12. Март  (28. Февруари)

 

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ВАСИЛИЈ ИСПОВЕДНИК,

сострадалник и соподвижник на Свети Прокопиј Декаполит

Блажениот Василиј беше сострадалник и соподвижник на свети Прокопиј Декаполит, за време на свирепиот иконоборен цар Лав Исавријан (917-741). Уште како млад стана монах и ученик на свети Прокопиј, и се подвизуваше во највисоки подвизи. А потоа, јуначки им се спротивстави на иконоборците во заштитата на почитувањето на светите икони. Заради тоа беше фатен, и многу мачен. Но тој не побегна, туку ја проповедаше вистината на Православието до смрт. Негов соподвижник во борбата беше божествениот Прокопиј. Иконоборците го стругаа светото тело на Василиј со шилци, па го фрлија во темница. А кога умре Лав Исавријанин, светителот беше ослободен од темницата. И повторно го продолжи својот претходен подвижнички живот. И многу грешници побуди на покајание со својата проповед и својот пример, а многу зловерни поврати во православната вера. Откако така го помина својот живот, блажениот Василиј отиде кај Господа, Кого уште од детството Го беше засакал. Се упокои во втората половина на деветтиот век.

ЖИТИЕТО И СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ПРОТЕРИЈ, 

патријарх Александриски

По претставувањето на свети Кирил, во египетскиот град Александрија, патријаршискиот престол го зазеде еретикот Диоскор, кој цел Египет го исполни со својата монофизитска ерес. Во тоа време во Александрија имаше еден побожен презвитер кој се викаше Протериј. Тој беше непобедлив во православните догмати. Водеше свет живот и беше исполнет со боговдахновен разум и мудрост. Гледајќи дека многу народ пристапува во ереста на патријархот, којашто учеше дека во Христа има една природа, Протериј им се спротивставуваше со своите непобедливи зборови. Поради тоа патријархот Диоскор му беше многу лут, но му ласкаше, сакајќи да го придобие за своето неправилно учење, и дури му даде и протопрезвитерски чин. Но Протериј беше цврст во верата, бидејќи одлично беше поучен во Православието од претходниот патријарх Александриски, свети Кирил.

За време на царувањето на Маркијан беше свикан Четвртиот Вселенски Собор на светите Отци во Халкидон, во 451 година. На Соборот беше осудена монофизитската ерес, Диоскор беше изобличен поради ереста, лишен од патријаршискиот чин, одлачен од Црквата, и прогонет во Пафлагонискиот град Гангрија, каде по некое време умре. По симнувањето на Диоскор, за патријарх во Александрија од страна на православните архиереи и клирици беше избран свети Протериј, човек навистина достоен за овој чин. Приврзаниците на Диоскор не се согласуваа со неговиот избор и кога свети Протериј го зазеде својот престол и започна да го велича Православието утврдено на Халкидонскиот Собор од светите Отци, меѓу народот настана метеж. Некои клирици на чело со презвитерот Тимотеј, наречен Елур, и ѓаконот Петар Могос, се издвоија од црковниот собор и ствараа раскол меѓу народот, поттикнувајќи го на буна. Тогаш во александриската црква настана голем раздор зашто безумните бунтовници викаа против светиот Протериј, говорејќи дека тој е еретик и недостоен за патријаршискиот чин. Тие ги проколнуваа догматите на Халкидонскиот Собор и го бараа Диоскор, а Протериј го нарекуваа и прељубодеец, бидејќи на живиот архиереј Диоскор, иако е во заточение, му ја зел неговата невеста - светата црква.

Свети Протериј претрпе многу маки од метежниот еретички народ, и беше принуден да бара воена заштита. Во тоа време дојде царскиот намесник од Тиваида, за да ја смири буната. Народот фрлаше камења по неговата војска, па војниците отрчаа во храмот викан Серапидиск, и се затворија во него. Тогаш народот го опколи храмот, го запали, и сите војници живи изгореа во него.

Кога слушна за тоа, благочестивиот цар Маркијан многу се разгневи и испрати голема воена сила, за да ги смири граѓаните во градот. Заедно со тоа нареди и житото, кое со бродови се пренесувало од египетските краишта и покраини во Александрија, да се упати во Пулисија, а од таму во Цариград. Им ги одзеде сите удобности и слободи на александријците и им ги забрани вообичаените театри.

Погодени со тоа, а особено со недостатокот од леб, граѓаните се смирија и го молеа пресветиот патријарх Протериј да оди и да го моли царот за нив. Пресветиот отиде, се застапи за својот град кај царот, и повторно во градот беше повратена претходната слобода заедно со лебот. Светителот Божји помина некое време на својот престол во мир, а на Тимотеј, кој не сакаше да се покае заедно со неговите соучесници, им го одзеде чинот.

Потоа, во 457 година се упокои благочестивиот цар Маркијан и расколниците повторно се засилија и започнаа да го поттикнуваат неразумниот народ на метеж. Тогаш злиот и препреден магепсник Тимотеј Елур, вешто ги заведе египетските монаси, кои живееја по манастирите и во осаменост, на следниот начин: Една мрачна ноќ, покриен со црна наметка, тој ги посети монашките ќелии, повикувајќи го секого по име и на сечие прашање кој е и што бара, тој одговарал: „Јас сум духовен службеник испратен од Бога, за да не општите со Протериј и да не го примате Халкидонскиот собор, а Тимотеј Елур да го поставите за епископ Александриски“.

На тој начин со ѓаволска помош тој вешто ги прелага, а тие ѝ поверуваа на оваа лага, и си раскажуваа еден на друг за тоа за нив ангелско видение, па отидоа во Александрија, сакајќи да го истераат архиерејот Божји Протериј, од црквата. За тоа време Тимотеј придоби и поткупи многу луѓе и така собра многу бунтовници во Александрија и чекаше згодна прилика. Во тоа време се случи царскиот намесник Дионисиј да отиде во Горен Египет и да се задржи таму. Тогаш Тимотеј ја нападна црквата со вооружени граѓани и најмени војници, а со него беа и египетските монаси кои беа дошле со двајца симнати епископи. И овие симнати епископи го посветија Тимотеј Елур за архиереј, и го прогласија за патријарх Александриски, не плашејќи се од црковните правила, ниту од царскиот закон, зашто целата своја надеж ја полагаа во бунтовниците и мноштвото заведени монаси.

Кога го виде таквиот метеж, пресветиот патријарх Протериј, преку ноќта тајно го напушти градот и престојуваше во едно сокриено место, каде во видение му се јави свети пророк Исаија, и му рече: „ Врати се во градот, јас чекам да те земам“. Откако размисли за своето видение и во него го распозна својот маченички крај, се врати и влезе во црковната крстилница. Бунтовниците го бараа насекаде свети Протериј, и кога дознаа каде се наоѓа го затворија внатре. Потоа натерани од Тимотеј, тие влегоа кај него и го убија на нечовечки начин - го избодеа со стаповите на чиишто врвови имало остро железо. Тогаш убија и шестмина христијани кои беа со него. Тоа свирепо убиство го извршија во 457 година, на Велика Сабота, кога нашата пасха Христос беше распнат за нас.

Незаситени со невината крв, убијците го зголемија својот бес и мртвото тело на светиот Протериј го врзаа за нозете и го влечеа низ градот, удирајќи го со што ќе најдеа, така што цело го раздробија. А што е уште понечовечно, некои од многу бес, како ѕверови, со забите му го кинеа телото. Потоа запалија силен оган и го изгореа телото на светителот и ја расфрлија неговата пепел. По наредба на својот беззакон патријарх Тимотеј, тие го запалија и патријаршискиот престол како божем осквернат од свети Протериј. Тие, нечистите и безбожни еретици, светиот угодник Божји го прогласуваа за нечист!

После таквото ѕверско усмртување на свети Протериј, псевдопатријархот Тимотеј Елур испрати свои војници во сите египетски градови, за да ги протеруваат православните архиереи и на нивните места да ги поставуваат оние коишто тој ќе ги одреди. Тогаш сите злоставувани епископи и сите правоверни му напишаа молба на благочестивиот цар Лав, наследникот на Маркијан, и на пресветиот Анатолиј, патријархот Цариградски, известувајќи ги за сѐ што се случило и молејќи ги да ја избават александриската Црква од таквото насилие.

Царот и патријархот беа многу погодени поради ваквото нечовечно убиство на великиот архиереј Божји, Протериј. Царот веднаш испрати свои достоинственици со воена сила и ги казни бунтовниците: на едни им ги отсекоа рацете, на други им ги искорнаа јазиците, трети ставија во окови и ги фрлија во темници, четври испратија во прогонство, а псевдопатријархот Тимотеј Елур со неговите епископи и клирици го дадоа на духовен суд. Тогаш православните архиереи го осудија Тимотеј и го лишија не само од архиерејството туку и од христијанството; и беше испратен во градот Гандрија каде што заврши и неговиот учител Диоскор. За патријарх Александриски беше избран Тимотеј Салофакиол, правоверен и мудар човек, полн со љубов спрема сите. Така Црквата Христова во Александрија доби мир, православно славејќи го Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот во Троица Бога, кому слава за навек, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК НЕСТОР,

епископи Магидиски

Епископот Магидиски, Нестор, живееше во времето на царот Декиј (249-251) и намесникот Публиј, и се одликуваше со голема кроткост. Беше родум од градот Перга Памфилиска. Заради верата во Христа беше фатен од кнезот Иринарх, и изведен на суд. На судот смело ја исповедаше својата вера во Христа и поради тоа беше мачен од епархот Публиј, а потоа распнат на крст. Изнесувајќи му благодарност на Бога, и од крстот храбрејќи ги христијаните во верата, овој славен маченик го предаде својот дух во рацете Божји и се здоби со венец на мачеништвото, во 250 година.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ НИМФАН И ЕВУЛ

Биле богомудри апостоли и се упокоиле во мир. За нив зборува свети апостол Павле во своите посланија( Кол. 4, 15; 2. Тм. 4, 21).

СТРАДАЊЕ НА СВЕТАТА НОВОМАЧЕНИЧКА КИРАНА

Прекрасната невеста Христова, Кирана, беше чедо на побожни родители од селото Ависоки, близу Солун. Таа беше многу убава и водеше честит и целомудрен живот. Но мразителот на доброто, ѓаволот, се исполни со завист спрема неа поради нејзините добродетели. Тој не можеше да ја извалка нејзината душа преку нечисти помисли и непристојност, и затоа пронајде оружје за своето зло во лицето на еден агарјанин јаничар. Овој јаничар беше субаша во селото Ависока и собираше државен данок. Се запали со сатанска љубов спрема целомудрената Кирана и започна да ѝ се додворува на различни начини за да дојде до својата цел. Меѓутоа, чедната девица не сакаше ни да го погледне. Тој ѝ нудеше многу пари, ѝ ветуваше скапоцени фустани, а потоа започна да ѝ се заканува, па дури и со смрт. Но Кирана, исполнета со небесна љубов спрема Господа Христа, ниту се соблазни од ветувањата, ниту пак се уплаши од заканите.

Кога виде дека никако не може да дојде до својата нечиста цел, јаничарот се договори со своите другари, ја грабна Кирана и ја одведе во Солун кај судијата. Ја обвинија пред него и сведочеа лажно како божем Кирана ветила дека ќе се омажи за него и дека ќе премине во муслиманската вера. На судот турците се послужија со ласкања, со ветувања, и со заплашувања, но блажената Кирана остана непоколеблива, и само им рече: „Христијанка сум, и мој женик е мојот Господ Исус Христос; Нему му се посветив себе си; Од љубов кон Него сум готова и крвта своја да ја пролијам. Затоа од мене не очекувајте ништо“.

Откако го рече тоа, таа повеќе не сакаше да одговара на никакви прашања. Ја наведна главата и смерно гледаше пред себе и во умот Му се молеше на Господа Христа да ѝ даде сила да издржи до крај. Во тој час срцето ѝ се исполни со духовна радост и како вознесена во рајот, таа заборави на сите маки на овоземниот живот и со целата своја душа посака што побрзо да прими смрт за Христа.

Кога ја видоа непоколебливоста на Кирана, турците се засрамија, па ја ставија во темница и таму ја оковаа во синџири. А оној јаничар, горејќи од демонска љубов го замоли великиот ага Али-беј да му дозволи да оди во темницата кај Кирана, кога ќе посака. Али-беј му дозволи. И тој никаквец одеше често во темницата и вршеше разни насилства и мачења врз блажената Кирана, со цел да ја примора да ја исполни неговата волја или да ја усмрти. Еднаш, тој доведе со себе и други јаничари за заедно да ја стават на уште пожестоки маки. Кога ги здогледа, светата маченичка ја наведна главата, ги прекрсти рацете, па ниту ги гледаше, ниту им одговараше. Тие најпрво започнаа да ѝ ласкаат, но кога ја видоа нејзината цврстина, започнаа да ја мачат: еден ја удираше со мотка, друг со нож, трет со шамари, четврт со нозете, додека не ја оставија речиси мртва и си заминаа. Потоа повторно се вратија и пак бездушно ја мачеа. Така постапуваа повеќе денови. А пак ноќе, темничарот гола ја врзувал светата маченичка и немилосрдно ја тепал со мотка сѐ додека не се изморил. Тогаш ја оставал така, да виси гола среде зима, а светителката јуначки го трпеше сето тоа како друг да страда, а не таа, и целиот нејзин ум се наоѓаше на небото. Преку целото тоа време светата маченичка не вкуси ништо, зашто божествената љубов ја хранеше и ѝ даваше сила.

По една недела, повторно дојдоа јаничарите и ја подложија светата маченичка на жестоки маки. Потоа темничарот пак продлжи да ја мачи преку ноќта: ја обеси целата окована во ланци и така ѕверски ја тепаше со една огромна мотка, така што од нејзиното тело бликаше крв. И ете, токму во тоа време ненадејно како молња се појави светлост од небото и го осветли телото на светата маченичка. Темничарот се преплаши, па отрча и ги повика другите затвореници да ја симнат од бесилката. Кога дојдоа тие, ја затекнаа мртва. Небесната светлост се повлече и остави зад себе прекрасен мирис. Тогаш ѝ ги симнаа синџирите од телото, ја положија на земјата и чекаа да зазори. Утредента пукна глас по градот дека светата маченичка починала и дека се јавила светлина од небото. Тогаш турците се засрамија и им дадоа дозвола на христијаните да го подигнат нејзиното свето тело. Христијаните се израдуваа, веднаш отидоа во темницата, ги зедоа чесните мошти со побожност и чесно ги погребаа надвор од градот на христијанските гробишта. А фустанот на светителката, христијаните го поделија меѓу себе за осветување и спасение. Света Кирана пострада во Солун, на 28 февруари 1751 година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ И БЛАЖЕН НИКОЛА,

Псковски јуродивец

Блажениот Николај беше јуродив заради Христа. Живееше јуродив живот во градот Псков во времето на царот Иван Грозниот. Се упокои на 28 февруари во 1576 година.

 

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ЖЕНИ КИРА И МАРАНА

Светите жени Кира и Марана беа од сирискиот град Верија и потекнуваа од висок и славен род. Но, тие го презреа сјајот на своето потекло и сите радости на овој живот, па оградија едно место надвор од градот и вратата му ја затрупаа со камења и земја црвеница. Кога нивните слугинки го видоа тоа и тие посакаа да живеат сличен живот. Нивните господарки им наредија да си изградат за себе мали ќелии во близина на нивното живеалиште и таму да се подвизуваат. Низ едно прозорче тие набљудуваа што прават нивните слугинки и често ги поттикнуваа на молитва, и ја распалуваа нивната љубов спрема Бога.

Овие блажени Марана и Кира немаа ниту куќа ниту колиба, туку беа без кров и засолниште. Зиме ги врнеше снег и дожд, а лете ги печеше сончевата жештина, но тие го примаа тоа како голема радост. Храна добиваа преку една мала вратичка. Оттаму и разговарале со жените кои ги посетувале само во деновите на светата Педесетница. Останатото време тие го минувале во молитвено молчание, и не зборувале ништо. И двете носеле тешки вериги. Кира беше со послаб телесен состав и затоа се подгрбави од тешките вериги, и не можеше да се исправи. Носеа долги фустани кои што им ги покриваа и стапалата.

Овие блажени живееја таков живот четириесет и две години. За тоа време три пати постеле по четириесет дена, не јадејќи ништо, угледувајќи се на пророците Мојсеј и Илија. И три пати постеле по три недели, како што постел пророк Даниил. Тие многу сакаа да ги видат светите места на страдањата и воскресението Господово и затоа отпатуваа во Ерусалим. По патот не земаа храна, туку дури откако се поклонија на светите места. И при враќањето од Ерусалим тие повторно ништо не вкусија, а патувањето од Верија сириска до Ерусалим не е помало од дваесет дена.

Тие отпатуваа и во Исаврија за да го видат храмот на светата првомаченичка Текла, и по патот пак, ништо не вкусија. Таква силна љубов пламтела во овие две подвижнички спрема својот духовен женик Христос.

Откако го украсија женскиот род со таков доблесен живот, и станаа пример на добродетелите и подвижништвото, овие блажени светителки се преселија кај својот женик Христос кого го возљубија.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АВРИКИЈ (или АВЕРКИЈ)

Пострадал за Господа заклан со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ШЕСТ ЕГИПЕТСКИ МАЧЕНИЦИ

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ВАРСОС,

епископ во Дамаск

Се претставил во мир.