10. Март  (26. Февруари)

 

ЖИТИЕ НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ПОРФИРИЈ,

епископ во Газа

Газа е град во Палестина, на границата кон Египет. Во дамнина им припаѓал на синовите Израилеви на племето Јудино, а потоа го зазеле Филистимјаните. Некогаш во него Сампсон со своите раце срушил незнабожечки храм. Овој град бил полн со безбожие, иако еден мал дел од жителите бил просветен со светата вера Христова, што ја проповедале светите апостоли и епископи. Сепак огромниот дел од луѓето лутале во темнината на идолодемонството поклонувајќи им се на некои кипови, викани Марнас и Венера и други нечисти елински богови. Многупати во градот Газа се пролевала христијанска крв. Особено во времето на нечистиот цар Јулијан Отстапникот. Тогаш незнабожците немилосрдно ги убија сите свештеници и монаси, и сите девојки посветени на Бога. Такво безбожие и насилие е вршено во градот Газа, којшто беше голем и многунаселен и никој не можел да го исчисти и целосно да го просвети со светата вера сѐ до доаѓањето на светиот епископ Порфириј. Тој потполно го просвети, ги сруши сите идоли, изгради црква среде градот и цела Газа ја приведе кон Бога, вложувајќи при тоа огромен труд како што ќе ни покаже и оваа повест.

Свети Порфириј се роди во Солун околу 347 година од богати родители. Во својата дваесет и петта година, тој го напушти татковиот дом, браќата и богатството, и отиде во египетската пустина. Се замонаши таму и помина пет години во подвижнички живот покрај светите отци во Скитот (околу 372-377). Потоа отпатува во Ерусалим, се поклони на животворниот Крст и гробот Христов, ги посети сите свети места, па отиде во Јорданските предели и се насели во една пештера. И живееше угодно на Бога во непрекината молитва и пост. И тука помина пет години (околу 377 - 382), но тогаш доби некаква болест во нозете и не можеше да оди. Затоа замоли еден познаник да го одведе во Ерусалим. Иако болен, тој ги посетуваше светите места и им се поклонуваше. А кога не можеше да оди тој, лазејќи на колена одеше и не пропушташе ниту еден ден, а да не отиде во црквата на Воскресението Христово и светиот Крст. Еден млад инок Марко, кој покасно го напиша ова житие, кога виде дека свети Порфириј и покрај болеста секојдневно се труди, започна да му служи заради Бога.

Свети Порфириј со писмо го испрати Марко во Солун, за да го раздели имотот помеѓу неговите браќа, што им беше оставен од родителите, а неговиот дел да му го донесе нему, за да го раздаде на сиромашните. Марко отиде и го продаде делот на Порфириј за три илјади златници. Неговиот татко му беше оставил илјада и четириесет златници, и облека и сребро, и сето тоа Марко внимателно му го донесе на Порфириј во Ерусалим и го затекна оздравен. А тој го прими тоа и веднаш сѐ им раздаде на сиромашните и на манастирите, иако самиот беше сиромав. А за тоа како оздравел, блажениот му го раскажа на Марко следното:

Бев во големата црква на неделно сеноќно бдение, и ме зафатија неподносливи болки. Јас се довлеков и легнав крај света Голгота. Од силните болки бев надвор од себе и го видов нашиот Спасител прикован на крстот, и едниот разбојник како виси на другиот крст, и започнав да викам: „Сети се на мене Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!“ А, Спасителот му рече на разбојникот: „Симни се од крстот и исцели го од телесната болест, како што јас те исцелив тебе од душевната. И разбојникот се симна од крстот, ме подигна од земјата, и ме прегрна говорејќи: „Пријди кај Спасителот“. И јас Му пристапив на Господа кој се беше симнал од крстот, и Он ми рече: „Земи го ова дрво и чувај го“. Јас го зедов и започнав да го носам крстот Христов, и веднаш си дојдов на себе, и се видов натполно здрав како никогаш да не сум бил болен.

По кратко време (околу 392 год.) Ерусалимскиот патријарх Праилија го произведе блажениот Порфириј за презвитер. Тогаш тој имаше околу 45 години и му беше поверено да го чува чесното и животворно дрво, Крстот Христов, кој се чувал во затворен златен ковчег (а другиот дел бил однесен во Цариград од царицата Елена). И се исполни видението на Порфириј во кое го виде Господа како му го даде својот Крст на чување.

Во третата година, откако преподобен Порфириј беше произведен во презвитерскиот чин, се претстави епископот на градот Газа, Енеја. Тогаш христијаните со свештенството отидоа во Кесарија Палестинска кај блажениот митрополит Јован, за да им назначи епископ, силен на зборови и дела, за да може да им се спротивстави на идолопоклониците кои беа мнозинство во градот заедно со своите градоначалници. А митрополитот, наредувајќи им на сите пост, се молеше на Бога, да му посочи достоен човек за тоа место. И во видение му беше откриено дека таков човек е преподобен Порфириј, ерусалимскиот презвитер, чуварот на Животворното Дрво. Митрополитот веднаш му напиша писмо на ерусалимскиот патријарх Праилија, молејќи го да му го испрати отец Порфириј божем поради некоја работа. Патријархот го повика Порфириј, му го покажа писмото од митрополитот и му нареди да оди во Кесарија. На почетокот тој се двоумеше, но потоа рече; „Нека биде волјата Господова!“

Пред да тргне на пат, преподобниот му рече на својот ученик:“Брате Марко, ајде да се поклониме на светите места и на Чесниот Крст, оти нема да ги видеме скоро, туку после многу години“. Ученикот му одговори: „Зошто зборуваш така, оче? Јас мислам дека ќе ги видиме по една недела“. Светителот му рече: „Минатата ноќ го видов Спасителот, и Он ми рече: „Врати ми го крстот што го оставив кај тебе, зашто сакам да те оженам со невеста која навистина е сиромашна и отфрлена, но е добра. Кога ќе ја земеш, ти украси ја, за да ја заборави својата првобитна сиромаштија. Оти, иако е сирота, сепак не ми е туѓа, туку ми е блиска сестра. Внимавај да не извршиш некаква неправда или беззаконие, зашто со тоа ќе ме разгневиш мене, и ќе ја нажалиш неа. Надевај се, не паѓај со духот и сѐ ќе ти биде испратено од каде што и не очекуваш“, Тоа ми го соопшти Господ во ноќното видение и се плашам некогашно бреме од туѓи гревови да не падне врз мене, зашто и јас имам мноштво свои“.

Откако му го рече тоа на својот ученик, тој отиде и се поклони на сите свети места, а потоа со многу солзи и на Животворниот Чесен Крст. Го заклучи во ковчегот и клучевите му ги предаде на пресветиот патријарх. Зеде благослов од него и тргна кон Кесарија Палестинска со својот ученик Марко и со едно момче Варух, кое пред некој ден преподобниот го беше нашол на ѓубриштата, болно и целото во рани, па го исцели и сега тоа му служеше. Во Кесарија беше дочекан со радост и иако не сакаше, митрополитот Јован го убеди да го прими посветувањето за епископ. Долго и неутешно плачеше преподобниот, говорејќи дека е недостоен за таков чин. Потоа ѝ се покори на волјата Господова и беше испратен во Газа со свештенство, околу 395 година. Очекувајќи го неговото доаѓање, незнабожците од околните села на Газа се собраа за да му го попречат патот. Ставаа трње, копаа ровови, фрлаа измет за да не може да се оди по тој пат. Го направија тоа од омраза спрема христијаните и светителот едвај успеа да стигне во градот. А пак во градот имаше само една и тоа мала црква, зашто христијаните беа малубројни. Среде градот имаше огромен храм на нивниот најглавен бог, нечистиот Марнас, подигнат одамна. Тој го красел целиот град со својата величественост, височина, и уметничка и прекрасна градба.

Откако го прими епископскиот престол, преподобен Порфириј започна да се грижи за Христовото стадо. Таа година во Газа настапи огромна суша и глад, и незнабожците говореа дека поради доаѓањето на Порфириј во градот, се разгневиле боговите и го заклучиле небото. Жреците пуштија глас меѓу народот дека божем богот Марнас ги известил дека Порфириј е причина за целото зло. И се собраа сите идолопоклоници во Марнасовиот храм и пренесуваа многу жртви, молејќи се богот да им подари дожд. Седум дена се молеа и пееја песни, но дожд немаше.

По тоа се собраа сите христијани со жените и децата, двесте и осумдесет на број. Тие го молеа својот епископ да изврши соборна молитва и да излезе со крстови надвор од градот, за да измоли дожд од Бога. Свети Порфириј му наложи пост на народот и нареди таа ноќ сите да се соберат во црквата. И откако отслужи сеноќно бдение, утредента направи литија на која напред одеше Чесниот Крст. Излегоа надвор од градот и дојдоа до древната црква, која некогаш ја подигна преблажениот епископ Асклипиј, кој многу пострада за православната вера. Од таму со песнопоенија отидоа на губилиштето на светиот Тимотеј, каде што беа положени и мошти на други свети маченици. И така, трудејќи се во молитва со литијата, се вратија во градот во три часот попладне и наидоа на затворена градска капија. Зашто безбожниците штом видоа дека христијаните со епископот излегоа надвор од градот, ги затворија портите, несакајќи да ги пуштат внатре. Тие стоеја пред капијата два часа и никој не им отвараше. Гледајќи го трпението и солзите на своите слуги, и услишувајќи ги молитвите на својот угодник Порфириј, Бог крена ветер, како некогаш во времето на пророк Илија, и го покри небото со облаци. И се здадоа грмотевици и молњи и на зајдисонце падна дожд. Тогаш некои од незнабожците кога го видоа ваквото чудо, ја отворија градската капија, им се придружија на христијаните и одеа со нив, пеејќи: „Христос Бог е единствен вистински Бог“. И сите влегоа во црквата многу радосни, а незнабожците се крстија зашто поверуваа во Христа. Беа сто дваесет и седум на број. Откако Му се заблагодарија на Бога, се разотидоа по своите домови. А, дождот паѓаше три дена и обилно ја напои земјата. И уште стотина други се покрстија во таа иста година. Но незнабожците не престануваа со непријателството кон светиот Порфириј, и со навредувањето на христијаните. Кога дошол намесникот во градот тие со многу злато го поттикнале да ги мачи христијаните. И секој ден страдаа Христовите луѓе, а свети Порфириј многу тагуваше и непрестајно Му се молеше на Бога, да ги обрати заблудените кон познанието на вистината. Потоа гореспоменатиот слуга на светителот, Варух, беше испратен во блиското село поради следното: Некој идолопоклоник кој живеел на црковен имот бил должен да ѝ плаќа годишен данок на христијанската црква. Но тој не сакаше веднаш да плати, туку одложуваше за покасно и така настана кавга меѓу нив. Налетаа и други незнабожци и со мотки го претепаа блажениот Варух, па мислејќи дека е мртов, го извлекоа надвор од селото и го фрлија на едно пусто место. Утредента ѓаконот Корнилиј со двајца другари христијани, минувајќи од тука, го најдоа Варух како лежи, речиси мртов. Не можеше ни да гледа, ни да слуша, ни да зборува, само душата беше во него. Тие го кренаа и го однесоа во градот, а идолопоклониците мислеа дека носат мртовец во градот, се нафрлија врз нив и започнаа да ги тепаат, говорејќи: „Зошто носите мртовец во градот?“ Тогаш беше обичај мртовците да ги изнесуваат надвор од градот на погребение. Тие му ги врзаа нозете на Варуха и повторно го извлекоа надвор од градот. А ѓаконот Корнилиј отрча и го извести за тоа светиот епископ Порфириј. Епископот поита и ги достигна оние што го влечеа Варуха, и смирено започна да ги моли да престанат со таквата бездушност. Но, тие започнаа да го злоставуваат и епископот. Се насобра многу народ и гледајќи како епископот не се противи, започнаа да се препираат и да се тепаат едни со други и настана голем метеж и хаос. За тоа време светиот епископ и христијаните го зедоа блажениот Варух и го однесоа во црквата. Штом видоа дека е жив почнаа да се трудат да го исцелат, а светителот цела ноќ со солзи го молеше Бога за него. Потоа болниот ги отвори очите и проговори, барајќи вода. Кога се напи, тој им раскажа сѐ што се случи. Кога осамна дојдоа во црквата градоначалници со мноштво народ, и започнаа да викат и да се дерат, говорејќи: „Зошто, спротивно на стариот отечки закон внесовте мртовец во градот?“ Епископот Порфириј излезе пред нив со сите присутни христијани. Кога го здогледаа тие започнаа да го навредуваат и бесчестат и се нафрлија на останатите христијани и започнаа да ги тепаат. Тогаш блажениот Варух доби ненадејна сила од Бога, па стана брзо како никогаш да не бил болен, дофати една мотка и започна да ги тепа и гони безбожниците. А тие, кога го видоа жив, се преплашија зашто мислеа дека станал од мртвите. Па поради стравот и ќотекот започнаа да бегат, газејќи еден врз друг, и ги избрка Варух како некогаш Самсон Филистијаните, од црквата сѐ до нивниот нечист Марнасов храм. Од тогаш сите незнабожци се плашеа од Варух и одбегнуваа да го сретнат на патот. Заблагодарувајќи Му на Бога за ненадејното и неочекувано оздравување на Варух и за огромната телесна сила што ја доби од Бога, свети Порфириј го произведе за ѓакон, а заедно со него и Марко.

Гледајќи дека неверниците секојдневно ги злоставуваат верните, светителот Божји го испрати својот ѓакон Марко во Цариград (398 г.) кај благочестивиот цар Аркадиј, со молба да издаде наредба да се срушат сите идолски храмови во Газа. Му напиша и на светиот патријарх Цариградски Јован Златоуст, молејќи го за помош и посредување кај царот. И царот нареди да се затворат и да се заклучат сите идолски храмови во Газа за повеќе да не се принесуваат нечисти жртви. Но, не нареди да се срушат, за премногу да не го нажали незнабожниот народ. Тогаш во Газа дојде некој царски човек по име Илариј, за да ја спроведе наредбата во дело. Тој со себе доведе многу помошници и војници од Азот и Аскалон. Откако им го покажа царевото писмо на граѓаните, тој ги затвори и запечати идолските храмови, а тројца главни градоначалници фрли во темница. Тогаш незнабожците собраа многу злато и му го дадоа на Илариј, молејќи го да не им го затвора најголемиот, Марнасовиот храм, среде градот. Сакајќи го повеќе златото отколку Христа Бога, Илариј им го остави Марнасовиот храм и исполнет со незнабожечко неверие им помагаше на незнабожците.

Во тоа време се случи една чудесна работа која многу луѓе приведе кон светата вера. Имено, на една угледна жена, сопруга на еден знаменит човек, по име Елија, ѝ дојде времето да се породи но не можеше. Чувствуваше страшни болки, а на вториот и третиот ден ѝ беше уште полошо. Доведуваа кај неа многу бабици и бајачи, но не можеа да ѝ помогнат. Така таа се мачеше седум дена, а нејзините најблиски со солзи принесуваа за неа жртви и молитви во Марнасовиот храм, просејќи помош од неговиот нечист бог. Но помошта не дојде, само лутите маки и болки се повеќе и повеќе се умножуваа. И веќе сите изгубија надеж за неа, и плачеа и ридаа. Меѓу нив имаше и една старица, христијанка по вера. Таа отрча во црквата и со многу солзи Му се молеше на Христа Бога за несреќната жена. Ја здогледа свети Порфириј и ја праша зошто плаче. Таа падна пред неговите нозе, му раскажа сѐ и го молеше да се помоли на човекољубивиот Бог за оваа голема страдалничка. Светителот ја испрати кај болната откако ја поучи што да направи. Старицата отиде во оној дом, ги собра сите најблиски на болната, и им рече: „Овде има еден добар и искусен лекар; тој ме испрати кај вас да ве прашам што ќе му дадете кога ќе ја исцели болната“. Тие со радост одговорија: „Ако сака нека го земе целиот наш имот, само да оздрави нашата ќерка“. Тогаш старицата со силен глас извика: „Великиот свештеник Порфириј ти го вели ова: „Те исцелува Исус Христос Синот на Богот на животот. Верувај во него и ќе бидеш жива!“ Жената веднаш се породи, а сите присутни восхитено повикаа: „Велик е Богот христијански! Велик е неговиот свештеник Порфириј!“

Утредента родителите, сопругот и сите нејзини роднини отидоа кај свети Порфириј и го молеа да ги прими во Христовата вера. Светителот ги огласи и им нареди да постат и да ја посетуваат светата црква. По кратко време, тој ги крсти и родилката и новороденчето, на кое му го даде своето име, Порфириј. Тогаш се крстија шеесет и четири души.

Како што се множеше стадото Христово, така се множеше и непријателството на идолопоклониците, и тие, од ден во ден, сѐ полошо постапуваа со христијаните. Ги тепаа, ги бркаа, ги приморуваа на тешка работа како робови, многу штета им правеа и по нивите, и по бавчите за да ги доведат во немаштија, па да ги стават во состојба да не можат да ги платат царските даноци. Светителот Божји Порфириј не можеше да го трпи ваквиот однос кон христијаните и затоа отиде во Кесарија кај блажениот митрополит Јован и го молеше да го ослободи од епископскиот чин или заедно со него да појде во Цариград за да го молат царот да издаде наредба да ги сруши идолските храмови и да ја запре свирепоста на безбожниците. Митрополитот тргна со него (околу 400 година) и за десет дена стигнаа до островот Родос. Таму посетија еден свет и проѕорлив човек, монах на име Прокопиј. Тој го провиде нивното доаѓање, ги пречека со почит и кога ја дозна причината за нивното патување ги упати како да постапат во Цариград за да го добијат тоа што го сакаат. Ги советуваше најпрвин да отидат кај пресветиот Јован Златоуст, зашто тој ќе им помогне со својот добар совет. Им рече: „Иако тој сега не оди во царската палата бидејќи царицата е налутена на него, но пријател му е евнухот Амантиј, кој е побожен и доблесен човек. Тој ќе ви го препорача него и со неговото посредство ќе добиете сѐ. Тој ќе ве одведе кај царицата, а вие детално ќе ѝ ја искажете својата мака. А пак, на царицата проречете ѝ дека ќе роди син, којшто ќе биде цар. Кога ќе го слушне тоа од вас, таа ќе се израдува, зашто веќе навршуваат девет месеци откако е во блажена состојба и ќе ви исполни сѐ што ќе посакате“.

Сметајќи го ова упатство и известување како веќе да им се исполнила бараната работа, светите епископи Јован и Порфириј со радост продолжија со својата пловидба и за десет дена пристигнаа во Византија. Постапија според упатството на преподобниот Прокопиј, и најпрвин отидоа кај пресветиот патријарх Јован Златоуст. Тој ги прими со љубов, а утредента им среди средба со евнухот Амантиј, и му ја повери грижата да го добијат од царот тоа што го бараат. Амантиј ги ислуша со љубов и им вети дека ќе разговара со царицата.

Утредента беа повикани во царската палата и примени од царицата. Таа ги пречека љубезно и тие ѝ објаснија зошто се дојдени, ѝ раскажаа за злоставувањата кои ги вршат незнабошците над христијаните, и ја молеа да им помогне. Таа ги сослуша, и им рече: „Немојте да тагувате, свети отци! Се надевам во Господ Исус Христос дека Он ќе го умоли царот да ја исполни вашата молба. И молете го Бога за мене, да ми помогне во моето заземање за вас пред царот“. Потоа царицата им подари многу злато и ги отпушти охрабрени.

Царицата му раскажа на царот за молбите од светите отци, но тој, загрижен дека ќе му се намалат приходите од тој крај ако ги исполни нивните молби, не се согласи да им помогне веднаш. Царицата се нажали поради тоа и низ солзи му рече: „Самиот Господ Христос ќе им помогне на слугите свои, христијаните, ако ние не сакаме“.

Следниот ден царицата ги повика кај себе епископите и им соопшти дека царот не се согласува оти смета дека со тоа ќе им се нанесе неправда на идолопоклониците. „Но не тагувајте, - им рече таа. Јас упорно ќе го молам царот да ја исполни вашата молба“. Тогаш свети Порфириј се сети на пророчките зборови на светиот Прокопиј, и ѝ рече: „Потруди се, царице, за нас заради Христа, а Он ќе ти даде син кој ќе зацарува пред твоите очи и многу години ќе поживее во царска среќа“. Царицата многу се израдува на тие зборови, и им вети дека ако се исполни тоа, таа ќе им исполни сѐ што ќе побараат. „Со помошта Христова среде Газа ќе ви подигнам света црква“ - им рече таа.

Царицата роди машко дете (401 г.), како што и прорекоа светите отци. Му го дадоа името Теодосиј, зашто татко на Аркадиј беше Теодосиј кој царувал заедно со Грацијан. И настана голема радост на царскиот двор, а царицата го испрати Амантиј кај светите отци, Јован и Порфириј со ваква порака: Му благодарам на Христа што по вашите молитви ми дарува син. Свети отци, во Господа измолете живот и многулетие за детето, и за мене, ништавната, здравје, за да го исполнам она што ви го ветив.

По седум дена таа ги повика светите епископи кај себе, и откако тие ја благословија заедно со новороденчето, таа ги праша: „Знаете ли Отци, што смислив да направам по повод вашата молба? Ако е Христова волја, за кратко време детето ќе се удостои со свето крштение. А за тоа време вие подгответе молба и во неа изложете сѐ што ви е потребно. Кога ќе биде изнесено детето по крштението, вие подајте ја молбата на оној што ќе го носи, а јас ќе му кажам како да постапи понатаму“.

Тие отидоа и ја подготвија молбата. Во неа напишаа многу работи не само за рушењето на идолите туку и христијаните да бидат ослободени од даноци и да ѝ се дадат царски имоти на христијанската црква, која е многу сиромашна, а и други работи корисни за животот на христијаните. Кога настапи тој ден целиот град беше убаво украсен и народот свечено облечен. Новиот цар беше носен на крштение од некој знаменит човек, чија скапоцена облека блескаше, а пред и по него одеа многу познати царски великодостојници. И беше прекрасно да се види целата таа царска слава, убавина и величество. Свети Порфириј рече: „Кога е толкава славата на земниот, минливиот цар, колкава ли е славата на вечниот Цар небесен?“

По завршувањето на светото крштение сите излегуваа надвор со новокрстениот цар и тогаш светите епископи ја ставија молбата врз новороденчето. А човекот кој го носеше бебето застана, ја зеде молбата и започна гласно да ја чита пред сите. Откако прочита дел од неа, ја стави под главата на новиот цар, молчеше малку како да очекуваше согласност од него, па извика: „Неговото царско величество наредува неодменливо да се исполни сѐ што се бара во оваа молба, бидејќи таа е прва царска наредба, и никако не смее да се менува“.

Сите се восхитија и се поклонија, благословувајќи го новиот цар, а го величаа и царот Аркадиј. Веднаш беше известена царицата за тоа. А таа преполна со радост се поклони и му благодареше на Бога. Кога се вратија во царската палата, царот нареди да се прочита молбата. Кога слушна сѐ, тој рече: „Тешка е оваа молба, но уште потешко е да се отфрли, бидејќи е прва наредба на нашиот син“. На тоа царицата рече: „Не само што не е добро да се отфрла неговата наредба туку не е добро и да се отфрли молбата на светите луѓе, кои ми претскажаа дека ќе родам син“.

Царот Аркадиј веднаш нареди да се потврди сѐ што е напишано во молбата од палестинските епископи, и да се изврши. А пак царицата му даде доволно злато на светиот Порфириј за изградбата на камен храм среде градот Газа и гостоприемница. Откако ги даруваше обилно, сите се поздравија со нив и ги отпуштија со мир. Потоа тие се поздравија и со пресветиот Јован Златоуст и се вратија во Палестина во 402 година.

По патот кога наближија до островот Родос, светите отци Јован и Порфириј го замолија господарот на бродот да застанат на брегот за да се поздрават со преподобниот Прокопиј пустиникот. Но, тој не се согласи затоа што беше потаен аријанец и не ги сакаше епископите. И кога го одминаа островот Родос, зафати страшна бура и сите беа исплашени од потопување. Тоа траеше цел ден и цела ноќ. На зазорување свети Порфириј задрема малку и во сонот го виде преподобниот Прокопиј како му вели: „Советувај го господарот на бродот да се одрече од аријанската ерес и да ја проколне, па да се крсти, и тогаш бурата ќе престане“. Кога се разбуди свети Порфириј му го раскажа својот сон на митрополитот Јован и останатите со нив, па го повикаа господарот на бродот, и му рекоа: „Ако сакаш твојот брод да се спаси од потопување, и сите ние со него, тогаш откажи се од твоето зловерие и присоедини се кон вселенската вера. Господарот на бродот се восхити од тоа како епископите ја дознале тајната која никој не ја знаел, и им рече: „Бидејќи Бог ви ја откри тајната на моето срце, јас се одрекувам од аријанското умување и верувам како што верувате вие“.

Штом го рече тоа веднаш престана бурата и настана тишина по морето. Тогаш светителите го поучија од Светото Писмо и го крстија. Кога пристигнаа во Газа верниците ги пречекаа архиереите Божји со песни и псалми, носејќи го светиот Крст на чело на поворката, и со веселие и слава ги воведоа во градот. Кога наближија до кипот на Венера веднаш побегна демонот од него и го фрли мермерниот кип на земјата и тој се разби на парчиња. Кога го видоа тоа чудо многумина од незнабошците поверуваа во Христа и бараа свето крштение. Беа триесет и двајца, и седум жени со нив. А пак, верните двојно се радуваа: и поради враќањето на нивниот пастир и поради спасението на душите човечки. Блажениот митрополит Јован остана два дена во Газа, а потоа замина во Кесарија.

По неколку дена во Газа пристигна царскиот пратеник, Кинегиј. Тој доведе со себе многу чиновници и војвода со војска. Утредента ги свика сите градоначалници и целиот народ, и им ја објави наредбата за уништување на идолите. И додека наредбата се читаше громогласно, незнабошците започнаа да плачат и да кукаат. Потоа војската тргна кон идолопоклонските храмови и започнаа да ги рушат. Само во градот имаше осум такви храмови: храм на Сонцето, на Венера, Аполон, Просерпина, Хеката, Ерона, Фортуна и Марнас. Марнасовиот храм беше најголем и најпочитуван меѓу незнабошците. А имаше уште безброј други идоли по плоштадите, улиците, домовите, градските ѕидини. Во текот на десет дена сите тие беа срушени освен Марнасовиот храм. Многумина зборуваа дека тој храм не треба да се руши, туку да се очисти од идолските нечистотии, и да се освети за црква Божја. Откако мнозинството реши така, свети Порфириј му се молеше на Бога да му ја открие својата волја за тоа. Кога во светата црква се служеше света литургија, едно мало дете повика од народот: „Да се запали и сруши Марнасовиот храм, бидејќи е осквернет со многу крв на луѓе принесени како жртва на демоните. Да се раскопа и неговиот темел и да се расфрла, а на тоа место да се изгради божествен храм!“

Тоа дете имаше седум години. Клириците мислеа дека неговата мајка го поучила да зборува така, па започнаа да му се закануваат со ќотек ако не каже кој го поучил. Тогаш детето започна да им го зборува истото на грчки јазик. Така увидоа дека Светиот Дух зборува преку него, бидејќи одлично зборуваше грчки иако имаше седум години, а воопшто немаше учено грчки туку зборуваше на сириски јазик од своето раѓање.

Откако им поверуваа на зборовите изречени од детето го запалија и го срушија идолиштето на Марнас. А војниците одеа и по домовите, и ги собираа и сокриените идоли, и така во незнабожечкиот град Газа беше искоренето идолопоклонството. Откако ги смири незнабожните градоначалници и се одмазди за злоставувањето на христијаните, Кинегиј се врати при царевите. На молба на светителот дел од војниците остави во градот, за повторно да не се кренат незнабошците против христијаните.

Потоа светителот Христов пристапи кон изградбата на црквата во вид на крст на местото на Марнасовото идолиште. Планот за црквата беше испратен од царицата Евдоксија и со него триесет мермерни столбови. За пет години беше изградена црквата и архиерејот Божји ја освети и отслужи божествена литургија во неа, изнесувајќи Му огромна благодарност на Бога.

Светителот Божји Порфириј изгради и гостоприемница со златото што му го даде благочестивата царица. Тука ги згрижуваше патниците и ги хранеше сиромашните. Го пасеше Христовото стадо со словото Божјо и бројот на верните од ден во ден се зголемуваше. Останатите незнабошци беа гневни, гледајќи како расте христијанството и повторно сакаа да му наштетат на светиот пастир: Еднаш настана расправија помеѓу црковниот економ и идолопоклоникот Сампсихиј кој беше угледен граѓанин, поради некоја работа околу црковниот имот. Се насобра многу народ и христијаните му помагаа на економот, а незнабошците на Сампсихиј. Незнабошците беа помногубројни, па во тој метеж убија седуммина христијани и други тешко ранија. Потоа полетаа кон дворот на епископот за да го убијат свети Порфириј. Кога дозна за тоа, светителот му рече на својот ѓакон: „Да бегаме, брате, и да се сокриеме додека не помине гневот Божји“. И преминаа преку ѕидот и се сокрија кај една сиромашна девојка, по име Салафта, која беше незнабошка и сираче без родители. Таа имаше баба која лежеше на болнички одар и се грижеше за неа. Девојката ги сокри кај себе епископот и ѓаконот, и им даде храна. Следната ноќ си заминаа оттаму и се вратија во својот дом, кој го затекнаа целосно ограбен, и во него блажениот Варух целиот во рани и едвај жив.

За сето тоа христијаните веднаш го известија царскиот намесник во Кесарија. Тој испрати војска која веднаш ги фати виновниците и ги казни со смрт. А останатите жестоко ги претепаа и ги отпуштија живи. Од тогаш безбожниците целосно замолкнаа. Тоа се случи во 407 година.

Останатото време од својот живот светителот Христов Порфириј го поживеа во мир, а на гореспоменатата девојка Салафта, која го сокри од рацете на убијците ѝ заблагодари на тој начин што ја просвети со свето крштение. И нејзината болна баба ја исцели, ја крсти и им даде издршка од црковниот имот. Тој сакаше да ја омажи Салафта, но таа изрази желба да му служи на Христа. Светителот многу се израдува на тоа и ја посвети да Му служи на Бога. Таа му угоди на Господа, поминувајќи го својот живот во пост и молитва, со помош на молитвите на угодникот Божји Порфириј, кој деноноќно му изнесуваше молитви на Бога за своето стадо.

Свети Порфириј правеше и чудеса. Со својата молитва сочува живи и неповредени три деца кои беа паднале во длабок бунар. А една жена манихејка, која беше исполнета со демонски лукавства и еретички измислици, и хулеше на православието, тој ја усмрти со молитва. И многу други чудеса правеше свети Порфириј во слава Божја. Ја пасеше Црквата Христова дваесет и четири години, единаесет месеци и осум дена. Поживеа доволно долго за да го види целиот град Газа обратен во христијанската вера, но дури по своите огромни напори, страдања и бескрајни солзни молитви кон Бога. Беше чудотворец и за време на животот и по својата смрт. Се упокои мирно во 421 година и отиде кај пастироначалникот Исус Христос, Синот Божји, Великиот Архиереј, кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава за навек, амин.

Неговите свети мошти почиваат во Газа.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЧКИ ФОТИНА,СЕВАСТИЈАНА И ОСТАНАТИТЕ

од дружината на великомаченичката Фотина

Овие свети маченички пострадаа за Господа Христа, заклани со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕОКЛИТ

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ НИКОЛА КАТОПИН

Во Цариградскиот Синаксар се спомнува под денешниот ден.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ХРИСТОДУЛ

Пострада за Господа заклан со меч.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ЈОВАН КАЛФАТА

Новомаченикот Христов, Јован, е роден во Галата во Цариград. По занимање беше неимар (калфа), ѕидар, одличен мајстор, работеше во царскиот дворец и меѓу великодостојниците на султанот имаше многу пријатели. Беше многу смирен, милостив и добродетелен човек: хранел сирачиња, откупувал затвореници и вршел многу други добри дела. Еднаш еден царски големец, негов пријател, го праша што мисли тој за нивниот пророк Мухамед, и што велат за тоа христијанските книги. На Јован му беше незгодно да зборува за тоа и затоа одби. Но, големецот му се заколна вака: „Ти се колнам во лебот што го јадам на царскиот двор, и во нашата пријателска љубов, дека нема да ти се случи никакво зло поради твојот одговор, макар каков и да е тој. Слободно кажи ми што мислиш“. Верувајќи ѝ на заклетвата и на пријателската љубов, Јован му рече вака: „Бидејќи ме прашуваш, ќе ти ја кажам вистината: “Постои еден вистински Бог - нашиот Господ Исус Христос. А Мухамед во кого вие верувате, беше смртен човек, човек неук, кој за време на својот живот не направи некое посебно добро, ниту пак некое чудо, како што го правеа тоа другите пророци Божји, кои ги имаме ние христијаните. Единствено вие го прогласивте Мухамед за велик и го сметате за пророк. Всушност Мухамед и не е пророк, туку непријател Божји. Со своите басни и измислици тој им се допаднал на простите и непросветени луѓе, и тие тргнале по него“.

Кога го слушна тоа, овој големец ја промени љубовта во омраза, и веднаш повика други агарјани, та немилосрдно започнаа да го тепаат Јована и го одведоа пред судијата. Го обвинија и сведочеа дека хулел на нивната вера. Судијата нареди жестоко да го тепаат и го фрлија во темница. Затворен во темницата го ставаа на разни маки, за да се одрече од Христа и да ја прими нивната вера. Но, храбриот војник Христов остана цврст и им зборуваше на мачителите: „Јас нема да се одречам од мојот пресладок Господ Исус Христос. Напротив во Него верувам, Нему Му служам, и Него Го исповедам како совршен Бог и совршен човек“.

Кога се уверија агарјаните дека Јован е непоколеблив во својата вера, тие го испратија на црноморските галии и тој таму помина шест месеци во најтешка работа. Потоа повторно го вратија во темницата. И во неа го мачеа три месеци со најразлични мачења. И откако видоа дека ниту со милост, ниту со сила не можат да го продобијат да се одрече од верата во Христа, тие го тужеа кај самиот везир. Везирот најпрвин го искара, па потоа го осуди на смрт. Го одведоа светиот маченик Јован на губилиштето и го обезглавија на 26 февруари 1575 година во Цариград. Така блажениот Јован прими маченички венец и сега се радува во Царството небесно со светите Маченици во неискажлива радост. По неговите молитви да се удостоиме и ние на Царството небесно. Амин.