11. Март (27. Февруари)
СТРАДАЊЕТО НА НАШИОТ СВЕТ МАЧЕНИК АГАТАНГЕЛ БИТОЛСКИ
Македонскиот светител Агатангел Битолски пострада од агарјаните во 1727 година. Во периодот од петвековното владеење на Турците со Македонската земја, тие мошне свирепо се однесуваа за време на тридневното празнување на Бајрам. На тој празник, секој христијанин што ќе го најдеа, силум го приведуваа во муслиманската вера или го убиваа. Незаштитени и угнетени, христијаните со голем страв се сокриваа каде што ќе најдеа. Но, Турците секогаш фаќаа по некого и го истураа својот гнев врз него. Многумина од христијаните што ќе ги фатеа, беа неподготвени за маченички подвиг и тие под тешки закани го примаа исламот, и нивното спасение остануваше неизвесно.
Но Бог го благослови храбриот угодник Божји, Агатангел Битолски, да стане негов следбеник. Поттикнат од Божјата благодат, тој бестрашно се дрзна, та влезе во царскиот сарај и со богомудри зборови пред турските големци се заложи да престане насилното исламизирање на христијаните, за време на Бајрам. Со Божја помош светителот успеа да најде милост пред агарјанските властодржци, и тие според ферманот, приготвен за таа добра намера, го укинаа свирепото гонење на христијаните за време на Бајрам. Но, за да ја открие вистинската верност на својот ревнител Агатангел, Бог им допушти на неколку агарјани во Битола да се нафрлат на исповедникот Христов и да го погубат. Свети Агатангел чесно пострада од нив, и се удостои на небесен венец од Христа Бога, во Кого веруваше: „Секој што ќе ме признае мене пред луѓето, ќе го признам и Јас него пред мојот Отец небесен, а кој се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен“ (Мат. 29, 33). Чесната глава на свети Агатангел Битолски се наоѓа во манастирот Свети Јован Бигорски.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПРОКОПИЈ ДЕКАПОЛИТ,
исповедникот
Преподобниот Прокопиј беше родум од Десеттоградието (Декаполис) околу Галилејското Море, поради што е наречен Декаполит. Овој крај се спомнува во Евангелието на светиот Марко: „И пак излезе Исус од пределите Тирски и Сидонски и отиде кон Галилејското Море, низ пределите на Десеттоградието“ (Мк, 7,31). Уште од својата младост, тој се оддаде на пост и други подвижнички трудови, преку кои се очистува срцето, и духот се издига кон Бога, и беше знаменит меѓу преподобните отци. Но се појави иконоборната ерес од страна на злиот цар Лав Исавријанин. Таа ерес лажно ги нарекуваше идолопоклоници оние што ги почитуваат и им се поклонуваат на светите икони. И нечестивиот цар неправедно и немилосрдно убиваше многу православни, а сите поранешни православни цареви и архиереи и знаменити христијани ги предаваше на проклетство, иако самиот беше проколнат од сите. Тогаш овој голем и непоколеблив столб на побожноста и силен заштитник на правоверието, свети Прокопиј, храбро се крена против еретиците, и докажа дека почитувањето на иконите не е идолопоклонство, бидејќи христијаните знаат, дека кога се поклонуваат пред иконите, тие не се поклонуваат на мртва материја, туку на живи светци, кои се изобразени на иконите. Поради тоа предизвика против себе силен гнев од ѕвероликиот цар, и по негова заповед, тој беше фатен и жестоко тепан. Потоа со железни шилци му го стругаа телото, па го фрлија во мрачна и смрдлива темница. Наоѓајќи се во окови, тој великодушно ги поднесуваше сите страдања, имајќи го покрај себе својот другар и сострадалник, светиот Василиј кој порано и во испосништвото му беше заедничар и љубезен сожител. Заедно со него, тој по многуте рани здобиени за светите икони, долго беше во темница, сѐ до смртта на свирепиот цар.
А кога безбожниот цар Лав, беше лишен од привремениот, а со тоа и од вечниот живот, бидејќи умре и со телото и со душата, свети Прокопиј со својот сострадалник свети Василиј и со други светии и преподобни отци беше пуштен на слобода. Иконите беа повторно вратени и поставени во Црквата. Свети Прокопиј се врати во својот манастир и остатокот од својот живот го помина во своите испоснички трудови. Многумина упатуваше на доблесен живот, и ги приведуваше кон спасението. Во длабока старост, тој се пресели во небесното Царство и за своите трудови доби двојна награда: како испосник и како Христов страдалник, кој се бореше за светите икони до крв. Се упокои во деветтиот век.
Како што веќе спомнавме, заедно со свети Прокопиј, со духовен подвиг се подвизуваше и страдаше и неговиот ученик Василиј, чиј помен се празнува на 28 февруари.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ТАЛАЛЕЈ
Свети Талелеј се роди во Киликија. Бидејќи ја презре суетата на овој свет, отиде во манастир. Го засака подвижничкиот живот и прими ангелски образ. Заради доблесниот живот беше удостоен на презвитерскиот чин. Потоа, по неколку години отиде во сирискиот град Гавала и се насели на една висорамнина на која имаше старо идолиште посветено на демоните, и древни многубожечки гробишта. Тоа место беше страшно за сите минувачи, зашто демоните застрашуваа не само со привиденија туку и убиствено напаѓаа и им нанесуваа повреди на луѓето и на стоката. Кога слушна за тоа, преподобниот Талалеј отиде таму, си направи мала колиба и се насели во неа. И живееше во Бога, се подвизуваше со подвижнички трудови и се молеше и дење и ноќе. Но демоните, не можејќи да поднесат таков сосед, го плашеа и навалуваа на него на најразлични начини. Водејќи страшна борба со нив, особено ноќе, јуначкиот подвижник со Божја помош успеа да ги протера од таму. И тие побегнаа посрамени, не можејќи да го победат непобедливиот војник Христов.
Бидејќи ги избрка демоните, угодникот Божји си направи една многу тесна ќелија, помала од неговиот раст, така што тој не само што не можеше да стои, туку не можеше ни да седи. Висок по раст, преподобниот седел во неа поднаведнат со главата на колената. И така во неа помина десет години.
Потоа излезе и го посети епископот Кирски, Теодорит. Кога епископот го праша зошто одбрал таков начин на живот, светителот му одговори: „Јас сум многу грешен човек, и верувајќи дека ме чекаат многу вечни маки, ја измислив за себе оваа доброволна темница, за казнувајќи го своето тело со оваа мала мака, да си ја олеснам тежината на вечните идни маки“. И епископот доби многу духовни користи од преподобниот.
На преподобниот Талалеј, Бог му го подари дарот на чудотворството: да исцелува секаква болест и секаква немоќ, не само меѓу луѓето туку и меѓу стоката. Поради тоа многу народ доаѓаше кај него како кај исцелителен извор и црпеше и телесно и душевно здравје. И незнабошците, жители на околните села, се обраќаа кон Христа Бога. Тогаш, поради чудесата на свети Талалеј, сите незнабожци во околината на градот Гавала ја спознаа вистината и се просветија во верата. Со нивна помош преподобниот го сруши демонското идолиште и на тоа место подигна црква во чест на сите свети Маченици. И во неа воспостави секојдневно богослужение. Угодникот Божји Талалеј ги помина останатите денови од својот живот во вообичаените подвизи. Угодувајки Му на Бога до крај, се пресели кај Него во длабока старост, околу 460-тата година.
Во Лимонарот, патријархот Ерусалимски свети Софрониј, за свети Талалеј пишува вака: Ава Петар, презвитер на лаврата „Свети Сава Осветениот“, ни раскажа за ава Талалеј киликиски, дека шеесет години поминал во монашкиот лик и никогаш не престанал да плаче. И на сите секогаш им велел: Браќа, нам ова време Бог ни го дал за покајание, и ако го потрошиме залудно, ќе бидеме многу измачувани.
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ТИТ ПЕЧЕРСКИ,
презвитер Печерски
Житието на блажениот Тит на очигледен начин ни покажува како „гневот Божји се открива од небото на секоја нечесност и неправда на луѓето, кои вистината ја држат во неправда (Рим.1, 18), и како мирот Божји, што надвишува секој ум“ (Флп. 4, 7) ги чува и телото и душата на човекот кој бара мир. Живеејќи како монах во Печерскиот манастир, Тит беше удостоен на презвитерскиот чин, а на подвизите достојни на вечно блаженство, тој беше упатен преку следната околност: Блажениот Тит беше брат по дух со црноризецот Евагриј од истиот манастир, кој беше ѓакон по чин. Тие имаа голема и нелицемирна њубов меѓу себе, така што сите им се восхитуваа на нивната еднодушност и искреност. Но, мразителот на секое добро, ѓаволот, навикнат да сее какол во пченицата, посеа непријателство и меѓу нив. Тој толку ги помрачи нивните срца со гнев и омраза, што тие едноставно не можеа ни да се гледаат, и се одбегнуваа. Кога едниот од нив кадел во црквата, другиот бегал од кадењето; а ако не се тргнел, овој ќе го одминел. Во таков гревовен мрак тие поминаа долго време, па се осмелуваа да принесуваат Божествени дарови и да се причестуваат со нив, без да се помират меѓу себе. На сето тоа ги поттикнуваше ѓаволот. Многу пати браќата ги молеа да се помират, но тие не сакаа ни да слушнат за тоа. Еднаш, по Божја промисла, Тит тешко се разболе и мислеше дека нема да преживее.
Тогаш тој горко започна да плаче поради својот грев, па смирено и понизно му испрати искрена порака на ѓаконот Евагриј:
- Прости ми, брате, заради Господа, што те навредив со својот гнев. Но, тој не само што не му прости туку започна да го колне со груби зборови. Меѓутоа браќата, гледајќи дека Тит веќе умира, го довлекоа Евагриј да се прости со него. Кога го здогледа, болниот веднаш стана, падна ничкум пред неговите нозе, и со солзи му рече:
- Прости ми оче, и благослови!
Но Евагриј, нечовечки се сврте од братот и пред сите ги изговори овие страшни зборови:
- Никогаш нема да се помирам со него, ни на овој ни на оној свет!
Штом го рече тоа се тргна од рацете на браќата и веднаш падна. Браќата сакаа да го подигнат, но тој веќе беше мртов. И тие не можеа ниту рацете да му ги прекрстат, ниту очите да му ги затворат, изгледаше како да беше умрен одамна. Во истото време блажениот Тит оздраве како никогаш да не бил болен. Сите беа запрепастени од таквата ненадејна смрт на едниот, и така брзото исцелување на другиот.
Блажениот Тит им раскажа подробно сѐ што му беше откриено: „За време на болеста, додека бев обземен со гнев, јас видов како ангелите отстапија од мене и плачеа поради погибелта на мојата душа, а ѓаволите се радуваа поради тоа. И затоа ве молев вас да одите и да измолите прошка од братот. Но кога тој ми сврте грб видов како еден немилосрден ангел го удри братот со пламено копје и тој веднаш падна мртов. А мене, тој ист ангел ми подаде рака, ме подигна, и еве, сега сум здрав“.
Исплашени од ова кажување, браќата многу плачеа над мртвиот Евагриј, кој почина со грозна смрт. Го погребаа, но со отворени очи и уста и со испружени раце. Оттогаш самите започнаа да се чуваат од гневот, простувајќи си го секој навредлив збор еден на друг, и сеќавајќи се на поуката Господова: „Секој што се гневи на брата си без причина ќе биде виновен пред судот“ (Мт. 5, 22). За тоа и свети Ефрем Сирин има речено:„Ако некому му се случи да умре во непријателство, таквиот го очекува неумолив суд“. И тогаш можеше да се зборува за вразумените браќа: „Голем е мирот кај оние, кои го сакаат Твојот закон Господи и за нив нема соблазна“ (Псал. 118, 165). А особено блажениот Тит увиде дека преку помирувањето со братот најде мир со Бога, којшто го сочува и од телесна и од душевна смрт. Оттогаш тој не се разгневи на никого и наполно го искорени гневот и спрема своите браќа стекна љубов според Бога, која никогаш не престанува, и која е, како корен на мирот, врска на совршенството (Кол. 3, 14); љубов од чисто срце, добра совест и нелицемерна вера (1 Тим. 1, 5); љубов која е долготрпелива, полна со благост, која не завидува (1 Кор.13, 4); љубов која во себе ги содржи сите добродетели, а особено целомудрието, чесноста и постојаната молитва. Од тогаш овој блажен презвитер постојано ги имаше во срцето зборовите од Светото Писмо: „Бидете мудри и трезвени во молитвите; а пред сѐ имајте постојана љубов меѓу себе; оти љубовта покрива многу гревови“ (1 Петар. 4, 7-8). Принесувајќи бескрвна жртва, презвитерот Тит ги исполнуваше и евангелските зборови: „Да го љубите Бога и ближниот свој како себеси е најголема од сите жртви и приноси (Мк. 12, 33). Стекна совршен мир, и исполнет со совршена љубов, тој немаше потреба да тагува и да зборува: „Нема мир во коските мои од гревовите мои“ (Псалм. 37, 4). Совршениот мир на овој постник беше таков, што врз него се исполнија вистинитите зборови на апостолот: „Царството Божјо не е јадење или пиење, туку правда и мир и радост во Светиот Дух“ (Рим.14, 17). Блажениот Тит се удостои да добие и упокоение на небото, зашто после многуте богоугодни дела и подвизи отиде кај Господа. Неговото свето тело почива во една од печерските пештери, полна со Светии како долно небо, а со духот рамноангелски престојува на небото, каде што беше изнесен во вечниот покој на рацете на Ангелите кои му се јавија. Радувајќи му се на овој некогашен грешник, кој достојно се покаја и тие можеа да ги речат зборовите на светиот апостол Павле за апостол Тит: „Нѐ утеши Бог со доаѓањето на Тит“ (2 Кор.7, 6). А ние со радост можеме да им одговориме на овие небесни жители со зборовите од истото послание: „Ние се утешивме со вашата утех, а уште повеќе се зарадувавме со радоста на Тит, затоа што сите вие сте му го успокоиле духот“. Со светите молитви на преподобниот Тит и ние, отфрлаќи го секој гнев, да се удостоиме да добиеме опростување на гревовите, и времено и вечно упокоение во нашиот Гопод Христос, кој е Бог на љубовта и мирот (2 Кор.13, 11), кому слава со Отецот и Светиот Дух, сега секогаш и низ сите векови. Амин.
Преподобен Тит живееше во дванаесеттиот век, и се упокои во 1190 година.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ БОГОНОСЕН ОТЕЦ МАРКИЈАН
Светиот богоносен Маркијан се спомнува во Цариградскиот Синаксар.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ТИМОТЕЈ
Преподобниот Тимотеј е од Кесарија; се претставил во мир.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК НИСИЈА
Светиот маченик Нисија пострада за Господа, претепан со воловски жили.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ АСКЛИПИЈ И ЈАКОВ
Преподобните Асклипиј и Јаков се подвизуваа во петтиот век, во времето на епископот Теодорит Кирски (393-458) во Сириската пустина. Асклипиј беше ученик на преподобниот Полихрониј, прислужникот на ава Зевин. Тој во сѐ го подражаваше преподобниот Полихрониј: во храната, во облекувањето, во скромното однесување, во бдеењето, во молитвеното општење со Бога. Ни додека се наоѓал меѓу луѓето, нему не му било тешко да живее подвижнички и доблесен живот. Се преселил во мир, добивајќи двократен венец од Господа. Преподобниот Јаков се затвори во една мала ќелија во својата деведесетта година, покрај селото викано Нимуза, и не излегуваше пред никого. На оние што доаѓаа кај него им даваше одговори низ една мала дупка. Во ќелијата не палеше ниту светилка ниту оган. Издржувајќи така во подвигот на лишувањето, во мир се пресели кај Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ГЕЛАСИЈ
Светиот маченик Геласиј бил актер комичар. Нему му било наредено да ја исмее светата тајна Крштение. Но, додека тој го правел тоа, го озарила благодат од небото, и тој се променил во душата, поверувал во Христа, и навистина се крстил и станал христијанин. Поради тоа бил заклан со меч во градот Илиопол во 297 година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СТЕФАН
Христољубивиот богоугодник, блажениот Стефан, прво бил дворски службеник кај царот Маврикиј. Потоа ја оставил дворската служба и гонет од љубовта Христова подигнал дом на милосрдие за старци во Арматија, во Цариград. Се упокоил во мир, околу 614 година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ИЛИЈА ТРАПЕЗУНТСКИ
Ова свето момче беше син на свештеник по име Константин, од селото Крионери кај Трапезунт (во Мала Азија). Беше фатено и мачено од Турците поради својата христијанска вера, и на крајот беше обесено. Христијаните го зедоа неговото свето тело и го погребаа во манастирот Теоскепаст. Пострада во 1749 година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЈУЛИЈАН ПОДАГРИК
Овој свет маченик страдал од подагра, та не можел ниту да стои ниту да оди. На носила бил донесен пред судот за верата Христова. Жив бил изгорен на клада со својот ученик Кронин, во времето на царот Декиј во Александрија.