6. Февруари  (24. Јануари)

 

ЖИТИЕ НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА КСЕНИЈА РИМЈАНКА

Житијата и прославувањата на Светите наликуваат на светлината на ѕвездите. Зашто, како што ѕвездите се поставени на небото да го осветлуваат поднебесјето, та ги гледаат и Индијанците, не се сокриваат ни од Скитите, ја озаруваат земјата, ги осветлуваат морињата, и морепловците се раководат според нив, а поради нивната безбројност не им ги знаеме имињата, но се восхитуваме на нивната светла убавина - така и светлината на Светите, иако нивните мошти се затворени во нивните гробови, нивната сила во поднебесјето не е ограничена со границите на земјата. И ние се восхитуваме на нивните житија и се чудиме на нивната слава со која Бог ги прославува, како што ја прослави и оваа своја угодничка, преподобната Ксенија. Нејзиното прекрасно житие, го напишаа старите и го предадоа на своите потомци, заради просветување и како пример на оние, кои со љубов сакаат да му служат на Бога.

Во Рим живееше еден познат и угледен човек, голем сенатор, православен христијанин. Тој имаше само едно чедо, како зеницата во окото, ќерката Евсевија. Кога порасна и стаса за мажење, еден големец, исто така сенатор, ја побара од нејзините родители за својот син. Родителите се договорија и ја свршија Евсевија за благородното момче. И го одредија датумот за свадбата.

Но девицата, исполнета со божествена љубов, сакаше да ја овенча својата девственост со Бесмртниот Женик, Господ Исус Христос, кој е поубав од сите синови човечки. Но таа своја желба таа ја криеше од своите родители, бидејќи знаеше дека тие нема да сакаат ни да слушнат за тоа. Блажена Евсевија имаше две свои верни робинки, кои уште од мали растеа заедно со неа и ѝ служеа верно.

Кога се наближи денот на свадбата, таа заедно со нив го напушти својот дом. Преоблечени во машка облека и со малку злато со себе, тие успеаја да се качат на еден брод кој пловеше за Александрија. Оттаму испловија до островот Коа кој се наоѓаше на 54 километри јужно од Халикарнас во Карија малоазијска.

Кога стигнаа на малиот остров се сместија во една бедна куќичка. Тогаш Евсевија ги замоли своите слугинки да не ја викаат повеќе господарка и им рече дека отсега тие се нејзини сестри. Им заповеда никому да не кажуваат која всушност е таа, и да не ја викаат Евсевија туку Ксенија, што значи странкиња. Скриена зад тоа име, таа сакаше да ги сокрие сите траги на своето потекло и семејство за да не ја пронајдат родителите. Верните и едномислени девојки беспрекорно ги исполнуваа желбите на својата поранешна господарка и ревносно се огледуваа на нејзиниот суров отшелнички живот. Само едно им недостасуваше на посветените Христови невести; тие имаа потреба од духовно раководство и од заштита на нивната духовна чистота. Преподобна Ксенија многу му се молеше на Бога да им испрати богоугоден човек со чија што помош ќе можат да се спасат. Наскоро по нејзините молитви Бог им испрати соодветен старец.

Еден ден света Ксенија излезе од куќата со двете сестри и здогледа еден чесен старец со седа коса облечен во монашка облека, а лицето му беше светло како на ангел. Светата девојка му притрча, падна пред неговите нозе и го замоли да ги прими за свои духовни чеда, бидејќи овде се странкињи.

Кога го слушна тоа слугата Божји се расплака и им рече: „Верувајте ми, сестри, и јас сум овде странец. Доаѓам од Светите Места каде што бев за да се поклонам и сега се враќам во својата татковина“. Слугинката Христова го запраша да не е можеби епископ, но тој ѝ одговори: „Сестро, јас сум грешен човек и недостоен за монашки образ, но по милоста Божја сум презвитер и игумен на мало братство во манастирот на светиот и преславен апостол Андреј, во карискиот град Милас. Се викам Павле“.

Кога го слушна тоа, слугинката Христова му благодареше на Бога, говорејќи: „Ти благодарам Боже, што ме услиша мене бедната и ми го испрати како некогаш на света Текла, светиот Павле, твојот слуга, да ме спаси мене со овие две сестри“. Потоа му рече на старецот: „Те молам слуго Божји, немој да нѐ презреш нас странкињите, туку биди ни отец по Бога“. А блажениот Павле им одговори: „Ви реков дека и јас сум странец и ако сакате да дојдете со мене, според своите можности ќе се грижам за вас“. Девојките со солзи му се поклонуваа на старецот и говореа: „О, слуго Божји поведи нѐ и нас со тебе; ќе појдеме со тебе каде ќе заповедаш и биди ни водач кон вечниот живот“.

Човекот Божји ги поведе со себе овие свети девојки и ги доведе во својот град Милас. Кога стигнаа во градот, во близина на црквата најдоа една осамена куќа. Преподобна Ксенија ја купи со златото што го понесе од дома и тука изгради мала црква во име на светиот првомаченик Стефан. Наскоро изгради и мал манастир за девици во кој собра неколку девствени девојки. Се грижеше за нив игуменот Павле, и ги замонаши, и сѐ до нејзината смрт никој не дозна која е таа и од каде е. Кога го прашуваа игуменот за нив, тој одговараше дека ги довел од островот Коа.

По кратко време се беше упокоил епископот на градот и на негово место беше поставен преподобниот Павле. Веќе епископ, тој дојде во нивниот манастир и ја постави Ксенија за ѓаконица, како навистина достојна за овој чин. Зашто иако беше во тело, таа водеше ангелски живот. Од нејзиното воздржување се плашеа и демоните, и победени од нејзиниот пост и молитви не смееја ниту да ѝ се доближат. Јадеше секој втор или трет ден, а некогаш и по цела седмица не ставаше ништо во уста. Не јадеше ништо друго, туку само леб кој го квасеше со своите солзи. Преподобната стоеше на молитва по цела ноќ и со кренати раце му се молеше на Бога. Тоа го правеше со такво смирение што себе си се сметаше за најнедостојна од сите.

Но кој би можел да ги искаже нејзините доблести? Кој збор би бил достоен да ги изрази сите нејзини подвизи? Што да кажеме за нејзината кроткост? Зашто никој никогаш не ја имаше видено да се лути, нити пак го имаше извалкано своето житие со некоја суета или величење. И која доблест не беше во неа? Бдеењето - непрекинато, воздржанието - огромно, смирението - неискажливо, Љубовта - неизмерна, на бедните им помагаше, со страдалниците беше сострадална, со грешниците милостива, а заведените ги изведуваше на патот на покајанието. За нејзината облека не треба ни да се зборува. Носеше некои партали, па се сметаше недостојна и за нив. И целиот нејзин живот минуваше во умиление на срцето и непрестајно пролевање на солзи.

А кога на оваа незаборавна девица ѝ се наближи времето да замине од овој привремен свет, беше празникот на свети Ефрем, некогашен епископ на тој град. И блажениот Павле заедно со својот клир појде во селото Левкин, во кое се наоѓала црква на светиот епископ Ефрем, и во неа неговите чесни мошти. Во тоа време преподобна Ксенија ги собра сестрите во манастирската црква и започна да им зборува:

- Госпоѓи мои и сестри, вие пројавивте многу љубов кон мене. Продолжете и натаму со таквата љубов и молете се за мене, зошто јас умирам. Помолете го и нашиот отец Павле да се моли за мене, зашто тој толку многу се грижеше за мојата душа. Бидете бодри сестри мои, бидете готови да го сретнете Господа, со елејот на добрите дела и со топла љубов. Тие припаднаа пред нејзините нозе, плачеа горко, и говореа:

- Ти веќе нѐ напушташ нас, господарке наша, и си заминуваш без нас. А што ќе правиме без тебе, ние бедните? А преподобната ги крена рацете кон небото, и лиејќи солзи се молеше вака:

- Боже, ти досега ме штитеше во моето странствување, послушај ме сега мене бедната и грешна слугинка Твоја: биди милостив кон овие слугинки Твои, сестри мои, чувај ги и сочувај ги од замките на ѓаволот во слава и пофалба на светото име Твое! И како што во овој привремен живот тие не се одвоија од мене, така нас и во Царството Твое не нѐ раздвојувај, туку удостој нѐ заедно на дворецот Твој!

Откако вака се помоли на Бога, преподобната ги замоли сестрите, да излезат сите на кратко и да ја остават сама во потполна тишина. И кога излегоа сите од црквата, таа остана сама. И додека се молеше, ненадејно светна силна светлина како молња во црквата, и силен мирис започна да излегува од неа. Сестрите веднаш побрзаа внатре, и кога сакаа да ја подигнат преподобната од земјата, видоа дека се упокоила во Господа. Тоа се случи во сабота напладне на дваесет и четврти јануари, 450 година.

Сите сестри влегоа внатре и кога видоа дека се претставила нивната патеводителка, настана голем плач и лелек. А човекољубивиот Бог, сакајќи на сите да им покаже какво сокриено богатство била преподобна Ксенија на земјата, покажа пресветол знак на небото; во оној час во кој преподобна Ксенија ја предаде својата света душа во рацете на Господа, во ведрото и јасно попладне, на небото над девствениот манастир се појави многу светол венец од ѕвезди со крст во средината, посветли од сонцето. Ова го видоа сите. А граѓаните на Милас, кои во тоа време со својот епископ сеуште беа во селото Левкини, го видоа овој знак на небото и се прашуваа што би требало да значи тоа. А, пак, нејзиниот старец, блажениот епископ Павле, со Духот разбра и му рече на народот: - Госпоѓа Ксенија се упокои и поради неа е овој знак на венец со крст. И кога се вратија сите со епископот во градот, дознаа дека навистина преподобната се упокоила како што им објави претходно епископот.

Во девственичкиот манастир се слеа многу народ. Мажи и жени со деца привлечени од небескиот знак. И говореа:

- Слава Тебе, Христе Боже, што имаш мноштво светии кои тајно ја творат волјата Твоја! Слава Тебе Господи, што Твојот беден град Милас го удостои да биде ризница и чувалиште на Твоето богатство, чувајќи во него скапоцен бисер, светата невеста Твоја, која си ја примил во своите небесни дворови, оставајќи го нејзиното чисто и свето тело на чување во Твојот град!

Додека сите плачеа и говореа, гледајќи во венецот и крстот кои се гледаа како стојат на небото, целиот христољубив народ, особено жените, се исполнија со ревност и со силен глас му говореа на епископот Павле:

- Немој да ја сокриваш славата на нашиот град, преподобен епископе. Сите нека видат со каква слава Христос Бог ја овенчал својата невеста Ксенија, која луѓето ја сметаа за непозната странкиња и заробеничка! Сите нека видат со каков дар и благодат се удостои нашиот беден град!

Епископот пристапи заедно со свештенството кон чесното чело на света Ксенија и како што доликува го положи на носилка. Тогаш епископот и свештенството ја крена носилката на своите рамења; а пред нив се носеа многу свеќи и кадилници и со пеење го понесоа светото тело кон центарот на градот. И сите се восхитуваа на прекрасното чудо; кога се движеше носилката со телото на света Ксенија, над неа одеше и венецот со крстот, јавени на небото; а кога носилката ја поставија среде градот, и венецот со крстот застана над ковчегот. Тој чудесен знак го видоа и жителите на околните села. И многу исцеленија се случија од нејзините свети мошти. Зашто се исцелуваше секој од каква болест и да боледуваше, штом ќе се допреше до нејзината носилка. Кога настапи света недела, со погребни песни го однесоа чесното тело на преподобна Ксенија до местото викано Сикинија, на влезот на градот, од јужната страна. Зашто пред своето претставување таа беше оставила аманет, тука да ја погребаат. И целиот народ гледаше како венецот од ѕвезди со крстот, оди по небото над светото тело на преподобната. Кога го ставија нејзиното свето тело во гробот и беше извршена чесното погребение, венецот од ѕвезди со крстот веднаш стана невидлив. И многу исцелувања се случуваа на нејзиниот гроб, на сите што со вера пристапуваа.

Наскоро почина и една од двете нејзини другарки, а наскоро по неа и втората му се претстави на Господа. Пред да се упокои втората, дојдоа монахињите кај неа и ја молеа да им каже сѐ што знае за преподобна Ксенија. И таа, гледајќи дека е при крајот на својот живот, им раскажа на сестрите сѐ за животот на преподобна Ксенија. И така сите го дознаа непознатото житие на невестата Христова, Ксенија.

Така преподобна Ксенија му угоди на Господа. Беше туѓа за светот, а жител на небото; беше во тело, а се изедначи со бестелесните ангели; го симна телото како фустан и како што се гази змија, го згази ѓаволот; овој свет го сметаше за ништо и го сочува своето девство непорочно како скапоцена ризница; се уневести за Христа од љубов, се венча со вера; на тоа што се надеваше, тоа и го доби; и сега се радува во дворовите на својот Бесмртен Женик. И со своите молитви многу им помага на верните зашто смртта не ги умртви нејзините сили, ниту ги ограничи нејзините доброчинства на едно место.

По неколку години од претставувањето на света Ксенија се претстави и преподобниот епископ Павле, нејзиниот духовен отец. И тој му угоди на Бога: зашто неговите молитви изгонуваа демони и изцелуваа од секаква болест. И беше погребан во црквата на свети апостол Андреј, каде најпрвин беше игумен. Со неговото топло посредување за нас пред Бога и по молитвите на преподобна Евсевија, наречена Ксенија, и застапништвото на двете нејзини свети робинки, Господи удостој нѐ на милоста своја, сега и секогаш и во сите векови, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ВАВИЛ СИЦИЛИСКИ

Светиот отец Вавил се роди на Исток, во градот Теупол, од благородни и богољубиви родители. Од младоста го засака Бога и го намрази светот. Кога му починаа родителите го раздаде целиот свој имот на сиромасите и се повлече во планината со двајца свои ученици Агапиј и Тимотеј. Потоа стана свештеник.

Покасно отпатува во Рим, но таму крволочните незнабошци сакаа да го предадат на властите, како христијанин. Заради тоа светиот го напушти Рим и со своите ученици премина на островот Сицилија. Таму помина доста време и многу незнабошци приведе кон богопознанието со помош на благодатта на Духот што беше во него. Но беше фатен од кнезот на Сицилија заедно со своите ученици. И откако смело ја исповедаа својата вера во Христа како вистински Бог, тој најпрвин толку ги тепаше што телата им помодреа. Потоа им нареди на војниците да ги водат низ улиците на сицилиските градови и во секој град жестоко да ги мачат на најразлични начини, и така да ги заплашат сите градови. А светите маченици јуначки се држеа на сите мачилишта, надевајќи се едниствено на вечните блага. На крајот ги обезглавија и нивните тела ги фрлија во оган. Но телата им останаа недопрени од огнот, па ги зедоа некои христијани и чесно ги погребаа на Сицилија. Пострадаа во третиот век.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ МАКЕДОНИЈ

Светиот отец Македониј се подвизуваше по планинските врвови. Одеше од едно место на друго; се подвизуваше во Финикија, во Сирија и во Киликија. Помина четириесет и пет години без покрив над главата и се хранеше само со јачмен омекнат во вода. Тогаш се разболе, па започна да јаде по малку леб и да пие вода. Заради својот подвижнички живот се удостои од Бога на дарот, да прави чудеса. Служејќи му на Господа според законот, блажениот Македониј отиде кај Господа во 418 година. Се упокои во својата седумдесетта година.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ФИЛОН

По Божјо откровение свети Епифаниј го посветил Ѓаконот Филон за епископ Карпасиски на Кипар, а тој заминал за Рим за да ја исцели со молитва болната сестра на царот Хонориј. Епископот Филон го протолкувал Петтокнижието и Песната над Песните. Се упокоил во мир во петти век.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ДИОНИСИЈ ОЛИМПИСКИ

Нека е благословен Бог кој и сега ги крепи Своите слуги, јуначки да војуваат против невидливите непријатели - демоните. Овие избраници во соработка со благодатта Божја, косејќи ги полковите на сатаната, добиваат венци и слава од Бога, на осуда на маловерните кои тврдат дека сега не се погодни времиња да Му се угодува онака, како што Му угодувале луѓето порано. Тоа е очигледна лага, зашто појавата на маченици и преподобни и во наши времиња, слични по сѐ на древните светители, докажува дека времињата не можат да имаат никакво влијание врз спасението на оние, кои вистински сакаат да се спасат и дека тоа зависи од нашата сопствена волја и решеност истрајно да одиме по крсната патека на евангелското самоодрекување, со Божја помош, која како и порано така и сега е непроменлива и неисцрпна за луѓето, како што и Бог е непроменлив во Своето битие.

Помеѓу многуте кои со самите себе ја потврдуваат оваа вистина, ние ќе укажеме на богоносниот Дионисиј, кој ги надминал и древните угодници Божји: зашто тогаш имало многу доблесни луѓе, и едниот се огледувал на другиот, и се натпреварувал со другиот; а сега, при мал број на опитни, не е ни чудно ако некои, немајќи пред очите примери на кои би се огледале, да малаксуваат во строгите подвизи на христијанската побожност. Целта, вели животописецот, со која ја предлагаме повеста за богоугодниот живот на преподобниот Дионисиј е: од една страна, да ги пресечеме лажните мислења на денешните луѓе за тоа како во денешно време е невозможно да му угодуваме на Бога, а од друга - на оние кои се спасуваат да им пружиме утеха и пример и да ги поддржиме нивните сили во подвижничкиот дух. А дека ќе ја кажам само вистината и ќе го изнесам само она што ми го имаат кажано богоносни и веродостојни оци - сведок ми е Бог. Јас цврсто паметам дека должноста и правичноста бараат да не се сокриваат душекорисните раскази, туку да ги предаваме на сите и на секого, за секој, знаејќи ги, да ги поддржува делата и подвизите на светите.

Преподобниот Дионисиј е роден во Фанариската област во Тесалија, во населбата Платина. Неговите родители, Николај и Теодора беа сиромашни луѓе, но побожни. Иако со мака заработуваа за да се издржуваат, тие многу грижливо го воспитуваа своето дете. Ноќе кога детето лежеше во своето креветче тие често гледаа чудна појава: над детенцето, како сонце сјаеше крст. Гледајќи го тоа, родителите му се радуваа и го славеа Бога.

Кога наполни шест години, го дадоа на школување и тој за кратко време изучи сѐ, и сите гледаа на него како на некакво чудо, зашто постојано читаше побожни книги и времето го минуваше во молитва. Во тоа време умреа неговите родители. По смртта на своите сиромашни родители, немајќи го ни најнеопходното за живот, Дионисиј ги собираше децата и ги учеше да читаат и пишуваат, и така заработуваше за живот. Во тоа време во неговото место дојде еден свештеномонах од Метеорскиот манастир, по име Антим. Дионисиј се запозна со него, подробно дозна од него за правилата на нивниот подвижнички живот и реши да тргне со него. Од родителскиот имот понесе само една сребрена чаша, па и неа ја подари, на Антим.

По доаѓањето на Метеорите тој се потчини себе си на тамошниот старец Сава, познат по доблесниот живот, и му се покоруваше со големо смирение. Но, не остана долго во неговиот манастир. Имаше слушано и знаеше дека Света Гора е необично погодна за безмолвие, за подвижничко молитвено молчание и пустинско подвизување, па го замоли старецот за дозвола да се оддалечи на Атон. Но старецот искрено го сакаше и не му дозволуваше да замине. Тој дури и ја заклучи манастирската капија, за тајно да не го напушти. Но, залудно. Огромната желба да замине на Света Гора го натера момчето да се искраде ноќе, без согласност на старецот.

И така, полагајќи цврста надеж во Господа Христа, тој една ноќ се спушти од манастирскиот бедем, и со Божја помош не се повреди ни малку, иако бедемот беше многу висок, па поита кон Атон како срна кон извор вода. На Света Гора го пронајде прекрасниот старец Серафим, кој го прими со радост. Под неговото строго духовно раководство, Дионисиј беше удостоен на ангелскиот образ на монаштвото, а потоа ракоположен и за ѓакон. Добивајќи благослов од својот старец за пустински безмолвен живот, тој отиде и се смести во една длабока и непроодна пустина во близина на скитот Каракале, и таму си направи тесна колиба. Во какви подвизи живееше и се подвизуваше таму, само Господ видел и знае. Храна му беа костените, со кои изобилува Света Гора. И многу ретко вкусуваше леб во блиските ќелии кога го повикуваа понекогаш заради богослужение. Покасно, покрај својата ќелија изгради мала црква во чест на Пресвета Троица. Тука помина три години, ангелски славословувајќи го Бога и дење и ноќе, и бестрасно поминувајќи го својот животен пат, поради што и се удостојуваше на божествени откривања. Потоа посака да ги види светите места каде беше распнат нашиот Спасител за да се поклони и да го наслади своето срце со разгледување на местата на кои се случувале овие настани, заради спасение на паднатиот човечки род.

И така, Дионисиј ја остави Света Гора и отпатува во Ерусалим. Таму со неискажлива духовна радост и веселие се поклони на сите свети места. Тамошниот патријарх Ерусалимски, познавајќи го животот и чистота на преподобниот, ги вложи сите напори да го задржи кај себе со цел, како достоен, да го избере за наследник на својот престол. Но преподобниот никако не се согласуваше со таквиот предлог, извинувајќи се со своите слабости. И откако смирено ја оттргна од себе честа на која го удостојуваше светиот патријарх, тој се врати на Света Гора. Тука започна да го проширува својот храм. Работејќи, еден ден го посети некој од браќата и виде како двајца непознати работат со него. Кога го праша преподобниот кои се тие, тој му одговори дека не видел никого, и додека разговараа, двајцата што му помагаа станаа невидливи. Со тоа преподобниот заклучи дека неговиот труд му е угоден на Бога. Исто така, во саботата на Сирната недела на чудесен начин Бог му испрати храна за телесно поткрепување, како достојно би го отпостил Четириесетдневниот пост.

Додека преподобниот Дионисиј се подвизуваше во пустината, многу светогорски монаси доаѓаа кај него за духовни совети и поуки. Гледајќи го тоа, еден разбојник си мислеше дека оние што доаѓаат му носат пари, па реши да го убие и да го ограби. И еднаш тој се прикраде до ќелијата на преподобниот и се сокри во блискиот поток за да ја изврши својата намера. Така прикриен, тој помина цел ден и не го виде преподобниот Дионисиј, а беше сигурен дека не е во ќелијата и на враќање неминовно мора да помине низ потокот, покрај него. За да се увери дали преподобниот се вратил, разбојникот се довлече до неговата ќелија и го здогледа преподобниот внатре. Тоа многу го зачуди. На прашањето како и по кој пат се вратил, преподобниот му одговори дека се вратил по обичниот пат низ потокот. Поразен од страв, разбојникот падна пред нозете на светителот, и искрено му го исповедаше својот грев, дека сакаше да го убие и започна да го моли да му прости и да посредува за него пред Бога. Незлобивиот старец му прости, и го поучи на покајание. Тогаш разбојникот се поправи, па отиде во еден манастир и се замонаши.

Но славата на неговиот доблесниот живот најпосле го отповика од пустината. Зашто браќата на Филотеевската обител останувајќи без игумен, убедливо го молеа преподобниот да го напушти своето безмолвие и да го прифати игуменството, та да им биде настојател и отец на нивниот манастир. Смирениот Дионисиј, најпосле, дознавајќи дека тоа е Господова волја, го остави своето безмолвие заради спасението на браќата и ја прифати должноста на настојател на Филотеевската обител. Но поради несогласувања со браќата, а следен од неколку свои верни браќа, набргу замина и се оддалечи во Верија. Таму се насели во скитот на преподобниот Антониј, кој во тоа време имал само дваесет монаси. Тука тој како и порано, го минуваше животот во непрекинати трудови на братско послушание и даваше сопствен пример на подвижничко бестрастие и ангелска чистота. Таму го обнови храмот на свети Јован Претеча, и состави правила за својата монашка заедница.

Во тоа време епископот на Верија отиде кај Господа. Осиротената паства сакаше за свој пастир да го има преподобниот Дионисиј и упорно го молеше да го прими ерархискиот жезол на управата. Смирениот Дионисиј, упорно го одбиваше овој висок чин, сметајќи се за недостоен, и го замоли народот да му даде време да размисли и да ја дознае Божјата волја. Народот се смири, а потоа преподобниот се сокри. Тогаш престолот го зазеде некој Атињанин по име Неофит, кој после година дена бил тргнат, бидејќи неговиот живот не одговарал на неговиот висок чин.

Но за народот пак, да не бара од него да го прими епископскиот чин, преподобниот Дионисиј замина од Верија и отиде на Олимписката Гора и согледувајќи дека тука има места одлични за монашко осаменичко молчание, остана таму доста време. На таа висорамнина и денес постои манастир посветен на Света Троица.

Вселувајќи се во таа пустина, преподобниот се хранеше со она што му го донесуваше еден селанец. Но по околината на Олимп набрзо се пронесе глас за сокриениот подвижник, а за него дознале и монаси и започнаа да го молат да останат со него. Така се создаде монашка заедница, која започна да гради манастир. Тогаш некој агарјанин, по име Саки, беше известен дека на неговиот имот некаков монах гради манастир. Тој веднаш дојде ги избрка браќата и го сруши започнатиот манастир.

На преподобниот му падна многу тешко, кога еден од неговите верни луѓе, свештеникот на селото Литохарија, го извести за замките кои започнуваат да се плетат против него. За да не му даде место на гневот, преподобниот заедно со браќата со солзи се оддалечи во соседството на Олимп, наречено Загора. Макар што и тука неговиот подвижнички живот насобра околу него мноштво монаси, сепак Бог го призва на претходното место - Олимп, и со својата промисла му подготви свечено и славно враќање назад, на следниот начин:

Откако свети Дионисиј замина од Олимп, заради непријателскиот чин на агарјанинот против него, во околината на гората Олимп зафати страшна суша и на луѓето им се закануваше глад и помор. Не помогна нивното молење и плачење. Залудни беа нивните молитви; гневот Божји не престануваше. Тогаш сите ја сфатија причината за нивната неволја. Самиот агарјанин се стресе кога му објаснија христијаните дека Бог ги казнува заради светиот пустиник. Најпосле, тој се реши да испрати свои посебни луѓе следени од неколку христијани кај преподобниот, со молба да заборави на навредите нанесени од негова страна и да се врати на Олимп, и да го продолжи својот осаменички живот.

Незлобивиот старец беше трогнат од смирението на својот непријател, па се смилува и веднаш се врати назад, во својата олимписка пустина. Тогаш тој си постави за себе правило, двапати годишно да се искачува на врвот на Олимп, заради служење на света литургија и тоа на 20 јули и на 6 август, за празникот Преображение Христово. Таму тој изгради храм, во име на свети пророк Илија во кој и до денес секоја година одат монаси на празникот на пророкот Илија. По ваквиот негов ангелоподобен живот, неговата слава одеше по него како што оди сенката по телото. А и неговото братство толку се намножи, што мораше да гради манастир за него. И тој го направи тоа, работејќи заедно со работниците и хранејќи се само со зеленчук.

Еве и дел од неговите чуда. Откако преподобниот Дионисиј го напушти манастирот, местото коешто му припаѓаше на манастирот и имаше пештера со извор на вода, го зазеде еден овчар и тука си изгради колиба за себе и бачило за стоката. Учениците на преподобниот залудно го молеа да си замине од таму. Тој не сакаше ни да слушне што му зборуваат. А кога преподобниот се врати и дозна за ова, тој кротко го советуваше овчарот да го остави манастирот на мира и да не го одзема монашкиот имот. Но тој, наместо да послуша, го изгрди старецот. Тогаш преподобниот додаде: „Ако е волјата Божја тука да живеат монаси, тогаш ќе видиш...“ И несреќниот чобанин ги виде последиците на својата неразумност: Во истиот ден, додека неговите стада пасеа околу манастирот, се откачи огромна карпа и го затрупа поголемиот дел од овците. А и самиот падна во тешка болест од која лекарите не можеа да го избават. Кога дознаа за неговата неволја неговите соседи ја одгатнаа причината за неговата болест и го советуваа да побара прошка и исцеление од преподобниот. Болниот така и постапи. Преподобниот, трогнат од неговите страдања го благослови и хранејќи го во текот на седмицата на братската трпеза потполно му го поврати здравјето.

Во една прилика преподобниот беше повикан во местото Турија за да ги исповеда тамошните христијани. Меѓу нив имаше и еден дамнешен непријател на Светата Тајна Исповед, кој им се потсмеваше на оние со мислење дека исповедта е неопходен услов за очистување од нечистотијата на гревот. Кога дозна за овој несреќник, преподобниот замоли да го доведат кај него на разговор. И овој дојде. Но наместо да го прифати објаснувањето на старецот за исповедта, тој пред него започна да ја одрекува силата на исповедта. Огорчен од неговото демонско самоволно мислење, преподобниот строго ги изговори зборовите на светиот апостол Павле: Несреќнику, бидејќи ги расипуваш правите патеки Господови и ги исмеваш моите зборови и заповедите Христови, тогаш, еве ги рацете Господови врз тебе и гневот без милост врз домот твој. Преку тебе и други нека се опаметат!

Со овие зборови преподобниот го остави несреќникот и си отиде во својата пустина. Судот Божји не задоцни. Само што замина преподобниот, беззаконикот и целиот негов дом ги нападна тешка болест од која умре целото негово семејство, а остана само тој во жалост и маки. Тогаш некои негови роднини усрдно го молеа старецот да дојде и да му помогне. Сострадалниот старец не одби, туку се упати кај него, но пред да стигне несреќникот беше умрел. Преподобниот горко жалеше заради тоа.

Нешто слично се случи и во селото Екатерина. Еднаш, минувајќи низ ова село, светителот здогледа непристојни игри и ора на девојки и момчиња. Силно огорчен од таквата соблазна и сатанска слава на развратот, блажениот пријде до групата девојки и кротко им рече: „Девојки, зошто така бесрамно играте со момчињата и заборавате дека смртта и судот Божји ви се зад вратот?“ Девојките се збунија и молчеа, само една бесрамница потсмешливо му одговори: „Ах, вие лажни монаси, што ви е гајле за нас? Вие гледајте се себе си. Самите вие живеете нечисто, а другите ги учите на чедност“. „Благословен е Бог кој уредува сѐ за корист!“ строго рече старецот на тоа. „За да се научат и други на скромност, ти ќе бидеш пример, како Господ грозно ја казнува бесрамноста на девојките“. Го рече тоа и си го продолжи патот. Веднаш потоа влезе бесот во несреќната девојка и уште пред да се врати дома, таа исфрлаше пена и се удираше од земјата. Преплашени од тоа, нејзините родители не знаеја што се случува со неа. Тогаш нејзините другарки им раскажаа сѐ и тие веднаш го побараа старецот. Незлобивиот старец беше трогнат од нивните солзи, и откако се помоли ја исцели бесомачната. А таа како благодарност на Бога, Нему му го посвети својот девствен живот и се упокои во покајание.

Една старица, вдовица, се разболе и му изјави на преподобниот дека пред смртта сака да се замонаши. Не плаши се старице, ѝ одговори божествениот Дионисиј. По примањето на монашкиот образ ти ќе живееш уште дванаесет години. Така и се случи.

Една жена имаше син единец. Тој, привлечен од љубовта кон Бога, отиде на Олимп и беше замонашен од преподобниот отец. Потоа, сакајќи да ја види својата мајка, со благослов на старецот отиде кај неа. Монашкиот чин, кој го прими момчето од рацете на преподобниот многу ја вознемири несреќната мајка. Исполнета со гнев од постапката на својот син, таа ја дофати камилавката од неговата глава и газејќи ја со нозете бараше од него повторно да се облече во световна облека. Бедниот син ја послуша. По неколку дена светиот старец дојде во тоа село. Меѓу останатите кај него пријде за благослов и таа жена.

- Немој да ми приоѓаш несреќничке! Ти, која дрско го изгази ангелскиот образ, надевајќи се дека синот ќе ти биде помошник во староста, - ѝ рече строго старецот. - Утре ти ќе видиш како твојот син умира со зла смрт. Насладувај се тогаш на последиците од својата лекомисливост и безочност!

И навистина, утредента нејзиниот син се искачи на едно високо дрво, се лизна и падна мртов на земјата.

Еден монах во Верија кој не беше доволно писмен, случајно дојде до некоја магиска книга. Разгледувајќи ја со љубопитност, тој се воодушеви од верувањето во гатањето. Следната ноќ, тој пред себе здогледа црнец со џиновски раст, кој му рече:

- Ти ме повикуваше и еве ме! Што сакаш ќе направам само поклони ми се.

- На мојот Господ му се поклонувам и само нему му служам! - му одговори монахот.

- Тогаш, зошто ме повикуваше? - го праша сатаната, му удри многу силна шлаканица и исчезна. Болката и стравот го пробудија монахот, а лицето му поцрне и толку му беше отечено, што не можеше да гледа. Кога ја дознаа причината за неговата болест, монасите веднаш го повикаа преподобниот Дионисиј. Тој дојде, сесрдно се помоли на Бога и на Мајката Божја, го помаза со елеј болното место, и монахот веднаш оздраве и го прослави Бога.

Старицата Егина, од селото Платарија, го виде светителот, му пријде и му рече:

- Оче, јас сум веќе стара и не можам повеќе да работам за да се прехранам. Замоли го Господа да ме упокои.

- Не тагувај, - ѝ рече преподобниот, - денес ќе се упокоиш. Еве ти три сребреника за погребение. Така и се случи. Старицата наеднаш почувствува дека не и е добро, и мирно ја испушти својата душа.

Најпосле и самиот божествен Дионисиј се приближи до своето заминување од времениот живот во вечноста. Во Димитраидскиот манастир, додека браќата читаа полноќна молитва, преподобниот веќе наполно изнемоштен приседна да се одмори малку. По завршувањето на молитвите еден монах му пријде и мислејќи дека заспал, полека го допре. Болниот старец не даде одговор. Монахот повторно го допре и осети дека телото му е безживотно, само се забележуваше одвај чујно дишење. Присутните се насобраа околу старецот, а тој одеднаш ги изговори овие зборови:

- Слава Тебе, Боже, слава Тебе! Ти благодарам, Владичице, за милоста твоја! На прашањето како се чувствува, свети Дионисиј со слаб глас рече дека душата веќе му била надвор од телото и тој бил готов да се јави кај Бога, но, чувствувајќи дека сѐ уште треба да се кае, ја молел Владичицата да му даде уште време за покајание. И ете молитвата ми е услишана. Водете ме на Олимп, зашто таму треба да умрам.

Желбата му беше исполнета. На негова барање браќата го одведоа на Голготската карпа, која тој ја изгради во спомен на палестинската Голгота. На браќата кои се насобраа тука, тој им објави дека времето за неговото заминување веќе настапило. Плачот и солзите на монасите силно го потресоа срцето на старецот. Им изрече проштален говор и ги отпушти, а покрај себе остави само двајца свои ученици. Три дена после тоа отиде на својот олимписки Елеон, необично повлечен и безмолвен. Но се упокои во својата ниска пештера во близина на киновијата, каде живееше најпрвин по доаѓањето на Олимп.

Необично трогателно е неговото посмртно слово кон браќата:

- Да живеете по уставот на Света Гора, им зборуваше старецот на умирање, и подвизувајте се спрема своите можности и сили. Постојано да негувате љубов еден кон друг, и Господ нема да ве остави. Никако да не се состанувате по ќелиите! Сакајте го самотниот живот, смирението, молчанието, молитвата... А круна на сѐ е љубовта спрема Бога! Ако го исполните мојот завет - Бог е милостив: наградата за тоа ќе биде царството Негово. Ако се удостојам на слобода пред Господа, и јас од своја страна нема да ве оставам вас. А тоа ќе го познаете по тоа, ако манастирите, подредени од мене со многу труд и пот, постигнат совршенство. Ако го видите тоа, тогаш знајте дека сум добил слобода пред Бога, да посредувам за вас.

На крајот тој се помоли за своите духовни чеда, ги благослови, и после неколку дена, на 24 јануари мирно отиде кај Господа. Неговото свето тело беше погребано во црквениот притвор, подигнат од неговите сопствени раце. По неколку години неговиот гроб беше отворен; неискажан миомирис се излеваше од неговите свети мошти, како очигледен доказ на благодатното пројавување на славата во светлината на Светите, која ја прими преподобниот Дионисиј од Бога, кој ги прославува оние кои Го слават. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АГАПИЈ и ТИМОТЕЈ

Беа ученици на светиот свештеномаченик Вавил Сицилиски.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПАВЛЕ, ПАВСИРИЈ и ТЕОДОТИОН

Овие светители беа родени браќа. Пострадаа во Египет во 290 година, за време на царот Диоклецијан. Павле и Павсириј беа од младоста монаси, а Теодотион - член на разбојничка дружина во шумата. Поради исповедањето на верата во Христа, Павле и Павсириј биле изведени на суд. Кога дозна за тоа Теодотион, ја остави шумата и отиде кај своите браќа да ги види и да се прости со нив. Кога дојде во судот и виде како намесникот ги суди неговите браќа, тој не се осмели да пријде поблиску, туку се повлече малку настрана и започна да размислува за славата што ги очекува на небото неговите браќа. Во тоа размислување, нему благодатта Божја му го загреа срцето и тој се врати, истапи пред царскиот намесник, и изјави дека е христијанин. Потоа скокна на намесникот и го собори од судискиот престол. Веднаш го фатија војниците и му забија вжештени клинци во ребрата и стомакот. Потоа му ја отсекоа главата. Така Теодотион го прими венецот на мачеништвото. Павле и Павсириј ги фрлија во реката и така и тие го завршија своето мачеништво за Господа Христа.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕРМОГЕН И МАМАНТ

Овие пријатели Христови, пострадаа за Господ Христос.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ФИЛИПИК

Бил презвитер и се претставил во мир.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВАРСИМ

За верата во Христос пострадал заедно со своите двајца браќа, заклани со меч.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ЗОСИМ

Преподобниот се подвизувал богоугодно и се претставил во мир.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЈОВАН КАЗАНСКИ

Светиот маченик Јован пострада за Христа во градот Казан, на 24 јануари 1529 година, за време на кнезот Василиј Јованович. Татарите го нападнаа Нижњи Новгород и многумина одведоа како робови во Казан; меѓу нив беше и богобојазливиот Јован. Теран да се откаже од Христа и да му се поклони на Мухамед, Јован смело го исповедаше Исус Христос како свој Бог и Господ. Разјарени од тоа, Татарите му ја отсекоа главата.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НЕОФИТ ЗАТВОРЕНИК

Преподобниот Неофит е роден на Кипар во 1134 година, од побожни родители Атанасиј и Евдоксија, кои го присилуваа да се ожени. Напуштајќи ја тајно невестата, преподобниот отиде во манастирот свети Јован Златоуст, викан Куцувенти, каде стана монах. Потоа ги посети Светите Места и пак се врати на Кипар, со кој тогаш владееја Латините и се насели во едно карпесто место, кое што самиот го нарече Енклистра (затвор) каде потоа основа манастир. Манастирот го снабди со типик, кој го напиша сам околу 1183 година, и со други корисни правила и книги. Живееше долго како затвореник во карпестата пештера над манастирот и се претстави во мир.