2. Март(18. Февруари)
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ЛАВ,
папа Римски
Овој голем светител и пастир на Божјата црква во Рим е роден во Италија. Татко му се викал Квинтијан. Уште од својата младост ја изучил световната философија и израснал во христијанските доблести. Бидејќи го избра духовниот живот, тој најпрвин беше архиѓакон кај папата Сикст III. А по смртта на папата Сикст поради својата целумудреност и чистота, од сите едногласно беше востоличен на престолот на римската црква, иако не го сакаше тоа. И како добар пастир на словесното стадо Христово, тој се грижеше за него, му даваше пример на благочестие и ревносно го заштитуваше од надворешните и внатрешни непријатели. Опасниот насилник, кнезот на Хуните, Атила, наречен бич Божји, откако освои многу земји, дојде и во Италија со намера да ја опустоши. Папата Лав му се спротивстави. Гледајќи дека со ништо не може да се запре насилникот, тој со пост и солзи сесрдно се помоли на Бога, молејќи за негова заштита, и призивајќи ги на помош светите врховни апостоли Петар и Павле. Потоа излезе пред насилникот во архиерејска облека за да го моли и да го скроти неговиот гнев, подготвен и да умре за своите верници. Откако боговдахновено разговараше со него, тој од волк го претвори во овца. Насилникот кротко и смирено ги сослуша зборовите на Божјиот угодник, и восхитувајќи ѝ се на неговата архиерејска облека, а во исто време и чувствувајќи страв од неговото чесно и свето лице, постапи според неговата волја и бргу си замина од Италија. Неговите доглавници и војводи многу се чудеа на неговата брза промена од гнев во кроткост, и го прашуваа зошто се исплашил. Се чудеа и прашуваа зошто послушал еден римски човек и тоа без оружје, па се повлекол од Италија, оставајќи во неа толку богатство. На тоа Атила им одговори: „Зарем вие не го видовте тоа што јас го видов? Јас видов двајца ангелолики мажи (светите врховни апостоли Петар и Павле), кои стоеја покрај папата и ми се закануваа со мечеви и со смрт, ако не го послушам архиерејот Божји“.
Големиот угодник Божји Лав беше страшен и за видливите и за невидливите непријатели, а во исто време полн со љубов за верните, зашто поради нив тој бестрашно излезе пред насилникот, готов и да пострада.
Додека свети Лав беше папа во Рим, друго зло тежеше над Црквата. Разни ереси непрекинато ги вознемируваа христијаните. После несторијанската ерес се појавија и бесрамните богохулници: цариградскиот архимандрит Евтихиј и александрискиот патријарх Диоскор, со нивната монофизитската ерес. Со оваа ерес тие проповедаа дека Исус Христос има само една природа - божествената. Двете природи во нашиот Господ Христос, божествената и човечката, тие ги стопуваа во една. И со оваа своја ерес предизвикуваа нарушувања во Црквата Божја. И свикаа свој незаконски собор во Ефес, во 449 година, на кој неправедно го осудија и го убија свети Флавијан, патријархот Цариградски, заштитникот на Православието. И многу зла им вршеа на правоверните.
Тогаш светиот папа Лав покажа голема ревност трудејќи се да ги стиши и отстрани немирите предизвикани од еретиците овде во Црквата. Тој најпрвин му напиша на царот Теодосиј, а потоа и на царот Маркијан, барајќи да створат услови за Вселенски Собор. И така на негова иницијатива, во времето на царувањето на Маркијан и Пулхерија, во 451 година беше свикан Светиот Четврт Вселенски Собор во Халкидон против Евтихиј и Диоскор, кои учеа дека во Господ Христос постои една природа. На овој Свет Собор присуствуваа шестотини и триесет свети Отци. Пресветиот папа Лав не можеше лично да дојде на соборот, од една страна поради својата старост и далечината, а од друга поради тогашните чести варварски напади на Италија кои многу го отежнувале патувањето. Затоа свети Лав испрати свои пратеници: епископите Пасказиј и Лукентиј и презвитерите Бонифациј и Василиј. И кога на Соборот настана голем спор и големи несогласувања кај многумина, светите Отци наредија да се прочита посланието на свети Лав, епископот Римски, упатено до поранешниот патријарх во Цариград, свети Флавијан, кој го свика помесниот собор во Цариград против еретиците во 448 година. Во ова свое послание тој го изложува учењето за воплотувањето на Синот Божји, и ги прогласува за незаконски одлуките на беззакониот собор што беше свикан во Ефес во 449 година од истомислениците на Евтихиј.
Се зборува дека покасно ова послание со својата апостолска рака го поправил самиот свет врховен апостол Петар. За тоа Јован Мосх и неговиот соподвижник, патријархот Ерусалимски, Софрониј, во својот Лимонар го пишуваат следното:
„Ава Мина, старешината на Саламанскиот манастир близу Александрија, ни раскажа дека го слушнал ава Евлогиј патријархот Александриски, како го вели следното: Кога допатував во Цариград, се сретнав со архиѓаконот на римската црква, господинот Григориј, навистина извонреден и доблесен маж, и разговарав со него. Тој ми раскажа дека посланието што го напишал пресветиот и преблажен Лав, папа римски, до светиот патријарх Цариградски, Флавијан, против злочестивите еретици Евтихиј и Несториј, го ставил на гробот на врховниот апостол Петар, па со пост, молитви и бдеење го молел апостолот, говорејќи: „Ако јас како човек во ова послание нешто грубо или недоволно искажав и пропуштив, исправи го ти, зашто од Господа Бога тебе ти се поверени овој престол и оваа црква“.
После четириесет дена, му се јави апостол Петар на свети Лав, кога тој стоеше на молитва, и му рече: „Прочитав и поправив“. Светителот го зеде своето послание од гробот на апостолот, го отвори, и виде дека е поправено со раката негова.
Кога тоа послание од свети Лав беше прочитано на Четвртиот Вселенски Собор, сите Отци повикаа: „Апостол Петар зборува преку устата на Лав!“ Сепак, светите Отци соборно го разгледаа ова послание и заклучија дека се согласува со учењето на свети Кирил Александриски. Така Светиот Собор го потврди посланието на светиот Лав, посрамувајќи ги еретиците, и бараше сите да го потпишат, а тоа и се случи.
Но, не само тогаш туку и покасно ова послание кое го утврдува Православието, а ги затвора устите на еретиците беше многу почитувано од светите Отци како и од гореспоменатиот блажен Евлогиј, патријарх Александриски, кој цврсто се држеше до него, борејќи се со богохулните еретици, поради што му беше многу мил на светиот Лав, кој веќе си беше заминал од овој свет, и со светите стоеше пред Бога. За тоа во Лимонарот свети Софрониј пишува вака:
„Свети Теодор, епископ на градот Дарна во Либија ни го раскажа ова: Кога бев ќелијник кај светиот патријарх Александриски Евлогиј, во сон видов еден свет и светол маж, кој ми рече: „Извести го за мене патријархот Евлогиј“. А јас го прашав: „Кој си ти, владико? И што да му кажам за тебе?“ Тој ми одговори: „Јас сум Лав, папата римски“, Тогаш јас влегов и му реков на светиот Евлогиј: „Пресветиот и преблажен папа Лав, поглаварот на римскиот престол, сака да влезе кај тебе“, Кога го слушна тоа патријархот Евлогиј, веднаш стана и му излезе во пресрет. И откако се помолија, се целиваа еден со друг и седнаа. Тогаш божествениот Лав му рече на светиот Евлогиј: „Знаеш ли поради што сум дошол?“ А тој одговори: „Не знам“. Лав му рече: „Дојдов за да ти се заблагодарам затоа што добро и јуначки се држиш до моето послание и со него им ја затвораш устата на еретиците“. Јас му го напишав на мојот брат Флавијан заради изобличување на злочестивите ереси на Несториј и Евтихиј. Знај дека толкав ваш божествен труд и сесрдие сте укажале, не само на мене туку и на врховниот апостол Петар кој тоа послание го прочита и го поправи, а згора на сѐ, и на самата вистина која што ја проповедаме, а која е Христос нашиот Бог“.
Тоа го видов јас, рече епископот Теодор, не само еднаш туку и втор, и трет пат, како тие се состануваат и си зборуваат меѓу себе за тоа. И го известив свети Евлогиј за тоа видение. А кога го слушна тоа тој заплака, и подигнувајќи ги рацете кон небото му заблагодари на Бога, говорејќи: „Ти благодарам, Господи Христе, Боже наш, што мене недостојниот ме удостои да бидам проповедник на вистината Твоја и што Твојата голема и неискажлива добрина по молитвите на слугите Твои Петар и Лав благоволила да ја примиш оваа мала смелост наша, како двете лепти на вдовицата“.
Тоа видение се случило многу години по претставувањето на папата Лав, зашто свети Евлогиј живеел во времето на царувањето на Маврикиј и Фока, додека свети Лав се упокоил пред тоа, за време на царот Лав Велики.
Откако доживеа длабока старост и се приближи кон својот овоземен крај, тој беше известен дека му се простени гревовите, Зашто четириесет дена беше поминал во пост и молитва на гробот на свети Петар, молејќи го апостолот да го умоли Бога да му ги прости гревовите. Откако навршија тие четириесет дена, му се јави апостол Петар, и му рече:
„Се молев за тебе и ти се простија сите твои гревови, освен гревовите околу ракополагањето на свештениците, зашто за тоа ќе одговараш, дали си ги ракополагал според законот и дали си ракополагал достојни за тој чин“.
По ова известување свети Лав ги удвои своите молитви и милостина, лелекајќи со скрушено срце, сѐ додека не беше известен дека и тие гревови му се простени. И, бидејќи така како што и е потребно се подготви за заминување, тој ја предаде својата света душа во рацете Божји, и се придружи кон светите поранешни велики ерарси и учители, претставувајќи се со нив пред престолот на нашиот Бог Христос, славен и почитуван со Отецот и светиот Дух за навек.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ФЛАВИЈАН ИСПОВЕДНИК,
патријарх Цариградски
Нашиот пресвет отец Флавијан најпрвин беше садочувар и презвитер на светата Велика Црква во Цариград. А по пресветиот Прокл, за време на царот Теодосиј Младиот и неговата сестра Пулхерија, беше издигнат на патријаршискиот престол поради својот беспрекорен и богоугоден живот. А пак, кај царот имаше еден евнух по име Хрисафиј, којшто беше многу расипан и злобен човек. Тој беше противник на изборот на свети Флавијан за патријарх затоа што беше еретик. Знаејќи дека Флавијан е побожен и цврст во правоверието, тој не го сакаше. И бараше причина и начин како да му наштети. Уживаше голема наклонетост од страна на царот, беше пакосен и препреден, и во своите лукави дела многу моќен. И си најде причина. За тоа црковниот историчар Никифор пишува вака:
Хрисафиј го наговори царот да му стави до знаење на патријархот дека како новоизбран патријарх, во знак на благодарност, треба на царот да му испрати подарок достоен за цар, како знак за благослов.
Тогаш пресветиот Флавијан приготви чисти лебови, и му ги испрати на царот како благослов и подарок, навистина достоен за цар. Хрисафиј ги одби лебовите и му порача на свети Флавијан како благослов да испрати злато, а не лебови. На тоа патријархот му возврати дека тој такви подароци нема, затоа што самиот е сиромав, бидејќи го има презрено богатството на овој свет, освен да даде нешто црковно. И додаде: Хрисафиј добро знае дека црковното злато и сребро се Божји и дека не може да се даваат никому освен на сиромашните.
А црковниот историчар Евагриј пишува:
Бидејќи Хрисафиј многу му досадуваше на царот заради златниот поклон, светиот патријарх зеде од олтарот некои златни садови и му ги испрати за да го засрами со тоа и да го изобличи за лакомост. Хрисафиј страшно се налути и го поттикнуваше царот на гнев спрема светителот, говорејќи му: „Новопоставениот патријарх се потсмева со твоето величество“. Но сепак, не беше во состојба да му наштети на патријархот, бидејќи благочестивата девојка Пулхерија, сестрата на царот, која тогаш управуваше со целото Византиско Царство, го поддржуваше патријархот, и го бранеше светиот невин човек. Кога го виде тоа Хрисафиј, реши и на благочестивата Пулхерија да ѝ ископа јама. Со своето лукавство тој успеа царицата Евдоксија да ја крене против неа, како што е поопширно опишано во житието на света Пулхерија, и направи така што царевата сестра Пулхерија беше тргната од царскиот двор и ѝ беше одземена царската власт. Царот Теодосиј, слушајќи ја својата сопруга Евдоксија и советите на Хрисафиј, бараше од патријархот да ја примора неговата сестра да се замонаши, за на тој начин потполно да ја оттргне од царската власт.
Такво беше тајното советување кај царот на кое беше повикан и патријархот. И тој со устата вети дека ќе ја исполни желбата на царот, но со срцето не се согласуваше со тоа. Тој сметаше дека е неправедно да се тргне од управувањето на царството така мудра, благоразумна, целомудрена и света принцеза, којашто на својот брат, царот Теодосиј, кога останаа без родители му беше како мајка и заштитничка на верата и добра управителка над целото царство. И светиот патријарх кришум ја извести света Пулхерија за тајната намера на царот. Благочестивата принцеза Пулхерија разбирајќи го непријателството на царицата и Хрисафиј, и намерата на својот брат, сама ја напушти царската власт, замина од дворецот и престолнината и се повлече во самотија. Тогаш лукавиот Хрисафиј ја искористи оваа прилика, та сите свои пакосни замки ги сврте против пресветиот патријарх Флавијан, наговарајќи го царот против него затоа што не ја чувал тајната на царот и што ѝ помага на Пулхерија а не на царот, бидејќи се дозна дека патријархот ја известил Пулхерија за намерата на царот и царот му беше лут на патријархот.
Во тоа време во Цариград живееше архимандритот Евтихиј, кој основа нова ерес со која похули на нашиот Господ Исус Христос, слевајќи ги двете негови природи, божествената и човечката, во една природа. Со тоа тој, всушност, ја одрекуваше човечката природа на Христа. Овој Евтихиј му беше татко по дух на Хрисафиј зашто го придоби уште од неговото свето крштение. И кога пресветиот патријарх свика помесен Собор во Цариград, и го повика и Евтихиј за да го изложи своето исповедување на верата пред сите, тој не сакаше да дојде под изговор дека од својот манастир како од гроб не излегува никаде и дека е стар и болен. Но, пресветиот патријарх повторно испрати кај него архимандрити, презвитери и ѓакони љубезно повикувајќи го и побудувајќи го на покајание за пред сите да го одрече своето зловерие и да се присоедини кон Светата Православна Црква, за и останатите кои гледаат во него да се обратат, од зловерие во Православие. Евтихиј едвај се согласи да дојде на Соборот. По патот тој најпрвин сврати во царскиот дворец, барајќи подршка и заштита од царот. И преку Хрисафиј успеа да го умоли царот да испрати со него угледни луѓе и војници. И царот го испрати со него патрицијот Флоренциј и други великодостојници и војска. И одеше Евтихиј на Соборот како во војна, опкружен со војници и царски великодостојници кои испратија послание до Соборот, со ваква порака: „Нема да влеземе на Соборот ниту ќе го внесеме Евтихиј додека не ни ветите дека по Соборот ќе го пуштите слободен“. И Отците го ветија тоа. И кога овие влегоа, најпрвин беа прочитани книгите на Евтихиј полни со еретички догмати кои тој ги беше испратил по манастирите, придобивајќи многумина за свои истомисленици. Потоа на самиот еретик му беше предложено усно да исповеда во што верува. И тој рече: „Исповедам дека нашиот Господ имал две природи пред соединувањето, а по соединувањето има една природа“.
Тогаш отците наредија тој да го проколне своето еретичко умување и да ги прими православните догмати. Но, тој не сакаше. Тогаш пресветиот Флавијан заедно со сите свети Отци меѓу кои имаше и триесет и двајца епископи, дваесет и тројца архимандрити и многу презвитери и ѓакони, го лишија Евтихиј од свештеничкиот чин. Тоа лишување беше напишано вака:
Бидејќи од поранешни книги на Евтихиј, некогашен презвитер и архимандрит, и од сегашното негово усно вероисповедување се најде дека боледува од Валентиновата и Аполинариевата ерес, дека е упорен приврзаник на нивното богохулство, и тој не се посрами од нашите совети ниту го прими учењето и не се согласи со правите догмати, ние, плачејќи и оплакувајќи ја неговата целосна погибел го осудивме во нашиот Господ Исус Христос на Кого тој хули, да биде лишен од целокупната свештеничка служба и нашето општење, и од старешинството на манастирот. Сите кои го знаат тоа, а и понатаму разговараат со него и доаѓаат кај него, подлегнуваат на казна на одлачување зашто не се оддалечиле од неговите измислици. Флавијан, епископ на Цариград - Новиот Рим, откако расудив, потпишав.
Исто така потпишаа и сите епископи и архимандрити.
Лишен од чинот Евтихиј се држеше до царскиот двор, бидејќи моќниот Хрисафиј му беше помошник во сѐ. А лукавиот евнух Хрисафиј, бесен на свети Флавијан ги употреби сите злобни средства за да го истера од престолот и на тој начин да му се одмазди за Евтихиј, и во исто време уште повеќе да ја нажали Пулхерија. Бидејќи царот му излегувал во пресрет во сѐ, тој, во името на царот правел сѐ што ќе посакал. И Хрисафиј му напиша писмо на патријархот Александриски, Диоскор, кој беше многу лош и необично лукав и непобожен човек. Во писмото го повикувал да се крене против Флавијан и да го заштити Евтихиј, ветувајќи му голема наклонетост од страна на царот. И од името на царот му напиша да ги собере сите едномислени епископи, а некој архимандрит Варсума со илјада монаси, итно да отпатува во Ефес. Во Ефес, во Светата Црква, тој го подготви тоа беззаконо збориште на кое беа присутни сто дваесет и осум епископи, кои според царската наредба беа дошле од разни краишта. Дојде и пресветиот патријарх Флавијан, кој беше повикан на суд. А царот, или поточно Хрисафиј им пишуваше во името на царот, на војводата Елпидиј и на останатите војводи кои беа таму, со помош на војска да не пуштат на соборот ниту еден од оние епископи кои го осудија Евтихиј и ја потпишаа одлуката за тоа.
И тоа нечисто, лукаво збориште започна со работа. Претседавач беше Диоскор. Најпрвин излезе Евтихиј и го поднесе своето напишано исповедување на верата во кое на вешт начин ереста беше прикриена со лукавство. А исповедањето на верата на Флавијан, соборот не сакаше да го прими. И долго време имаше голем метеж зашто едни го бранеа Евтихиј како невин и правоверен, а други се застапуваа за свети Флавијан. Но, малкумина беа тие кои го поддржуваа свети Флавијан. Царот Теодосиј иако беше благочестив, сепак, како човек згреши од незнаење, не провидувајќи го лукавството на Евтихиј, Диоскор и Хрисафиј. Зашто Хрисафиј со вешти лукавства непрестано ја држеше во лага душата на царот. И така тој во своето незнаење правоверните ги сметаше за еретици, а лагите што тие ги зборуваа за вистина, зашто покрај него не беше неговата благоразумна сестра Пулхерија. По долги расправии и многу викање, на тоа ефеско збориште беше потврден еретичкиот догмат за една природа во Христа, а не за две. И тој догмат јавно беше фален и славен како благочестив. И еретикот Евтихиј го прогласија за невин и правоверен. А правоверниот и благочестив патријарх Флавијан разбојнички го осудија како еретик и не му допуштија да се брани, ниту сакаа да го слушнат неговото правоверно исповедање на верата. Претседателот Диоскор против него изрече ваква пресуда за симнување: „Се лишува од епископството и свештенството, и од секоја духовна власт, и се испраќа на заточение во египетскиот град Лидија“.
А Онисифор Икониски заедно со некои други епископи, знаејќи дека Флавијан е невин, паднаа пред нозете на Диоскор, говорејќи:
- Не прави го тоа, сечесен оче! Ако пак е потребна некаква казна, тогаш нека биде казнет, но нека не биде симнат.
Но, станувајќи од престолот Диоскор рече:
- Нема да речам поинаку, па макар и јазикот да ми го отсечат!
А архимандритот Варсума викаше:
- Кој учи дека во Христос има две природи, тој нека биде расечен на половина!
Но, бидејќи епископите настојуваа со својата молба за Флавијан, Диоскор викна:
- Каде се војводите?
И веднаш во црквата влегоа војводите со Елпидиј и многу војници со нив и донесоа огромни вериги подготвени за свети Флавијан. А влегоа и монасите на Варсума.
Тогаш епископите повикаа:
- Варсума е разбојник, ја преврте цела Сирија и доведе против нас илјада монаси! Варсума е разбојник! Анатема на Варсума!
А Варсума викаше:
- Треба да биде убиен еретикот Флавијан!
И рацете на убијците се нафрлија на светителот тепајќи го, едни со раце други со стапови. Па и самиот Диоскор јурна кон светителот кој беше паднал и започна да го гази со нозете. И го тепаа додека не се заситија, па го оковаа во вериги иако едвај беше жив.
Диоскор ги приморуваше епископите сите да ја потпишат одлуката за симнувањето на Флавијан. Сите Диоскорови веднаш потпишаа, а оние кои беа свесни за неправдата и разбојништвото кое што се врши, не сакаа да потпишат. Нив ги опколија вооружени војници и не ги пуштаа од црквата, додека монасите на Варсум бесно им се закануваа и викаа по нив. И така ги држеа епископите цел ден и не ги пуштаа да излезат од црквата. А кога падна ноќ епископите, гледајќи дека не можат да се ослободат од бедата и да излезат, потпишаа и против својата волја. И така заврши тој разбојнички собор.
А исповедникот Христов, светиот Флавијан, во третиот ден по она бездушно тепање ја предаде својата душа во рацете на Христа Бога, за кого симнување и убиство поднесе како Авел од Каин, и наместо во прогонство отиде на небото. После него патријарх стана Анатолиј“.
Потоа беше разоткриена расипаноста и лукавството на Хрисафиј и тој на срамен начин беше прогонет од царскиот дворец и загина во метеж. А царицата Евдокија скротена со гневот од царот отиде во Ерусалим. А пак, света Пулхерија со слава беше вратена во царскиот двор зашто нејзиниот брат, царот Теодосиј, многу ја беше молел за прошка. И таа веднаш, на свечен начин ги пренесе моштите на исповедникот Христов, Флавијан, во Цариград.
Кога дозна за тоа римскиот папа Лав, веднаш го прогласи за незаконски соборот на Евтихиј и Диоскор, и на негово настојување кај императорката Пулхерија и нејзиниот сопруг Маркијан беше свикан Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон. На овој собор присуствуваа 630 епископи и едногласно беше осудена ереста на Евтихиј. Тогаш беше определено да се исповеда Исус Христос со две природи - неслиено, неразделно, неразлично и неизменливо. Пред Соборот беше прочитано посланието на свети Лав до патријархот Флавијан, во кое папата го изложува своето учење за воплотувањето на Синот Божји. Сите Отци на Халкидонскиот Собор го признаа тоа за апостолско учење. Диоскор беше симнат од својот престол како убиец на свети Флавијан и заедно со Евтихиј беше предаден на вечно проклетство.
А пак, Христовата Црква на која вратите на адот не можат да ѝ одолеат цветаше во правоверието, славејќи го Христа, не разделен во две лица, туку во двете природи неслиено соединет, и фален и величан со Отецот и Светиот Дух за навек, амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПИУЛИЈ
Овој свет маченик пострада за Христа, заклан со меч.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АГАПИТ ЕПИСКОП СИНАДСКИ,
исповедник и чудотворец
Светиот Агапит живееше во времето на царот Диоклецијан. Беше родум од Кападокија, и потекнува од христијански родители. Уште како мал отиде во еден тамошен манастир во Синадските гори во кој имаше околу илјада монаси. Од нив собираше различни доблести како што пчелата собира мед од различни цветови, и стана искусен исполнувач на Божјите заповеди. Го измачуваше своето тело со постојан пост, бдение, и со големо воздржание. Така еднаш, цели осумдесет дена се хранеше само со кори од дрвјата. Го победи и спиењето, и им беше од корист на сите браќа во манастирот. Сите монаси ги сметаше за негови господари, и така и ги нарекуваше. Поради сето тоа беше удостоен од Бога на дарот на чудотворството. Тој со молитвата усмрти еден змеј и излекува една девојка од тешка болест. Затоа сите го сакаа, го почитуваа и му се восхитуваа.
Царот Ликиниј дозна дека овој светител е јунак со телото, па иако тој не сакаше, го зеде кај себе и го вброи меѓу своите војници. Но, светителот ни таму не ги намали своите подвизи, туку беспрекорно ги извршуваше и војничките должности и своите вообичаени подвизи. Овој блажен човек ги исцелуваше од неизлечиви и смртоносни болести, не само луѓето туку и коњите, и воловите, и сите останати животни. И тоа ги исцелуваше само со својата појава и присуство.
Откако виде како во тоа време беа измачувани за верата мачениците Христови: Викторин, Доротеј, Теодул и Агрип, посака и тој да им се придружи. Кога на овие исповедници Христови им ги отсекоа главите и примија венци на мачеништво, блажениот беше погоден со копје, но остана неповреден заради спасението на многумина.
Кога умре Ликиниј и цар на Римското Царство стана Константин Велики, се случи следното: Некој многу добар царски службеник полуде од нечист дух и започна да вика, и да го изговара името на светиот Агапит. Затоа царот го повика светителот во својот двор. И кога тој Му се помоли на Бога, демонот побегна и службеникот оздраве. Светителот не сакаше да прифати никаков дар од царот, освен да го ослободи од воената служба, за да може да замине и да ѝ се препушти на својата сакана осаменост. Царот веднаш го ослободи и тој ѝ се врати на самотијата.
По некое време епископот на фригискиот град Синада го зеде кај себе свети Агапит и го ракоположи за свештеник, иако тој не сакаше. По кратко време се упокои епископот, па свети Агапит беше посветен за епископ Синадски, по избор Божји и на свештенството и целиот народ.
Штом стана архиереј, тој направи преголеми чудеса; а беше удостоен и на пророчки дар. Како јасен доказ за тоа треба да наведеме дел од пророштвата и чудесата на светителот.
Една жена слушна за светителот, и сакајќи да добие благослов отиде кај него. Кога ја виде, без таа да проговори било што, светиот ѝ кажа се што сторила таа уште од своето детство, ја посоветува и ја отпушти со голема духовна корист.
Еден ѓакон од Ираклија тракиска, кој дојде кај него заради благослов, светителот го изобличи затоа што упропастил една девојка.
И многу други чуда направи светиот. Со допирот на својата рака, со сенката на неговото тело, и со зборот свој исцелуваше од неизлечиви болести.
Откако поживеа така богољубиво, свети Агапит доживеа длабока старост и се упокои во Господа, во четвртиот век.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ВИКТОРИН, ДОРОТЕЈ, ТЕОДУЛ И АГРИП
Овие свети маченици пострадале заедно со свети Агапит, епископот Синадски.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ТОМА I,
патријарх Цариградски
Свети Тома I бил патријарх Цариградски од 607 до 610 година. Се упокоил во мир. Неговиот спомен и собор се празнува во Големата Црква.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ КОЗМА
Овој свет отец се замонашил во Киевско-Печерскиот манастир. Но, по извесно време, по укажување од небото, ја остави Печерската обител и отиде на реката Јахрома. Таму на оддалеченост од 45 километри од градот Владимир, тој го основа Успенскиот манастир. Како настојник на манастирот преподобниот водеше многу строг подвижнички живот; со љубов ги примаше богомолните поклоници, и на желните за спасение им даваше богомудри совети. Преподобниот Козма се упокои во длабока старост, на 18 февруари 1492 година.