8. Март (24. Февруари)
НАОЃАЊЕ НА ЧЕСНАТА ГЛАВА
на светиот Пророк Претеча и Крстител Господов
ЈОВАН
По злобното барање на Иродијада, му беше отсечена главата на свети Јован Крстител и ѝ беше однесена на чинија. Тогаш таа со игла го избоде јазикот на светителот којшто го изобличуваше нејзиното беззаконие. И откако до мила волја ја исмеа неговата чесна глава, таа не дозволи да ја погребаат заедно со телото, бидејќи се плашеше пророкот Јован да не воскресне некако ако неговата глава е заедно со телото, и да не започне повторно да ја изобличува. Згора на тоа, таа нареди неговото тело да се фрли било каде. Но учениците на свети Јован дојдоа ноќе, тајно го зедоа телото и го погребаа во самарискиот град Севастија. А неговата глава, Иродијада ја закопа во својот дворец, на некое скриено и бесчесно место, длабоко во земјата. За тоа знаеше Јована, жената на дворјанинот Хуза, којашто свети Лука ја спомнува во Евангелието. Добрата и благочестива жена, жалејќи го невино убиениот свет пророк Јован и не можејќи да поднесе главата на Божјиот човек да остане на бесчесно место, тајно ја извади од земјата, ја положи во земјен сад, ја однесе и ја погреба на Гората Елеонска на имотот на Ирод.
А кога гласот за Исус Христос дојде до Ирод, дека Он прави големи чудеса, тој со Иродијада се исплаши и помисли дека воскреснал Јован. Затоа и двајцата веднаш ја побараа главата на Крстителот Господов, но не ја најдоа. Тоа многу ги загрижи. Тогаш Ирод им рече на своите двојрани за Исуса: „Тоа е Јован Крстител на кого јас му ја отсеков главата; тој воскреснал од мртвите и затоа прави чудеса“ (Мк. 6, 16).
По долго време, некој истакнат царски благородник, по име Инокентиј, поверува во Христа, го напушти светот, дојде во светиот град Ерусалим, го купи она место на Маслиновата Гора кое некогаш беше Иродов имот, си направи ќелија за себе, се замонаши и живееше таму, трудејќи се да му угоди на Бога. Сакајќи да соѕида мала црква од камен, тој копаше длабоко, и по Божја промисла најде земјен сад и во него глава. Според некои чуда кои се случија во тоа време и по Божјо откровение, Инокентиј дозна, дека всушност, кај него се наоѓа главата на великиот пророк и Крстител Господов, Јован, и тој ја чуваше кај себе како најскапоцена светиња. Тоа беше првото наоѓање на главата на свети Јован Крстител. Пред својата смрт откако видел дека насекаде владеат јазичниците, и сакајќи да ја зачува од потсмев светата глава, Инокентиј ја зеде, ја целиваше и пак ја закопа на истото место каде што и ја пронајде. И така светата глава на Претечата пак беше сокриена на некогашниот имот на Ирод. Таму сега имаше ќелија и мала црква на инокот Инокентиј. По неговата смрт тие опустеа, и со текот на времето се срушија и се срамнија со земјата. И повторно многу години никој не знаеше за чесната глава на свети Јован.
Во време на царувањето на Константин Велики, кога тој се просвети себе си со свето крштение, и преку својата света мајка Елена ги исчисти и обнови светите места во Ерусалим, и светата вера насекаде цветаше и сјаеше како сонце, двајца монаси од Исток се договорија да отпатуваат во Ерусалим и да се поклонат на чесниот и животворен Крст, што го беше пронашла царицата Елена, на Гробот Господов, и на сите свети места. Кога дојдоа во Еусалим и ги посетија светите места, на едниот од нив му се јави на сон свети Јован Крстител, му нареди да ја извади од земјата неговата глава, и му го покажа местото каде е сокриена.
Штом се разбуди, му го раскажа сонот на својот другар, но тој не му поверува. Следната ноќ светиот Претеча им се јави во сонот и на двајцата, и им рече: „Немојте да бидете неверни, туку направете го тоа што ви се наредува“. Кога станаа, тие си раскажаа еден на друг за тоа видение и се упатија кон местото што им беше посочено. Копајќи, ја пронајдоа светата глава на Крстителот, тоа бесценето богатство, ја ставија во вреќа од камилски влакна и тргнаа кон својата татковина.
Во тоа време еден човек од градот Емеса, по занает грнчар, го остави својот град и семејството поради сиромаштија, и тргна кон друг крај. По патот ги достигна овие двајца монаси, им се придружи и патуваа заедно. Тогаш тие му ја дадоа вреќата со чесната глава на својот сопатник, тој да ја носи. А пак, човекот ја носеше, но не знаеше што има во вреќата. Тогаш му се јави свети Јован, и му рече:
- Побегни од твоите сопатници заедно со вреќата што ти е во рацете.
Светителот му го нареди тоа, оти виде дека овие монаси се неодговорни и мрзливи. Зашто како прво, тие не му поверуваа на неговото јавување, а потоа самите не сакаа да ја носат чесната глава Негова, туку му ја доверија на прост и непознат човек. Освен тоа светиот сакал да му направи добро на овој сиромав човек и да го поттикне на богоугоден живот.
Грнчарот го послуша светителот, побегна од монасите и се врати во својот дом, носејќи ја како скапоцено богатство главата на Крстителот Господов. Заради неа Бог го благослови домот на грнчарот со секое изобилие, а тој ја почитуваше главата негова, и секој ден ја кадеше, палеше свеќи и се молеше. Го минуваше така својот живот, а пред својата смрт, по желба на самиот свети Јован, тој ја положи неговата чесна глава во еден земјен сад кој го стави во едно ковчеже. Потоа го запечати кофчежето и ѝ го предаде на својата сестра. Подетално ѝ раскажа како тој поради светата глава од сиромав стана голем богаташ, и ја заветуваше да ја чува со стравопочит и да не го отвара ковчежето сѐ додека не ѝ нареди самиот свети Јован. Потоа ѝ заповедаше пред својата смрт да му го врачи ковчежето на некој богобојажлив и доблесен човек.
И така чесната и света глава на светителот преминуваше од еден кај друг, па дојде и до некој монах и презвитер по име Евстатиј, кој живееше во една пештера во близина на градот Емеса. Тој беше припадник на аријанската ерес. Кај него доаѓаа болните и се исцелуваа со чудесната благодат што излегуваше од светата глава којашто тој ја чуваше во тајност. Но тој монах, крчмарејќи со благодатта Божја тие чудеса си ги припишуваше на себе и на своето еретичко зловерие, сокривајќи ја вистината од луѓето. На тој начин тој многумина придоби за ереста. Но сите во градот Емеса дознаа за неговото зловерие. Тогаш епископот се договори со кнезот, па испратија луѓе да го протераат од таа околија. Тогаш еретикот замоли да му дозволат да остане уште еден ден и вети дека утре сам ќе си замине. Преку ноќта тој го закопа садот со светата глава длабоко во земјата, надевајќи се дека еден ден ќе дојде, ќе ја извади кришум, и повторно преку нејзиното чудотворство ќе почне да го јакне своето зловерие. Но штом ја напушти пештерата, во неа се населија правоверни и доблесни монаси, та еретикот не можеше повеќе да се допре до сокриеното духовно богатство. Со текот на времето тука се собраа многу браќа и при пештерата се основа манастир, но никој не знаеше за светата глава на Крстителот. По многу години, во половината на петтиот век, ја пронајде архимандритот на обителта, Маркел, кој вели:
- Нека е благословен Господ Исус Христос, што ме удостоил мене, својот слуга Маркел, да бидам очевидец на видението кое ми беше откриено на сон, на 18 февруари, во средопосната недела на светата велика Четириесетница: видов како сите врати на нашата обител беа отворени. Се исплашив, па си помислив да излезам и да ги затворам. Но видов како тече река пред вратата на нашата обител; зачуден, си мислев: од каде толку вода? И додека размислував за тоа, слушнав глас од многу хорови кои од исток, доаѓаа по водата кон нас. И секој хор на различен јазик, пееше:
- Еве, се јавува свети Јован, Крстителот Христов!
Пеејќи така, хоровите влегоа во манастирот. А јас ја напуштив вратата и набљудувањето на реката, и преплашен се искачив на врвот на лествицата. Од таму во обителта здогледав два двора, еден на запад, а друг на југ, и голема црква помеѓу нив. Секој хор влегуваше во дворот спрема запад и од таму одеше во црквата, се поклонуваше и излегуваше на јужните двери. Кога престана поворката на хорови повторно слушнав други гласови, кои пееја:
- Еве го светиот велик Јован Крстител! - погледнав и Го видов во црквата, и со него уште двајца, едниот од левата, а другиот од десната страна. Хоровите започнаа да му приоѓаат еден по еден и да земаат благослов од него. Се решив и јас да му пријдам и да испросам благослов. После сите, и јас со страв и трепет влегов на другата врата, ничкум паднав пред него и се допрев до неговите нозе. А Он ме подигна, ме прегрна со љубов, ме целиваше, па извади од своите пазуви еден сад полн со мед и ми го даде, говорејќи:
- Прими благослов! - го рече тоа и тргна. Одејќи по него, јас видов огнен столб како оди пред него, се исплашив и се разбудив.
Следната ноќ им наредив на браќата да пеат псалми по пропишаните правила. И додека пееја, брат Исакиј здогледа светлина од прозорчето во црквата на светата пештера, каде што била сокриена чесната глава на светиот Јован, за која ние не знаевме. Штом ја виде светлоста, братот повика:
- Оче, ене гледам светлина во светата пештера.
А јас му реков:
- Не плаши се, брате, туку прекрсти се и молчи. По пет дена, на полноќ, додека спиев, ме допре една рака, ме чукна три пати, и ми рече:
- Ете, вам сум ви даруван. Стани и појди по ѕвездата која ќе оди пред тебе, и каде што ќе те одведе таа, таму раскопај ја земјата и ќе ме најдеш.
Од страв и трепет јас се разбудив и седнав. Тогаш видов како пред вратата на ќелијата стои зѕвездата, и многу исплашен се прекрстив и излегов. Ѕвездата одеше пред мене, и одејќи по неа јас влегов во пештерата. Кога ме доведе до местото каде што беше закопана чесната глава, таа стана невидлива. Јас се поклонив на Господа, паднав со лицето на земјата и долго се молев. Потоа запалив свеќа и темјан, зедов мотика и започнав да копам, призивајќи го Господа. После долгото и заморно копање наидов на една камена плоча. И кога со голема мака ја извадив, пронајдов свештен сад во кој беше чесната и блажена глава на Крстителот. Обземен од радост и страв, зедов свеќа и темјан, се осмелив да ја допрам, се поклонив, повторно го покрив чесниот сад, и излегов од пештерата. На вратата ме сретна пречесниот архимандрит Генадиј, кој беше дојден во нашата обител. Тој ме внесе во пештерата, се помоли, и ми го кажа своето видение. Видов, рече, како и двајцата стоиме на ова место и тука имаше многу јачмени лебови кои беа чисти и посветли од сонцето. Потоа видов како безброј луѓе влегувааат во пештерата и од нашите раце ги земаат тие лебови. И лебовите не само што не се потрошија, туку се множеа.
Кога го слушнав тоа, ми стана јасно дека тоа видение било од Бога и ја означува непресушната благодат на Крстителот, која сакала обилно да им се даде на сите на тоа место. Јас му раскажав за своето видение, му ја покажав главата и започнавме да се договараме како да постапиме понатаму. Јас сакав да молчиме и оваа тајна најпрвин да му ја соопштиме на блажениот старец, отец Стефан, кој предничеше во испосничкиот живот во Даромискиот манастир, па потоа тој да му каже на епископот. Но кога дојдовме во манастирот не го затекнавме ава Стефан таму. Тогаш порачавме да дојде побожниот ѓакон Киријак од соборната црква во градот. Кога дојде, тој ни рече дека имал видение, слично во сѐ со видението на Генадиј. Ние му ја кажавме тајната за светиот Претеча, а тој ни рече дека треба веднаш да го известиме епископот. Но јас сепак сметав дека треба да чекаме да се врати старец Стефан од посетата по околните манастири. И чекавме пет дена. А кога дојде сабота, додека си разговаравме, јас наеднаш се струполив на земјата и легнав болен на постела од ненадејна болест. По долгата молитва за мое оздравување, Генадиј и Киријак ми рекоа: „Нели ти рековме дека тајната треба да му ја соопштиме на епископот“. Тогаш јас се обвинив себе си поради тоа и кога тие ми рекоа дека ќе му соопштат на епископот за време на утрената, јас се согласив. Штом го сторив тоа веднаш ме напушти болеста и јас оздравев.
Пред зори сите заедно отидовме во градот, и го сретнавме епископот, кој по завршувањето на утрената излегуваше од црквата. Му раскажавме сѐ за чесната глава на Светиот Преттеча, а тој многу се израдува на тоа и ни нареди да не зборуваме никому за тоа и да се вратиме во манастирот. Кога се раздени, тој со презвитери и ѓакони дојде во нашиот манастир. Откако соборно отслужи света литургија, пријде до местото каде што беше садот со светата глава. И кога ѓаконот возгласи: „Да ги преклониме колената и да се помолиме на Господа!“ сите паднавме ничкум на земјата, и епископ Ураниј прочита молитва. Потоа го извади од земјата садот со чесната глава. Тогаш со епископот беше и презвитерот Малх. Не верувајќи, тој рече:
- Од каде овде главата на светиот Претеча?
И се дрзна да ја стави раката во садот и ја допре косата на чесната и сеславна глава, и веднаш му се исуши раката и се прилепи за садот. Сите беа восхитени од ова чудо. Тогаш пастирот заедно со присутните се помоли сесрдно на Бога и казнетиот презвитер едвај ја одлепи раката од садот, но остана болен. Тогаш епископот со целокупниот клир го зеде садот со богатството во него, го внесе во светата црква и го положи во светиот олтар. Остана тука сѐ додека не беше изграден посебен божествен храм на Светиот Претеча во градот Емеса и благолепието ја доби својата круна. Кога требаше да се пренесе светата глава во новиот храм, Крстителот му се јави на неверниот презвитер и му нареди за време на пренесувањето на садот да ја допре својата рака. Кога го направи тоа, презвитерот веднаш доби исцеление. Тоа е кажувањето на блажениот Маркел.
И свети Симеон Метафраст во Житието на преподобна Матрона пишува за наоѓањето на чесната глава на Крстителот:
Во тоа време еден човек, орајќи ја својата нива на едно место (каде што се наоѓаше онаа пештера и манастирот) виде како излегува оган од земјата. Тоа го виде многупати и затоа отиде во градот (во истиот ден кога Маркел со Генадиј и Киријак беа дошле кај епископот) и го извести епископот Ураниј. Епископот отиде на тоа место (во пештерата во која некогаш живеел еретикот Евстатиј) и откако се помоли нареди да се раскопа тоа место, Тогаш беше пронајден садот во кој се наоѓаше главата на светиот Јован Петтеча и гласот за тоа се пронесе насекаде. И се слеа многу народ таму, не само од градот Емеса туку и од сите околни градови и села. Дојде и преподобна Матрона од својот манастир заедно со сите сестри за да се поклонат на светата глава. И чесната глава започна да точи благомирисно миро и свештениците го миросуваа насобраниот народ со него, правејќи му крст на челото на секого. Од тоа миро во мал сад зеде и преподобна Матрона, сакајќи да однесе во својот манастир ради благослов. Но не можеше да помине низ народот, а пак луѓето кога видоа дека таа носи свето миро, многу ја молеа да ги мироса со него, зашто тие не можеа да дојдат до свештеникот. И таа ги миросуваше. Тука се најде и еден слепец, кој од своето раѓање ја немаше видено светлината. Тој ја замоли Матрона да го мироса и него со светото миро. Таа му ги помаза очите и слепиот веднаш прогледа.
По многу изминати години светата глава свечено беше пренесена од градот Емеса во Цариград и чесно положена во прекрасната црква на Крстителот, на местото Евдомон. За време на иконоборната ерес, иконоборците покрај светите икони ги палеле и моштите на светителите, и ги фрлале во мориња и реки, и ги бесчестеле на разни начини. Бегајќи од престолнината преполна со еретичко беззаконие, некои православни тајно ја зедоа со себе главата на Крстителот и ја однесоа во Коман каде што некогаш се претстави свети Јован Златоуст. Таму ја ставија во еден сребрен сад и повторно ја сокрија во земјата. И остана таму непозната за никого, сѐ до царот Михаил, синот на Теофил и неговата мајка царицата Теодора кои го зацврстија православието. Во нивно време по Божјо откровение таа повторно беше пронајдена и пренесена во Цариград од пресветиот патријарх Цариградски, Игнатиј, а во чест и слава на нашиот Бог Христос заедно со Отецот и Светиот Дух славен за навек, амин.
Треба да се спомене дека додека беше жив, свети Јован Крстител не направил ниту едно чудо (Јн. 10, 14), меѓутоа, на неговите мошти им беше дадена благодатна, чудотворна моќ.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ГЕРУЛ, ЛУКИЈ И СЕРГИЈ
За верата и исповедањето на Господа Христа пострадале во Кесарија Кападокиска во времето на царот Диоклецијан.
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЕРАЗМО,
инок Печерски
„Венец на мудрите е богатството нивно“, вели премудриот Соломон (Изреки. 14, 24). Особено кога со своите богатства ги украсуваат црквите Христови, затоа што со тоа го стекнуваат Царството небесно. Таков украсувач на храмовите Божји беше нашиот преподобен отец Еразмо, инокот Печерски. Заради тоа тој се здоби со венецот на Царството небесно од рацете на Венчавателот со милоста и добрината. Преподобен Еразмо наследи огромно богатство од своите родители, па мудро расуди: на монахот не му е дозволено да стекнува и да има земни богатства. А бидејќи го сакаше благолепието на домот Господов, тој целиот свој имот го потроши на украсување на цркви, особено на позлатување и посребрување на икони. И молејќи се пред нив и имајќи вера и љубов кон нив, тој и душата своја ја украсуваше не со злато и сребро, туку со чистотата, љубовта и со сите доблести на монашкиот закон. За своето благолепие, тој заедно со пророкот би можел да рече: „Помил ми е законот на устата Твоја отколку илјадници златници и сребреници“ (Пс.118, 72).
Со преподобниот Еразмо се случи вакво искушение:
Кога го потроши целиот свој имот и стана потполно сиромав, сите престанаа да му обраќаат внимание, и беше презрен од сите. Тогаш препредениот соблазнител, ѓаволот, започна да му уфрла зла мисла во срцето, дека тој залудно го потрошил својот имот на украсување на цркви. „Подобро би било, му зборуваше ѓаволот, да си го употребил за милостина на бедните“. Еразмо, му се поддаде на тоа искушение и поверува, поради што се презре себе си, падна во очајание и почна да живее бесцелно и беззаконски. Но милостивиот и праведен Господ, паметејќи ги претходните добрини на Еразмо го спаси да не загине, на следниот начин:
Допушти да го нападне тешка болест; му се приближуваше крајот на животот, и тој седум дена лежеше без да зборува и да ги отвара очите. На осмиот ден се собраа сите браќа околу него, и гледајќи го неговото страшно умирање, се ужасуваа и говореа: „Тешко на душата на овој брат, зашто го помина животот во мрзливост и гревови, па неговата душа не може да излезе од телото“. И разговараа за неговите гревови, оти се чинеше дека тој не знае за себе.
Но ете, одненадеж блажениот Еразмо се поткрена, седна, како никогаш да не бил болен, и им рече на монасите: “Отци и браќа, навистина е така како што велите. Јас сум грешен и непокајан, но еве, ми се јавија нашите преподобни отци свети Антониј и свети Теодосиј, и ми рекоа: „Се молевме за тебе на Господа, и Господ ти дарува време за покајание“. Потоа ја видов и Пречистата Пресвета Богородица, онака како што е на иконата, држејќи го на раце Предвечниот Младенец - својот Син, нашиот Бог Христос, и со неа мноштво светии. Таа ми рече: „Еразмо, бидејќи ти ја украси мојата црква и ја збогати со икони, и јас ќе те украсам тебе и ќе те возвеличам со слава во царството на мојот Син. Зашто сиромашните ги имате со себе на секое место, а црквите мои ги немате. Затоа стани, покај се, и прими го великиот ангелски образ; и по три дена, очистен со покајанието, јас ќе те земам кај себе, оти на таков начин си го засакал благолепието на мојот дом“.
Откако им го изговори тоа на браќата, блажениот Еразмо пред сите започна да ги исповеда своите гревови, без да се срами. Потоа стана, влезе во црквата и беше потстрижан во схима. Во третиот ден, со радост отиде кај Господа и кај Пресвета Богородица, како што Таа самата му прорече.
Со тоа јасно се покажа дека украсувањето на црквите со икони е угодно дело на Бога, и дека поради тоа таквите украсители Господ ги сврстува во ликот на Светиите Свои. По молитвите на преподобен Еразмо, да се удостоиме и ние на Царството небесно, амин.