5. Март  (21. Февруари)

 

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ТИМОТЕЈ ПУСТИНИК

Во пустото место викано Символи, на гората Олимп, имаше манастир. Архимандрит на тој манастир беше преподобен Теоктист, доблесен човек, кај кого на монашкиот живот се учеше и преподобниот Платон Исповедник. Ученик на преподобниот Теоктист беше и преподобниот Тимотеј, кој се замонаши уште како мал. Се подвизуваше во пост и воздржување, и во сеноќно стоење на молитва. Така тој потполно ги умртви своите страсти и стана бестрастен и совршен.

И сѐ до својата смрт преподобен Тимотеј остана девствен и со телото и со душата. Зашто уште од својата младост се беше заветувал дека никогаш нема да погледне женско лице. Заради тоа стана дом на Светиот Дух, и доби дар на исцелување и власт над демоните, и правеше многу чудеса.

Скиташе многу години по горите и пустините со постојана молитва. Минувајќи ги така деновите од својот живот, преподобниот Тимотеј доживеа длабока старост, и отиде кај Господа. Се упокои во 795 година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ ЕВСТАТИЈ,

архиепископ Антиохиски

Свети Евстатиј беше голем ревнител и заштитник на православието, исповедник, односно страдалник за Христовата вера за време на десеттото гонење против христијаните. Кога се упокои архиепископот Антиохиски Филогониј, на празниот престол дојде блажениот Евстатиј (324 г.), човек навистина достоен за таков чин, зашто водеше свет живот, познат по мудроста и големата ревност за побожност. Тоа беше видливо и во Никеја на Првиот Вселенски Собор (325г.), за време на царот Константин Велики. Евстатиј, заедно со останатите свети Отци цврсто го заштитуваше православното учење, се бореше против Ариј, го осуди неговото лажно учење и правилно исповедаше дека Исус Христос како Син Божји според божествената суштина е еднаков со Отецот и Светиот Дух. Во 326 година тој отиде во Грузија, која штотуку беше просветена со христијанската вера, за таму да постави пастири за новопокрстениот народ. Кога се врати тој продолжи да се занимава со делата на Црквата и беше сакан и почитуван од христијаните, како човек исполнет со добродетели и длабока христијанска мудрост.

По смртта на Константин Велики во 337 година, цар на источниот дел од Римската Империја стана неговиот син Констанциј. Тој беше покровител на аријанската ерес, и нејзините  следбеници имаа силно влијание над него па можеа своеволно да ги следат и да ги прогонуваат оние, коишто го чуваа вистинското учење на верата. Многу од аријанските епископи на Никејскиот собор сами го потпишаа православното исповедање на верата, но потоа се одрекоа од него и го бараа тоа и од другите епископи. Оние кои не се согласуваа со нив, беа симнувани од престолите, испраќани на заточение, и подложувани на постојани прогонства. Така тие го симнаа Цариградскиот епископ Павле, и го протераа; направија напори да го погубат и Атанасиј Александриски. Некои од нив одејќи во Ерусалим за осветувањето на храмот Свето Воскресение, дојдоа и во Антиохија со тајна цел да го симнат од престолот свети Евстатиј. Епископот, кој не ги насети нивните зли намери, ги пречека со голема радост. Но тие веднаш свикаа собор, на кој започнаа да ги разгледуваат делата и верата на свети Евстатиј. Од нивна страна сѐ беше однапред подготвено и решено. Измислија неосновани клевети против него: неправилно верува, и неморално живее. Тие со многу пари поткупија една жена блудница: да го оклевети свети Евстатиј, дека божем зачнала од него и родила дете. И влезе таа жена на соборот, со детето на раце, клеветејќи и викајќи: „Од архиепископот Евстатиј зачнав, и родив!“ И се заколна несреќната жена дека детето е на свети Евстатиј. Тогаш тие го симнаа светителот од престолот и го испратија на заточение во Тракија. Во прогонството страдалникот Христов многу претрпе од злобата на непријателите свои, потполно исправен и невин. И во заточението му се претстави на Господа во Филипи, и отиде во небесната татковина, околу 345 година. А жената што неправедно го клеветеше тешко и луто се разболе. Откако увиде дека тоа е казна Божја заради неправедната клевета на невиниот и чист архиереј, таа ја кажа вистината: дека со злато била поткупена, кажа и кој ја поткупил, и дека лажно се колнеше, зашто беше зачнала од некој друг, а не од архиепископот Евстатиј.

По сто години (околу 482 г.), за време на царот Зенон, чесното тело на свети Евстатиј на свечен начин беше пренесено од заточението во Антиохија. Тогаш сите жители на Антиохија излегоа да го пречекаат телото на светителот со свеќи, песни и кадилници, славејќи го Христа Бога со Отецот и Светиот Дух, славен за навек, амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ГЕОРГИЈ ЧУДОТВОРЕЦ,

Епископ Амастридски

Преподобниот Георгиј беше син на побожни родители Теодосиј и Мегета, кои беа од градот Кромна, близу Амастрида на Црното Море. Но, бидејќи родителите на овој светител останаа бездетни до својата старост, тие со пост и молитва го молеа Бога да им даде пород. Нивните молитви беа услишени. Божествен глас им го откри и зачнувањето, и името, и архиерејскиот чин на овој нивен син Георгиј, кој требало да се роди во нивната старост. А кога се роди детето и потпорасна, тоа целосно ги отфрли сите убавини, привлечности и привремени работи на овој свет, и со целото свое срце се грижеше за идните богатства. Се трудеше во изучувањето на Божествените и човечките работи. Гледајќи ги таквите доблести на своето дете, родителите се радуваа и го славеа Бога. А кога стекна доволно образование, тој замина од својот роден крај и отиде во една планина. Таму пронајде еден чесен старец и од него го прими ангелскиот монашки образ. А кога се упокои неговиот старец, тој отиде во Вониса, која се наоѓа во близина на Амастрида, и таму се измачуваше себе си со секакво воздржание и подвиг. Но кога се упокои епископот Амастридски, овој преподобен, иако не сакаше, беше приморан да го зазема неговиот епископски престол, како што свеќата го зазема своето место на свеќникот. Тоа се случи по избор Божји и со согласност на свештенството.

Во Цариград беше хиротонисан за архиереј, од страна на светиот патријарх Тарасиј, а потоа отпатува во својата амастридска епархија. Како епископ преподобниот Георгиј многу се трудел и грижел околу згрижувањата на сирачињата и вдовиците, околу исхраната на сиромашните, околу свештенството и неговата работа, а пред сѐ околу побожноста и Православието. Освен тоа секој во Амастрида можел да ги види разните чудеса коишто ги правел овој светител.

Откако така богољубиво го проживеа својот живот, преблажениот Георгиј отиде кај Господа, предавајќи Му го својот дух во мир.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ ЈОВАН III СХОЛАСТИК,

патријарх Цариградски

Како застапник на правдата беше ракоположен за свештеник, а потоа во 562 година стана патријарх Цариградски. Пишуваше канони што се внесени во Номоканонот. Во негово време во литургијата е внесена божествената песна: „Ние кои таинствено ги изобразуваме херувимите“, а исто така и „Сине Божји, прими ме денес за учесник на Твојата Тајна вечера“. Мирно го заврши својот живот и му ја предаде својата душа на Бога во 577 година.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ЈАКОВ ОТШЕЛНИКОТ

Неговиот спомен се врши на 26 ноември каде што се наоѓа и неговото житие.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ

патријарх Ерусалимски

Во времето на ромејскиот цар Ираклиј, персискиот цар Хозрој го нападна Ерусалим, во 614 година, го ограби градот, го однесе Чесниот Крст во Персија и зеде во ропство огромен број христијани меѓу кои и патријархот Захариј. Евреите многу му помагаа на царот во извршувањето на злото над христијаните. Помеѓу останатите еврејски пакости се споменуваат и овие: Евреите откупиле од Хозрој 90. 000 христијани и како свои робови сите ги убиле. Стариот патријарх остана во ропство четиринаесет години.

А од Чесниот Крст се пројавија многу чудеса во Персија, така што персијците говореле: „Христијанскиот Бог е дојден во Персија“. Покасно Ираклиј го присили персискиот цар да го врати Чесниот Крст заедно со патријархот и преостанатите робови во Ерусалим. Самиот цар Ираклиј на својот грб го внесе Крстот во Светиот Град. Останатите денови од својот живот свети Захариј ги помина во мир. Се пресели кај Господа во 631 година. На престолот го замени патријархот Модест, а после него дојде свети Софрониј.

СПОМЕН НА НАШИТЕ ПРЕПОДОБНИ ОТЦИ АНДРЕЈ И АНАТОЛИЈ

Овие преподобни беа меѓу првите ученици на преподобниот Евтимиј Велики, кој се слави на 20 јануари. Андреј беше родум од островот Митилина и сродник на оној Сидониј, кој му беше учител на светиот Евтимиј. А пак, Анатолиј беше од Раита на Синај. И двајцата преподобни истовремено дојдоа кај свети Евтимиј: Андреј дојде со своите двајца браќа, Стефан и Гајан, а Анатолиј со презвитерот Јован и Таласиј. Овие преподобни се споменуваат единствено во Ерусалимската Канонарија. Таму се вели дека тие се споменуваат уште и на 26 април и на 7 јуни.