21. Февруари  (8. Февруари)

 

ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ТЕОДОР СТРАТИЛАТ

Како што сончевата светлина ги весели очите на гледачите, така и раскажувањата за мачениците ги осветлуваат умовите на слушателите; како што небото е украсено со ѕвезди, така и Црквата Божја е украсена со маченици; и што е полското цвеќе за полето, тоа се мачениците за Црквата. Празнувањето на мачениците претставува опростување на гревовите, тоа празнување е лек за болните, утеха на ожалостените, и избавување на оние кои што страдаат од нечисти духови; празнувањето на мачениците е живот и здравје за маченикољупците. Големите подвизи на мачениците се светли венци на светците, зашто тие своите тела ги предадоа на рани и сите убавини на овој свет ги презреа за да не се одречат од Христа. Заради тоа Господ им подари живот со бестелесните Ангели. Бидејќи кога исконскиот непријател се трудеше да ги победи, тој им стана причина да го придобијат рајот. Тој и во наше време го поттикна лутиот ѕвер Ликиниј против Христовото стадо, на кого што благочестивиот цар Константин му ја даде својата сестра за жена, вели брзописецот на светителот, Уар, кој ги опиша неговите страдања. Штом го доби скиптарот од нечестивиот Максимијан, Ликиниј веднаш дивјачки започна да ги прогонува истакнатите христијани и во сѐ се огледуваше на него. И по сите краишта и градови ги разнесе своите нечестиви наредби и испоуби безброј храбри војници. Тој ги уби четириесетте свети маченици во Севастија, потоа седумдесет исклучителни војници и кнезови на својот двор, и триста луѓе од Македонија. А кога тој, сенечистиот, виде дека огромно и неизброиво мноштво од луѓе ги презира неговите безбожни наредби, и луѓето одат во смрт за верата, Ликиниј нареди по сите војнички полкови и по сите градови да бидат фатени најистакнатите и најугледни христијани и само тие да бидат приморувани на идолопоклонство. Неверникот се надеваше дека преку стравот ќе ги принуди сите да го слушаат.

Во тоа ревносно барање по истакнатите христијани, Ликиниј, кој беше во Никомидија, дозна дека Теодор Стратилат, римски војвода и градоначалник на градот Ираклија крај Црното Море е христијанин, и дека многумина обраќа кон Христа. А светиот Теодор беше родум од градот Евхаита, не многу далеку од Ираклија. Храбар и славен во својата земја заради своите добродетели, мудрост и убавина, тој беше и исклучителен говорник и сите го нарекуваа вриоритор, што значи: извор на красноречивоста. Царевите го поставија Теодор за стратилат односно војвода и му го дадоа на управување градот Ираклија, поради неговата храброст, со која посебно се прочу откако уби еден страшен змеј во Евхаита. Зашто недалеку од градот имаше едно пусто поле, и во него една голема провалија од која излегуваше еден огромен змеј. Змејот беше толку страшен што земјата се тресеше под него од неговиот од. И кога ќе излезеше, тој проголтуваше сѐ што ќе сретнеше: било човек било добиток. Кога слушна за тоа храбриот војник Христов, Теодор, кој тогаш беше во полкот, реши да тргне сам, не кажувајќи никому за својата намера. Со себе го носеше своето вообичаено оружје, мечот, а на градите имаше скапоцен крст. Тој си велеше во себе: „ Со помош на силата Христова одам да го избавам својот крај од тој огромен змеј“. Кога стигна во полето, слегна од коњот и легна на тревата да се одмори. Недалеку од таму живееше една благочестива жена, која се викаше Евсевија. Таа наиде и го здогледа војникот Христов како спие, му пријде со страв и го разбуди, говорејќи му: „Стани, брате, и бргу напушти го ова место. Ми се чини дека ти не знаеш за стравотиите што се случуваат тука. Овде многумина ги снашла лута смрт“. А чесниот маченик Христов, станувајќи ја праша: „За каква стравотија и ужас ми зборуваш, мајко?“ Слугинката Божја, Евсевија, му одговори: „Синко, во ова место има еден огромен змеј, и поради него никој не смее да помине оттука“. А Теодор ѝ одговори: „Мајко, тргни се ти подалеку од овде, и ќе ја видиш силата на мојот Христос“. Чесната старица се оддалечи од таму, па се фрли на земјата и започна да плаче, велејќи: „Боже христијански, помогни му во овој час!“ А светиот маченик се прекрсти, погледна во небото, и рече: „Господи Исусе Христе, Ти, кој ми помагаш во битките и ми даваш победи над противниците, Ти, и сега си ист Господи. Те молам, испрати ми победа од твоите свети висини за да го победам овој змеј“. Потоа му се обрати на својот коњ и му рече како на човек: „Ја знаеме Божјата сила во сите, и во луѓето и во добитокот. Затоа помагај ми и ти, и нека те крепи Христос!“

А, коњот стоеше послушен на зборовите на својот господар и ја очекуваше појавата на змејот. Тогаш, маченикот се приближи до провалијата и громогласно повика кон змејот: „Тебе ти зборувам, и ти наредувам во името на мојот Господ Исус Христос, кој доброволно беше распнат за човечкиот род, излези и дојди пред мене!“ А змејот, штом го слушна гласот на светителот, тргна. И додека одеше, земјата се тресеше. А, свети Теодор го јавна својот коњ, се прекрсти, и кога се појави змејот, коњот се стрча кон него и започна да го гази. Тогаш свети Теодор го прободе змејот со мечот и го уби, па рече: „Ти благодарам Господи, што ме услиша и ми даде да го убијам змејот“. Потоа мирно се врати, радувајќи се и славејќи го Бога.

Кога се пронесе гласот за тоа, сите жители на Евхаита и на целата околина се собраа во полето. И кога го видоа змејот убиен, со еден глас повикаа: „Голем е Богот на Теодор!“ И многу народ и војници тој ден поверуваа во Христа, и се крстија. А, свети Теодор мудро управуваше со градот што му беше доверен, и мнозина кога ги гледаа неговите добродетели ѝ пристапуваа на христијанската вера. Тогаш речиси цела Ираклија ја прими светата вера.

Иако во првите години од своето царување, Ликиниј заедно со светиот цар Константин издаде неколку укази во полза на христијаните, сепак тој длабоко во душата ги мразеше христијаните и покасно жестоко ги прогонуваше. Кога слушна дека Теодор многумина обраќа кон Христа, нечестивиот цар Ликиниј, кој управуваше со источниот дел на Римската империја, многу се разлути. Тој веднаш испрати свои офицери кај светителот и нареди со почести да го доведат кај него во Никомидија. Сокривајќи го својот гнев, тој им порача на своите пратеници ласкаво да се однесуваат со него. Кога пристигнаа во Ираклија свети Теодор ги прими чесно, а тие го повикаа да појде со нив, говорејќи: „Ајде во Никомидија кај царот кој те сака. Тој многу има слушано за твојата храброст, убавина и мудрост, и многу сака да те види и да те дарува со достојни дарови и одликувања“, А свети Теодор на тоа им возврати: „Нека биде волјата на царот, а и вашата! Само, ајде, провеселете се денес и утре, па потоа ќе постапиме како што е потребно“.

Теодор лесно го разбра ова лукавство и знаеше што го очекува. Тој не се плашеше да умре за својата вера, но сакаше да пострада маченички во својот град, за со својот пример да ги утврди новопокрстените во верата.

Кога на третиот ден офицерите му предложија на свети Теодор да тргне на пат кај царот, тој не појде, туку некои од царските луѓе ги задржа кај себе, а останатите ги испрати кај царот со свое писмо. Во писмото му пишуваше на царот дека е невозможно тој да го напушта градот во време кога меѓу народот постојат немири, зашто многумина ги оставија незнабожечките богови и Му се поклонуваат на Христос, и речиси целиот град се обратил кон Него. „Затоа, го молам, твоето царско величие, - пишуваше свети Теодор понатаму, - ти, потруди се и дојди ваму, само понеси ги со себе и големите богови. И тоа, од две причини: прво, за да ги смириш немирите меѓу народот, и второ, за да ја утврдиш древната вера во боговите, кога самиот ти лично, заедно со нас ќе им принесеш жртви пред целиот народ. Кога народот ќе нѐ види нас како им се поклонуваме на големите богови, сите ќе се огледаат на нас, и така ќе ја утврдат верата“.

Тоа писмо му го напиша свети Теодор на царот за да го поттикне да дојде во Ираклија. Зашто тој сакаше да пострада во својот град, за да го освети со својата, за Христа пролиена крв, а и другите да ги утврди во светата вера со својот јуначки маченички подвиг.

Кога го прими писмото од Теодор, царот го прочита и многу се израдува. И не задржувајќи се, веднаш, придружуван од дворските сенатори, кнезови и велможи, и угледни никомидиски граѓани, зеде со себе осум илјади свои војници и целиот радосен тргна за Ираклија, носејќи со себе златни и сребрени идоли на големите богови.

Истата ноќ, кога светителот се молеше по својот обичај, имаше чудно видение: се отвори покривот на куќата во која беше тој, и небесна светлина му застана на главата како голем оган и му се јави глас, кој му говореше: „Не плаши се Теодор, јас сум со тебе!“ И по тој глас, заврши видението. Тогаш светителот сфати дека се наближува времето на неговиот подвиг, дека треба да пострада за името Христово, и срцето му се исполни со радост.

Во меѓувреме, кога слушна дека царот се приближува до градот, Теодор влезе во својата соба и сесрдно започна да му се моли на Бога: „Господи Боже вистинит, Кој не ги лишуваш од Твојата помош оние кои се надеваат на Тебе, покажи ми ја Твојата милост и сочувај ме од искушенијата на ѓаволот. Поткрепи ме и дај ми сила храбро да стојам во Твоето име, и ако е неопходно, да го положам својот живот за Тебе, Кој си умрел за нашето спасение“.

Поткрепен преку молитвата, Теодор се облече во убава свечена облека, се качи на својот коњ, со кој некогаш го уби змејот во Евхаита, и излезе со граѓаните и војниците да го пречека царот. Ликиниј свечено влезе во градот. Теодор му пристапи, му се поклони како што доликува, поздравувајќи го чесно, и говорејќи: „Радувај се, царе, божествен и најмоќен самодржецу! А царот многу љубезно го прими свети Теодор, го прегрна, и му рече: „Радувај се и ти прекрасно момче, храбар војнику, славен стратилате, зашто тебе ти доликува после мене да бидеш цар“. И разговараа љубезно и весело за многу работи, и свечено влегоа во градот, со свирки.

А среде градот, на истакнато место беше поставен висок царски престол. Утредента, следен од Теодор Стратилат, дојде царот во својата слава, седна на престолот и започна да го велича градот и луѓето, па се обрати кон Теодор и започна да го фали за неговата храброст, за мудроста на неговото управување и за редот што владее во градот. Потоа продолжи: „Навистина, никаде вака не се почитуваат боговите како овде. Поради тоа и овој сехрабар бог Ираклиј го засакал ова место и го нарекол овој град Ираклија, по своето име. И тебе, Теодоре, ти доликува да управуваш со овој град зашто си им верен на боговите и се трудиш да им угодиш и дење и ноќе. Затоа и сега пред нас, покажи ја својата љубов кон нив, и принеси им жртви на боговите пред народот, за и тој да види дека си постојан поклоник на боговите и дека си му мил на царот“.

Царот го зборуваше тоа со ласкање, а Теодор му одговори: „Царе, нека биде волјата твоја! Само дај ми ги овие твои богови што си ги донел со себе, за јас да ги однесам во мојата куќа и таму да им принесам жртви, мириси и поклоненија, А после тоа, кога ќе наредиш, ќе им принесам жртви пред целиот народ“.

Кога го слушна тоа, Ликиниј многу се израдува и веднаш нареди златните и сребрени идоли да се однесат во домот на војводата Теодор. Во истата ноќ светителот ги искрши на парчиња сите, и им ги раздаде на сиромашните.

По два дена, царот повторно го собра народот на плоштадот, и му рече на Теодор: „Премудри Теодоре, мил наш војводо, ете, дојде денот за празнување и принесување на жртви. И ти принеси им жртви на боговите, та целиот народ штом ќе го види твоето благочестие да им служи со поголема срдечност!“ Пред да успее Теодор да му одговори на царот, еден од војниците по име Максенциј се приближи до Ликиниј, и му рече:

- Господару, војводата те лаже. Јас вчера ја видов златната глава на еден од идолите кај еден сиромав, којшто ми кажа дека му ја дал Теодор.

Царот беше толку потресен од оваа вест, што целиот започна да трепери и долго молчеше во недоумица.

- Војникот ја зборува вистината - му рече Теодор. - Јас навистина ги искршив твоите богови и со тоа направив добро. И не знам како можат да ти помогнат тие, кога самите не можеа да се спасат од кршење?

Кога ги слушна овие зборови, исполнет со гнев, Ликиниј занеме и долго време не можеше ни збор да изусти. Од голема мака тој ја наведна главата, ја навали на својата десна рака и сотрен си зборуваше: „Тешко мене! Тешко мене! Како сум исмеан! Што да кажам, што да правам, самиот не знам“, Но најпосле избувна со страшни заплашувања кон војводата, и веднаш издаде заповед жестоко да го тепаат Теодор со воловски жили. Додека го тепаа, потсмевајќи се на неговите страдања, тој му зборуваше: „Е, Теодоре, зошто сега не те избави од маките твојот Бог?“ Теодор спокојно му одговори: „Прави што сакаш со мене. Ниту маки, ниту страдања, ниту самата смрт, нема да ме разделат од љубовта Христова!“

Ликиниј не можеше да разбере дека Бог на невидлив начин, но со несомнена и семоќна сила му помагаше на страдалникот заради Неговото име. Во својата јарост, царот заповеда да го тепаат Теодор со прачки од олово, да го горат со оган, и со остри керамиди да му ги стругаат раните. По ваквите ѕверски измачувања, го затворија во темница пет дена без леб и вода. Во меѓувреме, Ликиниј нареди да се приготви еден крст и по пет дена беше изведен маченикот за да го распнат на тој крст.

И како некогаш нашиот Господ Христос од Пилат, така и сега светиот Теодор беше распнат на крст од Ликиниј. Му ги приковаа рацете и нозете на крстот со клинци, и по наредба на Ликиниј војниците стрелаа со стрели во неговото лице и му ги извадија очите. Потоа му забија еден остар клинец во градите и со жилети му го режеа телото.

Во текот на сите страдања на маченикот Теодор, бев присутен и јас, неговиот верен слуга Авгар, и запишував сѐ што се случуваше. Гледајќи како мојот господар ги губи своите сили, и слушајќи ги неговите болни воздишки, ја фрлив хартијата на која пишував и со плач паднав пред неговите нозе, говорејќи: „Благослови ме господине, благослови! Кажи ми последен збор мене, слугата твој!“ А мојот господин, војникот Христов, Теодор, со тивок глас ми рече: „Уар, немој да ја оставаш својата работа, и немој да престанеш да ги гледаш моите мачења, туку опиши ги сите мои страдања и денот на мојата смрт“. Тогаш се обрати кон Господа и ја излеа пред Него тешкотијата на својата душа, која што беше истоштена од страдањата. „Господи, Ти претходно ми рече: Јас сум со тебе! А зошто сега си ме оставил? Види Господи, диви зверови ме растргнаа, Господи, со рани го покрија моето тело, ги извадија моите очи, целото тело ми е раздробено и само коски висат на овој крст. Спомни ме, Господи, мене недостојниот Твој слуга, што страдам за Твоето име, и прими го мојот дух“.

Откако го рече тоа, светителот замолчи, и не рече ништо повеќе, зашто целото негово тело беше раскинато. А Ликиниј, мислејќи дека маченикот веќе умрел го остави да виси на крстот. Но околу првите петли во ноќта, Ангел Господов го симна од крстот и го направи потполно здрав, каков што беше порано, го целиваше и му рече: „Радувај се, и крепи се со благодатта на нашиот Господ Исус Христос. Зашто еве, со тебе е Господ Бог. Зошто рече дека Он те оставил? Доврши го твојот подвиг, па ќе дојдеш кај Господа да го примиш бесмртниот венец приготвен за тебе“. Го рече тоа Ангелот и стана невидлив. А свети Теодор, благодарејќи му на Бога, започна да пее: „Ќе те превознесувам, Боже мој, Царе мој, и Ќе го благословувам името Твое сега и во сите векови!“ ( Пс. 144, 1).

Утредента додека сеуште не се беше разденило, нечистиот Ликиниј испрати двајца свои капетани, Антиох и Патрикиј, велејќи им: „Одете и донесете ми го телото на мртвиот Теодор, да го ставам во оловен сандак и да го фрлам во морските длабочини, за да не го земат безумните христијани на некој начин“. Кога се приближија кон крстот капетаните не го најдоа распнатиот маченик прикован на него, па Антиох му рече на Патрикиј: „Вистинита ја зборуваат Галилејците кога велат дека нивниот Христос воскреснал од мртвите... Ете, како што изгледа, Он го воскреснал и својот слуга Теодор“. Кога се приближија до местото го здогледаа свети Теодор како седи на земјата и го слави Бога. Тогаш Патрикиј повика со силен глас: „Голем е богот христијански и нема друг Бог освен Него! И му пристапија и двајцата на светителот, и му рекоа: „Те молиме маченику Христов, прими нѐ и нас, зашто од овој час и ние сме христијани. Во тој ден поверуваа во Христа овие двајца капетани и седумдесет војници со нив. Кога дозна за тоа Ликиниј го испрати својот намесник Сикст и триста војници со него за да ги убијат сите кои поверувале во Христа. Кога дојдоа и ги видоа чудесата што ги правеше свети Теодор со силата Христова, и тие поверуваа во нашиот Господ Исус Христос.

И се собра многу народ на тоа место, и сите викаа: „Единствен Бог - е Богот христијански! И нема друг Бог освен Него“, И повикаа: „Кој е маченикот Ликиниј да го затрупаме со камења?“ И настана голем метеж меѓу народот, и готовност за пролевање на крв, зашто некој војник по име Леандар, јурна со својот меч кон свети Теодор, сакајќи да го удри. А царскиот намесник Сикст го дофати Леандар, му го зеде мечот и го прободе со него. Друг пак војник на име Мирпос, јурна и го уби намесникот. Смирувајќи го народот, свети Теодор повика: „Престанете, мили мои! Господ Исус Христос беше распнат, задржувајќи ги ангелите да не вршат освета на човечкиот род“. И едвај со молби и совети успеа да ја стиши буната и да го смири народот.

Следен од масата на луѓе и војници, тој поминуваше покрај затворот, а затворениците силно му довикуваа: „Смилувај се на нас, слуго на севишниот Бог!“ Тогаш светителот со својот збор им ги симна оковите, ги отвори вратите на темниците, и им рече: „Луѓе, одете си во мир и сеќавајте се на мене!“ И целиот град се слеа кај него. И сите го отфрлија идолопоклонството, и го прославија Христа, единствениот Бог. И се исцелуваа болните, се истеруваа демоните од луѓето, зашто сите до кои што само ќе се допреше светителот, веднаш добиваа исцеление.

А еден војник од најверната чета на Ликиниј, гледајќи што се случува, отрча и му рече на својот господар: „Целиот град ги напушти боговите, и под влијание на Теодоровото учење и магии верува во Христос“. Царот се разјари и веднаш испрати џелати да му ја отсечат главата на светителот. Кога го здогледа џелатот, народот се крена против Ликиниј и сакаа да го убијат џелатот, но светителот им бранеше и им рече: „Браќа и отци, немојте да војувате со Ликиниј, зашто тој е слуга на ѓаволот. А мене ми е време да отидам кај мојот Господ Христос“.

Откако го рече тоа започна да Му се моли на Бога. После долги молитви ги благослови браќата и се прекрсти. Потоа ми рече мене, вели писателот Уар: „Чедо мое, Уар, потруди се да го запишеш денот на мојата смрт. Моето тело да го погребеш во Евхаита, на имотот на моите претци. А кога ќе се упокоиш ти, остави завет да те погребаат од мојата лева страна“. И повторно се помоли маченикот Христов, и кога рече амин, ја наведна својата чесна и света глава под мечот.

Така свети Теодор Стратилат пострада во сабота на 8 февруари во три часот попладне, во 319 година.

Откако беше заклан, целиот народ му искажа огромни почести на светителот: со свеќи и кадилници го зедоа неговото чесно тело и го положија на посебно место. Потоа неговите мошти свечено беа пренесени во Евхаита на 8 јуни. И таму се случуваа големи и безбројни чудеса во слава на Христа Бога, кому со Отецот и Светиот Дух, чест и поклонение за навек, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ САВА II

архиепископ Српски

Свети Сава II е син на кралот Стефан Првовенчаниот, а братучед на свети Сава I. Се родил околу 1200-та година. Пред своето замонашување се викал Предислав. Следејќи го примерот на својот велик стрико, Предислав се замонашил и ревносно се оддал на подвиг. Се подвизувал во манастирот Хилендар, од каде што отишол во светата земја за да се поклони на гробот Христов и да ги види сите места на страдањата Негови. Од Хилендар најпрвин бил поставен за епископ Хунски, а потоа за архиепископ Српски, по свети Арсениј во 1266 година, под името Сава II. Управувал со црквата со голема верност, ревност и љубов, знаејќи, како што вели неговиот биограф, светиот архиепископ Данило, „дека секој ќе одговара за талантот што му е даден“ и затоа постојано се грижел за паствата која му беше поверена од Бога. Се упокоил во 1271 година во Пеќ. Неговите мошти почиваат во манастирот Пеќ.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРОРОК ЗАХАРИЈ СРПОВИДЕЦ

Пророкот Захариј е единаесеттиот пророк од малите пророци. Тој е Израилец од племето Левиево. Роден е во Галада, и неговото име значи: сеќавање Божјо. Заедно со пророкот Агеј тој го поттикнувал кнезот Заровавел да го возобнови Ерусалимскиот храм. Го претскажал торжественото влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим: „на магаре, младо магаренце“, и предавството на Јуда за триесет сребреници: „и му ја измерија цената, триесет сребреници“; и бегањето и распрснувањето на Апостолите за време на Христовите страдања: „Ќе го удрат пастирот и овците ќе се разбегаат“. Пророк Захариј се нарекува Срповидец, затоа што имал видение како срп слегува од небото за да ги покоси неправедните, особено крадците и хулителите на името Божјо.

Пророкот Захариј се упокоил во последната година од царувањето на персискиот цар Дариј Хистапс, околу 520 година пред Христа, и бил погребан близу гробот на пророкот Агеј.