4. Март  (20. Февруари)

 

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ЛАВ ЧУДОТВОРЕЦ,

епископ Катански

Угодникот Божји, Лав, беше од Равенската област и потекнува од благородни и побожни родители. Поради чистотата на својот живот и разум, тој според законот ги помина сите степени на свештенството и најпрвин беше црковен економ. А кога се упокои блажениот епископ Катански, Савин, по избор Божји, Лав го зазеде епископскиот престол во градот Катана на Сицилија. Кога стана епископ, свети Лав си ги наложи на себе и должностите и трудовите на епископскиот чин: грижата за сирачињата, бедните, вдовиците и болните кои ги хранеше и облекуваше од црковниот имот, а болните ги лекуваше со своите молитви. И така тој беше милостив татко за децата и нежен пастир за стадото, но пак, во исто време беше страшен како лав за волците, демоните и нивните служители.

Тој изгради храм на светата маченица Лукија, која се слави на 13 декември, претходно разрушувајќи еден идолски храм.

Во негово време во Катана имаше еден магепсник по име Илиодор. Тој беше роден од христијански и чесни родители, и просветен со свето крштение, но потоа тајно се беше одрекол од Христа и себе си се беше предал на демоните, бидејќи од некој Евреин научил да прави магии. Надворешно изгледаше како христијании, но, всушност, беше паганин, служител на демоните и голем магепсник, не помал од стариот магепсник Симон, кого светите врховни апостоли Петар и Павле со своите молитви го предадоа на смрт. Сличен во сѐ на него, тој правел необични и страшни опседнувања и магепснички чуда. На суво, по патиштата, по пазарите, тој така ги опседнувал луѓето што им се чинело дека пред нив течат реки, па се соблекувале, мислејќи дека газат по водата. Претворал камења во злато, но на кратко време, и по пазарите со помош на разни фантазии со своите магии, им нанесувал огромни штети на трговците. Тој, благородните девојки, ќерки на угледни граѓани, толку ги распалувал со страст и бесрамност, што тие ги напуштале своите домови и родителите, и оделе ваму таму како блудници.

А кога намесникот Лукиј го извести за него царот Лав, и неговиот син Констатин, тие наредија да го фатат. Тој сам им се предаде на оние што го бараа, седна со нив на коработ и во истиот ден коработ стигна во Цариград. Тогаш за еден час го поминаа огромното растојание, коешто ја дели западната страна на Сицилија од источна Тракија. Откако беше изведен пред царот, Илиодор беше осуден на смрт. Но пред очите на царот, тој се стори невидлив, и повторно се најде во Катана. И по втор пат беше доведен во Цариград и осуден на смрт - главата да му биде отсечена со меч. Но, кога џелатот го подигна мечот над неговата глава и замавна силно, магепсникот стана невидлив и мечот удри по воздухот. И повторно Илиодор се најде во Катана.

Светителот Христов, Лав, често го беше советувал да се откаже од магиите и со покајание да се обрати кон Бога. Но, не можеше црнецот да го направи бел, тврдиот камен да го претвори во мек восок. Проклетникот не само што не се поправи туку се зафати со уште поголемо зло:

Се дрзна и самиот архиереј Божји да го исмее со помош на своите магии. На еден празник, за време на службата Божја, која ја служеше свети Лав со целокупното свештенство, и црквата беше полна со народ, Илиодор влезе во црквата како божемен христијанин, и кришум започна да прави магии. И веднаш направи така, што во црквата едни започнаа да копаат со нозете како да се коњи, други да рикаат како стока, трети лудо да се смеат, четврти да се лутат, да плачат... Притоа магепсникот се фалеше дека може да го направи и тоа, епископот со целокупното свештенство да го напушти богослужението и да започне да скока и да игра како под такт. Штом дозна за намерата на Илиодор, светителот Божји ги преклони колената пред престолот Божји и откако сесрдно се помоли, стана, излезе од олтарот, му пријде на Илиодор, со својот омофор го врза за вратот, зашто тој ја беше изгубил својата сила, и го одведе на градскиот плоштад. Тука му нареди на народот да донесе дрва и да запали силен оган. Кога се разгоре огнот, светителот застана среде огнот и со себе го повлече Илиодор. И стоеше светителот среде огнот, држејќи го магепсникот, и не излезе сѐ додека бедниот магепсник не изгоре цел. Тогаш архиерејот Божји повторно се врати во црквата и ја доврши Божествената служба. Ова преславно чудо ги запрепасти сите, бидејќи не само што светителот не беше зафатен од огнот додека магепсникот изгоре цел, туку огнот не се допре ни до неговата архиерејска облека, бидејќи роса на Светиот Дух го опкружуваше среде огнот. И на сите страни се расчу за ова чудо. А кога царевите дознаа за тоа, го повикаа светителот кај себе и го дочекаа со големи почести. Тие припаднаа при неговите нозе и го молеа да се моли за нив.

Овој голем угодник Божји направи и други многубројни чуда: на слепите им даваше вид, болните ги исцелуваше, ѓаволи од луѓето прогонуваше, храм идолски сруши со својата молитва и идолите со збор ги кршеше.

Свети Лав му се претстави на Господа Христа во длабока старост.

Во тоа време во градот Катана од сиракуската митрополија дојде жената на некој сенатор, којашто боледуваше од крвотечение. Многу години била болна таа, но лекарите не можеле да ѝ помогнат. Кога слушнала дека свети Лав со молитва ги исцелува луѓето од болестите, таа веднаш се упатила кај него. И кога наближи до градската капија, го слушна биењето на камбаните, со коешто се објавуваше нечија смрт. Жената се распраша и дозна дека свети Лав се претставил. Тоа многу ја разжалости и таа веднаш поита кај покојникот. Кога дојде таму и се допре до неговиот ковчег, веднаш ѝ престана крвотечението и таа потполно оздраве.

А неговото свето тело беше погребано во црквата на светата маченичка Лукија, којашто тој ја изгради. Од неговите свети мошти потече благоухано миро, кое исцелува од секакви болести, во слава на нашиот Господ Христос.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ КИНДЕЈ

Овој преподобен отец бил епископ во Писидија. Се упокоил во мир.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК САДОК, ЕПИСКОП ПЕРСИСКИ

и со него сто дваесет и осум маченици

По маченичката смрт на свети Симеон, епископот Персиски, на неговиот престол дојде свети Садок. Во својата епархија тој имал два града: Салик и Ктисифон. Една ноќ свети Садок сонуваше страшен сон. Затоа тој го повика целиот свој клир, презвитери и ѓакони, кои се криеле од страв од царот, и започна да им раскажува:

Изминатата ноќ, во сонот видов лествица чиј што врв допираше до небото каде што стоеше светиот епископ Симеон во голема слава, и ми довикна мене, кој стоев на земјата: „Садок, дојди кај мене и не плаши се. Јас се искачив вчера, а ти искачи се денес!“ Го видов тоа, и го слушнав, и верувам дека ќе ме фатат и ќе ме мачат за Христа. А неговите зборови: „Јас се искачив вчера, а ти искачи се денес!“ означуваат дека тој пострадал минатата година и дека јас оваа година ќе бидам мачен и убиен. И светиот Садок започна да го поучува својот клир, говорејќи:

- Мои возљубени браќа и отци, го сакаме Бога, нашиот Господ, со целата своја душа и со мислата своја и затоа да се облечеме во оклопот на верата и немојте да се исплашите од никакво зло! Смрт и колеж можат да наидат на нас, но немојте да се плашите, туку секој од нас да се држи како добар војник на Исуса Христа. Зашто и ако умреме, ќе умреме како совршени, а ако пак останеме живи, ќе живееме како праведни. Да умреме за нашиот Спасител! И ако мечот стане причина за вечниот живот, тогаш да не се плашиме од него, за да го здобиеме животот вечен. Браќа, да го молиме нашиот Бог, моето видение наскоро да се обвистини. Зашто оној кој е духовен, со радост и со голема љубов ја очекува маченичката смрт за Христа и не се плаши, оти е спремен. А часот на телесната смрт е страшен и ужасен. Доблесните луѓе, ревносно и храбро, самите бараат таква смрт, за со неа да го наследат вечниот живот, а мрзеливите се сокриваат штом ќе ја видат смртта. Оние кои го љубат Бога, кај Бога заминуваат, а оние кои го љубат светот, во светот остануваат. Првите со радост се разрешуваат од телото, а оние другите остануваат во овој живот за маки и воздишки.

Во втората година од гонењето, персискиот цар Сапор дојде во споменатите градови Салик и Ктисифон. Светиот епископ Садок беше обвинет кај него. Името Садок значи пријател на царот, зашто навистина тој со целата своја душа го сакаше небесниот Цар, Христос, како совршен воздржувач, полн со вера и правда.

Царот Сапор испрати војници и тие го фатија епископот и неговиот клир, а заедно со нив и многу други христијани и црноризци, вкупно сто дваесет и осуммина на број. Сите ги оковаа во железни синџири, ги затворија во мрачна, смрдлива и страшна темница, и пет месеци тие во неа трпеа големи неволји и маки. Нечистивите слуги на безбожниот цар, ги врзуваа со тенки конци по целото тело и ги ставаа во тешки клади, така што коските им пукаа и кожата им се кинеше, та светите трпеа силни болки. А немилосрдните мачители им говореа:

- Поклонете им се на сонцето и на огнот, и исполнете ја волјата на царот, за да останете живи.

На тоа свети Садок во името на сите, им одговори:

- Ние сме христијани и му се поклонуваме на единствениот Бог, Творецот на небото и на земјата; и Нему му служиме, а на сонцето кое Он го створил, не се покоруваме ниту пак го обожаваме огнот, зашто Бог ги створил за да им служат на луѓето. Затоа нема да ја послушаме ваквата царска наредба, нема да бидеме отстапници, и нема да остапиме од нашиот Бог. Не се плашиме од смртта која ќе нѐ пренесе од овој привремен и суетен живот, во вечниот живот.

Потоа од страна на царот им беше речено:

- Ако не ја послушате мојата наредба, тогаш дошол часот на вашето погубување.

А светителите како со една уста, одговорија:

- Ние нема да загинеме за нашиот Бог, ниту ќе умреме во Исуса Христа, зашто Он нѐ оживува со блажен и вечен живот, и во наследство ни дава одмор во бесмртното царство. Затоа веднаш предадете нѐ на смрт, зашто сме готови да умреме за нашиот Бог.

Кога ја виде нивната цврста и непоколеблива вера, царот изрече смртна пресуда: Сите да бидат заклани со меч. А кога светителите ја слушнаа пресудата, со радост се подготвуваа за смртта. И ги поведоа надвор од градот. А тие по патот радосно пееја, говорејќи:

- Суди ни, Боже, и пресуди! Избави нѐ од луѓето неправедни и лажливи зашто Ти, Боже, си надеж наша!

А кога стигнаа на местото на погубувањето, еднодушно рекоа:

- Благословен си Боже, што си нѐ удостоил на оваа благодат и не си ги презрел молитвите наши, туку си ни го дал овој прескап венец на мачеништвото, зашто Ти, Господи, знаеш колку многу го посакуваме. Затоа Господи, не нѐ оставај на овој свет, туку со твојата добрина утврди нѐ за навек пред Тебе, и измиј нѐ во крвта наша од гревовите наши, зашто Ти си единствен сепрославен Бог, со Единородниот Твој Син, и Пресветиот Твој Дух за навек, амин.

Додека светителите се молеа така, безбожниците им ги сечеа главите, а славењето на Бога не престана во устите нивни сѐ додека и последниот не беше обезглавен. А чесниот и славен страдалник, епископот Садок, врзан го одведоа во друг град, викан Витлапат, и таму ја отсекоа неговата чесна глава.

Така сите овие маченици го завршија својот живот во мир, фалејќи го и славејќи го нашиот Господ Исус Христос, кому му доликува секоја слава, чест и поклонение со Отецот и Светиот Дух сега, секогаш и во сите векови, амин.

Овие свети маченици пострадаа во 342 или 344 година.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ВИСАРИОН

Покрај 6 јуни, каде што се наоѓа неговото житие, во некои Синаксари овој преподобен се споменува и денес, и на 29 ноември.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ АГАТОН,

папа Римски

Слугата Христов, чудотворецот Агатон, се родил во Италија во 650 година од побожни и богобојажливи родители. Тие се потрудија да го научат на Светото Писмо. Од тоа блажениот Агатон имаше голема духовна корист. Кога му починаа родителите, тој целото нивно богатство за еден ден им го раздаде на сиромашните. Потоа отиде во еден манастир и се замонаши. Во манастирот Му служеше на Бога и дење и ноќе; се молеше за целиот свет. Тој толку се усоврши во доблестите, што доби од Бога дар на исцелување. Но, бидејќи неговите доблести не можеа да се сокријат, беше избран и хиротонисан за епископ во Рим. Додека тој беше епископ во Рим, во Цариград беше свикан Шестиот Вселенски Собор во 680 година, против монотелитската ерес, на кој и светиот Агатон испрати свои пратеници. Преподобниот Агатон светеше силно како светило во својот епископски чин, и како таков и му се претстави на Господа Христа.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ КОРНИЛИЈ ПСКОВСКИ

Преподобниот Корнилиј бил подвижник на Псково-Печерската обител, и од 1529 година станал нејзин игумен. Многу направил за нејзиното благоустројство. Во православната вера обратил и крстил многу Лифландски староседелци од соседниот град Нејхаузен, и им изградил две цркви. Тој со камен ѕид го оградил својот манастир и поради тоа бил убиен по наредба на Иван Грозниот во 1570 година. Заедно со него бил убиен и неговиот ученик, монахот Васијан Муромцев, познат по својата ученост и побожност. Нивните свети мошти почиваат во Успенската манастирска црква.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПЛОТИН

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ДИДИМ, НЕМЕСИЈ И ПОТАМИЈ

Овие свети маченици пострадаа за Христа на островот Кипар, каде што и се врши нивниот спомен.