2. Февруари  (20. Јануари)

 

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЕВТИМИЈ ВЕЛИКИ

Подвижникот од јудејската планинска пустина, слугата Христов, Евтимиј, се роди во ерменскиот град Мелитина, близу реката Еуфрат, околу 377 година, од татко Павле и мајка Дионисија. Родителите му беа многу побожни и угледни луѓе од високо потекло, познати по своите доблести. Тие многу тагуваа, бидејќи долги години немаа свој пород. Постојано одеа во блиската црква посветена на свети Полиевкт и со солзи му се молеа на Господа Христа да се смилува на нив и да им подари рожба. Една ноќ, додека сесрдно се молеа, имаа божествено видение пропратено со зборовите: „Ќе се утешите, и Бог ќе ви даде син, чие име ќе значи утеха, бидејќи со неговото раѓање Бог ќе им даде утеха на црквите свои.“

После тоа видение Дионисија забремени. И пред да се роди детето, тие ветија дека ќе го посветат да Му служи на Бога. Им се роди машко дете и му го дадоа името Евтимиј.

Во тоа време сѐ уште царуваше гонителот на христијаните Валент и сѐ уште црквите Христови немаа мир и спокој, бидејќи аријанците многу ги смутуваа и вознемируваа со својата ерес. Цели четириесет години траеше масовното гонење и злоставување на православните. А кога се роди Евтимиј, целата жалост се претвори во утеха и радост, зашто не поминаа ни пет месеци од неговото раѓање, а злочестивиот цар Валент беше победен од Варварите кои ја зазедоа Тракија. Бегајќи од нив, тој се сокрил во едно село во близина на градот Едрене. Влегол во една плевна и изгорел во неа злочестивиот, со зла смрт, погубен од привремениот оган, кој му беше како предворје на вечниот оган. Со смртта на овој безбожен цар згасна и целата аријанска сила. Наскоро, со доаѓањето на престолот на Теодосиј Велики (379 - 395), на Црквата ѝ беше подарен мирот и спокојството.

Тогаш таткото на Евтимиј си отиде од овој свет, а неговата мајка, вдовицата Дионисија, како што му ветија на Бога, го исполни својот завет, го одведе своето дете Евтимиј кај својот брат, презвитерот Евдоксиј, кој беше духовен отец на епископот на Мелитиската црква, Отриј; предавајќи го своето чедо како што Ана го предаде Самуил на Бога. Евдоксиј го одведе детето кај епископот и му раскажа сѐ за него. Епископот Отриј го прими малиот Евтимиј како свој син и сесрдно се грижеше за неговото воспитување. Го повери на двајца свои благоразумни и добродетелни учители и откако добро ги изучи Божествените Книги, епископот го постави блажениот Евтимиј за чтец, а неговата мајка, блажената Дионисија, која постојано му служеше на Бога, ја посвети за ѓаконица во својата црква.

Свети Евтимиј уште од својата младост водеше строг и девствен живот. Тоа беше познато. Стана монах, поминувајќи ги сите степени по ред, а потоа епископот го ракоположи за презвитер, и му беше поверено старешинството и грижата околу сите манастири во градот. Уште од своето детство тој многу го сакаше монаштвото и молитвеното молчание, и поради тоа најмногу време поминуваше во манастирот на светиот маченик Полиевкт, кој се наоѓаше подалеку од градот. А во деновите на Великиот Пост заминуваше во една пуста гора и таму осаменички, молитвено тихуваше во подвизи и трудови кои само на Бог му се познати. А кога виде дека управувањето со манастирите му го нарушува подвижничкиот духовен живот, тој тајно отпатува за Ерусалим во својата дваесет и девета година. Таму се поклони на Чесниот Крст и гробот Господов, и на останатите Свети Места и се насели надвор од градот, на едно осамено место во една празна ќелија во близина на манастирот Фаре. Ништо немаше кај себе, а се издржуваше од ракоделие и единствената негова грижа беше - како да му угоди на Бога. Во негова близина се подвизуваше преподобниот Теоктист со кого беа многу блиски, бидејќи имаа една волја, една мисла за Бога и еден подвиг. И ја кажуваа еден на друг својата мисла, и едниот беше во душата на другиот, и едниот што ќе посакаше, тоа и другиот го засакуваше, како да се наоѓаше една душа во две тела. И секоја година во осмиот ден по Богојавление одеа во Кутилиската пустина, и таму остануваа сѐ до Цветници, измачувајќи ги своите тела со пост и трудови, а душата ја хранеа со духовна храна. Потоа се враќаа секој во својата ќелија исполнети со огромно богатство на доблести, кои сакаа да му ги поднесат на воскреснатиот Христос. Така проживееја пет години во таа лавра. А кога, пак, по свој обичај, тргнаа во Кутилинската пустина, тие останаа да живеат во источниот дел на Јудејската пустина во еден скалест планински дол, на десет километри од Ерусалим. За живеалиште одбраа една пештера во долината Давор. Живеејќи во таа пештера, тие се хранеа со трева што растеше околу пештерата.

Никој не знаеше за нив и после долго време, кога Бог благоволи да ги покаже на многумина за нивна духовна корист, Он тоа го направи на овој начин: „Еден ден ги забележаа некои овчари што го тераа своето стадо крај потокот, и разгласија за нив. Оттогаш кај нив започнаа да доаѓаат жителите на Лазарија и им носеа храна. Почнаа да им доаѓаат и монасите од нивниот манастир Фаре, кои досега не знаеја каде се наоѓаат тие. Тие ги примаа сите што доаѓаа кај нив и наскоро нивната пештера се претвори во црква, а наоколу изникна монашко општожитие на кое свети Евтимиј му стана главен игумен.

Преподобниот Евтимиј беше лекар на душите, бидејќи сите од браќата му ја откриваа својата совест и ги исповедаа и своите помисли. А тој, многу искусен, сите мудро ги исправуваше, ги поучуваше, ги советуваше татковски и ги раководеше и утешуваше. Тоа беше основата на идниот прочуен Теоктистов манастир кој во 420 година се прослави со едно големо чудо на свети Ефтимиј. Се случи вака:

Еден ден браќата на оваа обител се исплашија од појавата на голема група на вооружени Сарацени, но наместо разбојничкиот главатар, пред нив се појави еден расплакан татко. Шеикот Аспевет дошол да го моли свети Евтимиј да го излекува неговиот син Теревон. Несреќното момче страдало од неизлечива болест од која половина од телото му била исушена. Беспомошни останале напорите не само на најискусните лекари, туку и на прочуените персиски мудрејци и волшебници. Тиштен од мачителната и продолжителна болест, младиот Теревон, еднаш, лежејќи на својот страдален одар, почнал да си мисли: „Ќе настапи ли некогаш олеснување на моите страдања? Послужија ли за нешто лековите на сите грчки и персиски мудрејци? Каде е силата на нашите богови? Никој и ништо нема да ми помогне ако не ми ја испрати својата помош вистинскиот Бог! Боже, голем и страшен, Кој си ги створил и небото и земјата, смилувај се на мојата душа и избави ме од болеста!“ Истоштен од својата телесна и душевна мака бедниот Теревон потонал во трескав сон и имал чудно видение. Кон него пристапил човек со долга прошарана брада, во монашка облека и го распрашувал за неговата болест:

- Ќе се обратиш ли кон Господа ако Тој те излекува?

- Ќе се обратам! - рекло момчето полно со надеж.

- Јас сум Евтимиј и живеам во Јудејската пустина помеѓу Ерусалим и Ерихон. Дојди кај мене и Бог ќе те излекува преку мене!

Кога ја разбраа причината за нивното доаѓање, монасите го повикаа својот игумен, преподобниот Евтимиј, и тој го ислуша расказот на шеикот Аспевет. Великиот старец се доближи до болниот Теревон, се помоли за него, го осени со светиот крст и момчето веднаш оздраве и започна да го слави Бога. Изумените сарацени се фрлија во нозете на Божјиот угодник и го замолија да ги крсти, зашто ја исповедаа верата во христијанскиот Бог. Светителот ги просвети нивните прости души со вистините на верата и откако се убеди во искреноста на нивното обраќање го покрсти целото нивно племе.Шеикот Аспевет го доби името Петар и стана нивен епископ, а неговиот брат стана монах и го подари целото свое богатство, кое преподбниот Евтимиј го употреби за изградба на нови манастири и за помош на бедните. Излекувањето на Теревон и покрстувањето на Сарацените толку ја прославија неговата обител, што свети Евтимиј не можеше повеќе да живее тука. Бог му откри да не го запира доселувањето на оние што бараат спасение и затоа големиот подвижник го постави за игумен преподобниот Теоктист, а самиот тој придружуван од својот ученик Дометијан се повлече во пустината Рува кај Мртво Море. Тука изгради мала црква врз урнатините на Гиркановата крепост, Марда, и поживеа некое време хранејќи се со трева.

Во 423 година Ефтимиј се смести во пустината Зиф, и се насели во истата пештера во која некогаш Давид се криел од Саул (1 Цар. 24:4). Кога го виде тоа место му се допадна и тука подигна манастир. А почетокот на изградбата на манастирот се случи на овој начин: Синот на старешината на селото Аристобула, патеше од нечист дух. Со целиот глас тој го призиваше името на свети Евтимиј, зашто Бог на невидлив начин му беше наредил така. А неговиот татко и сите роднини, ревносно на сите страни започнаа да се распрашуваат за Евтимиј, кој е всушност тој,и каде се наоѓа. И кога дознаа дека се наоѓа во Давидовата пештера, таткото го зеде својот бесомачен син и го одведе кај него. И штом синот го здогледа светителот, веднаш демонот го собори на земјата и излезе од него.

Кога се расчу за ова чудо, дојдоа кај светителот многу луѓе од околните села и му изградија црква со манастир во која тој мнозина обрати кон Христа. И се насобраа браќа и живееја овде, а Бог им обезбедуваше храна. Светителот таму посоветува многумина да се обратат од манихејското зловерие кон Православието, и да го проколнат основачот на ереста Манеса. Бидејќи посетителите многу го вознемируваа, тој му рече на својот ученик Дометијан: „Ајде чедо, да го посетиме отец Теоктист и браќата“. И појдоа. Кога се приближуваа кон општожитието, преподобниот најде во гората едно погодно место за себе, на кое покасно се издигна негова лавра. Блажениот Теоктист многу се израдува на неговото доаѓање и го молеше да дојде да живее во своето место, во општожитието со браќата. Но тој не се согласи, туку отиде во местото кое претходно го одбра, и се насели во една пештера на три милји од Теоктистовиот манастир. Од тука, тој разви огромна душепастирска дејност, како резултат на која за сарацените беше отворена специјална епархија под раководство на споменатиот епископ Петар.

На местото на кое молитвено тихуваше, преподобниот Евтимиј не сакаше да има сожители, и поради тоа тука не основа општожитие, нити градеше лавра, туку сите што му доаѓаа за замонашување, ги упатуваше во манастирот кај преподобниот Теоктист. Исто така и сите дарови што ги добиваше ги испраќаше во тој манастир. Но, кога Бог посака тоа место да го насели со многу монаси, Он во видение му нареди на Великиот Евтимиј да не ги брка од себе оние што му доаѓаат заради спасение. И оттогаш преподобниот започна да ги прима сите кои доаѓаа кај него.

Откако многу се намножи, неговата лавра беше благословена со секое изобилие: напредуваше во целост, зданијата и ќелиите се намножуваа и во црквата секој ден се служеше литургија. Манастирот имаше многу стока заради манастирските потреби. Економот имаше многу работа околу стоката. А пак, во лаврата имаше еден брат по име Авксентиј, родум од Асија, погоден за манастирска служба. Економот го замоли да биде овчар, да ги чува и пасе мазгите и магарињата на лаврата. Но тој одби. Тогаш економот повика двајца презвитери, Јован и Кирион, и тројцата го молеа да се нафати на таа служба, но тој никако не послуша. Тогаш му соопштија на преподобниот за непослушноста на Авксентиј. Преподобниот го повика кај себе и му рече: „Послушај нѐ чедо, и прифати ја службата која ти е предложена“. А тој одговори: „Не можам, чесни оче, од три причини: Прво, јас сум странец, и не го знам овдешниот јазик; второ, страв ми е да не паднам во грев; трето, кога ќе се занимавам со стоката јас нема да бидам во состојба да безмолвувам, осаменички молитвено да тихувам, и да бидам со Бога“. Великиот Евтимиј му рече: „Го молам Бога, никакво зло да не ти се случи при оваа работа, зашто Бог знае дека од страв Божји ќе им служиш на слугите Негови“. Иако светителот го советуваше, сепак Авксентиј остана непослушен. Тогаш преподобниот се разгневи и рече: „Чедо, ние те советуваме за она што е корисно за тебе, а ти не слушаш. Тогаш ќе ја видиш наградата за непослушноста“.

Само што светителот го изговори ова, Авксентиј бесомачен се сруши на земјата, треперејќи и тресејќи се. А присутните отци го молеа светителот да му помогне, и одвај го измолија, та тој го подигна својот крст, и откако го осени со крстниот знак, го исцели. Кога си дојде на себе, Авксентиј падна пред нозете на светителот и го молеше да му прости. Преподобниот го благослови, и му рече: „Ете, сега си здрав, повеќе не греши, за да не ти биде полошо. И така Авксентиј го прифати ова послушание со ревност.

На некои двајца монаси, Марон и Климатиј, им дотегна суровиот живот во лаврата и се договорија преку ноќта да побегнат. Тоа му беше откриено на преподобниот Евтимиј зашто го виде ѓаволот како ги беше зауздал и двајцата, и ги влечеше во замката на смртта. Потоа ги повика кај себе и им зборуваше за трпението. Долго ги поучуваше и ги молеше да се откажат од погубната намера. Започна со примери да им докажува дека насекаде треба будно да внимаваме на себе: „Адам, живеејќи во рајот, ги наруши Божјите заповеди; а Јов седејќи на буништето, ги одржа“. Им ја додаде и оваа порака, велејќи: „Не треба да им обраќаме внимание на лошите помисли кои предизвикуваат мрзоволие и тага, или омраза кон ова место и кон оние што живеат со нас; нити треба да ги послушаме мислите кои нѐ наговараат да прејдеме на друго место, туку секој час треба да бидеме трезвени и да го одвраќаме својот ум од демонските замки, за со преоѓањето на друго место да не го погазиме нашиот устав. Зашто дрвото, кое често се пресадува, не раѓа. Ако некој сака да направи нешто добро на местото каде што живее, но стане немоќен, тогаш нека не мисли дека тоа ќе го направи на друго место, зашто добродетелта зависи не од местото, туку од волјата и верата“.

Слушнете ја приказната која ја слушнав од египетските црноризци: Еден брат живееше во општожитиен манастир во Египет, и често се разгневуваше и возбудуваше, и устата му беше полна со кавга. Обземен од мрзоволие, тој излезе од манастирот и живееше сосема сам, мислејќи си во себе дека ќе престане да се гневи, бидејќи ќе нема со кого да разговара. Еден ден наполни вода во еден сад. Го стави на местото, но тој се претури; по втор пат наполни вода, го стави садот на местото, и тој повторно се претури; истото се случи и по трет пат. А братот, опрелестен од демонот, се разлути на садот, го дофати и го искрши на парчиња.

Кога свети Евтимиј заврши со раскажувањето, Климатиј се насмеа. Старецот го погледна, и рече: „Да не си и ти брате опрелестен од демонот, кога така безумно се смееш? Зарем не си слушнал како Господ ги прекорува оние кои се смеат, а ги нарекува блажени оние кои плачат?“ Го рече тоа, се сврте и си отиде во својата ќелија. Но Климатиј веднаш се струполи на земјата тресејќи се, зашто го зафати некаков страв и ужас. Во тој момент тука се затекна Дометијан. Тој повика неколку отци и влегоа кај преподобниот, и го молеа да му прости на Климатиј. Светителот ги послуша, отиде, го подигна Климатиј и откако го исцели со крсниот знак, рече: „Од сега внимавај, и води сметка за зборовите на отците, како за зборови Божји, и биди целиот наоколу, како што се вели за Херувимите, будно чувајќи се себе насекаде, зашто среде замки одиш. И откако така ги поучи браќата, и ги посоветува двајцата што се беа договориле да бегаат, ги отпушти поправени, во нивните ќелии.

Со големо сесрдие свети Евтимиј содејствуваше во решенијата на Третиот Вселенски Собор во Ефес во 431 година, против Несторијанската ерес.

За преподобниот отец Евтимиј, неговиот ученик Киријак Отшелник го раскажа ова: Никогаш не го видовме да јаде, освен во сабота и недела, ниту да разговара со некого, освен од голема потреба. Исто така, никогаш не го видовме да се одмара лежејќи, туку тоа го правеше седејќи и помалку дремејќи, а понекогаш стоејќи и држејќи се со двете раце за јаже, кое заради тоа беше растегнато во еден агол. Малку сон му даваше на телото, и во сонот ги изговараше зборовите на Арсениј Велики?: „Оди, зли слуго!“ Во животот се угледуваше на овој преподобен Арсениј, и со наслада слушаше за него од браќата кои доаѓаа од Египет.

Атанасиј, кој беше садочувар во црквата „Свето Воскресение Христово“ во Ерусалим, сакаше да го види великиот Евтимиј. Зеде со себе свои пријатели, ерусалимски клирици, и тргна на пат. А свети Евтимиј, го провиде со Духот нивното доаѓање, го повика економот на лаврата Хрисип, и му рече: „Подготви се да дочекаш гости, зашто ни доаѓа патријархот Ерусалимски“. Кога пристигнаа гостите, преподобниот го дочека Анастасиј како патријарх, и така и разговараше со него. А сите присутни се чудеа на тоа. Тогаш му пријде економот Хрисип и му шепна на увото: „Чесни оче, овде не е патријархот, туку Анастасиј, садочуварот“. А светителот се зачуди, и рече: „Верувај ми, чедо, јас ете, го гледам облечен како патријарх, и белким не се лажам, зашто кого Бог однапред ќе го подготви, него и го поставува. Овие зборови на преподобниот ги слушнаа сите присутни. Така и се случи, покасно Анастасиј стана патријарх.

Теревон, синот на епископот Петар, викан Аспевет, иако подолго време беше во брак, немаше деца бидејќи неговата жена беше неротка. Затоа тој ја доведе кај чудотворецот Евтимиј и го молеше велејќи: „Оче, знам дека Бог ќе ги услиша твоите молитви, зашто ја исполнува волјата на оние кои Му се бојат. Ја молам твојата светост, помоли се за нас на човекољубивиот Бог да ја разреши бесплодноста на мојата сопруга, и нам да ни даде пород“, Светителот три пати ги благослови со знакот на светиот крст и им рече: „Бог ви дарува плод, зашто ќе добиете три сина“. И навистина се исполни пророштвото на преподобниот.

Во тоа време настапи силна суша. И сите го молеа свети Евтимиј да се помоли на Бога, и да измоли дожд. Но тој одбиваше. Настапи празникот Богојавление Господово и се наближуваше денот кога светителот по свој обичај одеше во пустината и остануваше таму сѐ до Цветници. Тогаш се слеа целиот народ од Светиот Град и околните села, носејќи крст и викајќи: „Господи помилуј!“ И дојдоа кај великиот Евтимиј, и не му дозволуваа да отиде во пустината, додека не го умоли Бога да им испрати дожд. Кога го слушна нивното запомагање, преподобниот излезе пред нив и им рече: „Што барате од грешен човек? Зашто јас, деца, немам смелост да се молам на Бога за дожд. Грешен сум, та и мене самиот, повеќе отколку на другите ми е потребно Неговото милосрдие. Зашто нашите гревови нѐ раздвојуваат од Бога; ликот Негов го осквернивме; Црквата негова ја намразивме, робувајќи им на нагоните и разните страсти. Затоа Бог ни ја пушти оваа казна за да се поучиме од неа и да се покаеме“. Но народот со една уста повика: „Оче, ти сам помоли се за нас. И веруваме дека Бог ќе ја услиши твојата молитва, зашто ја исполнува волјата на оние кои Му се плашат“.

Измолен вака, преподобниот ги поведе со себе присутните отци, појде во црквата, и им заповеда и на луѓето да се молат. И паднат ничкум во црквата, со солзи го молеше Бога да се смилува на своите створенија, и да ја посети земјата со милост и доброта, и да ја напои со дожд. И додека тој се молеше, дувна јужен ветар, целото небо се наоблачи и заврна силен дожд. Светиот стана од молитвата и му рече на народот: „Ете, Бог ги услиша вашите молитви и ќе ја благослови оваа година, повеќе од многу други години. Затоа потрудете се и вие да му угодите Нему, со добри дела, зашто Он ја изли милоста Своја на вас“. И така ги отпушти. И силен дожд паѓаше многу денови, та светителот по својот обичај не можеше да отиде во пустината. И беше благословена со изобилен род таа година повеќе од сите други години како што рече светителот.

Потоа беше свикан Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон, против злочестивиот Александриски патријарх Диоскор. Во тоа време преподобниот Евтимиј беше на 75 години. На тој собор зедоа учество некои од неговите ученици кои се беа удостоиле со епископски чин:

-Епикопот Јанински, Стефан, и епископот Сараценски, Јован, кој го наследи Петар Аспевет. Тие ги запишаа преданијата на Халкидонскиот собор и му ги донесоа на својот отец свети Евтимиј. Тој ги прифати и пофали овие преданија како православни. И веднаш дознаа сите монаси во Палестинската пустина, од кои многумина од нив веруваа неправославно, дека Евтимиј Велики е приврзаник на Халкидонскиот собор.

Во тоа време во Палестина дојде некој Теодосиј по обличје монах, а по расположение нечестивец, приврзаник на Евтихиевата ерест. Тој се потсмеваше на светиот Халкидонски Собор, зашто божем на овој Собор била отфрлена догмата на правата вера. Тогаш во Палестина се наоѓаше царицата Евдокија, сопруга на благочестивиот цар Теодосиј Младиот која по смртта на својот сопруг живееше по светите места. Овој еретик Теодосиј ја прелага, и таа го отфрли Халкидонскиот Собор. Заведе и многу монаси и пустински отци и ги направи свои истомисленици. Потоа заедно со нив кренаа бунт против патријархот Јувеналиј и го наговараа да го отфрли Халкидонскиот собор. А кога тој не се согласи го симнаа од престолот и тој отиде во Цариград кај царот Маркијан. Тогаш еретикот Теодосиј, имајќи ја како помошник царицата Евдокија и силата на монасите заслепени со ереста, го зазеде престолот на патријархот и многу маки им задаваше на православните. Многумина што не се согласуваа со него ги истера, некои измачи и уби. И ги придоби сите палестински монаси, освен оние што беа во манастирите на свети Евтимиј, кои цврсто стоеја во Православието. А пак лажниот патријарх Теодосиј многу се трудеше да го придобие за себе преподобниот отец Евтимиј и започна да му се заканува на разни начини.

Кога на светителот му здодеаја секојдневните лукави пораки на Теодосиј, тој ги собра браќата и откако ги советуваше добро да се чуваат од ереста и да останат цврсти во Православието, отиде во пустината. Така постапија и многумина од браќата. Угледувајќи се на својот отец и тие се оддалечија во пустината.

Тогаш во Јорданската пустина имаше еден пустиник неодамна дојден од Ликија по име Герасим. Тој ги беше поминал сите правила на монашкиот живот и успешно се бореше со нечистите духови. Но беше сплетен и прелаган од видливите демони - еретиците, зашто западна во ереста на Евтихиј. Кога слушна за преподобниот Евтимиј кој се славеше на сите страни, тој дојде кај него. Кога го виде, остана долго време со него и ја нахрани својата душа со корисни зборови и поуки за Православието, па ја отфрли еретичката заблуда и се врати во правата вера.

Немирот што настана од страна на еретиците во Палестина, преку Теодосиј, траеше цела година. Потоа благочестивиот цар Маркијан нареди лажниот патријарх Теодосиј да биде фатен и суден, но кога тој дозна за тоа побегна и се сокри во Синајската Гора. Тогаш преподобниот Евтимиј се врати од пустината во својата лавра.

Во една прилика, кога преподобниот Евтимиј служеше света литургија, сареценот Теревон и братот Хрисипов, евнухот Гаврил, за време на Трисветата песна видоа како оган слезе од небото и го опкружуваше светителот: светиот беше во огнен столб, стоејќи пред светиот престол, сѐ до завршувањето на службата. И самиот светител им раскажуваше еднаш на некои од браќата, дека често гледал ангели како служат литургија заедно со него. Свети Евтимиј го имаше и овој дар: со својот телесен вид го прозираше внатрешното движење на духот и ги распознаваше и добрите и лошите помисли.

И кога браќата се причестуваа со големите Тајни, тој знаеше кој со каква душа се причестува; зашто оние кои достојно пристапуваа ги гледаше како се просветлуваат од причеста, а оние кои недостојно се причестуваа ги гледаше како се помрачуваат и во лицето стануваа како мртовци. Затоа не престануваше со апостолски зборови да ги поучува сите браќа:

- Браќа, добро внимавајте кога сакате да се причестите; секој од вас нека се испитува себеси, и така нека јаде од Лебот, и од Чашата нека пие; зашто кој недостојно јаде и пие, судот свој го јаде и пие (1 Кор. 11, 28-29). Зашто Светињите се припремија за светите, а не за осквернетите. И сите кои имате чиста совест, пристапете кон Него и просветлете се и вашите лица нема да се посрамат (Пс. 33,6).

Пресветиот патријарх Јувеналиј повторно го зазеде својот престол, а царицата Евдокија заведена во ереста од Теодосиј се двоумеше не знаејќи која вероисповед да ја држи. Затоа му испрати писмо на преподобниот Симеон Столпник, барајќи од него да ја советува и да ја упати. А тој ѝ возврати вака: „Знај дека ѓаволот, гледајќи ги твоите обилни дела измолил допуштање и преку оној погубен Теодосиј ја расипал твојота богољубива душа. Но, не плаши се, зашто твојата вера не престана. А јас се чудам само на една работа: Ти во близина имаш извор и го превидуваш, а се трудиш од далеку да дофатиш вода; во близина го имаш божествениот Евтимиј, затоа послушај го неговото учење и ќе се спасиш“.

Штом го доби писмото од преподобниот Симеон, царицата веднаш започна да се распрашува за блажениот Евтимиј. Откако го пронајде, падна пред неговите нозе, и рече: „Сега разбирам дека Бог ја посетил мојата ништожност“. Старецот ја поучи колку што е потребно за правоверието и ѝ нареди да бара прошка од патријархот Јувеналиј на кому порано му се противеше. А таа веднаш поита и се помири со пресветиот Јувеналиј и јавно се одрече од ереста. Кога го видоа тоа, многумина мирјани и црноризци кои беа заведени од Теодосиј се обратија во правоверието, по примерот на царицата.

Кога преподобниот Евтимиј имаше осумдесет и девет години во неговата лавра дошол блажениот Сава, сѐ уште млад. Старецот го примил и го испратил во манастирот кај преподобниот Теоктист, и пророкувал за него, дека наскоро ќе засјае во монашкиот живот посилно од другите. Така и се случило, што очигледно се гледа во житието на свети Сава Осветен.

Деведесет и шест годишниот преподобен Евтимиј ја дозна близината на својата смрт пред почетокот на Великиот пост. На браќата кои по обичај се собраа да го испратат во пустината, зашто тој секогаш Великиот пост го поминуваше сам во пустината, им рече: „Нема да излегувам во пустината. Ќе ја поминам со вас првата седмица, а во сабота на полноќ ќе си заминам од вас“. Почина на 20 јануари 473 година. Неговиот последен совет кон своите монаси беше:

- Пред сѐ имајте љубов помеѓу себе, зашто, што е солта за храната, тоа е љубовта за добродетелта; добродетелта се препознава преку љубовта и смирението. Внимавајте, пазете на чистотата на вашите души и тела! Пазете го уставот на Светата Црква! Помагајте им на страдалниците! Ако падне во искушение некој од браќата, помогнете му, поткрепете го! Вратите на манастирот да бидат отворени за бедните и странците! Сѐ што имате делете го со нив, и Господ нема да ве остави со Својата милост!

Веста за неговото упокојување веднаш се разнесе по цела Палестина. Се собраа монасите од сите манастири и од пустината, а меѓу нив беше и свети Герасим Велики. Се насобра и многу народ, а дојде и пресветиот патријарх Анастасиј со својот клир, и достоинствено го погребаа неговото свето пречесно тело.

Блажениот Дометијан, ученикот на великиот Евтимиј, кој му служеше преку педесет години, не се оддалечи од гробот на својот отец шест дена и ноќи, а на седмиот ден му се јави преподобниот Евтимиј со пресветло лице и му рече: „Ајде, спремен е твојот покој, зашто Господ Христос е измолен да бидеш со мене“.

Дометијан се исполни со неискажлива радост, им соопшти на браќата за тоа и го предаде својот дух на Господа. Го погребаа покрај својот отец. По претставувањето на преподобниот отец Евтимиј, од неговиот гроб се случуваа многу чудеса и исцеленија. За нив опширно пишува блажениот Кирил Црноризец, кој го има напишано ова житие. По молитвите на преподобниот Евтимиј Велики, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ нас грешните, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ВАС, ЕВСЕВИЈ, ЕВТИХИЈ и ВАСИЛИД

Овие четири маченици пострадале во времето на царот Диоклецијан. Тие биле многу имотни луѓе, и членови на Сенатот. Пристапија кон верата Христова и го примија светото крштение, откако виделе како светиот маченик Теопемт, епископот во градот Никомидија, јуначки ги поднел маките од неверните и извршил чудеса со силата Христова.

Затоа биле изведени пред царот. Жестоко биле мачени сѐ додека не починале. Свети Вас бил закопан до појасот во земјата, па му ги отсекле рацете, па потоа трупот и така тој го предал својот дух. Свети Евсевиј бил обесен со главата надолу, па со секира бил сечен парче по парче, додека не починал. Свети Евтихиј бил распнат со рацете и нозете меѓу четири столба, па исечен на три дела и така блажено пострадал. На свети Василид со меч му го расекле стомакот. И така сите четворица примиле маченички венец во 303-та година.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ИНЕН, РИМ И ПИН

Овие свети маченици се родум од северните краеви. Беа фатени од идолопоклониците и изведени пред кнезот на таа земја. Откако пред него ја исповедаа верата во Христа, беа осудени да бидат замрзнати во езерото. Затоа најпрвин ги врзаа за цврсти и високи колци, па ги забија колците среде реката за време на силен студ. Водата околу нив постепено се замрзна од мразот и така тие намачени, замрзнаа во ледот и го предадоа својот дух во рацете Божји, и примија маченички венци. Пострадаа во вториот век.

СПРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ЗАХАРИЈ

Захариј бил ќурчија во Стариот Патрас Пелопонески. Уште во рана младост поради некаква причина се одрекол од Христа и се потурчил. Но кај себе тој ја имаше книгата „Спасение на грешникот“, која често ја читаше кришум. Со текот на времето кај него се роди чувството на силно покајание и тој горко започна да ги оплакува своите гревови, и од сѐ срце му се молеше на Господа Христа да го удостои на спасение. Дознавајќи од еден пријател дека во градот живее еден добродетелен и искусен духовник, тој отиде кај него и го исповедаше својот грев и својата одлучна намера да се објави за христијанин, и да го исповеда Христа, на истото место, каде што и се одрекол од Него. Духовникот му рече: „Иако твојата намера е многу искрена и јака, сепак не треба веднаш да ја спроведеш во дело, зашто ѓаволот често пати ги прелажува луѓето преку добрите намери. Затоа чедо мое, потребно е да дознаеме дали твојата намера е од Бога. Врати се дома, затвори се, помини четириесет дена во пост и молитви, и читање на онаа книга што ја имаш. И јас ќе го правам истото во својата ќелија, од љубов за тебе“.

Захариј со радост го прими советот од отецот, духовник. Се затвори, и веднаш од сѐ срце започна да го исполнува духовниот налог. Откако поминале дваесет дена, Захариј, исполнет со безгранична љубов кон Господа Христа и желба и животот да го даде за Него, отиде кај својот духовник, и му рече:

- Оче, благослови ме да одам во мачеништво, зашто не можам повеќе да го издржам огнот кој ми гори во срцето.

Но, духовникот му бранеше и му рече дека сѐ уште не е дојдено време за тоа. Ова одвраќање многу го растажи Захариј, и воздивнувајќи длабоко, му рече на својот духовник:

- Оче, ти си мудар човек, а ми зборуваш како да сум дете. Та јас целиот себе си се посветив на мојот Христос, и повеќе не припаѓам на себе. Толку чезнеам да бидам мачен за Христа, та еве со својата душа сакам да примам најстрашни и најмногубројни маки за Него. Затоа те молам: дај ми го својот благослов да одам на мачеништво зашто не можам повеќе да го поднесам огнот кој го чувствувам во моето срце.

Тогаш духовникот му изнесе благодарност на Бога што толкава благодат изли на Захариј. Му прочита проштални молитви, го помаза со миро и го причести со Светите Тајни. Откако така го нахрани со небесна храна и го наоружа со духовно оружје, тој го прочита Молебниот канон на Пресвета Богородица. Потоа го осени со крсниот знак, го благослови, и го испрати на маченички подвиг. Захариј ја целиваше неговата десница, отиде во својата работилница и го раздаде својот имот на сиромасите. Кај себе задржа само пет гроша, и со брзање се упати кај судијата.

Кога влезе кај судијата, тој како негов добар познаник го отпоздрави на неговиот поздрав велејќи му: „О, добро ми дојде Мемете! Повели, седни и кажи ми како си“. Захариј слободно и јасно му рече: „Јас не сум Мемет, туку Захариј! Некогаш сум се одрекол од Христос, нашиот вистински Бог, во кого сум верувал од раѓање и сум ја примил вашата вера; но сега, бидејќи си дојдов на себе и се осознав, јас ја отфрлам вашата вера и се облекувам во Христа, од кого сум се одрекол. Затоа те молам земи ги овие пари и дај ми потврда дека и јас спаѓам во рајата, како и останатите мои браќа христијани“. Судијата многу се изненади и му рече: „Чедо мое Мемете, ако си западнал во некоја неволја, јас сум спремен да ги повикам агите, па обилно да ти помогнеме, само ти довери ми се слободно“. Захариј му одговори: „Ефендија, јас го продадов целиот свој имот и го раздадов како милостиња, и мене не ми се потребни пари“. Судијата му рече: „Тогаш ништо друго нема посреде, туку ти си пијан“. Захариј одговори: „Верувај ми, веќе три дена не сум вкусил ни леб ни вода, ниту пак сум го испил вообичаеното кафе. Причина за тоа е она што ти го реков на почетокот. Затоа земи ги парите и дај ми потврда дека сум раја“.

Кога виде дека Захариј е непоколеблив во својата одлука, судијата го извести управникот на градот за тоа и веднаш го ставија во темница. Кога се уверија дека тој не го менува своето мислење, наредија жестоко да го тепаат сѐ додека не се врати во нивната вера или не издивне во маките. Притоа наредија да не падне капка крв од маченикот, за да не започнат христијаните, земајќи ја натопената земја со крв да прават буна и неред, и да ги обвинуваат дека ги понижуваат и ја гонат нивната вера.

Го тепаа маченикот Христов со стапови и со камења по градите и стомакот. А тој остана цврст и непоколеблив во својата вера во Христа, се радуваше и веселеше, и во себе си велеше: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене отпадникот Твој, и помогни ми!“ А пак едно попладне толку страшно беше мачен што блажениот маченик немаше повеќе сила да ја говори молитвата, туку само со очите гледаше во небото за време на мачењето. После тоа беше наредено таа ноќ Захариј да биде мачен додека не умре. Утредента христијаните дознаа дека светиот маченик се упокоил и го славеа Бога радувајќи се.

Архијерејот ги побара неговите свети мошти за христијаните да ги погребаат достојно. Но, управникот му рече: „Покојникот не беше ниту ваш, ниту наш, бидејќи се одрече и од двете вери. Затоа не е достоен да биде погребан“. И веднаш им нареди на двајца војници да го врзат неговото тело за нозете, да го одвлечат и да го фрлат во еден пресушен бунар близу црквата „Света Троица“. Наредната ноќ христијаните видоа небесна светлина над бунарот и отрчаа и му се поклонија на светото тело на маченикот. Кога дознаа за тоа Турците, веднаш го затрупаа бунарот со земја и камења. И така светителот остана затрупан во бунарот. Свети Захариј пострада во 1782 година. По неговите молитви нека Господ нѐ помилува и спаси, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТИРС И АГНИЈА

Од љубов кон Христа пострадале маченички.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ЦАР ЛАВ ВЕЛИКИ

викан Макела

Тој бил прв меѓу владетелите крунисан во црква, од страна на патријархот Анатолиј. Царувал од 457 до 474 година и бил голем ревнител на верата православна, а особено на Халкидонскиот Четврт Вселенски Собор.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА АНА

Света Ана пострадала за Христа во Рим.