3. Февруари (21. Јануари)
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МАКСИМ ИСПОВЕДНИК и МАЧЕНИК
Голем и по името и по животот, преподобниот Максим се роди во Цариград, околу 580 година, од благородни православни родители. Многу се школуваше ја проучи целата философија и богословие и стана маж, премудар и славен. Гледајќи ја неговата образуваност и мудрост, царот Ираклиј го постави за прв советник во својот Царски Сенат, иако тој се противеше на тоа. Беше многу омилен и угледен во Сенатот, и на целата престолнина ѝ беше од голема корист.
Но, поради неговата неизмерна љубов кон Бога и неговото несогласување со некои работи на царскиот двор, тој ја напушти својата висока функција и замина во манастир. Најпрвин стапи во манастирот Филипик во Хрисопол. Не остана долго време во тој манастир поради нападот на персиските војски, туку наскоро премина и остана во манастирот свети Георѓиј, во местото викано Кизик, во Хелеспонт. Во овој манастир тој помина повеќе години во големи телесни и духовни подвизи. Во 626 година, при нападот на Цариград и неговата околина од страна на Персијците и Аварите, преподобниот Максим беше принуден да го напушти и овој манастир, како и останатите негови браќа. Заедно со својот послушник Анастасиј, кој оттогаш го следеше неразделно сѐ до смртта, отиде на островот Крит. Таму имаше многу препирања со некои епископи монофизити, таканаречени севсријани.
Во тоа време многу се беше распространила монофизитската ерес. Од оваа ерес во времето на свети Максим се појави нова монотелитска, која погрешно учеше дека во Господа Христа постои само едно дејство, една енергија, и само една волја и една желба. Заштитници и распространувачи на оваа ерес најпрвин беа цариградскиот патријарх Сергиј, патријархот Александриски Кир и самиот цар Ираклиј. Преку оваа ерес царот и тогашниот патријарх Александријски Кир сакаа да им угодат на еретиците монофизити и врз основа на таа ерес да ги соединат православните со монофизитите. На ваквото предавство на Православната вера, одлучно се спротивставија свети Максим и монахот Софрониј, покасно патријарх Ерусалимски. Штом го зазеде престолот, патријархот Софрониј веднаш свика собор таму, на којшто беше осудена оваа ерес.
И во своето писмо кое светиот патријарх им го подели на сите патријарси, го изложи православното светоотечко учење.
А пак во Картагена, борбата против монотелитството ја водеше свети Максим со своите ученици. По кратко време во Ерусалим се упокои свети Софрониј и свети Максим остана сам, единствен борец против монотелитството. Тогаш ересите зазедоа голем замав не само во Цариград туку и по целиот Исток. Додека го гледаше тоа, ава Максим многу тагуваше и плачеше.
Во тоа време умре еретикот патријарх, Сергиј, и на негово место дојде Пир, исто така приврзаник на монотелитската ерес.
Умре и царот Ираклиј и на престолот застана неговиот син Константин. Но тој царуваше само четири месеци, зашто тајно беше отруен од својата маќеа. Потоа неговата маќеа со помош на патријархот, успеа на престолот да го доведе својот син Ираклион. Но, по шест месеци се крена целиот Сенат против него и неговата мајка Мартина, ги фатија, им ги отсекоа носовите и осрамотени ги испратија на заточение. Тогаш за цар го избраа синот на Константин, а внук на Ираклиј, Констанс, кој потоа доби син Константин, викан Погонат. Кога се зацари Констанс, тогашниот патријарх Цариградски Пир се исплаши, се одрече од престолот и доброволно замина на прогонство во Африка. После него престолот го зазеде Павле, исто така еретик монотелит. Со таа ерес се зарази и царот и стана нејзин голем поборник и распространувач.
Откако го напушти престолот, Пир дојде во Африка и започна да ги обиколува градовите и селата заведувајќи ги православните во своето зловерие.
А пак свети Максим, кој во тоа време се наоѓаше во Африка (Картагина), успеа да ги организира православните и да им се спротивстави на еретиците. И многу штета ќе ѝ нанесеше на Црквата Христова таму овој еретик Пир, ако немаше свој одлучен противник во ликот на преподобниот Максим. Затоа сите жители на Африка и на блиските острови го почитуваа свети Максим како свој наставник и водач.
Преподобниот патуваше многу, надвор од земјата и беше во контакт со епископите. Главен настан во времето од неговото делување во Африка беше дискусијата со овој Пир, којшто упорно ја распространуваше ереста. Тие со часови и часови се препираа околу верата. И се појави потреба во Картагина да се свика собор на афричките епископи за да го слушнат нивниот спор. Во овој картагински спор красноречието на богомудриот Максим успеа да го победи Пир, кој се откажа за извесно време од монотелитството, но подоцна стравот од гонењето повторно го врати во ереста, и заедно со своите истомисленици заслужи да биде предаден на анатема од страна на светите отци, што покасно и се случи.
Во тоа време Цариградскиот патријарх Павле, еретик, го наговори царот Констанс, та напиша исповедање на својата вера, преполно со ереси, го нарече Типос, што значи Образец и го испрати на сите страни, со наредба дека така треба да се верува и дека не смее да се расправа за тоа.
Типосот стигна и до Рим, кога папата Теодор беше веќе на умирање. Откако умре, папа стана блажениот Мартин во 648 година. Царот изрази желба новиот папа да го усвои неговиот Типос за верата. Но, тој го одби тоа говорејќи: „Кога и целиот свет би се согласил да го прими ова ново учење, кое е спротивно на православното, јас нема да го прифатам и нема да отстапам од евангелското и апостолското учење на светите Отци, па макар да ме осудиш на смрт“. А свети Максим, познатиот богослов, тогаш беше во Рим и тука имаше големо влијание и уживаше огромна почит. Тој го посоветува блажениот Мартин да свика помесни собори, и царевото вероисповедување, викано Типос, соборно да биде проколнато како еретичко и спротивно на Црквата Христова. Така и се случи. На овој Собор беше осудена оваа еретичка заблуда. Решенијата на овој Латерански собор со спроводно послание на папата беа испратени насекаде до христијаните, утврдувајќи ги во Православието и осудувајќи ја еретичката заблуда.
Но тогаш заштитниците на Православието претрпеа сурови казни како непокорници на царската волја. Со воена принуда папата Мартин беше одведен во Цариград и после брзо судење испратен на заточение, каде што и почина. Истовремено го одвлекоа и свети Максим заедно со својот ученик, Анастасиј. Го дофатија бездушно, па онака окован, босоног, започнаа да го влечат по улиците, а по него одеше неговиот ученик тешко воздивнувајќи. Го довлекоа преподобниот до една смрдлива темница и го затворија во неа сам, без својот ученик. Во Цариград тој беше суден како државен престапник кој што го нарушува црковниот и граѓанскиот мир. Какви лажни и неосновани обвинувања беа изнесувани тогаш против светиот Максим, и какви лаги сакаа да протуркаат како вистини, ни покажува ученикот на преподобниот Максим, вториот Анастасиј, опишувајќи го сето тоа подробно. Ние ќе изнесеме само кратко.
Штом го изведоа пред Сенатот, сенаторот - ризничар започна со најсурови зборови да го предизвикува и со закани да го заплашува незлобивиот, нарекувајќи го беззаконик, предавник на царот... дури се потруди да донесе и лажни сведоци по многу обвиненија. По многубројните расправи и судења, и после долгите и тешки мачења на коишто беше подложен, исповедникот кратко заврши: „Му благодарам на мојот Бог, што сум измачуван за престапи што не сум ги направил! Со тоа нека се измијат моите прегрешенија!“
Светските заштитници на ереста - императорот и дворските сенатори, беа многу озлобени зашто преподобниот Максим цврсто го одрекуваше правотото на императорот да се занимава со догматите на верата. Долго и упорно тие спореа со него и кога видоа дека тој стои на цврсти нозе во одбраната на Православието, издадоа пресуда за негово прогонство во областа Визија во Тракија. Неговиот ученик Григориј исто така го испратија на заточение и тоа во најоддалечената покраина на царството, во некое озлогласено место, викано Первер. Истото го направија и со вториот негов ученик Григориј од Рим, кој го напиша неговото житие. Него го испратија во тракискиот град Месемврија. И во заточението тие продолжија да го понижуваат и угнетуваат преподобниот, преместувајќи го од еден затвор во друг.
Во исто време во Цариград го доведоа блажениот Мартин и откако многу го мачеа, го испратија во прогонство во Херсон. Додека тој сѐ уште беше во Цариград, умре патријархот цариградски Павле. На престолот го наследи споменатиот Пир. А кога по четири месеци умре и тој, на престолот стапи Петар, исто така приврзаник на монотелитската ерес, кој настојуваше да го придобие за себе папата Евгениј Први.
Помина долго време и царот заедно со патријархот испратија угледни луѓе кај преподобниот Максим: Теодосиј, епископ на Кесарија Витиниска и двајца патриции, Павле и Теодосиј. Ги испратија за да го придобијат преподобниот за своето едномислие.
По долгиот разговор и расправање, богомудрата и богоглаголива уста на преподобниот Максим, водена од Светиот Дух, ги победи своите противници. Тие долго молчеа со наведнати глави. Потоа ги обзеде умиление и започнаа да плачат. Станаа, му се поклонија на светителот и со радост ѝ пристапија на православната вера. Тогаш епископот Теодосиј со двајцата патриции се врати во Византија. Кога му соопштија за тоа на царот, тој многу се разгневи, та тие од страв пак ѝ се вратија на ереста. Патрицијот Павле го испратија во Визија за да го доведе преподобниот Максим.
Откако повторно беше донесен во Цариград, му дозволија да живее во манастирот свети Теодор. Потоа царот испрати кај него двајца патриции, Епифаниј и Троил. Со нив појде и епископот Теодосиј. Него, преподобниот и го очекуваше. Зашто требаше да го исполни ветувањето што претходно му го беше дал: не само тој да верува православно, туку и царот и други да приведе кон Православието. Но тој излага, угодувајќи му повеќе на земниот цар, отколку на небесниот Цар и неговата света Црква.
Кога дојдоа кај преподобниот, веднаш започнаа да го тераат ка го прифати сето она што го бара царот од него. А светителот им одговори: „Радо ќе се согласам со сѐ што ќе ми нареди царот, ако тоа не е спротивно на Бога и не е штетно за вечното спасение на душата. Троил веднаш стана, и рече: „Јас си заминувам зашто гледам дека овој нема да ја исполни волјата на царот“. Откако го смирија, Епифаниј му рече на преподобниот: „Преку нас царот ти порачува и вели вака:
- Бидејќи цел Исток, и оние на Запад, наши противници и расколници гледаат во тебе и се бунат поради тебе, несакајќи да се соединат со нас во верата, нека Господ го омекне твоето срце со умиление, да ни се придружиш и да го усвоиш Типосот кој ние го составивме. А ние ќе те примиме со големи почести. Зашто цврсто сме убедени дека ако ти прејдеш во оваа света цариградска црква, ќе пристапат и сите кои поради тебе и твоето учење се оттргнаа од нас“.
Свети Максим, обраќајќи се кон епископот Теодосиј, со солзи рече:
- Сите нас нѐ чека големиот Суден Ден, владико. Ти знаеш што договоривме и утврдивме пред светото Евангелие и животворниот Крст и светата икона на нашиот Спасител Исус Христос и неговата Пречиста Мајка, Пресвета Богородица. Епископот го спушти погледот, и одговори кратко:
- Што можам да сторам јас, кога благочестивиот цар сака поинаку?
Ава Максим рече:
- Зошто тогаш ти и оние со тебе го целивавте светото Евангелие за потврда, кога сте немале цврста намера да го спроведете во дело тоа што го зборувате? Навистина, сите небески сили нема да ме наговорат да го направам она што го бара царот. Зашто каков изговор ќе дадам не само на Бога туку и на сопствената совест, ако поради слава и човечка почит, кои всушност се ништо, се одречам од правата вера, која ги спасува оние кои ја љубат?
Кога го рече тоа светителот, скокнаа сите, бесни од лутина, се нафрлија врз него и започнаа не само да го грдат туку и да го удираат. Го зграбија, го тепаа, туркаа, клоцаа, му ја искинаа облеката, и сигурно ќе го убиеја ако не ги спречеше епископот Теодосиј. А кога престанаа да го тепаат, започнаа да го плукаат и цел го исплукаа, човекот Божји. А епископот им рече:
- Ова не требаше да се случи, туку требаше да се чуе неговиот одговор и да се извести царот.
Тогаш патрицијот Епифаниј, сурово му рече на светителот:
- Кажи ни зол старче, зошто го рече она? Сите нас заедно со царот нѐ сметаш за еретици? Откако долго спореа со него, си заминаа гневни.
Утредента рано дојде кај преподобниот патрицијот Теодосиј, му ги одзеде сите книги што ги имаше, повторувајќи ги зборовите на царот:
- Штом не сакаш почести, тогаш оди во прогонство кое си го заслужил. И го предаде на војниците. Тие го одведоа во Первер и таму го фрлија во темница.
Во 662 година, блажениот повторно беше изведен на суд и обвинуван. После недела дена го одведоа во царската палата заедно со своите двајца ученици. И започнаа да ги испитуваат за разни работи. А светителот им одговори:
- Веќе реков, и повторно ќе кажам дека ниедно од овие обвинувања не може да биде вистина, како што сатаната не може да биде Бог. Сепак, што сакате да правите, ајде правете. Јас не се плашам од маките, бидејќи благочестиво го почитувам Бога. Троил го праша:
- Зарем не го анатемиса Типосот? Старецот одговори:
- Ви реков повеќе пати, дека го анатемисав. Троил му рече:
- Ако си го анатемисал Типосот, тогаш си го анатемисал и царот. Преподобниот одговори:
- Јас не го анатемисав царот туку списот што ѝ е туѓ на православната и црковната вера. Троил запраша:
- Каде го анатемиса? Свети Максим одговори:
- На помесниот собор во Рим, во црквата на Спасителот и Пресвета Богородица. Тогаш го праша епархот:
- Дали си во заедница со оваа црква или не? Светителот одговори:
- Не сум во заедница. Епархот праша:
- Зошто? Светителот одговори:
- Затоа што ги отфрли православните Собори. Епархот му рече:
- Ако нашата Црква ги отфрлила Соборите, како тогаш се наоѓаат во календарскиот диптих? Светителот одговори:
- Каква е користа од нивните имиња и спомнување, кога догматите нивни се отфрлени? Епархот праша:
- Можеш ли јавно да ни покажеш дека сегашната црква ги отфрлила догматите на претходните свети Собори? Старецот одговори:
- Ако побарате, можам да ви покажам.
Бидејќи настана тишина, ризничарот го праша преподобниот:
- Зошто ги сакаш Римјаните, а ги мразиш Грците? Светителот одговори:
- Од Бога имаме заповед, никого да не мразиме. Римјаните ги сакам, затоа што ми се едноверни. Грците ги сакам, затоа што имаат исти јазик со мене. Ризничарот го праша:
- Колку години имаш? Светителот одговори:
- Седумдесет и пет. Овој го праша:
- Колку години е со тебе твојот ученик? Светителот одговори:
- Триесет и седум. Тогаш некој клирик довикна:
- Бог нека ти плати за она што му го стори на блажениот Пир. А светителот не му одговори ништо на тој клирик. Истрагата траеше долго и многу прашања беа поставени, а двајцата патријарси не проговорија ниту збор. А кога зборот за соборот во Рим се развлече, некој Демостен викна:
- Не беше важен овој собор, зашто го свика исфрлениот папа Мартин. Човекот Божји, Максим му одговори:
- Не беше исфрлен папата Мартин, туку гонење поднесе. Потоа го оддалечија светителот и се договараа што да прават со него. Нечовечните мачители се договорија божем да го помилуваат неговиот живот, но да го стават на маки, пострашни од смртта. И го предадоа во рацете на градскиот епарх. Беззаконите мачители не ја поштедија неговата старост и го подложија на крвави измачувања во Цариград. Го соблекоа и страшно го тепаа со воловски жили додека земјата не се натопи со крв. Така постапија и со неговите двајца ученици. Додека ги тепаа, мачителот викаше:
- Такви страдања заслужуваат оние кои не се покоруваат на царските наредби и остануваат упорни. И така, одвај живи ги фрлија во темница.
Утредента, пак го доведоа преподобниот заедно со својот прв ученик Анастасиј. Светиот старец беше одвај жив од раните. Трогнувачки беше призорот, да се гледа чесниот старец, светиот подвижник, богоглаголивиот учител, богословот исповедник - целиот окрвавен, покриен со лути рани од главата до петиците. Но, ни тоа не ги трогна тврдокорните мачители, туку го подложија на уште пострашни маки; немилосрдно му го искорнаа и му го пресекоа јазикот, сакајќи да ја замолчат неговата богословска уста. Исто постапија и со неговиот прв ученик Анастасиј, и пак ги ставија во темница. Но, бидејќи за семоќниот Бог сѐ е возможно, Он направи така да неговите вистински слуги започнаа да зборуваат и без јазици. А кога го видоа тоа, бедните еретици се засрамија и во исто време се исполнија со силна завист: десната рака на преподобниот ја отсекоа со нож. Ја отсекоа десната рака и на неговиот ученик свети Анастасиј.
Потоа ги изведоа и ги влечеа по градот, исмевајќи ги и покажувајќи му ги на народот нивните искорнати јазици и отсечени раце. Притоа се дереа и викаа на цел глас.
После тоа нечовечко мачење и бесрамно исмевање, пак ги испратија на заточение, секого поодделно. Ги испратија без ништо, без храна и вода, голи и боси. Многу маки и неволји видоа по патот страдалниците Христови. По патот почина свети Анастасиј, а свети Максим тешко болен го одведоа во градот Схимар под Кавказ и го фрлија во темница.
Во тоа заточение преподобниот Максим она малку време што му остана, го помина во големи страдања. Заклучен во темницата, тој од никого немаше никаква услуга во својата старост, ниту нечие човекољубиво сожалување. А кога Господ реши да стави крај на неговите страдања, најпрвин го утеши со едно божествено видение, во кое му го објави денот и часот на неговиот крај. И кога дојде саканиот ден и час, тој со радост ја предаде душата своја во рацете на Христа Бога, кого од младост го засака, и за кого толку пострада. Така исповедникот Христов и маченик, премина од овој свет на 13 август 662 година и влезе во радоста на својот Господ. И беше погребан во тој град.
По неговиот погреб, на неговиот гроб се појавија три свеќи кои гореа чудесно, со пламен неискажлив блесок, и го осветлуваа тоа место. Ова беше очигледен знак дека таквиот угодник на Пресвета Троица се населил во незалезната светлина во Царството Божјо, каде со праведниците сјае како сонце, насладувајќи се со соѕерцанието на Троичната Светлост.
По претставувањето на преподобниот Максим, во живот остана, во посебно заточение, остана вториот негов ученик Анастасиј од Рим, кој потоа подробно и опширно го опиша животот, подвизите и страдањата на својот учител и отец. Овде е изложено ова житие на кратко, колку што е потребно за наша духовна корист заради прославување на Бога. Амин.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК НЕОФИТ
Во Никеја, во градот Витинија, живееше човек, по име Теодор со својата сопруга Флорентија. Тие беа христијани, кои се бојат од Бога, и побожно ги држат Неговите заповеди. Им се роди син кому му го дадоа името Неофит. Откако го просветија со светото крштение, тие го воспитуваа во христијански дух.
Уште на десетгодишна возраст, тој почна да чита книги и се всели во него Божјата благодат, која од устите на децата прави пофалба за себе. Зашто Духот Свети дише каде што сака. И детето стана чудотворец.
Неофит имаше обичај кога се враќаше од училиште да ги носи дома своите сиромашни школски другари и да им го дели својот ручек. А самиот тој остануваше гладен. Додека неговите другари јадеа, тој одеше кај источната врата, со прстот ќе нацрташе крст на неа, и тука се молеше и поклонуваше на Христа Бога, кој заради нас беше распнат на крст. А тука, во ѕидот имаше еден камен, во кој блажениот Неофит штом ќе удреше со раката од него потекуваше вода како од извор, за да пијат. И тие пиеја. А светото дете го правеше тоа секој ден, хранејќи ги своите врсници со својот ручек, и поејќи ги од водата што ја изведуваше на чудесен начин. И им забрани на своите другари никому да не зборуваат за тоа. Цела една година никој не знаеше за неговото чудотворство, дури ни неговите родители, само оние сиромашни деца. На неговата богољубива мајка и беше откриено во сон дека нејзиниот син на чудесен начин вади вода од камен, како некогаш Мојсеј, и ги пои жедните деца. Таа стана, и го молеше Бога да ѝ го покаже тоа што го прави нејзиниот син, на очигледен начин. И наеднаш од небесните висини долета еден бел гулаб, блескајќи со неискажлива светлина, застана врз постелата на Неофит и му проговори со човечки глас: „Испратен сум од Спасителот за да ја сочувам твојата постела непорочна“. Кога го слушна тоа, од преголем страв мајката падна мртва.
Веднаш по цела Никеја се пронесе глас дека Флорентија, жената Теодорова, умрела ненадејно. Во нивната куќа се насобра многу народ. А Теодор во тоа време беше на нивата. Кога дозна, веднаш поита дома плачејќи и ридајќи. На капијата го пречека неговиот син Неофит и му рече: „Зошто тагуваш, татко? Мојата мајка не е мртва, туку цврсто спие“. И влезе со својот татко во собата, ја фати мајка си за раката говорејќи: „Стани, мајко моја, слатко си заспала!“ А таа стана како од сон и го прегрна своето чедо. Кога го видоа ова чудо присутните луѓе, го прославија Бога. Флорентина им раскажа сѐ и сите му се восхитуваа на Неофит.
А гулабот што постојано доаѓаше крај неговата постела и му зборуваше со човечки глас, еден ден му рече: „Неофит, напушти го својот дом, и ајде по мене!“ Божественото дете стана, ги прегрна своите родители и тргна со него. А гулабот го одведе на Олимписката гора, во една пештера во која живееше еден лав. Детето му рече на лавот: „Оди си ти одовде, и најди си друга пештера, зашто Господ нареди јас да живеам овде“. Кога го слушна тоа, лавот со јазикот го излижа правот од неговите нозе и си замина. И живееше светиот во таа лавовска пештера, хранет од Ангел Божји. После една година Бог му нареди повторно да се врати во Никеја кај своите родители, кои беа на умирање. Тој отиде, им даде последен целив, и ги испрати кај Господа. Потоа го раздаде целиот свој имот на сиромасите, и пак се врати назад. Остана во пештерата додека не наполни петнаесет години и без престан како Ангел го славеше Бога, а храна добиваше од Ангелски раце.
Во тоа време на Исток и на Запад царуваа жестоките гонители на христијаните Диоклецијан и Максимијан. Во Витинија намесник беше Декиј, а со него и Аур. И настана гонење на христијаните по целата вселена од безбожните идолопоклоници. Декиј нареди да се соберат сите граѓани од Никеја и околината, за принесување жртви на боговите. И беше одреден ден за тоа нечисто славење. На тој демонски празник, кога целиот народ им принесуваше жртви на идолите, Ангел Божји го зеде Неофит од Олимписката гора, и го постави среде плоштадот во Никеја. Неговото лице блескаше како некогаш лицето на Мојсеј. Светителот повика громогласно: „Се најдов меѓу оние кои не ме бараат, за да ја изобличам заблудата на безбожната вера“. Сите се зачудија кога го здогледаа светлото момче и се прашуваа кој е тој и од каде е? А граѓаните веднаш го препознаа Неофит, синот на Теодор и Флорентија.
Намесникот Декиј му нареди да им принесе жртви на нивните богови заедно со нив. А светителот му одговори: „Беззаконику, што правиш, туркајќи толку човечки души во погибел? Зарем не знаеш, дека за ова вечно ќе се мачиш во вечен оган?“
Декиј се разјари и нареди да го обесат светото момче со рацете за дрво, и да го тепаат со воловски жили. Потоа му ставаа сол и оцет врз раните. Светителот машки ги трпеше маките, и громко му зборуваше на присутниот народ:
- Луѓе, заслепени со безбожието и опседнати со незнаење, покајте се и избавете се од темнината и пристапете кон вистинскиот Бог, и просветете се со свето крштение за да добиете живот вечен. А намесникот, слушајќи ги ваквите зборови уште повеќе се разбесни и нареди уште повеќе да го измачуваат и да го стругаат неговото тело. Додека така го мачеа, свети Неофит не зборуваше ништо освен:
- Сине Божји, помилуј ме!
Избезумениот управник се чудеше на неговата бестрашност, го затвори во темница и за тоа го извести царот Диоклецијан. Тогаш царот нареди да го запалат жив, и не само него туку сите кои го исповедаат Христа. Го ставија во силно вжештена печка, ја затворија нејзината врата и го оставија во неа три дена и три ноќи за да не остане ниту трага од неговите коски. А светиот маченик Неофит разладуван со божествена роса, среде огнот весело пееше:
- Господ е пастир мој и ништо нема да ми недостасува. Тој ме одмара на зелени пасишта и ме води на тивки води (Пс. 22, 1-2). И остана неповреден, како некогаш Трите момчиња во вавилонската печка.
После три дена дојдоа слугите на мачителите да ја отворат печката. А кога ја отворија вратата. Од неа неочекувано излезе огромен пламен и изгоре многумина од идолопоклониците. И излезе светителот од печката, ни најмалку неповреден од огнот. Но и тоа не ги вразуми мачителите.
Се чудеа како пожестоко да го мачат и погубат светителот, па решија да го фрлат на ѕверовите да го изедат. Го одведоа во арената, му ги соблекоа алиштата, и пуштија гладна мечка кај него. Мечката се стрча кон светителот, но кога се приближи до него застана и се врати назад. Сите се зачудија на тоа. Потоа пуштија една многу зла мечка која многумина беше растгнала. Таа притрча, падна пред нозете на светителот, му оддаде почит на Божјиот угодник и се врати назад. На крајот доведоа еден огромен и страшен лав. Тој полета кон светителот но, кога дојде до него, ја наведна главата и леејќи силни солзи почна да ги лиже неговите нозе. Тоа беше истиот лав што му ја отстапи својата пештера. Светителот го препозна и му нареди да се врати во своето прво живеалиште на Олимп кое му го беше отстапил нему. Лавот му се поклони на маченикот и си појде од арената. Рикајќи страшно ја искрши вратата и пројури низ народот. Сите се преплашија и започнаа да бегаат, но тој никому не наштети и отиде во пустината како што му нареди светителот.
Така Бог ја посрами жестокоста на јазичниците кои беа посвирепи и од најстрашните ѕверови.
Поразениот мачител со бескрајна злоба нареди блажениот маченик Неофит, да биде убиен. Тука стоеше еден ѕверолик и свиреп варварин со копје во рацете. Тој полета кон светителот, му го зари копјето во градите и целосно го прободе. И така светиот маченик Неофит, заклан како јагне, ја предаде душата во рацете ка својот Господ Христос, во дваесет и првиот ден од месец јануари. А имаше само петнаесет години и четири месеци. Сега пак, откако го наследи бесконечниот живот, го слави изворот на животот - Христа Бога, славен со Отецот и Светиот Дух, за навек.
ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ МАКСИМ ГРК
Родното место на преподобен Максим е градот Арто во Албанија, близу Епир. Се роди околу 1480 година од побожни и богати родители Мануил и Ирина, по потекло од Грција, поради што и тој се нарекува Максим Грк. Неговиот татко беше голем великодостојник и се одликуваше со чистота на православната вера и во тој дух го воспитуваше и својот син. Почетното образование во науките Максим го доби од своите родители, а потоа желен за усовршување во науката замина за Галија. Завршувајќи го своето образование кај својот учител Јован Ласкарис, а за подобро да се запознае со старите јазици, отпатува во Венеција. Од Венеција отиде во Флоренција каде помина долго време меѓу научници, кои за несреќа беа заразени со незнабожечки убедувања. Но тој како мудра пчела од проповеданата филисофија го земаше само она што не ѝ е туѓо на христијанската вера. Завршувајќи го своето школување на Запад стекна опширни знаења од богословијата и философијата, од историјата и книжевноста, и темелно ги изучи старогрчкиот, латинскиот, францускиот и италијанскиот јазик. Во Италија и во Галија се здоби со световното образование, но сакаше да замине на Света Гора за да го стекне богословското просветување и утврдување во вистините на Православната вера. Враќајки се од Запад, Максим кратко време се задржа во својот роден крај, а потоа околу 1507 година замина на Света Гора и стапи во манастирот Ватопед и таму се замонаши. Овде во самотија, далеку од народната врева; се подвизуваше тој и како трудољубива пчела собираше мед од сите светогорски благомирисни цветови. Така помина Максим десет години во тишината на ватопедската обител и сакаше тука спокојно да го заврши својот живот, но Господ беше одредил поинаку.
Големиот кнез Московски, Василиј Јованович, имал драгоцена ризница на книги во својата палата; многу стари грчки ракописи, кои биле донесени од Византија од самиот почеток на просветувањето на Русија во Христовата вера, па сѐ до негови денови. Сакајќи да ја дознае нивната содржина, тој побарал од Света Гора да му испратат паметен маж кој ќе може да ги прегледа сите книги и ако се најде за потребно, да е способен да ги преведе. На оваа молба од кнезот требаше да оди старецот Сава, но тој одби заради својата старост и болните нозе. Тогаш, иако не сакаше, беше испратен Максим. Предавајќи се на Божјата волја, тој тргна заедно со јеромонахот Неофит и инокот Лаврентиј, за да му се најдат при учењето на рускиот јазик. Патуваа две години и за тоа време Максим го учеше рускиот јазик. Во Москва пристигнаа во 1518 година.
Разгледувајќи ја библиотеката, свети Максим беше восхитен од мноштвото ретки книги што ги немаше видено на Исток. Направи список на непреведените книги и кнезот го замоли да започне со преведување на Псалтирот. Година и пет месеци тој работеше на преводот на Псалтирот, а митрополитот Варлаам беше восхитен од неговата работа. Укажувајќи на трудот на своите помошници и молејќи го господарот достојно да ги награди, тој за себе просеше само една милост: да му биде дозволено да се врати на Света Гора. Гледајќи ја дарбата и огромното знаење на учениот Грк, големиот кнез не му дозволи да си оди и го молеше уште некое време да остане во Москва. Многу време помина свети Максим во оваа работа и уживаше голема доверба и љубов од кнезот. Имајќи слобода во Господа, преподобниот понекогаш даваше остри оценки за она што го гледаше. И сите негови забелешки некои започнаа да ги гледаат како навреда за светињите. Започнаа тајно да негодуваат против „грчкиот дојденец“. Па некои кришум започнаа да зборуваат дека Максим неправилно ги преведува црковните книги и започнаа да го нарекуваат еретик. Иако во својата работа тој постапуваше внимателно, препуштајќи недоумиците да ги решава митрополитот Варлаам, сепак сите почнаа да го клеветат.
Во 1521 година, митрополитот Варлаам поради несогласување со кнезот беше принуден да ја напушти Москва. На негово место стапи монахот Данил од Волоколамскиот манастир кој беше противник на преподобниот Максим. И од тука започнаа неговите неволји. Но, тој цврст како дијамант не паѓаше со духот, туку истрајно војуваше за вистинската вера.
Преподобниот Максим не се плашеше од човечките страсти зашто сѐ уште не ја беше искусил нивната сила. „Заповедта Божја ни наредува, - велеше тој, - да им проповедаме на сите кои нѐ прашуваат за Евангелската вистина, не обзирајќи се на злобата на незнањењето“. Тој не го штедеше самољубието, изобличувајќи ги пороците на духовништвото и велможите. Но ваквата силна светлина на неговото учење, беше премногу тешка за болните очи; само чекаа погоден момент, па раздразнетото самољубие да јурне кон ревнителот на вистината и побожноста. Таа прилика им се укажа во 1524 година.
Во тоа време големиот кнез Василиј Јованович намисли да го раскине бракот со својата доблесна сопруга Соломонија, бидејќи дваесет години беа во брак и сѐ уште немаа деца. Беше решил да стапи во нов брак со Елена Глинска, за да има наследник на престолот. Митрополитот Данил беше на страната на кнезот иако Евангелскиот закон и црковните правила не дозволуваат развод на бракот од тие причини. А пак старецот Максим, како што и се очекуваше, беше на страната на црковните правила и започна да го убедува кнезот дека не треба да го прави тоа. На тоа кнезот се разгневи и оттогаш започнаа да го обвинуваат на разни начини. После деветгодишните постојани почести, наеднаш ненадејно, во февруари 1524 година, го фатија преподобниот Максим и без никакво испрашување го фрлија окован во темница во Симоновиот манастир. Тука се мачеше неколку дена. Потоа го изведоа на суд, но тој немаше што да крие, и за сето она што го прашуваа им одговараше точно, онака како што навистина и беше. Искрен во сѐ, тој ги искажа и тајните мисли на својата душа, во однос на големиот кнез: дека е нечувствителен спрема солзите на сиротите и бедните.
Во февруари свети Максим беше фрлен во темница; во ноември Соломонија беше потстрижана за монахиња, а во јануари големиот кнез се ожени со Елена Глинска. Сето тоа се случи во текот на една година.
Бидејќи не можеа да го обвинат за никакво обвинение кон државата, тие мораа да го пуштат. Но сепак, неговите непријатели не останаа мирни, туку започнаа да бараат најразлични грешки во неговите преводи.
Преподобниот Максим трипати се фрлаше на земјата пред соборот, со солзи молејќи да му се простат грешките, ако ги има во книгите. Но, сѐ беше залудно и го осудија како еретик, кој го расипува Светото Писмо. Тогаш тајно го одведоа во Москва во Волоколамскиот манастир и го фрлија во задушлива темница. Тука како нераскајан грешник беше одлачен од Светата Причест и му беше забрането дури и да оди во црква. Од чадот и смрдеата, од оковите и немилосрдното тепање, понекогаш чувствуваше дека умира. Но тука, во темницата, му се јави Ангел и му рече: „Трпи старче, со овие маки ќе се избавиш од вечните маки“. И тука, на ѕидовите на својата волоколамска темница, со јаглен го напиша канонот на Утешителот, Светиот Дух, кој и сега се пее во црквата.
Четири години помина преподобниот Максим во таа тешка волоколамска темница. Но, со тоа не се заврши неговото страдање. Го преместија во тверскиот манастир Отроч, да биде под надзор на тверскиот епископ Акакиј. Овој затвор му беше полесен: епископот го повикуваше често невиниот страдалник на својата трпеза и му допушти да чита книги.
Во 1534 година умре големиот кнез и преподобниот Максим ја искористи оваа прилика, писмено да се одбрани себеси од нанесените клевети. Тој на писмено го изложи своето исповедување на верата, потполно праведно, и покажа дека со еретички изрази се полни книгите кои неговите противници ги сметаат за светињи, а не книгите кои тој ги исправуваше. На крајот од својата богомудра и силна одбрана преподобниот молеше да го пуштат да се врати на Света Гора, нагласувајќи дека судењето над него, не им припаѓа на руските епископи, туку на вселенскиот патријарх.
И источните ерарси не останаа рамнодушни кон судбината на невиниот страдалник. Вселенскиот патријарх Дионисиј и патријархот Александриски Јоаким, во 1545 година му се обратија со писмо на младиот цар Јован, со молба да го пушти на слобода монахот Максим и да му дозволи да се врати на Света Гора. Но и овие молби останаа без успех. Цели тринаесет години не му беше дозволено да се причести со светите Тајни Христови.
Дури во 1551 година, после дваесет години поминати во темница неговиот пријател, игуменот Артемиј, успеа да го измоли царот да го ослободи невиниот дојденец. Пуштен од темницата, а примен во Москва со почести, тој стапи во лаврата на преподобниот Сергиј. Но беше многу истоштен од тешките окови и темницата како и од внатрешната тага и телесните страдања. Целото негово тело беше многу слабо, но духот бодар и способен за возвишени соѕерцанија.
Овде, во лаврата на свети Сергиј, на молба на својот ученик Нил, тој започна да го преведува Псалтирот од грчки на руски јазик, иако имаше веќе седумдесет години.
По две години од неговиот престој кај преподобниот Сергиј, во неговата ќелија го посети царот Јован Василевич и му ја откри својата намера дека сака да оди да се помоли во манастирот на преподобниот Кирил за да го исполни ветувањето што го дал при неговото исцелување. Опитниот старец му искажа на господарот искрени зборови, како што беше навикнат да им зборува на владателите, велејќи:
- Ветувањето на твоето височество не се согласува со денешницата, кога вдовиците, сирачињата и мајките на убиените кај Казан, сѐ уште леат солзи, очекувајќи ја твојата итна помош; собери ги под твоето царско крило и тогаш заедно со тебе ќе се израдуваат и сите светци Божји, и ќе изнесат топли молитви за твојата држава, зашто Бог и Неговите светители не гледаат на нашата молитва спрема местото, туку спрема доброто расположение на нашето срце.
Царот го сослуша смирено многустрадалниот Максим, но не сакаше да отстапи од својата намера, сметајќи ја за побожна. Тогаш светиот старец му се обрати со молба на еден од кнезовите што го пратеа царот: „Пренеси му го ова на царот: - Ако не ме послушаш мене, кој по Бога те советувам, и не обратиш внимание на крвта на побиените од незнабошците, да знаеш дека ќе ти умре новородениот син Димитриј“ Но царот остана упорен при својата намера и не го послуша. Тогаш се исполни пророштвото на старецот. Умре царевиот син Димитриј.
Овој настан уште повеќе го исполни со почит грозниот цар кон преподобниот Максим, не само како исповедник на вистината туку и како пророк. Следната година тој му се обрати со писмо, повикувајќи го на Соборот на кој ги беше повикал сите епископи заради осуда на новата ерес на Матеј Башкин, за и тој да биде поборник на православието како некогаш Богоносните отци. Но поради својата старост и изнемоштеност, преподобниот не можеше да присуствува на овој Собор, па затоа царот побара да му испрати свое мислење за ова ново чудно учење. Така на самиот залез на неговите денови, најпосле му беше оддадено признание како на исповедник на вистината. Тоа беше последното црковно дело на големиот старец. После една година се упокои преподобниот, после четириесетгодишни страдања, во длабока старост полна со сите животни неволји. Неговото чесно многустрадално тело беше погребано во лаврата на преподобниот Сергиј, каде во света тишина ги помина последните денови од својот живот.
По смртта на преподобниот, кон него се пробуди општо почитување и многумина итаа во Лаврата кон неговите свети мошти, нарекувајќи го час пророк, час голем учител. И навистина невиниот страдалник, преподобниот Максим Грк треба да биде незаборавен за рускиот народ, кој посветло од другите го осветли мракот на тогашната состојба и со сострадална болка ги повикуваше од неа јадниците, на патот на спасението.
Иако тој скапо ја плати својата пламена љубов кон вистината, и својата ревност за славата Божја, сепак без оглед на сѐ, посеаното семе од него, покасно донесе изобилни родови од огромниот труд на праведниот маж.
Московскиот митрополит Платон подигна гробница над неговиот незаборавен прав, а подоцна во 1840 година со благослов на митрополитот Московски Филарет, беше подигната и капела над неговиот гроб каде богомолците во секое време срдечно му принесуваа топли молитви на Бога.
Не треба да ги премолчиме и многубројните чуда кои се случуваа на гробот на преподобниот Максим. Тие се запишани во преданијата на Лаврата на свети Сергиј.
Така во 1651 година во времето на серускиот патријарх Никон, во обителта на преподобниот Сергиј дојде еден човек од Москва. После литургијата седна близу храмот, на даската од гробницата, но наеднаш сила Божја го фрли од неа и при падот несреќникот многу се повреди и долго не можеше да стане. Кога се довлече до гробницата се распраша кој почива под таа даска. Присутните му одговорија;
- Монахот Максим Грк. Тогаш повредениот викна:
- Оче Максиме, прости ми. И кога на негова молба беше отслужен парастос за преподбниот Максим тој веднаш беше потполно исцелен. На ова чудо не му поверува ќелијникот на старецот, Васијан Јован. Обземен од гордост тој самоуверено седна врз гробницата на преподобниот Максим, мислејќи си во себе:
- Ќе поверувам во ова чудо ако и со мене се случи истото. Но несреќникот го достигна гневот Божји, така што три пати беше фрлан од гробницата и лицето му искрвари, забите му се испокршија и јазикот му се повреди. Кога успеа да стане, опоменат за своето неверие, тој горко се покаја за својата дрскост, па падна на колена пред иконата на нашиот Гопод Исус Христос и започна да моли за прошка. Молејќи се, заспа во длабок сон и пред иконата здогледа монах како се моли. Јован го праша:
- Кој си ти? Молејќи се, монахот одговори:
- Максим Грк. Тогаш Јован започна да го моли за прошка, но преподобниот гневно му рече:
- Зошто ме бесчестиш? Ти слушна дека денес беше фрлен човек кој седел на мојот гроб. Затоа за своето неверие си добил што си заслужил. Старецот го рече тоа и исчезна. Не му даде прошка на повредениот Јован. Ова го раскажа самиот Јован.
Во 1851 година по кажување на „Манастирските писма“ самиот преподобен Сергиј Радонешки Чудотворец му се јави на еден московски трговец и му даде сведоштво за светоста на преподобниот Максим. Тоа чудо се случи на следниот начин:
Московскиот трговец 3. лежеше болен во својот дом и во својата молитва го призиваше на помош преподобниот Сергиј. Следната ноќ во сонот го виде преподобниот Сергиј како да станал од гробот. Болниот му пријде и го молеше да му помогне да оздрави, но преподобниот Сергиј му рече:
- Твоите гревови го навредуваат Господа, затоа погрижи се да се поправиш и да принесеш покајание. Но болниот, не губејќи ја надежта на неговата помош, започна повторно да го моли. Тогаш, преподобниот Сергиј му вети дека ќе се помоли на Бога за него и ќе му помогне во болеста. Кога го слушна тоа болниот со восхит рече:
- Преподобни оче Сергиј, со што можам достојно да ти заблагодарам?
- За мене не треба ништо, - му одговори преподобниот, - туку што можеш донеси на преподобниот Максим Грк.
После тоа болниот оздраве и според упатството на преподобен Сергиј, на 4 декември 1851 година, донесе две покривки: едната за гробницата на преподобниот Сергиј, а другата за гробницата на преподобниот Максим Грк.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ВАЛЕРИЈАН, КАНДИД, АКИЛ и ЕВГЕНИЈ
Овие свети маченици пострадаа од војводата Лисиј за време на царувањето на жестоките гонители на христијаните Диоклецијан и Максимијан. Прво беа фатени Валеријан, Кандид и Акил во Трапезунтските гори и испратени на заточение. Потоа ги одведоа во градот Трапезунт, на источниот крај на Понт и ги изведоа пред војводата Лисиј. Ги тераа да им принесат жртви на боговите, а тие јавно и бестрашно ја исповедаа својата вера во Христа и затоа ги подвргнаа на страшни маки и страдања. Светите маченици јуначки ги поднесоа маките затоа што ги крепеше Божествената сила. После неколку дена беше фатен и свети Евгениј, и луто тепан за исповедањето на верата во Христа. Потоа војводата Лисиј отиде во идолскиот храм и по него го одведоа и Евгениј. Кога влезе внатре Евгениј се помоли на Бога, и во тој час сите идоли испопаѓаа, се искршија и се претворија во прав. Тогаш мачителот разбеснет, нареди веднаш да го врзат Евгениј и со дебели стапови силно да го тепаат, па го обесија и со железни гребени го стругаа неговото тело. Потоа четворицата свети маченици ги ставија во вжештена печка, но тие излегоа од неа неповредени. Најпосле ги убија, пресекувајќи им ги главите со меч. Така пострадаа овие свети маченици за верата во Христа, од војводата Лисиј во 292 година.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТАТА ДЕВИЦА И МАЧЕНИЧКА АГНИЈА
Светата маченичка Агнија се роди во Рим, од христијански високородни родители. Воспитана христијански, Агнија толку го возљуби единствениот Животодавец Христос и уште од дете се приврза кон него. Беше млада по години, но стара по својот совршен разум; прекрасна на лице, но уште попрекрасна по вера. Освен Христос, таа не сакаше да има друг свршеник. Високородна и убава, таа со својата убавина ги занесе очите и срцето на синот на градскиот епарх Симфрониј. Зашто еден ден кога се враќаше од училиште, тој ја виде и се заљуби во неа. Потоа се распраша за неа, дозна каде се наоѓа нејзиниот дом, па започна да ѝ испраќа многу скапоцени подароци, ветувајќи ѝ уште поголеми и поскапоцени ако се омажи за него. А пак света Агнија ги отфрлаше како нешто привремено и ништавно, и за ништо на светот не сакаше да се согласи да се омажи за него. Ја наговараа и нејзините родители, и семејството на момчето, но таа одлучно им одговараше дека за свој женик го има Исус Христос.
Момчето се исполни со уште поголема љубов кон неа и легна болно на постела, заради нејзината љубов. Боледувајќи со срцето од љубов, тажно, тоа тешко се разболе. А кога неговиот татко ја дозна причината за неговата болест, веднаш им испрати порака на нејзините родители дека сака девојката да ја сврши за својот син. Но таа, како и првиот пат, одби, говорејќи:
- За ништо на светот нема да се одречам од својот првобитен Свршеник. Лут поради нејзиното одбивање, епархот грижливо започна да се распрашува, која е таа што сака да се спореди со неговиот син и сака да го омаловажи неговиот дом. Тогаш, некој од присутните рече дека Агнија од детство е христијанка и дека е толку обземена со христијански магии, што Христос, кого христијаните го сметаат за Бог, таа го смета за свој Свршеник. Кога го слушна тоа епархот се зарадува, бидејќи како судија тој можеше да ја изведе на суд, поради непочитување на нивните богови. Во исто време се надеваше дека со силата на својата власт ќе успее да ја наговори да се омажи со неговиот син.
Епархот ги испрати своите слуги да ја доведат Агнија на суд. Кога таа застана пред безбожниот суд, епархот најпрвин започна со ласкање, а потоа со закани да ја присилува да се одрече од Христа и од девственоста ветена Нему. Но девицата Христова не се исплаши ни малку, туку започна да им се потсмева на неговите ласкања и закани. Тогаш Симфрониј се обрати кон нејзините родители и долго разговараше со нив за веридбата на нивните деца. И бидејќи беа од благородно семејство, не смееше да им изврши никакво насилство туку само ги тераше да ја убедат својата ќерка на брак. Тие не го прифатија тоа и му рекоа: „Епарху, ние не можеме да ја убедиме, зашто уште од нејзиното детство знаеме за нејзината одлука; таа за ништо нема да се одрече од неа, ниту ќе отстапи од својата намера“.
Тогаш епархот повторно ја изведе Агнија на суд. И многу ѝ зборуваше за телесната љубов и за бракот. А кога никакви зборови не помогнаа, најпосле тој ѝ рече:
- Од овие две работи, одбери една: Или ожени се со мојот син, или, штом сакаш да го сочуваш своето девство, посвети се себеси на доживотно служење на богињата Веста, зашто таа токму такви девица бара.
На тоа блажена Агнија, која имаше тринаесет години, му рече:
- Кога твојот син, кој е жив човек го презрев, човек кој има разум и слуша, гледа, оди и може да ги ужива благодетите на овој свет, а јас не можам Христа ради ниту да го погледнам, тогаш колку повеќе не можам да почитувам глув, нем, мртов и бесмислен идол. Затоа јас, за да не го навредам семоќниот Бог, својата глава нема да ја приклонам пред мртов камен. Јас нему му служам, нему му се поклонувам како вистински и жив Бог, а твојата глупава богиња и сите ваши погани богови ги проколнувам.
Кога го слушна тоа, епархот Симфрониј ѝ рече:
- Ти простувам за ова што го велиш, бидејќи си многу млада и имаш незрел ум.
Света Агнија му возврати:
- Бидејќи мојата младост како глупава ја сметаш за ништо и држиш дека мене ми е потребна твојата милост, знај дека верата не е во годините туку во разумот, и дека семоќниот Бог го фали умот, а не годините. А твоите богови, кои не сакаш да ги разгневуваме, остави ги сами нека се лутат на мене, сами нека ми наредат да им се поклонам.
Кога епархот виде со каква цврста вера зборува таа за вистинскиот Бог, многу се разбесни и нареди да ја соблечат и гола да ја одведат во еден дом на блудници. Но Бог не дозволи неговата невеста да биде посрамена, па во тој момент направи така, та косата толку ѝ порасна и како најубав фустан ѝ го покри целото тело. Кога ја внесоа во домот на гревот, Агнија го здогледа Ангелот Божји, будниот чувар на нејзината девствена чистота. Тој толку ја осветли со неискажлива блескава светлина, што поради нејзината огромна слава, во неа не можеа да гледаат очите на бесрамниците и безбожинците. И блескаше собата како сонце, а кога девицата започна да се моли, од ангелски раце доби бел фустан, исткаен не од човечки туку од ангелски раце, и таа се облече и рече:
- Ти благодарам, Господи Исусе Христе, што ми го подари овој фустан и ме приклучи во редот на слугинките Твои! Тогаш домот на гревот се претвори во дом на молитва; местото на демонското игралиште се претвори во населба на славата Божја; поганото блудилиште стана прекрасен дворец, во кој невестата Христова го славеше и фалеше Бога, заедно со Ангелот кој ѝ се јави.
Доаѓаа кај неа многумина бедници со расипан ум и распалени со страст. Но штом ќе влезеа во собата во која таа постојано се молеше, и штом ќе ја здогледаа славата, светлината што ја опкружува, ги обземаше страв, се поклонуваа и си заминуваа. Тогаш со своите другари дојде и момчето што сакаше да ја земе за жена, зачетник на злото и полн со блудна страст. Дојде со желба да изврши насилство врз девицата. А кога виде некои, кои беа влегле пред него, како излегуваат откако не успеале ништо, ги исмеваше и ги нарекуваше слабаци и бедници. Тогаш самиот одважно влезе во собата, во која се молеше светителката. Ја виде небесната светлина, но не ѝ оддаде почит на славата Господова, туку бесрамно полета кон невестата Христова. Но пред да ја допре со рака, го нападна демон, го турна на земјата и го задави. Неговите другари, кои беа дојдени со него кога видоа дека го нема подолго време мислеа дека таму е зафатен со гревовно дело. Тогаш еден од нив влезе за да му честита и да го пофали за успехот. И кога го виде мртов, започна громко да вика:
- На помош Римјани! Оваа вештица со своите магии го уби синот на епархот!
Веднаш се насобра многу народ. Со брзање дојде и неговиот татко. И кога го здогледа својот син мртов, кукајќи ѝ се обрати на девицата:
- О, нечовечна жено, зошто го усмрти мојот син? Зар не можеше своите вештини да ги покажеш на друг? Кажи ми како го уби? А светителката кротко му рече:
- Оној чија што волја сакаше да ја исполни, исконскиот непријател на човечкиот род, тој го уби. Зашто сите, што дојдоа пред него се живи и здрави, бидејќи му оддадоа почит на Бога. Сите штом ќе ја видеа ангелската светлина се поклонуваа и излегуваа неповредени. А твојот бесрамен син, немајќи страв од Бога, штом влезе започна да беснее и да вика. А кога сакаше да ме допре, Ангелот Божји веднаш го предаде на сатаната, на оваа горка и срамна смрт. Тој е убиен по заповед на Ангелот Божји, а не со моите волшебства, како што мислиш ти.
Штом велиш дека е така, тогаш умоли го твојот Ангел да го оживи мојот син! - и рече епархот.
Иако сте недостојни за такво чудо поради вашето неверство, сепак, бидејќи дојде време да се прослави силата на мојот Бог, Господ Исус Христос, јас ќе се помолам за вашиот син. Сега излезете сите надвор. Света Агнија падна ничкум и сесрдно со солзи започна да се моли на Бога. Тогаш ѝ се јави Ангел Господов, ја подигна расплакана и го воскресна мртвото момче. А момчето излезе надвор и започна да вика:
- Единствен Бог и на небото и на земјата, навистина е Богот христијански. А другите богови се заблуда која на сите им носи вечна гибел. Кога го видоа и слушнаа тоа, околу сто и шеесетмина од насобраниот народ поверуваа, и отидоа да се крстат. Но, по кратко време неверниците им ги отсекоа главите на сите, заедно со воскреснатото момче.
Поради ваквото чудо се вознемирија жреците и магесниците и го тераа епархот да ја убие, нарекувајќи ја вештица и магесница. Но Симфрониј сакаше да ја пушти светителката заради оживувањето на својот синот. Сепак, исплашен жреците да не се побунат против него и да го истераат од татковината, тој ја предаде на својот намесник Аспазиј.
Штом ја прими власта, Аспазиј веднаш нареди света Агнија да ја фрлат во силен оган, жива да изгори. Но кога ја фрлија, огнот се раздели на два дела и таа стоеше во средината неповредена. А огнот ги зафати другите наоколу. Гледајќи ја девицата незапалива, народот тоа го препишуваше не на силата Божја, туку на нејзините магии. Светителката започна да му се моли на Бога и огнот наеднаш згасна.
Аспазиј, не можејќи да го трпи народниот метеж, нареди да ѝ заријат нож во грлото. Така маченичката Христова, Агнија, облиена во својата крв, во 304 година, отиде кај својот Бесмртен Женик. Нејзините родители со радост го зедоа нејзиното свето тело и го погребаа на својот имот. Многу народ се собираше на нејзиниот гроб на молитва, посебно ноќе, зашто често ги напаѓаа неверниците и ги растеруваа фрлајќи камења по нив.
Така една девојка, по име Емерентијана, врсничка на света Агнија, додека се молеше ја убија со камења. И наеднаш настана силен земјотрес и ги уби нејзините убијци. Од тогаш никој повеќе не се осмели да ги напаѓа верните кои што доаѓаа на нејзиниот гроб. Света Емерентијана ја погребаа до света Агнија и на нивните гробови многу чудеса се случуваа. А пак нејзините родители и дење и ноќе беа крај гробот на својата мила ќерка, во бдеење и плач. И една ноќ здогледаа многу девици облечени во златни блескави фустани, а меѓу нив и својата света ќерка Агнија, која исто така блескаше. Таа им се обрати на своите родители:
- Не плачете за мене како за мртва, туку радувајте се зашто со овие девици добив светла населба. И Оној, Кого на земјата го сакав со целото свое срце, Нему му се присоединив на небото - го рече тоа и стана невидлива.
После доста години, кога царуваше Константин Велики, тешко се разболе неговата ќерка Констанција. Целото тело и беше покриено со гнојни рани, и лекарите не можеа да ѝ помогнат. Но таа прими добар совет, и ноќе отиде на гробот на света Агнија. Додека се молеше со солзи и силна вера, таа заспа. Во сонот ја виде света Агнија која ѝ рече:
- Не плаши се Констанција! И верувај во Господа Христа, кој сега те исцелува од раните твои. Кога се разбуди, Констанција се почувствува потполно здрава како никогаш да не боледувала. Се врати во дворецот, им раскажа сѐ на татка си и браќата, и настана голема радост во царскиот дворец. Откако беше излекувана, принцезата го замоли својот татко и тој изгради црква над гробот на света Агнија. Тука Констанција си направи свое живеалиште и остана да живее во девство со многу други високородни девственици, до крајот на својот живот. И така настана манастир на девојки девственички, при црквата на девицата и невеста Христова, Агнија, а во слава на нашиот Господ Христос, амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НЕОФИТ ВАТОПЕДСКИ
Преподобниот отец Неофит се прочу и засветли во манастирот Ватопед. Еднаш тешко се разболе и беше блиску до смртта. Тогаш со топли молитви се обрати кон Богомајката, Пресвета Богородица да му подари здравје. И наеднаш, од иконата го слушна Богородичниот глас дека му се дава уште една година за тоа време да може да се подготви како треба за заминување од овој живот. Така по истекот на една година, подготвувајќи се една недела за причестување со светите Тајни Христови, тој повторно го слушна од иконата гласот на Пресвета Богородица дека веќе настапило времето за неговото заминување. Така и се случи. Откако се причести со Христовите Тајни, отец Неофит мирно отиде кај Господа.
СПОМЕН НА ЧЕТИРИ СВЕТИ МАЧЕНИКА
Пострадале за Христа во Тир, заклани со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК АНАСТАСИЈ
Беше ученик на свети Максим Исповедник и заедно со него беше измачуван. После сите мачења му беше искорнат и пресечен јазикот, а потоа и десната рака. Така маченички пострада за Христа.
СПОМЕН НА СИТЕ СВЕТИ МАЧЕНИЦИ
За овој ден се врши спомен на сите свети маченици кои пострадале од времето на свети првомаченик и архиѓакон Стефан, па сѐ до денешен ден. Нивниот спомен се прави во храмот на свети Архиѓакон Стефан во Ерусалим.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ ЗОСИМ
епископ Сиракуски
Овој свет Зосим бил родум од островот Сицилија, од родители христијани кои од мал го дале да ги чува моштите на света маченица Лукија. Подоцна се замонашил и бил поставен од римскиот папа Теодор за епископ на градот Сиракуз, на Сицилија. Имал обилна благодат на Светиот Дух и правел чудеса. Му се претставил на Господа во мир.