ПСАЛМ 72
Вечна правда
1. Колку е добар Бог кон Израилот, кон оние што се со чисто срце!
2. А нозете мои за малку не потклекнаа, за малку чекорите мои ќе станеа несигурни, –
3. зашто им позавидев на беззакониците, гледајќи како мирно живеат грешниците,
4. оти не страдаат сè до самата смрт, и цврстина им е во бичот.
5. во човечките работи не учествуваат и неволјите на другите луѓе нив не ги засегаат.
6. Затоа гордоста владее со нив; се облекле во неправда и нечестие;
7. неправдата им излегува како од сало, и му угодуваат на срцето;
8. се подбиваат и лукаво зборуваат, за неправдата гордо говорат;
9. ја креваат устата кон небото, а јазикот нивни ја обиколува земјата.
10. Затоа народот Мој ќе се врати ваму, и своите денови ќе ги најде исполнети.
11. И рекоа: „Како дозна Бог, и има ли знаење во Севишниот?”
12. Ете, такви се грешниците и успеваат вечно да го држат богатството.
13. И си реков: зар залудо го држев срцето свое во праведност и во невиност ги измив рацете свои.
14. и се изложував на напријатности секој ден и на срам секое утро?
15. Но ако речев: ќе расудувам и јас така, – тогаш ќе го изневерев родот на Твоите синови.
16. И сакав тоа да го разберам, но тоа беше тешко за мене
17. сè додека не влезам во Божјото светилиште и не го разбрав нивниот крај.
18. И така, заради подмолноста нивна дозволи да ги снајде зло, и ги понизи кога се возгордееја.
19. Како запустеа, како нејнадејно изчезнаа и загинаа поради своето беззаконие!
20. Како сон кога човек се разбудува, така во градот Твој, Господи, образот нивни уништи го.
21. Зашто срцето мое се разгоре и утробата моја се измени.
22. А јас поразен и не разбрав, како добиче бев пред Тебе.
23. Но Јас сум секогаш со Тебе: Ти ми ја придржуваш десницата моја,
24. ме упати со советот Свој и ме прими во Твојата слава.
25. Кого Го имам јас на небото освен Тебе? А кога сум со Тебе на земјата ништо не барам.
26. Изнемоште срцето мое и телото мое; Боже на срцето мое и наследството мое, Боже, довека.
27. Зашто, ете, оние, што се оддалечуваат од Тебе, пропаѓаат; Ти го истребуваш секого, кој отстапува од Тебе.
28. А мене ми е добро да сум со Бога, на Господа ја полагам надежта моја, за да ги вознесувам сите похвали Твои кај портите на ќерката Сионова.
ПСАЛМ 73
Молба за помош
1. Зошто Боже, нè отфрли засекогаш? Зошто гневот Твој се разгоре на овците од Твоето пасиште?
2. Сети се на Твојот народ, кого уште од порано го придоби, ги избави со жезалот како наследсто Твое, тоа е гората Сионска, на која си се населил.
3. Крени ги рацете Свои против нивната крајна гордост, против сите зла што непријателот ги направи во светилиштето Твое.
4. И се пофалија Твоите непријатели среде празникот Твој; поставија свои бојни знаци како знамиња, но не ги познаа.
5. зашто горе при влезот многу ги имаше,
6. па како во густа горичка со секира ја исекоа нејзината врата, со секира и дрвен чекан одеднаш ја скршија;
7. го запалија со оган Твоето Светилиште, го осквернија на земјата местото, на кое името Твое престојува.
8. Рекоа во срцата свои оние што беа сродни на нив: „Ајде да отстапиме од сите Божји празници на земјата!
9. Знаците свои не ги гледаме, нема повеќе ни пророк, и за нас нема веќе да се знае.”
10. До кога, Боже, ќе се гордее над нас непријателот? Вечно ли противникот ќе го дразни името Твое?
11. Зошто ја одвраќаш раката Своја и десницата Своја во пазувите Свои ја држиш?
12. Но Бог е Царот наш уште од пред вековите, Он приготвил спасение среде земјата!
13. Боже, со силата Своја Ти си ги утврдил морињата, и ги сотре главите на водните страшила.
14. Ти ѝ ја здроби главата на змијата и им ја даде како храна на народот етиопски.
15. Ти ги отвори изворите и потоците, ти ги исуши реките итамски.
16. Твој е денот и Твоја е ноќта: Ти си ги постави светилата и сонцето;
17. Ти ги создаде сите предели на земјата, летото и пролетта Ти ги определи.
18. Сети се сепак на ова; непријателот го навреди Господа; луѓе безумни го раздразнија Твоето име.
19. Не прадавај ја на ѕверовите душата на оние кои се надеваат на Тебе; не заборавај ги засекогаш душите не сиромасите Твои.
20. Погледај на Својот завет, зашто сите мрачни домови по земјата се исполнија со беззаконици;
21. Да не се врати посрамен потиснатиот; сиромавиот и бедниот ќе го прославуваат Твоето име.
22. Стани Боже, по правдата Своја пресуди; сети се како секој ден Те хули безумникот.
23. Не заборавај го гласот на оние кои Ти се молат; гордоста на оние што Те мразат постојано се крева против Тебе.
ПСАЛМ 74
Благодарност кон Бога за судот над гордите
1. Ќе Те фалиме Тебе, Боже, ќе Те фалиме, и ќе го призиваме името Твое.
2. Ќе ги разгласувам Твоите чудеса кога ќе дојде време; ќе судам по правда.
3. Ќе се заниша земјата и сите, што живеат на неа. Но Јас ги зацарив столбовите нејзини.
4. Им реков на оние, што вршат беззаконија: не отстапувајте од законот, и на грешниците: не дигајте рог,
5. не кревајте го високо вашиот рог, не говорете против Бога неправда,
6. зашто издигањето не доаѓа ни од исток, ни од запад, ниту, пак, од пустите гори;
7. но Бог е судија: едни унижува, а други возвисува.
8. Зашто чашата е во раката на Господа, со вино немешано, добро, и Он налева од неа по ред, но талогот нема да се источи; од него ќе пијат сите грешници на земјата.
9. Јас, пак, вечно се радувам, ќе Му пеам на Јакововиот Бог,
10. ќе го скршам рогот на сите грешници, а рогот на преведниците ќе се возвиси.
ПСАЛМ 75
Големо е името на Бога во Израилот
1. Познат е Бог во Јудеја; големо е Неговото име во Израилот.
2. Во светото е Неговото место, а Неговото живеалиште – на Сион.
3. Таму Он ја порази силата на стрелите, штитот и мечот и војната.
4. Светлината Твоја е чудесна од вечните гори.
5. Се збркаа сите неразумни по срце; заспаа богатите луѓе и ништо не најдоа во рацете од богатствата свои.
6. Од Твојата закана, Боже Јаковов, задремаа коњаниците.
7. Ти си страшен, и кој ќе Ти се противстави Тебе? Оттаму е Твојот гнев.
8. Од небесата се чу глас дека ќе судиш; земјата се уплаши и се смири.
9. Кога Бог стана да суди, за да ги спаси сите кротки по земјата,
10. бидејќи мислите свои луѓето ќе Ти ги исповедаат: а и остатокот од нив ќе Те прославува.
11. Заветувајте се на Господа, вашиот Бог, и исполнувајте ги заветите; сите, што сте околу Него, принесувајте дарови,
12. Страшниот, Кој ги скротува духовите и кнезовите, пострашен е од земните цареви.
ПСАЛМ 76
Утеха поради милоста на Бога која порано Му ја укажуваше на Својот народ
1. Со гласот свој повикав кон Господа, со гласот свој кон Бога, и Он ме услиши.
2. Во денот на тагата моја Го побарав Бога ноќе, со издигнати кон Него раце и не се уморив; но душата моја не можеше да се утеши.
3. Го спомна Бога и се развеселив, размислував и духот мој стана малодушен.
4. Будни се очите мои, се возбудив и не можев да говорам.
5. Размислував за првите дни, и се сетив за годините прастари, па се поучив;
6. Размислував ноќе со срцето свое, а духот мој ме испитуваше;
7. зар Господ засекогаш те отфрли и не сака ли повеќе да биде благонаклон, или
8. засекогаш престанала Неговата милост, и Неговото слово се пресекло од род во род?
9. Зар Господ заборавил на штедроста Своја? Зар во гневот Свој ќе го затвори Своето милосрдие?
10. Па си реков: „Сега знам – десницата на Севишниот се изменила.”
11. Се сетив за делата на Господа; се сетив за Твоите први чудеса;
12. и ќе се поучам во сите Твои дела и ќе зборувам за постапките Твои.
13. Боже, Твојот пат е свет. Кој Бог е толку голем, како нашиот Бог!
14. Ти си Бог, Кој прави чудеса; Ти ја покажа силата Своја меѓу народите;
15. Ти со мишката Своја го избави Твојот народ, синовите на Јакова и на Јосифа.
16. Те видоа, Боже, водите, Те видоа водите и се разбрануваа, и бездните затрепереа.
17. Голем шум од води се слушаше, загрме од облаците, зашто стрелите Твои пролетуваа.
18. Гласот на Твојот гром се разнесуваше по небото; светкавици ја осветлуваа вселената; земјата трепереше и се тресеше.
19. Твојот пат води кон морето, но Твоите патеки во многуте води и Твоите траги не ќе се познаваат.
20. Ти ги водеше како овци луѓето Твои преку раката на Мојсеја и Арона.
ПСАЛМ 77
Верноста Божја во водењето на неговиот непослушен народ
1. Внимавајте луѓе Мои на законот Мој, нека чуе увото ваше што зборува устата Моја.
2. Ја отворам устата своја за парабола и ќе зборувам за непознатите работи од старо време.
3. Сè чувме и дознавме и што ни раскажуваа татковците наши,
4. не остана сокриено од нивните деца, зашто на идниот род му се раскажуваше славата на Господа и силата Негова, и чудесата Негови што Он ги изврши.
5. Он подигна сведоштво во Јакова и положи закон во Израилот, и им заповеда на татковците наши сето тоа да им го објават на децата свои,
6. за да знае идниот род, децата, што ќе се родат, та и тие во свое време да им раскажуваат на своите деца,
7. да ги полагаат надежите свои на Бога, да не ги забораваат делата Божји, да ги чуваат Неговите заповеди
8. и да не бидат како татковците нивни – род упорен и бунтовен, непостојан по срце и не му остана верен на Бога со духот свој.
9. Синовите Ефремови, вооружени, стрелајќи со лакови, отстапија во денот на битката:
10. тие не го запазија заветот на Бога и не сакаа да одат по Неговиот закон.
11. Ги заборавија Неговите добрини и чудеса, што им ги беше покажал,
12. чудесата што пред очите на нивните татковци ги направи во Египетската земја, во полето Танеос;
13. го раздвои морето и ги преведе преку него, и ги постави водите како мев;
14. дење ги водеше со облак, а по цела ноќ – со огнена свтлина;
15. разби карпа во пустињата и ги напои како од голема бездна.
16. Од карпата изведе вода, и води потекоа како реки.
17. Но тие продолжуваа и понатаму да грешат пред Него и да Ги огорчуваат Севишниот во пустињата:
18. го искушуваат Бога со срцето свое, барајќи храна за своите души,
19. па го нападнаа Бога, велејќи „Може ли Бог да приготви трпеза во пустиња?”
20. Ете, Он удри во карпата – и бликнаа води, потекоа потоци. Може ли Он да му даде и леб, може ли да му приготви трпеза на Својот народ?
21. Поради ова што го чу, Господ ги презре и пламна во гнев, и оган се разгоре против Јакова и гнев се крена против Израилот,
22. затоа што не поверуваа во Бога и не се надеваат на спасението од Него.
23. Он им заповеда на облаците одозгора и се отворија вратите на небесата,
24. па ги одожди со мана за храна, и им даде леб небесен.
25. Леб ангелски јадеше човекот: Он им испрати храна до наситување.
26. Го раздвижи од небото јужниот ветар и со силата Своја го дотера југозападниот ветар,
27. па ги одожди со месо како со прав и со птици пернати како со песок морски:
28. ги нафрла среде нивниот табор, околу нивните живеалишта,
29. и тие јадеа и се заситија: и тоа што го сакаа, им го даде.
30. Но уште не беше минала нивната желба, и храната уште им беше во устата нивна,
31. а гневот Божји дојде врз нив, ги уби нивните најсилни и Израилевите момчиња ги погуби.
32. При сето тоа тие продолжуваа да грешат и не поверуваа во чудесата Негови.
33. И така им минеа дните нивни во суета и годините нивни во смутови.
34. Кога ги убиваше, тогаш Го бараа, се обрнуваа и прибегнуваа кон Бога,
35. и се сеќаваа дека Бог е нивни помошник и дека Севишниот Бог е нивни избавител:
36. и со устата своја Го мамеа, а со јазикот свој лажеа пред Него;
37. но срцето нивно не Му беше наполно верно, и тие не беа цврсти во заветот Негов.
38. Но Он, Милостивиот, им го простуваше гревот и не ги истребуваше, многупати ја отстрануваше јароста Своја и не го разгоруваше сиот Свој гнев:
39. но Он знаеше дека се тие тело и здив што оди и не се враќа.
40. Колкупати Го беа загорчувале во пустињата и Го беа разгневувале во безводната земја!
41. И отстапуваа и одново Го искушуваа Бога и Го раздразнуваа Светецот Израилев;
42. не се сеќаваа на Неговата рака, ни на денот кога Он ги избави од оној, што ги оскрбуваше;
43. кога ги покажа во Египет Своте знаци и во полето Тенеос – Своите чудеса;
44. и ги претвори реките нивни и потоците нивни во крв, за да не можат да пијат;
45. испрати на нив бубачки да ги боцкаат и жаби да ги погубуваат;
46. житото нивно го предаде на гасеници и трудот нивни на скакулци;
47. лозјата им ги исчука со град и смоквите нивни – со слана.
48. и добитокот нивни го уништи со град, а имотот нивни – со оган;
49. го испрати врз нив гневот на јароста Своја, јарост, и гнев, и маки – одред зли ангели;
50. го отвори патот на Својот гнев, не ги поштеди од смрт ни душите нивни и добитокот нивни го предаде на помор;
51. уништи сè што беше првородено во Египет, привините од нивниот труд во Храмовите населби.
52. Тогаш го поведе Својот народ како овци, и ги водеше како стадо преку пустињата:
53. ги водеше сигурно, и тие не се уплашија; непријателите нивни ги покри морето –
54. и Ги воведе во светата Своја гора, онаа, која десницата Негова ја беше придобила;
55. и ги изгони од пред лицето нивно народите, а земјата им ја раздели со жреб во нивно наследство, и ги насели Израилевите колена во полињата нивни.
56. Но Тие го искушуваа и Го огорчуваа Бога Севишниот и не ги пазеа наредбите Негови.
57. Отстапија и се оттргнаа како татковците нивни, се претворија во искривен лак.
58. Го разгневуваа на ридовите свои и со своите идоли Го раздразнуваа.
59. Бог го чу тоа, ги презре и многу го понизи Израилот;
60. ја отфрли скинијата во Силом, во која се всели Он меѓу луѓето;
61. и ја предаде во ропство нивната крепост и убавината нивна во рацете на непријателот;
62. па го предаде Својот народ на меч и го презре Своето наследство.
63. Момчињата нивни оган ги голташе, и за девиците нивни немаше брачни песни;
64. свештениците нивни паѓаа од меч, и вдовиците нивни не беа оплакувани.
65. Тогаш се разбуди Господ како од сон, како јунак од вино совладан,
66. и ги порази непријателите Свои од зад грб и ги предаде на вечен срам.
67. И го отфрли Јосифовиот шатор и не го избра коленото Ефермово,
68. туку го избра коленото Јудино, гората Сион, која ја возљуби.
69. И изгради светилиште Свое како небото и како земјата го утврди за секогаш,
70. и го избра Давида својот слуга, го зеде од овчите стада,
71. и од овците што се јагнат го доведе за да го пасе народот Негов, Јакова, и Израилот, наследството Негово.
72. И Он ги пасеше со чисто срце и ги водеше со Својата мудра рака.
ПСАЛМ 78
Плач по разорениот Ерусалим
1. Боже, незнабожците дојдоа во Твоето наследство, го осквернија светиот Твој храм, Ерусалим го претворија во урантини.
2. Мртвите тела на Твоите слуги им ги дадоа како храна на птиците небесни, а телата на Твоите светии – на земните ѕверови;
3. ја пролија нивната крв како вода околу Ерусалим, и немаше кој да ги погребе.
4. Станавме за потсмев на соседите наши, срам и подбив за оние што се околу нас;
5. До кога, Господи, ќе се разгневуваш постојано, до кога ќе гори лутината Твоја како оган?
6. Излеј го гневот Свој врз народите, што не Те познаваат, и врз царствата, кои не го признаваат името Твое,
7. зашто тие го испојадоа Јакова и местото негово го опустошија.
8. Не спомнувај ги нашите поранешни беззаконија, туку побрзај да нè престретнеш со Својата милосрдност, зашто многу сме осиромашени.
9. Помогни ни, Боже, Спасителе наш, поради славата на името Твое, избави нè и очисти нè од гревовите наши заради името Твое!
10. Зашто незнабожците да велат: „Каде е нивниот Бог?” Барем пред очите наши да ја видиме одмаздата над незнабожците за пролеаната крв на Твоите слуги.
11. Да дојде пред Тебе офкањето на окованите; со силата на Твојата мишка зачувај ги синовите осудени на смрт.
12. Седумкратно врати ги во пазувите на нашите соседи хулењата, со кои Те хулеа Тебе, Господи.
13. А ние, пак, народот Твој и овци од Твоето пасиште, вечно ќе Те славиме и од род во род ќе разгласуваме за Тебе похвала.
ПСАЛМ 79
Молитва Господ да го одржи народот Израилски
1. Пастиру Израилев, послушај! Ти, Кој го водиш Јосифа како стадо, Кој седиш на херувимите, јави се!
2. Пред Ефрема, Венијамина и Манасија издигни ја силата Своја и дојди да нè спасиш.
3. Боже, поврати нè; нека светне лицето Твое, и ние ќе се спасиме!
4. Господи, Боже на силите, до кога ќе бидеш гневен на молитвата од слугите Твои?
5. Ќе нè храниш ли со солзлив леб, и напојуваш со солзи изобилно?
6. Нè направи приказ за кавги меѓу нашите соседи, и нашите непријатели ни се смеат.
7. Господи, Боже на силите, поврати нè! Нека светне лицето Твое, и ние ќе се спасиме!
8. Ти ја пренесе од Египет лозата, ги изгони народите и ја посади;
9. исчисти за неа место, и ги зацврсти корењата нејзини, и таа ја исполни земјата.
10. Горите се покрија од сенката нејзина, и гранките ѝ се како кедрови Божји;
11. таа пушти гранки до морето и младици до реката.
12. Зошто ја сруши нејзината ограда, па да ја берат сите, што минуваат по патот?
13. Горскиот вепар ја подгризува, и полската ѕверка ја јаде.
14. Боже на силите! Сврти се, погледај од небесата и види го и посети го ова лозје;
15. и утврди го она што го посади десницата Твоја; погледај и на синот човечки, што си го зацврстил за Себе.
16. Тоа е со оган обгорено и раскопано; од страв пред Твоето лице нека пропаднат.
17. Твојата десница нека биде раката Твоја над човекот, и на синот човечки, кого си го зацврстила за Себе.
18. А ние нема да отстапиме од Тебе; оживи нè, и ние ќе го призиваме Твоето име.
19. Господи, Боже на силите, поврати нè; нека свети лицето Твое, и ние ќе се спасиме!
ПСАЛМ 80
Вистинско празнување
1. Радувајте се во Бога, нашиот помошник, воскликнете кон Бога Јаковов;
2. запејте песна, удрете во тимпан, во милозвучно гусле со псалтир;
3. затрубете со труба во новомесечје, во определено време, во денот на вашиот празник,
4. зашто тоа е закон за Израилот, наредба од Бога Јаковов.
5. Он го установи тоа како сведоштво за Јосифа, кога тој излезе од Египетската земја, каде што чу јазик, што не го знаеше:
6. „Јас го симнав товарот од рамениците негови, и му ги ослободив рацете негови од кошницата.
7. Во маката своја ти Ме повика, и Јас те избавив; при гром те чув, кај водите на Мерива те испитав.
8. Чуј, народе Мој, и Јас ќе ти посведичам, ако Ме послушаш, Израиле!
9. Да немаш друг бог и да не му се клањаш на друг земен бог.
10. Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од Египетската земја; отвори ја устата своја, и Јас ќе ја исполнам.
11. Но мојот народ не го послуша гласот Мој, и Израилот не Ми се поклони;
12. затоа Јас ги оставив на нивните упорни срца; нека одат по мислите свои.
13. О, да беше Ме послушал Мојот народ и Израилот да одеше по Моите патишта,
14. веднаш ќе ги смирев нивните непријатели и ќе ја свртев раката Своја против оние што го оскрбуваа.”
15. Оние, што го мразат Господа, сакаа да Му се приближат, и нивното дружење би продолжило за секогаш;
16. ќе ги хранев со најдобра пченица и ќе ги наситував со мед од камен.
ПСАЛМ 81
Господ им се заканува на неправедните судии
1. Бог застана во собранието на „боговите”; меѓу „боговите” изрече суд:
2. До кога ќе судите неправедно и спрема грешниците ќе покажувате пристрастност?
3. Пазете на сирак и беден, праведен и сиромав;
4. ослободувајте го сиромавиот и бедниот од рацете на грешниците.
5. Не знаат, не разбират, во темнина одат; сите земни основи ќе се разнишаат,
6. Јас реков: вие сте богови, вие сте сите синови на Севишниот;
7. но вие ќе умрете како луѓе, и ќе паѓате како секој кнез.”
8. Стани, боже, суди ѝ на земјата, зашто Твои се по наследство сите народи.
ПСАЛМ 82
Молитва за помош против непријателите на Израил
1. Боже, кој може да се спореди со Тебе? Не премолчувај, и не смирувај се Боже,
2. зашто ете Твоите непријатели вреват, а оние, што Те мразат, кренаа глава;
3. против Твојот народ зло наумија и се советуваат против светите Твои;
4. рекоа: „Да отидеме и да го истребиме меѓу народите, па да не се спомнува повеќе името Израил.”
5. Се договорија еднодушно, склучија против Тебе сојуз;
6. населбите Едомови и Исмаилски, Моав и Агарјани;
7. Гавал, Амон, Амалик и другоплемениците се оние што живеат во Тир,
8. бидејќи и Асур се придружи кон нив, па станаа помош за синовите Лотови.
9. Направи ми го истото, како што им направи на Мадијамците, како и на Сисарите, како и на Јавин кај потокот Кисон,
10. кои беа истребени во Аендор и станаа ѓубре за земјата.
11. Постапи со нив, со нивните кнезови, како со Орив и Зива и со сите нивни кнезови, како со Зевеј и Саламан,
12. бидејќи велат: „Да го присвоиме за себе светилиштето Божјо!”
13. Боже мој, заповедај да станат како виор и како плева пред ветар;
14. како оган што изгорува дубрави, и како пламен што запалува гори.
15. Така и Ти подгони ги лицата нивни со бесчестие, па да го побараат името Твое, Господи!
16. исполни ги лицата нивни со бесчестие, па да го побараат името Твое, Господи!
17. Да се засрамат и да се збунат засекогаш, да се посрамат и да загинат,
18. и да познаат, дека името Ти е Господ, и дека Ти си единствен Севишен над целата земја.
ПСАЛМ 83
Копнеж за светилиште
1. Колку се мили Твоите живеалишта, Господи Саваоте!
2. Копнее душата моја сакајќи да е во Господовите дворови; срето мое и телото мое со радост се стремат кон живиот Бог.
3. И птичката си наоѓа живеалиште, и ластовичката гнездо, каде што ќе ги положи пилињата свои, при олтарите Твои, Господи Саваоте, Царе мој и Боже мој!
4. Блажени се оние, кои живеат во домот Твој тие постојано Те фалат.
5. Балажен е оној човек, кој заштита бара кај Тебе и во чие срце се патиштата Твои.
6. Преминувајќи ја Сушната долина, тие ја претроваат во извори, и дожд ја покрива со вирови;
7. минуваат од сила во сила, додека не Го видат Бога, на Сион.
8. Господи, Боже на силите, услиши ја молитвата моја, послушај, Боже Јаковов!
9. Боже, заштитнику наш, погледај и види го лицето на твојот помазаник!
10. Зашто еден ден во Твоите дворови е подобар отколку – илјада дни надвор. Повеќе би сакал да стојам на прагот пред Божјиот дом, отколку да живеам во шаторите на нечестието.
11. Бидејќи Господ Бог е сонце и штит, Тој дава благодат и слава; Господ не ги лишува од блага оние, што одат непорочно.
12. Господ Саваоте, блажен е оној човек, кој се надева на Тебе!
ПСАЛМ 84
Молба Господ пак да го благослови народот спрема кого порано бил милостив
1. Господи, Ти омиле земјата Твоја, го врати од пленство Јакова.
2. Ти им ги прости беззаконијата на Твоите луѓе, ги покри сите нивни гревови,
3. го смири сиот Свој гнев, ја ублажи јароста на гневот Свој.
4. Поврати нè, Боже, спасение наше, и одврати ја Твојата јарост од нас.
5. Зар вечно ќе се гневиш на нас, или ќе го протегнеш гневот Свој од род во род?
6. Нема ли, Боже, да се повратиш, и пак да нè оживееш, и луѓето Твои да се зарадуваат во Тебе?
7. Покажи ни ја, Господи, Твојата милост, и подари ни спасение.
8. Ќе чујам што ќе ми рече Господ Бог, зашто Он ќе зборува за мир на Својот народ и на Своите светии, и на оние што со срцето свое Му се обраќаат Нему.
9. Да, спасението од Него е блиску до оние, кои се бојат од Него, за да ја насели славата своја во нашата земја.
10. Милоста и вистината ќе се сретнат, правдата и мирот ќе се целиваат.
11. Вистината ќе изникне од земјата, а правдата ќе се појави од небото;
12. Зашто Господ ќе даде добро, и нашата земја ќе го даде својот плод;
13. правдата ќе оди пред Него и на патот ќе ги става стапките свои.
ПСАЛМ 85
Молитва во голема неволја
1. Приклони го, Господи, увото свое и услиши ја молитвата моја, зашто сум беден и сиромав.
2. Зачувај ја душата моја, зашто сум смирен; спаси го слугата Твој, Боже мој, кој се надева на Тебе.
3. Помилуј ме, Господи, зашто кон Тебе викам секој ден.
4. Развесели ја душата на Твојот слуга, оти кон Тебе, Господи, ја вознесувам душата своја;
5. зашто Ти, Господи, си добар, кроток и многумилостив кон сите, кои Те признаваат.
6. Чуј ја, Господи, мојата молитва и послушај го гласот на молбата моја.
7. Во денот на мојата мака повикав кон Тебе, и Ти ме чу.
8. Меѓу боговите нема таков каков што си Ти, Господи, и нема дела како Твоите.
9. Сите народи што си ги создал Ти, ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе, Господи, и ќе го прославуваат името Твое,
10. зашто Ти си велик и правиш чудеса, – Ти си Бог единствен!
11. Упати ме, Господи, кон Твојот пат, и јас ќе одам во Твојата вистина; и нека се радува срцето мое, плашејќи се од името Твое.
12. Ќе Те славам, Господи, Боже мој, од сè срце и вечно ќе го прославувам името Твое,
13. зашто Твојата милост кон мене е голема: Ти ја спаси душата моја од длабините на пеколот.
14. Боже, законопрестапниците станаа против мене, и многуте насилници ја бараат душата моја: тие Те немаат Тебе пред себе.
15. Но Ти, Боже, Кој си штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистинит,
16. погледни на мене и помилуј ме; дај му ја Твојата сила на слугата свој и спаси го синот на слугинката Твоја;
17. покажи со мене чудо за добро, па да видат оние, што ме мразат, и да се засрамат, зашто Ти, Господи, ми помогна и ме утеши.
ПСАЛМ 86
Се слави Сион затоа што обратил незнабожци
1. Основите Негови се горите свети.
2. Господ ги сака портите Сионски повеќе од сите населби на Јакова.
3. Граде Божји, преславно се зборува за тебе.
4. „Ќе им спомнам на оние кои ме знаат, за Раав и Вавилон; ете, другоплемениците, и Тир, и луѓето од Етиопија, и тие се родија таму беа.”
5. А за мајката Сион ќе речат: тој и тој човек се роди во него, и Самиот Севишни го зацврсти.
6. Кога ќе се пребројуваат народите и кнезовите, Господ ќе напише: сите досега таму се родија.
7. Оние што пеат се радуваат; пеат и велат – сите наши извори во Тебе се.
ПСАЛМ 87
Молитва во тешко искушение и во смртна опасност
1. Господи, Боже на моето спасение, дење Те призивам и ноќе сум пред Тебе:
2. за да дојде пред Тебе молитвата моја, приклони го увото Свое кон молбата моја, Господи,
3. зашто душата моја е полна со јад и животот се приближи до адот.
4. Се изедначив со оние, што слегуваат во гроб; станав како човек без помош – слободен меѓу мртвите;
5. како фрлени и ранети што лежат во гроб, за кои Ти веќе не се сеќаваш; тие се оттурнани од Твојата рака.
6. Ме положија во подземен ров, во мрак и во смртна сенка.
7. Ја истури врз мене Твојата јарост, и со сите Свои бранови ме поразуваш.
8. Ти ги оддалечи од мене моите познати, ме направи одвратен за нив; затворен сум и не можам да излезам.
9. Очите мои ослабеа од сиромаштија: цел ден викам кон Тебе, Господи, ги протегам рацете кон Тебе.
10. Зар на мртовци ќе правиш чуда? Зар сенките ќе се кренат и ќе Те слават?
11. Зар во гроб некој ќе кажува за твојата милост и за Твојата вистина – местото на распаѓањето?
12. Зар во темнината ќе ги познаат Твоите чудеса, и во земјата на заборавот – твојата правда?
13. Но јас повикав кон Тебе, Господи, и наутро молитвата моја Те испреварува.
14. Зошто, Господи, ја оттурнуваш душата моја и го одвраќаш лицето Свое од мене?
15. Јас сум несреќен и од младини се мачам; се возгордеав, се смирив и изнемоштен сум.
16. Над мене се надви Твојата јарост, Твоите заплашувања наполно ме скршија.
17. Секој ден ме опкружуваат како вода: сите заедно ме опседнуваат.
18. Ти го оддалечи од мене ближниот и пријателот; моите познати не се гледаат.
ПСАЛМ 88
Утеха за Давидовиот дом во дадениот завет од Бога
1. Милоста, Твоја, Господи, вечно ќе ја воспевам, од род во род ќе ја разгласувам со устата своја Твојата вистина.
2. Зашто рече: милоста е за вечност установена, а на небото Ти ја утврди Твојата вистина.
3. „Јас поставив завет со Моите избраници, му се заколнав на Мојот слуга Давида:
4. за вечност ќе го одржувам твоето потомство, од род во род и ќе го утврдувам твојот престол.”
5. И небото ќе ги прославува. Господи, Твоите чудесни дела и Твојата вистина во собранијата на светиите.
6. Зашто, кој на облаците ќе се споредува со Господа и кој од синовите Божји ќе се изедначи со Господа?
7. Во соборот на светиите Бога Го прославуваат; велик е и страшен за сите што Го окружуваат.
8. Господи, Боже на силите, кој е еднаков со Тебе. Силен Си Ти, Господи, и вистината Твоја е околу Тебе.
9. Ти управуваш со силата морска и силните бранови негови, Ти ги скротуваш.
10. Ти го поразуваш гордиот како ранет, со Твојата крепка рака ги распрснуваш непријателите Свои.
11. Твои се небесата и твоја е земјата; вселената и она, што ја исполнува, Ти си ја основал.
12. Север и југ Ти си ги создал; Тавор и Ермон за Твоето име се радуваат.
13. Силна е Твојата мишка, црвста е раката Твоја, високо е издигната десницата Твоја!
14. Правдата и судот се основа на Твојот престол; милоста и вистината одат пред Твоето лице.
15. Блажени се луѓето, што го познаваат трубниот глас. Тие одат во светлината на Твоето лице, Господи;
16. за Твоето име се радуваат цел ден и со Твојата правда се возвишуваат,
17. зашто Ти си похвала на силите нивни и со Твоето благоволение се издига нашито рог,
18. бидејќи нашата заштита доаѓа од Господа и од светецот Израилев, нашиот Цар.
19. Некогаш Ти си им зборувал на Твоите синови во видение и си рекол: „Јас му дадов помош на силниот, го издигнав избраникот меѓу Мојот народ.
20. Го најдов Мојот слуга Давида; со својот свет елеј го помазав.
21. Раката Моја ќе го застапува, и мишката моја ќе го закрепнува.
22. Непријателот не ќе може ништо да му направи,и синот на беззаконието нема да го измачува.
23. Ќе ги уништам пред него непријателите негови и ќе ги победам оние, што го мразат.
24. И Мојата вистина и Мојата милост се со него, и преку Моето име ќе се возвишува неговиот рог.
25. И ќе ја положам над морето раката негова, и над реките – десницата негова.
26. Тој ќе ме призива: Ти си мој Отец, мој Бог и крепост на моето спасение.
27. И Јас ќе го направам првороден син, повисоко од земните цареви,
28. засекогаш ќе му ја зачувам Мојата милост и Мојот завет со него да биде верен.
29. И ќе го продолжам за секогаш неговото потомство и неговиот престол, – колку деновите на небото.
30. Ако синовите негови го остават Мојот закон и не одат по Моите заповеди;
31. ако ги нарушат Моите наредби и не ги запазуваат Моите повелби,
32. тогаш ќе ги посетам со жезалот поради нивното беззаконие, и со рани – заради неправдите нивни;
33. но милоста Своја нема да ја одземам од него и вистината нема да ја превртам.
34. Нема да го нарушам Мојот завет и нема да го изменам она, што излегло од устата Моја.
35. Еднаш се заколнав во светоста Своја: ќе ги излажам ли Давида?
36. Неговото потомство вечно ќе пребива, неговиот престол ќе биде како сонце пред Мене,
37. засекогаш ќе стои како месечината; и верен сведок е на небото.”
38. Но Ти го отфрли и го презре, негодуваше на Твојот помазаник;
39. го разруши заветот со Твојот слуга, го оскверни светилиштето негово на земјата;
40. ги разруши сите негови огради, ги претвори во урнатини неговите крепости.
41. Го ограбуваат сите што поминуваат по патот; тој стана за потсмев на своите соседи.
42. Ти ја возвиши десницата на неговите противници, ги зарадува сите непријатели негови;
43. Ти му откажа помош на мечот негов и во борбата не го поткрепи;
44. ја одзеде од него чистотата и го урна на земја престолот негов;
45. ги скрати деновите на времето негово и го покри со срам.
46. До кога, Господи, ќе се одрваќа непрестајно? Го кога ќе гори гневот Твој како оган.
47. Спомни си, колкав е векот мој: за каква суета си ги создал сите синови човечки.
48. Кој од луѓето ќе живее, а смрт да не види, и да ја спаси душата од пеколот?
49. Каде се Твоите поранешни милости, Господи, за кои му се заколна на Давида во Твојата вистина.
50. Сети се, Господи, на подбивите од слугите Твои што ги носам во пазувите свои од многуте народи;
51. на подбивите од Твоите непријатели, Господи, со кои ја валкаат трагата на Твојот помазаник.
52. Нека е благословен Господ во сите векови! Амин, Амин!