7. Февруари (25. Јануари)
ЖИТИЕ НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ГРИГОРИЈ БОГОСЛОВ
архиепископ Цариградски
Свети Григориј Богослов, свети Василиј Велики и неговиот брат, свети Григориј Ниски, го сочинуваат триѕвездието на тројцата Кападокијци. Свети Григориј бил мајстор на словото и стихотворниот збор. Неговиот живот ни го откриваат не само пишувањата на свети Василиј Велики и блажениот Јероним туку и неговите сопствени трудови, особено писмата и автобиографските стихови. Тој самиот ни го раскажува својот живот и тоа со вистински лиричен драматизам. Иако бил љубител на безмолвието и богосоѕерцанието и со својата волја насочен кон пустинското богомислие, тој бил призван кон пастирското служење, среде бурата на животните потреси на Црквата Христова, во четвртиот век. Својот славен животен пат го поминал со постојано насилие над својата лична волја, во непрекинато смирување на своите пориви и со постојано рането срце.
Свети Григориј Богослов е роден во Кападокија, во градот Назијанз во 330 година, од благородни и угледни родители, татко Григориј и мајка Нона. Неговиот татко најпрвин бил незнабожец, зашто бил роден од нехристијански родители: од татко Елин и мајка Еврејка, па се држел и до елинската заблуда и до еврејското неверие. А мајката на свети Григориј, блажената Нона, беше христијанка, родена од христијански родители и од мала воспитувана во верата и стравот Божји.
По промисла Божја таа била омажена за незнабожниот маж за да го приведе и него во светата вера по зборовите на апостолот; „Некрстен маж се освети со крстена жена“ (1 Кор. 7,14), - што и се случи. Зашто Нона, постојано говорејќи му богомудри зборови на својот маж и сесрдно молејќи се на Бога за него, со Божја помош го приведе во христијанството. И тој имаше вакво видение од Бога во сонот: „Пеел стихови од Давидовите псалми, кои никогаш ги немал во устата, освен ако ги имал чуено од својата сопруга, која се молела често. А самиот тој никогаш не се молел, ниту умеел, ниту пак сакал да се моли. Се случило во тоа време во Назијанз да дојде свети Леонтиј, епископот на Кесарија Кападокиска, кој одел во Никеја на Првиот Вселенски Собор. Блажената Нона го доведе во својот дом и тој го крсти нејзиниот сопруг. После светото крштение, Григориј започна да води праведен и богоугоден живот. И тој покажа таков напредок во побожноста и добрите дела што покасно беше избран за епископ во истиот град.
Живеејќи со таков маж во чесен брак, блажената Нона сакаше да добие машко дете, и му принесуваше топли молитви на Давателот на сите добра, да ѝ подари син. И Бог ги услиша нејзните молитви и преку божествено откровение ѝ го покажа детето кое ќе го роди таа, и му го дозна и името. И кога дојде време, света Нона роди машко дете и му го ставија татковото име Григориј, како што ѝ беше речено во сонот. Тоа се случи околу 330 година. Голема благодарност му изнесуваше таа на Бога, и детето наполно ѝ го препушти на Божјата промисла. Но, не го крстија веднаш, зашто во тоа време кај многу христијани постоеше обичај да го одложуваат крштевањето до онаа возраст на годините во која нашиот Господ Исус Христос се крсти од Јован на Јордан, т.е. до триесеттата години. Но покасно, од оправдани причини, овој обичај беше укинат од овој свет Григориј Богослов, од Василиј Велики, од Григориј Ниски, и од другите велики Отци. Но тогаш, по тој обичај неговото крштевање беше одложено до неговата триесета година.
А кога малку потпорасна, родителите го дадоа, по обичај, да се школува. И растејќи со годините, тој растеше и со разумот. И како што му одговара на неговото име, Григориј беше остороумен, буден и внимателен во учењето и ги надминуваше своите врсници.
И од најрано детство неговите родители му ги наложија златните синџири на благочестието. Нему не му пречеа детските години за да го разбере и сфати она што само зрелите луѓе го разбираат. Уште како дете беше многу сериозен; не ги сакаше детските игри, смеи и претстави, и постојано се трудеше во доблестите и учењето, не губејќи време во бесмислици. Во духовниот живот многу му помагаше неговата побожна мајка.
По свети Григориј, блажената Нона роди уште еден син по име Кесариј и ќерка Горгонија. Таа ги воспитуваше во побожност и книжевна мудрост. А Григориј, сакајќи потполно да се усоврши во беседењето, философијата и целокупната елинска мудрост, отпатува најпрвин во Кесарија Кападокиска, каде што се запозна со свети Василиј Велики, а потоа во Кесарија Палестинска, каде што во тоа време имаше познати училишта. Таму главен учител му беше риторот Теспезиј. Потоа отиде во Александрија. И таму насобра многу мудрост и се збогати со знаење. После тоа го посети својот брат Кесариј, кој ја изучуваше медицината и оттаму замина за Атина.
По патот за елинската престолнина, во смртна опасност од разбрануваното море, Григориј си го повтори заветот што ѝ го беше дал на својата мајка; дека својот живот ќе го посвети на Бога.
Во Атина, свети Григориј ги изучуваше световните науки. И сите му се восхитуваа на бистрината на умот и целомудрениот живот. Наскоро во Атина дојде и свети Василиј Велики, заради изучување на философијата. И двајцата станаа многу блиски пријатели и другари. Тука тој најде многу повеќе отколку што бараше, и затоа велеше: „Таму јас барав красноречие, а ја пронајдов вистинската среќа, зашто го пронајдов свети Василиј Велики. Заличив на Саул кој барал ослици, а си нашол царство. Двајцата имаа ист дом, храната им беше иста, имаа еден дух, еден карактер, како да се родени брака. И двајцата беа видни и угледни во Атина, зашто за кратко време ги надминаа сите учители, та тие, учениците, станаа учители на своите учители. Григориј и Василиј ги сврзуваа најтесните врски на взаемното доверие и приврзаност.
Тие за себе слободно можеа да речат: „Со едномислие одевме во Божјиот дом, и во нас сѐ беше општо, како една душа да беше во нашите две тела“. Во тоа време над Римјаните и Грците царуваше Констанциј, синот на Константин Велики, а во Атина философијата ја изучуваше философот Јулијан, кој подоцна стана цар и отстапник од Бога. За него Григориј често велел: „О, какво големо зло храни римската и грчка земја!“ Зашто провидуваше што ќе излезе од него.
Откако поминаа доста години во Атина и натполно ги изучија сите науки, Василиј отпатува во Египет, за таму од духовни луѓе да се учи на духовна мудрост, а Григориј остана во Атина како учител. Но малку остана таму, зашто слушна дека неговиот татко бил поставен за епископ во Назијанз и веднаш се врати дома. Тогаш веќе имаше над триесет години. И беше крстен од рацете на својот татко. И веднаш сакаше да се повлече во пустината, но родителите го задржаа дома.
Живеејќи во својот дом, свети Григориј се заветуваше никогаш да не се колне, нити залудно да го призива името Божјо. И тој завет го одржа до крајот на својот живот. Постојано читаше божествени книги, поминувајќи и ден и ноќ во богомислие. И многу пати имаше видение на Христа. Потоа се јави потреба, та неговиот татко, епископот Григориј, го ракоположи за презвитер. Покрај тоа, татко му сакаше да го хиротониса за епископ, но Григориј чезнееше по монашко молитвено молчание. Затоа тој тајно побегна и отиде во Понт кај својот пријател свети Василиј. Исто така и свети Василиј тогаш беше презвитер, и веќе имаше манастир во Понт, со мноштво монаси. Тој му имаше пишувано на свети Григориј од Понт и сесрдно го повикуваш кај себе. И така, тие двајцата повторно, како некогаш во Атина започнаа да живеат заедно, имајќи го едниот за пример другиот и угледувајќи се еден на друг. И заедно пишуваа подвижнички правила за монаси. Таму свети Григориј помина доста време со свети Василиј. Потоа умре неговиот брат Кесариј. И неговите родители плачеа многу по него. И неговиот татко со солзи му пишуваше, убедувајќи го да се врати дома и да му помогне во староста. Во тоа време Црквата сѐ повеќе ја потресуваше аријанската ерес, па Григориј се врати дома и му помагаше на својот татко во црковните работи.
Кога по смртта на синот на царот Константин Велики, Констанциј, царскиот престол го зазеде Јулијан, се исполни пророштвото на Григориј за него, зашто тој беззаконик направи големо зло, одрекувајќи се јавно од Христа и воспоставувајќи гонење на Црквата Христова. Против него се крена свети Григориј, изобличувајќи ја неговата заблуда преку многу свои богомудри списи. Законопрестапникот Јулијан не царуваше долго, зашто заврши со зла смрт. После него се зацари Јовијан, кој беше благочестив христијанин. Во негово време цветаше верата Христова.
После Јовијан се зацари аријанецот Валент. И повторно се засили аријанската ерес и ги загрозуваше православните по целиот свет. Тогаш и во Кесарија Кападокиска аријанството тргна да заразува многумина со своето зловерие. Тогаш на архиепископот Евсевиј му притекна на помош свети Василиј на молба на свети Григориј, кој го молеше да заборави на претходниот гнев против него и да ѝ помогне на Црквата. И штом дојде, свети Василиј ги посрами аријанците и тие се повлекоа, а архиепископот се радуваше заедно со свети Василиј и поживеа во љубов со него, сѐ до својата смрт.
На празниот епископски престол во Кесарија, околу 370 година православните без негова волја го поставија свети Василиј Велики за епископ. А зловерните аријанци роптаа против тоа, и понесени од завист го одвоија градот Тиана од Кесарија. Во Тиана епископ беше Антим кој лицемерно се преправаше дека е православен. Одвојувајќи се од Василиј со своите едномислени епископи се прогласи за митрополит. Така Кападокиската област се подели на две и настана голем спор околу границите на епархиите. Свети Василиј направи ваков план: меѓу Кесарија и Тиана имаше мал град Сасим; и во него требасе да се оснива епископија, и за епископ да се постави благочестив маж кој ќе може стиши расправиите и да сочува многу души во верата. Немајќи погоден човек за тоа место, свети Василиј му напиша писмо на својот другар, на светиот Григориј, молејќи го да прифати да биде епископ во градот Сасим, зашто никој не би бил способен Таму да ја утврди верата како тој. Свети Григориј му одговори одлучно одбивајќи. Тогаш свети Василиј лично отиде во грдот Назијанс и во договор со стариот Григориј го убедија да го прими епископството. И така по силата на неопходноста, свети Григориј стана епископ на градот Сасим.
Кога дозна за тоа таинскиот митрополит Антим, кој го присвојуваше Сасим кон својата епархија, таму доведе војска за да не му допушти на Григориј да го зазеде престолот. Војската го чуваше дури и патот. На пат за Сасим, свети Григориј дозна за Антимовата злоба и воена сила, и се откажа од стапувањето на епископскиот престол, па отиде во еден манастир и таму им служеше на болните. Потоа се повлече во пустината, во многу посакуваното безмолвие, осаменичкото монашко подвизување.
Но по извесно време, на преколнување од родителите, тој пак мораше да се врати во Назианз, зашто родителите му беа многу стари и неговата помош им беше многу потребна, зашто веќе немаа други деца. Нивниот втор син Кесариј беше веќе умрен, како што спомнавме, а и нивната ќерка Горгонија се беше упокоила. И на двајцата, свети Григориј им оддржа посмртно слово. И така, на престарените родители им беше останал само свети Григориј, како една зеница во очите. Беше невозможно тој да се оглуши на нивната молба, а и беше должен да им послужи во староста и да ги погреба кога ќе се упокојат.
Така свети Григориј повторно, од пустината се врати во Назијанз. По кратко време, после 45 - годишно служење на епископскиот престол на 100 - годишна возраст се упокои неговиот татко Григориј, а за кратко време исто така на 100 - годишна возраст и неговата мајка, блажената Нона.
Откако ги погреба своите родители, и несакајќи да го заземе престолот на својот татко, свети Григориј тајно замина и остана во црквата на светата првомаченичка Текла. Потоа на молба на свети Василиј, отиде кај него за да се грижи за сиропиталиштата и болниците. Бидејќи свети Василиј беше изградил големи домови за сите оние на коишто им беше потребна помош, во нив смести и сироти, и болни, вдовици и сиромашни, и странци. И ги хранеше. Таа грижа за нив, сега му ја повери на својот мил другар. И свети Григориј стана хранител на гладните, служител на болните и утешител на странците.
Во тоа време од аријанската ерес, која веќе повеќе години ја потресуваше Црквата Божја, произлезе нова ерес која им нанесуваше штета на многумина. Тоа беше ереста на Македониј. Таа ерес хулеше на Светиот Дух. И на соборна одлука, свети Василиј и многу други православни епископи го задолжија Григориј, како мудар човек и силен на збор, да отиде во Визант и да ја разбие таа ерес и да ги заштити правилните догмати на светата вера. Но пред тој да тргне за Визант, се разболе свети Василиј Велики и се упокои. И така се угаси светилникот на универзумот. Свети Григориј долго плачеше за него. И со надгробно слово се прости од него.
Потоа тргна на пат и стигна во престолнината на Византија - Цариград, кон крајот на 379 година. Тука со радост го дочекаа православните.
Но, тука тој ја најде Црквата Христова многу намалена и бројот на верните можеше лесно да се изброи, зашто најголемиот дел на градот се беше приклучил кон ересите. Во рацете на еретиците беа сите големи храмови Божји. Само еден мал храм, посветен на света Анастасија, на кој еретиците не му обраќаа внимание, беше оставен на православните. Свети Григориј веднаш се зафати со работа. Вооружен со Божјото слово против еретиците, тој нивните догми ги кинеше како пајажини. И со своите богомудри и боговдахновени зборови, секојдневно многумина одвраќаше од зловерието во православното правоверие. Така, за кратко време толку се намножи Црквата Христова, што беше невозможно да се избројат нејзините верни. А бројот на еретиците се намалуваше од ден на ден. И се случуваше она што е запишано во Светото Писмо за домот Давидов и домот Саулов: „Домот Давидов сѐ повеќе зајакнуваше, а домот на Саул стануваше сѐ послаб“ (2 Цар. 3,2).
Но сѐ уште аријанското и македониевото зло не беше престанало, а се појави нов еретик од Сирија, по име Аполинариј. Тој учеше неправилно за овополотувањето Господово: божем Христос не примил човечка душа, туку наместо душа имал Божество. И добриот подвижник Григориј повторно имаше голема борба и со овие еретици. Оние што беа отпаднале од Православието тој ги изобличуваше; другите ги оддржа во верата; а трети ги подигнуваше од падот. А учениците на Аполинариј, одеа по народот и го клеветеа свети Григориј, како божем тој го дели Христос на два сина. Упорно протурајќи ја таа клевета, тие успеаја да предизвикаат гнев и злоба против свети Григориј. Подигнаа бунт и народот со камења го засипа светителот, како некогаш Евреите - светиот првомаченикот Стефан. Но не го убија, зашто Бог го штитеше својот угодник. Бидејќи не ја беа задоволиле својата злоба, тие го дадоа на суд како некој бунтовник и виновник за нередот и буната. А епархот, гледајќи го светителот кроток и смирен по срце, знаеше дека е невин и притоа, гледајќи ја човечката злоба, го пушти на слобода.
За таквите подвизи и силната и тешка борба со еретиците, свети Григориј се прочу и им стана познат на сите и од целата Православна црква му беше даден прекарот Богослов, како древниот Богослов, свети Јован, девственикот и возљубен ученик Христов. Иако овој назив се дава на големите учители и светители воопшто, зашто сите богословеле благочесно за Света Троица, на свети Григориј му е даден за извонредни и посебни заслуги во овој поглед, како знак за неговата победа и триумф над толку големи и многубројни еретици. И оттогаш сите започнаа да го нарекуваат Богослов. Многу беше сакан од православните, и сите тие сакаа тој да им биде патријарх. Со тоа и Петар, кој дојде после свети Атанасиј Велики, му напиша писмо на свети Григориј Богослов, дека сака да му го повери престолот на Константиновиот град, како човек достоен и кој толку труд поднел за Црквата Христова. Но злобни луѓе веднаш го спречија тоа, на следниот начин:
Во Цариград имаше еден елински философ, по име Максим, египќанин по раѓање. Тој беше лукав, препреден, вешт и пакосен човек. Тој дојде кај светиот пастир, Григориј Богослов, го отфрли елинското безбожие, се крсти, и стана член на светата Црква. И водеше нечист живот, а лицемерно се прикриваше во побожност што покасно се обелодени. А светителот не знаејќи ја неговата расипаност и сметајќи го неговото обраќање кон Христа за голема работа, го прими под својот покрив и на својата трпеза. И го направи клирик. Тогаш Максим намисли да отстапи од својот учител и да поведе војна против него. За таа своја намера си најде свој помошник во ликот на еден свештеник, кој немаше страв Божји и беше склон кон сплетки. Тие успеаја да прелажат еден богаташ и да му земат многу злато кое им беше доволно за нивниот план. Тогаш тајно испратија во Александрија многу големи подароци на патријархот Петар, молејќи го да испрати во Византија свои епископи кои би го довеле Максим на патријаршискиот престол. Соблазнет од поклоните, Петар веднаш испрати свои епископи во Цариград. Тие, без да се јават некому, веднаш влегоа во црквата за време на утрената заедно со Максим, за да го посветат за архиепископ. Во тоа време свети Григориј беше болен. А кога дозна за тоа народот, се исполни со гнев и ги спречи да ја спроведат во дело својата неправедна намера. Посрамени, епископите излегоа од црквата и отидоа во куќата на некој свирач и таму го објавија Максим за Цариградски патријарх. А огромен број од народот беше лут на Максим и го грдеа страшно. Негодуваа и кон самиот свети Григориј, затоа што примил таков човек под својот покрив. А светителот им одговараше, велејќи:
- Луѓе, немој да се лутите на мене затоа што правев добро, не проѕирајќи ја неговата расипаност.
- Зашто не сме виновни ние што не можеме однапред да ја почувствуваме нечијата расипаност. Единствено Бог ги знае внатрешните тајни на луѓето. Ние гледаме во лицето, а Бог во срцето. Успокоен со такви зборови, народот со поголема лубов се припиваше кон светиот Григориј Богослов.
А пак Максим, ги поведе со себе сите египетски архиереи кои го поставија за архиереј и отиде кај благочестивиот цар Теодосиј Велики, кој тогаш со војска се наоѓал во Солун. И му пристапија и го молеа да му го даде Цариградскиот патријаршиски престол. А благочестивиот цар со огромен гнев и закани ги истера Максим и епископите што беа со него. И тие отпловија назад во Александрија и се нафрлија врз патријархот Петар:
- Или издејствувај ми го Цариградскиот престол или нема да отстапам од твојот. И со вешти сплетки му копаа јама на патријархот, и сигурно ќе ја оствареа својата пакосна намера, ако за тоа не дознаеше Александрискиот епарх. Тој со сила и на срамен начин го протера Максим од Александрија.
Бидејќи во Византија здравјето на свети Григориј сосем се беше нарушило, тој реши да се откаже од управата над Византиската црква и да се врати во Назијанз.Но кога виде како народот плаче по него, се откажа од својата намера и им вети на верните дека ќе остане со нив додека епископите не се соберат на собор.
Благоверниот цар Теодосиј многу го почитуваше свети Григориј како свој отец. Но тој ретко одеше кај царот, а негова главна грижа беше постојано да го поучува народот, да ги посетува и исцелува болните, да ги штити обесправените, немоќните, и своето стадо да го чува од еретичките соблазни. Иако господареше со огромен црковен имот, тој никогаш не зеде ништо за себе, нити ги прашуваше црковните економи колкави се приходите и расходите. Сметаше дека тоа не е работа на епископот, туку на економот. А на сите им препорачуваше да имаат чиста совест пред Бога.
Малаксувајќи од секојдневните трудови и од староста, еднаш свети Григориј се разболе и лежеше на постела. И многу народ дојде да го посети, а тој седејќи на одарот ги поучуваше верните. Кога си заминаа сите, остана едно момче, падна пред неговите нозе и со солзи го молеше да му го прости неговиот грев. А кога светителот го прашуваше кој е неговиот грев, тоа молчеше и низ солзи молеше да му прости. Тогаш некој од присутните рече:
- Тоа е твојот убиец, оче, кој по наговарање од еретиците сакаше да ти зарие нож во стомакот, но Христос те заштити.
- И ете, сега се кае и моли да му простиш.
Светителот му рече на момчето:
- Мило, нека нашиот Господ Исус Христос биде милостив и нека ти ги прости твоите гревови! Само отсега биди наш и остави ја ереста, пристапи му на Христа Бога и Нему служи му верно. И така, со простување го отпушти момчето. Поради тоа народот уште повеќе го засака.
Потоа во 381 година, започнаа да се слеваат епископи во Цариград, од една страна за избор на патријарх за престолнината, а од друга, на Вселенскиот Собор да се предадат на анатема ересите и да се потврди Православието. И се собраа сто и педесет православни епископи меѓу кои најстар беше свети Мелетиј Антиохиски, и тој требаше да претседава со Соборот. И тогаш на 27 мај 380 година, свети Григориј Богослов, болен и тажен, торжествено, без своја волја, беше насаден на патријаршискиот престол во црквата Свети Апостоли, по упорните молби на императорот Теодосиј, и целиот народ. После неколку дена се разболе пресветиот Антиохиски патријарх, Мелетиј, и отиде кај Господа. На овој Вселенски Собор во 381 година, којшто беше отворен под негово претседателство, беше потврдено неговото востоличување и тогаш празнуваше Православието. Но блесокот не продолжи долго. Дојдоа епископи од Египет и Македонија и негодуваа поради поставувањето на свети Григориј, бидејќи бил избран без нив. И говореа дека неговото поставување е неправилно, зашто е поставен од Антиохискиот, а не од Александрискиот патријарх. Меѓу епископите настана несогласување и расправија околу неговото стапување на престолот. Едни говореа дека Григориј е востоличен правилно, други дека не е. И се караа меѓу себе. Кога виде светителот каква кавга настана заради него, стана среде соборот и им се обрати на сите, велејќи:
- Свештени и чесни пастири, јас не сакав да ја земам управата над Цариградската црква, иако оваа црква израсна и се зацврсти со мојата пот и труд. Мене ми беше доволно да му го препуштам тоа на Бога и од него да очекувам награда. Но љубовта на словесното стадо и општата одлука на епископите ме примораа да го прифатам престолот. Сега пак, слушам дека на многумина не им се допаѓа тоа. Знајте, значи, дека не сакам ни богатство, ни високи функции, ни почести, ниту сакам да се нарекувам Цариградски патријарх, и без тага си заминувам од епископијата. А вие договарајте се и правете што сакате. Мене одамна ми е мила пустината, зашто оние што нѐ лишуваат од престолот, не нѐ лишуваат од Бога.
Откако го рече тоа, тој излезе, ја напушти патријаршијата и се насели во една мала куќичка оддалечена од црквата, одбегнувајќи ја вревата и расправиите на оние што доаѓаа кај него. Тука доаѓаше многу народ да го моли да се сожали на своето стадо и да се врати. А светителот како чедољубив отец, трогнат, пак се врати на Соборот и одржа говор, говорејќи:
- Луѓе и сопастири на Христовото стадо, срамота е вака да се карате вие, кои треба другите да ги поучувате на мир. Зашто како може другите да ги учите на слога и едномислие кога меѓу вас владее таква неслога. Јас ве молам пред самата Пресвета и Единосушна Троица да воспоставите мир и љубов помеѓу себе, и сложно да ги решите црковните прашања. А ако јас сум причина за вашата неслога и раздвоеност, не сум повреден од пророкот Јона. Фрлете ме во морето, и ќе се стиши вашата бура. Сакам и да пострадам ако треба, иако сум невин, само вие да се помирите и да бидете едномислени. Симнете ме од престолот, протерајте ме од градот, само љубете ја вистината и мирот. Останете со здравје свештени пастири и сеќавајте се на моите трудови!
Кога го рече тоа светителот, сите негови противници се засрамија и беа трогнати од неговите зборови. А свети Григориј го напушти Соборот со намера да се врати во својот роден крај. Но најпрвин отиде кај царот за да се прости со него, и му рече:
- Царе, за сите твои добри дела кои си ги направил на Црквата, нека те награди Господ Христос, во денот за награди! И само едно те молам, дозволи ми да отпатувам во својата татковина, за епископите да имаат мир и слога помеѓу себе!
Царот се зачуди на ваквите зборови на светителот, и заплака. Заплакаа и присутните големци. Зашто сите имаа голема љубов кон него и не сакаа да си замине. Тогаш царот го отпушти. И светителот се прости со сите. А кога заминуваше од престолнината, целиот народ го испрати со плач и ридање.
По заминувањето на свети Григориј од Цариград, епископите иако го сакаа свети Григориј и плачеа за него, на соборот во Цариград за патријарх го поставија сенаторот Нектариј. Овој Втор Вселенски Собор го утврди Символот на нашата света православна вера.
Кога стигна во Кападокија, свети Григориј се насели во селото Арианз. И живееше таму веќе тешко болен, но не престануваше со работа заради Бога. Бидејќи во неговиот роден град Назијанз се беше појавила Аполинариевата ерес, тој успеа да ја сузбие со своите совети и списи.
А граѓаните го молеа да го заземе престолот на својот татко, но тој одби. И за епископ им го постави презвитерот Евлалиј, кој беше православен и доблесен човек. А самиот тој остана да живее во Арианз, каде што поживеа некое време во безмолвие и напиша многу корисни книги и прекрасни песни. И во длабока старост премина во неостарливиот живот, на дваесет и петти јануари 389 година. Чесно беше погребан во својот град Назијанз. После многу години, благочестивиот цар Константин Порфирогенит ги пренесе неговите чесни мошти во Цариград и ги положи во црквата на светите Апостоли, како помош и заштита на градот, а во слава на Христа Бога, славен со Отецот и Светиот Дух за навек. Амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ПУБЛИЈ
Преподобниот Публиј беше од градот Зевгмат, на реката Еуфрат. Најпрвин беше сенатор. Потоа го раздаде својот имот на сиромасите и се повлече високо во гората во близината на својот град Зевгмат. Си направи мала ќелија и тука се подвизуваше. Гласот за неговото подвизување се пронесе на сите страни и многумина започнаа да доаѓаат кај него, желни за подвизи и духовна борба. Започнаа да се градат ќелии околу него и тој се грижеше за сите што останаа да се подвизуваат и ги поучуваше. Преподобниот често ги посетуваше браќата и обраќаше внимание дали во нивните ќелии се наоѓаат излишни и непотребни работи. А лебот што го јадеа браќата, преподобниот го мереше на теразија. Ги посетуваше и ноќе. Кога ќе затекнеше некој брат како бдее и се моли, си заминуваше молкум; а кога ќе затекнеше некој како спие, го будеше и го укоруваше. Со таквата своја грижа за браќата, многумина од нив засветлија со своите добродетели. Меѓу таквите браќа беа и Теотекниј и Афтониј, кои после смртта на преподобниот Публиј го наследија старешинството и игуменството над браќата. А како трет беше Теодот, кој после Теотекниј стана игумен. Тој толку гореше со божествена љубов, што неговите очи деноноќно лееја солзи на умиление. А братот Афтониј покасно стана епископ. Но и како епископ, тој не ја промени својата проста и бедна облека што ја носеше како подвижник и пустиник, и не го сокри својот кострет од козји влакна. Тој не го промени и својот начин на исхрана туку се хранеше исто како и пред епископството. Преподобниот Публиј основа два манастира и се подвизуваше строго за време на целиот свој живот. Ја предаде својата душа во рацете на Христа Бога во 380 година.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ МАР
Преподобниот Мар уште како млад беше многу убав и слаткопоен. Сите Христови и светителски празници тој ги украсуваше со своите преслатки песни и прекрасни славословија. Љубовта кон Бога му беше постојана и тој ревносно ги исполнуваше заповедите Божји. Но ја чувал и чедноста на телото и чистотата и непорочноста на својата душа, макар што се наоѓал среде соблазнивите сласти на овој свет и се движел меѓу световните луѓе. А кога се одрече од светот, се повлече на едно место викано Омир. Тука си направи мала колиба, се затвори и помина во неа триесет и седум години. Иако во колибата имало многу влага која многу силно го поткопа неговото здравје, сепак тој не сакаше да ја промени таа колиба и остана во неа до крајот на својот живот. Ја сакаше простотата и потполно ја презираше лукавоста. Повеќе ја сакаше сиромаштијата отколку било кое богатство. Затоа носеше облека од козји влакна и се задоволуваше со многу малку леб, сол и вода.
Бидејќи преподобниот Мар се наоѓаше многу години во пустина, тој долго време не присуствуваше на света литургија. Затоа замоли да се отслужи литургија во неговата колиба. Оваа желба на преподобниот со радост ја исполни преподобниот Теодорит Кирски, кој и го напиша неговото житие. Тогаш преподобниот говореше дека никогаш во животот не доживеал таква духовна радост што не можеше да ја опише.
Поминувајќи го така животот на земјата, тој отиде на небото, каде сега ликува со сите свети во првородните дворови. Се упокоил во Господа во 430 година.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ФЕЛИЦИТА
и седумте нејзини синови
Како христијанка, света Фелицита била осудена на смрт заедно со своите седум синови, во времето на царот Антонин, во 164 година. Само му се молеше на Бога таа да биде биде убиена после своите чеда, за да може да ги бодри при измачувањето, плашејќи се некој од нив да не се откаже од Христа поради маките. По Божја уредување така и се случи. Оваа ненадминлива мајка со радост ги испраќаше своите синови во смрт, еден по еден, додека не го виде нивното погубување. Тогаш со радост и со благодарност кон Бога и таа прими маченичка смрт. Сите пострадаа во Рим, каде што се наоѓаат и нивните свети мошти.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК АВКСЕНТИЈ
Маченикот Христов, Авксентиј, беше родум од Јанин и син на побожни родители. Уште како млад тој отиде во Цариград и таму го изучи ќурчискиот занает. Но непријателот на секое добро, ѓаволот, не можејќи да ја поднесува чистотата на неговата душа, му стави мисла во срцето: дека за него би било добро, ако овој краткотраен живот го помине во уживање, и затоа тој го напушти својот занает и отиде на еден царски брод меѓу туѓинци, и таму се вработи. Но за кратко време, неговите другари туѓинци го наклеветија како божем се одрекол од својата христијанска вера и ја исповеда муслиманската. Плашејќи се да не го предадат на господарот на бродот, тој кришум побегна и отиде во Цариград облечен во многу проста и скромна облека. Таму купи еден чамец и работеше со него за да се прехрани. И се покаја Авксентиј со целата своја душа за сите гревови што ги изврши во животот. Покрај тоа, срцето му се запали со љубов за мачеништво и тој и дење и ноќе со солзи му се молеше на Бога да ја исполни неговата желба. Бог не се оглуши на неговите молитви и го испрати кај еден искусен духовен лекар по име Григориј. Кога се исповедаше и му ја кажа својата намера, старецот започна да го одвраќа од таквиот подвиг, плашејќи се Авксентиј да не се исплаши за време на измачувањата, и да се одрече од Христа. Тој го советуваше:
- Чуј ме, чедо мое, замките на лукавиот ѓавол се многубројни. Затоа, подобро бегај одовде и повлечи се во самотија, во тишина и таму замонаши се и минувај го својот живот во подвизи.Се надевам дека нашиот добар и пресладок Господ Исус Христос, после твојата смрт ќе те вброи во ликот на светите маченици за вечно да се радуваш со нив.
Кога ги слушна овие зборови, младиот Авксентиј не му одговори ништо на својот духовник, но срцето му гореше од божествена љубов за мачеништво. И продолжи Авксентиј и понатаму да работи со својот чамец. Од заработката за себе задржуваше само за своите најнеопходни потреби, а останатото го раздаваше на сиромашните. Притоа започна да го минува животот во пост, молитва и сеноќно бдение. Често одеше во храмот на Пресвета Богородица и постојано ѝ се молеше да му даде сила, својот живот да го заврши со маченичка смрт за Христа.
Наоружан со оружје од божествена благодат на Светиот Дух и окрепен од застапништвото на Пресвета Богородица, Авксентиј повторно отиде на бродот на кој работеше порано. Неговите другари од бродот, веднаш го препознаа и со голем гнев започнаа да го тепаат и да му викаат:
- Ти беше во нашата вера; зошто ја промени? И така тепајќи го, тие го одвлекоа на суд. А маченикот Христов без трошка страв започна да зборува јасно и громко:
- Бев христијанин, и сега сум христијанин, и за мојот Христос сум подготвен да отидам на илјада маки. Еден од нив, не можејќи да ја поднесе неговата храброст, го удри со железо по лицето и му го извади десното око. Тоа ни најмалку не го исплаши маченикот; напротив, тој му благодареше на Бога што го удостои да страда за Неговото свето име. Оној бедник го удри повторно и му ги искрши забите, меѓутоа маченикот со весело лице извикна дека Христос е вистинскиот Бог.
Судијата го праша зошто ја порекнува муслиманската вера кога веќе се одрекол од Христа како што тврдеа неговите другари. На тоа светителот се помоли на Бога и со силен глас му одговори:
- Судијо, јас никогаш не сум се одрекол од мојот Бог, Господ Исус Христос. Напротив, верувам и исповедам дека Он е семоќен Бог и Творец на целиот свет, и готов сум да ја пролијам својата крв за својата вера. А да се потурчам, тоа нема да се случи никогаш! Тогаш триста пати го удираа по нозете и крв се лееше од нив, но тој храбро поднесуваше и му благодареше на Бога, молејќи Го да му даде сила да издржи до крај.
Потоа го ставија во темница сѐ до следното судење. Кога дозна за неговите страдања, неговиот духовен отец Григориј успеа некако да најде начин да влезе кај него. Откако долго го советуваше и го бодреше, маченикот го замоли да го причести. Отец Григориј веднаш ја исполни неговата молба: донесе Свети Тајни и го причести.
Следната недела повторно го изведоа на суд, окован во тешки ланци како злосторник. Везирот го погледна дивјачки и го праша:
- Зошто ти не ја исповедаш нашата убава и вистинска вера, туку си ја напуштил и ја порекнуваш? Маченикот му одговори:
- Сум се родил христијанин и сакам да умрам како христијанин; и нема да се откажам од својата вера, макар да ме ставите на безброј маки, затоа што мојата вера е вистинска и прекрасна. Убаво би било кога и ти господине, наместо да ме мачиш, поверуваш во Христос! Кога го слушна тоа везирот страшно се разбесни и изрече пресуда: маченикот да се погуби со меч.
Слугите веднаш го дофатија Авксентиј и го одведоа на губилиштето. Свети Авксентиј се помоли на Бога за православните христијани и за целиот свет, потоа клекна пред џелатот и тој му ја пресече главата. Така, во вторник, на дваесет и петти јануари 1720 година, пострада маченикот Христов Авксентиј и доби венец на мачеништво во својата триесетта година. А утредента над неговите мошти се појави небесна светлина. Тоа го видоа не само христијаните туку и многу Турци и на сите им раскажуваа и сведочеа. Тогаш христољубивиот големец, царевиот терзипаша Михаило, имајќи слобода пред султанот, го измоли да дозволи христијаните да го земат телото на маченикот и да го погребаат. А кога после две години беа откопани неговите свети мошти, од нив започна да се шири прекрасен миомирис. И многу чудеса и исцеленија се случуваа, во слава на нашиот Господ Исус Христос, кому му доликува слава, чест и поклонение низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ МОЈСЕЈ
Прекрасен како монах, блажениот Мојсеј и како архиепископ се подвизувал во многу тешки подвизи. Ревносно ѕидал и обновувал цркви и манастири. Се упокоил во 1686 година. После дваесет и четири години неговите свети мошти биле извадени како нетлени и чудотворни.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ КАСТИН
Свети Кастин е роден во Рим; најпрвин бил незнабожец по вера, член на царскиот сенат и многу богат. Откако бил чудесно исцелен од епископот Кирилиан, тој станал христијанин. Покасно бил хиротонисан за епископ во Визант. Седум години го пасел богоугодно Христовото стадо и се претставил во мир, во третиот век.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ДИМИТРИЈ СКЕВОФИЛАКС
Овој свет Скевофилакс (садочувар) живеел во осмиот век. Се мисли дека тој на Седмиот Вселенски Собор читал од делата на светите Отци за иконите.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ АПОЛОС
Со целата своја душа отец Аполос му служел на Господа Христа целиот свој живот и се претставил во мир.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА МЕДУЛА
Света Медула пострадала за Господ Христос, запалена во оган.