6. Март  (22. Февруари)

 

ПРОНАОЃАЊЕ НА МОШТИТЕ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ВО ЕВГЕНИЈА

За време на нечестивите римски цареви се кренаа многу гонења против христијанската вера; безбројни маченици и исповедници на името Христово беа убивани на разни начини, а нивните свети тела беа фрлани на ѕверовите и на птиците за да ги разнесат. Христијаните ги изложуваа своите животи на опасност, трудејќи се потајно да ги подигнат телата на мачениците и благоговејно да ги погребат на тајни места по куќите и по градините. Така и во градот Евгенија, во близина на Цариград, беа погребани моштите на многубројни свети маченици, и многу години не се знаеше за нив.

А кога идолопоклонското незнабоштво престана, и мачителите исчезнаа, а со христијански цареви се просвети вселената со светлоста на светата вера, и Црквата беше во мир, тогаш со божествено откровение на чудесен начин од пазувите на земјата како светилници од под поклопецот се покажаа себе си и светите мошти на мачениците во Евгенија. На местото каде што беа погребани тие, започнаа да се случуваат чудесни исцеленија од разни болести, зашто на тој начин Бог сакал да ги открие и прослави слугите Свои. И тогаш, во тоа време, а според сведоштвото на Цариградскиот патријарх Тома, во Евгенија беа пронајдени моштите на многу маченици, чиишто имиња не ѝ се познати на Црквата. Таму дојде епископот со црковниот клир, и кога го раскопаа местото каде што се случуваа чудесата, најдоа многу свети мошти на свети маченици, чиишто имиња ги знае само Господ Бог, Кој ги запишал во Книгата на Животот на небесата. Сите тие свети мошти беа целосни и нераспаднати, бидејќи со нив се исполнија зборовите од Светото Писмо: „Ги чува Господ сите коски нивни, и ниту една од нив нема да се скрши“ (Пс. 33, 21). Тие точеа чудесно ухание и правеа безбројни чудеса, исцелувајќи ја секоја болест, и изгонувајќи ги злите духови од луѓето. Свечено беа пренесени во црквата, и при тоа учествуваа огромен број на верници, пеејќи псалми и духовни песни.

Потоа, на еден доблесен човек, клирик, по име Никола Калиграф, му беше откриено дека меѓу тие свети мошти се наоѓаат и моштите на свети апостол Андроник, еден од Седумдесетемината и неговата помошничка Јунија, за кои спомнува свети апостол Павле во своето Послание до Римјаните, во кое вели: „Поздравете ги Андроник и Јунија моите сродници и созатвореници, кои се прочуени меѓу апостолите и кои уште пред мене поверуваа во Христа“ (Рм. 16, 7).

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАВРИКИЈ

и со него седумдесет војници

Нечестивиот и беззаконен цар Максимијан, сметајќи дека со својата нечиста служба на лажните богови ќе си издејствува помош за себе и ќе го прослави своето царство, нареди сите поданици на неговото царство да им принесуваат жртви на идолите. Се погрижи и самиот да биде исполнувач на овие свои наредби, и така ревносниот служител на демоните ги приморуваше сите на тие погани жртви. Не му беше доволно тоа што им нареди на обласните управници и градоначалници да се грижат за почитувањето на идолите, како што тоа го правеле и поранешните цареви, туку и самиот лично, ревносно го обиколуваше своето царство, сесрдно служејќи им на демонските олтари. При тоа бедникот се надеваше дека неговото посетување на царштината ќе повлијае повторно да се врати неговото зловерие кај сите кои се беа одрекле од неговата заблуда и дошле во познание на вистината Христова.

Тргнувајќи од Рим со таков план и обиколувајќи ги источните покраини, царот Максимијан дојде и во сирискиот град Апамеја. Таму пред него излегоа идолските жреци и ги обвинија христијаните, говорејќи:

- Најмоќен цару, нашите богови ни подарија слобода да се обратиме кон твоето величество, и еве, ние ја известуваме твојата непобедлива власт дека сите овдешни луѓе со страв ги почитуваат големите богови, а особено таткото Зевс и прекрасниот Аполон, кои се поголеми од сите други богови и многу го чуваат и бранат твоето царство. Само Маврикиј и со него седумдесет твои војници, возгордеани поради одликувањата и збогатени од твоите големи дарови, не ги почитуваат боговите и заведени од христијанската заблуда се противат на твоето непобедливо царство.

Кога го слушна тоа Максимијан, многу се разлути, пламна јаросно, посилно и од огнена печка, особено поради тоа што такви војници се најдоа во неговите полкови. И нареди во посебен  ден во градот Амаксика да се приготви судница, да се повика целиот народ, и да се доведат светите маченици. И кога се слеа целиот град таму, така што ни девојките не останаа во своите домови, Максимијан седна на судискиот стол и војниците ги доведоа светите седумдесет Христови војници со нивниот старешина, свети Маврикиј. Откако ги погледна, царот му рече на нивниот водач:

- Маврикиј, ние очекувавме дека вие, кои сте одликувани со најголеми одликувања и почести, нас ќе нѐ опсипате со дарови и храна за царската трпеза, ќе одите по стапките на нашата тивкост, и оние кои би отстапиле од нашиот богоугоден закон ќе ги обраќате кон здравиот разум со помош на своите јуначки дела и мудрите поуки. Дека ќе го поправате она што застранило, и ќе го скротувате она коешто се побунило, со еден збор ќе го задушите како непријателско зло сето она, коешто се прави спротивно на нашите намери. Но вие, како што слушам за вас, постапувате спротивно, зашто не само што не ги изведувате на правиот пат оние коишто го газат нашиот закон туку и самите се кревате против нашите семоќни богови и ги навредувате со тоа што не им укажувате почит и не им принесувате жртви. И така станавте водачи кон пропаста, ако е точно она што ни го зборуваа за вас.

Свети Маврикиј му одговори:

- Царе, навредите што ние им ги нанесуваме на вашите нечувствителни богови ни подготвуваат славни венци на победата во нашиот вистински Бог. Ние никогаш нема да го понижиме Богот кој нас нѐ створил, како што безумно мислиш ти, туку Го прославуваме како единствен вистински Бог, кој ги створил и небото и земјата, и морето, и сѐ што е во нив. А нечистите демони коишто ги упропастуваат луѓето и нивните глуви, слепи и нечувствителни идоли не треба да се нерекуваат богови.

На тоа царот рече:

- Маврикиј, зарем таква благодарност им оддаваш на боговите кои те удостоиле на честа да го имаш првото место во војската?

Свети Маврикиј му одговори:

- Никогаш никаква чест не сум примил од вашите богови, ниту сакам да ги почитувам, зашто никој човек кој го познава Бога, никогаш не сака и не може да ги почитува мртвите работи. Тоа го прават само луѓето кои немаат разум и станале подобни на неразумните животни. Тие ги претвораат во богови камењата и дрвјата, зборувајќи дека тие имаат разум и ги почитуваат како богови.

Царот рече:

- Затоа што го заземаш првото место во нашата војска ти си смел и бестрашно зборуваш против нас.

Откако го рече тоа, царот нареди свети Маврикиј да го издвојат од седумдесетте маченици и започна ласкаво да ги прашува нив:

- Браќа, кој ве прелага вас да отстапите од боговите спасители, а да пристапите кон заблудата на луѓето кои обожаваат распнат човек, некој си злосторник?

Тогаш блажените Теодор и Филип, од името на сите свети маченици, му одговорија:

- Ние сме толку далеку од заблудата, што сакаме и тебе да те избавиме од неа како што се избавивме и ние, поклонувајќи Му се на вистинскиот Бог Отец кој е семоќен, и единородниот Син негов Исус Христос кој е вистински Бог и мудрост Божја, и неговиот Свет Дух кој во нас вдахнал познание и разбирање да ја исповедаме Единосушната Троица. Се гнасиме од твојата безбожна вера и одбиваме да бидеме времени војници, а стануваме војници на Христа Бога.

- Гледам дека имаш чесна старост Филипе, но со разумот си полош од момче. Поитај кон боговите и биди им добар советник на останатите војници, за да им оддадат почит на боговите наши, а за тоа ти од нас ќе добиеш големи одликувања и поклони - му рече Максимијан.

Свети Филип му одговори:

- Царе, јас нема да им станам лош советник на оние коишто доброволно го примија стравот Божји во себе. Зашто стои запишано: „Тешко му на оној човек, преку кого доаѓа соблазната“ (Мт. 18, 7).

Максимијан возврати:

- Нашата кроткост и трпеливост те прават дрзок! Напушти го своето зловерие за да не нѐ разлутиш, па да ве ставиме на страшни маки затоа што се осмелувате да исповедате човек, кого вие сте го вброиле меѓу боговите.

А светите седумдесет маченици му одговорија;

- Залудни се вашите закани, царе. Тие ни даваат сила и нѐ крепат да не се плашиме од никакви маки, зашто нема страв во доброумните и моќни души на оние што Го љубат Господа!

Се разлути Максимијан и нареди да ја соблечат од нив војничката облека, па им рече:

- Видете од каква слава и чест се лишивте.

А тие му одговорија:

- Ти нѐ лишуваш од војничкиот чин, но нашиот Бог ќе нѐ облече со нетрулежна облека и појаси, и вечна слава која ти не си достоен да ја видиш, нити пак да слушнеш за неа, поради твојот татко сатаната, кој зборува и дејствува во тебе.

Тоа уште повеќе го разлути царот и тој им се обрати на светителите:

- О, проклети и недостојни на милоста од Боговите наши. Ние ви укажавме чест, а вие ги обесчестивте великите богови и ја презревте нашата благонаклоност.

- Честа твоја е бесчестие оти го заборави Бога, кој ти ја даде царската власт! - му одговорија во еден глас тие.

- Тогаш примете го она што го заслуживте! И нареди да ги фрлат во темница и да ги остават таму три дена за да размислат што е корисно за нив. Затворени во темницата и оковани во вериги, светите маченици си зборуваа меѓу себе: „Браќа да ги подготвиме нашите души за молитва и сесрдно да Му се помолиме на нашиот милостив Бог, со својот Дух Свети да ни даде мудрост и разум, и да го стави во устите наши она што треба да му го кажеме на царот, за да се восхити мачителот од вистината на нашата вера“. И започнаа еднодушно да се молат, говорејќи: „Господи Исусе Христе, Боже семоќен, чијашто власт е вечна и царството бесконечно, испрати ни го нам Духот Твој Свети, и со Него упати нѐ да се израдуваме и развеселиме поради Него, да го победиме злото на заблудата, и да се прославиме во вистинската вера на Духот Твој Свет, кој ќе зборува преку нас по Твоето вистинско и нелажно ветување. А за нашите одземени војнички чинови, направи да станеме совршени војници во светиот небесен град Твој, и да бидеме вброени меѓу небесните граѓани со сите светии Твои, кои со вистинска вера Ти угодиле од памтивека. Зашто Ти си единствен Бог, и Тебе Ти доликува слава и сила за навек. Амин.

По три дена светите маченици беа изведени пред царот на истото место, во истиот град Амаксика. Мачителот ласкаво започна да им зборува и да ги тера да им принесат жртви на боговите за да ја одбегнат горката смрт. Но, светите му одговорија дека цврсто се решени да умрат ради љубовта Христова и дека никако нема да им се поклонат на демоните. Тогаш мачителот здогледа меѓу нив едно младо момче, и му рече: „Кажи ни, момче, како се викаш и од каде си?“ Момчето одговори: „Се викам Фотин, име позајмено од вистинската светлост", а војник сум на мојот Христос, кој го посрами твојот татко сатаната. По раѓање сум од Рим, а по тело и по дух син на пресветлиот Маврикиј, зашто од него го добив познанието на Бога. Воспитан сум во светата вера на мојот Христос, Кого ти го отфрлаш и си се приклучил кон неразумните“.

- Безумно си момче, и зборовите твои ѝ одговараат на твојата младост. Но, веќе треба да знаеш што е корисно за тебе: затоа пристапи и принеси му жртви на великиот Зевс за да ја поштедиш својата младост - му рече царот.

Момчето му одговори:

- Ме нарекуваш безумен, зашто не сакам да ја исполнам волјата твоја и да им се поклонам на идолите, но јас сум попаметен од вас затоа што верувам во мојот Господ Исус Христос во Кого не верувате вие, ниту пак Го познавате.

- До кога ќе го трпиме вашето безумие, бедници! Принесете им жртви на боговите! - се разбесни царот.

Светите му одговорија:

- Нечист служителу на демоните, ние можеме да поднесеме разни маки за да го посрамиме твојот татко ѓаволот, и да му угодиме ка нашиот Бог Христос.

Тогаш уште повеќе се разјари мачителот и нареди да ги соблечат сите и да ги тепаат со воловски жили. Толку долго и немилосрдно ги тепаа, така што телата им се распаднаа и земјата се обли со многу крв. А тие, во ваквите маки се обраќаа кон Господ Христос, просејќи помош од него; А Господ, присуствувајќи со невидлива сила ги олеснуваше нивните страдања.

А кога се изморија слугите, царот ги праша светите маченици:

- О, дрски и неразумни луѓе, зар не гледате колку ми е лесно да ве уништам? Затоа принесете им жртви на боговите за повеќе да не ве мачам.

Светите му одговорија:

- О, безбожен царе, знај дека како што ти помрачен од темнината на ѓаволската заблуда не ја разбираш Христовата љубов и светлина, така и ние, имајќи ум просветен со вера и љубов од нашиот Господ Христос, не ги забележуваме маките на кои нѐ подложуваш. Затоа ајде стави нѐ на пострашни маки за да го видиме живиот Бог кој вечно царува.

На тоа мачителот многу се разбесни и нареди да се запали силен оган и во него да ги фрлат светите маченици. И кога се разгоре огнот светителите сами пристапија кон него како кон вода, застанаа среде огнот и стоеја неповредени, потсмевајќи му се на мачителот и на неговите богови.

Сите се восхитуваа на ова преславно чудо, само мачителот не ја препозна силата Божја, туку со својот голем гнев бараше начин како да ги погуби. И нареди вака неповредени од огнот, да ги врзат за дрва и да ги стругаат со железни четки. Светителите и тоа тешко мачење јуначки го поднесоа, а народот се чудеше на јароста и безумието на царот. А свети Маврикиј со потсмев го праша: „Зарем не гледаш колку си немоќен и беден царе? Та, ова младо момче, Фотин, кое претрпе толку големи маки, ја сруши силата на твоето насилничко царство. Како тогаш можеш да нѐ совладаш нас кога си совладан и победен од ова мало момче“.

Царот го погледна крвнички и нареди светото момче Фотин веднаш да биде обезглавено пред очите на неговите родители. На тој начин тој сакаше да му се освети на Маврикиј. Откако беше обезглавен свети Фотин, и отиде кај Господа, Маврикиј му рече на Максимијан: „Ја исполни нашата желба, мачителу, со тоа што пред нас го испрати Фотина кај Христа Бога. Сега и нашето патување кон Него ќе биде побрзо. Кога виде како светите маченици со радост, јуначки ги поднесоа сите маки и ни најмалку не отстапија од верата своја, Максимијан го свика целиот свој нечовечен и ѕвероподобен сенат, за да се договори со нив со каква најлута смрт да ги погуби мачениците, и на тој начин да ги заплаши сите христијани во светот. Тогаш паднаа многу предлози, но еден најзол и најбезбожен сенатор го предложи следното: „Сега е лето, месец јули, а недалеку од градот, од западната страна, има едно мочуриште меѓу две реки и езера. Таму сега има многу комарци, коњски муви, стрлшени, оси, така што никој не може да помине, а пак да се задржи е многу непријатно. Царе, нареди да ги одведат таму, да ги соблечат, да ги врзат, и да ги намачкаат со мед, за тие да ги избодат. Таа мака ќе биде најстрашна од сите и тие ќе сфатат дека не треба да ги навредуваат непобедливите и вечни богови наши“. На царот му се допадна овој бездушен предлог и тој ги осуди Христовите маченици на тоа тешко мачење. Ги поведоа, и кога стигнаа кај мочуриштето, го фрлија телото на блажениот Фотин таму, а светите ги оставија. Тогаш се нафрлија врз нив и комарци, и оси, и стршлени, и ги покрија како облак, бодејќи ги. Во такви неподносливи маки светите поминаа десет дена и десет ноќи. Потоа тие ги кренаа очите кон Бога и се помолија говорејќи: „Господи Боже наш, Тебе Ти ги предаваме душите наши и Те молиме да ги населиш со сите светии Твои кои ти угодиле од памтивека, зашто со целата своја душа те засакавме и заради Тебе на смрт се предадовме, зашто Ти си единствен добар и милостив Бог и Тебе Ти доликува слава за навек, амин“.

Така тие ги предадоа своите свети души во рацете Божји, и се удостоија на вечна слава. А беззакониот мачител, царот Максимијан, остана бесен на светите маченици и после нивната смрт, зашто откако слушна дека умреле, нареди да им се отсечат чесните глави и да се остават непогребани. И нивните свети тела и глави беа расфрлени да ги изедат птиците и ѕверовите. Некои христијани дојдоа ноќе со страв и трепет, ги собраа расфрлените мошти на светите маченици, и ги погребаа таму, славејќи го нашиот Господ Исус Христос, со Отецот и Светиот Дух славен за навек, амин,

Овие храбри Христови војници пострадаа околу 305 година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПАПИЈ ЕРАПОЛСКИ

Свети Папиј Ераполски беше ученик на светите апостоли, и патролошки писател. Беше епископ во Ерапол. Од него имаме сведоштво за Евангелието според Матеј и Марко, за четирите Марии и за браќата Господови, како и еден нецелосно сочуван спис: „Изјаснување на Словото Господово“. Се упокоил во мир во вториот век.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ТЕЛЕСФОР,

епископ Римски

Бил епископ на престолот Римски од 127 до 139 година.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АТАНАСИЈ ИСПОВЕДНИК

Преподобниот Атанасиј се роди во Цариград од побожни и богати родители. Бидејќи уште како дете стана побожен, тој посака да се облече во монашка схима. Затоа отиде во околината на Никомидија и таму во еден манастир викан Павлепетров, се замонаши. И тој постигна толку голем успех во доблестите, и толку се прочу, така што и царевите дознаа за него. Се запозна со свети Теодор Студит и со други свети исповедници и заедно со нив работел на воспоставувањето на почитувањето на светите икони. А пак, во времето на царот Лав Иконоборецот, беше обвинет поради почитувањето на иконите. Поради тоа беше ставен на разни маки, и поднесе најсурови прогонства и неволји. Но, тој остана непоколеблив и до крај се држеше во Православието. И така во 821 година отиде кај Господа, радувајќи се.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ АРИСТОН

Бил втор епископ на Кипар, после свети апостол Варнава.

СПОМЕН НА НАШИТЕ ПРЕПОДОБНИ ОТЦИ ТАЛАСИЈ И ЛИМНИЈ

Преподобниот Таласиј соѕида едно подвизувалиште на ридот викан Тилимас, во близина на градот Кира. Со простотата на својот живот и смерноста на умот ги надмина сите тогашни преподобни отци. А Лимниј, бидејќи многу го сакаше подвижничкиот живот, како многу млад отиде кај великиот Таласиј, и тој го упати во подвижничкиот живот. Покасно, кога се претстави преподобниот Таласиј (околу 440 година), Лимниј отиде кај славниот преподобен Марон и живееше покрај него, угледувајќи се на неговиот живот. Бидејќи сакаше да води живот без покрив и засолниште, божествениот Лимниј се повлече на врвот на една планина, во околината на Таргала. Тука тој не си направи колиба, туку само огради едно место со камен ѕид, а покрив му беше небото. И тука живееше во подвижнички живот.

Поради своите подвизи блажениот Лимниј доби од Бога благодат да изгонува ѓаволи и да исцелува болести. Еднаш го беше каснала змија. Тој го прекрсти местото каде што беше каснат, се помоли на Бога и ништо не му се случи. Во друга прилика, тој доби тешка стомачна болест. Тогаш тој го призва името Божјо и оздраве.

Овој преподобен ги собра сите слепци кои живееле од просење, им соѕида ќелии и ги смести. Ги хранеше со храна што ја добиваше од христијаните кои доаѓаа кај него за благослов. Откако проживеа 38 години без покрив и засолниште, блажениот Лимниј во мир ја предаде својата душа во рацете Божји.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА АНТУСА

и дванаесетемина нејзини слуги

Светата маченица Антуса и нејзините христољубиви слуги пострадаа за Христа, заклани со меч.

ПРОНАОЃАЊЕ НА МОШТИТЕ НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ АНДРОНИК И ЈУНИЈА

За нив видете под денешниот датум: Пронаоѓање на моштите на светите маченици во Евгенија.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ВАРАДАТ

Преподобниот Варадат беше од градот Антиохија. Го засака осаменичкиот и философски живот, и најпрвин се затвори во една мала ќелија. Потоа од таму отиде на една многу висока карпеста гора. Тука направи еден мал дрвен ковчег кој не можел да го собере целото негово тело. Освен тоа даските не му биле добро споени а капакот му бил како решетка та преподобниот страдал и од дождот и од горештините. Откако помина многу години во така мачен живот, и по совет на тогашниот блажен архиепископ Антиохиски господин Теодот (417-427), преподобниот Варадат го напушти тоа место. Но и понатаму непрестано Му се молеше на Бога, кревајќи ги рацете кон небото и славејќи го Бога. Бил облечен во една кожа; со неа го завиткал целото свое тело и ѝ направил мали дупки за очите и устата, за да може да гледа и да дише. Сите овие себеизмачувања ги поднесуваше преподобниот, иако телото му беше слабо и болно. Горејќи од божествена љубов и ревност, тој го приморуваше своето тело на труд и напор кои беа надвор од неговите сили. Имаше смирен ум зашто како паметен човек знаеше каква штета му нанесува гордиот ум на човекот. Откако поживеа на таков начин, блажениот Варадат во мир премина кај Господа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СИНЕТ

Светиот маченик Синет пострада заклан со меч, поради својата вера во Христа Бога.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ВЛАСИЈ

Светиот отец Власиј бил епископ. Се упокоил во мир.