22. Февруари  (9. Февруари)

 

ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК НИКИФОР

Во градот Антиохија живееја двајца многу блиски пријатели, Саприкиј и Никифор. Тие имаа толку голема љубов еден кон друг, што многумина мислеа дека се родени браќа. Саприкиј беше свештеник, а Никифор обичен прост граѓанин. Во такво пријателство тие живееја неколку години. Но духот на злобата го наруши мирот што владееше меѓу нив; тие се скараа, и нивното пријателство го замени страшна омраза, па не сакаа дури ни на пат да се сретнат. Откако поминаа многу време во такво непријателство и омраза, Никифор прв си дојде на себе и сфати колку се грешни и неугодни пред Бога чувствата на омраза и посака да се смири со Саприкиј. Но Саприкиј не сакаше ни да чуе за помирување. Напразно, многу пати, Никифор се обидуваше преку посредништво на нивни заеднички пријатели. Саприкиј беше упорен во својата омраза, заборавајќи дека Господ не ги прима молитвите на оние луѓе, кои што во своите срца таат злоба против ближниот. Тој не сакаше ниту да го слушне името на Никифор.

Толку сурово беше станало срцето на Саприкиј што заборави на зборовите Христови, Кој рече: „Проштевајте, и ќе ви биде простено“ (Лк. 6, 37). „Ако, пак, не им ги простите грешките на луѓето, и вашиот Отец нема вам да ви ги прости вашите грешки“ (Мт. 6, 15).

Кога виде дека свештеникот Саприкиј не ги прима посредниците кои го молеа за него, Никифор реши сам да појде кај него. Па отиде, и падна пред неговите нозе, говорејќи: „Прости ми оче, заради Господа, прости ми!“ Но Саприкиј не сакаше ни да го погледне, макар што како христијанин и свештеник беше должен да му прости на братот и пред тој да дојде да го моли. И си отиде Никифор од кај него посрамен и одбиен, без да добие опростување.

Тоа се случи околу половината на третото столетие, за време на царувањето на Валеријан и Галиен. Тогаш во Антиохија настапи тешкото и жестоко гонење против христијаните. Саприкиј како свештеник прв беше фатен и одведен на суд кај градоначалникот. Тој бестрашно ја исповедаше својата вера пред него.

- Нашите цареви Валериј и Галиен - рече градоначалникот -заповедаат: сите, кои се нарекуваат христијани, или да им принесат жртви на боговите или да бидат предадени на смрт со измачување.

- Јас сум христијанин, - одговори Саприкиј. - Јас Му се поклонувам само на вистинскиот Бог, Творецот на светот, и не можам да им се поклонам на идолите, кои се само создание на човечките раце.

Тогаш градоначалникот заповедаше Саприкиј жестоко да биде измачуван. Тој со неверојатна храброст ги поднесуваше ужасните страдања и му рече на градоначалникот: „Ти имаш власт само над моето тело, а мојата душа ја чува Бог, Кој штои ја создаде!“ Кога виде дека со измачување не можат да го натераат Саприкиј да се откаже од верата во Христа, нечистиот градоначалник го осуди на смрт.

Кога го поведоа свештеникот на губилиштето, слушна за тоа блажениот Никифор, па потрча, го достигна, падна пред нозете негови, и молежливо му рече:

- Те молам, маченику Христов, прости ми, јас сум виновен пред тебе, јас ти згрешив!

Но тој не му одговори, зашто неговото срце беше обземено со демонска злоба. Малку подоцна свети Никифор повторно излезе пред него, и повторно го молеше: „Маченику Христов, прости ми што како човек ти згрешив, зашто ете, тебе ти се дава венец од Христа од небото, зашто не си се одрекол од Него, туку пред многу сведоци си го исповедал светото име Негово! Прости ми пред твојата смрт!“ Но Саприкиј, заслепен со омраза и гнев, остана неумолив и не сакаше да му прости, дури ниту да му прозбори на Никифор. Толку силна беше неговата омраза, толку се беше скаменило неговото срце. Војниците кои го водеа на смрт се чудеа како е возможно човек пред својата смрт да таи толкава омраза и злоба во себе. Тогаш тие му рекоа на Никифор:

- Никогаш не сме виделе толку луд човек, каков што си ти. Ете, тој човек оди на смрт. Тој повеќе не може да ти наштети. Зошто мораш толку упорно да го молиш за прошка?

- Вие не знаете што барам јас од исповедникот Христов, но Бог знае. - им одговори Никифор.

Кога стигнаа до одреденото место, Никифор по трет пат го молеше Саприкиј: „Те молам, маченику Христов, ако јас како човек сум згрешил пред тебе, прости ми. Пишано е: „Барајте и ќе ви се даде“ (Мат. 7, 7) Еве, јас сакам и барам, затоа те молам, дај ми прошка!“

Но и тука, Саприкиј остана неумолив, не ја примаше молбата на братот, не го омекна својот гнев, и Господ го казни за неговото жестока немилосрдност. Господ, праведниот Судија, ја одзеде од него благодатната сила којашто го крепеше за време на измачувањата, и срцето на Саприкиј пред малку немилосрдно и жестоко, сега одеднаш се исполни со малодушен страв од смртта. Кога дојде време да ја наведне главата под мечот, тој веднаш се одрече од Христа, и со висок глас извика:

- Не убивајте ме, ќе направам сѐ што ќе ми заповедаат царевите: ќе им се поклонам на боговите и ќе им принесам жртва.

Од тие зборови ужас го обзеде Никифор. „Што правиш возљубен брате? - извика тој. - Освести се и не одрекувај се од Господа, не губи го небесниот венец, што самиот ти го сплете преку многубројните страдања. Ти веќе стоиш пред вратата Христова, и Господ ќе ти даде вечен живот за времената смрт, која ќе ја примиш за Неговото име!“

Но, советите на Никифор останаа безполезни. Саприкиј го затвори своето срце за гласот на љубовта и милосрдието, и сега тоа беше глуво и за спасителните совети. Тој го повтори своето одрекување од Христа. Кога виде дека Саприкиј потполно отпаднал од светата вера, и се одрече од Христа, свети Никифор се обрати кон војниците, и громогласно извика:

- Јас сум христијанин! И верувам во Господа Исуса Христа, од кого се одрече Саприкиј! Затоа мене казнете ме со смрт!

Еден од војниците отиде кај градоначалникот и го извести дека Саприкиј се откажа од Христа, но дека еден друг, по име Никифор, се објави за христијанин, и е готов да умре за својата вера. Кога го слушна тоа, градоначалникот заповедаше да го ослободат Саприкиј, а да ја отсечат главата на Никифор. Никифор радосно ја наведна својата глава под мечот и пострада за верата во својот Господ Христос, на 9 февруари 260 година. И отиде кај Христа, да го прими венецот на победата од неговата десница, и да Му се претстави заедно со ликот на светите маченици, кои го слават Отецот и Синот и Светиот Дух, еден во Троица Бога, кому чест, поклонение, слава и моќ за навек, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ПЕТАР ДАМАСКИН

За овој светител едни мислат дека живеел во осмиот, а други во дванаесеттиот век. Ова различно мислење, секако, дека доаѓа од тоа што имаше двајца светители со името Петар Дамаскин. Овој за кого станува збор овде, беше голем подвижник. Несебичен до крајност, тој немаше ниту една своја книга, туку позајмуваше и читаше неуморно, собирајќи мудрост како што пчелата собира мед. Некое време беше епископ во Дамаск, но бидејќи зборуваше против мухамеданството и манихејската ерес, арапите му го пресекоа јазикот и го испратија во ропство длабоко во Арабија. Но, Бог му даде сила да зборува, та и во ропството тој го проповедаше Евангелието и многумина обрати во верата Христова. Состави и на идните генерации им остави една драгоцена книга за духовниот живот. Својот живот го заврши како исповедник и маченик, и се пресели во Царството Христово.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ РОМАН

Блажениот Роман е роден во градот Рос во Сирија, близу Антиохија. Кога стана полнолетен, тој се затвори во една мала ќелија во околината на Антиохија. Во својата ќелија никогаш не запали оган, ниту пак му гореше свеќа. Се хранеше со леб и сол, и тоа во мали количини колку да се одржи во живот. Носеше само власеница, а под неа тешки синџири. Поради таквите подвизи преподобниот Роман се удостои од Бога на дарот на чудотворството. Со благодатта Божја тој исцелуваше разни болести. Многу заблудени изведе на патот на спасението кој што води во царството Божјо. Доживеа длабока старост и мирно отиде кај Господа во петтиот век. Беше чудотворец за време на животот и по смртта. Им помага на неплодните жени кога му се молат.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ НИКИФОР И ГЕНАДИЈ

Овие преподобни отци беа ученици на преподобниот Александар Свирски. Генадиј беше син на богати родители. Тој го раздаде својот имот на сиромасите и отиде кај преподобниот Александар, кој во тоа време се подвизуваше сам и стана негов ученик. По неколку години Генадиј се повлече во осамено место на Важеозер, си направи ќелија и водеше самотен подвижнички живот. Тука тој остана до својата смрт, на 8 јануари 1516 година. Преподобниот Никифор дојде во вериги кај преподобниот Александар, кога тој веќе имаше основано манастир на реката Свира. Преподобниот со љубов го прими во братството. По седумгодишно подвизување во свирската обител, преподобниот Никифор отпатува во Киев за да се поклони на тамошните светињи. Кога се врати, се насели на местото на подвигот на преподобниот Генадиј на Важеозер. Тука тој Му се претстави на Господа Христа, на 9 февруари 1556 година.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ПАНКРАТИЈ

јеромонах Печерски

Овој преподобен отец ги помазуваше болните со елеј и така ги исцелуваше. Се упокои мирно во четиринаесеттиот век.

 

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АЛЕКСАНДАР И АМОН

и останатите 20 маченици Кипарски

Овие свети маченици пострадаа во Солеја на Кипар.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ СВЕШТЕНОМАЧЕНИЦИ МАРКЕЛ,

епископот Сицилиски ПАНКРАТИЈ, епископот Тавромениски,

и ФИЛАГРИЈ, епископот Кипарски

Овие светители станаа ученици на светиот апостол Петар. Свети Маркел беше татко на свети Панкратиј. Тие живееја во Антиохија кога Господ Исус Христос како човек одеше меѓу луѓето на земјата. Штом слушна за чудесата Христови, свети Маркел го зеде својот син Панкратиј и отиде со него од Антиохија во Ерусалим да го види Господа. Од тогаш Панкратиј му стана познат на апостол Петар. По вознесението Господово, Панкратиј беше следбеник на апостол Петар, и беше хиротонисан од светиот апостол Петар за епископ во градот Тавроменија, на Сицилија. А неговиот татко Маркел беше хиротонисан за епископ Сицилиски. Откако многу незнабошци обрати кон Христа Господа, свети Маркел се упокои во мир. Свети Панкратиј се празнува на 9 јули, каде се наоѓа и неговото опширно житие. А, пак, свети Филагриј беше исто така ученик на апостол Петар. Беше ракоположен за епископ во Курија на Кипар, каде што го проповедаше Евангелието и многу незнабошци обрати кон Христа. Многу искушенија и неволји поднесе за вистинската вера Христова, и го заврши својот живот со маченичка смрт.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ФИЛАДЕЛФ И ПОЛИКАРП

Се упокоиле во мир.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ МАКАРИЈ

епископ на градот Паф на Кипар

 

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ НИКИФОР И СТЕФАН

Овие свети маченици пострадале за Господ Христос, престругани со пила.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПЕРГЕТ