29. Февруари  (16. Февруари)

 

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИТЕ ДВАНАЕСЕТ МАЧЕНИЦИ:

ПАМФИЛ, ВАЛЕНТ, ПАВЛЕ, ПОРФИРИЈ...

Дванаесетте свети маченици, удостоени не само со пророчки и апостолски дар туку и вброени меѓу апостолите, пострадаа за Христа во почетокот на четвртиот век во Кесарија Палестинска, за време на царувањето на Диоклецијан. Меѓу нив прв беше презвитерот на тој град, светиот Памфил. Родум беше од Берит. Уште од младоста беше одличен познавач на световната философија; полн и со духовна мудрост, украсен со доблесен живот, свет човек, длабоко почитуван од сите. Целиот негов живот беше посветен на Бога и на ближните. Образованието го стекна во градот Берит и во Александрија, а по тоа се досели во Кесарија каде што го прими презвитерскиот чин. Живееше мошне бедно, зашто сѐ што имаше раздаваше на сиромашните. Толку се грижеше црковните книги да ги направи достапни за сите христијани, што купуваше ракописи и самиот препишуваше за да дели на луѓето. Благодарение на неговиот труд, во Кесарија беше собрана голема библиотека од духовни книги. За време на гонењето покренато од императорот Диоклецијан (284-305), тој ги бодреше христијаните храбро да стојат во исповедувањето на својата вера. За гонителите не можеше да остане незабележан овој свет човек, кој толку многу се трудеше за славата Божја. Тие го фатија и го подложија на најжестоки лишувања и со тоа се трудеа да го натераат да се одрече од вистинската вера. Но маченикот Христов, храбро поднесе сѐ и после тоа беше затворен во темница.

Заедно со него во темницата беше затворен и ѓаконот Валент, стар по години и побелен од разум и мудрост, кој беше одличен познавач на Светото Писмо и го знаеше наизуст.

Трет беше Павле, од градот Јамнија, човек со пламена вера и огнена ревност за побожноста, маж чесен и угледен, кој еднаш беше фрлен во оган за Христа. Овие тројца беа ставани на разни маки за Христа од обласниот управник Урбан; потоа беа фрлени во темница, каде поминаа две години сѐ додека по Урбан за областен управник не дојде Фирмилијан.

Додека изминаа двете години прогонувањето сѐ повеќе се засилуваше; тоа беше особено изразено во областите што ги управуваше императорот Максимин, и во нив спаѓаа Палестина и Египет. Христијаните беа страшно мачени, и после тоа испраќани да работат во рудниците, откако претходно им беше вадено десното око и пресекувана жилата на десната нога. Управникот ги запраша претходните исповедници Памфил, Валент и Павле, дали се подготвени да ѝ се потчинат на царската заповед, но кога го доби одговорот дека за ништо на светот нема да ја напуштат својата вера, тој заповеда главите да им бидат отсечени со меч.

Во тоа време од Египет беа протерани сто и триесет исповедници Христови и осудени на работа во рудниците во Киликија. Нив од Египет во Киликија ги спроведоа некои пет браќа, по тело и дух. При враќањето од Киликија во Египет, дојдоа во градот Кесарија бидејќи таму ги водеше патот. На градската капија стражарите ги прашаа кои се и од каде се. А тие, не сокривајќи ја вистината изјавија: „Христијани сме, а наша татковина е небесниот Ерусалим“. Затоа веднаш ги зграбија како да се злосторници и ги фрлија во темница.

Утредента на шеснаесетти февруари, петте свети египетски момчиња беа изведени на суд пред нечестивиот мачител Фирмилијан, заедно со гореспоменатите исповедници Христови: Памфил, Валент и Павле. Судијата најпрвин се обиде да ги победи момчињата заканувајќи им се со разни маки. Тој го издвои на средината најстариот меѓу нив и го праша: „Кој си?“ А тој и за себе и за своите браќа смело одговори дека се христијани. На прашањето како се викаат, одговорија: „Незнабожечките имиња што ни ги имаат дадено родителите ние ги отфрливме и се нарековме: Илија, Исаија, Еремија, Самуил и Даниил“. На прашањето од каде се, тие одговорија: „Од горниот Ерусалим“, укажувајќи на својата духовна татковина. А ги имаа во предвид зборовите на апостолот Павле: „Горниот Ерусалим е слободен: тој е мајка на сите нас“ (Гал. 4, 26). Пристапивте кон планината Сион и кон градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим (Евр. 12,22).

А судијата Фирмилијан не можеше да разбере што е тоа Ерусалим, и во која земја се наоѓа. Бидејќи во тоа време Светиот Град не се викаше Ерусалим туку Елија. И тоа од времето, кога нечестивиот цар Адријан, на местото на прекрасниот град Ерусалим, разорен од Тит, изгради нов град на кој му го даде своето име Елиј Адријан. Ги оскверни светите места, гробот Господов го затрупа со земја и камења, и насекаде постави погани идоли. А го направи тоа сакајќи да го избрише од земјата името на Исуса Христа. И беше светиот град Ерусалим во заборав меѓу нечестивите идолопоклоници скоро двесте години, сѐ до благочестивиот цар Константин Велики и неговата мајка Елена. Затоа обласниот управник Фирмилијан, кој за време на царувањето на Диоклецијан бил во Палестина, не знаел каде се наоѓа и кој е тој град Ерусалим, за кој зборуваат светите момчиња. И Фирмилијан нареди младото момче кое се викаше Илија да го соблечат, да го обесат на мачилиштето и да го тепаат немилосрдно сѐ додека не каже кој е тој град Ерусалим и во која земја се наоѓа. А момчето говореше дека Ерусалим е татковина единствено на христијаните, и дека никој друг не може да има удел во него; и дека тој град се наоѓа на Исток каде се раѓа сонцето и ги испушта своите први зраци. Така светото момче философираше за духовниот Ерусалим, и како бестелесен не им обраќаше внимание на маките. А судијата, не разбирајќи што зборува тоа за Ерусалим, си помисли дека христијаните некаде имаат изградено свој таен град и сакаат да им се спротивстават на Римјаните. Затоа уште посвирепо започна да го измачува свети Илија, за точно да му раскаже за тој христијански град Ерусалим. И кога не можеше да дознае ништо друго освен дека е христијанин и дека негова татковина е горниот Ерусалим, го осуди светото момче да биде заклано со меч.

Исто така тој ги стави на страшни маки и неговите браќа: Еремија, Исаија, Самуил и Даниил. Но, и од нив го слушна истото како и од првиот. Затоа им изрече пресуда и тие да бидат заклани со меч.

Потоа провери како стојат работите со светиот Памфил презвитерот, ѓаконот Валент и Павле. И кога дозна дека доста биле мачени од обласниот управник Урбан и дека долго се држани во темница, не сакаше повеќе да ги мачи, туку само ги праша дали ќе ѝ се покорат на царската наредба. И кога виде дека се непоколебливи, донесе одлука и тие да бидат заклани со меч.

Во тоа време едно осумнаесетгодишно момче по име Порфириј, ученик на презвитерот Памфил, кого свети Памфил многу го сакаше поради неговото целомудрие и благоразумност, кога ја слушна смртната пресуда над светите маченици, среде многубројниот народ повика: „Молам за телата на светите да ги погребаме!“ Откако го рече тоа, истапи пред судијата. Овој го испраша и кога дозна дека е христијанин, нареди веднаш гол да го обесат на мачилиштето и немилосрдно да го тепаат. И светото момче го тепаа сѐ додека целото тело не му се претвори во рани и целото месо не му отпадна од телото, така што низ голите коски му се гледаше внатрешноста. А тоа и во таквите маки беше како столб, како нечувствителен камен, и безгласен, и ни најмалку не се вознемири, нити лелекна, нити воздивна, туку молчеше како карпа. Тоа уште повеќе го раздразни мачителот и тој нареди со остри крпи да му ги тријат раните.

Потоа донесе одлука да биде спалено. И запалија под него оган; го зафати пламенот. Тој со лице, што сјаеше од радост, го повика името на Господа Исуса и ја предаде својата света душа во рацете Господови. Така Порфириј претрпе маки по својот господар, но го претекна во примањето на маченичкиот венец. Бидејќи свети Памфил сѐ уште не беше погубен, кога свети Порфириј завршувајќи во огнот отиде кај Подвигоградителот Христос.

Управникот беше многу бесен кога гледаше дека со ништо не може да ја победи цврстата вера на христијаните. Најмалиот знак на сочувство кон мачениците беше казнуван со смрт.

Еден правоверен маж по име Селевкиј, некогашен заслужен војник, кој беше сведок на измачувањето и погубувањето на Порфириј, веднаш отрча по светите маченици кои ги водеа на погубување за да му соопшти за тоа на Памфил. И ги затекна сеуште живи, бидејќи беа измолиле од џелатите малку време за молитва. Тој пристигна кога Памфил ја упатуваше својата последна молитва кон Господа, пред да ја наведне својата глава под мечот. Кога слушна за славната смрт на својот ученик, тој му благодареше на Бога, го целиваше Селевкиј и радосно ја пречека смртта. А Селевкиј им даваше последен целив на светите маченици. Кога препознаа војниците дека е христијанин веднаш го фатија, и го одведоа кај судијата. Поради ваквата постапка на Селевкиј, управникот заповеда веднаш да биде казнет со смрт. А свети Селевкиј беше од Кападокија, храбар и познат војник во римската војска. Во почетокот на гонењето на христијаните, тој го беше исповедал Христа и многу бил тепан поради тоа. Потоа бил лишен од војничкиот чин и избркан од својот полк. И тој им служеше на болните на раскрсниците и се грижеше за бедните и сиротите. Сега пак, тој како маченик им се придружи на светите маченици, како исповедник на исповедниците, и радувајќи се отиде кај Господарот свој, Господ Христос.

По него кон ликот на мачениците се присоедини и свети Теодул - благолик старец, кој служеше кај римскиот управител Фирмилијан, почитуван поради својата седост, бидејќи веќе и правнуци имал. Потајно верувајќи во Христа тој му пристапи на еден од светите маченици водени на смрт, и откако го целиваше го замоли да се помоли за него на Христа Бога. Тоа го видоа некои од слугите на управителот и веднаш го наклеветија кај неговиот господар дека е христијанин. Штом дозна за тоа управникот Фирмилијан толку се разбесни, што веднаш заповеда да биде распнат на крст.

Најпосле, еден христијанин од Кападокија по име Јулијан, го дополни бројот на дванаесетте маченици кои пострадаа во тој ден. Тој беше од Кападокија како и свети Селевкиј, човек верник и добродетелен. Беше пошол во Кесарија Палестинска по некој алат. И кога се приближуваше кон градот, тој надвор од градските ѕидини ги здогледа телата на мачениците, фрлени за храна на ѕверовите и птиците. Веднаш се досети дека тоа се тела на христијани кои го жртвувале својот живот за верата во Христа, се израдува со духот, пристапи до нив, ги целиваше и ги славеше подвизите на светите маченици. А војниците, кои што од далеку ги чуваа телата за да не ги украдат потајните христијани, штом го видоа овој туѓинец како ги целива расфрланите тела, веднаш разбраа дека е христијанин, па го фатија Јулијан и го одведоа кај управникот. Откако ја исповедаше својата вера во Христа Бога пред него, тој заповедаше да биде запален. И беше изгорен свети Јулијан како и свети Порфириј.

Така се овенчаа со мачеништво овие верни слуги на Христа Бога, во 309 година и се удостоија на вечна слава во Царството небесно. А нивните свети тела четири дена лежеа на земјата, фрлени надвор од градот. Кога видоа незнабошците дека до нивните тела не се приближуваат ниту кучиња, ниту птици, ниту пак ѕверови, тие ги оставија и наредија да ги земе кој сака, и да ги погреба. Тогаш верните ги подигнаа чесните тела на светите дванаесет маченици и чесно ги погребаа, славејќи го Отецот и Синот и Светиот Дух, еден во Троица Бога, кому нека му е слава за навек, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ КОИ ПОСТРАДАА ВО ПЕРСИЈА

Oвие свети маченици пострадаа за Христа во Персија за време на персискиот цар Сапор, во четвртиот век. Нивните свети мошти ги пренесе во градот Мартиропол свети Марут, епископот Месопотамски, за време на царот Теодосиј Младиот.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МАРУТ

Блажениот Марут беше епископ во главниот град на Месопотамо-софосенската област, Тагрит. Таа област се наоѓала на границата меѓу Византиската империја и Персија.

Таму благочестивиот епископ сјаел со светлината на вистинското богопознание; со својата проповед во христијанството ги обраќал персиските јазичници, ги застапувал христијаните пред персиските цареви и се трудел насекаде да внесе мир и разбирање. Во 380 година тој беше испратен кај персискиот цар Издегерд, од царот Теодосиј Велики. Таму се здоби со голема почит од Персијците поради својата добрина и светост, а особено поради тоа што лудата ќерка на царот Издегерд ја исцели од зол дух. Бидејќи стекна голем углед кај персискиот цар, тој насекаде го распространуваше Христовото учење и ги обновуваше храмовите разрушени за време на гонењата на Сапор, а свикуваше и собори. Светиот епископ ги побара и ги доби моштите на гореспоменатите свети маченици, 400 на број, кои пострадале во Персија од царот Сапор, ги пренесе во христијанското царство и основа посебен град во нивно име, Мартиропол, и во него ги положи моштите.

Во тој град свети Марут го заврши својот земен пат, во 422 година, во истиот ден во кој беше осветен градот основан од него. Затоа неговиот спомен се празнува заедно со споменот на светите персиски маченици. Свети Марут опиша многу страдања (мартиролози) на персиски маченици од неговото време.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ

ПОРФИРИЈ, СЕЛЕФКИЈ, ЈУЛИЈАН, ТЕОДУЛ, ИЛИЈА, ЕРЕМИЈ, ИСАИЈА, САМУИЛ И ДАНИЛ

Овие свети маченици пострадаа за Господа Христа со свети Памфил, Валент и Павле.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК РОМАН

Светиот преподобномаченик Роман беше прост селанец, родум од Карпенис. Родителите му беа прости и неписмени, но побожни. Поради нивната неписменост и Роман остана неписмен, па затоа и немаше поим за догматите на верата. Еднаш тој слушна како некој раскажува за светиот гроб на нашиот Господ Исус Христос и во него се појави пламена желба да го посети светиот град Ерусалим, и веднаш се упати таму. Со побожна стравопочит се поклони на животоносниот гроб Господов и на сите тамошни свети места и дојде во лаврата на свети Сава Осветениот. Таму, слушајќи ги читањата за мачењата на кои беа подложувани светите маченици за името Христово, за јунаштвото и славата на Христовите маченици и за здобивањето со идните богатства, тој прашуваше: „Што се тоа идни богатства?“ Кога дозна сѐ за тоа, младиот Роман и самиот посака маченички да пострада за Христа, за да ги достигне тие богатства.

Кога се врати од лаврата во Ерусалим, тој му ја раскажа таа своја намера на тогашниот патријарх. Но, архиерејот Божји го запре од мачеништво: прво затоа што му е неизвесен крајот на тој голем и страшен потфат; и второ, што поради тоа може од страна на турците да му навлече гонење на братството на светиот Гроб и на останатите христијани. Но Роман, сепак, неодоливо чезнееше за мачеништво и не можејќи повеќе да ја скротува таа желба во себе, или подобро речено, не можејќи да го угаси пламенот што се беше распламтил во неговото срце, отпатува оттаму и дојде во Солун. Тука излезе пред кадијата, пред него смело исповедаше дека Христос е вистинскиот Бог, Творецот на сѐ видливо и невидливо и Спасител на луѓето, а пророкот агарјански го нарече баснословец, лажливец и непријател на секое добро и на човечката среќа; за нивната вера изјави дека е заблуда и соблазна, бидејќи е преполна со басни и смешни работи. Не трпејќи ја таквата дрскост, судијата нареди безмилосно да го тепаат. Варварите, присилувајќи го да се одрече од Христа му одраа неколку каиши кожа од грбот и му ги исекоа образите. И бидејќи тој остана цврст во своето вероисповедување, судијата го осуди на смрт.

Тогаш се случи тука да биде присутен капетанот на солунските гали, кој започна да го моли судијата да му го даде осуденикот за служба на галиите, говорејќи му дека таа служба за него ќе биде потешка и од самата смрт, бидејќи на галијата тој ќе се мачи целиот свој живот. Овој предлог од капетанот им се допадна на сите безбожници и тие со задоволство му го подарија маченикот. Штом го зеде, капетанот му ја избричи брадата, му ја острижа косата, го прикова на галијата и го натера да весла.

По кратко време некои христијани, пријатели на капетанот, го откупија страдалникот од тешката работа и го испратија на Света Гора Атонска. Таму за свој духовник Роман го одбра чудесниот подвижник, преподобниот Акакиј, кој безмолствуваше, молитвено тихуваше во скитот Капсокаливски, и под негово раководство започна ангелски да се подвизува. Но, душата на Роман не беше спокојна; нему му беше туѓо сѐ што е земно, не се грижеше ниту за храна, ниту за пиење, зашто неговите мисли постојано беа насочени кон саканиот подвиг на мачеништво. За најдобро да го решат тоа прашање, ученикот и старецот си наложија пост за себе од неколку дена и се предадоа на топли и сесрдни молитви кон Господа Бога: Он да им ја открие Својата волја во однос на таа работа. И преподобниот Акакиј брзо доби откровение: дека тоа му е угодно на Бога, и дека Роман славно ќе го изврши својот маченички подвиг за Христа.

И така, Роман на Педесетница се облече во ангелскиот образ, и поткрепен со молитвите на својот старец и тамошните отци, отпатува во Цариград. Кога стигна таму, светиот, за да скрене внимание кон себе од страна на агарјаните, употреби вакво средство:

Фати едно куче, го врза за својот појас и започна да го води низ градскиот пазар. Турците, гледајќи ја според нивното сфаќање таквата безбожна постапка, го прашаа што прави и зошто го влече песот. Маченикот им одговори: „За да го хранам, како што христијаните ве хранат вас Турците“.

Разгневени од таквиот негов одговор, муслиманите како диви ѕверови полетаа кон него и започнаа немилосрдно да го тепаат. Потоа го одведоа кај везирот. Овој, откако ги слушна истите зборови од маченикот, го предаде на безбожниците да го мачат сѐ додека не се одрече од својата вера. Неверниците го зедоа, го фрлија во сув бунар, во кој обично ги фрлаат убијците и го држеа во него четириесет дена без храна и вода. Потоа го извадија и повторно бездушно го мачеа. Но не можеа да го привлечат кон своето безбожие. Тогаш го известија везирот за тоа; тој нареди да му ја отсечат главата на маченикот.

Го фатија џелатите, го одведоа на губилиштето и му ја отсекоа чесната глава. А со тоа тие ја испратија неговата света душа кај праведниот Судија на сите - Бог. Кога му беше отсечена главата, светото тело на маченикот самото се сврте и падна на исток. Тоа ги исполни агарјаните со завист, и започнаа да ги тепаат и да ги бркаат христијаните од таму. Благодатта Божја благоволи да ја покаже светоста на моштите на маченикот Христов на тој начин што небесна светлина ги осветлуваше цели три ноќи додека безбожниците ги чуваа. Оваа светлина ја видоа сите и ѝ се восхитуваа. Христијаните се радуваа и го славеа Бога; а агарјаните беа посрамени. Тогаш таму се затекна еден англиски кораб: Англичаните ги откупија светите мошти и ги однесоа во Англија. Но, еден од христијаните успеал да ја натопи својата марама со крвта од светиот маченик. Таа крпа и денес се чува на Атон, во манастирот „Дохијар“, каде што тој христијанин го завршил својот живот како монах со името Агапиј.

Така блажениот Роман доби венец на мачеништво во слава на нашиот Бог Христос. Амин.

Светиот преподобномаченик Роман пострада во 1694 година во Цариград.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ФЛАВИЈАН

Овој наш преподобен отец се искачи на врвот на една планина, таму си направи една мала ќелија и се затвори во неа. И помина во неа шеесет години. За тоа време тој ниту виде некого, ниту збор проговори со некого, и со умот собран во срцето, живееше во Бога. И од него ја добиваше секоја утеха по зборовите на пророштвата: Сета радост нека ти биде во Господ, и Тој ќе ти даде, што ќе посака срцето твое“ (Пс. 36, 4). На ќелијата имаше мала дупка, малку накосена и полукружна, преку која ја провлекуваше раката и ја земаше храната што му ја оставаа. Така никој од оние што доаѓаа не можеше да го види. Се хранеше со наквасена леќа. Јадеше еднаш неделно.

На таков начин овој блажен проживеа полни шеесет години и затоа Бог богато го надари со дарот на чудотворството. И тој со молитва уништи еден многу голем змеј; со молитва уби една змија; со молитва го исчисти полето од мноштво скакулци. Еден бесомачен ослободи од демони; исцели една жена од рак на градите. А еден мртов човек, кого го беше згазил бик, тој го воскресна.

Откако така го помина овој многунапорен и привремен живот, блажениот Флавијан го промени светот, и отиде во оној блажен и вечен живот, во кој сега се весели.