14. Март (1.Март)
ЖИТИЕ НА СВЕТАТА ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЧКА ЕВДОКИЈА
Во времето на царот Трајан во Финикискиот град Илиопол живееше една девојка по име Евдокија. Таа му служеше на ѓаволот и беше негово живеалиште и оружје. Со својата исклучителна убавина соблазнуваше многумина, ги ловеше како со мрежа и во пропаста проклета ги вовлекуваше. На таков начин, таа со телесна нечистотија стекна огромно неправедно богатство. Беше толку убава, што ниту живописецот не успеваше со боите да ја долови убавината на нејзиното лице. По раѓање и вера беше Самарјанка. За неа се пронесе глас на сите страни и мноштво високородни момчиња и великодостојници од разни земји и градови се упатуваа во Илиопол, божем поради некоја друга работа, но всушност, доаѓаа за да ја видат Евдокија и да се насладат на нејзината убавина. Таа со своите грешни дела собра големо богатство, речиси колку царското. Долго време Евдокија водеше многу нечист живот и толку ја умртви својата душа, а нејзиното срце толку се скамени што никаква сила, освен Божјата, не можеше да ја излечи душевната болест на таа очајна грешничка. Но, дојде време кога и до неа досегна раката на Добриот Пастир, Кој ги бара изгубените овци. Творецот го препозна своето створение расипано од злобата на туѓинецот, и посака да го обнови. Владетелот на небесните ризници се погрижи да го пренесе во своите вечни ризници талантот кој се валкаше и пропаѓаше во калта. Он направи така што оваа несреќна Самарјанка која како свиња се валкаше во калта, стана непорочно јагне: садот на нечистотијата Он го наполни со чистота; матниот поток се претвори во благомирисно езеро; смрдливиот бунар стана сад на скапоцено миро; онаа која што погуби многу човечки души, на многумина им стана причина за спасение. А почетокот на нејзиното обраќање кон Бога беше вакво:
Некој побожен монах, по име Герман, се враќаше од пат во својот манастир преку Илиопол. Ноќта го зафтаса во градот, па остана да ноќева кај еден свој познаник, христијанин, чија што куќа се наоѓаше до градската капија. Ѕидот на неговата соба граничеше со ѕидот на куќата во која престојуваше Евдокија. Пред да си легне, тој долго се молеше. Откако малку се одмори, според својот обичај, монахот стана во текот на ноќта и повторно започна гласно да се моли и да пее псалми. Кога го заврши своето молитвено правило, тој започна да чита од една книга што ја носеше со себе. Во неа пишувало за Страшниот суд Божји и за тоа како праведниците ќе заблескаат како сонце во царството небесно, а грешниците ќе бидат фрлени во незгасливиот оган каде вечно ќе се мачат. А пак, по промисла Божја, таа ноќ Евдокија спиеше сама во својата соба која што граничеше со собата на монахот. Кога монахот започна со своето псалмопоение, Евдокија веднаш се разбуди и, лежејќи мирно во својата постела, слушаше сѐ што читаше монахот. Грешницата беше трогната од тоа што го слушна и не можеше да заспие до самнување. Срцето ѝ го обзеде ужас зашто започна да размислува за своите многубројни гревови, за Страшниот суд Божји и за неподносливото мачење на грешните. Кога осамна, таа, побудена на покајание со благодатта Божја, испрати да го доведат кај неа оној, кој читал преку ноќта. Кога дојде, таа го праша:
- Кој си ти човеку, и од каде си? Каков живот водиш и од која вера си? Кажи ми ја целата вистина, те молам. Ноќеска слушав што читаше, па сум многу вознемирена оти слушнав страшни и чудни работи за кои досега не сум слушнала. Ако е вистина дека грешниците се предаваат на оган, тогаш кој може да се спаси?
Блажениот Герман ѝ одговори:
- Госпоѓо, на која вера ѝ припаѓаш? Велиш дека не си слушнала ништо за Страшниот суд Божји и дека не ја разбираш силата на читаните зборови.
Евдокија рече:
- И по татковина, и по вера, јас сум Самарјанка и сум премногу богата. Но, посебно ме збунува и плаши тоа што во книгата што ја читаше се вели: „Тешко на богатите!“ Им се заканува вечен и незгаслив оган. Јас никогаш не сум слушнала такви зборови во книгите на нашата вера. Кога ги слушнав овие нови и неочекувани работи, мене ме обзеде голем страв.
Блажениот Герман ја праша:
- Госпоѓо, имаш ли маж? И од каде доаѓа, како што велиш, твоето прекумерно богатство?
Таа одговори:
- Законски маж немам, а богатството што го имам го собрав од многу мажи. Ако по смртта богатите се осудуваат на такви вечни маки, тогаш каква ми е користа од богатството.
А Герман ѝ рече:
- Кажи ми ја вистината, дали сакаш да бидеш спасена без богатство и да живееш среќно низ бесконечните векови, или со своето богатство да гориш во вечниот оган?
- Со радост би сакала да го стекнам вечниот живот, отколку со богатството да загинам за навек, - рече таа. Но, чудно ми е зошто богатиот бива така казнет по смртта? Зарем вашиот Бог пламти со некаква свирепа и неумолива омраза кон богатите?
- Не - ѝ одговори Герман. Бог не се одвраќа од богатите ниту пак забранува луѓето да бидат богати. Он го мрази неправедното стекнување на богатства и нивното трошење во сладострастие и гревовни желби. А оној кој што праведно стекнува богатство и сомилосно го троши, тој е безгрешен и праведен пред Бога.
Евдокија го праша:
- Сметаш ли дека моето богатство е неправедно?
Герман ѝ одговори:
- Навистина твоето богатство е најнеправедно пред Бога, и погнасно е од секој грев.
Таа рече:
- Зошто велиш така? Јас многу голи сум облекла, многу гладни сум нахранила, а некои и со злато сум ги утешила. Тогаш, зошто велиш дека богатството е зло?
Герман одговори:
- Госпоѓо, сослушај ме внимателно:
Никој не се капе во нечиста и смрдлива вода. И како ти можеш да се очистиш од одвратната и смрдлива гревовна нечистотија кога доброволно се валкаш во неа, а ја презираш чистата вода на милосрдието Божјо? Богатството со кое изобилуваш му е одвратно на великиот Господар и вечен Судија. Тоа е веќе осудено зашто е стекнато со блуд. Тебе не ти помага тоа што од него им поддаваш по некоја трошка на неколку сироти, зашто безбројните твои нечисти дела ја надминуваат наградата за нив, како што силната смрдеа го гуши слабиот мирис. Сѐ додека доброволно остануваш во нечистотијата, ти никогаш нема да добиеш никаква благодат и нема да се удостоиш на милосрдието Божјо ако со покајание не ја измиеш безмерната нечистотија од себе и не се украсиш со праведни дела. Ако ме послушаш, можеш да се спасиш од маките што те очекуваат и да добиеш вечна радост.
Евдокија одговори:
- Слуго на живиот Бог, те молам, поседи малку кај мене, помогни ми и упати ме како да се удостојам на милоста Божја и да добијам спасение. Еве, чесен оче, јас имам голем број свои робови, ќе ги натоварам со злато и сребро и ќе ги поведам, а ти ќе одиш пред нас кон твојот Бог, ако со твоето посредство Он посака да го прими овој мој принос и да ми даде спасение.
На тоа Герман ѝ рече:
- Немој да мислиш дека Бог е како луѓето и бара ништовни земни работи кои се драгоцени за нив, бидејќи Он е побогат од сите земни цареви и доброволно осиромаши ради нас, за со тоа тажно сиромаштво да ни даде вечно спасение. Богатството што ти го имаш, о ќерко, раздај го на немоќните и бедните оти тие му се мили на Бога и тоа што некој ќе им го даде, Бог го смета како да му е дадено нему и за раздавањето на имотот на неволните Он возвраќа со неминливо небесно богатство. Така постапи и ти, ќерко, и пристапи му на светото Крштение. Преку него ќе ја испереш нечистотијата на сите твои гревови, ќе станеш чиста и непорочна и препородена со благодатта на Светиот Дух, ќе добиеш блажено наследство, и ќе бидеш свето јагне коешто на пасиштата небесни го пасе Исус Христос, Спасителот наш.
Евдокија одговори:
- Оче, земи од мене злато колку што сакаш и остани овде неколку дена за да ме поучиш во христијанската вера, а јас ќе го раздадам моето богатство и имот, и ќе појдам со тебе.
На тоа, блажениот ѝ рече:
- Мене не ми е потребно злато; доволна ми е надежта за твоето спасение. За мене благословена причина е да останам овде неколку дена со надеж дека ќе ја пронајдам изгубената овца и ќе ја приведам во стадото Христово. А ти, повикај свештеник да те поучи и да те крсти.
Евдокија повика свештеник, му се поклони до земја и ги целиваше неговите чесни нозе. Потоа му рече:
- Те молам, господине, раскажи ми за вашата вера бидејќи јас сум Самарјанка, а сакам да бидам христијанка. Јас сум море од многу зла. Слушнав дека грешниците ако не се покаат и не станат христијани, по смртта ќе се мачат во вечен оган. Поради тоа решив да станам христијанка.
Презвитерот ѝ одговори:
- Ако си сега море од гревови, тогаш во иднина биди пристаниште на спасението. А овоземното богатство што го имаш, раздај го на бедните и ослободи се себе си од гревовната горчина и од темнината и незгасливиот оган што те очекуваат ако не се покаеш.
Кога го слушна тоа, Евдокија се расплака и праша:
- Зарем навистина во вашиот Бог нема милост за грешниците?
Презвитерот ѝ одговори:
- На грешниците кои се каат, откако ќе примат свето Крштение, Господ им ги простува сите нивни гревови, а за оние што остануваат во гревовите и не помислуваат на покајание - нема простување и тие ќе бидат мачени без милост. Ако не го одвратиш својот ум од прелеста на овој свет и не ги презреш времените сласти, ти нема да го наследиш вечниот живот.
На тоа, Евдокија рече:
- Откако ќе ја примам христијанската вера, со сигурност ли можам да се надевам на бесмртниот живот за кој што зборуваш ти? Како ќе ме увериш дека е точно тоа што ми го зборуваш? Како јас ќе знам дека вашиот Бог ми ги простил многубројните мои гревови? Зашто, ако го дадам целото мое богатство на бедните како што ми советуваш, а не добијам ништо од она што ти ми го зборуваш, тогаш ќе бидам најбедна и најнесреќна зашто ќе останам без ништо. Мене ми е потребен сигурен доказ за милосрдието на вашиот Бог, па да постапам како што ме советуваш. Тогаш, како што некогаш бев пример за беззаконие, сега ќе станам прекрасен пример за покајание.
Презвитерот ѝ одговори:
- Немој да се вознемируваш Евдокија. Тебе те збунува прелеста на ѓаволот, зашто тој се труди да те одврати од служењето на Христос. Во твоето срце внесува помисли на сомнеж и страв за да те уплаши, да те оттргне од правиот пат и да те повлече во смрт. Што се однесува до добрината, неискажаната милостивост и човекољубивоста на нашиот Бог, за Кого си слушнала и сакаш да се увериш, знај дека Он е готов и оддалеку да ги пресретне оние што се каат, да ги прими со раширени раце во својата родителска прегратка, да им ги прости гревовите и да им дарува живот вечен. Во тоа ќе се увериш ако својот ум го вознесеш кон небото и започнеш да размислуваш за вечниот живот. Притоа е потребна трезвена и смирена молитва, зашто на тој начин Бог се измирува со душата и во неа започнува да сјае божествена светлина која што ја објавува целата вистина и човекот осознава колку е ништожен овој краткотраен свет, а каков е идниот свет; колку се штетни насладите на овој живот, а колку е добар Бог и колку е неизмерно неговото милосрдие. Ако сакаш да се спасиш, тогаш послушај ме: Фрли ги од себе скапоцените фустани, облечи се во бедни, затвори се во една од собите од твојот дом и остани во неа седум дена, постојано размислувај за своите гревови и исповедувај Му се на Бога со солзи, Творецот твој и пости и моли се, Господ Исус Христос да те просвети и упати да го чиниш она што Му е по волја. Верувај ми дека нема да биде залудно ако постапиш како што те советувам.
Го рече тоа и стана да си оди. На заминување ѝ ги рече овие утешни пророчки зборови:
- Христос Бог, Кој го оправда цариникот и ја помилува грешницата што плачеше крај неговите нозе, нека те помилува и оправда и тебе, и твоето име нека го прослави по целата земја. Амин.
Штом си отиде презвитерот, блажена Евдокија без да го одлага своето обраќање кон Бога, веднаш повика една слугинка, и ѝ рече:
- Кој и да дојде немој да отвараш и кажи дека не сум дома. На секого кажи му дека сум отишла во некое далечно село по работа и дека долго ќе се задржам таму. На вратарот нареди му никого да не пушта овде. Нареди во кујната да не ми се носи храна, затворете ја големата капија и не отварајте ја сѐ додека не ви наредам. Сѐ нека биде уредено како да не сум дома.
Откако издаде такви наредби, Евдокија му се обрати на блажениот Герман, и му рече:
- Те молам, оче, кажи ми поради што вие монасите живеете по пусти места, оставајќи ги сладостите на животот со луѓето во градовите?
Блажениот Герман ѝ одговори:
- Ќерко, ние ги оставаме градовите и светската сладост за да ја избегнеме суетната горделивост и да ги умртвиме телесните страсти со глад, жед, трудови, искината облека и оскудност во сѐ, како и да се оддалечиме од местата во кои лесно се греши. Оти, оној, кој живее во градот, лесно паѓа во грев. Ако сакаме да добиеме простување на гревовите, да се погрижиме останатото време од својот живот да го изодиме по патот на заповедите Господови, одејќи по патеките на правдата и вистината и непрестајно да се молиме на Бога. Затоа, плачи поради беззаконијата свои, кои ѓаволот ги направи слатки во срцето твое, па поради твоите солзи да ти се приближи ангелот кој е посредник на спасението. Внимателно послужи Му на Бога за да станеш наследничка на незалезната светлина. Како вредна пчела работничка, собирај правда од многу свети дела и секогаш труди се да Му угодиш на Бога.
Овие зборови изречени од презвитерот продреа длабоко во срцето на Евдокија и таа се фрли пред неговите нозе, говорејќи:
- Те молам, човеку Божји, изведи ме чиста пред твојот Бог за да не им бидам за потсмев на оние кои сакаат да ме прелестат.
Герман ѝ одговори;
- Ќерко, живеј во страв Господен и откако ќе се затвориш во својата одаја, со солзи моли Му се на Господа непрестано, сѐ додека не ги очисти сите твои гревови и додека не те увери во милоста Своја. Оти нашиот Господ Исус Христос е благ и милосрден и бргу ќе ја покаже својата милост кон тебе и нема да задоцни да те утеши со благодатта Своја.
Откако го рече тоа, блажениот Му се помоли на Бога за неа, ја осени со крстниот знак, ја затвори во нејзината соба и ѝ вети дека заради неа ќе се задржи уште седум дена во Илиопол.
Откако влезе во својата соба, Евдокија помина седум дена во пост и молитва. Тогаш дојде блажениот Герман, ја отвори вратата и ѝ нареди да излезе. Кога виде дека е бледа во лицето, ослабена и многу смирена, тој ја фати за раката и ѝ рече да седне. Потоа се помоли, седна и тој, па ја праша:
- Кажи ми, ќерко, за што размислуваше овие седум дена, што дозна, што виде, и што ти беше откриено?
А таа му одговори:
- Ќе ти раскажам, свети оче. Откако седум дена се молев онака како што ти ме научи, минатата ноќ, додека се молев и ги оплакував своите гревови, ме озари светлина посилна од сончевата. А јас, мислејќи дека сонцето изгреало, станав и здогледав момче, пресветло и страшно. Наметката му беше побела од снег. Момчето ме фати за десната рака, ме подигна во воздухот, ме стави врз еден облак и ме однесе на небото. Таму имаше огромна и чудесна светлина. Видов безбројно мноштво белорисци, кои постојано се радуваа, се насмевнуваа еден на друг и се веселеа. Кога видоа дека одам кон нив, тие ме пресретнаа во хорови, и со радост ме целиваа како своја сестра. А кога опкружена, водена и придружувана од нив, јас сакав да влезам во оваа светлина, неспоредливо посилна од сончевата, одненадеж во воздухот се појави едно страшно лице, црно како мрак и јаглен, страшило кое ја надминува секоја темнина. Тоа лице ме гледаше страшно и бесно, чкрташе со забите, ме напаѓаше бесрамно, сакаше да ме земе од рацете на мојот водач. Тогаш повика силно, така што целиот воздух се исполни со неговиот глас, и викајќи говореше:
- Зарем и неа сакаш да ја внесеш во царството небесно? Тогаш зошто јас се трудам на земјата? Ете, таа, блудствувајќи ја оскверни целата земја, зашто сите свои вештини и сили ги употребив околу неа. Привлеков кон неа безброј највисокородни и богати љубовници. Тие ја засипаа со злато и сребро и јас се гордеев што ја имам во моите раце како победничко знаме со коешто триумфирав над луѓето коишто отпаѓаат од Бога и упаѓаат во моите мрежи. А сега, зарем толкав бес сакаш да истуриш врз мене о архистратигу на Божјите Сили, та ме фрлаш под нејзините нозе да ме гази? Зарем на твојот гнев не му се доволни оние свирепи и многубројни одмазди што секојдневно ги удвојуваш, па сакаш да ми ја земеш и оваа моја робинка, која толку скапо ја платив. Веќе се плашам да не ми ги одземеш сите што живеат грешно и да ги приведеш кон Бога како достојни наследници на царството небесно. Јас сум фрлен од небото поради една мала непослушност, додека ти во царството небесно воведуваш најзакоравени грешници кои дрско Му се потсмеваа на Бога и многу години луто го разгневуваа. Остави ја јароста и олабави ги моите окови, па ќе видиш како за миг ќе го истребам човечкиот род од земјата.
Додека зборуваше тој, мојот водач гледаше застрашувачки во него, а кон мене се насмевнуваше. Тогаш дојде еден глас од онаа светлина, говорејќи:
- Таква е волјата на Бог, милостивиот, спрема синовите човечки; грешниците меѓу нив, ако се покајат, да бидат примени во прегратките Авраамови.
А на мојот водач му рече:
- Тебе ти зборувам Михаиле, чувару на заветот мој, неа одведи ја онаму од каде што си ја зел за да го изврши својот подвиг, а јас ќе бидам со неа во сите денови од нејзиниот живот.
И водачот веднаш ме доведе во мојата соба, и ми рече:
- Мир на тебе, Евдокија, слугинко Божја! Не плаши се и биди силна, благодатта Божја е со тебе сега, и ќе биде секогаш.
А јас, охрабрена од неговите зборови го прашав:
- Кој си ти? Кажи ми да знам како да верувам во вистинскиот Бог, за да добијам живот вечен.
Тој ми одговори:
- Јас сум кнезот на ангелите Божји, и мене ми е поверена грижата за грешниците кои се каат. Јас ги примам и воведувам во блажениот и бесконечен живот. Голема е радоста меѓу ангелите на небото кога грешникот преминува од гревовната темнина во чистата светлина на покајанието. Бог, Кој е Отец на сите, не сака да загине човечка душа што Он ја создаде на почетокот со своите пречисти раце, според својот лик.
Го рече тоа, ме осени и рече:
- Биди уверена дека нашиот човекољубив Бог е готов со раширени раце да ги прими во родителската прегратка оние што се кајат, да им ги прости гревовите и да им дарува живот вечен. Ќе се увериш во тоа со крстниот знак.
Јас му се поклонив до земјата и тој отиде на небото.
Тогаш блажениот Герман ѝ рече на Евдокија:
- Ќерко, отсега не се сомневај дека на небото постои вистински Бог, готов да ги прими оние што се каат за своите гревови и да ги воведе во вечната светлина каде царува Он, опкружен со своите служители, светите ангели, кои си ги видела во онаа небесна светлина, а си ја видела и царската и бесмртна слава на нашиот Господ Исус Христос, како брзо им ја покажува својата благодат на оние кои сакаат да се измират со Него. Си го видела Неговиот небесен дворец, си дознала колку е мала овоземната светлина во однос на небесната. А сега, кажи ми, што мислиш, како ќе постапи?
Блажената Евдокија, цврсто решена со целото свое срце да Му служи на единствениот Бог, Царот на славата, рече:
- Верував и верувам дека не постои друг бог кој ги спасува грешниците, освен Оној, чија небесна врата ја видов осветлена со неискажана светлина.
Герман ѝ рече:
- Тогаш, ќерко моја, подготви се за сесрдна служба на Бога. Ревносно труди се плодот на твоето покајание да ја надмине тежината на гревовите од твојот поранешен живот. Самата принеси се како благопријатен дар на бесмртниот и вечен Бог. Плачи и липај сѐ додека со своите солзи потполно не ја испереш својата нечистотија, и се удостоиш да бидеш чиста невеста Христова. Заборави на твојата претходна гордост, та и Господ Исус Христос да ги заборави твоите гревови. Отрезни се и со целомудрие и чиста совест смело речи му на ѓаволот во лице:
- Јас немам ништо повеќе со тебе, зашто се обратив кон мојот Господар и Нему Му се предадов. Бегај од мене туѓинецу, лажливецу и робу на вечната темнина. Во мене повеќе нема никаква земна пристрасност, ниту желба за богатство. Јас сесрдно се трудам да го стекнам небесното.
Цврсто поткрепена од овие зборови, Евдокија праша:
- Чесен оче, нареди ми, кажи ми што да правам сега?
Тој ѝ оговори:
- Пред сѐ, сакам да го примиш светото Крштение, кое ќе те чува неповредена во сите твои денови. А сега јас со Божја помош ќе заминам во својот манастир. Но, пак ќе дојдам кај тебе, ако Господ сака.
По неговото заминување блажената Евдокија помина уште неколку дена во пост, не јадејќи ништо освен леб, елеј и вода, и се молеше и дење и ноќе, и плачеше. Потоа отиде кај епископот на градот и тој ја крсти во името на Света Троица. По неколку дена му напиша молба на истиот епископ во која подробно го извести за своето богатство, молејќи го да го земе за Христа. Кога ја прочита нејзината молба, епископот ја повика кај себе и ја праша:
- Ќерко, ти ли ја испрати оваа молба до мене грешниот?
Таа одговори:
- Да, јас ја испратив. И сега повторно ја молам твојата светост да му нареди на црковниот економ да го земе тоа што го давам, и да го раздадете како што е најправилно, на бедните, сиротите и вдовиците, зашто дознав дека тоа богатство сум го стекнала неправедно.
А епископот чие име беше Теодот, ја виде нејзината добра намера и верата и љубовта кон Бога и, провидувајќи го со духот нејзиното идно житие, ѝ рече:
- Сестро, те молам, моли Му се на Господа за мене. Ти си се удостоила да се наречеш невеста Христова, зашто си се откажала од нечистата љубов телесна и си ја засакала чистотата.
Потоа го повика црковниот управник, презвитер по чин, и тој појде со Евдокија во нејзиниот дом. Кога стигнаа, таа го повика управителот на својот дом и рече:
- Секој од вас нека ми го донесе она што му е доверено на чување.
И веднаш пред неа беше донесено дваесет илјади литри злато, безброј прекрасни и разновидни накити, скапоцени камења и царски бисери, двесте седумдесет и пет сандаци со свилени фустани, четиристотини и десет сандаци со бели ленени фустани... и многу други вредни предмети, а и недвижен имот: ниви, села и ливади. Приходот од недвижниот имот секоја година изнесуваше околу две илјади и осумстотини златници. Сите тие богатства Евдокија ги стави пред нозете на светиот презвитер. Потоа ги повика сите свои робови, им раздаде дел од богатството, се прости со нив и ги пушти ва слобода, советувајќи ги ако сакаат да се ослободат од ропството на ѓаволот да пристапат кон Христа, вистинскиот Бог. Потоа се обрати кон презвитерот, и му рече:
- Господине, ти треба да се грижиш за ова што стои пред тебе и да го раздаваш како што е неопходно, зашто јас го барам Господа, Кој мене ме бара.
Додека блажената Евдокија вака се подвизуваше, дојде чесниот Герман, осветен со благодатта на Светиот Дух. Кога виде дека го дала својот имот на Бога и ги ослободила сите робови, ја одведе во еден женски манастир во пустината, недалеку од неговиот машки манастир, и ја замонаши. Тука Евдокија го минуваше времето во работа и подвизи на монашкиот живот, служејќи Му на Бога, и дење и ноќе. По тринаесет Месеци се претстави игуманијата на тој манастир, Харитина. Под нејзина управа Евдокија добро напредуваше, го научи Псалтирот на памет, го прочита целото Свето Писмо и ги надмина сите сестри во подвизите. Затоа, едногласно беше избрана за игуманија на местото на покојната. И Бог не задоцни да посведочи дека таа е достојна за тоа и нејзиниот избор го потврди со чудо.
Едно многу богато момче Филострат, нејзин поранешен љубовник, се сети на неа и поттикнат од ѓаволот, започна да размислува како да ја врати кон поранешниот живот и да блудничи со неа. Еден ден тој облече монашка риза, под неа понесе злато колку што можеше и се упати кон манастирот на Евдокија. Кога затропа на манастирската врата, вратарката го праша:
- Што бараш овде човеку?
А тој ѝ одговори:
- Грешен сум, па дојдов да се помолите за мене и да се удостојам на вашиот благослов.
Вратарката му рече:
- Овде не е дозволено влегување на машки, брате, затоа оди подолу и ќе го најдеш манастирот на господинот Герман. Таму ќе се удостоиш на молитви и благослов.
Девицата го рече тоа и го затвори прозорчето. Филострат, горејќи од љубов спрема Евдокија се упати кон манастирот на Герман. Го најде блажениот како седи и чита пред манастирскиот влез. Му се поклони смирено до земја и, откако, по монашкиот обичај светиот старец се помоли, Филострат доби благослов од него. Преподобниот Герман му рече:
- Седни, брате, и кажи ми од каде си и од кој манастир.
А тој одговори:
- Оче, јас им бев син единец на моите родители, кои неодамна умреа. Не сакав да се женам, туку решив да Му служам на Бога во монашки чин. Затоа веднаш се погрижив, та ја најдов оваа риза и започнав да барам место и наставник кој ќе ме упати во монашкиот живот. Откако слушнав за твојата светиња, чесен оче, јас поминав голем пат, со желба да паднам пред твоите свети нозе и да те умолам да ме примиш во својот манастир, зашто сакам да се каам за моите гревови.
Додека го зборуваше тоа, блажениот Герман внимателно го набљудуваше. По лицето и очите виде дека има сладострастен карактер, и му рече:
- Чедо, сакаш да се допреш до голем труд, само не знам дали имаш сили за тоа. Ние сме стари, па едвај можеме да им се спротивставиме на тешките ѓаволски искушенија што нѐ поттикнуваат на нечистотија. А што ќе се случи со тебе во таквиот цвет на младоста, во пламените години на страстите?
Филострат му одоговори:
- Оче, зарем нема примери за доблесен живот на момчиња подобни на мене, кои јуначки ја победиле похотата? Зарем вашата Евдокија, за која толку сум слушал и за чиј доблесен живот ечи слава на сите страни, не е млада и не живеела во сладострастие, па прибегнала под ваше раководство, и сега цврсто и јуначки монахува, победувајќи го телото свое? Нема да го премолчам ни тоа, оче, дека нејзиниот пример особено ме побуди и сакам да се огледам на неа. Размислувам за неа, колку беше убава, колку богата, во какви сладострастија ги помина претходните години на нејзиниот живот, па наеднаш се измени и тргна да Му служи на Христос по тесниот и тежок пат. Кога таа можела да го презре светот и да ги умртви своите желби заради љубовта Христова, зошто тогаш, оче, се двоумиш за мене, кој сум машко? Кога само би можел да ја видам! Се надевам дека од нејзините беседи и поуки ќе исцрпам толкава огнена ревност кон Бога и толку сили за подвиг, што ќе ми биде доволно за изгонување на сите ѓаволски искушенија во мојот живот.
Слушајќи ги ваквите негови зборови, слугата Божји, Герман, ѝ поверува на лагата како на вистина, па му рече:
- Чедо, нема да ти забраниме да ја видиш Евдокија.
И повика еден чесен стар монах кој требаше да однесе темјан во женскиот манастир, и му рече:
- Кога ќе појдеш во манастирот, поведи го и овој брат за да ја види слугинката Божја, Евдокија, зашто сака да го следи нејзиното богоугодно житие.
По кратко време оној монах појде во манастирот и го поведе со себе и младиот брат, како што му нареди игуменот. А Филострат, покриен со монашката риза како волк во овчја кожа, влезе во женскиот манастир и кога ја виде невестата Христова, света Евдокија, се зачуди на нејзиниот смирен лик, сиромаштвото и умртвеноста на телото. Нејзиното лице беше бледо, погледот вперен во земјата, молчелива, со сиромашна облека врз себе, а постела ѝ беше една рогозина со искината покривка. Кога му се укажа прилика, тој започна со тивок глас да ѝ зборува: „Што е тоа што го гледам Евдокија? Кој те лиши од градот во кој сите те почитуваа, гледајќи те како минуваш облечена во скапоцени фустани и восхитувајќи се на твојата убавина? Кој е тој лажливец, што од толку многу богатства те доведе овде во крајна сиромаштија и во ваков беден и одвратен живот? Ете, сега цел Илиопол те бара. Очите на сите сакаат да те видат, дури и самите ѕидови на твоите прекрасни палати плачат по тебе. Јас сум овде во името на народот. Испратен сум кај тебе за да те умолам да се вратиш и да ја утешиш тагата на народот. Послушај ме, и ајде со мене! Излези од ова бедно живеалиште и врати се во твоите палати. Иако твоето богатство го подари, сепак сите се готови повторно да те збогатат. Зарем не е штета да ја сокриваш твојата убавина и со непотребен плач да ги упропастуваш твоите прекрасни очи. Каде се чудесните мириси со кои го мирисаше воздухот во градот, одејќи по неговите улици, додека сите те почитуваа како богиња? Еве, јас и злато ти донесов колку што е потребно за по пат. А она што го раздаде, штом стигнеме во Илиопол ќе бараме да ти се врати“.
Додека тој така зборуваше, светителката со гнев го набљудуваше. И, не можејќи повеќе да ги слуша неговите лукави зборови, налутено му одговори:
- Нека ти се закани Богот на одмаздата! Нека нашиот Господ Бог Исус Христос, чија слугинка сум јас, не ти дозволи да се вратиш во својот дом зашто си син на ѓаволот!
Штом го рече тоа, лажниот монах веднаш падна мртов на земјата. А сестрите девици, кога видоа како од здивот на Евдокија човекот падна мртов на земјата, најпрвин се восхитуваа, а потоа започнаа да се грижат да не дознаат мирјаните, па да поведат истрага и да го запалат манастирот, зашто незнабошците исто како и идолопоклониците не ги сакаа христијаните и нивните манастири. Тие се советуваа меѓу себе што да прават, зашто не се осмелуваа да ја прашаат Евдокија за тоа, па решија: засега да молчат, а преку ноќта да Му се молат на Господа да им ја открие причината за смртта на монахот, и да ги упати како да постапат понатаму.
На полноќ ѝ се јави Господ на Евдокија во сон и ѝ рече:
- Евдокија, стани, прослави го твојот Бог и во близина на мртвото тело преклони ги колената, помоли Ми се, и Јас ќе му наредам да стане жив. Голема благодат моја ќе изобилува во тебе.
Сепнувајќи се од сонот, Евдокија Му се помоли на својот Господ и мртовецот воскресна. Станувајќи од смртта како од сон и познавајќи го вистинскиот Бог, Филострат се фрли пред нозете на Евдокија, говорејќи:
- Те молам, блажена Евдокија, прости ми што те огорчив со своите лукави и нечисти зборови зашто сега знам на каков добар и силен Господ Му служиш ти.
Евдокија му рече:
- Оди си со мир, не заборавај ја добрината што Бог ти ја стори, и немој да отстапиш од правиот пат на светата вера.
Во тоа време во таа покраина владееше царот Аврелијан, кој беше вазал на римскиот ќесар. Света Евдокија беше наклеветена кај него. Некои големци, некогашни нејзини љубовници, се состанале и со писмо ја наклеветиле дека многу од златото потребно за царските ризници, го однела со себе во некое пусто место; тие го молеа царот да им даде војска за да ја пронајдат и да ја вратат во градот, а златото да го предадат во народната штедилница зашто таа ѝ пристапила на верата галилејска, исповеда некаков Христос, и на тој начин ги срамоти боговите на кои им се поклонуваат и царевите.
Кога виде дека станува збор за многу злато, Аврелијан веднаш се согласи, повика еден капетан и му нареди да појде со своите војници во манастирот на Евдокија. Додека тие патуваа ѝ се јави Господ на Евдокија, и ѝ рече:
- Царскиот гнев се крена против тебе, но не плаши се, Јас сум со тебе.
Кога пристигнаа војниците и сакаа да го нападнат манастирот, невидлива сила ги запре, и не можеа ниту чекор да пречекорат кон манастирот. Се обидуваа три дена и три ноќи, но без успех. И додека се двоумеа што да прават, ги нападна една огромна змија и тие се разбегаа преплашени, повеќето умреа од нејзиниот отровен здив, а само капетанот со тројца војници се врати назад кај царот.
Бесен од гнев, царот им рече на големците:
- Што да ѝ сториме на таа вештица што толку војници ни уби?
Додека се договараа, стана царевиот син и изјави:
- Јас ќе појдам со голема воена сила, ќе ја срамнам со земја обителта на блудницата, а неа ќе ја доведам овде.
Сите се согласија со тоа. Утредента тргна царскиот син да го уништи манастирот. Пред да настапи ноќта стигна до еден прекрасен имот на својот татко и реши таму да преноќева. Симнувајќи се од коњот, тој многу ја повреди ногата и од силните болки умре преку ноќта. Тогаш војската се врати кај царот, носејќи го неговиот мртов син. Кога го здогледа, царот се струполи од жалост и целиот град жалеше поради смртта на царскиот син. Меѓу народот беше и Филострат. Тој им пристапи на царските доглавници, им рече дека Евдокија е слугинка Божја, и дека никој не може да ѝ наштети зашто ја чува небесна сила, па продолжи:
- Ако царот сака да го види својот син жив, нека ѝ испрати молба, таа да Му се помоли на својот Бог да го оживее мртовецот, зашто врз себе ја искусив силата на нејзините молитви и Божјото милосрдие.
Кога малку се созеде, царот му поверува на кажувањето на Филострат и веднаш ѝ испрати смирена молба на блажената Евдокија. Кога пристигна трибунот во обителта, света Евдокија смирено го прими писмото од царот, се поклони до земја и праша:
- Зошто на мене, бедната грешница, царот ми испраќа писмо?
Додека Евдокија го читаше писмото, трибунот се повлече и виде една отворена книга. Ѕирна во неа и го прочита следното: „Блазе им на оние што ги изучуваат сведоштвата твои, Господи!“ "Тој го прочита целиот псалм до крај, па задрема и заспа. Во сонот виде едно светло момче, кое го чукна во ребрата со стапот што го носеше, и му рече:
- Стани Вавил, мртовецот те чека.
Вавил се сепна преплашен од појавата на ангелот, па отрча и ја извести блажена Евдокија за тоа. Таа Му се помоли на Бога и му напиша вакво писмо на царот: „Не знам зошто, на една ништовна и бедна жена полна со гревови, царот би ѝ испратил писмо. Мене совеста ме изобличува за многуте беззаконија мои и јас немам смелост да Го молам мојот Бог Христос да се смилува на тебе и жив да го врати твојот син. Но, се надевам во благоста Божја, дека ако ти, со целото свое срце поверуваш во вистинскиот Бог Кој мртви воскреснува, Он ќе ја покаже својата милост и кон тебе и кон синот твој. Зашто не е добро човек да го призива Неговото свето име и да Го моли за нешто без претходно да верува во Него со чиста душа. Значи, ако веруваш ќе ја видиш и големата сила на бесмртниот Бог и ќе се удостоиш на Неговото милосрдие“.
Му го предаде писмото на трибунот, а тој, кога се врати, не го однесе кај царот, туку најпрвин го стави врз градите на мртвиот и громогласно го призва името Христово. И веднаш мртвиот ги отвори очите и проговори, а царот повика:
- Голем е Богот на христијанката Евдокија! Со право многумина прибегнуваат кон Тебе Христе Боже!
Откако поверува во Бога, царот беше крстен од градскиот епископ заедно со својата жена, синот и ќерката Геласија. Тогаш царот им направи многу милостини на бедните и страдалниците. А на блажената Евдокија ѝ испрати злато за ѕидање на света црква, и често ѝ пишуваше, просејќи од неа свети молитви.
Не помина многу време и царот се упокои во Господа, а по него и неговата жена. Потоа неговиот син стана ѓакон. А кога се претстави епископот на градот, на неговото место тој беше избран за епископ. Неговата сестра Геласија не се омажи, презирајќи ја суетата на овој свет, туку се посвети да Му служи на Господа: тајно отиде во манастирот на света Евдокија и остана таму до крајот на својот живот, служејќи Му на Бога и творејќи ја Неговата света волја.
Кога елинскиот идолопоклонички закон со сила ги тераше оние што тајно Му служат на вистинскиот Бог да се потчинуваат на тој погубен закон, во тоа време во Илиопол областен управник беше Диоген, ревносен кон поганите богови и нивен сесрден служител. Тој посака да ја земе за жена гореспоменатата Геласија. Но, откако царот беше просветен со светото Крштение не сакаше да ја даде својата ќерка за незнабожец, освен ако тој ја прими верата Христова. По смртта на царот, плашејќи се Диоген да не ја примора на брак, Геласија побегна во манастирот на Евдокија. Тогаш управникот испрати војници да ја доведат Евдокија кај него на испитување како христијанка.
Додека војниците беа на пат, ѝ се јави Господ на Евдокија и ѝ рече:
- Ќерко Евдокијо, јуначки држи се во верата, зашто дојде време да Го исповедаш името Мое и да ја пронесеш славата Моја. Ќе те нападнат, но не плаши се, зашто Јас ќе бидам со тебе во твојот подвиг.
Штом заврши видението, војниците ги преминаа манастирските ѕидини. Блажена Евдокија излезе пред нив, и ги праша:
- Што барате вие тука?
А војниците ја фатија и ја прашуваа за Евдокија. Таа им вети дека веднаш ќе им ја предаде Евдокија, само да ја пуштат за кратко време. Отрча во црквата, влезе во светиот олтар, ја отвори дарохранилницата со пречистите животворни Тајни Христови, зеде честица, ја сокри во пазувите, излезе пред војниците, и им рече:
- Јас сум Евдокија! Ајде, водете ме кај оној кој што ве испратил!
Додека ја водеа во темната ноќ, ангел Господов во облик на светло момче одеше пред светителката со свеќа во рацете, и ѝ го осветлуваше патот.
Кога пристигнаа во градот, областниот управник нареди да ја затворат во темница на два дена. Во третиот ден, тој го повика чуварот на темницата и го праша:
Ѝ даде ли некој на таа вештица да јаде и да пие?
Стражарот одговори:
- Никој не ѝ даде ништо, господару. Кога наѕирнав, видов како се моли падната ничкум на земјата. Сигурно Му се моли на својот Бог.
На четвртиот ден управителот Диоген ја изведе Евдокија на суд. Кога го виде нејзиниот смирен изглед, наведнатата глава и искинатата облека, тој им нареди на слугите да ѝ го откријат лицето. Тогаш лицето ѝ засветли како молња. Преплашен, Диоген долго молчеше, восхитувајќи ѝ се на неискажливата убавина и на светоста на нејзиното лице, кое сјаеше со божествена благодат. Додека ја гледаше ваквата убавина, срцето му се разнежи, па се обрати кон своите и им рече:
- Не треба да се предава на смрт таква сонцезрачна убавина. Едноставно не знам што да правам.
Еден од закониците му се обрати:
- Зарем ова не е магиска обземеност. Зарем не знаеш дека магепсниците имаат таква моќ?
Управникот ѝ рече на блажената:
- Најпрвин кажи ни го своето име, потеклото и животот свој.
Светителката се прекрсти, па рече:
- Се викам Евдокија, а за моето потекло и мојот живот не треба да прашувате. За мене треба да знаете само дека сум христијанка. Правете што сакате со мене, и предајте ме на смрт, зашто се надевам во Христос, мојот вистински Бог, дека нема да ме презре, ниту пак ќе ме остави.
Управникот ѝ рече:
- Многу зборови искажа, но што ќе кажеш кога ќе те ставиме на разни маки? Сега кажи ни, зошто си го напуштила градот, си ги презрела нашите богови и си отишла во пустината, а со себе на лажен начин си го однела и богатството, празнејќи ги народните ризници?
Светителката одговори:
- Го напуштив градот затоа што слободниот човек оди каде што сака, а што се однесува до златото, сакам клеветникот да излезе пред моите очи и веднаш ќе се обелодени неоснованата клевета. Зарем туѓо сум зела, па сум заминала?
Расправата траеше долго. Светителката остана непобедлива и во говорот и во верата, па управителот нареди да ја обесат на едно дрво и жестоко да ја тепаат. Војниците ѝ ја искинаа облеката и ја обесија. При тоа падна честичката од пречистото и животворно Тело Христово, што таа го понесе со себе од манастирот. Слугите ја зедоа и, не знаејќи што е тоа, му ја дадоа на управителот. Тој ја пружи раката за да ја земе, но во тој миг честичката од пречистото Тело Господово се претвори во оган, пламна силен пламен и ги опколи слугите на мачителот, а го изгоре и него. Тој падна од болка и викаше кон сонцето, бидејќи тоа му беше бог, говорејќи:
- Сонце - Господи, исцели ме и јас веднаш ќе ја изгорам оваа магепсница. Знам дека ме казнуваш што досега не ја погубив.
Кога го изрече тоа, падна оган како молња и го изгоре целиот. Тогаш сите се преплашија. А еден од војниците виде како ангел Божји стои покрај светителката, ја теши и ја покрива нејзината голотија со покривка побела од снег. Војникот ѝ пристапи на светителката и ѝ рече:
- Слугинко на живиот Бог, и јас верувам во твојот Бог! Прими ме и мене, оти се каам.
Блажената му одговори:
- Чедо, благодатта на доброто обраќање нека слезе врз тебе! Но, ако сакаш да се спасиш, бегај од претходното неверие.
Војникот ѝ рече:
- Те молам, слугинко Господова, смилувај му се и на управителот и измоли од Бога враќање во живот за него, за преку тебе многумина да го познаат вистинскиот Бог и да поверуваат во Него.
Откако го рече тоа тој ја одврза од дрвото, а светителката падна на колена и долго се молеше, Потоа стана и громогласно повика:
- Господи Исусе Христе, Ти ги знаеш тајните човечки. Сѐ си створил премудро со својата сесилна и семоќна волја. Нареди да оживеат сите кои изгореа од огнот што Ти го испрати овде, за верните да се утврдат, а неверните да се обратат кон Тебе, вечниот Бог, и да се прославува Твоето пресвето име низ сите векови.
Тогаш им пријде на мртовците и, држејќи го секого за рака, им говореше:
- Во името на Исуса Христа Кој воскресна од мртвите, стани и биди здрав како порано!
И така, секого посебно го будеше како од сон и со силата Христова сите ги оживеа.
Додека такви преславни чудеса се случуваа и сите присутни неописливо се восхитуваа, наеднаш покрај судскиот стол настана плач и лелекање, зашто стигнала вест дека жената на капетанот Диодор, Фирмина, се попарила со врела вода и умрела. Од голема тага Диодор ја раскина својата облека и со липање отрча да ја види својата мртва жена, а по него потрча и многу народ. Таму отиде и управителот Диоген кој стана од мртвите како од спиење. Кога виде дека жената на капетанот навистина умрела, тој се врати кај света Евдокија и ѝ рече:
- Навистина верувам дека твојот Бог е неспоредливо поголем и помоќен од нашите богови. Но, ако сакаш да ја утврдиш оваа моја сѐ уште слаба вера, те молам, појди со мене кај мртвата Фирмина и воскресни ја од мртвите, за потполно да поверувам во твојот Бог.
Светата Евдокија му одговори:
- Според своето неизмерно милосрдие, Бог ќе ја исполни волјата твоја заради сите кои сакаат да влезат во царството Негово. Ајде да појдеме.
И додека тие одеа заедно со народот, ги сретнаа луѓето кои на одар го носеа мртвото тело на Фирмина. Светителката им нареди да застанат, се расплака, се помоли, ја фати покојната за рака и громогласно рече:
- Боже голем и вечен, Господи Исусе Христе, Логос Очев, Кој ги креваш мртвите, Ти се молам, благоволи да се изврши ова големо чудо за да се уверат и присутните. Нареди нека оживее Фирмина и дај ѝ дух на покајание да се обрати кон Тебе, живиот и вечен Бог.
Откако светителката се помоли, Фирмина веднаш стана од одарот, а целиот народ громогласно, како со една уста повика:
- Голем е Богот на Евдокија! Вистинит и праведен е Богот христијански! Те молиме, слугинко на живиот Бог, спаси нѐ и нас, зашто и ние веруваме во твојот Бог!
Кога Диодор ја здогледа својата жена повторно жива, пресреќен се фрли пред нозете на преподобната, и ѝ рече:
- Слугинко Христова, сега навистина познав колку е голем Богот на Кого Му служиш ти. Те молам, сакам и јас да бидам христијанин.
Тогаш беше крстен Диодор заедно со целиот негов дом, и тој остана цврст во светата вера до крајот на својот живот.
На молба од Диодор преподобната Евдокија живееше во неговиот дом, поучувајќи ги новопокрстените христијани во словото Божјо.
Еден ден, едно момче по име Зинон работело во соседната бавча. На пладне, легнало да се одмори и заспало. На спиење го каснала змија и тоа умрело од смртоносниот отров. Неговата мајка вдовица, неутешно липаше над него зашто ѝ беше син единец. Кога дозна за тоа слугинката Христова, Евдокија, му рече на Диодор:
- Сега е време да се покаже твојата вера во Бога. Затоа помоли се и воскресни го мртвото момче.
Диодор негодуваше сметајќи се за нов во верата, но светителката му рече:
- Јас цврсто верувам дека мојот Бог ќе ги послуша грешниците што се каат и бргу ќе им го даде она за коешто молат. Затоа со целата своја душа повикај Го семоќниот Господ.
Диодор ја послуша, ја наведна својата глава, и удирајќи се во градите, низ солзи извика:
- Господи Боже, Кој си благоволил мене недостојниот неверник и грешник да ме повикаш кон светата вера Твоја и си ја испратил оваа слугинка Твоја за спасение на нашите души, услиши ја и мојата грешна и недостојна молитва! Ти ја знаеш мојата непоколеблива вера во Тебе, и затоа нареди му на мртвото момче да оживее во слава Твоја, та и тоа да го слави Пресветото Име Твое за навек.
Откако така се помоли, Диодор му рече на мртовецот:
- Во името на Исус Христос, Распнатиот - Зиноне, стани!
И веднаш мртвиот стана, исчезна црнилото од телото негово и беше здрав како порано. Сите Го прославуваа Бога, Творецот на небото и земјата и веруваа во Него. А кога народот сакаше да се разотиде, блажената Евдокија рече:
- Почекајте малку, брака, треба уште повеќе да се прослави името Христово.
Народот ја послуша. Светителката Му се помоли на Бога, и змијата што го беше каснала момчето, гонета од чудесен оган, се довлече тука, пиштејќи страшно и мачејќи се, и пред сите препукна и цркна. Тогаш сите што го видоа тоа заедно со жените и децата, отидоа кај епископот Илиополски и го примија светото Крштение. Преподобна Евдокија се врати во својата обител и живееше во своите вообичаени монашки подвизи. Понекогаш доаѓаше во градот да ги утврдува верните, а неверните да ги упатува кон Христа Бога. Од своето крштение поживеа педесет и шест години во манастирот. Таа маченички го заврши својот живот, на овој начин: Кога умре областниот управник Диоген како христијанин, на негово место дојде еден многу суров човек и непријател на христијаните по име Викентиј. Кога слушна за преподобна Евдокија, тој испрати војници да ја отсечат нејзината чесна глава. И така светата преподобна маченица Евдокија беше заклана со меч на први март, за нашиот Господ Исус Христос, Кому слава со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин.
Нека не се чудат читателите и слушателите, и нека не им изгледа неверојатно тоа што жена грешница со блуд стекна толку големо богатство, како што се вели за Евдокија. Кај Елините кои не знаеле за вистинскиот Бог и им служеле на идолите, блудниците не само што не биле презирани туку биле многу почитувани. Пример за тоа е Афродита, која и меѓу боговите свои ја поставиле. Кај древните историчари за богатствата на елинските блудници го наоѓаме следното:
Кога Александар Велики ги срушил камените ѕидини на славниот елински град Теба, атинската блудница Фрина сакала на свој трошок да ги обнови тие камени тврдини и да го утврди градот поцврсто од порано. Но, под услов, на тие тврдини да се напише следново: „Александар го сруши, а блудницата Фрина го подигна“.
Коринтската блудница Лаида била толку прочуена и богата што некои пишувале дека во тоа време целата грчка земја лежела пред нејзините врати.
Исто така и атинската блудница Таиса, била толку убава, почитувана и богата што великиот египетски цар Птоломеј ја беше зел за своја законска жена.
Родопа од Тракија, која била блудница во Египет, била толку богата што подражавајќи ја славата на египетските цареви, таа во своја слава соѕидала пирамида која по ништо не се разликувала од царските пирамиди.
И Евдокија беше слична на овие по убавина и богатство. Но, кога го отфрли таквиот живот и богатство, и стана сиромашна, и Му угоди на Бога со покајание, таа се уподоби на светите Деви и стана сожител на ангелите и наследничка на вечните богатства, кои око не ги виде.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ СИЛВЕСТЕР
Според Ерусалимската Канонарија, на овој ден во храмот Воскресение се врши споменот „на нашиот свет отец Силвестер патријархот“.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА АНТОНИНА
Света Антонина е родена во градот Никеја. Пострада за време на владеењето на царот Максимијан. Изведена пред царот, таа смело Го исповедаше Господа Христа. Затоа најпрвин ја ставија на разни маки, па ја фрлија во темница. Потоа ја извадија од темницата и, не можејќи да ја наговорат да им принесе жртва на идолите, ја обесија и ѝ ги сечеа ребрата. Блажената храбро го поднесуваше тоа страшно мачење, и ги исмеваше незнабожечките богови и заблудата на царот. Поради тоа царот ја предаде на посебни крвници, да ја соблечат и да ја тепаат колку што можат посилно. А кога крвниците се приближија да ја соблечат светата, мноштво ангели слегоа од небото, ги претепаа, и светителката ја сочуваа неповредена.
Потоа тие ја положија на усвитена леса. Но, бидејќи со Христовата благодат таа остана неповредена и по овие маки, ја ставија во една вреќа, ја сошија вреќата и ја фрлија во Никејското Езеро, во 302 година. Така оваа светителка го прими венецот на мачеништвото и се насели во небесните дворови.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА ДОМНИНА НОВА
Оваа светителка е родена во сирискиот град Кир, од побожни и богати родители. Уште од млада го засака Бога и се угледуваше на животот на преподобниот Марон. Затоа Домнина подигна една мала колиба во градината на своите родители. Тука, во самотија, подвижнички молитвено тагуваше и со солзи го мокреше своето лице и својот износен фустан. Во близина имаше црква и блажената одеше ноќе во неа, се молеше и го славословуваше Бога. Тоа го правеше и приквечер и на зазорување. Сметаше дека од сите места погодни за молитва најдобро место е црквата, зашто Му е посветена на Бога. Затоа многу се грижеше околу црквата и ја украсуваше. Таа ги советуваше и своите родители и браќа, истото да го прават.
Блажена Домнина се хранеше со расквасен грав. Држеше таков пост, иако имаше многу слабо и изнемоштено тело. Кога разговараше, воопшто не го покажуваше своето лице, коешто беше покриено со покривка која ѝ се спушташе до колената. Зборуваше многу малку и секогаш со солзи.
Преподобна Домнина често ја целиваше десницата на блажениот Теодорит, епископот Кирски, и за свое осветување ја ставаше на своите очи и ја залеваше со толку многу солзи што тие капеа од неговата рака. Овие солзи доаѓаа од нејзината пламена љубов кон Бога, Кој умот на преподобната го приврза за соѕерцанието во Бога, а срцето ѝ го рани со своите стрели и направи нејзината душа да ита од овој, кон оној свет. Блажена Домнина ги минуваше деновите и ноќите во такви свети подвизи и со сите свои сили им служеше на тогашните преподобни и подвижници. Но и оние што доаѓаа кај неа, таа ги испраќаше во домот на архиерејот (т.е. на свети Теодорит) за малку да се поткрепат, зашто потребните намирници таа ги добиваше од својата мајка и браќата, притоа употребувајќи ги за посетителите. Преподобна Домнина поживеа таков богоугоден живот и во половината на петтиот век се пресели во небесните дворови, таму да живее во вечна радост.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АГАПИЈ ВАТОПЕДСКИ
Преподобен Агапиј беше послушник на еден доблесен старец при манастирот Ватопед на Света Гора. Еднаш тој отиде на морскиот брег за да ја испере својата облека, но таму беше фатен од морските разбојници, одведен и продаден на еден агарјанин како роб во Магнезија. Агапиј помина кај него дванаесет години, и секојдневно работеше со големо сесрдие. Со голема вера и пламени солзи тој и дење и ноќе ѝ се молеше на Пресвета Богородица, брзата Помошничка, Таа да го ослободи од ова горко ропство и од тешката напорна работа. Најпосле, Семилостивата ја услиша молитвата на Својот слуга. Една ноќ, му се јави во сон и му рече да отиде кај својот старец без никаков страв. И ете, чудо! - Кога се разбуди, Агапиј виде дека оковите сами паднале од него и вратата му е отворена. Тогаш светиот сфати дека тоа чудо го направила Пресвета Богородица. Затоа во истиот час, без никакви пречки го напушти домот на агарјанинот и отпатува кај својот старец на Света Гора.
Но старецот, кога го здогледа Агапиј многу се натажи, оти мислеше дека побегнал од својот господар, па му рече:
- Чедо ти си го прелагал агарјанинот, но Бога никој никогаш не може да го прелаже. Во часот на општиот Суд ти ќе мораш да дадеш одговор за парите што ги потрошил твојот господар кога те купил за да му бидеш од корист за неговите потреби. Затоа, ако вистински сакаш спасение за себе, врати се назад кај својот господар и служи му. Ако постапиш така, ти ќе бидеш вистински слуга Божји и верен служител Негов. А кога Бог ќе го просвети твојот господар, тој сам ќе те пушти.
Богољубивиот и богољубен Агапиј ги прими овие зборови од својот старец како изречени од Бога, и се врати назад кај својот господар. Кога го здогледа неочекувано, агарјанинот се зачуди. Го праша како си заминал од кај него и зошто се вратил. Светителот му раскажа сѐ подетално. Агарјанинот остана восхитен, но и запрепастен од доблеста на Агапиевиот старец и возвишеноста на христијанската вера. Во исто време, тој беше трогнат до дното на својата душа. Наскоро го зеде со себе Агапиј и своите два сина и појде на Света Гора кај старецот на Агапиј, и го замоли да го крсти и него и неговите деца. Откако ги поучи во верата Христова како што е потребно, тие беа крстени. Потоа примија ангелски образ и живееја богоугодно во добродетелна покорност на Агапиевиот старец. По смртта на Агапиј, и тие отидоа во царството небесно да се радуваат со останатите преподобни отци во Христа Исуса, Кому Му доликува чест и поклонение за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ХАРИСИЈА, НИКИФОР И АГАПИЈА
Овие тројца свети маченици пострадаа за Пресвета Троица.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК НЕСТОРИЈАН
За својата вера во Христа бил обезглавен.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ НЕСТОР И ТРИВИМИЈ
Овие свети маченици беа родум од местото Кивиреота кај Перга Памфилиска. Живееја за време на царот Декиј. Како христијани му беа поткажани од незнабошците во 251-та година. На негова наредба, војниците врзани ги доведоа пред него на суд. За да ги исплаши, тој нареди пред мачениците ка се извадат сите направи кои се користат за измачување. Но, штом го видоа тоа, тие започнаа громогласно да го проповедаат Христа. Тогаш управителот нареди безмилосно да ги тепаат со суви воловски жили. Потоа ги обесија на дрво и им ги стругаа телата сѐ додека не започна да им се гледа внатрешноста, Но, бидејќи светите останаа непоколебливи во својата вера во Христа, управителот им нареди на мачителите да им ги отсечат главите со меч. Така овие славни маченици примија венци на мачеништво.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ МАРКЕЛ И АНТОНИЈ
Овие свети маченици беа фатени како христијани и изведени пред намесникот во Палестина. Бидејќи Го исповедаа Христа како единствен вистински Бог, беа фрлени во многу мрачна темница. Потоа беа изведени и измачувани, горени со оган, гребени со железни нокти и најпосле погубени заедно со светите маченици Силвестер и Софрониј (кои исто така се слават денес).
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ СИЛВЕСТЕР И СОФРОНИЈ
Овие свети маченици беа фатени и доведени пред намесникот во Палестина. Пред него тие го исповедаа Христа и затоа беа фрлени во темница. Потоа беа мачени. Пострадаа за Христа заклани со меч, заедно со светите маченици Маркел и Антониј.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ПАРАСКЕВАС
Потекнуваше од угледни родители од градот Трапезунт (во Мала Азија). Пострадал за Христа обесен во својот град во 1659 година. Христијаните го погребаа неговото тело во храмот на Свети Григориј Ниски, а оттаму беа пренесени во манастирот Теоскепаст во Трапезунт.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МАРТИРИЈ ЗЕЛЕНЕЦКИ
Преподобниот Мартириј Зеленецки беше родум од Псковската губернија; уште како млад се подвизувал во Великолуцкиот Сергиевски манастир. Желен за осаменички подвиг, тој го напушти манастирот и се насели на Зелениот остров. Со својот богоугоден живот преподобниот привлече кај себе многу ревнители на побожноста и го основа Зеленицко-Троицкиот манастир, на сто и осумдесет врсти оддалеченост од Петроград. Во последните години од својот живот, преподобниот Мартириј се прослави со дарот на исцелување. Се упокои во длабока старост во 1603 година. Неговите свети мошти почиваат во неговиот манастир.