13. Март  (29. Февруари)

 

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈОВАН КАСИЈАН

Големиот духовник, нашиот преподобен отец Јован Касијан се родил во Прованса, на југот на Галија, околу 365 година, од побожни и угледни родители. Во тоа време духовното просветување беше распространето најмногу на Исток. Исто така и таму со сите свои сили се развиваше подвижничкиот живот. Пустините и планините беа населени со свети oтци, чиишто славни имиња се почитуваа од целиот христијански свет.

Јован Касијан во младоста ги изучи сите светски науки, особено философијата и астрономијата. Потоа целиот се предаде на изучување на Светото Писмо. На тој начин стекна и божествено образование и го украси својот живот со светост и чистота. Тој во своето срце го почувствува позивот и желбата за монашкиот живот, и затоа, стремејќи се кон духовниот живот, Касијан го напушти родниот крај, ги остави своите родители и сиот сјај на овој живот, го зеде крстот на своите рамења, и го следеше Христа. Тој имаше еден другар, односно брат по дух, кој се викаше Герман. Заедно со него, Јован тргна на пат за Палестина. Кога стигнаа во Светата Земја (околу 383 г.) тие беа примени во Витлеемскиот манастир, кој се наоѓал недалеку од пештерата во која нашиот Господ се родил од Пресветата Дева. Овде преподобен Касијан се оддаде на секое послушание и умртвување на телото, и постојано беше устремен кон Бога со молитвата. Откако се запозна со некои подвижници анахорети (отшелници, самотници) тој посака да се оддаде на уште поголемо совршенство. Затоа со својот духовен брат Герман тргна на пат за Египет, оти беше многу слушал за подвизите на египетските монаси, а особено на пустиниците и отшелниците. Тргнаа по морето и стигнаа до устието на големата река Нил. Недалеку од првиот град, наидоа на познати подвижници кои живееја во осаменост и со нив разговараа за духовни работи. Одејќи понатаму наидоа на уште поголеми подвижници, а потоа дојдоа до египетскиот Скит, каде што ги видоа великите египетски отци Макариј и Пафнутиј, и уште многу други богољубиви подвижници. Одејќи понатаму ги посетија и монасите во Тиваида и во Нитриската пустина. Со сите овие преподобни и искусни подвижници тие разговараа за монашкиот живот и подвизите, и сето тоа преподобниот Касијан подоцна го опиша во своите книги. Од овие преподобни отци пустиници, блажениот Јован собираше доблести како трудољубива пчела. Во тоа време и самиот се повлече во пустината на безмолвие, изучувајќи ги во осаменост искушенијата, и измачувајќи се себе си со многу трудови. Тој достигна до такво високо расудување, што наскоро им стана пример на другите во секоја доблест. Издигнувајќи се над страстите и очистувајќи го умот, тој со опитот и благодатта на Светиот Дух точно ја дозна потполната вистина за монашкиот живот и ја однесе победата над страстите. Преподобен Касијан остана во египетската пустина со својот духовен брат Герман сѐ до познатиот оригенистички спор меѓу монасите во Египет (околу 399 година).

Овој спор избувна меѓу монасите поради тоа што некои од египетските монаси биле приврзаници на оригенистичките заблуди, кои им нанесуваа штета и на верата и на духовниот живот. Тогаш строгиот александриски архиепископ Теофил започна да ги прогонува монасите кои се држеа до оригеновото учење. Притоа им поверува на некои клевети, и од Египет протера и многу невини монаси. Меѓу нив беа и нитриските монаси, викани Долги Браќа, наречени така поради својот телесен раст. Во тоа време заедно со нив, поради грубите прогонства од страна на Теофил, многу монаси го напуштија Египет и некои преминаа во Палестина, а некои во Цариград. Со Долгите Браќа и останатите монаси тргнаа и преподобните Касијан и Герман. Кога пристигнаа во Цариград тие беа примени кај светиот архиепископ Јован Златоуст. Овој свет отец ја испита оваа работа и дозна дека овие монаси се невини, па ги ракоположи: преподобниот Касијан за ѓакон, а Герман за презвитер. Блажениот Касијан му се восхитуваше на светиот архиепископ Јован, особено на неговата Златоустна речитост и мудрост и на неговата апостолска светост. Од него, преподобниот стекна обилна мудрост и доблести, и затоа до крајот на својот живот не престана да ја фали неговата светост и мудрост, и на сите им велеше дека сѐ што знае - научил од свети Јован Златоуст.

Наскоро потоа суровиот Теофил започна неправедно да го прогонува и свети Јован Златоуст, и со помош на царицата Евдоксија го осуди на беззакониот собор во 403 година. Тогаш и царот Аркадиј, наговорен од царицата издаде наредба според која сите Златоустови пријатели треба да се протераат од Цариград и да се вратат онаму од кај што дошле. Многу тажен поради неправедното страдање на својот сакан отец и учител Јован, преподобниот Касијан мораше да го напушти Цариград, и тргна за Рим, во 404 година. На тргнување, цариградскиот клир и народ му врачија писмо упатено до папата Инокентиј во кое се жалеа за неправедното прогонство на светиот Златоуст, како што за тоа пишува Паладиј во житието на Свети Јован Златоуст. Кога стигна во Рим, во 405 година, Касијан му го предаде писмото на папата и долго време остана во Рим. Кога ги виде неговите доблести и мудрост, папата Инокентиј го ракоположи за презвитер. Во Рим преподобниот се запозна и стана близок пријател со тогашниот млад ѓакон на тамошната Црква, подоцна римски папа Лав. Преподобниот го почитуваше, а подоцна Лав му се обраќаше нему за прашањата околу ереста на Несториј. Духовниот брат на преподобниот Касијан, Герман се упокои во Рим, и тогаш тој се врати во својата Галија и се насели во Марсеј (416 г.). Тука основа два манастира. Еден машки, посветен на светиот маченик Виктор, а другиот женски. Овие два манастира наскоро се развија во големи и славни обители, надалеку познати по својот живот и по своите свети подвижници. Тие беа основани и уредени по правилата и обичаите на монашкиот живот на Исток. Преподобниот го пренесе и го засади во нив сето свое пребогато монашко искуство и знаење, што го беше насобрал во Египет. За сето тоа бргу дознаа околните монаси и епископи. Тие го молеа да напише правила, да ги опише монашките обичаи што ги видел по манастирите во Египет и Палестина, и на браќата, овде, на прост начин да им го објасни светиот живот на светите Палестински и Египетски отци. Тој ја исполни нивната молба и најпрвин напиша една книга, која е особено корисна за љубителите на духовниот живот: „За правилата на општожитијата и за борбата против осумте главни страсти“. Потоа ја напиша и претходно споменатата книга „Разговори на Отците“. На тој начин, преку овие свои списи нашиот преподобен отец Касијан даде надеж, а и денес им дава огромна духовна корист на оние што живеат во осаменичко безмолвие, и на оние што живеат во општожитието.

Преподобниот Касијан беше многу угледен, како во Галија, така и во целата Црква на Запад. Тоа се гледа и од тоа што нему му се обраќале да разрешува некои прашања за верата. Претходно спомнавме дека нему му се обратил и ѓаконот на римската Црква Лав, молејќи го да ја изложи верата за воплотувањето Господово и да ја побие ереста на Несториј. Исто така на преподобниот Касијан му се обраќаа и монасите во Галија за прашања кои беа покренати во големиот спор помеѓу епископот во Африка Августин Ипонски и еретикот Пелагиј. Еретикот Пелагиј учел дека човекот може сам да се спаси со својата слободна волја и со своите дела, и го одрекувал првородниот грев и пад човеков во рајот, а заедно со тоа ја одрекувал и потребата од Христовите страдања за нас луѓето. Против него се крена и започна да пишува споменатиот епископ Ипонски, Августин. Според неговото учење: човекот со првородниот грев паднал толку длабоко, што во него не останало никакво добро; според тоа човекот се спасува исклучиво со благодатта Божја, и неговата слободна волја овде нема никаков удел. А пак на прашањето, зошто тогаш не се спасуваат сите луѓе кога спасението е само дело на благодатта, а не и на слободната волја на човекот, Августин одговарал дека Бог од вечноста предодредил едни за спасение, а други за погибел. Во оваа борба се вмеша преподобен Касијан и светоотечки, богомудро расудуваше за тоа прашање. Тој го нарекуваше и сметаше Пелагиј за еретик, но исто така не го одобруваше ни погрешното учење на Августин со кое тој ја порекнува слободната волја, и кое всушност води во богохулство, зашто Го обвинува Бога за вечната погибел на некои грешници.

Од своите преподобни отци на Исток, блажениот Касијан беше научил, а тоа и со своето монашко искуство го беше потврдил, дека за спасението на човекот неопходно е потребна благодатта Божја, но и слободна волја на човекот, и намера и подвиг. Зашто според зборовите на светите Отци, благодатта Божја, иако е благодат, сепак ги спасува оние кои го сакаат тоа. Така нашиот преподобен отец Касијан ги поучи и утврди браќата во вистинската вера на Светите Отци, додека еретичкото учење на Пелагиј беше осудено, а заблудата на Августин отфрлена од страна на Православната Црква.

Преподобен Касијан навистина беше образец на доблестите и извор на монашкото духовно искуство. И кога молчел, и кога зборувал, блажениот целиот бил наука и совет. Во најголема мера тој беше простосрдечен и разборит, така што преподобниот и преблажен Јован Лествичник го фали во своето кажување за послушанието.

Откако на така свет начин го помина својот живот, достигна потполно бестрастие, заблеска со пророчкиот дар и се покажа велик во светот, преподобниот Касијан отпатува во мир кај Господа во 435 година. Беше почитуван како светител од сите, и на Исток и на Запад. Неговите свети мошти почиваат во манастирот на светиот маченик Виктор кај Марсеј, што тој го основа.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ КАСИЈАН КИПАРСКИ

Преподобниот Касијан живеел и се подвизувал во местото Авдима на Кипар. Не е познато во кое време. Кипарските хронографи спомнуваат точно место на неговото упокојување, како и негово празнување во Авдима, во последниот ден на февруари.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ЛАВ,

монах Кападокиски

Се подвизувал во оаза во времето на царот Тибериј. Родум бил од Кападокија. Се спомнува и во Лугот духовен.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ГЕОРГИСПОВЕДНИК,

епископ на Девелта

Исповедникот Георги живееше во седмиот век и како епископ на градот Девелта се бореше против монотелитската ерес. Ревносно ја проповедаше Православната вера во Господа Христа, и го утврдуваше народот во верата на Светите Отци. Многу беше мачен и тепан од Скитите.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ КАСИЈАН,

постник и затвореник Печерски

Со молитва ги смирувал нечистите духови и ги терал да признаат дека се плашат од Печерските подвижници. Се упокоил во мир во дванаесеттиот век. Неговите свети мошти почиваат во Теодосиевата пештера во Киев.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈОВАН,

наречен Варсонуфиј

Преподобен Јован беше родум од Палестина. Се крсти кога имаше осумнаесет години и веднаш се замонаши, и почна да се обучува во подвижничкиот живот. Кога се прочу поради својот доблесен живот, тој беше избран за архиепископ во Дамаск. Откако помина некое време како архиереј, увиде дека ја изгубил користа од монашкиот живот, тајно ја напушти епископијата и Дамаск, и отпатува во Александрија под името Варсонуфиј, за никој да не го препознае. Од Александрија отиде во Нитриската пустина како беден просјак, му се поклони на игуменот и го молеше да го прими да им служи на старците. Игуменот го прими, му даде монашка облека, и Јован по цел ден им служеше на браќата, а ноќите ги минуваше на молитва без спиење. Секое утро тој ги земаше тиквите и стомните од сите ќелии и одеше на реката, донесуваше вода и го оставаше садот пред ќелијата на секој старец. Таму имаше еден монах со краток ум. Тој му правеше многу пакости на светителот. Го нарекуваше со разни погрдни имиња и истураше помија врз него. Поттикнат од ѓаволот, тој направи една дупка на ѕидот од неговата ќелија и излеваше мочка на неговата рогозина, поради што постојано смрдеше. Кога дозна игуменот за тоа, го повика тој брат и сакаше да го казни. Но Варсонуфиј падна пред нозете на игуменот и со солзи ја фрлаше кривицата врз себе, и велеше: „Јас му противречам на братот, и го предизвикувам на гнев, затоа прости му, заради Господа“. И така го избави од казна оној брат.

Потоа беше препознат од преподобниот Теодор Нитриски. Тогаш тој ја напушти пустината и побегна во Египет. Таму доби дар на проѕорливост и ги знаеше помислите на луѓето. Ја ослободи Црквата од еретиците и напиша многу душекорисни книги. Царот Лав (457-474 г.) го извести него заедно со другите епископи за маченичката смрт на свети Протериј, патријархот александриски. Околу 457 година преподобниот Јован, наречен Варсонуфиј се упокои мирно во Господа Исуса Христа, кому со Отецот и Светиот Дух, нека му е чест и слава за навек. Амин.