вршеа испитување, но испитување дури до внатрешнината на човекот, но длабоко е срцето.
7. Но Бог ќе се прослави: нивните стрели не полетаа.
8. И јазиците нивни папсаа на нив. А сите кои ги видоа, се зачудија.
9. И секој човек се уплаши. Се објавија делата Божји и ги разбраа созданијата негови.
10. А праведникот ќе се развесели во Господа и ќе се надева на Него; и ќе бидат пофалени сите кои се праведни по срце.
ПСАЛМ 64
Прославување на Бога
1. Тебе, Боже, Ти припаѓа похвалата на Сион, и Тебе ќе Ти се исполни заветот во Ерусалим.
2. Услиши ја молитвата моја; кон Тебе ќе прибегне секој човек.
3. Од зборовите на беззакониците, кои надвладуваат над нас и од нашите гревови, очисти нè.
4. Блажен е оној, кого Ти си го избрал и примил; он ќе живее во Твоите дворови; ќе се исполни со добрини од Твојот дом; а Твојот дом е свет, и чудесен е во праведноста.
5. Чуј нè, Боже, Спасителе наш, надеж на сите земни краишта и на оние што се далку преку морето.
6. Ти, Кој горите си ги поставил со силата Своја и со моќ си се препашал,
7. Ти Кој ја раздвижуваш морската длабочина и шумот што го прават брановите. Ќе поштукнат народите.
8. И ќе се уплашат сите оние што живеат во краиштата од чудесата Твои: ќе создадеш радост каде што утрото се раѓа и вечерта заоѓа.
9. Ти ја посетуваш земјата, ја напојуваш, ја збогатуваш: потокот Божји е полн со вода; си им приготвил храна, бидејќи тука си ја устроил.
10. Ги напојуваш браздите нејзини, и ги умножуваш житата нејзини и со дождовни капки ја благословуваш да раѓа плодови;
11. ја овенчуваш годината со Твојата добрина и полињата Твои полни се со згоен добиток.
12. Се појавуваат пасишта по пустињите и ритчињата се исполнуваат со радост;
13. Трлата се умножуваат со стада, а долините се китат со плодови: воскликнуваат и пеат.
ПСАЛМ 65
Благодарствена песна на народот Божји за духовните дарови
1. Воскликни Му на Бога, земјо цела!
2. Воспејте го името Негово, воздајте Му слава и похвала!
3. Кажете Му на Бога: колку се страшни делата Твои! Поради големината на силата Твоја, ќе Ти се покоруваат непријателите Твои.
4. Целата земја нека Ти се покорува и да Ти пее, да Му пее на Твоето име, Севишни.
5. Дојдете и видете ги делата Божји, колку е страшен во одлуките Свои за синовите човечки.
6. Он го претвори морето во суво; преку река минува со ногата; таму се зарадувавме поради Него.
7. Со Својата моќ Он владее вечно; Неговите очи гледаат на народите, за да не се кренат бунтовниците.
8. Благословувајте Го, народи, нашиот Бог и искажете Му похвала гласно.
9. Он ѝ даде живот на душата моја и не дозволи да потклекнат нозете мои;
10. Ти нè испита, Боже, со оган нè очисти, како што среброто со оган се пречистува.
11. Ти нè воведе при мака, нанесе маки на нашите племиња.
12. Допушти луѓето да ни се качат на глава. Минавме низ оган и вода, но нè изведе да здивнеме.
13. Ќе влезам во Твојот дом со сепаленица, ќе Ти ги исполнам моите завети,
14. што ги изговорија усните мои и ги искажа устата моја кога бев во неволја.
15. Мрсни сепаленици ќе Ти принесам Тебе, со кадило од овни, ќе Ти принесам Тебе и волови и кози.
16. Дојдете и чујте вие сите кои се боите од Бога и ќе ви раскажам сè што направи Он за душата моја.
17. Повикав кон Него со устата моја и Го возвеличив со јазикот свој.
18. Да мислев беззаконие во срцето мое, Господ немаше да ме услиши.
19. Затоа ме услиши Господ, го чу гласот на молењето мое.
20. Нека е благословен Бог, Кој не ја отфрли молитвата моја и не ме остави без милоста Своја!
ПСАЛМ 66
Благодарност кон Бога за благословот излиен врз сите народи
1. Боже, биди милостив кон нас и благослови нè; осветли нè со лицето Свое, и помилуј нè,
2. за да го познаат на земјата патот Твој, и меѓу сите народи спасението од Тебе.
3. Да Те прославуваат народите, Боже, сите народи да Те прославуваат.
4. Племињата нека се развеселат и да се радуваат, зашто праведно ќе им судиш на народите, и племиња ќе упатиш на земјата.
5. Народите нека Те прославуваат, Боже, сите народи нека Те слават!
6. Земјата го даде својот плод; благослови нè, Боже, Боже наш!
7. Да нè благослови Бог и сите земни краишта нека се бојат од Него.
ПСАЛМ 67
Благодарноста кон Бога за победата
1. Нека се крене Бог, и да се распрснат непријателите Негови; да бегаат од лицето Негово оние, што Го мразат.
2. Како што домот исчезнува, така да исчезнат; како што восокот се топи од оган, така да загинат грешниците од лицето Божјо.
3. А праведниците да се развеселат, да се зарадуваат пред Бога и ќе Го прославуваат во радоста.
4. Пејте Му на Бога, пејте Му на Неговото име; направете Му пат на Оној, Кој се движи по небото; името Му е Господ, и радувајте се пред Него. Ќе се смутат од Неговото лице,
5. Татко на сираците и судија на вдовиците; Он е Бог во Своето свето место.
6. Бог им дава домови на осамените, ги ослободува од окови затворениците, а непокорните остануваат да живеат во пеколна пустиња.
7. Боже, кога Ти излегуваше пред Твојот народ, кога одеше по пустињата,
8. земјата се тресеше и небесата даваа дожд од лицето Божјо, и Синај – од лицето на Бога, на Бога Израилев.
9. Изобилен дожд изли Ти, Боже, врз Твоето наследство, и кога тоа изнемоштуваше од труд, Ти го поткрепуваше.
10. Стадата Твои живеат на неа; во Својата добрина, Боже, Ти си ја спремил за сиромасите.
11. Господ ќе им даде збор на гласниците со голема сила.
12. Царот на војските е омилен и во убавината на Својот дом дели плен.
13. Ако заспиете во пределите ваши, ќе станете како гулаби со сребрени крилја, со перја – од чисто злато.
14. Кога небесниот Цар ги разбиваше царевите, снег паѓаше на Селмон.
15. Гората Божја е гора богата, гора цврста, богата;
16. зошто вие, гори високи, завидливо ја гледате гората, на која Бог благоволи да живее?
17. Божјите коли се безброј – на илјада илјади; меѓу нив е Господ на Синај, во Светилиштето.
18. Ти се возвиси високо, плени плен, прими дарови за луѓето, така и од непокорните да можат да живеат таму.
19. Нека е благословен Бог од ден во ден, ќе го помогне нашето спасение.
20. Нашиот Бог е Бог Кој спасува; во власта на Господа е вратата на смртта.
21. Но Бог ќе им ги скриши главите на непријателите Свои и косестото теме на оние што остануваат во своите гревови.
22. Господ рече: од Васан ќе ги вратам, ќе ги извлечам од морските длабочини,
23. за да ти се натопи ногата твоја во крвта на непријателите и јазикот на твоите кучиња.
24. Го видов Твоето величествено доаѓање, Боже, доаѓањето на мојот Бог и Цар во Светилиштето:
25. напред одеа кнезовите, близу до пеачите, а во средината – девици со тимпани:
26. „Во собранијата благословувајте го Бога, Господа, вие, што сте од семето Израилево!”
27. Таму беше Венијамин, најмладиот; кнезовите Јудини – нивни владетели, кнезовите Завулонови, кнезовите Нефталимови.
28. Заповедај, Боже, со силата Твоја, зацврсти го, Боже, тоа што ни го направи нам!
29. Од Твојот храм во Ерусалим; царевите ќе Ти принесуваат жртви.
30. Скроти ги ѕверовите во мочуриштата, воловите со телињата на народите, да не бидат исклучени од искушувањето со сребро; растури ги народите кои сакаат војна.
31. Ќе дојдат молитвеници од Египет; Етиопија порано ќе ја подаде раката кон Бога.
32. Цареви земни, појте Му на Бога, воспојте Му на Бога, на Господа,
33. Кој се возвисил на небо, на небесата на Исток. И, ете, Он на гласот Свој ќе му даде сила.
34. Подајте Му слава на Бога! Над Израилот е Неговото велелепие, а силата Негова на облаците.
35. Чудесен си Ти, Боже, во светоста Своја; Бог Израилев – Он ќе му даде сила и крепост на Својот народ. Нека е благословен Бог!
ПСАЛМ 68
Слугата Господов е во голема неволја
1. Спаси ме, Боже, зашто водите стигнаа до душата моја.
2. Потонав во длабока тиња, каде што нема дно; влегов во морска длабочина и бура ме потопи.
3. Изнемоштев од викање; засипна грлото мое; попуштија очите мои, надевајќи се на мојот Бог.
4. Оние, што ме мразат без вина, се намножија повеќе од косата на главата моја: непријателите мои, кои ме гонат неправедно, се засилија; она што не сум го зел, тогаш го давав.
5. Боже, Ти го знаеш моето безумие, и гревовите мои не се сокриени од Тебе.
6. Да не се посрамат поради мене сите они, што се надеваат на Тебе, Господи, Боже на силите. Да не се посрамат поради мене оние, кои Те бараат, Боже Израилев,
7. зашто заради Тебе поднесувам исмејување, и срам го обзеде лицето мое.
8. Туѓ станав за браќата свои и чуден за синовите на мајка ми моја.
9. Бидејќи ревноста за Твојот дом ме јаде, и подбивите на оние, што Те хулат, паѓаат врз мене;
10. и постам со душата своја, но и тоа ми го земаат за зло
11. место облека облекувам вреќа; и со тоа им станав за приказ;
12. против мене зборуваат оние што седат пред портите и пијаниците пеат за мене.
13. Јас, пак, молитвата моја ја упатувам кон Тебе, Господи; благопријатно е времето, Боже, со големата Своја милост услиши ме заради вистината на спасението од Тебе;
14. изведи ме од калта, за да не потонам; да се избавам од оние, кои ме мразат, а и од длабоките води;
15. за да не ме потопи водниот вртеж, и длабината да не ме проголта, да не ја затвори над мене бездната својата уста.
16. Услиши, ме, Господи, зашто блага е Твојата милост; поради големата Твоја милосрдност погледај ме;
17. не одвраќај го лицето Свое од чедото Твое, зашто сум нажален; услиши ме брзо;
18. наклони се кон душата моја и избави ја; поради моите непријатели спаси ме.
19. зашто Ти го знаеш мојот подбив, мојот срам и моето засрамување: пред тебе се сите што ме оскрбуваат.
20. Подбив и срам дочека мојата душа, очекувајќи некого во сострадание, но го немаше, и да ме утеши некој; но не го најдов.
21. И ми дадоа жолчка да каснам и кога зажеднев – со оцет ме напоија.
22. Трпезата нивна нека им биде примка, гоштевањето – стапица;
23. да ми се помрачат очите, та да не гледам, и бедрата нивни ослаби ги засекогаш;
24. излиј го врз нив гневот Свој, и јароста на Твојот гнев нека ги обземе;
25. домовите да им ги запустиш, и во шаторите нивни да не остане никој жив;
26. зашто оној кого Ти го порази, тие го гонат, и со тоа ги умножија болките од раните мои.
27. Притури беззаконие врз беззаконието нивно, за да не влезат во Твојата правда.
28. Нека бидат избришани од книгата на живите и да не бидат запишани меѓу праведните.
29. Јас, пак, сум беден и страдам; нека дојде од тебе, Боже, спасението за мене!
30. Ќе го славам името на мојот Бог со песна, ќе го возвеличувам во славословија,
31. и тоа ќе Му биде поугодно на Господа, отколку теле или јунец со рогови и со копита.
32. Нека го видат тоа оние што страдаат и нека се зарадуваат. Побарајте Го Бога за да ви оживи душата ваша,
33. зашто Господ ги услишува сиромасите и не ги презира затворениците Свои.
34. Нека Го пофалат небесата и земјата, морето и сè што живее во него;
35. зашто Бог ќе го спаси Сион, ќе се изградат градови во Јудеја, и таму ќе ги наследат;
36. и потомството на слугите Твои ќе се весели во него.
ПСАЛМ 69
Молитва за помош против непријатели
1. Боже, дојди ми на помош, побрзај, Господи, да ми помогнеш.
2. Нека поцрвенеат и нека се засрамат оние, што ја бараат душата моја! Нека се уплашат, нека се уплашат и засрамат оние, кои ми пожелуваат зло.
3. Нека отстапат и нека се посрамат оние што ми викаат: „така! така!”
4. Нека се зарадуваат и развеселат со Тебе сите, кои Те бараат, и кои Те сакаат Тебе, Боже, и кои сакаат спасение од Тебе, и нека велат: „Да се возвеличува Господ!”
5. Јас, пак, сум беден и сиромав; поможи ми Боже, Ти си, Господи, помошник мој и избавител мој, не се забавај!
ПСАЛМ 70
Молитва за милост Божја во староста
1. На Тебе Господи, се надевам, да не останам посрамен вечно.
2. Избави ме поради праведноста Своја и очисти ме; приклони го увото Свое кон мене и спаси ме.
3. Биди ми Бог заштитник, изведи ме на место сигурно – зашто Ти си моја крепост и мое прибежиште.
4. Боже мој, избави ме од рацете на грешникот, од рацете на престапникот и насилникот,
5. зашто Ти си моја надеж, Господи, моја сигурност од младоста моја.
6. За Тебе цврсто се држам од раѓањето мое; Ти си мој покровител од мајчината ми утроба; за Тебе вечно ќе пеам.
7. За многумина бев како некое чудо, но Ти си мојот силен помошник.
8. Нека се исполни устата моја со похвала, па со песна да ја величам славата Твоја; и цел ден да пеам за Твоето велелепие.
9. Не отфрлај ме на старост, кога ќе почне силата моја да исчезнува, не напуштај ме,
10. зашто непријателите мои зборуваат против мене; и оние, кои ја демнат душата моја, се договараат меѓу себе,
11. велејќи: „Го остави Бог; гонете го и фатете го, зашто нема кој да го избави”.
12. Боже мој, не се оддалечувај од мене; Боже мој, побрзај ми на помош!
13. Да се посрамат и да исчезнат оние што ја клеветат душата моја; да поцрвенат и се засрамат оние, што ми сакаат зло.
14. Јас, пак, секогаш ќе се надевам на Тебе и ќе Те восхвалувам сè повеќе.
15. Устата моја ќе ја разгласува Твојата правда, и секој ден спасението од Тебе, зашто не им го знам бројот.
16. Ќе влезам во силата Господова; Господи, ќе ја спомнувам Твојата правда – само Твојата.
17. Боже, Ти ме поучуваше од младоста моја, и јас сè досега ги објавував чудесата Твои.
18. И во староста, па и кога ќе престареам, Боже, не напуштај ме, за да ја објавувам мишката Твоја, силата Твоја и правдата Твоја на сегашниот род и на идниот,
19. силата Твоја и правдата Твоја, Боже, дури до вишното небо, и за делата Твои со кои си ме возвеличил, Боже, кој е сличен на Тебе?
20. Колку големи и тешки маки ми прати, но Ти пак ме оживуваше, кога Ти се обраќав, и пак ме изведуваше од земните длабини.
21. Зголемувајќи ги Своите добрини и свртувајќи се кон мене, ме утешуваше и, пак ме изведуваше од земните бездни.
22. И јас ќе ја славам меѓу луѓето на харфа Твојата вистина, Боже мој; ќе Те воспевам на гусла, Светецу Израилев!
23. Ќе се радува устата моја, кога ќе Ти пеам, и душата моја, која си ја избавил.
24. И јазикот мој секогаш ќе зборува за Твојата правда, кога ќе поцрвенеат и ќе се засрамат оние, кои ми пожелуваа зло.
ПСАЛМ 71
Похвала за големиот Цар и Неговото владеење
1. Боже, дај му го на царот Својот суд, а на царевиот син – Својата правда,
2. за да им суди праведно на Твоите луѓе и на сиромасита Твои по правда.
3. Горите нека им донесат мир на луѓето, и ритчињата – праведност,
4. Он ќе им суди на бедните меѓу луѓето, и ќе ги спаси синовите на сиромасите, а клеветникот ќе го понизи.
5. И ќе живеат, додека постои сонцето и месечината – од род во род.
6. И ќе слезе како дожд на ливада, како капки што наросуваат земја.
7. Во Негово време ќе зацари правда, и ќе има изобилен мир сè додека не се одземе месечината.
8. И ќе владее од море до море и од реката до краиштата на земјата.
9. Пред Него ќе паднат ничкум Етиопјаните, и непријателите Негови ќе ја лижат прашината;
10. царевите на Тарсис и островјаните дарови ќе му принесуваат; и царевите на Арабија и од Саба дарови ќе му донесуваат.
11. И ќе Му се поклонуваат сите цареви; ќе Му служат сите народи;
12. зашто Он ќе избави беден од силник и сиромав, кој нема помошник.
13. Ќе го поштеди бедниот и сиромавиот и ќе го спаси животот на сиромасите;
14. од лихви и неправди ќе ги избави душите нивни, и чесно ќе биде името нивно пред Него;
15. и Он ќе поживее, па ќе му даваат арабиско злато; и ќе Му се молат непрестајно, секој ден ќе Го благословуваат;
16. Ќе има тврдина на земја, по врвовите на горите; плодот Негов ќе се издига над Ливан, а во градовите луѓето ќе се размножуваат како тревата по земјата,
17. Неговото име нека биде благословувано вечно: уште пред сонцето Неговото име постои; и во Него ќе бидат благословени сите земни премиња, а и сите народи ќе Го ублажуваат.
18. Нека е благословен Господ Бог, Бог Израилев, Кој само Он прави чудеса;
19. и нека е благословено Неговото славно име довека, и со славата Негова нека се исполни целата земја! Амин и амин!
20. Завршија молитвите на Давида, Јесеевиот син.