3. Март  (19. Февруари)

 

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ АРХИП, ФИЛИМОН И АПФИЈА

Свети апостол Архип, еден од Седумдесеттемина, беше епископ во Фригискиот град Колоси по свети Епафраст, според сведочењето на светиот Амвросиј. Затоа и во своето послание до Филимон, свети апостол Павле го нарекува свој другар во војувањето. А свети Филимон беше угледен граѓанин во Колоси. А пак, света Апфија како што вели свети Јован Златоуст, беше сопруга на Филимон. Кога свети Филимон поверува во Христа, својот дом го претвори во црква, и во него се собираа сите христијани од Колоси, и во домот негов како во црква, вршеа богослужба. Потоа свети Филимон заради апостолство беше хиротонисан од апостолот за епископ. Во тоа време апостолите ги ракополагаа своите ученици за епископи, и тоа некои од нив на постојано место, а некои како мисионери да патуваат по разни места. Свети Филимон беше еден од таквите епископи, ставен во редот на светите Седумдесетмина апостоли. Патуваше по фригиските и по други градови и го проповедаше словото Божјо. За него пишува дека бил епископ и во Газа.

Света Апфија градеше домашна црква во Колоси, дење и ноќе служејќи Му на Бога во пост и молитва, и во нивниот дом се одмараа светиите, кои се трудеа во проповедањето на Евангелието Христово. Ги хранеше сиромасите, просјаците и странците, така што нејзиниот дом не беше само црква туку и гостоприемница и болница, и засолниште на сите кои немаа каде глава да засолнат.

За време на некој празник на незнабожната богиња Артемида, сите верни во Колоси, по обичај се беа собрале во домот на Филимон на молитва. Свети Архип и свети Филимон кои во тоа време беа тука, служеа света служба. Незнабожците, полни со омраза кон христијаните дознаа за овој собир, се втурнаа, ги нападнаа ненадејно, и го растераа Христовото стадо, едни тепајќи, а други убивајќи. А пак, светите апостоли Архип и Филимон со света Апфија ги фатија и ги одведоа кај градоначалникот на Ефес, Артоклис. Тој нареди сите подеднакво да бидат мачени. Најпрвин ги полегнаа на земјата и немилосрдно ги тепаа со мотки, и ги влечеа. Потоа секој од нив поодделно ги закопаа во земјата до половината и ги тепаа со камења. Така ги убија свети Филимон и света Апфија, а свети Архип одвај жив го извадија од дупката и го оставија децата да се забавуваат со него. Децата се собраа и го бодеа светителот со ножеви. И така тројцата свети маченици се искачија на небото пред престолот на Пресветата, Животворна, Божествена и Неразделна Троица.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ДОСИТЕЈ,

ученик на преподобниот Доротеј

Откако го засака монашкиот живот по Бога, блажениот ава Доротеј отиде во киновијата на отец Серид. Таму најде многу големи испосници безмолвници. Меѓу нив беа и двајцата најпрекрасни старци: преподобниот Варсонуфиј и неговиот ученик и сопатник ава Јован, викан пророк, поради дарот на проѕорливоста што му беше даден од Бога. И Доротеј со целото свое срце се предаде себе си на послушание на овие испосници.

Додека живеел во киновијата на ава Серид и го минувал подвигот на светото послушание, споменатите свети старци заклучија дека отец Доротеј е способен да подигне болница и сам да се грижи за неа. Имаа потреба од тоа, бидејќи кога ќе се разболеа браќата, тие многу страдаа зашто немаше кој да ги надгледува и да се грижи за нив. И со Божја помош, отец Доротеј изгради болница со помош на својот роден брат по тело, кој му даваше сѐ што беше потребно за изградбата. И им служеше ава Доротеј на болните заедно со неколкумина побожни браќа, зашто на таа служба беше одреден од отците.

Еден ден игуменот ава Серид, го повика кај себе ава Доротеј.

Отецот отиде и кај него затекна едно младо момче во војничка униформа, многу мило, кое во таа прилика беше дошло во манастирот заедно со некои луѓе од дворот на кнезот кои му беа драги на игуменот. Ава Серид го повика настрана ава Доротеј, и му рече: „Овие луѓе го доведоа ова момче, и велат дека тоа сака да остане во манастирот. А јас се плашам да не е син на некој велможа, или пак е некој крадец, или направил некое зло, па сака да се сокрие. И ние можеме да погрешиме. Бидејќи ниту неговиот лик, ниту изгледот, не оддаваат човек што сака да биде монах.

Всушност, тоа момче беше роднина на некој војвода. Тоа живееше во секакво изобилие и беше израснато во удобност и уживање, и никогаш немаше слушнато за словото Божјо. Но во една прилика, некои пријатели на војводата во негово присуство зборувале за светиот град Ерусалим. Тогаш во момчето се јавила желбата да го види Светиот Град. И го молеше војводата да го испрати да ги види светите места. Тој се согласи и го поведе момчето, и заедно со својата жена му посветуваше посебно внимание и помош. А кога дојдоа во Светиот Град и се поклонија на светите места, отидоа во Гетсиманија. Таму имаше една икона на Страшниот Суд Божји: на иконата беа претставени разните лути маки во пеколот. Момчето стоеше пред таа икона и ја гледаше замислено и со восхит. Потоа здогледа една чесна жена во пурпурен фустан, која стоеше во негова близина. И таа започна да му зборува за секоја мака во пеколот посебно, и му изрече многу работи советувајќи го. Додека ја слушаше, момчето молчеше и се чудеше, бидејќи како што веќе рековме тоа никогаш не беше слушнало за словото Божјо, ниту пак нешто знаеше за Страшниот суд. И момчето ѝ се обрати, и ѝ рече: „Госпоѓо, што треба да прави човек за да се избави од тие маки?“ А таа му одговори: „Пости, не јади месо и моли се често, па ќе се избавиш од маките“. Откако му ги даде овие три заповеди, пурпуроносната жена стана невидлива. Момчето ја преоди целата околина барајќи ја, зашто мислеше дека е жена како останатите, но не ја најде. Таа беше Пречистата и Пресвета Дева Марија, Богородица. Од тогаш момчето го обзеде умиление и започна да ги исполнува овие три заповеди што му ги даде Онаа Госпоѓа во Гетсиманија. А пријателот на војводата додека го гледаше момчето како пости и не јаде месо, тагуваше поради војводата којшто многу го сакаше момчето и имаше високо мислење за него. Војниците кои беа со него, гледајќи што се случува му зборуваа: „Чедо, тоа што ти го правиш не е за оние кои живеат во светот, туку, ако сакаш да водиш таков живот, тогаш оди во манастир и ќе ја спасиш својата душа“, Но тоа не знаеше ништо за Бога, ни што е тоа манастир, туку само ги држеше оние три заповеди што му ги даде онаа госпоѓа во Гетсиманија, и им одговараше: „Водете ме каде што знаете, зашто јас не знам каде да одам“. Тогаш некои од нив, пријатели на ава Серид, го зедоа и го доведоа во манастирот. Игуменот Серид го задолжи блажениот Доротеј да разговара со момчето. Тогаш тој од него дозна сѐ што е потребно. Светиот долго му зборуваше, а тоа само одговараше: „Сакам да се спасам“.

Тогаш отец Доротеј отиде кај игуменот, и му рече: „Ако сакаш да го примиш, прими го, зашто нема никаква причина за страв од него“. А ава Серид му одговори: „Направи ми ја таа љубов оче, па ти земи го кај себе и учи го на спасение“. Смирениот Доротеј одбиваше, говорејќи: „Тоа е над моите сили, да примам врз себе било чие бреме“. На тоа ава Серид му рече: „Јас го носам твоето бреме, па ќе го носам и неговото, што се грижиш ти?“ Тогаш блажениот Доротеј одоговори: „Бидејќи така си одлучил, аво, тогаш за тоа извести го великиот старец Варсонуфиј“. „Добро, ќе му речам“ - рече игуменот.

И отиде игуменот и го извести великиот старец за тоа. А свети Варсонуфиј му рече на ава Доротеј: „Прими го тоа момче, зашто Бог преку тебе ќе го спаси“. Тогаш ава Доротеј го прими со радост и го зеде покрај себе во болницата. Момчето се викаше Доситеј. Кога дојде време за ручек, отец Доротеј му рече: „Јади, најади се, само кажи ми колку си изел“. И тој дојде и му рече: „Изедов леб и половина“. А лебот имал четири литри. Отецот го праша: „Доситеј, доволно ли ти е толку?“ Тој одговори: „Да, доста ми е господару мој, не сум гладен“. Отецот го праша: „Гладен ли си?“ „Не господару мој, не сум гладен“ - одговори момчето. Тогаш му рече:

„Следниот пат изеди еден леб и четвртина од вториот“. И Доситеј направи така. Отецот го праша: „Дали си гладен Доситеј?“ Тој одговори: „Да, господине мој, малку сум гладен“. А после неколку дена пак го праша: „Како си Доситеј, дали си гладен?“ Доситеј му одговори: „Не сум господине, по молитвите твои, добро сум“. Тогаш отецот му рече: „Сега, скрати ја од себе онаа четвртина од вториот леб, па јади само еден леб“. И Доситеј направи така. А по неколку дена, отецот го праша: „Како си сега чедо, дали си гладен?“ Тој одговори: „Добро сум, господине“, Светителот му рече: „Тогаш преполови го и едниот леб и јади само една половина, а другата остави ја“. Доситеј постапи така. И така со помош Божја, тој јадеше само триесет грама леб. Бидејќи и во јадењето постои навика - колку некој ќе се навикне да јаде, тој со толку и ќе се заситува.

А младиот Доситеј беше тивок и кроток во секое послушание што го извршуваше. Им служеше на болните во болницата, и врз сите болни имаше пријатно и смирувачко дејство зашто сѐ што работеше, работеше чесно. А кога ќе му се случеше некогаш, кога е преморен, да му изрече некој налутен збор на некој болен, тој веднаш се повлекуваше во болничкиот магазин и таму плачеше. Доаѓаа другите болничари да го тешат, но тој остануваше неутешен. Затоа тие одеа кај ава Доротеј, говорејќи: „Оче, заради нашата љубов, види што се случува со овој брат, зашто плаче, а ние не знаеме поради што“. И влегуваше ава Доротеј кај него, и го прашуваше: „Што ти е, Доситеј, та плачеш?“ Доситеј одговараше: „Прости ми оче, зашто се разлутив и зло му изреков на својот брат“. На тоа отецот му говореше: „Да, Доситеј, ти се гневиш, и не се срамиш гневејќи се и зборувајќи му зло на својот брат? Зарем не знаеш дека тој е Христос, и ти Христа го навредуваш?“ Доситеј ја наведнуваше својата глава и ништо не зборуваше. А кога отецот ќе видеше дека Доситеј премногу плачел, му зборуваше тивко: „Бог ќе ти прости, чедо. Стани и од овој момент да започнеме да се поправаме и да се потрудиме за во иднина да бидеме подобри“. Кога ќе го слушнеше тоа Доситеј, веднаш стануваше и со радост иташе кон својата служба, како да добил простување од Бога. Монасите болничари го открија ваквиот обичај на Доситеј, и кога ќе го видеа како плаче, тие говореа: „Има нешто кај Доситеј; тој нешто согрешил“. Тогаш ќе отидеа кај блажениот Доротеј, и ќе му говореа: „Оче, оди во болничкиот магазин, таму те очекува една работа“. И кога ќе влезеше тој, го наоѓаше Доситеј како седи и плаче. И веднаш му стануваше јасно дека пак некому изрекол некој лош збор, па го прашуваше: „Што е Доситеј? Повторно ли го навреди Христа? Повторно ли се разлути? Зар не се срамиш? Зошто не се поправиш?“ А, Доситеј и понатаму плачеше. А кога отец Доротеј повторно ќе видеше дека тој доволно плачел, му зборуваше: „Стани, и Бог нека ти прости! Започни повторно од почеток, и во иднина поправај се!“ И тој веднаш со вера ја отфрлаше својата тага и заминуваше на својата должност. А на болните многу добро им ја уредуваше постелата. Толку беше прекрасен и ревносен во исповедувањето на своите помисли, така што многу пати кога удобно ќе ги наместеше постелите во болницата, и кога блажениот Доротеј поминуваше крај него, тој говореше вака: „Оче, оче, помислата ми вели: Добро ја уредуваш постелата“. А свети Доротеј му одговараше: „Чудно ми чудо! Ти се покажуваш како добар слуга и извонреден собар, но не си станал добар монах“.

Преподобниот Доротеј никогаш не му дозволуваше да биде пристрастен кон некој предмет. А блажениот Доситеј од својот отец со вера и љубов примаше сѐ, и од сесрце му беше послушен во сѐ.

А кога му беше потребна нова облека, отец Доротеј го тераше сам да ја шие. Тој ја шиеше многу внимателно и кога ќе ја довршеше, ава Доротеј го повикуваше и го прашуваше: „Доситеј, ја соши ли облеката?“ А тој одговараше: „Да, господине, ја сошив, мислам дека добро ја сработив“. Тогаш, ава Доротеј му велеше: „Оди и дај ја на братот, тој и тој“. И Доситеј одеше и ја даваше со радост. И повторно ава Доротеј му даваше да сошие друга облека. И кога тој ќе ја сошиеше, отецот повторно го тераше да ја даде на некој друг брат. И тој ја даваше со љубов, и ни најмалку не жалеше ниту пак негодуваше. Затоа што секое добро го правеше со целото свое срце.

Во една прилика економот на манастирот во болницата донесе еден добар нож. Доситеј го зеде ножот и со него отиде кај отед Доротеј, говорејќи: „Братот економ донесе добар нож, и јас го зедов. Ако ти благоволиш јас би го задржал за болницата, бидејќи е многу добар“. (Зашто блажениот Доротеј ништо ново и убаво не земаше за болницата, туку само она што е старо). А ава Доротеј му рече: „Донеси ми го да видам дали е добар“, Доситеј му го подаде ножот, говорејќи: „Добар е, оче“, И отецот виде дека ножот навистина е добар, но бидејќи не сакаше неговиот ученик да биде пристрастен кон ништо на овој свет, му рече: Тоа ли го сакаш Доситеј, со пристрасност да се приврзеш за овој нож? Зарем не се срамиш што сакаш со тебе да завладее овој нож, а не Бог? Слушајќи го тоа, Доситеј молчеше со наведната глава. И откако доволно го укори, преподобниот му рече: „Оди, остави го ножот, и да не си го допрел“.

Блажениот Доситеј толку добро владееше со себе, што никогаш повеќе не го допре тој нож, додека другите се служеа со него, ниту пак, некогаш си рече во себе: Зошто само мене ми е наредено да не го допрам ножот? Зарем не сум и јас исто што и другите? Такво нешто тој никогаш и не помисли, туку сѐ што ќе му речеше отецот, тој со радост го извршуваше. И така правеше преку целото време на своето краткотрајно житие во манастирот. Зашто поживеа пет години и заспа во послушание, и не направи ништо по својата волја. Ниту пак нешто направи од пристрасност.

А кога се разболе и започна да плука крв, бидејќи умре од туберкулоза, некој му рече дека за неговата болест е добро да јаде ровки јајца. Знаеше за тоа блажениот Доротеј, и многу се трудеше околу оздравувањето на своето сакано чедо Доситеј, но за ровки јајца не ни помислуваше. Еден ден Доситеј му се обрати: „Оче, би кажал една работа, за која слушнав дека може да ми помогне во оваа болест, но не сакам да ми го дадеш тоа, зашто ќе ме измачува помислата“. Старецот го праша: „Кажи ми, чедо, што е тоа?“ Доситеј му одговори: „Дај ми збор, дека нема да ми го дадеш тоа за да не ме мачи помислата“. Свети Доротеј му рече: „Добро, ќе направам како што сакаш. Тогаш болниот му рече: „Слушнав од некои, дека ровките јајца им помагаат на оние што плукаат крв. Но, ради Господа, бидејќи ти сам прв не се сети да ми дадеш, немој ниту сега да ми даваш, заради помислата моја“. Отецот му одговори: „Добро, чедо, бидејќи не сакаш, јас нема да ти дадам. Само не тагувај“. И се трудеше ава Доротеј наместо ровки јајца да му даде нешто друго.

Ете, и во таквата болест тој ја отсекуваше својата волја.

Доситеј насекаде го имаше на ум Бог, зашто отец Доротеј го научи постојано да говори: „Господи Исусе Христе, Боже мој, помилуј ме!“ - и уште: „Сине Божји, помогни ми!“ И оваа молитва постојано му беше на устата. А кога болеста силно го стегна, ава Доротеј му рече: „Доситеј, грижи се за твојата молитва; внимавај да не ја изгубиш!“ Тој му одговори: „Добро оче, моли се за мене!“ А кога болеста многу го истошти, отецот повторно го праша: „Што е Доситеј, како е молитвата? Трае ли еднакво?“ Тој му одговори: „Да, оче, по молитвите твои“. Потоа кога неговата болест го достигна својот врв, ава Доротеј го праша: „Како е со молитвата, Доситеј?“ Тогаш, тој му одговори: „Прости ми оче, повеќе не можам да ја држам“. На тоа отецот му рече: „Тогаш остави ја молитвата, само имај го Бога во умот, и чувствувај како Он да е пред тебе“.

Блажениот Доситеј многу се мачеше во својата болест. И му испрати порака на старец Варсонуфиј Велики, говорејќи: „Отпушти ме, оче, зашто повеќе не можам да живеам“. А великиот старец му возврати: „Трпи чедо, зашто е близу милоста Божја“. А пак блажениот Доротеј додека го гледаше така тешко болен, многу тагуваше за него. По неколку дена болниот Доситеј повторно му испрати порака на старецот: „Господару мој, веќе е невозможно да останам меѓу живите“. Тогаш великиот старец Варсонуфиј му одговори: „Оди со мир, застани пред Света Троица, и моли се за нас!“

А кога браќата слушнаа за таквиот одговор на великиот старец, започнаа да негодуваат, и да зборуваат: „Што е тоа толку големо што го направи Доситеј? Каков е тој негов подвиг, та доби таков одговор од светиот старец?“ Но браќата, навистина не знаеја дека тој многу се подвизуваше; јадеше секој втор ден и бдееше повеќе од пропишаните. Браќата не беа забележале дека тој се оддава на некое посебно воздржание. Тие само гледаа дека малку јаде, и тоа остатоците од болничката храна. Но меѓу браќата имаше и некои кои долго време упразнувале воздржание, и земале храна секој втор ден и твореле двократно бдеење. И тие, слушајќи го таквиот одговор на светиот велик страец Варсонуфиј упатен до болното момче, кое едвај пет години поминало во манастирот, беа збунети. Но тие не знаеле за неговото подвизување, и за неговото беспоговорно и сесрдно во сѐ послушание, бидејќи никогаш не направи ништо по својата волја. И кога понекогаш се случувало блажениот Доротеј да му нареди нешто исмевајќи го, тој веднаш трчал и го извршувал тоа без размислување. Така еднаш се случи и ова: Откако дојде во манастирот, Доситеј имаше обичај да зборува гласно. А блажениот Доротеј еднаш како на потсмев му рече: „Доситеј, потребна е чаша чисто вино, оди и донеси!“. И тој отиде и донесе полна чаша вино, и му ја пружи за да добие благослов. А отец Доротеј божем чудејќи се, гледаше во него, и го праша: „Што сакаш Доситеј?“ Тој одговори: „Ми нареди да донесам чаша чисто вино; дај ми благослов!“ Тогаш отецот му рече: „Неразумниче, бидејќи зборуваш гласно како Готите кога ќе се напијат, затоа ти реков, донеси чаша вино, зашто и ти како пијан Гот викаш. А тој, кога го слушна тоа направи метанија, остави пред него што беше донел, и оттогаш зборуваше тивко.

Во една прилика дојде Доситеј кај преподобниот Доротеј да го праша за нешто од Светото Писмо, зашто поради чистотата на својот ум тој почна да разбира извесни работи од Светото Писмо. А пак, отец Доротеј не сакаше да се занимава со Светото Писмо, туку себе си да се чува со смирение. Та кога Доситеј го праша, тој му одговори: „Не знам“. А кога Доситеј повторно дојде и го праша за некоја друга глава од Светото Писмо, тој повторно му одговори: „Не знам, туку оди и запрашај го отецот игумен“. И тој, не размислувајќи отиде. А отец Доротеј пред тоа му беше рекол на игуменот: „Ако дојде Доситеј да те прашува за некои работи од Светото Писмо, ти натепај го малку“. И кога Доситеј дојде кај игуменот и го праша, игуменот започна да го тепа, говорејќи: „Зошто не молчиш кога ништо не знаеш? Зарем се осмелуваш да прашуваш за тоа? Ти грижи се за својата нечистотија!“ И многу такви работи му рече и го отпушти, удирајќи му две шлаканици. А Доситеј се врати кај ава Доротеј, му ги покажа своите црвени образи од шлаканиците, и рече: „И на грбот имам знаци од ударите“. Блажениот Доситеј не му рече на својот отец: „Зошто ти не ме поправи, туку ме испрати кај игуменот?“ Тој не рече ништо такво, туку сѐ што доаѓаше од него тој го примаше со вера, и го извршуваше не размислувајќи.

А кога ава Доротеј го испрашуваше за неговите помисли, тој ќе ги исповедаше, па отецот му даваше упатства како да се бори со помислите и потоа, тој потполно се држеше до неговите упатства и поуки и повеќе не се враќаше на исповедување на помислите. Ова необично делување на Доситеј не го знаеја останатите браќа, па затоа и негодуваа на ваквиот одговор за него од страна на светиот Варсонуфиј.

А каква слава му приготвил Бог на Доситеј за неговото свето послушание, како и на преподобниот Доротеј за неговото добро раководење на новите монаси, кој така брзо својот блажен ученик Доситеј го приведе кон Бога по краток и сигурен пат, беше откриено на следниот начин. Неколку дена по претставувањето на Доситеј, во манастирот дојде некој велик и свет старец, и беше угостен како странец. Сакајќи да ги види преминатите свети отци на оваа киновија,тој се помоли на Бога да му открие за нив. И ги виде сите отци заедно, како собрани во хор стојат на светло место, а среде нив стоеше едно момче целото весело. По тоа видение тој праша кое е тоа момче што го виде во хорот на светите. И кога опиша како изгледа, на сите им стана јасно дека тоа е блажениот Доситеј. И го прославија Бога, восхитени, зашто за таквото живеење и за толку краткиот престој во манастирот, го удостои блажениот Доситеј на толкава слава. Бидејќи тој се држеше до послушанието, ја отсекуваше својата волја, и му се потчинуваше на својот старец како на самиот Бог. И заедно со светите отци се претстави на единствениот Бог, Отецот Синот и Светиот Дух, кој живее на небесата, и на смирените и послушните гледа. Нему слава за навек, амин.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ РАВУЛ

Светиот отец Равул живеел во времето на царот Зенон (474-491г.). Се родил во сирискиот град Самосат. Бил воспитуван од еден многу познат човек по име Варипсава. Го изучил сирискиот јазик. Бидејќи уште од млади години се оддаваше на доблестите, тој стана монах. Се оддалечи од луѓето и живееше сам по планините и пештерите, како некогаш великите Илија и Јован Крстител. А пак покасно, по неколку години, тој со некои луѓе отиде во Финикија. Бидејќи таму уште повеќе блескаше со своите доблести, им стана познат на сите, иако не го сакаше тоа.

Со помош на царот Зенон и бејрутскиот епископ Јован, преподобниот Равул изгради манастир во планината. Тогаш овој божествен човек и оние со него се наоѓаа меѓу идолопоклонците, како што Павле и Варнава, или Петар и Јован некогаш се наоѓале меѓу Евреите. Тој понекогаш ги изобличуваше идолопоклониците, а понекогаш ги поучуваше. И речиси сите ги приведе кон богопознанието. Тоа беше првото извонредно дело што го стори блажениот Равул. А кога по смртта на царот Зенон се зацари Анастасиј Дикор во 491 година, со негова помош преподобниот Равул соѕида манастир во Цариград, кој беше наречен со неговото име. Исто така, тој основа и многу други манастири по разни места.

Преподобниот Равул кон сите беше многу внимателен, достапен, поучлив, нежен, братољубив и милосрден. А кога злиот ѓавол ќе го вознемиреше со некоја страст тој против секоја страст, искажуваше по некоја изрека од Светото Писмо и така ги истеруваше од себе. Знаеше многу изреки и од Стариот, и од Новиот Завет.

Поживеа преподобниот до деновите на Јустинијан Велики, кој ја изгради црквата Света Софија. Кога имаше преку осумдесет години, тој слушна глас од небото, кој му говореше: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Мт. 11, 28). Подоцна откако малку боледуваше, отиде кај Господа, околу 530 година.

СПОМЕН НА НАШИТЕ ПРЕПОДОБНИ ОТЦИ ЕВГЕНИЈ И МАКАРИЈ,

исповедници

Kога со допуштање Божјо во 361 година се зацари Јулијан Отстапник, христијаните бегаа и се сокриваа да не ги гледаат нечистите жртви, кои овој гибелник им ги принесуваше на идолите. А едномислените цареви незнабошци не само што учествуваа во неговиот бес, туку на тој начин си приготвуваа за себе и гориво за мачење во вечниот оган, бидејќи и христијаните со сила ги приморуваа да учествуваат во нивните гадости. Тогаш беа фатени и овие слуги и јунаци Христови: Евгениј и Макариј. Пред Отстапникот тие го исповедаа Христа - вистинскиот Бог и Судија на живите и на мртвите, а го изобличија него - безбожниот и злотворен насилник, зашто верата Христова ја погази и станаидолопоклоник. Безбожникот се налути на тоа и нареди врзани да ги обесат со главите надолу, па под нив да запалат ѓубре за да се задушат од густиот чад. Потоа нареди да се приготват вжештени леси и врз нив ги поставија мачениците голи. Така мачени, тие, со очите вперени кон небото и со благодатта Божја крепени, го изобличуваа злотворството и безбожноста на Отстапникот. Тогаш ѕвероликиот нареди да ги оковаат во тешки окови и така да ги истераат во прогонство во Мавританија во Африка. А светите маченици се радуваа што ги прогонуваат заради Христа и со весели лица пееја: „Блажени се непорочните во патот нивни, зашто одат според законот Господов“ (Пс.118,1), Кога стигнаа во Мавританија, се искачија на една гора и таму живееја сами.

А оние што живееја во тие краишта, им говореа: „Тргнете се од тоа место браќа, зашто тука живее страшен змеј кој ги погубува сите кои ќе му се приближат“, А светителите им одговорија: „Покажете ни ја пештерата“. Тогаш славните маченици ги преклонија колената на земјата, и се помолија. И, о чудо! Во истиот час падна гром од небото и го удри змејот, кој се обиде да бега, но немаше сила. И така тој изгоре, и со него и земјата околу него, а воздухот се исполни со смрдеа. Кога го видоа ова чудо, овдешните незнабошци поверуваа во Христа.

Тогаш светителите влегоа во пештерата на змејот и таму во молитва поминаа полни триесет дена, и ништо не јадеа ниту пиеја. Потоа им дојде глас, кој им говореше: „Слуги на вистинскиот Бог и Господ наш Исус Христос одете до онаа блиска карпа“. А кога светителите погледнаа, на една од карпите видоа светлост. И о, чудо! Карпата веднаш се раздвои и од неа потече силна вода. Светителите зедоа од водата и се напија. Закрепнати од нејзината сила, тие ги згаснаа гладта и жедта своја. На триесет и осмиот ден тие се помолија на Бога да ги приведе од овој живот во другиот. И Господ ја услиша нивната молба и ги прими душите на двајцата кои Го славеа и благословуваа. Се претставија околу 363 година.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ КОНОН

Нашиот преподобен отец Конон беше родум од Киликија. Уште како многу млад стана монах во манастирот викан Пентукла, близу Јордан. Беше ракоположен и за презвитер и го достигна самиот врв на подвижништвото. А тогашниот архиепископ Ерусалимски Петар, кога дозна за неговото чудесно подвизување го одреди да ги крштева сите кои доаѓаа на Јордан. А бидејќи требало да ги крштева и жените, како човек му било незгодно поради тоа и затоа посака да се оддалечи од киновијата. И откако таа мисла започна многу често да му доаѓа, му се јави блажениот Јован Крстител и Претеча, говорејќи му: „Остани, и јас ќе ти помогнам во борбата со искушенијата“. Еден ден кај него дојде една девојка од Персија за да се крсти. Таа беше толку убава, што светителот не можеше да ја миропомаза гола. И остана девојката два дена немиропомазана и некрстена. Кога слушна за тоа, архиепископот се зачуди на соблазната на старецот и сакаше да одреди некоја достојна жена да ги миропомазува и да ги крштева жените. Но, тоа беше невозможно, бидејќи местото беше пусто, а и поради други околности. А старецот си отиде, велејќи: „Не можам повеќе да останам на ова место“. Тогаш надвор од киновијата го сретна чесниот Преттеча и кротко му рече:

- Врати се во својот манастир и јас ќе те ослободам од искушенијата. А, ава Конон налутено му одговори:

- Верувај ми, нема да се вратам, бидејќи често ми ветуваше дека ќе ме ослободиш, но досега ништо не направи.

Тогаш го запре божествениот Претеча, го осени со крстниот знак долниот дел од неговото тело, и рече:

- Верувај ми, Кононе, јас сакав да добиеш награда за борбата со искушенијата. Но, сега врати се во манастирот и повеќе не се сомневај. И старецот се врати во киновијата и утредента ја миропомаза и ја крсти девојката Персијанка, не обраќајќи внимание дека е жена. По тоа блажениот поживеа уште дваесет години. А постигна крајно бесстрастие така што се мислеше дека станал натчовек. Заспа во мир.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ЕПИСКОП СОФРОНИЈ

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ МАКСИМ, ТЕОДОТ И ИСИХИЈ

и светата маченица АСКЛИПИОДОТА

Овие тројца свети маченици беа изведени пред судија во Адријанопол, за време на царот Максимијан. Тие не сакаа да се одречат од Христа и затоа поднесоа многу маки. Најпрвин ги обесија на дрво и ги стругаа нивните тела со железни четки. Потоа ги бркаа и влечеа од град во град, па ги дадоа на ѕверовите да ги изедат, но со благодатта Божја беа сочувани неповредени.

Исто така света Асклипиодота беше удирана од земјата, врзувана за дрво, а потоа врзана за еден бик. По тоа ја каменувале, ја влечеле насекаде и најпосле ѝ ја отсекле главата.

И така овие блажени добија венци на мачеништво. Пострадаа кон крајот на третиот век.

СПОМЕН НА СВЕТАТА ПРЕПОДОБНА МАЧЕНИЧКА ФИЛОТЕЈА АТИНСКА

Божествените страдања и подвизи на древните Маченици и Преподобни се прекрасни и достојни за прераскажување. Тие имаат сила да ги поткренат и потстрекнат на подражавање дури и немарните и мрзливи души. Меѓутоа, денешниот недостаток на такви Светии ги прави луѓето да имаат изговор, и подвизите и доблестите на Светите да ги припишуваат не на нивната добра волја и благодатта Божја, туку на приликите на тогашните времиња. Затоа многу подостојни за восхит и пофалба се оние мажи и жени кои во наши времиња или малку пред нас тргнале по стапките на древните Маченици и Подвижници, и со својата маченичка смрт или подвижничко живеење го прославиле Бога и затоа од Него биле прославени. Зашто Бог знае да ги прославува оние кои Него го прославуваат (1 Цар, 2, 30). Една од таквите која тргна по патот на древните Маченици и Преподобни е и света Филотеја, за која зборуваме овде.

Блажена Филотеја беше родум од знаменитиот град Атина. Нејзината мајка се викала Сирига, а татко ѝ Ангел Бенизелос (сродници од ова семејство и денес живеат во Атина). Сирига беше посебно богата, не само по надворешниот сјај туку и по внатрешната благородност на душата зашто беше изобилно богата со многу добродетели, а особено со христолика милостивост. Но, иако и двајцата беа благочестиви, благородни и богати, Сирига беше неротка и како бездетна таа многу тагуваше. Но, не прибегнуваше кон човечките вештини и лекарства како што тоа го прават многу жени денес, туку со добра и многу цврста волја, подражавајќи ја во тоа онаа богоблагодатна пророчица Ана, прибегнуваше кон семоќниот Лекар, Бог, и кон молитвеното посредување на Пречистата Приснодева и Богородица Марија. Таа посебно неа ја молеше да ја разреши нејзината неродност и да ѝ подари чедо. „Господ, Кој им ја исполнува волјата на оние, кои се бојат од Него, ги услишува нивните молитви и ги спасува“, (Пс. 144, 19) не ја презре и нејзината молитва. Еден ден кога таа по својот обичај влезе во Богородичниот храм, и кога од истоштеност од долгата, топла и сесрдна молитва заспа во краток сон, во сонот виде како некоја голема и сјајна светлост дојде од иконата на Мајката Божја и влезе во нејзината утроба. Кога се разбуди таа размисли малку и заклучи дека тоа што го виде во сонот, значи дека нејзините молитви се услишани и радосна си отиде дома. Наскоро потоа зачна и роди ќерка, на која ѝ го дадоа името Ригула. Тоа се случи во 1522 година.

Блаженото девојче, како дете од Бога облагодатено, уште од мало наговестуваше во себе доблесни и боголики подвизи кои што требаше да ги направи покасно. Додека напредуваше телесно, таа растеше и духовно зашто пред себе го имаше живиот пример на својата мајка. Како дрво засадено крај извор вода, така и таа се трудеше да донесе стократен плод. Кога стигна до својата дванаесетта година, еден од првите богаташи во градот ја побара да се ожени со неа. Оваа блажена никако не сакаше да се согласи со тоа, бидејќи тоа беше спротивно со нејзината богољубива цел. Во своето срце таа сакаше да го сочува своето девство и подвижнички да поживее. Но, по долгото настојување и присилување од страна на нејзините родители, кои секојдневно ѝ досадуваа дека немаат друго чедо за наследник освен неа, на кого би можеле да го остават имотот, таа, иако не сакаше, се согласи и се омажи. Нејзиниот сопруг беше многу груб и нечовечен, и постојано ја измачуваше со разни злоставувања и казни. Блажената го трпеше сето тоа смирено и со благодарност на Бога, и се трудеше на секој начин да го поправи и промени овој свој не сопруг, туку тиранин. Час се молеше на Бога да го поправи и да го промени неговиот груб и ѕверолик карактер, а час повторно го поучуваше и поправаше со зборови и примери. Така поживеа таа со него во маки и неволји три години, додека Бог, гледајќи го нејзиното трпение и непокајаноста на нејзиниот сопруг, не се смилува и не го покоси со српот на смртта.

Откако на тој начин светата беше ослободена од својот зол сопруг, таа оттогаш живееше во татковиот дом со една цел: со добродетели да му угоди на Бога. И деноноќно Му се молеше на Бога да ја поткрепи во нејзината намера која што и порано ја имаше во себе. Нејзините родители повторно не престануваа да ѝ наметнуваат и втор брак, бидејќи ја бараа многу богаташи во градот поради нејзината племенитост и богатство, но сега тоа им беше залудно. Залудно, затоа што таа со своите непрестајни молитви кон Бога кои му ги принесуваше како жртва на пофалба, беше удостоена со божествено видение кое ја зацврсти во нејзината богољубива и богоугодна намера и одлука. Откако помина десет години како вдовица, се упокоија нејзините родители и така таа благодарејќи му на Бога за сѐ, со смиреноумие започна да води строг подвижнички живот, подвизувајќи се во постови, бденија и молитви, и како трудољубива пчелка собирајќи го слаткиот мед на доблестите.

Оваа блажена, по заповедта која што ѝ ја даде свети апостол Андреј Првоповикан, кого го виде во визија, најпрвин изгради женски манастир во име на светиот Андреј, потоа го збогати со ќелии и други неопходни градби и го снабди со метоси и имоти за монахињите кои ќе се подвизуваат тука да имаат од што да живеат. По благодатта Христова овој манастир во Атина постоел долго време и во него живееле монахињи. Манастирот имаше и многу одежди ткаени од злато и свештени садови потребни за големите годишни празници и сеноќни бденија. По нејзината смрт манастирот се украсувал со ризницата од нејзините свети мошти кои биле положени и уризничени на десната страна од олтарот и сите благочестиво им се поклонувале и ги целивале. Од нив се излевал благоухан мирис како јавно сведоштво и знак на нејзината светост.

По завршувањето на изградбата на овој манастир оваа блажена, прва од сите, облече монашка риза во него и тогаш го доби името Филотеја. Напуштајќи сѐ што е световно, таа со радост тргна по патот на подвижништвото и со себе во манастирот ги доведе и сите жени кои дотогаш работеле во куќата на нејзиниот татко, а која таа веќе ја беше уредила за монашко живеење по Бога. И не само тие, туку блажената Филотеја ја следеа и многу други благородни и богати девојки од градот, кои, одрекувајќи се од светските минливости стануваа монахињи и ѝ се потчинуваа на оваа блажена како игуманија. Зашто која од нив би можела да се спротивстави, а да не ја привлечат нејзините душеспасоносни и слатки зборови, нејзиниот кроток карактер и останатите нејзини доблести. Покрај тоа, кој би можел достојно да ги пофали нејзините милостивост и човекољубие спрема несреќните и страдалниците и нејзината секојдневна грижа за нив зашто со апостолот Павле и таа зборувала: „Кој ослаби, и јас да не ослабам?“ (2Кор.11, 29).

Доволен доказ за нејзината милостивољубива и милосрдна душа се оние болници и гостоприемници, кои ги подигнала таа недалеку од манастирот. Во нив лично ги посетувала болните и ги хранела не само со телесна храна туку и со утешни евангелски зборови кои ја хранат душата. Така таа според апостолот Павле на сите им стана сѐ, за да спаси некого (1 Кор.9, 19 -22).

Бидејќи света Филотеја на сите им стана познат извор на милостина и милостивост, сите што имаа потреба се упатуваа кај неа. Тоа го доведе нејзиниот манастир во тешка немаштија и монахињите од манастирот започнаа да се лутат на светителката и малодушно да ѝ префрлуваат дека ги лишува од најнеопоходните потреби за живот. Меѓутоа богоблагодатната Филотеја не престануваше да ги поучува, зборувајќи им да имаат вера во Бога, кој ги храни и птиците кога цвркотат кон Него. При тоа ги советуваше да се потпираат на зборовите на Спасителот: „Но, барајте го најпрвин Царството на Бога и Неговата правда негова и сѐ ова ќе ви се придаде“ (Мт. 6, 33). Навистина тоа наскоро и се случи. Еден ден двајца истакнати луѓе од градот, по Божја промисла дојдоа во манастирот на поклонение и на света Филотеја ѝ дадоа изобилна милостина. Тогаш сестрите го прославија богатиот дародавец - Бог и се восхитуваа на ваквата непоколеблива вера што ја има блажената Филотеја во Него.

Во тоа време, турците од страна беа довеле во Атина некои жени кои ги беа заробиле по разни места и ги направиле свои робинки. Невозможно е да ги опишеме сите страдања, неволји и беди кои ги претрпе оваа блажена, трудејќи се да ги спаси и откупи тие жени. Ќе раскажеме само еден случај од многуте за да можат читателите да сфатат колкава голема ревност и љубов имала оваа навистина велика Филотеја кога се работеше за спасување на браќата и сестрите односно на своите ближни. Четири од споменатите жени кои беа слушнале за светителката, искористија прилика и побегнаа од своите господари кои ги терале да се откажат и од својата вера христијанска, и дојдоа кај неа. Таа ги прими со својата вообичаена љубезност и ги поучи цврсто да ја чуваат својата вера и многу да не се жалостат поради ропството. Притоа бараше згодна прилика да ги испрати во нивната татаковина. Но не помина долго време, а нивните господари дознале сѐ, па како диви ѕверови дојурија во ќелијата на блажена Филотеја, која веќе неколку дена лежеше болна, ја зграпчија и ја одведоа кај управникот на градот. И таму со големи викотници и обвинувања ја фрлија во мрачна темница. Наместо да се разжалости поради сето тоа, блажената се израдува и беше готова да го жртвува својот живот отколку да ги предаде жените кои беа дошле кај неа барајќи помош. Така таа на дело ги исполни Господовите зборови: „Од таа љубов никој нема поголема, да ја положи душата си за своите пријатели “ (Јн.15, 13). Кој би можел да каже дека ова добро дело на оваа блажена е помало од она што го направи свети Василиј Велики? Мислам на она дело кога кај свети Василиј дојде еднаш една благородна вдовица и бараше тој да ја заштити нејзината чедност, зашто силум ја тераа да стапи во брак, - како тогаш светителот храбро стана против таквото насилие и беше решен главата своја да ја положи отколку да ја предаде оваа чесна вдовица.

Утредента повторно се собраа многу турци и викаа против света Филотеја: „Заслужува смрт!“ Како некогаш Евреите што викаа против Господа (сп. Мт. 26, 66). Управникот на градот ја изведе светителката од темницата и ѝ даде да одбере: или да се одрече од својата христијанска вера или главата да ѝ биде отсечена со меч. О, какво безумие? Зарем тој веруваше дека со вакви закани ќе ја исплаши оваа блажена! Зарем мислеше дека стрелата на неговото безбожие ќе може да ја разбие оваа цврста карпа од вера? Но штом тој го изговори тоа, светителката храбро му одговори: „Јас чезнеам да претрпам најразлични маки за името на мојот Господ Христос, во Кого со целата своја душа верувам и на Кого му се поклонувам како вистински Бог и вистински човек. Голема радост ќе ми сториш ако преку мачеништво час поскоро ме испратиш кај Него“. На ваквиот храбар одговор блажена Филотеја сигурно веднаш ќе добиеше маченички венец на страдање, ако по Божја промисла не дојдеа некои христијани кои со разни молби го ублажија гневот на управникот. Тој ја ослободи блажената и таа повторно се врати во својот манастир. Но и вака таа не го изгуби својот маченички венец; зашто иако не го доби, сепак покажа добра волја и потполна готовност за страдање. Затоа себлагиот Господ и не ја лиши од тоа сакано страдање, туку ја удостои на маченички венец, но нешто покасно.

И во никој случај тегобите и неволјите што секојдневно ги поднесуваше од тираните - турци не ја раслабија и онерасположија светителката на нејзиниот пат на доблестите и подвигот на љубовта спрема ближните. Зашто таа и тогаш продолжи да ги врши своите вообичаени добри дела. И не само што својата душа ја украсуваше со убавината на доблестите, туку тоа го правеше и со душите на другите. Таа доблесните луѓе ги утврдуваше уште повеќе во добродетелите, а грешните ги обраќаше кон доброто и ги водеше во покајание. Со таа цел таа отпатува на островот Кеј, (во Егејско Море) каде порано имаше изградено метох на својот манастир и во него живееја некои од нејзините сестри - монахињи, кои од некои причини не сакале да живеат во Атина. Во овој метох таа остана долго време, поучувајќи ги монахињите на правилата на монашкиот живот, па повторно се врати во својот манастир во Атина. Овде таа ги засили своите богоугодни подвизи: обилното давање милостина на оние што им беше неопходно, сеноќно молитвено стоење и бдеење, крајно воздржание...

На тој начин, украсувајќи се себе си со богоугоден живот и мудрост, таа беше удостоена на дарот на чудотворството.

Едно момче, млад овчар уште од мал се беше оддал на крадењето и на други пороци. Заради тоа, по допуштање Божјо, влезе во него ѓаволот и тоа потполно голо скиташе наоколу. Кога понекогаш ќе си дојдеше на себе, одеше во околните манастири со надеж дека во нив ќе најде исцеление за себе. Така на крајот го доведоа и во манастирот на света Филотеја. Сожалувајќи се на него, после долги и топли молитви светителката го исцели од демонот и тоа потполно оздраве. Потоа таа го поучи, го замонаши, и тоа го помина остатокот од својот живот во покајание и подвизи на што сите се восхитуваа. Кога се расчу за чудотворството на света Филотеја, река од народ започна да се слева во нејзиниот манастир, зашто сите сакаа од неа да добијат душевно и телесно исцеление. Поради големото вознемирување од страна на многубројниот народ што доаѓаше кај неа, а и поради тоа што голем број на монахињи се замонашуваа кај неа и немаше доволно место за сите, света Филотеја изгради и друг манастир односно метох, малку подалеку од Атина. На тоа место викано Патисија, таа поминуваше многу време во подвизи со своите сестри, а понекогаш се подвизуваше потполно сама, во една пештера кај еден друг манастирски метох, недалеку од таму.

Такви беа богоугодните подвизи на оваа блажена: На Бога му угодуваше, своите поробени браќа ги тешеше, заробениците и немоќните жени ги штитеше, сиротите и болните ги хранеше и крепеше. Поганите турци не можеа да го поднесат таквото нејзино христијанско живеење. Еден ден додека таа беше со сестрите во својот метох во Патисија и додека во црквата држеше сеноќно бдение, во пресрет на празникот на светиот Дионисиј Ареопагит, ненадејно дојдоа некои турци, кои ја мразеа поради нејзините богоугодни подвизи, влегоа во манастирот петмина, ја зграбија блажената Филотеја и започнаа дивјачки да ја тепаат и мачат. Толку ја тепаа и мачеа што ја оставија полумртва. Уплашени, сестрите монахињи тајно ја однесоа на едно сигурно место викано Калогрез, каде што исто така имаше еден манастирски метох. Од тој настан светителката повеќе не можеше да го поврати своето здравје. Поради големите болки и рани што ѝ ги зададоа турците, таа постојано лежеше во креветот. Но, сето тоа храбро го поднесуваше, смирено трпеше и му благодареше на Бога, што за неговата љубов и за љубовта кон своите несреќни браќа пострада таа. После кратко време на 19 февруари 1589 година блажената Филотеја се упокои. Се пресели меѓу небесните хорови и се удостои и на подвижничкиот и на маченичкиот венец.

Дваесет дена по нејзиното блажено заспивање, местото каде што лежеше нејзиното свето тело замириса чудесно. После една година, кога беше извршен пренос на нејзините чесни мошти, нејзиното тело беше извадено потполно целосно и неповредено, како што се гледа и до денес. Од нејзиното тело излегуваше благоухано миро како јасен доказ на нејзиното богоугодно и доблесно живеење, а во слава и пофалба на Себлагиот и Семоќен Бог и во чест и пофалба на нашата чиста Православна вера. Подоцна нејзините свети и нетлени мошти се пренесени во олтарот на митрополискиот соборен храм во Атина, каде почиваат и денес. На нејзиниот празник овде се собира многу народ. Тогаш на чело на сите останати, нејзиниот свет ковчег го отвора еден од живите членови на фамилијата Бенизелос, сродници на света Филотеја; и после нив сите останати верници се поклонуваат на нејзините свети мошти. По нејзините богоугодни молитви нека Господ и нас нѐ помилува и спаси. Амин.

 

СПОМЕН НА СВЕТИОТ АНИЈАН (или АНИН)

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК НИКИТА

Свештеномаченикот Христов, Никита, беше родум од Епир и по чин беше јеромонах. Во него се појави божествена желба да пострада за Христа, или поради духовните подвизи кои што ги сакаше и ги вршеше, или поради некој грев во кој можеби и тој како човек порано бил паднат. Зашто оној, кој сам по своја волја стапува на подвиг на мачеништво мора да го има едното од овие две. Овој светител, обиколувајќи ги блиските села околу градовите Сер и Драма ги раздразнуваше суетните турци, проповедајќи ја верата во Христа и понижувајќи ја лажната вера на проклетиот Мухамед. Заедно со тоа, тој ја проповедаше и целата тајна на Христовиот домострој на спасението, и укажуваше на целокупното зло на лажниот пророк Мухамед. Така учејќи, свети Никита беше затворен во темница; потоа му го изгореа носот, му ставија трнов венец на главата, му забија трски под ноктите, го обесија и му ги запалија тајните делови. Потоа со тепање го одведоа до местото на осудата, каде и заврши обесен, на 19 февруари 1809 година. Додека светото тело му висеше на јажето, светлина од небото слегуваше и го осветлуваше, а по погребот правеше и многу чудеса, а и до денес прави на оние кои со вера го призиваат. По неговите свети молитви, Христе Боже помилуј нѐ и спаси нѐ. Амин.