1. Март  (17. Февруари)

 

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ТЕОДОР ТИРОН

Незнабожечките цареви Максимијан и Максимин, во својата ревност кон идолопоклонството, по целото свое царство издадоа наредба, сите христијани кои ќе вкусат од идолските жртви да се ослободат од казните, а оние кои што ќе се спротивстават да бидат изведени на суд. Во тоа време во градот Амасија, во малоазиската област Понт, во мармаритскиот полк имаше еден млад војник, по име Теодор Тирон. Командантот на тој полк по име Вринка сакаше да го натера да им принесе жртви на идолите, но верниот војник Христов, Теодор, пред сите војници храбро изјави:

- Јас сум христијанин и мене ми е наредено да не им принесувам жртви на нечистите богови, зашто се поклонувам и за свој Бог го имам Исус Христос, вистинскиот Бог и Цар на небесата.

- Тогаш Вринка започна да го убедува светителот: „Послушај ме, Теодоре, и како војник пристапи и принеси им жртви на идолите“.

Свети Теодор му одговори:

-Јассум војник на мојот цар Христос и не можам да војувам за друг.

Вринка му одговори:

- Ете, овие војници овде, сите се христијани, па им служат на римските цареви.

- Секој знае на кого му служи - возврати светителот, - јас му служам на мојот Господар и Цар небесен, Бог, и на неговиот Единороден Син - Исус Христос.

Тогаш стотникот Посидониј, кој стоеше тука, праша:

- Теодоре, зарем твојот Бог има и син?

- Свети Теодор му рече:

- Навистина Он има син, Словото на Вистината, преку Кого створи сѐ.

- Можеме ли да го запознаеме? - праша капетанот.

На тоа светителот му одговори:

- Јас би сакал и вам да ви даде Бог таков разум, за да го познаете. Ништо нема да ве спречи ако сакате да ја оставите темнината и кратковремените овоземни цареви, и да му пристапите на живиот Бог, вечниот Цар и Владика, и да бидете Негови војници каков што сум јас.

Тогаш командантот Вринка му рече на стотникот:

- Да го оставиме Теодор неколку дена да размисли за сѐ, и да одбере што е полезно за него.

Откако доби неколку дена за размислување, свети Теодор постојано му се молеше и го славословуваше Господ Христос; а нечестивците, дишејќи јарост среде граѓаните верни во Христа, ги фаќаа и ги фрлаа во темница. Во една прилика додека незнабошците водеа други христијани во темницата, свети Теодор одејќи по нив, викаше, ги поучуваше во верата и ги бодреше да бидат истрајни и да не се одречат од својот Небесен Цар - Христос. Кога ги затворија, тој искористи прилика и преку ноќта го запали идолиштето на мајката на боговите, богињата Цибела. Некои граѓани беа виделе како светителот го пали храмот и веднаш ги известиле властите. Тогаш градоначалникот Кронид, плашејќи се да не дојде во ситуација да треба да одговара за Теодор, веднаш го фати, го изведе пред намесникот Публиј, и рече:

Господару мој, овој проклет човек, новоизбран регрут, за несреќа дојде во нашиот град со зла умисла, го запали храмот на мајката на боговите наши и ги обесчести боговите; јас го фатив и еве, го доведов пред твоето величество, за по божествена наредба на царскиот господар на вселената и на заповедите на царевите да ја искуси казната за својата дрскост.

Намесникот го повика командантот Вринка, и праша:

- Ти ли му даде власт на овој да го запали храмот на боговите наши?

Тој одговори:

- Јас често го советував и му дадов време да размисли и да им принесе жртви на боговите. А ако го сторил тоа тој навистина се одвратил од нашите богови и ја презрел царската заповед; затоа ти како судија исполни го тоа што го заповедале нашите цареви.

Тогаш намесникот седна на судискиот стол. Го изведоа пред него блажениот Теодор, и тој го праша:

- Зошто наместо да им принесеш жртви на нашите богови ти ги запали со оган?

Светителот му одговори:

- Не порекнувам дека го сторив тоа. Запалив дрвја, за да запалам камен. Зарем вашата богиња е толку бессилна што огнот може да се допре до неа и да ја изгори?

Разгневен од тие зборови, тој, заповеда да го тепаат, и рече:

- Мојата кроткост те прави дрзок. Но, јас те советувам да не зборуваш многу, зашто ако не се покориш на царските наредби и не им принесеш жртви на идолите, ќе те подложам на најстрашни маки и горка смрт.

Светителот му одговори:

- Не се плашам од твоите маки, макар да се и најстрашни. Прави што сакаш. Јас се надевам во мојот Господ и Цар Исус Христос. Тој ќе ме избави од твоите маки. Но ти не можеш да Го видиш, зашто ти се слепи очите на умот.

Кога ги слушна овие зборови, судијата просто побесне од гнев и рикајќи како лав нареди да го фрлат Теодор во темница, па да ја заклучат и запечатат вратата, и да го остават таму да умре од глад. Фрлен во темницата блажениот Теодор беше хранет од Светиот Дух. Првата ноќ му се јави Господ и му рече: „Не плаши се Теодоре, зашто јас сум со тебе! Не земај повеќе земна храна и питие, оти ќе бидеш во другиот живот, вечниот и неминливиот, со мене на небесата!“ Откако го рече тоа Господ си отиде од него. А свети Теодор започна да пее и да се весели; му се придружија и мноштво свети Ангели, кои пееја со него, а темницата беше осветлена со блескава светлина. Кога го слушнаа убавото пеење, стражарите потрчаа кон вратата и видоа дека таа е заклучена, а печатите не се допрени. Тогаш погледнаа низ прозорчето и видоа многу луѓе во бела облека како пеат заедно со свети Теодор. Уплашени, тие веднаш го известија намесникот Публиј. Тој веднаш дојде во темницата и виде дека вратата е заклучена. Кога слушна дека внатре пеат многу луѓе, нареди веднаш да се опколи темницата. Мислеше дека внатре со свети Теодор се наоѓаат некои христијани. Но кога влезе внатре, тој не најде никој освен слугата Христов, свети Теодор, окован во синџири и клади. Сите ги обзеде страв и трепет. Откако излегоа, повторно ја заклучија вратата и си отидоа. "Тогаш судијата нареди секој ден на светителот да му се дава по малку леб и вода. Но големиот верен маченик Христов, - како што е напишано: „Праведникот преку верата ќе живее“ (Авак. 2, 4 - Рим.1, 17), никако од нив не примаше ни леб ни вода, туку им говореше: „Мене ме храни мојот Господ и Цар, Исус Христос“.

Утредента судијата нареди пак да го изведат свети Теодор пред него на суд. Кога застана пред него, судијата му рече:

„Послушај ме без мачење и казни, и принеси им жртви на идолите. А јас веднаш ќе им напишам за тебе на господарите на вселената, и ќе бидеш велик жрец на боговите, и заедно со нас ќе седиш на овој престол“.  А свети Теодор, погледна во небото, се прекрсти и му рече на мачителот: „Нема да се одречам од името на мојот Христос, сѐ додека е душата моја во мене, па макар со оган да ме изгориш, и со најразлични маки да ме мачиш, со мечеви да ме сечеш, или пак на ѕверовите да ме фрлиш“.

Тогаш мачителот се посоветува со командантот и нареди да го обесат светителот на едно дрво и телото да му го стругаат со железни гребени. Толку го стругаа неговото тело што месото му испопаѓа од коските. А, блажениот Теодор пееше: „Ќе го благословувам Господа во секое време; пофалба за Него секогаш ќе има во мојата уста“ (Пс. 33, 1).

Мачителот се восхити на таквото јуначко поднесување на маките, па му рече на светителот: „Зарем не се срамиш, о најбеден меѓу луѓето, што се надеваш во човек, викан Христос, кој беше убиен со насилна смрт, и што поради Него така неразумно трпиш толкави маки и казни?“ А светиот маченик Христов му одговори: „Нека биде овој срам за мене и за оние кои го призиваат името на мојот Господ Исус Христос“.

А кога народот повика да му се стави крај на Теодор, намесникот го праша: „Ќе сакаш ли да им принесеш жртви на боговите или уште повеќе да те мачиме?“ А, маченик Христов смело му одговори: „Безбожнику, исполнет со секоја гадост и измама, син на ѓаволот, зарем не се плашиш од Господа кој ти дал толкава власт и моќ? Зашто преку Него царевите царуваат, и владетелите земјата ја држат (Изрек. 8, 15. 16). Ме присилуваш да го оставам живиот Бог, а да му се поклонам на каменот бездушен“.

Судијата долго размислуваше, па повторно го праша свети Теодор: „Што сакаш, да бидеш со нас или со твојот Христос?“ Светителот со голема радост му одговори: „Јас бев, сум, и ќе останам со мојот Христос. А ти прави со мене што ќе посакаш“.

Гледајќи дека со мачењата не можат да го поколебаат трпението на светителот, намесникот изрече ваква пресуда: „Наредувам Теодор да се изгори во оган затоа што не ѝ се покорува на власта на славните цареви и на големите богови“. Па додаде: „И затоа што верува во Исус Христос, распнат во времето на Понтиј Пилат, како што велат Евреите“.

Штом судијата ја изрече ваквата пресуда, веднаш се пристапи кон нејзино извршување. Слугите веднаш се растрчаа на сите страни и од најблиските куќи довлекоа дрвја на одреденото место. Направија голема клада и врз неа го поставија свети Теодор. И кога светиот маченик го прекрсти своето чело, го потпалија огнот околу него. Тогаш слегна Светиот Дух, и го разладуваше маченикот Христов. Така блажениот Теодор славејќи го и фалејќи го Бога, мирно го предаде духот на својот Господ Христос. „И видовме, - пишува очевидец - како неговата света и чесна душа како молња се вивна во небесата“.

А една побожна и доблесна жена, по име Евсевија, го измоли телото на маченикот Христов, го помаза со мириси, го завитка во чиста плаштаница и го положи во гроб, крај својот дом во градот Евхаити. Таа секоја година го празнуваше неговиот чесен и свет помен.

Маченикот Христов, Теодор пострада на седумнаесетти февруари 306 година, во времето на царот Максимијан мачителот, додека во нас царува нашиот Господ Исус Христос, на Кому нека му е слава и моќ со Отецот и Светиот Дух, сега секогаш и во сите векови, Амин.

ЗА ЧУДОТО НА СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ТЕОДОР ТИРОН

По царот Констанциј, син на Константин Велики зацарува незнабожниот цар Јулијан Отстапник. Тој отстапи од Христа, премина кон идолослужењето и покрена силно гонење против христијаните, не само јавно туку и тајно. Зашто, злочестивиот се срамеше сите христијани јавно да ги подложува на свирепи и нечовечки маки и страдања. Истовремено се плашеше дека многу од идолопоклониците, додека го гледаат јуначкото трпение на Христовите маченици ќе започнат да преминуваат кај христијаните. Затоа поганиот и лукав Јулијан намисли тајно да ги оскверни луѓето Христови. Знаејќи дека во првата недела на Великиот Пост, христијаните посебно се очистуваат и посветуваат на Бога, тој го повика градскиот епарх во Цариград и му нареди да ги собере и отстрани сите намирници од пазарот што вообичаено се продаваат, и наместо нив за продажба да изложи други намирници кои претходно кришум ќе ги попрскаат и осквернат со крвта од идолските жртви. Така христијаните, купувајќи ги овие намирници ќе се осквернат со идолските жртви за време на светиот пост.

Епархот веднаш ја спроведе во дело безбожната наредба на беззакониот цар, и на сите пазари изложи осквернети намирници. Но севидливиот Бог, промислувајќи за своите слуги, ја уништи тајната и лукава замка на злосторникот, зашто кај цариградскиот архиепископ Евдоксиј го испрати страдалникот, великиот свети Теодор Тирон. И тој, доаѓајќи кај архиерејот на јаве, а не на сон, му рече: „Оди, веднаш повикај го Христовото стадо, и строго забрани му никој да не купува намирници од пазарите, зашто по наредба на безбожниот цар сите се осквернети со крв од идолските жртви“.

Архиерејот беше во недоумица, па праша: „А што ќе прават сиротите кога во своите домови немаат намирници?“ Светителот му одговори дека своите потреби ќе ги подмират со коливо (варена пченица со мед). Тогаш архиерејот го праша својот посетител кој е тој што така промислува за христијаните. Светителот му одговори: „Јас сум маченикот Христов Теодор; Он сега ме испрати кај вас на помош“. Откако го рече тоа, тој стана невидлив.

Архиерејот Евдоксиј веднаш стана, ги повика сите христијани, и ги извести за тоа што го слушна и виде. И со варена пченица и мед, Христовото стадо остана неповредено од замката на незнабожецот. Кога виде дека неговата тајна замка е откриена царот се засрами и нареди повторно да бидат вратени на пазарот вообичаените чисти намирници. А пак христијаните ја отпразнуваа првата сабота на Великиот Пост во спомен на светиот великомаченик Теодор, благодарејќи му на Бога и прославувајќи го светиот слуга Негов. Од тогаш па сѐ до денес православните христијани по целиот свет со варена пченица ја празнуваат саботата од првата недела на Великиот Пост во спомен на ова чудо, за да не се заборави така трогнувачкото промислување Божјо за христијаните, и помошта на светиот великомаченик Теодор Тирон.Затоа првата сабота од великиот Пост е наречена Тодорова Сабота. На тој ден се служи света литургија и православните христијани ги посетуваат Божјите храмови со варена пченица и мед.

СПОМЕН НА СВЕТА МАРИЈАМНА

Света Маријамна е родена сестра на светиот апостол Филип. По вознесението на нашиот Господ Исус Христос, свети апостол Филип, заедно со апостол Вартоломеј и својата сестра Маријамна, заминаа да го проповедаат Евангелието во Фригискиот град Ерапол. Заради проповедувањето на Евангелието Христово, тие беа фатени од незнабошците и обесени. Но кога свети апостол Филип пред смртта Му се помоли на Господ Бог - о, чудо! - се отвори земјата и ги проголта: царскиот намесник, кнезот и многумина од присутниот народ. А останатите, преплашени, ги молеа свети Вартоломеј и света Маријамна, да им се смилуваат и нив да не ги проголта земјата. А пак, Вартоломеј и Маријамна го замолија свети Филип. И тој, не само што ја исполни нивната молба туку со својата молитва ги извади и оние што беа затрупани под земјата, освен царскиот намесник и неговата жена Ехидна. Потоа Вартоломеј и Маријамна отпатуваа од Ерапол. Свети Вартоломеј отиде во Индија, каде заради проповедувањето на Евангелието беше распнат. А света Маријамна отиде во Ликаонија, и таму ја продолжи својата проповед на Евангелието, и многумина крсти. Таму се упокои во мир.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АВКСИВИЈ,

епископ Солонски на Кипар

Свети Авксивиј беше родум од стариот Рим. Неговите родители беа богати безбожници и имаа два сина: Авксивиј и Темистагора. Авксивиј беше бистро и мудро дете украсено со многу добродетели. Рано ја изучи светската мудрост во школите во Рим. Неговите родители настојуваа тој да се ожени, но Авксивиј не го сакаше тоа и затоа тајно го напушти Рим. Се качи на еден брод кој патуваше на исток и допатува на островот Кипар, во местото викано Лимнитис, недалеку од градот Солона. Таму, по Божја промисла, го најде светиот апостол и евангелист Марко, кој го поучи во христијанската вера и го крсти во името на Отецот Синот и Светиот Дух. Потоа го постави за епископ на градот Солона и го испрати таму, за да ги обраќа идолопоклониците во вистинската вера Христова.

А пак, светиот апостол Марко отпатува во Александрија. Поаѓајќи во градот Солона, свети Авксивиј дојде до западната врата на градот каде се наоѓаше храмот на богот Зевс и застана кај тамошниот жрец. Живеејќи кај него, тој постепено го одврати од поклонувањето на лажните богови и ракотворни идоли, и го обрати кон Христа вистинскиот Бог и Спасител на луѓето. Исто така тој тајно одеше во градот и ги обраќаше незнабожците во верата Христова. По некое време го најде свети Ираклид, кој порано, од апостолите беше поставен за епископ на Кипар. Тој го посоветува јавно да започне да го проповеда Евангелието Христово и така да ги истера заблудите на идолопоклонството. Откако долго Му се помоли на Бога, свети Авксивиј излезе на плоштадот и на незнабожниот народ јавно започна да му го проповеда Исуса Христа. Тогаш многумина поверуваа во неговите зборови, кои ги поткрепуваше Господ со многу знаци, чудеса и исцеленија што ги правеше преку својот слуга Авксивиј. Меѓу обратените имаше многу и од околните села, а меѓу нив и еден човек по име Авксивиј, кој потоа остана со овој свети Авксивиј до крајот на својот живот, слушајќи го, служејќи му и угледувајќи се на него во сѐ.

По некое време братот на свети Авксивиј, Темистагора слушна за сето тоа во Рим и дојде на Кипар кај својот брат и беше крстен од него заедно со својата жена. Потоа од него беше произведен во презвитерски чин и служеше при црквата во која народот Христов сѐ повеќе и повеќе се умножуваше, а незнабожците се намалуваа. Светиот слуга Христов Авксивиј, ученик на светиот апостол Марко поживеа долго. Беше епископ полни 50 години во градот Солона, и се претстави кај Господа во мир, во вториот век. Зад себе, тој за епископ го остави својот ученик Авксивиј, а неговите свети мошти станаа извор на исцеленија за многумина поради што го славеа верните, не само во неговиот град туку и во Паф и на други места, во слава на нашиот Бог: Отецот Синот и Светиот Дух. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ЕПИСКОП АВКСИВИЈ 2-ри

Свети Авксивиј II бил ученик и наследник на свети Авксивиј, кого го спомнавме претходно.

ПРОНАОЃАЊЕ НА МОШТИТЕ НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МИНА КАЛИКЕЛАД

За време на христољубивиот цар Василиј Македонецот (867-886), блажениот маченик Мина Каликелад, една ноќ му се јави на еден човек кој се викаше Филомат, и му рече дека тој е Мина Каликелад, и дека неговите мошти се наоѓаат во земјата крај морскиот брег, и со прст му го покажа тоа место. Тогаш богољубивиот Филомат отиде кај својот пријател Маркијан Нумериј и му го раскажа своето видение, а тој пак, му соопшти на царот. И веднаш на посоченото место беа испратени војници. Кога започнаа да копаат, веднаш пронајдоа еден железен ковчег во кој се наоѓаа моштите на маченикот и до нив една испишана таблица. На неа стоеше напишано кога овие свети мошти биле ставени во ковчегот, и каде треба да бидат погребани покасно. Кога пресметаа, утврдија дека тоа било пред четиристотини години. Тогаш сите Му благодареа и го прославија Бога.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ТЕОСТИРИКТ

Овој преподобен отец се спомнува и на 10 ноември.

СПОМЕН НА БЛАГОЧЕСТИВИТЕ ЦАРЕВИ МАРКИЈАН И ПУЛХЕРИЈА

Сестрата на Теодосиј Младиот, света Пулхерија и нејзиниот благочестив маж Маркијан владееја со Византија од 450 до 457 година. Во нивно време и со нивно настојување беше одржан Четвртиот Вселенски Собор во 451 година во Халкидон, кој ја осуди ереста на Евтихиј - монофизитството.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ТЕОДОСИЈ БУГАРИНОТ И РОМАН,

неговиот ученик

Како монах свети Теодосиј се населил недалеку од градот Трново, каде основал обител која по него била наречена Теодосиева. Видно се истакнал на соборот во Бугарија против богомилите во 1360 година. На тој собор, штитејќи ја православната вера тој ги посрамил богомилите. Својот овоземен живот го завршил во Цариград во 1362 година. Неговиот ученик Роман продолжил да се подвизува во Теодосиевата обител до својата смрт.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК МИХАИЛ МАВРОИДАС

Овој свет маченик пострадал за Христа заклан со меч и запален од Турците во Адријанопол.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ТЕОДОР ВИЗАНТИЕЦ

Благословениот Теодор беше родум од селото Неохоли близу Цариград. Неговите родители се викаа Анастас и Смарагда. Уште од мал тој изучи книга. Кога потпорасна го изучи зографскиот занает и заедно со своите мајстори работеше во царскиот двор. Тука се дружеше со агарјаните и со нив се оддаваше на разни лекомислени забави. Така Теодор под нивно влијание постепено се одрече од верата Христова и го прими мухамеданството. Ги изучи и басните мухамедански.

Во таква состојба помина три години. Но помислувајќи на смртта, тој си дојде на себе и започна да размислува за гревот што го стори одрекувајќи се од Христа. Тогаш започна горчливо да го оплакува својот грев. Оттогаш стравот Божји започна да му го исполнува срцето. Но во него сеуште дејствуваше привлечноста кон овоземните задоволства, со кои што се хранеше на царскиот двор. И беше така сѐ додека неговото срце не го посети небесна сила, која му ги промени и умот и душата, така што тој ги презре уживањата на дворскиот живот и нивната вера. И оттогаш започна да размислува како да побегне од таму. И наскоро му се укажа прилика: Тајно замоли еден христијанин да му донесе христијанска облека и така да побегне. Така една ноќ Теодор се преоблече и се извлече од дворот откако претходно ги потплати стражарите, па се качи на еден чамец и отиде во домот на еден свој роднина. Таму помина неколку дена, па беше миропомазан и така повторно вратен во христијанската вера. Од таму со голема мака и страшен ризик побегна на Хиос. Таму најде еден духовник кој му ја смири душата. Тука Теодор ги читаше житијата на светиите, особено житијата на светите маченици. Тоа му ја исполни душата со неизмерно покајание и срцето му се кинеше поради гревот што го стори одрекувајќи се од својот Христос. На својот духовен отец тој му ги исповеда сите свои гревови сторени во текот на целиот негов живот, сѐ до најмалите ситници; па потоа се причести со светите Тајни.

Од тогаш Теодор беше со скрушено срце и чезнееше за мачеништво. Од ден во ден таа желба сѐ повеќе растеше во него, но заедно со тоа ѓаволот му приредуваше разни искушенија за да го одврати од мачеништвото. Со голема надеж во Бога, Теодор на секој начин се трудеше да ја исполни таа своја пламена желба. И Бог му помогна: набргу најде еден побожен брат, ревносен верник, па заедно отидоа на подвиг во едно осамено место. Таму постојано му се молеа на Господа, Он да ги упати и изведе на патот на Својата света волја. Тогаш братот поткренат од љубовта, состави ваква молитва: „Господи Исусе Христе, лекару на мојата бедна душа, не презирај ме мене грешниот туку поткрепи го моето слабо и закоравено срце и загреј го со љубовта кон мачеништвото за Тебе. И како што јас доброволно се одреков од Тебе, мојот творец и добротвор, и се потчинив себе си и станав роб на одвратниот ѓавол и играчка на демоните, така сега со својата благодат и бескрајна долготрпеливост, кои ми помогнаа да се излечам од нивните замки, удостој ме мене бедниот и недостојниот за името христијанин да те исповедам тебе пред властодршците и силниците. О, Господи мој немој да ме презреш мене, ништожниот слуга твој, туку прими ме во ликот на мачениците твои. Амин“. Потоа додаде: „Свети маченици кои храбро сте се бореле и сте добиле венци, бидете ми застапници пред Господа, за да ѝ се смилува на мојата душа. Пресвета Богородице, Посредничке на грешниците, ти, гледаш во што западнав - од Твојот Син се одреков! О, Семилостива, сожали се на мене и посредувај за мене пред долготрпеливиот Твој Син. Заедно со светите маченици измоли го Господа да ми даде сила да издржам во подвигот на мачеништвото“.

Теодор со голем стравопочит ја прими оваа молитва од својот брат сомолитвеник; ја научи на памет и по цел ден се молеше со неа. А најчесто ја повторуваше оваа кратка молитва: „Господи Исусе Христе, смилувај се на мене отпадникот твој“.

Тоа ја исполни душата на Теодор со умиление и срцето му се запали со љубов за мачеништво. Потоа двајцата отпатуваа во Митилена. Првата ноќ Теодор претрпе страшно искушение од нечисти и хулни помисли. Го разбуди својот духовен брат и му рече:

- Ах, свети старче мој, што да правам? Ме изедоа ѓаволски помисли! Старецот го утеши колку што можеше, а Теодор му рече:

- Ајде свети старче да одиме што побрзо за да се ослободам од сатаната. Јас треба да одам кај мојот Христос! Треба да одам! Да одам!

Во петтиот ден на првата седмица од светата Четириесетница, блажениот Теодор смело отиде кај градскиот судија, и го праша:

- Ти ли си судија на овој град?

- Јас сум - одговори судијата. Тогаш Теодор му рече:

- Денес се навршуваат десет години откако ми се помрачи умот и јас дојдов, та вие ме потурчивте. Сега, еве, си дојдов на себе, ја познав својата вера, и станав свесен за злото што сум го сторил; затоа дојдов кај тебе да ти го кажам тоа и да ти ја вратам твојата ништожна и одвратна вера што си ми ја дал, и да изјавам дека мојата христијанска вера е вистинска и света.

Додека го зборуваше тоа, Теодор ја симна чалмата од главата, ја фрли пред судијата, и ја изгази со нозете, говорејќи: „Како што го презирам овој знак на вашата вера, така ја презирам и самата ваша вера, ја сметам за ништожна и ја отфрлам“.

Запрепастен од ваквата смелост на Теодор, судијата ги запраша присутните:

- Кој е овој?

Тие му одговорија:

- Некој лудак.

Теодор им возврати:

- Не сум луд, туку сум христијанин; христијанин сум се родил и христијанин сакам да умрам.

Потоа му се обрати на судијата, и му рече:

- Од мојата уста гледаш и слушаш дека сум христијанин, и дека се одрекувам од твојата вера. Затоа, тоа што си намислил да го правиш со мене, прави го брзо. Со божествената сила на мојот Христос, јас сум подготвен да поднесам сѐ што ќе ми приредиш. На тоа судијата му рече: - Ти си слегнал со умот, ти си луд. Теодор му одговори:

- Јас сум потполно свесен и паметен, затоа и ја отфрлам вашата вера.

Кога го слушнаа тоа присутните аги го дофатија младиот исповедник, го извлекоа надвор, и започнаа да го тепаат, да го клоцаат и плукаат, и го одведоа во темница. А по патот, на секој христијанин што ќе го сретнеше, Теодор му говореше: „Прости ми, брате, христијанин сум“. Кога го фрлија во темницата, тие му ги ставија нозете во клада и му врзаа тешки синџири околу вратот. Во темницата му доаѓаа многу агарјани да го тепаат или да го исмејуваат, како да е лудак. А маченикот им зборуваше дека е при здрав ум и дека е христијанин. Потоа го изведоа на суд. И го прашаа:

- Си дојде ли на памет?

Маченикот одговори:

- Јас сум си при чиста памет.

Ако си при памет, тогаш прими ја нашата вера, па ќе ти облечеме скапоцена облека и ќе ти дадеме пари и сѐ што сакаш.

Маченикот им одговори:

- Сето тоа е за вас. Зашто вие немате памет. Зошто му нудите такви работи на човек кој јавно и јасно хули на Мухамед, и ја отфрла вашата вера? Сакате ли вие да ја оставите својата вера и да станете христијани?

- Не сакаме! - одговорија тие.

- Тогаш како јас да ја оставам својата прекрасна вера и да ја примам вашата мрачна? Та, вие за време на вашиот Рамазан по цела ноќ јадете и по цел ден спиете!

- Тогаш зошто си се потурчил? - го прашаа тие.

- Затоа што ми се беше помрачил умот, - одговори маченикот, - а сега си дојдов на себе, христијанин сум и потполно сум свесен за гревот што сум го сторил потурчувајќи се, и затоа ја отфрлам вашата вера, и вашиот пророк, и сите вас! Зошто не ме погубите? Што чекате?

На овие негови зборови сите присутни скокнаа: и судијата и агите и останатите; и сите во еден глас повикаа:

- Надвор со него, да не нѐ срамоти!

Потоа го фатија маченикот, го тепаа, го клоцаа, го ставија во темница, го оковаа во окови, па дури и темницата ја оставија отворена за да може да влезе секој кој сака да го тепа маченикот. Покрај тоа триста пати го удираа по нозете, па со стапови го тепаа по рацете. И се изредија дваесет и пет души, тепајќи го. А маченикот јуначки го поднесуваше сето тоа и не пушти ниту глас, само велеше: „Христијанин сум“. Потоа на двата образа му ставија по една цигла, па со врвца му ја стегаа главата сѐ додека не му испаднаа очите и главата му ја завртеа со лицето наназад. А храбриот Христов војник само повторуваше: „Христијанин сум, христијанин!“ После таквите мачења овие ѕверски мачители со стапови му ги испокршија забите и пак го фрлија во темницата.

Утредента во темницата наиде еден христијанин и го затекна маченикот како пее пофална песна на Пресвета Богородица: „Возбраној војеводје“. . .Маченикот го замоли овој христијанин да отиде кај месниот епископ со молба по некој свештеник да му испрати Света Причест, за да се причести. Тоа беше сторено; и светиот маченик ги прими Светите Тајни Христови.

Потоа повторно почнаа да доаѓаат агарјани и да го тепаат и мачат светиот исповедник, а тој им говореше: „Моето тело е во вашите раце и во ваша власт, и со него правете што сакате; сечете го на ситни парчиња, јадете го, и едвај ќе ви трае недела дена“. Бесни од гнев поради овие зборови, агарјаните започнаа да го тепаат со мотки, викајќи: „Сега ќе видиш што е мачење“. На тоа маченикот им одговори: „Само така! Зашто на тој начин побргу ќе ме испратите кај мојот Господ Христос“. Откако страшно го изнатепаа, агарјаните си отидоа. А светиот маченик остана во темницата и се молеше со онаа молитва која што духовниот брат му ја состави за мачеништвото. Потоа во темницата дојде еден висок чиновник и му предложи на маченикот: „Ако не ја примиш нашата вера и не ги изговориш нашите салавати, т.е. нашето исповедување на верата, ќе бидеш погубен“. Светиот маченик го изгрди и него, и салаватите, и Мухамед, и верата нивна. Тогаш се насобраа во темницата многумина, викајќи му: „Еве, дојде твојот последен час“! Маченикот му благодареше на Бога, и рече: „Спомни ме, Господи, во царството свое!“ Откако трипати се прекрсти, тие му ги симнаа кладите од нозете, му ги врзаа рацете, и му ставија синџири околу вратот, и го поведоа маченикот на губилиштето. А тој целиот блажен, радосно иташе кон него. Кога стигнаа, мачителите повторно бездушно го тепаа така што светиот маченик падна на земјата полумртов. Потоа го прашуваа: „Што си?“ - „Христијанин сум“ - одговори маченикот. „Како е викаш?“ Едвај дишејќи светиот маченик одговори: „Теодор, како христијанин умирам“.

Тогаш му ставија јаже околу вратот и започнаа да го влечат, Така влечен маченикот паѓаше, а од раните му бликаше крв. Најпосле го обесија.

Така блажениот Теодор, навистина бестрашниот јунак Христов, го доби многу посакуваниот венец на мачеништвото. А многу христијани во текот на три дена доаѓаа и ги топеа своите марами во крвта на светиот маченик. И се случуваа многу исцеленија од светата крв негова кај многумина кои со вера пристапуваа кон оваа светиња. По три дена христијаните добија дозвола, па го зедоа светото тело на маченикот Христов и чесно го погребаа при црквата „Пресвета Богородица“.

По молитвите на светиот маченик Теодор нека Господ нѐ удостои и нас на своето Царство небесно. Амин!