9. Март (25. Февруари)
ЖИТИЕ НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ТАРАСИЈ ЦАРИГРАДСКИ,
патријарх Цариградски
Свети Тарасиј се родил во Цариград околу 730 година, од татко Георгиј и мајка Енкратија, кои беа од висок род. Ја изучи севкупната книжевност и светска философија, и на царскиот двор заземаше разни високи функции. Стана сенатор и советник на царот. А тогаш царуваше синот на Лав, Константин Шести (780-797), со својата мајка Ирина (780-802). Константин имаше десет години кога стана цар. Во тоа време пламтеше иконоборната ерес која започна од царот Лав Исавријанин. Во тоа време патријарх беше Павле Кипарец (780-784), добродетелен и побожен маж, но плашлив, зашто тој ги набљудуваше големите страдања на кои беа подложени многумина поради светите икони, од страна на злочестивиот цар, ја сокриваше својата побожност, и се мешаше со еретиците. Кога почина злиот цар, тој сакаше да го прослави побожното почитување на иконите, но не можеше зашто немаше свој помошник, а иконоборството се беше зацврстило во целиот град и околните покраини. Тогаш намисли да го остави патријаршискиот престол, на кој не беше повеќе од четири години. Се разболе и тајно отиде во манастирот свети Флор, и зеде на себе света схима. Сите беа изненадени за ваквиот негов чекор, а царицата Ирина многу се натажи и го посети во манастирот.
Заедно со својот син царот Константин, таа појде кај него и го праша:
- Зошто постапи така, оче? Поради што?
А тој ѝ одговори:
- Мојата болест и очекувањето на смртта која ми се наближува, ме доведоа во овој свет схимнички образ. А особено црковниот раздор и неред, тие ме примораа да го напуштам престолот. Црквата боледува од иконоборната ерес, а јас несреќниот, веќе три пати сум дал своерачен потпис и согласност со таа ерес, зашто не успеав да ги одбегнам неговите замки, и сега поради тоа многу се каам. Она пак, што најмногу и неизмерно ја жалости мојата душа е тоа што гледам како сите покраини на вашето царство кои непоколебливо го држат правилото на верата, и во православното учење стојат и се веселат, ѝ се туѓи на нашата црква, и од себе како од Христово стадо нѐ гонат нас како туѓи овци; и поради тоа се одрекувам да бидам пастир на еретички собор и помило ми е да бидам во гробот отколку под анатемата на четирите свети апостолски престоли. Но, бидејќи Бог го даде скиптарот во вашите раце со царска грижа да се грижите за христијанското стадо и поднебесје, немојте да се оглушите на тагата на вашата мајка, Црквата, ниту пак да ја оставите понатаму да остане во неутешна тага, туку погрижете се повторно да заблеска со својата древна красота. Немојте да дозволите во времето на вашето благоверно царување одвратната ерес и понатаму да го бесчести лозјето Христово, и да го сквернави со злочестиво умување. Имате достоен работник, кој може да произведе грозје на вистинското вероисповедување, кој мувлосаното во божествената каца на едната Црква може да го наполни со чашата на мудроста, и на верниот народ да му приготви питие од православни сфаќања.
Тие го прашаа:
- За кого зборуваш, оче?
Тој им одговори:
- Ви зборувам за Тарасиј, вашиот прв советник. Знам дека тој е способен да управува со црквата, моќен е со жезолот на разумот да ги избрка еретичките кораби, да биде добар пастир на Христовото стадо и да го собере во трлото на правоверието.
Од таквото искажување на патријархот Павле, благочестивата царица Ирина и нејзиниот син, царот Константин си заминаа тажни. А на сенаторите кои беа останале кај него Павле, им рече:
- Подобро никогаш да не седнев на тој престол, кога Црквата со гонење е пореметена и од вселенските престоли е проколната. Ако не се свика седми Вселенски Собор и не се уништи иконоборната ерес, вие не можете да се спасите.
Сенаторите го прашаа:
- Тогаш, зошто ти, при своето посветување за патријарх си дал писмена согласност со иконоборството?
Павле одговори:
- Затоа сега и зедов покајание на себе. И се плашам Бог да не ме казни, оти молчев од страв, и не ви ја зборував вистината. А сега се каам и ви велам, дека нема спасение за вас ако останете во таа ерес.
По неколку дена, патријархот Павле се упокои во мир. Од тогаш луѓето во Цариград започнаа слободно да разговараат и да се препираат со еретиците за светите икони. А од времето на Лав Исавријанецот, па сѐ дотогаш никој не смеел уста да отвори во заштита на почитувањето на светите икони.
Царица Ирина со целиот свој царски совет бараше достоен и мудар човек на местото на Павле, кој би бил во состојба да ги отстрани црковните проблеми. И не најде друг освен Тарасиј, мирјанинот, кого и Павле го предложи за патријарх. Но, Тарасиј упорно го одбиваше тоа. Тогаш царицата ги повика сите духовни и световни достоинственици заедно со народот, во палатата викана Магнавра која се наоѓала во предградието Еда, и им рече:
- Вам ви е познато дека патријархот Павле нѐ остави нас. Затоа е потребно да избереме добар пастир и учител за Црквата.
И сите во еден глас, повикаа:
- Не може да биде никој друг, освен Тарасиј!
Тогаш Тарасиј излезе, застана во средината, и рече:
- Ја гледам Божјата Црква растргната и разделена. И оние од исток, и оние од запад секој ден нѐ проколнуваат. Тешка е клетвата и отсекувањето од царството Божјо. Ако се свика Вселенски Собор и сите верно и сложно се соединиме како што и крштението е едно, така и верата да биде една, зашто ништо не му е угодно на Бога освен сите да живеат во единствена вера и љубов, - тогаш и јас, иако сум недостоен и неискусен, се согласувам да ја примам управата над Црквата. Ако пак, не се свика Вселенски Собор, не се искорени ереста и не се соедини верата со сите источни и западни цркви, тогаш јас не сакам да бидам осуден и проклет, и не се согласувам да бидам патријарх, оти никаков цар нема да може да ме избави од судот Божји и вечната казна.
Кога го слушнаа тоа сите се сложија дека треба да се свика седми Вселенски Собор и го молеа блажениот да не одбива да им биде пастир, ветувајќи му дека ќе му бидат послушни во сѐ.
Така измолен, светителот се согласи и според законот прими посветување во сите чинови и го зазеде патријаршискиот престол. Како човек со високо образование и голема ревност во православната вера, Тарасиј беше цврсто уверен и полн со надеж дека со Божјата помош ќе може да ја искорени иконоборната ерес од Црквата. Променувајќи го своето звање од световно во духовно, свети Тарасиј веднаш го зеде на себе и духовниот живот, и како патријарх се оддаде на богоугоден живот. И стана ангел во тело, горејќи со духот, работејќи за Господа, а потчинувајќи го телото на духот. Неговото воздржание беше огромно и будноста непрекината. Времето го минуваше во богоразмислување и сеноќни молитви. Не легна на мека постела ниту некој од неговите слуги го виде некогаш да го симне од себе појасот и облеката, кога мораше да отпочине. Никогаш не си дозволи некој да му ги врзува обувките, имајќи ги на ум зборовите Христови:
„Не сум дошол да ми служат.“ (Мт. 20, 28), туку самиот си беше слуга на себе, давајќи им на другите пример на смирение. Беше неизмерно милостив спрема бедните и сиротите: гладните ги хранеше, голите ги облекуваше, болници им градеше, секојдневно им испраќаше храна од патријаршискиот двор и лично им служеше, посебно во денот на Христовото воскресение. Тогаш тој лично им ја поставуваше трпезата со своите раце. Тоа го правеше и во другите големи празници, и ги имаше запишано и нивните имиња кај себе, а изгради и гостоприемница. Од својот родителски имот подигна и манастир на Тракијскиот Босфор. Во него собра доблесни монаси, од кои многумина достигнаа до таква светост и совршеност, што беа избирани и за архиереи, и станаа непоколебливи столбови на вселенската вера.
Свети Тарасиј ревносно се трудеше околу светите икони за на некој начин повторно да им го врати претходното достоинство и почитување, и да ја уништи богохулната ерес. Поради тоа инсистираше кај царевите да се свика Вселенски Собор. Тогаш царот Константин и царицата Ирина, која управуваше со царството поради малолетноста на својот син, им напиша на сите патријарси и епископи, повикувајќи ги на собор. И во Цариград се собраа епископи од сите страни. Римскиот патријарх Адријан испрати свои пратеници, бидејќи не можеше да дојде поради далечината, а Александрискиот, Антиохискиот и Ерусалимскиот патријарх, веќе беа под агарјанско ропство и не беа во состојба да дојдат. Затоа и тие испратија свои заменици, побожни и духовно мудри луѓе.
Соборот се одржуваше во големата црква на светите Апостоли, која ја изгради првиот христијански цар, Константин Велики. Кога се собраа епископите во неа, на чело со свети Тарасиј и останатите знаменити епископи, а беа присутни и самиот цар Константин и неговата мајка, царицата Ирина, одеднаш дојде огромна вооружена војска, го заобиколи храмот и со смрт ги заплашуваше епископите. Подготвени тајно од некои епископи и велможи, припадници на иконоборната ерес, војниците влегоа во црквата со дерење и викање: „Нема да дозволиме да се исфрлат догматите на царот Константин. Нема да дозволиме повторно да се внесат идолите (така ги нарекуваа тие иконите), во домовите Божји. А ако некој се дрзне да го направи тоа, веднаш оваа земја ќе биде натопена со крвта на епископите“. Иконоборците во својата заблуда ги нарекуваа идоли светите икони, без да сфатат дека православните христијани во иконите го почитуваат изобразувањето на Божеството и на светиите, а не самите даски на кои тие се насликани.
Кога го видоа ваквиот метеж, царевите дадоа знак епископите да се разотидат, за да се одбегне немир во црквата.
Тие војници, благочестивата царица Ирина ги лиши од чинот и ги испрати по селата да ја обработуваат земјата.
Потоа беше уредено соборот да се одржи во витинискиот град Никеја, во кој некогаш се одржа Првиот Вселенски Собор со 318 свети Отци, против еретикот Арија. Сега таму, по втор пат се собраа свети Отци.
Свети Тарасиј дојде заедно со замениците на Адријан Римски: архипрезвитерот Петар и ава Петар, заменикот на александрискиот патријарх Политијан, монахот и презвитер Тома, заменикот на антиохискиот патријарх Теодор и ерусалимскиот патријарх Илија, монахот и презвитер Јован. Свети Тарасиј доведе со себе и еден царски советник, по име Никифор, кој подоцна поради својот добродетелен живот го наследи свети Тарасиј на престолот. Со овие и останатите свети Отци, кои беа триста шеесет и седум на број, пресветиот Тарасиј го свика Седмиот Вселенски Собор во соборната црква во Никеја. Првото заседание на светите Отци беше одржано на 24 септември 787 година, на денот на светата првомаченица Текла. Во уводниот збор, свети Тарасиј образложи зошто е свикан Соборот и ги замоли епископите правилно да судат и да ги искоренат новите неправославни учења, коишто беа внесени во Црквата. Потоа беше прочитано царско послание до Соборот, во кое се потсетуваше дека патријархот Павле пред својата смрт советуваше со соборна одлука да се осуди иконоборната ерес. Светите Отци ги благословија царот и царицата што така ревносно се грижат за Православието. Потоа беше прочитано и сослушано покајничкото обраќање и православното вероисповедување од страна на епископите кои беа западнале во ереста. Држејќи во рацете свиток, Василиј Анкирски од него читаше:
- На оние кои не ги почитуваат светите икони - анатема! На оние кои светите икони ги нарекуваат идоли - анатема! На оние кои ги отфрлаат преданијата на светите Отци, како што ги отфрлија Ариј, Несториј, Евтихиј, Диоскор, и не сакаат да ги прифатат преданијата кои им се покажуваат од Светото Писмо - анатема! Оние кои зборуваат дека светите икони не се предание од светите Отци - анатема! Оние кои зборуваат дека вселенската црква прима идоли - анатема!
Така постапија сите епископи и нивното покајание беше примено, и на Соборот им се даде место меѓу православните епископи. А овие кои не се одрекуваа од ереста им беше одложено судењето за некое време. Свети Тарасиј велеше: „Застарените болести и вкоренетите зли навики, не се лекуваат лесно“. Но подоцна, откако вистински се покајаа, нив ги прими светиот Собор и не им ги одзеде чиновите.
Светиот Собор продолжи со работа триесет дена. За тоа време светите Отци се состануваа и зборуваа за чесните икони, повикувајќи се на сведоштвата од Светото Писмо, на поранешните велики свети Отци и Учители, на древното црковно предание и така го обессилуваа еретичкото размислување. Отците се повикуваа на вистинската историја за светиот убрус (крпа за лице): изобразувајќи го Своето свето лице на убрусот, Господ Христос му го испрати на кнезот Авгар Едески, и откако му се поклони, кнезот беше исцелен од болеста. Исто така Отците се повикуваа и на иконата на светите апостоли Петар и Павле, која свети Силвестер, папа Римски, му ја покажа на царот Константин. Ја споменуваа и иконата Христова која беше оштетена од Евреите во Берит, за која зборува свети Атанасиј. Кога се читало тоа кажување на свети Атанасиј на Соборот, сите свети Отци плачеле. Најпосле светите отци ја проколнаа иконоборната ерес, и го воспоставија почитувањето на иконите. И по многугодишните страдања и маки, најпосле правоверниот народ ликуваше.
Така со сесрдното залагање на пресветиот патријарх Тарасиј, и настојувањето на благочестивата царица Ирина, беше отфрлена иконоборната ерес, и на Црквата Христова ѝ беше подарен мирот.
Управувајќи добро со Црквата Божја, свети Тарасиј многу ги застапуваше обесправените, и им помагаше на загрозените. Така еднаш, првиот царски мечоносец Јован, бил затворен во темница поради тешка вина и бил многу лишуван. Една ноќ тој побегнал, па отрчал во црквата, се фатил за светиот престол во олтарот, молејќи за милост и избавување од смрт. Светителот Божји го зеде под своја заштита и не им го предаде на војниците испратени од царицата Ирина. Тие, и дење и ноќе чуваа стража пред вратите на црквата, додека не излезе за да го фатат, зашто очекуваа дека мора да излезе од црквата поради телесна нужда. Но светителот Божји постојано го чуваше во светиот олтар и му даваше храна од својата трпеза. А кога требало да излезе поради тоа светителот го покривал под мантијата и низ вратата која била од десната страна го водел до нужникот, го чекал и пак под својата мантија го враќал назад во олтарот. Тоа го правел секој ден сѐ додека било потребно, служејќи му на тој човек како роб и не гадејќи се од таквата работа. Така пастирот ја пасеше својата овца, заштитувајќи ја од смрт. Најпосле, тој со својата архиерејска власт се застапи за овој човек и тој беше ослободен од казната.
Спокојот на Црквата не продолжи долго време. Кога стана полнолетен, императорот Констанциј во својата дваесетта година седна на престолот и наговорен од зли луѓе ѝ ја одзеде царската власт на својата мајка, која мудро управуваше со целото царство. Царувајќи сам, тој водеше слободен нечист живот, и стана многу расипан. Започна да управува самоволно и набргу се оддаде на страсти и пороци. Тој засака една своја сродничка, по име Теодотија, која живееше кај царицата и намисли да се ожени со неа и да се разведе од жена си Марија. За да може да ја оправда таквата постапка, тој ја наклевети Марија дека божем таа сакала да го отруе. Таа лага, тој им ја кажуваше на сите како жива вистина, па како на цар, сите му веруваа. И се пронесе глас низ целиот народ дека царицата сака да го отруе царот. Неговите блиски од страв не се осмелуваа да ја откријат ужасната клевета, но кога за тоа дозна патријархот Тарасиј, тој силно негодуваше. Беше многу тажен, бидејќи знаеше дека тоа е царева клевета против невината царица Марија. Затоа започна да размислува како да го изобличи царот и да го изведе на правиот пат.
Наскоро потоа, императорот испрати еден од своите сенатори при светителот, на кого му порача да му ја раскаже измислената клевета и да дознае дали патријархот ќе го благослови неговиот нов брак. Свети Тарасиј го ислуша целиот расказ, воздивна длабоко, и низ солзи му рече на пратениот: „Ако царот го намислил тоа што ти го велиш, и својата сопруга која според законот Божји станала едно тело со него, тој ја отфрли од себе, тогаш јас не знам каде ќе се крие од срамот, и како ќе очекува и ќе бара од своите поданици да живеат чесно и целомудрено, кога тој им дава ваков пример. Како тој ќе ги казнува гревовите на прељуба извршени од луѓето, кога самиот е роб на таквиот грев. Дури и кога би било вистина тоа што го зборуваш ти, сепак треба да се послуша гласот Господов, кој вели: „Секој што ја остава својата жена, освен за прељуба, тој ја тера да прељубодејствува; и кој се ожени со напуштена, тој прељубодејствува“ (Мт. 5, 32). Царицата е невина. Во тоа јас сум убеден. И побрзо би умрел отколку да дадам благослов за нов брак. Тоа е мојот одговор. Така ќе одговори и целото духовништво. Соопшти му го тоа на царот“.
Кога го слушна тоа, велможата си отиде потиштен и му кажа на царот сѐ што слушна од пресветиот. Константин многу се налути на ваквиот одговор од патријархот, но се плашеше да се крене против него, зашто знаеше дека сите го почитуваат заради неговите добродетели. Затоа го повика кај себе, надевајќи се дека со ласкави зборови ќе го придобие на својата страна.
Патријархот Тарасиј отиде при царот заедно со почитуваниот и балгочестив старец Јован, кој на Соборот беше заменик на Антиохискиот и Ерусалимскиот патријарх. Константин го прими со почит, започна да го уверува дека го сака и почитува како татко и по тоа му раскажа подробно за својата намера, велејќи му: „Јас не сакам ништо да сокривам пред твојата чесност, бидејќи ве сакам и почитувам како татко. Но, потребно е да ве известам за злото и заверата што ми ги приредува мојата сопруга, која не ми е дадена од Бога како помошничка. Самиот закон ми наредува да се одвојам од неа; и тоа никој не може да ми го забрани. Бидејќи нејзиното зло е јавно. Затоа, или таа ќе биде осудена на смрт, или, што е помилосрдно, нека прими монашка риза, за во сите денови од својот живот да го оплакува и да се кае поради таквиот грев. Оти таа сакаше да отруе, не обичен човек туку својот сопствен маж, и благочестив цар. А, ако го извршеше тоа во целото царство ќе настанеше неред, и гласот за нејзиниот злостор ќе се пронесеше низ целиот свет“. Откако го рече тоа, царот даде знак, та донесоа некои стаклени садови, во кои имаше некаква матна течност. И му го покажа тоа на пресветиот, раскажувајќи му дека тоа е смртоносен отров со кој царицата сакала да го лиши од живот. И велеше: „Може ли да има појасен доказ за нејзиното непријателство спрема мене? Што заслужува таа? Посоветувај ја, оче, веднаш да се замонаши, ако сакаш да ја гледаш меѓу живите. Јас повеќе не можам да живеам со неа, ниту да ја гледам, кога таа ми подготвила отровен пијалок“. Но, ваквите ласкави зборови не допреа до пресветиот Тарасиј и тој смело му рече на царот: „Царе, не му објавувај војна на законот Божји, немој преку завера да војуваш против вистината. Тебе, царе, ти доликува да работиш откриено, слободно, со чиста совест, и да не кроиш тајни и лукави замисли против Бога, Кој ти ја дал царската круна, престапувајќи ги заповедите Божји. Зашто и самиот ти знаеш, како што знаат и сите, дека царицата е невина. Оти како што реков и претходно, кој може според убавината и младоста да се спореди со тебе, та царицата да се прелаже и да го засака повеќе од тебе, и да помисли со отров да те тргне од овој живот? Кој со чест, власт, благородство, слава и богатство е поголем од тебе, царе, за таа да те замени со него? Тебе царе, кој со толкави земји владееш и сите ги надминуваш? Ти по раѓање си царски син, и царски внук, и правнук царски, и си славен по целата земја и твоето богатство е неизмерно. И како некој би можел да ѝ биде подобар и помил од тебе на твојата царица? Не е така, не е,о царе! Туку оваа лага е измислена и ти преку клевета го срамуваш царскиот скиптар. Затоа јас нема да го благословам беззакониот брак. Ќе можат ли после тоа да те почитуваат луѓето, кога ќе го престапиш законот Господов? Ќе можеш ли да се причестиш со светите Тајни, со чиста совест? Јас пред Бога ти зборувам, дека повеќе нема да ти дозволиме, иако си цар, да влезеш во олтарот кај божествената причест. Оти им е речено на старите свештеници: Не дозволувајте да го газат олтарот Мој“.
Откако пресветиот патријарх го изговори ова со ревност и срдечна тага, тој замолча. Исто така и старецот Јован го молеше царот да се откаже од својата нечесна намера, и му изговори многу благоразумни поуки. Но, царот не сакаше да го слуша, туку сѐ повеќе се разјаруваше и гневеше. Тој многу се разбесни и заповеда со бесчестие да ги избркаат од дворецот светите старци. И излегоа подражавателите на свети Јован Крстител, кој некогаш го изобличи беззакониот брак Иродов, избркани заради правдата. Излегувајќи, ја истресоа правта од нозете свои, и рекоа: „Чисти сме од вашето беззаконие“.
Царот Константин веднаш ја истера од палатата законската царица Марија, ја присили да стапи во манастир, ја потстрижа, и се ожени со својата сродничка Теодотија. Заштитник на овој незаконски брак беше еден свештеник по име Јосиф, црковен економ, којшто го благослови незакониот брак, а светителот не знаеше за тоа. Покасно тој свештеник за ова беше осуден на црковен суд. Тој брак му навлече многу укори на царот. Свети Тарасиј не го раскина незакониот брак, зашто се плашеше царот повторно да не ја покрене иконоборната ерес, и го остави да живее во беззаконие, за да не го поттикне да ѝ нанесе некое поголемо зло на Црквата Христова, овој кој беше израсток на еретичкиот корен: син, внук, и правнук на иконоборни цареви, кои многу народ убија поради почитувањето на иконите.
Од тогаш императорот стана туѓ за патријархот, и тој со трпение и кроткост ги поднесуваше сите непријатности од негова страна. Константин не царуваше долго. Го достигна Божјата казна. По неколку години, неговата мајка, благочестивата царица Ирина, гледајќи го неговото зло и беззаконо живеење, како го гази законот Божји и сака да го обнови иконоборството, се крена против него. Сакајќи го Бога повеќе од својата крв, таа се договори со главните велможи да го фатат нејзиниот син и да го затворат во палатата викана Порфирија, во која тој се беше родил. Потоа нареди да му ги извадат очите, како што тој пред пет години им ги беше извадил очите на своите тројца стриковци, браќа на неговиот татко: Никита, Антим и Евдоксиј. И така, добивајќи ја заслужената казна, царот умре од болест, а Ирина повторно го зеде царскиот скиптар, и го поправи сето она што нејзиниот син го беше расипал.
Од тоа време, светиот угодник Божји живееше во мир и спокој, и управуваше со Црквата, исчистувајќи ја од ересите. Од денот на своето посветување, тој служеше света литургија, дури и кога беше болен. Доживеа длабока старост и пред својот крај се разболе, но не престануваше да служи, сѐ додека болеста не го прикова за постелата. При излегувањето од телото се бореше со демоните, препирајќи се со нив. Кога му го испитуваа животот од младоста лажно припишувајќи му неправедни дела, тој им говореше: „Не сум виновен за тоа! Вие лажете! Вие ме клеветите! Нема ништо ваше во мене!“
Тогаш крај неговиот одар се наоѓаше писателот на неговото житие ѓаконот Игнатиј, а покасно епископ Никејски. Додека седеше покрај него, тој ги слушаше неговите зборови, како се препира со невидливите духови. На смркнување, за време на вечерното богослужење, кога се читаше псалмот Давидов: „Приклони го, Господи, увото Свое и услиши ја молитвата моја, зашто сум беден и сиромав. Зачувај ја душата моја, зашто сум посветен на Тебе“ (Пс. 85, 1), пресветиот патријарх Тарасиј мирно и со светло лице ја предаде својата света душа во рацете Господови.
Светиот патријарх ја пасеше Црквата Божја дваесет и две години, а се упокои во 809 година, за време на царот Никифор, кој го зазеде престолот по Ирина. За него плачеа и царот, и великодостојниците, и целиот град, а особено бедните и сирачињата зашто кон нив беше многу милостив, и на сите добар пастир, омилен татко и корисен учител, помошник и заштитник. Беше погребан во својот манастир на Босфор.
Од неговиот гроб им се даваа многу исцеленија на болните. Така една жена која многу години боледувала од крвотечение, кога со вера се допре до гробот на светителот и се помаза со елеј од кандилото што гореше на гробот, веднаш беше исцелена. Таа го направи тоа облечена во машка облека, зашто на жените не им било дозволено да доаѓаат во тој манастир. Така и многу други жени доаѓале на истиот начин и добивале исцеление.
Еден човек слеп на едното око, штом се помаза со елеј од кандилото што гореше на гробот на светителот, веднаш прогледа. А пак, друг човек ја помаза својата исушена рака со истиот елеј и таа веднаш му стана здрава. И многу други болести се лекуваа и демоните се изгонуваа со силата на светите молитви на угодникот Божји, Тарасиј.
Не треба да премолчиме дека овој голем ревнител за Православието се борел против иконоборната ерес и по своето претставување. По многу години, Лав Ерменин го обнови иконоборството. На овој иконоборен цар му се јави свети Тарасиј во сон многу гневен, и му нареди на некој војник Михаил да го убие зловерниот цар со својот меч. И овој го удри и го прободе целосно. Царот се сепна во сонот, го обзеде страв и трепет, и беше многу вознемирен. Тој мислеше дека во манастирот на свети Тарасиј се наоѓа некој Михаил кој сака да го убие и испрати таму луѓе за да го пронајдат. Но, тој не знаел дека неговиот војвода наречен Валвос или Траилија, се викал Михаил. И овој Михаил го уби царот токму на денот на Божик. Така загина злобниот цар, победен со молитвите на светиот Тарасиј, а со одмаздата на самиот Бог Христос, кој на иконите со пречистата Своја Мајка, од сите светии е почитуван и прославуван, кому чест и слава со Отецот и Светиот Дух за навек, амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПАФНУТИЈ КЕФАЛАС
Овој светител бил современик на свети Антониј Велики. За него се вели дека осумдесет години носел едно исто расо. Свети Антониј многу го ценел, имал високо мислење за него, и на сите им говорел дека преподобен Пафнутиј е вистински подвижник, кој умее да ги лекува и спасува душите.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АНТОНИЈ
Пострадал за Христа испечен на усвитена скара.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК РИГИН
Свети Ригин беше родум од Левадија во Грција, син на христијански родители. Заради својот доблесен живот беше посветен за епископ на островот Скопела во Егејското Море. Учествуваше на Сардикискиот помесен собор во 343 година, за време на царевите Констанциј и Констанс и се истакна со своите говори и смелоста против ереста на аријанците и евсевијанците. А кога се врати во својата епископија, настапи гонењето против христијаните од страна на безбожниот цар Јулијан Отстапник (361-363). Тогаш свети Ригин беше уапсен од тогашниот кнез на Грција, и поднесе многу маки за Христа, па најпосле му ја отсекоа главата. И така овој славен светител доби венец на мачеништво. Неговите свети мошти се наоѓаат на островот Кипар, а еден дел неодамна беше вратен на островот Скопелос.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ МАРКЕЛ,
Епископ Кипарски
Бил епископ во Солеја на Кипар. Пострадал маченички.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АЛЕКСАНДАР
Светиот маченик Александар беше родум од Потиол во Италија (помеѓу Рим и Неапол). Живееше во времето на царот Максимијан и намесникот Тиберијан (286 - 305). Откако беше фатен од страна на Тиберијан, му беше предложено да им принесе жртви на идолите. Но, тој не само што го одби тоа туку и многу го изнавреди намесникот и неговите богови. Затоа го обесија за рацете, а на нозете му врзаа еден огромен камен. Потоа беше одведен во Картагена и повторно беше бесен, сечен и тепан. Кога го одведоа во Маркијанопол, таму лицето му го гореа со пламен. После тоа го одведоа во местото Дризипарон во Тракија, каде што му ја отсекоа главата.
И така блажениот Александар се здоби со венецот на мачеништвото.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ТЕОДОР,
налудничав ради Христа
Се упокоил во мир.