7.Март (23 Февруари)
ЖИТИЕ И СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ПОЛИКАРП
Смирна е град во покраината викана Јонија, во Мала Азија. Во тој град епископ беше свети Вукол. Во апостолските времиња таму живееше една благочестива и богата вдовица, по име Калиста. Го сакаше Господа, сесрдно ги исполнуваше неговите заповеди и штедро им помагаше на бедните. Таа немаше своја рожба. Нејзе во сон ѝ беше јавено и наредено од Ангел Божји, да земе кај себе мало сираче, овој свети Поликарп. И таа го зеде, го воспитуваше во побожност и го засака момчето како свој роден син. А кога Поликарп порасна и стана полнолетен, Калиста му го повери целиот свој дом и имот. Поликарп ја заслужуваше љубовта на својата благодетелка и од својата најмлада возраст беше добар и благочестив. Тој беше многу милосрден, ги сожалуваше сиромасите, сирачињата, вдовиците, и им помагаше. Еден ден неговата благотворителка отпатува далеку по работа и се задржа повеќе денови. За тоа време, додека беше сам дома, блажениот Поликарп ги раздаде сите резерви на храна што ги имаа, на оние што имаа потреба, и така ги испразни сите складишта на својата госпоѓа хранителка. А кога Калиста се враќаше дома, пред нејзината куќа ја пресретна еден човек кој ѝ рече дека Поликарп ги раздал сите резерви на храна. Таа многу се разжалости поради тоа и штом влезе внатре веднаш отиде да провери. Беше запрепастена кога виде дека магазините им се преполни со најразлични намирници. Зашто, блажениот пред нејзиното доаѓање Му се помоли на Бога, говорејќи:
- Господи Боже, Оче на возљубениот Син Твој, за време на пророкот Твој Илија, Ти си ги наполнил садовите на Сарептската вдовица. Услиши ме и мене во овој час и направи така, та со името Христово да се наполнат сите складишта.
Бог веднаш ја услиша неговата молитва и го наполни домот на неговата хранителка со секој благослов. Кога виде дека има сѐ во изобилие, и тоа повеќе од порано, Калиста се разлути на оној што го обвини Поликарп дека раздал сѐ, зашто мислеше дека тој се потсмева со неа или пак дека го наклевети од омраза. Таа посака да го натепа тој клеветник, но светото момче Поликарп застана во негова одбрана, и ѝ рече:
- Те молам, госпоѓо, немој друг да тепаш поради мене, туку нареди мене да ме натепаат, зашто тој од верност кон тебе заслужува пофалба, а не ќотек. Тој ти ја кажал вистината, дека нема намирници и дека складиштата се празни. Оти јас, кога ги видов гладни нашите браќа, неволните и бедните, веднаш им раздадов сѐ. А тие го умолија Бога и тој ги испрати ангелите Свои, и тие ти го вратија твоето, за и понатаму по својот обичај да продолжиш да делиш милостина.
Кога го слушна тоа, жената се восхити и уште повеќе се зафати со своите добри дела, давајќи обилна милостина. Таа го сакаше Поликарп како свој роден син и им се восхитуваше на неговите доблести. Пред да се упокои целиот свој имот му го остави нему, а тој го раздаде на бедните и се занимаваше со читање на божествени книги, со богоразмислување и молитви. Живееше во големо воздржание и беспрекорна девственост, работејќи и дење и ноќе за Господа и служејќи им на болните, изнемоштените и остарените. Поради тоа, епископот на градот, свети Вукол, многу го засака и го постави за ѓакон. И како што пишува за тоа свети Пиониј, уште како ѓакон го одреди за проповедник на зборовите Божји, бидејќи беше благоразумен и слаткоречив. Тој му нареди да го поучува народот во црквата и на секое место.
Поликарп им беше многу мил и на божествените апостоли: на свети Павле, на Јован Богослов и на другите свети апостоли, кои тој ги придружуваше на нивните патувања, им беше ученик и заедничар во нивните трудови, и подражавач на нивните животи. Од нив тој повторно беше испратен во Смирна кај светиот Вукол, и од него беше ракоположен за презвитер. Како свештеник Поликарп продолжи ревносно да Му служи на Бога. Тој му проповедаше на народот, му раскажуваше за животот и чудесата на Спасителот, го разјаснуваше Неговиот закон, повикувајќи ги јазичниците кон спознавање на вистината. Додека го слушаа, многу луѓе го оставаа идолопоклонството и ја примаа христијанската вера. Свети Поликарп напиша многу поуки и посланија, корисни и потребни на Христовата црква, но многу од нив пропаднаа за време на гонењата.
На епископот Вукол му беше откриено дека по него на престолот на Смирнската црква ќе дојде презвитерот Поликарп. И на својот смртен час свети Вукол ја зеде десната рака на Поликарип, ја стави на своите гради, и му го врачи стадото на разумните овци. И откако рече: „Слава Тебе, Господи!“, заспа со мир.
Се собраа многу апостолски епископи на погребението на светиот Вукол, и во меѓувреме, заради посветувањето на Поликарп тие имаа многу необични виденија на јаве.
Кога се случи посветувањето на Поликарп, божествена светлина ги осветли сите цркви и оние кои беа достојни видоа бела гулабица сјајна како молња како лета околу главата на свети Поликарп. Други пак, го видоа свети Поликарп облечен како војник подготвен за војна. На некои пак, свети Поликарп им се покажа облечен во царски порфир, со лице кое што сјае со неискажлива светлина. А пак, една девојка го виде двапати повисок отколку што е, и со крвава облека на десното рамо.
Кога свети Поликарп ги преклони колената по своето посветување, виде како пред него стојат нозете на самиот Господ Исус Христос, кој невидливо присуствувал на неговото посветување. Така посветен од самиот Христос и Светиот Дух, тој апостолски управуваше со Црквата Божја, поднесувајќи многу маки и трудови заради спасение на човечките души, правејќи прекрасни чуса. Наскоро овој светител стана најпочитуван епископ во Мала Азија. Дури и незнабошците го почитуваа заради неговите добродетели, цврстината на духот и кроткоста. Тој мнозина обрати кон Христа, а неговите ученици го прославија со светоста на своите животи, како на пример: свети Иринеј Лионски, Папиј Ераполски, Пиониј. Постојано го проповедаше словото Божјо, пишуваше посланија до новопокрстените христијани, постојано се грижеше за доброто и за духовната полза на својата паства. Во своите посланија свети Игнатиј Богоносец спомнува за светиот живот на Смирнскиот епископ. На пат за Рим веќе осуден на смрт, Игнатиј помина неколку дена кај Поликарп во Смирна и оттаму пишуваше посланија до црквите.
Во една прилика свети Поликарп отиде во градот Теос, во близина на бањата Леведија, и отседна кај тамошниот епископ Дафн, кого свети Игнатиј Богоносец го спомнува во своето Послание до Смирјаните. Кога виде дека во домот на овој епископ владее оскудица и немаштија, тој Му се помоли на Бога да го благослови неговиот дом. И од тој час епископот Дафн имаше сѐ во изобилие.
При враќањето за Смирна, свети Поликарп сврати во една гостилница крај патот за да се одмори, зашто веќе беше паднала ноќ. Откако вечераше малку заедно со својот ѓакон, тој легна и заспа. На полноќ Ангел Господов го чукна во ребрата, и му викна:
- Поликарп!
А тој праша:
- Што е, Господи?
Ангелот му рече:
- Стани и бргу напушти ја оваа гостилница, зашто за некој момент таа ќе се сруши.
Во таа гостилница не се знаело за Христа Бога и во неа се извршувале многу беззаконија. Светителот стана и започна да го буди својот ѓакон. Но тој, обземен од длабок сон не сакаше да стане, велеше:
- Уште сум во првиот сон, свети Оче, каде ќе одиме? Ти постојано размислуваш за Светото Писмо, та не спиеш, па и на другите не им даваш да се одморат.
Свети Поликарп замолчи. Но, Ангелот му се јави и по втор пат и му нареди да излезе надвор. Светителот повторно го будеше ѓаконот, велејќи му дека гостилницата ќе се сруши. А ѓаконот му одговори:
- Му верувам на Бога, дека оваа куќа нема да се сруши сѐ додека си ти во неа, Оче.
На тоа светителот му рече:
- И јас Му верувам на Бога, но не ѝ верувам на оваа камена градба.
Потоа Ангелот се јави и по трет пат, велејќи го истото. Светителот едвај го наговори ѓаконот да стане и само што излегоа надвор, гостилницата се сруши до темел и ги затрупа сите коишто беа во неа. А свети Поликарп стоеше и гледаше во небото, па рече:
- Семоќен Господи Боже, Оче на благословениот Твој Син Исус Христос, кој преку пророкот Јона однапред си им го објавил на Нинивејците разорувањето на нивниот град, и си се сожалил, и си ги поштедил, навистина Те благословувам затоа што со раката на Ангелот нѐ избави од оваа ненадејна смрт, како што си го извел Лот од Содом. Зашто Ти, благ и милостив за навек, насекаде ги чуваш слугите Свои од секое зло.
Една ноќ полуде слугата на кнезот на градот Смирна, којшто беше незнабожец, и направи голем неред, така што целиот негов дом го обзеде страв и трепет. А кога осамна, дојдоа Евреи со желба да го истераат демонот од слугата. Но, болниот се нафрли на нив и силно ги претепа, иако беа многумина. Ниту еден не можеше да му се спротивстави ниту пак да побегне од неговите раце. Толку ги тепаше што едвај живи ги пушти од себе, и тоа голи и раскрвавени. Во домот на кнезот имаше еден христијанин, кој му предложи на кнезот: „Ако наредиш, господару, јас ќе повикам еден човек, кој без тешкотии ќе го исцели твојот слуга“. Кнезот се согласи. И тој христијанин го повика свети Поликарп и кога тој сеуште не беше влегол во домот кнезов, демонот започна да вика: „Тешко мене, зашто кај мене доаѓа Поликарп и морам да бегам од тука“. А кога светителот влезе во куќата, демонот треперејќи, веднаш излезе од слугата и побегна. Кога го виде тоа кнезот многу се зачуди.
По ова чудо, една ноќ, силен пожар пламна во еден крај на Смирна. И настана големо возбудување, викотници и страв, додека пожарот бргу се ширеше. Сите граѓани многу се трудеа да го изгаснат, но не можеа зашто огнот беше сѐ посилен и посилен. Дојдоа и Евреите кои се обидоа со баење да го запрат пожарот, но и тоа беше залудно. Тогаш кнезот се сети на свети Поликарп и им рече на своите советници: „Никој не може да го угаси овој пожар освен христијанскиот учител Поликарп, кој неодамна го исцели мојот слуга од бесомачност“. И веднаш испратија по него. Кога дојде, светителот ги крена рацете кон небото пред сите, изнесувајќи Му молитви на Христа Бога. И веднаш како залиен со многу вода, пожарот згасна и престана. Тогаш луѓето мислеа дека свети Поликарп е еден од боговите. Но тој го проповедаше вистинскиот Бог, кој е на небото, а за себе велеше дека е слуга Божји. И така, многумина приведуваше кон Црквата Христова.
Еднаш настана голема суша и глад, и целиот народ, заедно со кнезот и градоначалниците, го молеа светителот да се смилува на нив, и од својот Бог да измоли дожд за земјата. И кога тој Му се помоли на Бога, веднаш падна обилен дожд и таа година беше многу побериќетна од другите.
Такви и многу други чудеса правеше свети Поликарп. Покрај тоа,тој со полагање на своите раце врз болните ги исцелуваше од најразлични болести. Поради тоа многумина се обраќаа кон Христа Бога, и Црквата Христова растеше од ден во ден, а идолопоклонското многубоштво се намалуваше во градот Смирна, во кој со апостолска наредба свети Поликарп стана служител на словото Божјо. За тоа сведочи свети Иринеј, пишувајќи: Поликари беше не само апостолски ученик, и пријател и собеседник на многумина кои со своите очи го виделе Христа, туку тој и од нив беше испратен во Азија за епископ на Црквата во Смирна, по светиот Вукол. И ние, вели свети Иринеј, во своите млади години го видовме Поликарп: беше многулетен и многу стар; учеше за она што самиот го беше научил од апостолите, и ѝ го предаваше на Црквата она што беше вистинито. И сите епископи на азиските цркви после Поликарп, сведочат дека тој бил најверодостоен и најпостојан сведок на вистината, спротивно на Валентин и Маркион, и целиот род на ересоначалници, кои толку убиствени заблуди внеле во црквата. Блажениот Поликарп допатува во Рим во времето на папата Аникита и многумина одврати од маркионитската ерес и ги приведе кон Црквата и вистинската вера, и јавно ја проповедаше вистината што ја беше примил од апостолите. Има луѓе кои слушале од него дека, кога еднаш во Ефес дошол во бањата Јован Богослов и го здогледал во неа еретикот Керинт како се капе, веднаш излегол од таму и ги советувал и другите кои биле со него, говорејќи: „Да бегаме бргу одовде, за ненадејно да не се сруши бањата во која се наоѓа непријателот на вистината Божја“.
Еднаш го сретна еретикот Маркион, и го праша: „Те молам, дали ме познаваш?“ Свети Поликарп му одговори: „Те познавам, ти си првородениот син на ѓаволот“. Затоа што и апостолите и нивните ученици толку внимателно се чувале од еретиците што не сакале ниту да разговараат со нив. Како што советува и свети Павле: „Бегај од човек раздорник, откако ќе го посоветуваш еднаш или двапати“ (Тит. 3, 10-11). Постои и послание од свети Поликарп до Филипјаните, кое е многу мудро напишано. Во него јасно се гледа неговата вера и проповедта на вистината, за оние кои работат на своето спасение.
За време на неговото епископство христијаните беа жестоко прогонувани и следени. Свети Поликарп долго време управуваше со црквата во Смирна и доживеа длабока старост. Кога навршија дваесет и две години од царувањето на Антонин и настапија неговите синови Марко Аврелиј и Лукиј, гонењето особено се засили со својата свирепост во Мала Азија, околу 167 година. Тогаш свети Поликарп маченички го заврши својот живот. За неговото страдање и смрт постои Послание до Смирнската црква, во која епископ беше свети Поликарп. Тоа послание гласи вака:
На црквата Божја во Смирна, на црквата во Филомелија, и на сите други свети вселенски цркви по сите народи: милосрдие, мир и љубов од Бога Отецот, Господ Исус Христос! Ви пишувавме вам, браќа, за другите маченици и за светиот Поликарп, кој огнот на гонењата го угаси со својата маченички пролиена крв. Тогаш многу свети маченици покажаа непобедливо јунаштво. Некои толку долго биле тепани што жилите и зглобовите им биле искинати, и им се гледала внатрешноста; а некои биле влечени по остри камења и тие великодушно ги поднесувале најлутите маки кои ги измислувале мачителите на разни начини; некои пак биле фрлани на ѕверовите да ги растргнат. А пак безбожниците додека ги гледале таквите јуначки страдања на светите, се чуделе неизмерно. Меѓу останатите страдалници едно младо момче по име Ерманик, со помошта Божја покажа восхитувачко јунаштво. Тој со бестрашно срце и непобедлив ум одеше во смрт, којашто, природно е страшна за сите. Судијата долго го наговараше Ерманик да ја поштеди својата младост, но тој, кога ги здогледа ѕверовите што ги пуштија кон него, сам тргна кон нив и ги дразнеше да го растргнат.
А пак, некој човек по име Квинт од Фригија, кога ги здогледа ѕверовите и страшното мачење, се преплаши и отпадна од своето спасение. Тогаш стана јасно дека тој се беше осмелил да излезе на суд пред безбожниците и да се предаде себе си на мачење, не со разум и не со искрено срце, туку од лекомисленост. И им стана пример на останатите, да не се осмелуваат без расудување да се предаваат себе си на така голема работа, каква што се маките.
Свети Поликарп слушна за ова мачење и дозна дека незнабошците, гледајќи го мачењето на другите маченици отворено му довикнуваат на судијата: „Барај го Поликарп и истреби ги безбожниците!“ Поликарп знаеше за тоа и сакаше да остане во градот додека не дојдат по него. Јазичниците и Евреите го беа намразиле многу, зашто знаеја со каква сила и ревност тој го проповеда Христа Бога и затоа тие сакаа да го судат. Но, христијаните сакаа да го спасат животот на својот возљубен епископ и го молеа да го напушти градот за извесно време, надевајќи се дека строгите прогонувања наскоро ќе престанат. Светителот се согласи да ја исполни нивната волја и замина во едно блиско село. Безброј христијани загинаа тогаш преку страшни измачувања. По својот обичај тој таму и дење и ноќе се молеше за црковен мир. Но, наскоро имаше видение дека часот на неговото мачеништво е близу. Три дена пред да биде фатен од страна на незнабошците, тој во сон виде како ненадеен оган ја запали неговата перница и таа изгоре. Кога се разбуди им рече на оние што беа со него: „Ќе бидам спален ради Господа Исуса Христа“.
По три дена во селото дојдоа луѓе испратени од судијата за да го бараат свети Поликарп. Тие фатија две момчиња и започнаа да ги тепаат за да им покажат каде е светителот. И тие им ја покажаа горната соба од една куќа од каде што, ако сакаше, блажениот можеше да побегне. Но, тој рече: „Нека биде волјата на мојот Господ Бог!“ И излезе пред нив, и ги поздрави љубезно. Кога го видоа чесниот старец, сед и престарен, и неговата кроткост и тивкост, со лице кое сјаеше од неовоземен спокој, се чудеа помеѓу себе: „Зарем требаше да поднесеме толкав труд и маки поради овој старец?“ А свети Поликарп веднаш нареди да се подготви трпеза за нив и ги замоли да ручаат, а нему да му дадат еден час за молитва. Додека војниците ручаа, тој пламено се молеше и му благодареше на Бога за сѐ и ја просеше Неговата помош за Црквата, гонета и распрсната по целата земја. Откако се помоли, окрепен преку молитвата, свети Поликарп излезе пред војниците. Тие го качија старецот на едно магаре и го поведоа кон градот Смирна, токму на Велика Сабота. По патот го сретнаа двајца угледни сенатори, Ирод и Никита, и го качија во својата кола. Додека патуваа тие го советуваа кога ќе излезе пред судијата само со зборови да се одрече од својата вера. „Зарем е важно, велеа тие, ако речеш: Господару, царе, ќе принесам жртва! И така ќе се спасиш“. На тоа свети Поликарп молчеше. А, бидејќи сенаторите беа упорни кон него, тој им одговори: „Никогаш нема да постапам така како што ме советувате вие“. Тогаш тие се налутија, го изгрдија, и го исфрлија од колата. При падот старецот го скрши коленото, но не обрати внимание на тоа.
Кога го доведоа во судницата, сите неверници радосно извикаа: „Фатен е нечестивиот Поликарп!“ Зашто тие со право го сметаа за глава на христијаните во Мала Азија. А пак, светителот, слушна глас од небото: „Биди храбар, Поликарп, и бори се јуначки!“ Тој глас го слушнаа и христијаните кои се наоѓаа во толпата, вели Смирнското Послание, ги ободри сите и го исполни светиот старец со нова сила.
Судијата го праша: „Ти ли си Поликарп““
Тој му одговори: „Јас сум“.
Судијата започна да го убедува слугата Божји да се одрече од Христа и да хули на Него, за да го пушти на слобода.
- Осумдесет и шест години јас му служам на мојот Господ Христос - спокојно му одговори Поликарп - и тој никогаш не ми направи зло, ами ми даруваше многу блага! Како тогаш јас да хулам на мојот Цар?
- Тогаш ќе ги пуштам кај тебе лутите ѕверови - му рече судијата.
- Прави што сакаш, сепак, јас нема да го променам своето мислење - му возврати Поликарп.
- Ќе те фрлам во оган, рече судијата и се надеваше дека со заплашување ќе го убеди Поликарп, зашто и самиот сакаше да го спаси.
Но, епископот спокојно му рече:
- Ти ме заплашуваш со оган што се гасне, но не знаеш за вечниот оган, приготвен за оние што вршат беззаконие. Затоа немој да се двоумиш, туку прави што си решил да правиш.
Тогаш судијата заповеда да прогласат дека свети Поликарп се прогласил за христијанин. Јазичниците и јудеите гневно ја сакаа неговата смрт, и викаа: „Тој е развратник на цела Мала Азија! Тој е татко на христијаните и разорувач на нашиот закон! Треба жив да биде запален!“
Кога ја виде јароста на толпата и откако изгуби надеж дека светителот ќе се одрече од Христа, судијата заповеда да се донесат дрва и суви гранки. Направија клада и откако го фатија светиот старец, сакаа да го приковат кон кладата. Но угодникот Христов, им рече на своите мачители: „Не е потребно да ме приковувате. Оној Кој ми даде желба, ќе ми даде и сила да го трпам мачењето и да останам неподвижен на кладата“.
Тогаш мачителите само го врзаа и го положија седиот старец врз дрвата, како овца која е мирисна жртва пред Бога. А свети Поликарп се молеше, говорејќи: „Ти благодарам, Господи Боже мој, што си благоволил да ме сврстиш меѓу Твоите маченици и исповедници, зашто еве, јас ја пијам чашата на страдањата заради Твојот Христос, и сум заедничар на Неговите маки ,за при воскресението да бидам учесник во вечниот живот со Него. Прими ме како благоугодна жртва! Слава и пофалба Тебе Боже, и на Исуса Христа, Твојот Син, Вечниот Архиереј, со кого Тебе заедно со Духот Свети, Ви доликува секоја чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови, амин!“
Кога свети Поликарп ја заврши својата молитва, неверниците веднаш го потпалија големиот оган. Но, се случи чудо кое ги избезуми присутните и на сите им ја покажа Божјата сила: пламенот само го опкружи светиот маченик, и се собираше над него како свод и не се допираше до неговото тело, и светителот остана неповреден. „И ние почувствувавме, - пишуваат Смирјани во Посланието, толку прекрасен мирис којшто доаѓаше од тој оган, што со него не можат да се споредат никакви мириси на овој свет“.
А кога го видоа тоа незнабошците, повикаа кон џелатите, и судијата му нареди на еден војник да го прободе светителот со долго копје. Тогаш од неговата рана истече толку многу крв Така што целиот оган се изгаси.
Свети Поликарп беше најпрекрасниот човек во нашите времиња, епископ на Смирнската црква, учител кој доаѓа од апостолите и свет пророк зашто сѐ што говорел се исполнувало. Потоа Евреите го молеа судијата да не им го предава неговото тело на христијаните, зашто тие ќе го имаат наместо Бог, исто како и Распнатиот. Не знаат бедниците дека е невозможно христијаните да го напуштат Христа Господа, умрениот на крст заради спасението на целиот свет, и да прифатат некој друг за свој Бог. Зашто ние му оддаваме божествено почитување на Христа како на вистински Син Божји, а мачениците ги почитуваме според заслугите и со љубов ги прегрнуваме како Христови ученици и подражавачи, кои од преголема љубов кон Него и пострадале за Него. И ние сакаме да бидеме подражавачи на нивната побожност и да бидеме заедничари со нивната вечна слава.
По наредба на судијата, телото на свети Поликарп кое го бараа Евреите, капетанот го изгоре како што тоа е обичај кај елините. Така нечестивите мачители мртов го изгореа оној, кого не можеа да го изгорат жив. Ние пак, - пишуваат Смирјаните, - од пепелта ги собравме коските негови почисти од злато и поскапоцени од драгоцени камења, и ги погребавме на чесно место. И тука со радост ќе го празнуваме денот на неговото мачеништво, во спомен на подвигот на сите кои така пострадале и за утврдување на оние кои со таква смрт ќе го исповедаат и прослават Христа, нашиот вистински Бог.
Ова Послание ви го испративме по брат Марко. Откако ќе го прочитате доставете го до останатите браќа за и тие да го прослават Господа кој нам ни го покажа таквиот Свој избраник. Он може и сите нас да нѐ исполни со благодатта Своја и да нѐ воведе во царството Свое, на единородниот Син Свој Исус Христос, кому слава, чест и царство за навек, амин. Поздравете ги сите свети; а вас ве поздравуваат оние кои се со нас; ве поздравува Еварест, со целиот свој дом, кој го напиша ова Послание.
Свети Поликарп пострада маченички на 25 април, на Велика Сабота во осум часот претпладне, за време на намесништвото на Тралијан, додека Исус Христос царува за навек. Браќа, вам, кои одите со Евангелието на Исуса Христа, ви посакуваме добро здравје во слава на Бога поради спасението на избраните светии. Како што пострада свети Поликарп, така и ние да станеме наследници на царството Христово.
Ова го препиша Кај од светиот Иринеј, ученикот на свети Поликарп; од него го препиша Сократ Коринтски; а јас, презвитер Пиониј, го примив тоа од нив, и го испитав во светлост откровението што го добив од светиот Поликарп, кој ми се јави во видение. Го напишав и така го обновив она што долгото време го беше избришало, за нашиот Господ Исус Христос да ме прими и мене заедно со избраните Свои во небесното царство Свое. Нему слава со Отецот и Светиот Дух низ сите векови, амин.
Свети Поликарп пострада во 167 година.
СПОМЕН НА НАШИТЕ ПРЕПОДОБНИ ОТЦИ ЈОВАН, МОЈСЕЈ, АНТИОХ И АНТОНИН
Од овие четворица, преподобен Јован беше ученик на преподобниот Лимниј, кој се подвизуваше во една гора близу Таргала, како што веќе рековме под 22 февруари. Овој преподобен Јован се беше населил во една многу студена гора што се наоѓала на север. Тој помина во неа дваесет и пет години без покрив и засолниште. Се хранеше само со леб и сол. Носеше кострет, а околу телото многу тешки железни синџири. Оптеретен од нив и печен од сончевата горештина, овој храбар подвижник никогаш не си дозволи себе си никакво олеснување и одмор во овие страдања. Дури и бадемот што беше посаден пред неговото живеалиште од еден негов познаник, кој со времето израсна во дрво и даваше сенка, преподобниот го отсече, за да не може да ја користи неговата сенка за свој одмор. Подвизувајќи се така, преподобниот Јован отпатува кај Господа.
Блажениот пак Мојсеј, угледувајќи се на животот на преподобниот Јован, се насели на една височина, близу местото Рама, и тука живееше во подвижнички подвизи. А славниот Антиох, иако беше во години, си зададе тешки подвизи. Преблажениот пак, Антониј, иако беше старец, со ѕид си огради едно многу пусто место, и се подвизуваше таму како и младите, зашто исто како нив и тој јадеше само леб и сол; и пиеше само вода исто како и тие; и носеше кострет исто како и тие; и твореше бденија и молитви. Воопшто речено, овие четворица преподобни по цел ден и по цела ноќ беа во подвизи и трудови, така што нивната истрајност и јунаштво не ги намали ниту долготрајното подвизување, ниту староста, ниту болеста, зашто во срцата имаа божествена љубов и ревност, да се трудат за Бога и да се подвизуваат. Откако го поминаа животот во такви подвизи, тие во мир ги предадоа своите души во рацете Божји.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЗЕВИН
и неговите ученици, нашите преподобни отци:
ПОЛИХРОНИЈ, МОЈСЕЈ И ДАМЈАН
Божествениот Зевин, си направи ќелија на една планина и се подвизуваше во неа сѐ до својата старост. Тој со својата истрајност во светата молитва ги надминуваше сите преподобни отци во своето време. А, бидејќи поради староста повеќе не можеше да стои за време на молитвата, блажениот се потпираше на својот стап, и така се молеше и го славеше Бога. Откако го проживеа својот чудесен и богоугоден живот, тој премина од овој живот и отиде кај Господа.
Божествениот Полихрониј беше ученик на преподобниот Зевин. Тој толку силно ги подражаваше доблестите на својот учител, и така ги одразуваше во себе неговите одлики, како што ни печатот не може да се одрази себе си врз восокот. И тој го практикуваше Зевиновото стоење и непрекината молитва. Но не сакаше да носи железни ланци, затоа што се плашеше да не му се возгордее душата поради тоа. Наместо тоа тој пресече едно дрво, со голема тежина, и преку ноќта го ставаше на својот грб и така натоварен Му се молеше на Бога. А кога некој ќе дојдеше и ќе затропаше на вратата од ќелијата, тој ќе го симнеше од себе товарот и го криеше на посебно место, за да ја одбегне пофалбата и славата од луѓето. Поради таквите подвизи блажениот Полихрониј ја доби од Бога благодатта на чудотворството. Така, тој со својата молитва еднаш ја запре сушата и наеднаш заврна дожд; исто така со својата молитва тој со елеј наполни еден празен сад. Правејќи такви и многу други чудеса, се пресели кај Господа.
И другите двајца преподобни, Мојсеј и Дамјан, исто така беа ученици на божествениот Зевин. Мојсеј остана со Зевин до крај, укажувајќи му секакво послушание и услуга како на свој татко,и угледувајќи се во сѐ на животот на блажениот старец. Дамјан за свој учител во монашкото живеење најнапред го имаше преподобниот Полихрониј. Потоа во блиската околија, во едно место викано Наира, најде една мала ќелија и се насели во неа. И водеше ист живот како и неговиот учител Полихрониј. Кој добро ги познавал обајцата, кога ќе го видел Полихрониј му се чинело дека во него го гледа Дамјан, и ја набљудувал душата на едниот во телото на другиот. Од двајцата зрачела иста простота, иста кроткост, иста умереност; во двајцата течела иста слаткоречивост, иста трезвеност и устременост на душата, исто сфаќање на Бога, ист труд, и бдеење, и храна, и сиромаштија, зашто и едниот и другиот во своите ќелии немале ништо друго освен наквасена леќа. Ете таква корист стекнал преподобен Дамјан од другарувањето со божествениот Полихрониј.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КЛИМЕНТ
Пострадал за Господа заклан со меч.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МОЈСЕЈ БЕЛОЕЗЕРСКИ
Се подвизувал во петнаесеттиот век во Троицкиот Белоезерски манастир, и за време на своето свето живеење бил награден од Господа со дарот на проѕорливоста.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПОЛИКАРП БРЈАНСКИ
Бил основач и игумен на Спаскиот манастир во градот Брјански. Се претставил после долгогодишен подвижнички живот во 1499 или во 1492 година. Неговите свети мошти се наоѓаат во соборната црква во Брјанск.
СПОМЕН НА СВЕТА ГОРГОНИЈА
сестра на свети Григориј Богослов
Меѓу избраните христијански семејства на кои сите, или речиси сите нивни членови Му се посветиле на Бога, спаѓа и светото семејство на нашиот свет отец Григориј Богослов. Во ова свето семејство со својата светост се прославија и светите родители: таткото Григориј и мајката Нона, и нивните свети деца: Григориј Богослов, брат му Кесариј, и нивната блажена сестра Горгонија.
Блажена Горгонија е родена во малиот град Назијанз, во близина на Кесарија Кападокиска, но според зборовите на нејзиниот брат Григориј, нејзина вистинска татковина беше горниот Ерусалим, небесниот град, кон кој се стремат сите вистински христијани. Што се однесува до нејзиното благородство, додава свети Григориј, тоа се состоеше во зачувување на ликот Божји во душата, и достигнување до полно богоуподобување преку добродетелите. Родители ѝ беа овие нови Аврам и Сара, односно свети Григориј, епископ на Назијанз, и неговата света сопруга Нона. Света Нона беше родена и одгледана во дом на христијански родители, додека Григориј во почетокот беше незнабожец и идолопоклоник. Со својата вера, добродетели и мудрост света Нона го обрати во верата Христова, зашто тој беше добар човек и имаше благ карактер. Обратен во христијанството преку света Нона, тој после светото крштение толку се прослави во верата и доблесното живеење, што беше избран за епископ на Црквата во Назијанз, каде што епископствуваше богомудро и богобојазливо сѐ до својот блажен крај во 374 година. А пак, блажената Нона, претставуваше образец на христијанските добродетели и побожност, прекрасна сопруга и богомудра мајка, украс и пофалба на женскиот род. Таа негувала толкава побожност кон Божјиот храм, што, според зборовите на нејзиниот син Григориј, никогаш не го свртела грбот кон исток каде што се наоѓа Жртвеникот и светиот Олтар, ниту пак некогаш разговарала во храмот за време на светите богослужби. Со таквите свои доблести и со своите непрекинати молитви кон Бога, таа одгледала така свети и доблесни деца и ги посветила на Бога.
Света Горгонија во сѐ се огледуваше на својата света мајка. Одгледана во толку свет дом и од толку свети родители, таа стана втора Нона, пример на добродетели и целомудреност за сите жени во своето време, а и за оние што живееја пред и по неа. Откако родителите ја дадоа во чесен и законски брак, таа живееше во бракот, надминувајќи многу девственици во целомудреноста и смерноста. Таа го соедини бракот со целомудрието, со тоа што целосно Му се предаде на Господ Бог, и макар што го имаше својот сопруг за глава на семејството, таа никогаш не забораваше дека прва и најважна глава за неа е Бог. Поради сето тоа, целосно се посвети на Бога. Но, голем и драгоцен беше нејзиниот подвиг, бидејќи таа успеа и својот сопруг да го привлече кон богоугодниот живот и кон творењето на добри дела. Освен сопругот, таа и своите деца, и децата на своите деца, успеа да ги направи да бидат како плод на Светиот Дух, зашто целиот свој род и дом духовно го роди и Му го посвети на Бога.
Со својата целомудреност блажена Горгонија ги надминуваше и оние целомудрени жени коишто ги опишува премудриот Соломон во изреките: „Од устата на праведникот тече мудрост, а злоштетниот јазик ќе биде пресечен“ (Изреки. 31,10 и понатаму). Затоа што во својот дом беше тивка и смирена, надвор од домот ретко се појавуваше, а очите и останатите сетила ги чуваше во честитост. Беше скромна и во облекувањето, и во однесувањето. Не се украсуваше со скапоцена облека, ниту со злато, ниту пак го премачкуваше своето лице со мириси и бои. Бидејќи тоа го прават само оние кои се противат на делото на Творецот и ја расипуваат сликата Божја на своето лице. За единствен украс блажена Горгонија го сметаше украсувањето на душата со христијански доблести и добри дела. Што се однесува до побожноста и љубовта спрема храмовите Божји и спрема свештениците, таа и тука предничеше, а исто така и во љубовта спрема страдалниците и во милоста спрема потребитите. Како во древноста праведниот Јов, така и таа секого го примаше во својот дом и го угостуваше со љубов. Беше вистинско прибежиште на бедните и мајка на сирачињата, и сите свои добри дела ги правеше тајно и сокриено од другите. Света Горгонија во исто време се оддаваше на две доблести, што луѓето обично не ги прават заедно, како на пример: давајќи обилна милостина на другите, таа за себе постеше и се воздржуваше. Често го читаше Светото Писмо, а уште почесто бдееше, некогаш стоејќи, а некогаш клечејќи на молитва.
Невозможно е да се опишат сите нејзини доблести. Затоа ќе раскажеме само две случки, од кои јасно се гледа наградата што ѝ ја даде Бог, уште овде на земјата, за нејзините многубројни богоугодни добродетели.
Еднаш света Горгонија патуваше со кола во која беа впрегнати мазги. Незнајно поради што, овие мазги ненадејно се разбеснија и како подивени започнаа да трчаат по патот. Тогаш се преврте колата и блажената падна меѓу нејзините тркала. Мазгите ни тогаш не застанаа, туку и понатаму бесно трчаа, а колата ја влечеше по патот, така што целото тело ѝ беше испокршено. Овој настан беше голема соблазна за неверниците, зашто тие се прашуваа: „Како така Бог да допушти, една толку света жена, да доживее толку големо зло?“ А пак, слугинката Господова, не обраќајќи им внимание на своите големи рани и неподносливи болки, не сакаше да повика лекари, туку целата своја надеж ја положи во Бога. И навистина, не помина долго време, а блажена Горгонија потполно оздраве и со тоа се покажа чудесната мудрост и благост Божја. Зашто Бог допушти оваа блажена да пострада како обичен човек, а потоа направи да биде исцелена на необичен и натчовечки начин. Така со ова чудо се исцелија и оние коишто претходно се беа соблазниле.
Во друга прилика блажена Горгонија многу тешко се беше разболела. Целото тело и крвта во жилите час ѝ гореа како во оган, а час ѝ се изладуваа и смрзнуваа. Оваа состојба ѝ се променуваше повеќе пати и преподобната лежеше во постелата со потполно одземени раце и нозе, и никакви лекарски вештини и лекови не можеа да ѝ помогнат, па дури ни солзите на нејзините родители и молитвите на многумина околу неа. Што направи тогаш света Горгонија? Откако ја изгуби надежта од секаква човечка помош, прибегна кон единствениот лекар на сите - Бог. Една ноќ, кога болеста малку беше попуштила, додека сите спиеја, таа отиде во црквата и со силна вера припадна пред светиот Жртвеник, на цел глас повикувајќи Го на помош Бога, Кој се прославува на тој Жртвеник и со солзи и плачни молитви кон Христа изрече дека нема да излезе од црквата, сѐ додека не добие оздравување. При тоа таа зеде дел од своите солзи и ги помеша со честици од чесното тело и крвта Христови, што беа уризничени, и со тоа го помаза своето тело. Тогаш се случи чудо. Веднаш доби спасение и оздравување. И блажената со лесно тело и со леснотија во душата и умот, стана и се врати дома здрава, добивајќи на тој начин исполнување на својата цврста вера и надеж во Бога.
Блажена Горгонија се упокои на овој начин:
Бидејќи таа одамна сакаше што порано да си замине од земјата и да отиде кај Христа, пред Кого имаше голема слобода, пред смртта го доживеа следното:
По едно долго бдеење пред Бога, ѝ наиде сладок сон. Во тој сон таа имаше видение во кое ѝ беше кажан денот и часот на нејзиното заминување кај Господа. Блажената немаше посебна потреба да се подготвува за смртта, бидејќи целиот нејзин живот беше чист, а беше и потполно очистена со Духот Свети во светото крштение, коешто го беше примила. Единствено Му се молеше на Бога и нејзиниот сопруг да се крсти, што Бог ѝ го исполни, зашто Он насекаде ја твори волјата на верните слуги Свои. Кога дојде наговестениот ден на нејзината смрт, после кратко боледување блажена Горгонија му се претстави на Господа Бога, откако претходно им беше рекла на своите најблиски сѐ што имала да им каже како своја желба, совет и поука. На смртната постела, нејзиниот блажен татко, стариот епископ Григориј, се наведна над неа и ја слушна како тивко ги изговара зборовите на Божествениот псалмопевец: “Во мир легнувам и спијам; оти Ти, Господи, си ми влеал надеж да живеам...“ (Пс. 4, 8), што навистина се однесувало и на неа. Се упокои блажена Горгонија и не доживеа старост, но беше пребогата со доблести и богоугодни дела.
Се претстави околу 370 година.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ДАМЈАН
Нашиот преподобен отец Дамјан многу млад дошол во манастирот Есфигмен на Света Гора, каде што живеел примерен монашки живот. Потоа се населил да живее во близина на манастирот, на еден рид викан Самарија, кој се наоѓа помеѓу манастирите Есфигмен и Хилендар. Тука живееше во осаменост и безмолвие и уживаше посебно пријателство со светиот Козма Зографски, што се гледа од неговото житие. Блажениот Дамјан беше вистински послушаник и сигурен чувар на наредбите на отците. Тоа посебно се гледа од следното: Тој имаше заповед од својот старец - никогаш да не ноќева надвор од својата колиба. Еднаш отиде кај еден духовник кој живеел во близина на манастирот Хилендар. Но, бидејќи не го затекна дома, го чекаше додека да се смрачи. Потоа му остави порака и се врати назад. Беше многу темно, магловито и дождливо, па браќата од таа ќелија го молеа да остане и да преноќева кај нив. Но Дамјан, имајќи ја на ум заповедта од својот старец, не ги послуша и се упати кон својата колиба. Но поради силниот дожд и мракот, светиот залута од патот. Не знаејќи ни каде оди, ни каде се наоѓа, тој од дното на својата душа, плачно повика: „Господи Исусе Христе, спаси ме - загинувам!“ И ете чудо! во тој момент на некој начин тој се најде пред својата колиба.
По претставувањето на блажениот, кое се случи во 1280 година, до четириесеттиот ден од неговиот гроб излегувал неискажлив, прекрасен и силен мирис, што се чувствувал дури долу во манастирот Есфигмен, на оддалеченост од цел час одење. Така Бог го прослави својот угодник заради богоугодната чистота и вистинската возвишеност на неговиот живот. По неговите молитви да се удостоиме и ние на вечна слава! Амин.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ТЕА
За верата во Господа била заклана со меч.