28. Февруари  (15. Февруари)

 

ЖИТИЕ И СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ ОНИСИМ,

еден од седумдесеттемината

Во Фригискиот град Колоси живееше еден угледен великодостојник, по име Филимон. Кога светите апостоли го проповедаа Евангелието, Филимон поверува во Господа Христа и покасно беше приклучен кон Седумдесетте апостоли. Пред своето обраќање кон Христа, Филимон имаше роб кој се викаше Онисим. Тој му погреши нешто на својот господар, се исплаши да не биде казнет и затоа побегна од него, и отпатува во Рим. Во Рим го најде светиот апостол Павле во окови, и од него ја слушна светата проповед. И се поучи во светата вера на нашиот Господ Исус Христос, и беше крстен од апостолот, и му служеше во Рим заедно со свети Тихик. Онисим започна насекаде да го следи Апостолот. Кога свети Павле беше подложен на прогонства и заточенија, Онисим не се одделуваше од него, и продолжи сесрдно да му служи на својот учител. И неговото служење на апостолот му беше од голема корист. Апостол Павле многу го засака Онисима и сакаше засекогаш да го задржи кај себе. Но, кога дозна дека Онисим е роб и му припаѓа на Филимон, тој сфати дека нема право да го задржи, без согласност на неговиот господар.

Потоа испраќајќи го светиот Тихик со своето послание кај Колосјаните, свети апостол Павле го испрати со него и светиот Онисим, како што и пишува на крајот од посланието; „Што се однесува до мене, сѐ ќе ви соопшти Тихик, љубениот брат и верен служител и сотрудник во Господа, кого токму поради тоа го испратив при вас, за да разбере како сте и да ви ги утеши срцата ваши, заедно со Онисим, верниот и омилен наш брат, кој е од вас; тие ќе ви раскажат сѐ што станува овде“ (Кол. 4, 7-9).

А преку Онисима му испрати послание на Филимон, во кое што молеше за него прошка и го заветуваше Филимона милостиво да го прими својот роб - како возљубен брат во Христа. Тоа писмо - послание до Филимон, е едно од најтрогателните пишувани состави што воопшто постојат во Светото Писмо. Тој му пишува на Филимон: „Те молам за моето чедо Онисим, кое го родив во оковите свои; тој некогаш беше непотребен за тебе, а сега ни е потребен и тебе и мене, и го праќам назад; а ти прими го како мое срце. Јас сакав да го задржам при мене, за да ми служи место тебе во оковите... Зашто, можеби, тој поради тоа се одвои од тебе за малку време, за да го примиш засекогаш, не веќе како роб, ами повеќе од роб, како возљубен брат...“ Тоа послание е поместено меѓу другите посланија на апостол Павле, во Новиот Завет на Светата Библија.

Филимон, не само што му прости на Онисим туку и му ја даруваше слободата, така што сега тој можеше да оди кај што сака. Го испрати назад и тој веднаш се врати кај апостол Павле, бидејќи тоа го сакаше самиот свети Павле, како што за тоа му пишува на Филимон: „Јас сакав да го задржам Онисима кај себе, за да ми служи место тебе во оковите за благовестието; но без твојата согласност не сакав ништо да направам, за да биде твојата добрина не како принуда, туку доброволна“ (Флм. 13 -14).  

И отиде свети апостол Онисим во Рим и со голема ревност продолжи да им служи на светите апостоли сѐ до нивниот крај. А по нивното заминување од овој свет, тој замина од Рим и помина градови и земји, проповедајќи го Христа во Шпанија, во Карпетанија, во Колоси, во Патра... Потоа, веќе во длабока старост, беше поставен за епископ во Ефес по свети Тимотеј и свети Јован Богослов. Тоа се гледа од посланието на свети Игнатиј Богоносец, кое тој им го пишува на Ефесјаните од Смирна кога го воделе од Антиохија во Рим за да го фрлат на ѕверовите. Тука, во Смирна, го сретна свети Онисим со неколку Ефесјани. А свети Игнатиј им пишува вака на Ефесјаните: „Во лицето на Онисим, вашиот епископ, кој е полн со неискажлива љубов, јас многумина од вас примив во името Божјо. Го молам него да ве љуби во Христа Исуса; а сите вас ве молам да се огледате на него. Бидејќи е благословен Оној кој на вас достојните ви дал да имате таков епископ“, А пишувајќи им од Смирна на своите Антиохијци, свети Игнатиј вели: „Ве поздравува Онисим, пастирот Ефески“.

Од тоа се гледа дека свети Онисим, откако поминал многу земји и градови, веќе како стар седнал на епископскиот престол во Ефес.

Неколку години Онисим беше епископ Ефески, ги обраќаше јазичниците кон Христа, и ги зацврстуваше во верата верните, преку поуки и со својот пример на добродетелен живот.

За време на царувањето на Декиј Грајан (98 - 117 г.) започна лутото гонењето против христијаните и Онисим беше повикан во Рим. Доведен на суд тој беше изведен пред судијата Тертул. Тој го запраша:

- Кој си ти?

Онисим му одговори:

- Јас сум христијанин.

Судијата го праша:

- Каков чин имаш?

Онисим одговори:

- Во својата младост бев роб на еден човек, а сега сум верен роб на мојот Господ Исус Христос!

Судијата го праша:

Која е причината што си преминал кај друг господар?

Онисим одговори:

- Познанието на вистината и омразата кон идолопоклонството.

Судијата праша:

- За каква цена те има купено твојот нов господар?

Онисим одговори:

- Синот Божји, Исус Христос, со својата скапоцена крв ме искупи од пропаст и ме приведе во непропадливост. Како што пишува во нашето Свето Писмо: „Се искупивте од своето суетно живеење, што ви е предадено вам од отците не со пропадливо сребро или злато, туку со скапоцената крв на непорочното и чисто Јагне - Христос, како невини и пречисти јагниња (1 Птр.1, 18-19).

Судијата праша:

- Што е тоа што вашето Свето Писмо го нарекува суетен живот?

Онисим одговори:

- Суетно живеење е: прељубата, која со краткотрајната телесна сласт им припрема вечен оган на страсните гревољупци; среброљубието поради кое се чини неправда на ближните; баењето, вражењето, кое е од демоните; гордоста, која со својата надменост се издигнува над другите; оговарањето и незауздениот јазик, кој како облак истура потсмев на сите; зависта, која го научи на братоубиство Каина и многу други; лицемерието и лагата, кои се напријатели на вистината, а другаруваат со ѓаволот, кој и Ева ја заведе; гневот, проклетиот пронаоѓач и поттикнувач на војни и убиства; пијанството, кое е другар на невоздржувањето, а сестра на сладострастието и мајка на непристојните зборови, лишено од добрите мисли и е безобразно по зборови и карактер. Сето тоа го сочинува суетното живеење и се нарекува суетен живот. После сѐ што набројав, извор и мајка на таквото суетно живеење е вашето служење на идолите. Бидејќи служењето на идолите е основа на блудот, учител на незнабоштвото, ослепување на умот, градител на сладострастието; служењето на идолите нема чест, војува против Господа, со сите и со сѐ, и се труди да го уништи вистинското богопочитување; тоа е водач на смртта, служител на ѓаволот, храна на злите, противник на доблестите, одбегнувач на нетрулежноста, проповедник на вашиот погубен закон, другар на крвопролевањето, кнез на омразата; тоа ги лови простаците со мрежата на незнабоштвото; тоа е постојан посредник на темнината и мракот; тоа е туѓо на светлата благодат, служењето на идолите ги оковува во оковите на срамните дела своите приврзаници; тоа е гнасен богохулник кој учи на славољубие; тоа ги посрамува седите старци и им наредува да играат на гласот од трубите на жреците; тоа ја упропастува девствената целомудреност; тоа своите празници ги празнува со железо и меч; тоа ја пролива крвта на животните; тоа ги разголува човечките тела среде градот; тоа ги разголува и жените; и со разни облици на идолодемонување ги разбива умовите на луѓето како бродови; ... Но, зошто да се зборува многу? Тоа идолослужење и на главичката бел лук му оддава божествено почитување, за во големата заслепеност и незнаење да ги турне луѓето во пеколот. Согледувајќи го во нечестивото идолослужење суетното живеење, кое Светото Писмо го изобличува, јас побегнав од него како од разбранувано море и прибегнав во добро пристаниште; во праведно и свето живеење кое се наоѓа во светата вера и едниствениот Вистински Бог, и во љубовта кон ближниот. И тебе те советувам, и те молам, о Тертуле, познај ја вистината, остави ја времената суета, прими го законот на љубовта кон ближниот и обрати се со вера кон Создателот и Спасителот! Тој ќе те прими, бидејќи не ја сака смртта на грешниците туку се радува на нивното покајание и им ги простува нивните претходни согрешенија.

Тие зборови, полни со кроткост и љубов, го раздразнија управникот, и на тоа тој рече:

- Значи ти, не плашејќи се од маките, не само што самиот си упорен во своите заблуди туку и нас сакаш да нѐ вовлечеш во нив. Сега затоа ќе бидеш подложен на измачување.

Свети Онисим му одговори:

- Твоите мачења нема да ме исплашат, па макар и да се најстрашни, бидејќи среде страдањата ќе ме утеши надежта за идниот живот и силата Христова ќе ме крепи.

Тогаш управникот нареди да го фрлат свети Онисим во најстрашна темница во која светиот апостол помина осумнаесет дни, седејќи во неа како во светол рај и прекрасна ладовина, и веселејќи се во својот Господ. Се слеваа кај него и верните, и го славеа неговото страдање, и го крепеа во подвигот. А на присутните неверни тој им го проповедаше словото Божјо и мнозина од нив обрати кон Вистината.

По осумнаесет дена, управникот Тертул се покажа милосрден и не го осуди на смрт, туку го протера Онисим од Рим и го испрати на заточение во Путеол. И таму свети Онисим продолжи без страв да го проповеда Евангелието и да ги обраќа јазичниците. Кога дозна за тоа, Тертул повторно го уапси и врзан го изведе на суд пред себе. Откако го испраша и виде дека овој верен слуга Христов е неотстаплив и упорен во својата православна вера, тој заповеда да го постелат на земјата и жестоко да го тепаат со четири стапови. И го тепаа немилосрдно сѐ додека не му ги искршија коските. Најпосле му ја отсекоа главата. Така светиот Онисим го заврши минливиот живот во 109 година. Една христијанка од царски род, го зеде обезглавеното тело на светиот маченик Онисим, го стави во сребрен ковчег, и го извршуваше неговиот спомен, стекнувајќи за себе сеќавање на Господа во Царството небесно, по молитвите негови, кое нека го добиеме и ние во Исуса Христа нашиот Господ кому слава за навек, амин.

СПОМЕН НА ДВАЈЦА СВЕТИ МАЧЕНИЦИ

Војници, пострадале за Христа во Тракија, затрупани со камења.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЕВСЕВИЈ ПУСТИНИК

За овој светител не се знае каде се родил и кои му се родители. Она што го знаеме за него, тоа и го соопштуваме. Со помош на своите подвижнички напори, тој ја стекна небесната татковина. Евсевиј најпрвин отиде во еден манастир и се замонаши, а подоцна се оддалечи на врвот на една планина, крај местото викано Асиха. Таму огради еден мал простор со камен ѕид; и живееше тука блажениот без покрив и покривка. Се облекуваше во кожа и се хранеше со расквасен грашок и грав. Понекогаш земаше по некоја сува смоква за да ја окрепи слабоста на своето тело. Од својот почеток па до длабока старост тој непрекинато живееше во крајно воздржување. Во староста ги изгуби речиси сите заби. Но, ни тогаш не го промени начинот на исхраната и своето живеалиште. Преку целото време на својот пустински живот, блажениот Евсевиј јуначки ги поднесуваше временските непогоди. Неговото тело беше толку слабо што појасот не можеше да му се држи околу половината.

Преподобен Евсевиј е сириски пустиник. Бидејќи имаше многу посетители кои му го нарушуваа безмолвието, молитвеното тихувание, тој се повлече во едно блиско подвизувалиште, огради еден крај со ѕид, и тука ги извршуваше своите вообичаени подвизи. Велат дека во текот на сите седум недели од Великиот Пост тој јадел само дваесет и пет суви смокви иако страдал од некоја многу тешка болест. Во такви постојани трудови и подвизи храбриот подвижник доживеа старост преку деведесет години и потоа отиде кај Господа, во 440 година.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ПАФНУТИЈ И ЕФРОСИНИЈА,

неговата ќерка

Во некои Синаксари нивниот спомен се врши денес; инаку се празнува на 25 септември, каде се наоѓа нивното опширно житие.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАЈОР

Беше војник кај царевите Диоклецијан и Максимијан. А кога се наоѓаше во градот Газа, тој беше обвинет кај тамошниот кнез дека е христијанин. Изведен на суд, тој самиот изјави дека е христијанин. Тогаш без престан го тепаа седум дена така силно, што се беа промениле триесет и шест војници кои го тепале. Крв како потоци течела од неговото тело и ја обоила целата земја околу него. И бидејќи храбриот Христов војник јуначки го претрпе страшното мачење од воената сила, тој давидовски отпатува меѓу небесните воени сили, предавајќи ја својата душа во рацете Божја. И доби венец на мачеништво. Свети маченик Мајор пострада околу 295 година (или според други во 304 година).

СОБОР НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ И ЕВАНГЕЛИСТ ЈОВАН БОГОСЛОВ

во Дијаконисим