20. Февруари  (7. Февруари)

 

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПАРТЕНИЈ

Свети Партениј се родил во Мелитопол. Татко му се викал Христофор и бил ѓакон во мелитополската црква. Во почетокот Партениј не учел книга, но добро паметел многу работи кои ќе ги слушнел кога се читало Светото Писмо, и многу знаел. Кога поодраснал, одел на блиското езеро, ловел риби и ги продавал и им делел милостина на сиромашните. Уште од своето рано детство тој беше удостоен на благодатта Божја, која ја сокривал пред луѓето. Во својата осумнаесетта година, тој веќе започнал да прави чудеса: изгонувал демони од луѓето со призивање на името Христово. А, кога неговата слава започна да се шири меѓу народот, за него дозна преосветениот епископ Мелиополски, Филип, и го повика кај себе. Откако добро го испраша за сѐ, тој се восхити на неговите доблести и Божјата благодат во него и нареди да го научат на книга. А кога се научи, епископот, и против негова волја го посвети за презвитер, и му ја повери грижата и управата над еден храм.

Како презвитер, свети Партениј почна уште посрдечно да се подвизува и да му служи на Бога, и да им помага на ближните. И доби двојна благодат Божја, на осветување и чудотворство, та ја исцелуваше секоја болест и правеше многубројни и прекрасни чуда со името на нашиот Господ Исус Христос. Покрај останатите чуда, го направи и следното:

Еднаш на патот го пресретна еден човек, кому волот му го беше извадил окото и тоа му висеше на образот. Човекот го придржуваше со раката, лелекајќи и плачејќи. Светителот го фати окото со својата рака, го врати на неговото место, го изми со вода, и за три дена потполно го исцели.

Некоја пак, жена, која на своето тело имала лута и неизлечива рана, дојде кај светителот, молејќи го да ја исцели. Светителот го осени со крсниот знак нејзиното чело, и таа веднаш доби исцеление.

Еднаш, светиот Партениј одеше да посети некој болен човек. Кога минуваше покрај куќата на еден велможа, еден огромен пес се откина од ланецот, излета на капијата, бесно јурна кон него, и му се фрли со предните нозе, сакајќи да го касне за лицето. А светителот дувна во него, се прекрсти, и песот во тој миг умре, а светиот го фрли мртвиот пес од своите рамења.

Кога слушна за таквите и слични чуда, архиепископот Кизички, Ахил, го повика кај себе и го посвети за епископ на градот Лампсак. А кога овој Божји човек дојде во епархијата што му беше поверена, во градот затекна многу мал број на христијани, оти сите останати беа  идолопоклоници. Поради тоа добриот пастир многу тагуваше. И не престануваше да ги советува, да ги изобличува и моли, и патот на вистината да им го покажува, и чудеса со името Христово да твори, и нивните болни да ги исцелува, додека не ги приведе кон познанието на вистинскиот Бог. Бидејќи го исчисти градот од незнабоштвото и го приведе кон верата Христова, светителот посака да ги разруши идолопоклонските храмови и на нивно место да изгради храмови Божји. Затоа отпатува кај царот Константин Велики за да издејствува дозвола за тоа. Од христољубивиот и благочестив цар беше примен со чест и љубов, и го доби тоа што го бараше. Зашто Константин Велики му даде на светителот своја, царска писмена дозвола, а со тоа му подари и многу злато за ѕидање на свети цркви Божји, и го отпушти со мир.

Кога се врати во Лампсак, светителот Божји Партениј, веднаш се зафати со работа: ги сруши до темел сите идолишта и среде градот изгради голем Божји храм. Притоа лично самиот, со своите раце им помагаше на ѕидарите. За време на ѕидањето на храмот, еден ден кај светителот дојде еден човек во кој потајно живеел нечист дух, и тоа уште одамна, но човекот не знаел за тоа. Тој му пристапи на светителот и многу учтиво го поздрави и му ја целиваше раката. А човекот Божји, Партениј, виде дека во него има нечист дух и затоа не му возврати на целивот. Демонот, се смути во човекот, и му рече на светителот: „Сакав да те видам и затоа ти дадов целив, а ти зошто не ми возврати?“ Свети Партениј му одговори: „Ете си ме видел; што тогаш?“ Демонот рече: „И те видов и те познав“. На тоа светителот рече: „Бидејќи си ме видел и навистина си ме познал, тогаш излези од Божјото створение“. Демонот му одговори: „Те  молам, немој да ме изгониш од домот мој“. Светителот го праша: „А од кога живееш во него?“ Демонот одговори: „Од неговото детство. И никој досега ме нема забележано, само ти сега, и ете, ме гониш. Но ако ме изгониш одовде тогаш каде ми наредуваш да одам?“ Светителот му одговори: „Ќе ти одредам место каде што ќе можеш да отидеш“. Демонот му рече: „Сигурно ќе ми речеш да одам во свињите. Светителот му одговори: „Не, ќе ти дадам друг човек, во кој ќе можеш да живееш. Само сега излези од овој човек“. „А кој е тој друг човек?“ - запраша злиот дух. „Јас сум тој човек!“ - му одговори светителот, - „влези и живеј во мене!“ Кога го слушна тоа, злиот дух започна да вика: „Како би можел да влезам во живеалиштето на Бога!“

Откако го рече тоа, ѓаволот излезе од човекот, побегна како да беше изгорен со оган и отиде во пусто место, а човекот којшто се ослободи од него, со благодатта Христова оздраве и го славеше Бога.

Бидејќи градбата на црквата беше завршена, свети Партениј се грижеше во олтарот да направи свет престол, за света литургија.

И во едно срушено идолиште пронајде еден одличен камен, многу погоден за тоа. И им нареди на мајсторите да го дотераат и направат погоден за светиот престол. Тие го направија тоа, го товарија каменот на колата, и ги впрегнаа воловите за да го одвезат до црквата. А ѓаволот, лут што каменот беше земен од идолиштето, ги потчукна воловите и тие започнаа да трчат, така што никој не можеше да ги задржи. Ефтихиј, кој што ја тераше колата, падна под неа и таа го прегази со сиот свој товар, па му ги испокрши сите коски, му го сплеска трупот, и тој веднаш издивна. Кога дозна за тоа свети Партениј, рече: „ѓаволската пакост го направи тоа. Но, ѓаволе, нема да го спречиш делото Божјо!“ И веднаш отиде на местото на несреќата, ги преклони своите колена на молитва, и со солзи, сесрдно се помоли на Бога, говорејќи: „Семоќен Господи, давателу на животот и смртта, Ти знаеш поради што пакосниот непријател му нанесе смрт на Твоето створение. Но, о, Преблаги! како секогаш, така и сега, покажи дека неговото лукавство е ништожно и врати го во живот слугата твој Ефтихиј, за на тој начин да им ја објавиш Твојата непобедлива сила на оние кои веруваат во Тебе“. Додека сѐ уште се молеше, духот на мртвиот се врати во неговото тело и тој оживеа и проговори: „Слава Тебе Христе Боже, кој и мртвите ги подигнуваш“. И веднаш стана здрав како порано, ги поведе воловите и го однесе каменот до црквата. Сите беа изненадени од ова чудо и му оддаваа слава и благодарност на Бога. И од сите страни донесуваа болни и страдалници од нечисти духови, и со благодатта и силата Божја сите се исцелуваа со молитвите на светиот Партениј. А лекови од лекарите, во деновите на овој угодник Божји, луѓето не употребуваа, зашто тој, во името на Господа Христа, ги исцелуваше сите.

Меѓу останатите болни, свети Партениј за три дена ја исцели од лудило ќерката на некој царски роднина по име Дионисиј, во која имало зол дух и силно ја мачел. Исто така, тој ја исцели и Агалматија, ќерката на кнезот смирнски Мамалиј, која страдала од нечист дух. Ја исцели и познатата жена Зоила, која во себе го имала гатачкиот дух и од него тешко страдала. Потоа некое момче Никон, син на свештеник, во кој имало лут демон, бил доведен кај светителот. Неговите родители паднаа пред нозете на светителот и го молеа да се смилува на него и да го спаси од нечистиот дух. А човекот Божји, Партениј, им рече: „Вашиот син не е достоен за исцеление, зашто духот што го мачи му е даден за казна, бидејќи е таткоубиец. Оти вие, често трпејќи од него навреди и грдења, со болка во душата го молевте Бог да го казни. Затоа, оставете така нека остане, бидејќи таа казна му е потребна“. А тие, како чедољубиви родители на кои срцето им се кинеше од болка за синот, со солзи го проколнуваа светителот: „Светителу Божји, моли се на Бога за него, да го избави од лутиот ѓавол“. Кога ги виде толкуте солзи на родителите, блажениот Партениј се сожали на нив, се помоли сесрдно на Бога, и ѓаволот веднаш излезе од момчето. А родителите го зедоа своето оздравено чедо и се вратија во својот дом, славејќи го и благословувајќи го Бога.

Некоја жена по име Александрија од градот Арисва, во која имаше змиски дух, па ѕвечкала и многумина убивала, била одведена кај свети Партениј. Тој му се закани на духот, ја исцели жената и ја испрати дома здрава. И повторно: некој Синодиј, авидениски граѓанин, имаше ќерка која ја мачел ѓаволот и таа скитала по горите. Родителите ја фатија и ја одведоа кај праведникот. И тој ја исцели, ставајќи ги рацете врз неа и помолувајќи се за неа. А пак некој војник, по име Аксан, на кого екстремитетите му беа одземени, светителот ги изми со вода, се помоли за него на Бога и го исцели.

Некој човек Алан, родум од Сирија, под дејство на злиот дух кој живеел во него, се беше обесил во црквата што ја изгради свети Партениј и висеше мртов. Кога дозна за тоа светителот, дојде во црквата, му пријде на лешот Аланов и воскреснувајќи го со молитвата, го истера ѓаволот од него.

Евтропиј, жител на градот Пареја, кој лежи помеѓу Лампсак и Кизик, ја доведе кај светителот својата луда жена за исцеление. Светителот дувна во неа, се помоли над нејзината глава и таа веднаш оздраве.

Исто така угодникот Божји исцели и друга луда жена по име Акакија, која ја доведоа кај него од селото Келеја.

Ефхерија, сопруга на високиот достоинственик Агапит, испила отров и многу страдала зашто смртоносниот отров ѝ ги разјадувал внатрешните органи. И неа ја доведоа кај светителот. Тој се помоли за неа, ја запои со осветен елеј и така ја направи здрава.

Момчето Максим од градот Виза, живеело во Лампсак служејќи кај еден ѓакон. Тоа доби дизентерија и, бидејќи не можеше да се излекува, умре. Неговите родители, откако слушнаа дека умрел, дојдоа за да го погребаат својот син. И плачејќи, го однесоа синот во црквата, и го положија на местото каде што требало да помине Партениј, светителот Божји. А кога дојде светителот, и го виде мртовецот и родителите како плачат за него, се расплака и самиот, и падна на колена, се помоли на Бога за умрениот, и мртвото момче веднаш оживе. Тоа стана и започна да зборува. А светителот му ја подаде раката и им го предаде здраво на родителите. Целиот град беше восхитен од таквото славно чудо и го славеше Бога.

Теофилија, ѓаконица од селото Асермија, и со неа девојчето Руфина од истото село, тешко болни од бесомачност, беа донесени кај светителот. Тој ги исцели и двете, откако ги попрска со осветена вода и се помоли за нив.

Исто така со молитва го излечи од лудило Теласиј, син на презвитерот Илариј.

Некоја старица Калиопа, а со неа и девојката Кириакија кои страдале од нечисти духови, светителот ги исцели, им ги даде потребните работи и ги испрати здрави.

Освен овие, и други, премногу и неискажани чудеса на светителот, се случи и ова: Во домот, во кој се изработувале царски порфири и раскошни фустани, се всели ѓаволот и им правеше големи пакости на работниците, плашејќи ги со привиденија и расипувајќи им ги ракотворбите. И сите беа во голема неволја поради штетата што се нанесуваше. Надзорниците на ова претпријатие го известија за тоа светителот Божји, Партениј, и го замолија за помош. Тој без одлагање отиде таму, го повика нечистиот дух, кој ги вршеше тие пакости, му се закани со страшното и свето име Христово, и го истера од таму. И од тоа време таму настапи мир.

Потоа ѓаволот започна да им прави пакости на рибарите во нивниот риболов. Зашто кога ги фрлаа мрежите во водата, опседнати од ѓаволот, во нив гледаа големо мноштво на риби, и откако со голема мака ќе ги извлечеа на брегот, во нив не наоѓаа ниту една риба. И така залудно се трудеа долго време. По тој повод се собраа сите рибари, од сите градови и села, и дојдоа кај светителот, и го молеа да се помоли за нив на Бога. И кога светителот се молеше со пост и со солзи, му беше откриено од Бога, дека таа неволја ги снаоѓа рибарите под дејство на ѓаволот. Светителот веднаш тргна и ги посети сите брегови и пристаништа, молејќи се и прогонувајќи ги од секаде ѓаволите кои се гнезделе во водата. Тогаш им нареди на рибарите, пред него да ги фрлат мрежите во водата. Штом го сторија тоа, по молитвите на светителот, нивниот лов беше толку благословен, та од многуте риби одвај ги извлекоа мрежите, и од тогаш риболовот повторно им стана бериќетен како порано. А кога во катаптелиското пристаниште рибарите ловеа риба во присуство на светителот, и ги извлекуваа мрежите, една огромна риба туна, скокна од мрежата и се фрли пред нозете на светителот. Тој ја осени со крсниот знак и нареди да ја исечат на парчиња, па да ја разделат на браќата во слава Божја.

После тоа свети Партениј го исцели хромиот човек Калист, така што тој започна да оди, а друг човек, по име Лезвиј, кој беше целиот во рани од главата до петиците, и ни најмалку не се разликуваше од губавите, помазувајќи го со свет елеј и молејќи се за него, светителот за три дена потполно го оздрави.

Во една прилика светителот Божји Партениј отиде во Тракија по црковна работа. И додека беше во ираклиската митрополија, тој го посети тешко болниот архиепископ Ипатијан. Во разговорот со него, го распрашуваше за причината за неговата болест. Во таа ноќ, Бог му откри на својот угодник Партениј, дека епископот Ипатијан е казнет со таа тешка болест поради неговото среброљубие и нечувствителност, зашто ги присвојува за себе работите и имотите на сиромашните и бедните. Наутро, свети Партениј повторно го посети архиепископот, и му рече:

- Стани голем господине, зашто ти си казнет со телесна болест зашто си оболел со душата. Затоа, истреси ја од себе болеста на душата, и повторно ќе бидеш здрав.

Болниот одговори:

- И самиот знам дека сум грешен, и дека затоа Господ ме казнува. Туку, те молам, помоли се за мене, да се очистам од моите беззаконија.

Свети Партениј му рече:

- Да си му згрешил на човек, веројатно молитвата за тоа би била услишана. Но, ти си Му згрешил на Бога. Затоа, тоа што им припаѓа на сиромашните врати го на Бога, и постојано ќе бидеш здрав и со душата и со телото.

Архиепископот беше трогнат, и рече:

- Оче, му згрешив на мојот Господ, а Господ е праведен.

И веднаш го повика економот и му нареди да ги донесе парите, добиени за имотите што беа одземени од бедните. Гледајќи дека тоа се многу пари, архиепископот го молеше свети Партениј, тој да им ги раздаде на бедните. А светителот го посоветува самиот да им ги раздаде. Тогаш болниот архиепископ нареди да го одвезат до црквата на светата маченичка Гликерија. Таму ги собра сиромашните и дарежливо им раздаде сѐ. А благиот и семилостив Бог, кој не ги презрел двете лепти на вдовицата, кој ги примил солзите на блудницата и воздишките на цариникот, го прими и покајанието на архиепископот, и во текот на три дена му даде потполно оздравување.

Човекот Божји, Партениј, секој ден ги обиколуваше црквите во градот Ираклија и ги вршеше во нив пропишаните богослуженија. Така, еден ден тој влезе во црквата, викана Ахила, и таму здогледа еден болен човек како лежи, необично слаб. Светителот се сожали на него, ги преклони своите колена, и со солзи Му се помоли на преблагиот Бог. Потоа го помаза болниот со светиот елеј, и во тој час го исцели и го крена на нозе. И му нареди да оди. Исцелениот си отиде здрав во својот дом, славејќи го Бога. А кога граѓаните на Ираклија дознаа за ова неочекувано чудо, се проврвеа кај светителот сите болни од најразноразни болести; и со силата на нашиот Господ Исус Христос, а по молитвите на свети Партениј, сите се враќаа здрави.

Во времето кога свети Партениј со благодатта и силата Христова правеше чудеса, исцелувајќи од секакви болести, покрај него беше ѓаконот на ираклиската црква, кој имаше исто име со архиепископот Ипатијан. Гледајќи ги чудесата, тој припадна пред нозете на светиот човек, и му раскажа како поради сушата која беше зафатила, на неговиот имот пропаднале сите посеви, и лозја, и градини. И со солзи го молеше, говорејќи му: „О, сечесни оче, ајде да појдеме во полето, да погледнеш како овенало сѐ, и да се помолиш на Бога на сувата земја да ѝ даде дожд, и така нашиот крај да се спаси од глад“. Чесниот и свет човек Партениј, веднаш отиде во полето и кога виде како сѐ овенало се расплака, ги преклони колената, и долго со солзи го молеше човекољубивиот Бог да испрати дожд на земјата. А Бог кој ја исполнува волјата на оние кои Му се плашат, уште додека молитвата беше во устата на светителот, го покри небото со дождоносни облаци, и заврна силен дожд и богато ја напои земјата. Тогаш светителот преноќеваше на имотот на ѓаконот. Свети Партениј ја помина целата ноќ во молитви и утредента му рече на архиѓаконот: „Внимавај на себе, брате! Затоа што не ти е познато дека твојот архиепископ беше казнет од Бога со тешка болест, заради своето среброљубие. А оваа ноќ, Бог ми јави, дека тој, после не многу денови ќе си отиде од овој живот, и ти ќе го заземеш неговиот архиепископски престол во градот Ираклија. Значи, внимавај секогаш да се грижиш за сиромашните, зашто тоа најмногу од сѐ го измолува Бога“. По тоа светителот ги благослави нивите, лозјата и градините на архиѓаконот, и со својата молитва и благослов направи тие изобилно да раѓаат, па се врати во градот и отиде кај архиепископот да се опрости со него, бидејќи имаше намера да отпатува со брод. Архиепископот со љубов го дочека и го прегрна. Во текот на разговорот свети Партениј му рече на архиепископот: „Те известувам, господине, дека после кратко време ќе се ослободиш од телото и ќе отидеш кај Господа, затоа што Христос те повикува. А пак, ти, одејќи кај него, ќе оставиш зад себе, како што ми откри Господ, добар наследник, господинот Ипатијан, твојот архиѓакон“. Архиепископот одговори: „Нека биде волјата Господова!“ И откако се целиваа еден со друг со свет целив, се разделија и свети Партениј отплови од градот Ираклија и по неколку дена стигна во својот град, Лампсак.

По кратко време повторно се разболе архиепископот Ираклиски, и се упокои во Господа. На неговото место за архиепископ беше посветен неговиот архиѓакон, господинот Ипатијан. И така се исполни пророштвото на светителот. Кога настапи летото и дојде време за жетва, на имотот ва архиепископот Ипатијан се роди такво изобилие од род, како што никогаш порано не се случило. Тоа се случи благодарејќи на молитвите на свети Партениј. Тогаш архиепископот натовари еден голем брод со пченица, вино и разни плодови, и отиде во Лампсак да му заблагодари на чудотворецот за благословот. Светителот со радост го дочека архиепископот Ираклиски, но донесените подароци не сакаше да ги прими, и му говореше: „Благодари му на Бога за сѐ, а ова раздади го на браќата“. Откако долго поразговара со светителот, архиепископот се врати во својот град, и по наредбата на Божјиот човек, им раздели на браќата многу пченица, вино и плодови, и до крајот на животот им раскажуваше на сите за големите дела Божји, кои ги направи Господ преку својот слуга Партениј.

Откако заблеска во рамноангелски живот и многумина обрати од идолите кон вистинскиот Бог, и безброј болни излекува, угодникот Божји и голем чудотворец, свети Партениј, доживеа длабока старост и на дело ја покажа својата љубов кон Бога и кон ближните. При крајот на својот живот се разболе и повикан од Господа, отиде кај Него на 7 февруари 318 година. И се слеаја архиереи од сите страни на неговиот погреб: ираклискиот, кизичкиот, мелитополскиот, парејскиот, и многу други епископи и свештеници, како да се беа договориле. Тие свечено го извршија опелото над светителот со псалми и славословувања, и песни духовни. Неговото чесно тело го погребаа близу до соборната црква, во молитвеницата, која тој ја беше изградил. На неговиот свет гроб се случуваа безбројни исцеленија. Бидејќи не само за време на својот живот туку и по своето претставување, овој бесплатен и чудотворен лекар ги лекуваше болните од сите болести; и сега ги лекува и исцелува душите и телата наши со своите молитви, а по благодатта на нашиот Господ Исус Христос, кому со Отецот и Светиот Дух нека му е слава за навек, амин.

ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ЛУКА ЕЛАДСКИ

Свети Лука е роден во Елада, во Грција, во местото викано Кастријон, во 896 година, од родители дојденци. Тие беа од островот Егина во Егејското Море, кое често беше напаѓано од агарјаните, поради што родителите на Лука го напуштија своето родно место и преминаа во Грција. Се населија во селото Кастрија каде што се роди и блажениот Лука. Родителите му се викаа Стефан и Фросинија. Уште во своето детство, дружејќи се со децата, блажениот Лука не покажуваше во себе ништо детско. Ги напушташе детските игри и забави, и како зрел човек по природа ја сакаше повлеченоста, тишината и честитоста. И што е уште понеобично, уште во детството тој се покажа како испосник и воздржувач: не јадеше не само месо туку ни млеко, ни сирење, ни јајца; се воздржуваше дури и од јаболка и друго овошје, а се хранеше само со леб, вода и зеленчук. Во среда и петок постеше сѐ до зајдисонце. Уште повеќе е достојно за восхитување тоа што за ваквото постење и воздржување, тој немаше никаков учител, туку сам се раководеше со помош на благодатта Божја која дејствуваше во него. И од ден на ден го зголемуваше својот подвиг: ги сакаше постот, трудот, оскудноста и сето она што го умртвува телото.

Неговите родители, гледајќи ги овие негови за децата необични карактеристики, многу се чудеа и мислеа дека тоа не е од доблест, туку од некоја детска лекомисленост. Затоа, еднаш на трпезата изнесоа месо и риба кои биле приготвени во еден сад. Кога започна да јаде од рибата, Лука забележа дека била заедно со месото и многу се нажали и веднаш го поврати тоа што го беше изел. Тогаш тој толку плачеше и лелекаше, и не сакаше ниту леб да вкуси. Така помина три дена, и тогаш родителите се уверија дека кај него тоа не е од детска лекомисленост, туку од благодатта Божја, и го оставија на мира.

Лука живееше во послушание кон своите родители. Ревносно работеше сѐ што ќе му беше наредено. Пасеше овци, ја работеше земјата и сите домашни работи, и спрема сиромашните беше толку милостив што поради нив потполно забораваше на себе. Кога и да излегуваше од дома, храната што ја носеше за себе тој ја раздаваше на гладните, а самиот гладуваше. Со срдечност ја раздаваше и својата облека, и разголен се враќаше дома, Поради тоа родителите многу го караа, па и го тепаа. Но тој, сѐ повеќе ревнуваше во чинењето добри дела на бедните.

Еднаш појде на нивата со семе жито, за да сее. Но по патот виде сиромаси како просат и поголемиот дел од семето им го раздаде, а она малку што му остана, го посеа. А Господ, кој милостината што им е сторена на бедните ја ја враќа стократно, она малку посеано семе, толку го благослови што нивата даде род како никогаш порано.Потоа се разболе таткото на свети Лука и се претстави. Тогаш блажекиот Лука започна да чита книги, и ревнуваше во богоразмислување и молитви. Во тоа, божественото момче толку напредна, што вознесувајќи го својот ум кон Бога, со телото лебдеше во воздухот над земјата. Тоа, повеќе пати јасно го беше видела неговата мајка, и подоцна со заклетва им раскажуваше на другите.

Оваа блажено момче одамна имаше желба да го остави светот, и да се оддаде на монашкото безмолвие и подвизи. Затоа тајно го напушти домот и тргна со намера да замине од Грција, но по патот наиде на војничка стража, која ги фаќала избеганите робови и ги ставала во темница. Кога го видоа момчето вака бедно облечено, војниците го испрашуваа чиј роб е, и каде оди. Тоа им одговорил дека е Христов роб и дека поради молитви оди кај светите отци. Но тие не му поверуваа, бездушно го натепаа и го заклучија во темница додека не признае чиј роб е, и од кој господар побегнал. По извесно време некои познаници го препознаа, посведочија за него и така Лука беше пуштен на слобода и се врати во својот дом. По извесно време во неговото село дојдоа двајца монаси, кои патувале за Ерусалим, и блажениот Лука ги замоли да го поведат со себе. Тој тргна со нив и допатува во Атина. Таму монасите го оставија во еден манастир во којшто одморија, и си го продолжија патот.

Игуменот на манастирот многу пати го прашуваше блажениот Лука од каде е, но ништо не можеше да дознае за него, зашто момчето не сакаше никој да знае за него. Кога виде игуменот дека тој е тивок, кроток, смирен и послушен го потстрижа за расофор. А неговата мајка тагуваше за него и не можеше да го поднесе отсуството на своето мило чедо. Горко плачеше за него и го молеше Бога, говорејќи: „Колку ми е тешко мене, Господи, сведочат вдовството и сиротството мое. Ти, прв ме ожалости, кога со смртта го отргна од мене другарот што ми го даде со бракот. А сега го тргна од моите очи и оној, кој ми беше утеха во толкуте неволји. И не знам каде би можела да ја здогледам зората на мојот многунапатен живот. Те молам, Господи, не ги презирај солзите на очите мои, и подари им на моите мајчински очи повторно да го видат своето мило чедо. Тогаш ќе ги повикам сите поради враќањето на мојот син, и ќе ја исповедам Твојата големина. И ќе Те славам во сите денови на мојот живот“.

Во својата тага, така Му се молеше на Бога вдовицата и Бог се смилува на неа, и ѝ го даде она за што се молеше. Зашто Господ, кој прави сѐ за еден миг, направи така, та игуменот на манастирот во кој се подвизуваше блажениот Лука, во сон ја виде неговата мајка како плаче, и со кукање му вели: „Зошто на мене која сум вдовица ми нанесе ваква неправда? Зошто на мојата болка ѝ додаде рани? Зошто немилосрдно ми ја одзеде единствената моја утеха? Зошто ми го грабна синот, поткрепата на староста моја? Врати ми го бргу, врати ми ја светлината на моите очи, врати ми ја мојата единствена надеж! Зашто нема да престанам да му се обраќам на Богот на сите и Царот, кукајќи по тебе, што голема неправда ми правиш“.

Уплашен од ваквиот сон и зборовите кои ги слушна, игуменот најпрвин мислеше дека тоа е некое празно ѓаволско застрашување. Но, кога и по трет пат ја виде во сонот онаа иста жена и ги слушна истите лути зборови, разбра дека тоа е од Бога и утредента го повика Лука, и гневно му рече: „Слушај ти, зошто криеш кој си и од каде си, иако многупати те прашувам? Зошто ми велеше дека немаш родители, ниту роднини? И како си се дрзнал да му пристапиш на овој свет чин, кога си полн со лаги за кои имам докази. Ако на почетокот ми ја кажеше вистината, тогаш немаше сега и против твојата волја, да ми биде откриено она што се однесува на тебе. Затоа оди си од нас и врати се кај твојата мајка, која веќе три ноќи ми задава тешки маки“.

Од овие зборови на игуменот, блажениот Лука многу се исплаши, и стоеше како избезумен. Со наведната глава, тој молчеше додека од очите му течеа солзи, зашто не сакаше да се одвои од оваа света обител. Гледајќи ги неговите солзи и смирение, игуменот беше трогнат и започна кротко да му зборува: „Не е возможно, чедо, да не се вратиш кај својата мајка. А потоа нема да ти биде забрането житието во манастирот. Те советувам постапи така. Зашто е очигледно дека молитвата на твојата мајка е многу силна пред Бога, и силно ја потиснува твојата молитва“. На тоа блажениот Лука не рече ништо спротивно, туку се поклони и го замоли отецот за молитва и благослов.

И така, против својата волја, Лука се врати дома и ја затекна својата мајка тажна. Кога го здогледа, таа, израдувана и зачудена стана, но не притрча веднаш да го прегрне својот син, како сите мајки, туку најпрвин како богобојажлива жена ги крена очите и рацете кон Бога, благодарејќи Му што со Негова помош повторно го гледа својот мил син, и рече: „Благословен е Бог Кој не ја отфрли молитвата моја и не ја скрати милоста своја“.

Така, по Божјата волја, свети Лука беше вратен кај мајка си и остана покрај неа четири месеци. Но, горејќи со духот кон Бога, Лука посака повторно да оди од дома, но неговата мајка сега не му бранеше повеќе, зашто знаеше дека нејзиниот син, а и секој друг, треба повеќе да го сака Бога отколку родителите. И свети Лука, имајќи ги нејзините молитви, отиде во приморската гора, викана Јованова гора, каде се наоѓаше црквата на светите бессребреници Кузман и Дамјан. Тука си направи мала ќелија и започна да живее за Бога. А колку труд поднел таму подвизувајќи се и борејќи се со демоните, тоа не може да се опише детално.

Кај преподобниот Лука имаше еден ученик, кој се сомневаше во својот духовен отец, сметајќи дека лицемерно се преправа дека непрестано се моли. Затоа една ноќ, остана да го прислушкува до утрото. А што слушнал, самиот раскажуваше: Го слушнав како прави поклони, удирајќи со главата во земјата, и како со секој поклон говори гласно со топлина на духот: „Господи помилуј!“ Потоа неговото милосрдие од Бога се распалуваше сѐ посилно и посилно и тој чинеше сѐ почести и почести поклони, и посрдечно велеше: „Господи Помилуј!“ И се трудеше така додека не малакса со телото. Потоа се фрли ничкум на земјата, но не малакса со духот, туку и лежејќи ничкум Му се молеше на Бога, лелекајќи. Потоа стануваше повторно, и го повторуваше истото, правејќи поклони, сѐ до зори. И така целата ноќ ја помина во таква молитва. Уверувајќи се на тој начин во подвизите на својот отец, тој ученик се каеше поради своето поранешно сомневање. И по претставувањето на светителот, тој им го исповедаше тоа на другите.

Преподобниот се умртвуваше себеси, не само со ноќните бдеења со поклони туку и со секојдневна работа. Тој си направи градина и насади во неа разни овошки и разно семе, не за свои потреби туку за да го изморува своето тело. И секој ден работеше во градината и се потеше од умор, а кога стигнуваа плодовите тој ги раздаваше на своите посетители. Понекогаш ќе наполнеше голем кош и тајно го носеше во блиските ниви, и го оставаше таму. Така со својот труд хранеше други, а самиот тој гладуваше и постеше. Но, во градината започнаа да му доаѓаат елени и да му прават штета. Светителот ги бркаше, но штом ќе се повлечеше во ќелијата тие повторно се враќаа. Најпосле му досади тоа, па излезе пред нив, и му рече на најголемиот од нив:

- Зошто ми правите штета кога јас никогаш и со ништо не сум ве ожалостил вас? На едниот Господ сме слуги, на едниот Бог рожби, со таа разлика што јас сум створен по ликот Божји и имам власт над другите суштества, зашто Бог покори сѐ под нозете на човекот. И еве, Бог наредува да не се подмрднеш од ова место, туку овде каде што стоиш ќе ја добиеш заслужената казна.

Штом го рече тоа светителот, како со стрела погоден, еленот се струполи на земјата, а сите останати се разбегаа. Се случи тогаш ве близина да минуваат ловци, кои заради лов оделе по пустината. Кога го здогледаа еленот, тие радосно притрчаа да го заколат. Светителот се сожали на него и им рече: - Ништо вие браќа немате со овој елен, бидејќи ниту сте се труделе околу него, ниту сте го уловиле и подобро е да се смилувате на него зашто тој од немоќ падна и лежи, неможејќи да бега. Кога го слушнаа тоа, ловците го оставија еленот, и се восхитуваа на милосрдието на светителот. А тој го отпушти еленот во пустината, жив и здрав.

Иако преподобниот Лука по својот живот беше толку совршен монах, тој сѐ уште не беше облечен во целосен монашки чии. А тоа многу го сакаше и сесрдно Му се молеше на Бога да го удостои на светиот ангелски образ. И беше услишан, зашто ненадејно, не се знае од каде, дојдоа кај него двајца чесни стари монаси со свети лица. Му рекоа дека патуваат во Рим. Откако се помолија, тие го облекоа преподобниот Лука во монашки ангелски образ и откако го поучија започнаа да се подготвуваат за пат. Целиот беден со телото и духот, Лука немаше ниту малку храна да им даде за по пат. Ги испрати до морскиот брег и тука седнаа да се одморат малку. Тогаш, ненадејно од морето скокна една голема риба и падна пред нивните нозе; по неа скокна и друга; и двете се тркалаа по земјата, а тоа се случи по молитвите на свети Лука, бидејќи тој, со тајната молитва на своето срце го измоли Бога да им испрати храна за попат. И Бог, кој некогаш преку гавран му испраќал на Илија леб и месо, Он и на овие преподобни отци им испрати риба преку морската вода.

Откако доби целосен ангелски монашки образ преподобниот Лука се оддаде на совршен живот: започна уште повеќе да се подвизува додавајќи труд врз труд, и пост врз пост, со солзи и сеноќни бденија. Храна му беше јачменов леб и вода, а понекогаш земаше и диво зелје. Многу малку спиеше и заради тоа во својата ќелија ископа ров во облик на гроб за постојано да го потсетува на смртта. И кога имаше потреба понекогаш да отспие, тој влегуваше во тој ров како веќе да умира и да се погребува себе си. Штом ќе се одмореше малку, веднаш стануваше на молитва, изговарајќи ги Давидовите зборови:

- Ја претекнувам зората, и викам; на Твоето слово се надевам. И повторно: „Очите мои се отвораат пред утринската стража, за да се поучам на Твоите зборови“. (Пс. 118. 147-148)

Така подвизувајќи се, неговото доблесно житие се пронесе меѓу околните жители и започнаа да доаѓаат кај него луѓе. Еднаш му дојдоа двајца родени браќа и му раскажаа како нивниот татко го сокрил своето злато и сребро некаде во земјата, а на умирање не им го кажал местото. Тие го молеа преподобниот да им го открие тоа место, за да не помислуваат еден за друг, дека го украл татковото богатство и го сокрил за себе. Преподобниот ги одби, изјавувајќи дека е недостоен да го моли Бога за такво нешто. Но тие често доаѓаа и му досадуваа со молби, па најпосле светителот Му се помоли за нив на севидливиот Бог и му беше откриено, и тој им го кажа местото на закопаното богатство. Откако го ископаа, пукна глас за тоа чудо по околните села.

Но, мразителот на доброто, ѓаволот, иако постојано победуван од храбриот Христов војник Лука, пак го напаѓаше и сакаше да му напакости, и приготви ваква замка: Во едно блиско село тој поттикна три жени, та тие отидоа кај светителот плачејќи и ридајќи, паднаа пред неговите нозе и му ги исповедаа своите тешки гревови; и го молеа со благ совет и молитви да ги исцели нивните души. Но, тој одлучно ги одбиваше и ги упатуваше кај свештениците, зашто тој е обичен непосветен монах. Но иако не сакаше да ги слуша, тие му ги наполнија ушите со одвратни приказни за женските гревови.

Откако си заминаа ѓаволот веднаш се нафрли врз светителот со нечисти помисли и во неговото тело покрена гревовна бура. А светителот, распознавајќи го ѓаволското лукавство во него, се наоружа против него со молитви и, стоејќи три дена на едно место и молејќи се постојано, го победи, и со дожд од солзи го угаси пламенот на жестокото сладострастие. А бидејќи од тридневната молитва телото му беше малаксано, тој прилегна малку и заспа. Во сонот виде: Му дојде Ангел во облик на прекрасно момче, држејќи во рацете јадица која ја фрли во неговата уста. На блажениот Лука му се чинеше дека ја проголта. Потоа младото момче ја повлече јадицата, извлече едно крваво парче месо и му рече: „Биди храбар и не плаши се!“ Штом се разбуди, тој разбра дека Господ го избави од телесните гревовни страсти и му благодареше на својот Спас и Избавител.

На преподобниот му беше даден од Господа и дар на проѕорливост поради чистотата на својот живот, и претскажуваше идни случувања. Така го претскажа нападот на бугарските војски на ромејското царство, што во свое време и се случи. Тој ги провидуваше и човечките тајни.

Преподобниот имаше сестра по тело која се викаше Кали. Но таа му беше сестра и по дух, бидејќи со својот живот го подражаваше својот брат во девственоста, целомудреноста и монашките подвизи. Понекогаш, таа со своите послушници доаѓаше кај брата си и му помагаше: работеше во неговата градина. Еднаш преподобниот ѝ рече нејзе и на тие што беа со неа: „Ни доаѓа човек кој на своите плеќи носи големо и тешко бреме и многу се мачи“. Го рече тоа, и отиде во гората. А тие не ги разбраа неговите зборови и се чудеа, но наскоро дојде еден човек, кој на себе немаше никакво бреме, нити нешто носеше. Тој прашуваше за преподобниот: „Каде е свети Лука? Многу ми е важно да го видам“. Сестрата на светителот му одговори: „Тој сега не е овде, отиде на извесно време во пустината. Ако сакаш да го видиш, причекај додека се врати“. А тој на тоа рече: „Нема да си заминам додека не го видам“, и остана кај ќелијата на преподобниот седум дена, чекајќи го светителот. Кога дојде преподобниот и го здогледа оној човек, тој, спротивно на својата вообичаена кроткост, го погледна налутено и грозно му подвикна: „Зошто си дошол во оваа пустина? Што си ги оставил градовите, и си тргнал во горите? Што си ги прескокнал црковните пастири и свештеници, и си прибегнал кон нас, неуките простаци? Како си се осмелил да ни излезеш пред очи и не се плашиш од одмаздата Божја, ти, страшен беззаконику!“

Уплашен од ваквите зборови на светителот, тој лееше солзи и од страв не беше во состојба да проговори ни збор. Светителот повторно му се обрати: „Зошто молчиш? До кога ќе молчиш и нема да го исповедаш своето дело: да го објавиш убиството кое си го сторил, та малку да го умилостивиш Бога?“ Тогаш човекот, одвај, липајќи од плач, започна да зборува: „Што да ти речам повеќе, о човеку Божји, известен од благодатта Божја која живее во тебе, ти го објави мојот тежок грев пред јас да ти го исповедам. Како што гледам, за тебе не е тајна она што сум го сторил јас. Но, ако наредуваш, јас јавно ќе го искажам моето злосторство“. И започна детално да раскажува пред сите како, каде и поради што го убил својот пријател на патот. Го кажуваше тоа со ридање и со смирение, му ги целиваше нозете на светителот и го молеше да не го остави да пропадне во ѓаволските замки. Преподобниот му даде многу совети, го упати на покајание и му нареди да отиде кај свештениците.

Ова го наведовме како доказ на проѕорливоста на светителот, но треба да спомнеме уште една слична работа. Некој сопственик на брод, по име Димитриј, често доаѓал кај светителот и се удостојувал на неговите свети молитви и поуки. Во една прилика тој пак реши да го посети светителот, но не сакаше да оди со празни раце и затоа реши да улови некоја риба и да му однесе. Но, цел ден со своите морнари не успеа да фати ниту една риба. На квечерина, тој го спомна името на преподобниот Лука и веднаш фати една голема риба. Потоа повторно ја фрли јадицата во име на светителот и пак фати друга риба, малку помала од првата. Кога појде кај светителот, тој ја понесе помалата риба, а поголемата ја остави за себе. А проѕорливиот светител дозна што направи тој, но го прими со љубов и го прифати неговиот дар. Во текот на разговорот, светителот спомна како Ананиј му согреши на Бога, сокривајќи од парите што ги зеде за нивата и како од свети апостол Петар не можеше да се сокрие она што е сокриено (Д.А 5, 1-4). Кога го слушна тоа, сопственикот на бродот разбра дека овие зборови се однесуваат на него, затоа што ја сокри поголемата риба и се исплаши од проѕорливоста на блажениот отец. Посрамен поради изобличениот грев, тој падна пред неговите нозе, се каеше и молеше да му прости. Светителот го поучи кротко, и му прости.

Откако помина седум години на оваа гора се случи нападот на Бугарите на ромејската земја, што преподобниот пророчки го претскажа порано. И бегаа луѓето, едни во градовите и тврдините, други по островите и на Пелопонез. Тогаш и преподобниот Лука ја остави својата ќелија и отиде на Коринт. А кога слушна за некој столпник во Патрас, тој отиде кај него и помина со него десет години, служејќи му со секоја послушност и сесрдност, како син на својот татко. За тој столпник некој презвитер се изразувал неубаво и грубо и ги соблазнувал слушателите. Тој го напаѓаше и клеветеше праведниот човек, а тука беше присутен и преподобниот Лука. Кога ги слушна неправедните и клеветнички зборови против својот отец, преподобниот ја симна од себе својата вообичаена кроткост, стана против тој презвитер, ги изобличи неговите клевети, и силно ја бранеше невиноста на својот отец. А презвитерот, човек со суров каракер, го удри светиот Лука по образот. И штом го удри, веднаш го стигна казната Божја, и падна на земјата демонизиран. И остана таков до својата смрт, предаден на сатаната на измачување на телото, за да се спаси неговиот дух.

По десет години преподобниот се врати во својата родна Елада и повторно се насели во своето поранешно место во Јовановата гора. Се случи еднаш, епископот Коринтски, патувајќи за Цариград, да сврати на одмор недалеку од ќелијата на светителот. А преподобниот Лука, дознавајќи за тоа порано, отиде да му се поколни и му однесе дарови од својата градина. Епископот многу љубезно го прими и отиде да ја види неговата ќелија. Кога го виде неговото пустинско и безмолвно живеалиште и неговата градина и делување, се восхитуваше и духовно богатеше, и посака да му даде милостина. И им предложи на тие што беа со него, секој да приложи по некоја пара, а самиот остави злато. Така се собра доволно милостина. Но кога му беше предложена на светителот, тој не сакаше да ја прими, изјавувајќи:

- Не злато, свети владико, туку твоите свети молитви и поуки ги просам и барам. Што ќе ми е мене злато, кога сум го избрал сиромаштвото и ова бедно живеалиште? Дај ми го она што го просам: поучи ме мене простиот и неук како да се спасам. Епископот се ожалости и сметајќи дека преподобниот и него го отфрла и презира, му рече:

- Зошто нашиот дар, а заедно со него и нас давателите нѐ одбиваш? Бидејќи и јас сум верен христијанин, иако грешен; и епископ сум, иако недостоен. Сакајќи во сѐ да се огледаш на Христа, зошто и во тоа не се огледаш на Него? Зашто и Он примал милостина што му ја давале благочестивите. Затоа и ти, иако златото не ти е потребно, сепак прими го и дај им го на оние што им треба. Оти ако сметаш дека добротворството на бедните е непотребна работа, тогаш ги отфрлаш овие две работи: згрижувањето на бедните и спасението на оние кои творат милостина. Зашто бедниот ако не прими милостина, како ќе го има тоа што му треба? И ние кои даваме милостина, како ќе се спасиме? Посоветуван со овие зборови од епископот, преподобниот зеде милостина но, само една паричка. И откако го благослови, епископот тргна на својот пат.

Преподобниот Лука имаше обичај на Цветници рано изутрина да се искачува на врвот на гората, носејќи крст во раката и пеејќи: „Господи помилуј!“ Еднаш кога така се искачуваше по гората, една змија, под дејство на зол дух, излезе од својата дупка, го фати светителот за палецот на ногата и висеше. Тој се наведна ја фати и ѝ рече: „Не ме повредувај ни ти мене, ни јас тебе, туку да си одиме секој по својот пат! Зашто сме творенија на едниот Творец, и не можеме да правиме ништо што не сака или што не наредува нашиот Творец“. И се одвлече змијата во својата дупка, а светителот си го продолжи патот, неповреден од каснувањето на змијата.

Некој дворјанин, управник на царската ризница, испратен од царот во Африка, дојде во Коринт, носејќи многу царево злато. Но преку ноќ, тоа злато беше украдено. Веднаш настана потера и истрага. Многумина беа сослушувани и мачени, но златото не се пронајде, и овој двојранин беше на голема мака. Го тешеа најугледните двојрани, но не можеа да го утешат. Очаен поради украденото злато, тој очајуваше за својот живот, плашејќи се од царевиот гнев. Тогаш некој од присутните рече: „Никој не може да го пронајде украденото, освен монахот Лука, преку кого Бог чини многу чудеса“. На тоа останатите присутни рекоа: „Навистина е така“. И зборуваа за него, фалејќи го неговото доблесно житие, и дарот Божји што е во него.

Кога го слушна тоа, дворјанинот го озари некаква надеж и му испрати на светителот ваква молба: Угледај се на Оној, кој не се откажа да слезе од небото заради спасението на луѓето, па дојди на кратко во градот да ги посетиш оние што се на голема мака. Светителот не сакаше да појде, одбегнувајќи ја човечката слава и почитување, но бидејќи многу невини страдаа поради украденото злато, појде. Дочекан чесно од дворјанинот и граѓаните, тој најнапред нареди да се приготви трпеза, говорејќи му на дворјанинот: „Првин, да му го дадеме на стомакот она што му треба и да се провеселиме во слава Божја! А, моќен е Оној Кој нѐ пои нас со вино на умиление и чашата на радоста да ја наполни човекољубиво“. И додека тие седеа на трпезата и јадеа, и ги хранеа своите души со корисните поуки од светителот, тој погледна во еден од оние што служеа околу трпезата, го повика по име, и му рече: „Зошто си се дрзнал да го украдеш царското злато, та за малку не си нанесе смрт на себе, а и господарот свој го стави на големи маки? Веднаш оди и донеси го ваму златото кое си го закопал во земјата, ако сакаш да се удостоиш на милосрдие и простување“. А тој, кога го слушна тоа се преплаши, стоеше запрепастен и трепереше, не можејќи да изусти ниту збор како оправдување, зашто совеста го изобличуваше. Потоа падна на земјата, ги прегрна нозете на светителот и призна дека го украл златото, и со солзи молеше да му прости. Светителот му прости зашто сакаше не само да го изобличи поради гревот туку и да го излечи од гревот. И крадецот веднаш отиде и бргу се врати, носејќи го целото злато што го беше украл. Дворјанинот многу се израдува и беа пуштени на слобода оние што беа уапсени поради кражбата на златото. И беше посрамен ѓаволот, кој ја приготви ова кражба; и беше поштеден крадецот; и устите на сите го прославуваа Христа Бога.

По некое време преподобниот Лука отиде во манастирот крај градот Теба да го посети тамошниот игумен Антониј. Бидејќи преподобниот Лука имаше обичај да ги посетува боговдахновените луѓе и да разговара со нив за душекорисни работи. Кога беше кај него се разболе синот на еден висок чиновник и беше на умирање. Дознавајќи дека преподобниот Лука се наоѓа во нивниот манастир, овој великодостојник тукуречи отрча во манастирот, падна пред нозете на светителот и со плач го молеше да појде во неговата куќа и да го посети неговиот болен син, зашто веруваше дека тој ќе оздрави од посетата на светителот. А светителот, смирен, одбиваше говорејќи: „Што сум јас? И што е тоа големо што го гледате во мене, та се залажувате себе со такво мислење за мене? Еден е Лекарот на душите и телата, и Он може да избавува од смртта - Бог кој нас нѐ створил. А грешниот и од прав створен човек ништо такво не може да направи“. И великодостојникот, тажен и очаен, си отиде плачејќи и ридајќи.

Тој ден приквечер разговараа насамо преподобниот и игуменот. Тогаш игуменот рече: „Чесен оче, мислам дека не направивме добро што не го посетивме болниот и не го утешивме ожалениот зашто и кон нас со право Христос ќе ги упати своите зборови: Болен бев и не ме посетивте“ (Мт. 25, 43). Свети Лука одговори: Но да се исцелуваат болните, тоа е работа на Божјата сила; а тешењето на ожалените им доликува на оние кои имаат речитост и мудрост во устите свои. А јас сум далеку од првото, и потполно оскуден во второто, зашто сум прост и неук. Ако пак сакаш и сметаш дека тоа ќе му биде угодно на Бога, тогаш ајде да појдеме, но ти оди прв, и биди ми водач, а јас ќе те следам. И веднаш се упатија кон градот доцна во ноќта. Кога влегоа во куќата на оној граѓанин, го затекнаа неговиот син веќе полумртов и неспособен да зборува, а оние околу него го очекуваа неговиот крај. Кога го видоа, сите припаднаа пред нозете на светителот и со солзи го молеа да се помоли на Бога за да го спаси болниот од смртта. Одвај измолен, преподобниот ги крена рацете кон небото, и се помоли. Кога ја заврши молитвата, веднаш, заедно со игуменот се врати во манастирот. Утредента рано, со брзање замина во својата гора, одбегнувајќи ја славата од луѓето. А штом осамна, игуменот Антониј го испрати својот слуга во градот за да види што се случува со болното момче. Слугата веднаш се врати и му ја раскажа на игуменот оваа необично чудна работа: „Момчето, кое синоќа беше на умирање, го сретнав како јава на коњ“. Кога го слушна тоа, игуменот Антониј се восхити, и го прослави Бога.

Преподобниот Лука го вознемируваа многумина, доаѓајќи кај него заради духовна корист, и му го прекинуваа омиленото безмолвие. Затоа посака да се сокрие од таму, на уште поосамено место. Но не предавајќи се на својата желба тој го испрати својот ученик Герман во Коринт кај еден искусен и боговдаховен маж Теофилакт, да го праша за совет, дали да остане во Јовановата Гора и да го трпи вознемирувањето од посетителите, или да отпатува на некое непознато место. Теофилакт му го испрати советот, кој некогаш му беше даден од небото на свети Арсениј: „Бегај од луѓето и ќе се спасиш!“

Преподобниот Лука радосно го прими овој совет и со својот ученик отиде на пусто место крај морето, викано Калавија. И живееше таму хранејќи се со трудот од рацете свои: ја копаше земјата, сееше семиња, па потоа го мелеше житото на камен и правеше леб. Еднаш некои морнари беа на минување во близина на ќелијата на светителот, па влегоа во неа, но не затекнаа никого, бидејќи светителот беше отишол некаде со својот ученик. Кога го видоа во ќелијата добриот камен за мелење жито, го зедоа и го однесоа на бродот. Потоа се врати преподобниот во ќелијата и кога виде дека му го нема каменот, отрча кај морнарите и ги молеше да му го вратат, бидејќи немаше со што да меле жито за леб. А тие се колнеа и тврдеа дека не го зеле. Светителот на тоа им рече: „Ако не сте го зеле, одете си со мир. А на оној кој го зел, Бог нека му плати како сака!“ Го рече тоа и си отиде. А оној што го беше зел каменот, веднаш падна мртов. Морнарите многу се исплашија, па го зедоа каменот и го однесоа кај преподобниот, и го молеа да им прости. Светителот се нажали поради ненадејната смрт на тој морнар, и многу денови плачеше поради него.

Откако поживеа три години на тоа место, се случи ненадеен напад на агарјаните на атичките краишта. И се пресели светиот на еден пуст и безводен остров Ампил. Тука поднесуваше и жед и глад, а потоа премина на едно прекрасно место, викано Сотирија. Оттаму го истера демонот кој сакаше да го заплаши со привидение, и остана тука сѐ до својот блажен крај. Се собраа браќа околу него, и беше изграден манастир. А атичкиот старешина на судот Кринет, имајќи љубов кон преподобниот, изгради црква до неговиот манастир во име на светата Великомаченичка Варвара. И живееше светителот непрестајно служејќи Му на Бога со пост и молитва, и служејќи му на спасението на душите и здравјето на телата човечки. Зашто со своите поуки и живот, тој им користеше на нивните души, а со молитвите ги лекуваше нивните телесни болести. Така, Григориј монахот, кој постојано страдаше од болки во стомакот, го исцели со збор.

Кај некоја угледна жена во Теба, долго време болна од лута болест, го испрати својот ученик Панкратиј да ја помаза со свет елеј. И штом ја помаза, таа веднаш оздраве. И така преподобниот бргу исцелуваше од сите болести, и на многумина им претскажуваше што ќе им се случи.

Откако проживеа преподобниот на тоа место седум години, се наближи крајот на неговиот живот. Пред неговото блажено заспивање се случи ова: Неговиот ученик имаше роден брат, мирјанин, по име Филип, кој беше мечоносец на царот Филип. Тој посака да дојде кај преподобниот за да го посети својот брат, а и да го види преподобниот Лука, за кого имаше слушано многу убави работи. Однапред дознавајќи за неговото доаѓање, преподобниот му рече на Теодосиј: „Брате, приготви убава вечера, зашто твојот брат ни доаѓа на гости“. Теодосиј се восхити и целиот радосен отрча да ја приготвува вечерата. И често излегуваше надвор, и погледнуваше кон патот, за да го здогледа својот брат. Кога падна мрак, дојде Филип носејќи многу јадења. Беше дочекан од светителот со многу љубов и сите заедно вечераа, славејќи го Бога. Тогаш преподобниот јадеше и пиеше повеќе од вообичаено, во чест на посетата на Филип. Кога легнаа да се одморат Филип започна да го соблазнува помисла за преподобниот, и започна да си вели во себе: „Старецот е лицемер, зашто јаде и пие многу и ми се чини дека неговото испосништво и светост е тукуречи преправање“.

Со тие мисли Филип заспа. Тогаш му дојдоа во сонот две светли момчиња, кои налутено гледаа во него и му рекоа: „Зошто неправедно го осудуваш во себе невиниот свет човек? Крени ги очите и погледни на каква чест е удостоен од Бога оној, кој според твоето мислење е лицемер и лажливец“.

Кога ги подигна очите, Филип виде едно прекрасно место, послано со порфир, а таму стои свети Лука, сјаејќи во неискажлива светлина како сонце. Потоа се тргна од сонот запрепастен, и му го раскажа тоа на својот брат и на монасите. А потоа и на самиот преподобен му го исповедаше својот грев со покајание, испроси простување и си замина со голема духовна корист.

Предвидувајќи ја близината на своето заминување кај Бога, преподобниот појде да ги посети сите отци во таа пустина, и на сите им даде последен целив, говорејќи: „Молете се за мене, браќа, молете го Господа Христа, зашто е неизвесно дали ќе се видиме повторно или не. Откако ги посети сите, се затвори во својата ќелија и три месеци се подготвуваше за своето заминување. Потоа, на осмиот ден пред заминувањето се разболе. Додека лежеше тешко болен на земјата, презвитерот Григориј го праша каков завет остава во однос на своето погребение, и каде да го погребаат неговото тело. А тој одговори: „Мојот леш фрлете го, зашто никому не сум му потребен, а на ѕверовите ќе им се најде за храна“. Презвитерот многу го молеше да го промени своето заветување за телото и после некое време светителот рече: „На ова место каде што лежам, тука погребајте ме, зашто Господ сака да го прослави ова место во слава на Своето свето име“. Потоа го крена погледот кон небото и рече: „Во твоите раце Господи, го предавам својот дух!“ И заспа во сонот на привремената смрт на 7 февруари 946 година, а неговата света душа отиде кај Бога во бесмртниот живот.

Кога се раздени се собраа сите околни монаси и мирјани, и се насобра многу народ. И сите плачеа многу затоа што светот беше лишен од ваквиот светилник и го погребаа чесно како што нареди тој, на местото во неговата ќелија, во која се подвизуваше. А после шест месеци, на некој монах, евнух, по име Козма, кој од Пафлагонија патувал за Италија, му дојде во видение Божја наредба да оди на местото каде почива преподобниот Лука, и да живее крај неговиот гроб. Козма дојде и живееше тука. Тој го извади од земјата кивотот со нетрулежните мошти на преподобниот, ги положи на површината од гробот, убаво ги огради со решетки и даски, и ќелијата ја претвори во црква. И многу чуда се случуваа од светите мошти негови, и потече благоухано миро и помазуваните со него се исцелуваа: хроми проодуваа, слепи прогледуваа, лепрозни се очистуваа, и ѓаволите беа истерувани по молитвите на преподобниот Лука, а со силата на нашиот Господ Исус Христос, кому нека му е слава со Отецот и Светиот Дух за навек, амин.

СТРАДАЊЕТО НА ИЛЈАДА И ТРИ СВЕТИ МАЧЕНИЦИ

во Никомидија

За време на нечестивиот и свиреп тиранин, царот Диоклецијан, настана големо гонење на Црквата Христова и многу христијани беа затварани по темниците и убивани заради Христа. Тогаш пострадаа и слугите Христови, епископот Теопемпт и поранешниот магепсник Теона и четирите царски големци: Васос, Евсевиј, Ефтихиј и Василид. На чуварите на овие четворица, им беше поверено и чувањето на светиот маченик Петар, епископот Александриски. Но овие четворица големци, со своите сопруги ја примија светата вера. И бидејќи останаа непоколебливи во исповедувањето на Христа, тие своите души ги положија за Господа. А после тоа, нивните домашни, сите слуги: и робови и слободни, размислија, и еднодушно рекоа: „Нашите господари кои ни заповедуваа во овој свет, заради светата вера во Господа Христа го презреа овој привремен свет и го избраа за себе Царството небесно. И затоа што ги презреа овоземните богатства, сега се насладуваат на вечните богатства. А зошто и ние да не ги следиме своите господари? Ајде да одиме, да застанеме пред царот Диоклецијан, и да му кажеме: И ние сме христијани, и сакаме заедно со нашите господари, кои господареа со нас во овој живот, да добиеме неувенливи венци во идниот живот“.

Откако донесоа ваква одлука се преброија, и заедно со жените и децата беа илјада и три души. И тргнаа, и излегоа пред нечестивиот мачител Диоклецијан, и едногласно изјавија: „И ние сме христијани, и ги следиме татковците и господарите наши, кои ја пролија својата крв за Христа. На ѓаволите не им се потчинуваме, на слепите, глуви, неми и мртви идоли, не се поклонуваме!“

А кога виде царот дека се многубројни, се збуни и се разгневи силно. Но се созеде и се обиде најпрвин да ги придобие со ласкање: „Зошто сте така безумни, та доброволно одите во смрт? Подобро ќе ви биде да го послушате мојот татковски и пријателски совет: Принесете им жртви на боговите, па ќе се спасите од лудоста со која ве заразиле Евсевиј и неговите другари, кои така лошо завршија. Ако ме послушате и им принесете жртви на идолите, ќе добиете од мене големи дарови и одликувања, и нашата милост обилно ќе ве збогати“.

На тоа, светите му одговорија на мачителот: „Нам ниту ни се потребни твоите дарови, ниту се плашиме од твоите закани, туку се трудиме да му принесеме жртва на благодарност на живиот и вистински Бог. А ти, тоа што си наумил да го правиш, прави го, зашто нам ништо не ни е помило од Христа“.

Кога ги слушна ваквите зборови, Диоклецијан се исплаши да не настане бунт меѓу народот, и затоа им нареди на своите вооружени војници да ги опколат овие христијани, меѓу кои имаше и многу мајки кои држеа на раце мали деца. Тогаш им рече царот: „Ајде сега послушајте го мојот совет, и поклонете им се на боговите, за да се вратите живи во своите домови. Смилувајте се на себе и на своите деца, онолку колку што јас покажувам милост спрема вас, за поради своето безумие да не изгинете и вие и вашите деца. Ако не ме послушате, тогаш вам, ни вашиот Христос нема ништо да ви помогне!“

Светите му одговорија: „Ние му се поклонуваме на живиот Бог, кој е на небесата и нам ништо не ни е помило од Христа Бога, кој живее низ сите векови“.

На тоа Диоклецијан се разјари и им нареди на војниците веднаш да ги заколат сите. И војниците, како диви ѕверови се нафрлија од сите страни на нив, и ги заклаа сите Христови маченици, не штедејќи никого, па ни доенчињата на мајчините гради. И од нив илјада и три на број, никој не остана жив.

Така светите маченици Христови во православно вероисповедување го завршија својот страдалнички подвиг на 7 февруари 303 година, во престолнината на Витинија, Никомидија, за време на царувањето на Диоклецијан, додека над нас царува Исус Христос, вистинскиот Бог и спасител наш, кому нека му е слава и пофалба со Бога Отецот и со Сесветиот, Благ и животворен Дух низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ПЕТАР

Се подвизувал во Моневмати. Се упокоил во мир.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ АПРИОН (или ЕВПРИОН или СЕРАПИОН)

Бил епископ на Кипар, и го завршил животот во мир.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ НОВОМАЧЕНИК ГЕОРГИЈ

Новомаченикот Христов, Георгиј, е роден на 24 мај 1846 година на островот Крит, во селото Аликијан, од благочестивите родители: свештеникот Никола, викан Диволис, родум од островот Волегандрос, и мајка Екатерина Бузианопула, по потекло од едно благородно критско семејство од познатото село Териса. Во тоа село беше дошол таткото на Георгиј како парохиски свештеник, и така ова блажено момче е родено овде и воспитано во науката и заповедите Божји. Во своето детство тој се научи на малку писменост, колку да може да чита и тоа многу му помогна потоа во животот. Занимавајќи се со земјоделие, тој навечер после вечерата седеше и ги читаше Житијата на Светиите, а особено страдањата на светите Маченици, кои посебно ги сакаше. Така правеше секоја вечер до полноќ. Родителите му говореа: „Чедо, треба да спиеш за да се одмориш, зашто утре пак ќе одиш да работиш“. А блажениот им одговараше: „Невозможно е да се одморам или да спијам пријатно, ако претходно не се заситам со читање на божествените книги“.

Кон крајот на 1865 година, тој го прочита житието на некој голем маченик, кое длабоко го трогна неговото срце, што тој со длабоко воздивнување и умиление рече: „Удостој ме и мене да ја пролеам својата крв за твојата љубов. Кога го слушна тоа, неговиот брат Јован, кој беше слеп и постојано беше со него, и ги слушаше житијата, со укорување му рече: „Што зборуваш брате мој; зар не знаеш дека ако се исполни тоа што го зборуваш тогаш би требало да настапи гонење на христијаните. Можеби ти и некои други би можеле да поднесете страдања и да се здобиете со спасение, но колкумина тогаш би се одрекле од Христа и би пропаднале?“ На таквите зборови блажениот не одговори ништо, туку длабоко воздивна и повторно рече: „Да, Христе мој, ако е Твојата волја, удостој ме да ја пролијам својата крв за љубовта Твоја, како што Ти си ја пролеал твојата крв од љубов кон мене“. На тоа неговиот брат не рече ништо повеќе, туку тајно ги чуваше во себе тие негови зборови.

Како што е познато, во 1866 година се крена она страшно востание на Крит против турците, во кое помагаше и Георгиј, носејќи писма од еден востанички војвода до друг, или на друг начин. Во недела на 5 февруари 1867 година, се најде во селото Фурна, во областа каде што беа собрани многу востаници. Но нив ги поткажа, како што раскажуваат, некој христијанин на блискиот турски паша, та тој испрати огромна војска, го опколи селото, и фати многу востаници меѓу кои беше и блажениот Георгиј. Турците ги одведоа во своите шатори и таму фатија двајца од селото Фурна, и започнаа немилосрдно да ги мачат, за да признаат од кое село се родум сите што се фатени. Кога го дознаа тоа што го сакаа, пашата ги задржа кај себе сите кои беа од ридските краишта, а останатите ги испрати во градот Ханија кај Мустафа паша. Тој пак, измолен од еден свој пријател христијанин, по име Јован Цапакис или Јанакис, му напиша писмо на оној паша веднаш да ги ослободи сите кои ги беше заробил. Меѓутоа, пашата, предвидувајќи дека може да се случи такво нешто, му нареди на стражарот да го задржи писмоносецот и да не го пушта сѐ додека тој не ја изврши својата крвожедна намера. Во таа ноќ помеѓу недела и понеделник, тој ги закла сите заробени, односно едноставно, не ги поубил туку им ги сечел, најпрвин ушите, потоа носот, јазикот, рацете, нозете, срамните делови, па им ги копал очите, и на крајот им ја отсекувал главата. На таков начин пострадале сите овие заробеници.

Кога дојде ред на блажениот Георгиј, го зеде еден турски офицер од споменатото село Аликијан, по име Мулаџи-бахрис, кој го познаваше Георгиј од детството, па му рече: „Ајде, море, Георгиј, направи една работа што ќе ти ја кажам, па спаси го својот живот ако сакаш, зашто те познавам и ми е жал да умреш. А тој му рече: „Што е тоа што треба да го сторам Бахрис-ага?“ „Да станеш турчин!“ му одговори тој. Тогаш блажениот се насмевна, па рече: „Не давај Боже, да ја променам својата вера, па макар да ми подарите не само живот туку и целиот свет“. Тогаш турчинот повторно му рече: „Сакам да ти го направам ова добро, зашто кога бевме уште мали, се сеќавам, кога мојот брат Ариф ја скрши ногата, твојот татко го излекува. Но кога не го прифаќаш мојот совет, јас не можам да те спасам на друг начин, и затоа гревот за твојата смрт нека падне на твојот врат. Ако не го жалиш својот живот сожали се барем на своите родители, или на својата сестра и на слепиот брат, кои ќе останат без заштита и помош“.

На тоа благословениот Георгиј со смелост му одговори: „Јас нема да станам турчин, туку како христијанин сум се родил, и како христијанин ќе умрам. Знај, дека јас веќе одамна сум желен за мачеништво и самиот барав од мојот Христос да ме удостои на тоа. И сега, нека е благословен што ме удостои на она што го сакам. Зарем да се покажам толку неразумен и да го презрам овој дар? Не дај Боже, да го направам тоа некогаш. А за доброто на твојата душа, те советувам дека ти треба да станеш христијанин, зашто си роден од мајка христијанка и од неа добро ја познаваш нашата вера. А за моите родители и братот и сестрата, немој да се грижиш, зашто напротив, ако умрам за љубовта Христова, тогаш ќе имам слобода пред Него и ќе ги заштитувам и ќе им помагам“. Кога го слушна тоа, Бахрис-ага посрамен и безнадежен го остави.

Тогаш, еден офицер христијанин по име Хаџи емануил фугланакис го зеде светиот на страна, и му рече: „Бре, Георгиј, направи го тоа што ти се вели и спаси го својот живот, па кога ќе се вратиш дома повторно биди христијанин; Бог ќе ти го прости тоа, зашто гледа дека го правиш од неволја“. На тоа Георгиј му рече: „Капетане Мануил, зар не се плашиш од Бога, та ми зборуваш такви ѓаволски зборови? Знам дека тоа го зборуваш без зла намера, од заблуда, но зарем не знаеш што вели Евангелието за ваквите случаи? Слушни што вели Христос: Секој, кој ме исповеда пред луѓето, ќе го признам и јас него пред Мојот Отец, небесен. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен (Мт. 10, 32). Значи ако го направам тоа што ми велиш, после треба повторно да ја пролијам својата крв за љубовта Христова, за да го исперам тоа одрекување. Посебно ако го направам тоа сега, тогаш Христос засекогаш ќе се разгневи на мене и ќе ме отфрли мене како оној, кој ја презира Неговата голема благодат што Ми ја дал, како што Му ја барав.

Потоа турците повторно го одведоа пред Бахрис-ага, кој го запраша: „Еј, што си одлучил?“ А блажениот Георгиј, со голема радост и смелост, му одговори: „Она што пред малку ти го реков, тоа го велам и сега; и истото тоа ќе го зборувам до својот последен здив. Христијанин сум роден и како христијанин сакам да умрам. Не се одрекувам од мојот Христос, не сакам да бидам турчин, нема да ја напуштам својата пресвета вера за да поверувам во вашата најмрачна и најтемна сатанска заблуда“.

Потполно обезнадежен Бахрис-ага го предаде светиот на џелатите, кои му понудија да испие една чаша рум, но тој се насмевна и им рече: Ви благодарам, не сакам да пијам рум, зашто треба да поминам долг пат и треба да имам неповреден и трезвен ум“.

Тогаш започнаа да го злоставуваат на истиот начин како и другите. Но, додека за време на неговото страдање другите христијани плачеле и кукале, некои за својот живот, некои за жената и децата, овој благословен човек стоеше како камен и не само што не викаше туку воопшто не заплака ниту воздивна; напротив, тој се радуваше и го славеше, и му благодареше на Бога, што го удостоил на тој серадосен час. Откако џелатите му ги отсекоа сите делови од телото и му ги ископаа очите, на крајот му ја отсекоа неговата чесна глава и така блажено го заврши својот живот, овој свет маченик, како што и посакуваше; излезе како венценосец на небото, за таму да го прими трофејот на сјајната победа на исповедништво и непоколебливо страдање од Христа Бога. Неговите чесни и свети мошти ги зедоа Агарјаните заедно со телата на останатите убиени христијани за кои раскажавме претходно, ги фрлија на некое скриено и непознато место до денес. Ова страдање на маченикот Георгиј се случи 1867 година, на островот Крит.

Тоа е, браќа христијани, мачеништвото на овој свет и Нов великомаченик Георгиј Критски и нека не се сомнева никој, зашто е напишано верно и точно како што јасно кажувале напред наведените очевидци и верни сведоци. Такви подвизи остварува верата во душите на оние кои цврсто се држат во неа и преку совршената љубов се соединуваат со Христа. Таквите жртвуваат се, па и својот живот, за исповедањето на возљубениот Христос, надевајќи се дека ќе се здобијат со вечно блаженство, со кое дај Боже да се удостојат сите христијани. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНА МАСТРИДИЈА

Преподобна Мастридија живеела во Ерусалим и строго се подвизувала. Еден млад човек се загледал во неа и започнал да ѝ досадува. За да се спаси и себе си и тој млад човек од гревот, света Мастридија зела во една кошница малку наводенет грав, и се повлекла во пустина. Во пустината поминала седумнаесет години, и со силата Божја, за сето тоа време ниту ѝ снемало грав, ниту пак фустанот ѝ станал ветов. Се упокоила мирно околу 580 година.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ШЕСТ МАЧЕНИЦИ

По потекло од Фригија, овие свети маченици пострадаа за Господа Христа изгорени во оган.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕОПЕМТ

и останатите со него