15. Март  (2. Март)

 

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ТЕОДОТ,

епископот Кириниски

На островот Кипар постои град Киринија. Во него епископствувал светиот свештеномаченик Теодот. Роден е во Галатија од христијански родители, каде и се здоби со книжевно образование. Мудар и доблесен уште од млади години, Теодот дојде на островот Кипар и започна да ги поучува незнабошците да ја остават заблудата и лагата на идолопоклонството, и да веруваат во вистинскиот Бог, Христос. Со својата проповед на Божјото слово, тој многумина одврати од незнабожечкото безбожништво и ги приведе кон патот на спасението. А кога настана гонењето на христијаните во времето на безбожниот цар Ликиниј и кипарскиот кнез Савин, свети Теодот посака да биде мачен за Христа. Тој храбро ги осудуваше незнабошците, изобличувајќи ги нивните заблуди и проповедајќи Го Христа Бога.

За тоа слушна кнезот Савин, па нареди да го фатат Теодот и да го доведат за да го измачува. Кога дозна за тоа, архиерејот Божји не чекаше да дојдат по него, туку веднаш отиде кај кнезот, застана пред него, и му рече:

- Јас сум оној што го бараш. Не се сокрив од тебе, ниту пак со сила сум доведен, туку доброволно дојдов да го проповедам Христос, мојот Бог, Кого не треба да Го криеме, туку да Го објавуваме, и да ја изобличуваме вашата ништовност и немоќта на вашето безбожие. Вие ги кренавте сите незнабошци од градот и целата војска заради еден христијанин. Тоа покажува дека сте немоќни и плашливи. Демоните се плашат од еден човек затоа што е слуга Христов, и се трудат тој да не се извлече од вашите крвнички раце, да поведе борба против нив и да ја победи нивната немоќ, придобивајќи ги оние кои им служат и имаат празна надеж во нив.

Не можејќи да го поднесе таквото изобличување, кнезот нареди немилосрдно да го камшикуваат со воловски жили. Долго тепан, тој давидовски говореше: „По плеќите мои ораа грешниците, долги бразди повлекуваа, го продолжија беззаконието свое“ (Пс.128, 3).

Кога слугите престанаа да го тепаат маченикот, кнезот му рече:

- Гледаш ли што ти донесе твојата дрскост?

Светителот му одговори:

- Кога би биле просветлени очите на твојата душа, јас би ти покажал што ми носи моето јунаштво, што ти го нарекуваш дрскост. Но, бидејќи си слеп, не можеш да ги видиш богатствата што ме очекуваат. Барем сфати дека јас, загледан во небесните награди приготвени за Христовите маченици, не чувствувам никакви маки додека ме мачите. Мојата духовна веселба во Бога ги надвладува сите телесни болки.

Кнезот Савин рече:

- Се гордееш Теодот и ги лажеш слушателите, но мене не можеш да ме прелажеш со своите зборови. Јас толку ќе го мачам твоето тело, сѐ додека не ја исповедаш власта на нашите богови.

Теодот му возврати:

- Мачи ме како сакаш, не се грижам ниту пак се плашам од какво било мачење. Со помошта Божја сѐ ќе издржам. Ти се фалиш дека имаш власт над моето тело, но таква власт имаат и разбојниците што живеат по пустините. Се сметаш себе си за моќен човек со силата на твојот меч, зашто твојата законска власт си ја претворил во насилство: им простуваш на блудниците и човекоубијците, а ги казнуваш невините побожни луѓе.

Многу разгневен, кнезот нареди гол да го врзат маченикот за едно дрво и со железни направи да му ги стругаат ребрата. Немилосрдно струган, трпејќи ги болките, маченикот Христов Му се молеше на Бога, говорејќи:

- Господи Исусе Христе, Творецу на сѐ видливо и невидливо, Ти си ја заробил смртта, си го разрушил адот, си го обезличил кнезот на овој свет, а на светите Апостоли Свои си им подарил виша сила и од беди си ги сочувал; некогаш Ти на момчето Давид си му дарувал победа над џинот Голијат и во Вавилонската печка си го зауздал пламенот за да не им наштети на светите Момчиња Твои. Ти, Боже, укрепи ме и мене во овие маки, зашто ја знаеш немоќта човечка. Дај му слава на името Твое, та целата земја да сфати дека си Ти единствен Бог, Кој им дава сила на оние кои се надеваат на Тебе.

Додека тој така се молеше, крволочните слуги толку му го истругаа телото, што коските му се гледаа. Потоа кнезот нареди да го симнат од дрвото и да го фрлат во темница.

Додека го водеа кон темницата низ улиците на градот, светителот викаше:

- Вие, кои ме гледате како страдам, сфатете дека јас не страдам без надеж, зашто во Господа Христа постои награда за маченичките маки, која и јас ја очекувам. Штом земниот цар ги наградува своите војници кога храбро се борат и ја пролеваат својата крв за него, а славно загинатите во борбите ги слават и овековечуваат изобразувајќи ги нивните ликови, тогаш колку повеќе нашиот Подвигоположник, вечниот Цар небесен, Своите војници и подвижници ги одликува и наградува во овој живот, а при воскресението ќе ги направи наследници на царството Свое. За тоа сведочат чесните мошти на светите маченици кои се подвизувале порано. Тие побожно се почитуваат од сите благоверни и се сметаат за најскапоцено богатство овде на земјата.

Теодот остана пет дена во темницата, па повторно беше изведен на суд. Кнезот започна да го убедува да им се поклони на идолите за да се спаси од маките. Но, свети Теодот му возврати дека е дојден да претрпи сѐ што ќе му приреди тој за да го заврши својот подвиг и да го добие венецот на правдата од својот Господ Христос.

Кнезот му рече:

- Немој овде да ми го спомнуваш Распнатиот, зашто ја сквернавиш судницата.

А свети Теодот му одговори:

- Безумнику нечист, ти не можеш да го слушаш страшното име Христово, исто како што и ѓаволите не можат да ги поднесат маките што ги снаоѓаат од појавата Христова. Тоа не е ни чудно зашто си во сродство со нив, служејќи им уште од прадедовците свои.

Кнезот Савин рече:

- Мислев дека ќе се скротиш по првото мачење и дека ќе ме послушаш зашто те призивам кон спасение, но ти си станал уште полош. Штом сеуште се препираш со нас и го лажеш своето срце дека божем за Христа страдаш, јас ќе те ставам на пострашни маки и ќе ти покажам дека нема да ти помогне твојата надеж во тој лажливец Христос.

Светиот маченик му одговори:

- Кога јас би го трпел ова заради човек, би бил победен од вас безбожниците, не би имал никаква светла надеж за идниот живот и не би можел да ги поднесам маките до крај. Но моите очи се вперени кон Небесното Царство, каде што се добива голема награда од Христос, вистинскиот Бог. Покриван со неговата божествена рака, мене ниту едно страдање нема да ми биде тешко.

Тогаш кнезот Савин нареди да се донесе железен кревет, да се положи светителот врз него и да се запали оган под него. Кога страдалникот ги истрпе и овие маки, кнезот со восхит го праша:

- Од каде во вас христијаните толкаво немилосрдие? Како ќе можете да се смилувате над друг, кога не можете да се смилувате над самите себе?

Свети Теодот одговори:

- Ти не ја знаеш природата на човекољубието, а зборуваш за милосрдие. Јас ќе ти изразам благодарност тогаш кога ќе ме осудиш на смрт, и на тој начин ќе ме пратиш од овој минлив живот во царството небесно, а колку повеќе ќе ме мачиш толку поголема награда ќе ми обезбедиш. Стави ме овде на големи маки, за горе да го добијам венецот на правдата. Измачи ме до смрт, за совршен да отидам кај Подвигоградителот мој - Христос, и сите свети ангели да ме примат со радост.

Кнезот рече:

- Ќе те направам совршен подвижник кога ќе измислам за тебе најстрашни маки!

На тоа маченикот Христов му рече:

- Кога ти би ја знаел добрината на Богот мој и самиот би посакал да пострадаш за Него, но, бидејќи ѓаволите што вие ги почитувате ги скамениле вашите срца, не се надевате на ништо по овој живот. Вие упаѓате во суетата на овој свет и временото го сметате за вечно.

Кога го слушна тоа, кнезот се зачуди и рече:

- Ми зборуваа за тебе дека си простак, а сега гледам дека си и многу лукав и снаодлив.

Свети Теодот одговори:

- Кога во мене говори Христос, кои говорници би можеле да ми се спротивстават? Благодатта Христова ме учи што да зборувам. Таа ме крепи да ги трпам маките, олеснувајќи ми ги болките за време на мачењата.

Кнезот рече:

- Нема да те штедам Теодоте.

Светителот одговори:

- Прави што сакаш, јас сум подготвен за сѐ.

Тогаш кнезот Савин нареди да му забијат клинци во нозете и така војниците да го бркаат. Светителот ги крена рацете кон небото, говорејќи:

- Ти благодарам, Господи Исусе Христе, што ме удостои мене недостојниот да бидам заедничар со страдањата Твои. Од каде кај мене отфрлениот, дојде големата благодат Твоја? Еве, веќе како на небото да излегов. Ти благодарам, Спасителу мој, што си ја избавил душата моја од гонителот мој. Нека се прослави името Твое во телото мое, зашто Ти, Сине Божји, си живот за мене, и да се умре за Тебе е добивка за мене. Биди ми помошник!

Потоа на присутните христијани им рече:

- Браќа, мојот подвиг завршува и близу е венецот што ќе ми го даде Исус Христос. Он беше распнат поради мене, за да ме избави од гнилежта, а јас умирам заради Него, за да се удостојам на царството Негово.

И така, поткован со клинци, свети Теодот трчаше по патот гонет од војниците. Многумина од незнабошците, гледајќи го ваквото негово трпение и слушајќи ги слатките зборови негови, поверуваа во Христа и им се потсмеваа на поганите идоли. Тие ги укоруваа мачителите и името Христово го прославуваа. Кога дозна за тоа, кнезот Савин нареди повторно да го стават во темницата за, како што рече тој, да не го доведува во заблуда народот. И со своите советници се договараше како да го погуби маченикот.

По многу изминати дни, раните на свети Теодот започнаа да гнојат. Христијаните доаѓаа и со чисто платно му ги чистеа раните. Потоа, бидејќи Константин Велики со силата на крстот го победи Максенциј и објави слобода за сите христијани, стигна наредба да се ослободат сите оние кои се затворени за Христа. Кога слушна за тоа, свети Теодот многу се нажали зашто сакаше во маки да умре за Христа. А кога беше пуштен, онака измачен, повторно се врати во Киринија и беше на својот престол уште две години. Потоа заспа во Господа, во 320-та година и доби двократен венец на светителство и мачеништво од десницата на Христа Господа, Кој своите подвижници ги венчава во вечна слава, на која нека се удостоиме и ние, по молитвите на светиот свештеномаченик Теодот, а со благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому слава со Отецот и Светиот Дух за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТРОАДИЈ

Светиот маченик Троадиј пострада за Христа како младо момче. Григориј Неокесариски го виде во визија како пострада додека се криел од гонењето во една дива гора. Зашто во една прилика, исполнувајќи ги своите вообичаени молитви, свети Григориј падна во екстаза и, многу вознемирен, долго остана неподвижен како да набљудува некаков трогнувачки призор. По извесно време неговото лице се озари од радост и тој започна громогласно да му благодари на Господа и да пее, говорејќи: „Нека е благословен Господ, Кој не нѐ предаде во плен на нивните заби“ (Пс. 123, 6).

Неговиот ѓакон го праша:

- Оче, која е причината за таквата промена кај тебе? Пред малку беше вознемирен, а сега си радосен.

Светителот одговори:

- Чедо, имав прекрасно видение: едно момче се бореше со еден огромен ѓавол, го надвладеа и, треснувајќи го од земјата, го победи.

Но, ѓаконот не ги разбра неговите зборови.

Затоа светителот повторно му рече: „Пред малку едно христијанско момче, по име Троадиј, беше изведено на суд пред мачителот, и по многу тешки маки за Христос, беше убиено, и сега ликувајќи ита кон небото. На почетокот јас бев вознемирен, зашто се плашев да не го совладаат маките, па да се одрече од Христос, но тој го доврши својот подвиг на мачеништвото, и сега го гледам како со радост ита кон небото.

Додека го слушаше тоа, ѓаконот се восхитуваше на дарот на светителот да го гледа она што се случува надалеку. Свети Троадиј пострада за време на царот Декиј во (249 - 251 год).

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ЕВТАЛИЈА

Светата маченичка Евталија беше девица од Сицилија која имаше мајка со исто име и брат по име Сермилијан. Сите беа некрстени и незнабошци. Нејзината мајка Евталија боледуваше од крвотечение. Нејзе во сон ѝ се јавија светите маченици: Алфеј, Филаделф и Киприн, и ѝ рекоа дека ќе оздрави само ако се крсти во името на Господа Исуса Христа. Евталија поверува во Христа, се крсти и навистина оздраве. Кога го виде тоа чудо нејзината ќерка, и таа се крсти. А пак, Сермилијан започна да ја исмева својата мајка и сестрата своја, поради верата Христова, а потоа започна да им се заканува. Мајката се исплаши и побегна од дома. Тогаш братот започна да ја брка сестра си. Но таа не се исплаши, зашто Христос ѝ беше помил од братот, и му рече на Сермилијан:

- Христијанка сум, и спремна сум со радост да умрам за Христос.

Лошиот брат испрати кај неа еден слуга за да ја оскверни. Но, кога слугата ја нападна света Евталија, веднаш ослепе. Злиот брат го виде тоа чудо, но неговото срце не омекна. Тој јурна кон својата сестра, ја фати и ѝ ја отсече главата, слично како на Каин. Така светата девица Евталија се овенча со венецот на вечната слава. И така и во оваа прилика се обвистинија зборовите Христови, дека Он донел меч меѓу луѓето, кои делат сродна крв, но не и сродна вера (Мт. 10, 34-35).

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ИСИХИЈ СЕНАТОРОТ

Светиот маченик Исихиј настрада во времето на царот Максимијан. Најпрвин бил дворјанин, член на царскиот Сенат, магистер по звање. Кога царот Максимијан издаде наредба да им се одземат појасите на сите христијани што се наоѓаат во царската војска (појасите беа знак на нивната царска служба), и да живеат како приватни лица лишени од граѓанските права, тогаш многу христијани претпочитаа да живеат лишени од граѓанските права, отколку да ги имаат, а да ја изгубат својата душа. Меѓу таквите христијани беше и свети Исихиј. Кога дозна за него, царот нареди да ја соблечат скапоцената облека од него, да го облечат во наметка (од козји влакна) и да го остават да живее со жените како знак на презреност и лишеност од граѓанските права.

Откако беше сторено тоа, царот го повика Исихиј кај себе и го праша:

- Исихиј, зарем не ти е жал што ја изгуби честа и своето звање, и сега си во овој нечесен живот?

Светителот му одговори:

- Оваа твоја чест, царе, е привремена, а честа и славата што ни ги дава Христос се вечни и бесконечни.

Разгневен од ваквиот одговор, царот нареди да му врзат на светителот голем воденички камен околу вратот и да го фрлат во реката Оронт, што тече низ Кела - Сирија. Така, блажениот Исихиј беше овенчан од Господа со венецот на мачеништвото, во 302 година.

СПОМЕН НА ЧЕТИРИСТОТИНИ И ЧЕТИРИЕСЕТТЕ СВЕТИ МАЧЕНИЦИ

Овие свети маченици пострадаа од лонгобардите во Италија околу 579 година. За нив свети Григориј Двоеслов, папата римски, го пишува следното:

Пред петнаесет години, како што сведочат очевидци, кога лонгобардите продреа во римската област, заробија четириесет земјоделци и ги присилуваа заедно со нив да јадат месо од идолските жртви. Но, тие не сакаа ни да ги допрат нечистите јадења, иако им се закануваа со смрт. Го засакаа вечниот живот повеќе од привремениот и цврсто се држеа во верата своја. Затоа, поради своето вероисповедување сите беа заклани. Но, зарем не станале маченици сите тие што одбраа да бидат заклани, за да не Го натажат својот Творец со јадењето од идолските жртви?

Во исто време, лонгобардите фатија уште четиристотини други души и кога по својот обичај принесоа козја глава како жртва на ѓаволот и играа околу неа пеејќи погани песни и ѝ се поклонуваа и молеа, тие и своите заробеници со сила ги приморуваа да го прават истото. Тогаш сите заробеници одлучија со привремената смрт да стекнат бесмртен живот, зашто главите свои кои тие ги приклонуваа пред својот Творец не сакаа да ги приклонат пред створение. Затоа лонгобардите, бесни од јад, сите ги заклаа со меч.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АГАТОН

Големиот египетски подвижник од петтиот век, Агатон, е ученик на светиот Лот. Пред смртта преподобен Агатон три дена постојано гледаше кон небото. Присутните браќа го прашаа:

- Оче Агатоне, зошто гледаш така?

Тој им одговори:

- Стојам пред судот Христов.

Отците го прашаа:

- Зарем и ти се плашиш од Судот?

Преподобен Агатон им одговори:

- Ги држев заповедите Божји според моите можности, но, човек сум, и како можам да знам дали моето дело Му е угодно на Бога?

Браќата го прашаа:

- Зарем не се потпираш на своите добри дела што си ги извршил, угодувајќи Му на Бога?

Светителот одговори:

- Не се потпирам, сѐ додека не излезам пред самиот Бог, зашто едно е судот Божји, а друго судот човечки.

Откако го рече тоа, се претстави во Господа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ИСПОВЕДНИК КОИНТ ЧУДОТВОРЕЦОТ

Овој светител е роден во Фригија. Таму бил воспитан во христијанска побожност. За време на царот Аврелијан, во 272 година, тој дојде во местото викано Еолида и им делеше милостина на сиромашните. Тука беше фатен од војводата Руфос. Кога тој му нареди на светителот да им принесе жртва на идолите, полуде, зашто во него влезе демон. Но светителот се помоли на Бога и го ослободи војводата од демонот. Поради тоа, војводата не само што го пушти на слобода, туку и богато го награди.

Потоа Коинт отиде во селото наречено Кими и тука беше фатен од незнабошците, доведен во идолски храм и принудуван да принесе жртва. Но, кога по молитвите на светителот настана земјотрес од којшто испопаѓаа идолите и храмот започна да се руши, незнабошците се разбегаа и го оставија светителот слободен.

Четириесет дена по овој земјотрес, кнезот Клеарх го фати светиот Коинт. Клеарх беше ревносен идолопоклоник и многу суеверен човек. Тој им нареди на војниците да му ги прекршат нозете на светителот. Но, со силата Христова неговите нозе веднаш оздравеа.

Потоа свети Коинт цели десет години патуваше од место во место, исцелувајќи секаква болест и згрижувајќи ги сиромашните. Поживеа така творејќи чудеса и богоугодни дела и премина кај Господа.

Службата на свети Коинт ја има напишано Јосиф Песнописецот.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ АРСЕНИЈ,

епископот Тверски

Свети Арсениј е роден во градот Твер, од побожни, благородни и имотни родители. Не е позната годината на неговото раѓање, ниту пак имињата на неговите родители. Измолувајќи од Бога син, родителите најмногу се грижеа да го засадат стравот Божји во неговото срце. По извесно време го дадоа на школување. Со Божја помош, тој набрзо се истакна со таков успех, така што ги надмина сите свои врсници. Иако мал, Арсениј добро беше сфатил дека сите богатства на овој свет се минливи и бргу исчезнуваат. Тој размислуваше само за едно - како да Му угоди на Бога и како да ја спаси својата душа. По некое време, родителите на преподобниот се преселија во вечнот живот. Пред смртта, тие му наложија на својот син: да живее свето и богоугодно, да ги почитува заповедите Господови, и да ја чува верата христијанска. Му го оставија и целиот свој имот.

Откако ги погреба своите родители, блажениот Арсениј уште почесто започна да размислува за спасението на својата душа. „Знам, си велеше тој, дека сум дојденец и странец на земјата. Краток е овој живот овде, а идниот е бесконечен. Родителите ми оставија огромен имот, но душата моја не му се радува“. Во Светото Писмо е речено: „Каква е ползата за човекот, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?“ (Мт. 16, 26).

Размислувајќи така, тој започна да го раздава својот имот на бедните: облекуваше голи, посетуваше болни, им помагаше на вдовиците и сирачињата, ги застапуваше обесправените. Но ѓаволот, гледајќи го побожниот живот на богољубивиот Арсениј, завојува против него: на некои негови роднини тој им уфрли мисла во душата дека младиот Арсениј не постапува добро, раздавајќи го родителскиот имот. Тие често го советуваа да се ожени, го караа и укоруваа, велејќи:

- Гледајте, овој светец го упропасти својот родителски дом и без работа го минува животот.

Но, ваквите зборови не го вознемируваа младото момче. Господ му внесе мисла да отиде во Печерската обител, каде што некогаш се подвизуваа и засветлија преподобните Антониј и Теодосиј. Откако ги ослободи сите свои робови и го раздаде целиот свој имот на бедните, младиот подвижник тајно го напушти својот роден крај и се упати кон Киево-Печерската обител каде што го повикуваше гласот што го слушна во сонот. Кога дојде во обителта, христољубивото момче падна пред нозете на настојателот и го молеше:

- Оче, смилувај се на мене грешниот, смилувај се! Немој да ме исфрлиш од твојата обител. Сети се дека и Христос не го отфрла грешникот кој се кае.

Игуменот се восхити од таквата негова сесрдна молба, и го праша:

- Чедо, зошто ти толку се грижиш за своите гревови? Та ти си сеуште млад!

- Јас сум голем грешник, - одговори Арсениј - зашто нема човек кој не би згрешил, макар и еден ден да поживее на земјата. Смилувај се на мене, оче, и немој да ме истераш од тука. Знам дека еден ден ќе излезам на страшниот Христов суд. Тогаш, каков одговор ќе Му дадам на непристрасниот Судија?

Одговорот на момчето го восхити игуменот и тој со своите духовни очи прозре дека врз него почива посебна благодат Божја. Но, гледајќи го сеуште млад, му рече:

- Тежок е животот монашки; во него има многу лишувања и неволји. Ти си толку млад и не ќе ти биде лесно да ги поднесеш сите монашки подвизи. Но, Господ покажал многу патишта за спасение на луѓето. Одбери си за себе друг пат, што ќе ти биде полесен.

- Јас не се плашам од монашките трудови, - одговори момчето - зашто тие се слатки и пријатни за мене. Те молам направи ме последен слуга во светата обител и јас со благодарност ќе работам сѐ. Бог нека ми биде покровител и твоите свети молитви нека ми помогнат.

Восхитен од побожноста на момчето, игуменот го прими во манастирот и го облече во монашка облека, а за духовно раководство му даде опитен старец во духовните подвизи. Тогаш во КиевоПечерската обител како сјајни ѕвезди блескаа многу подвижници. Тие му даваа многу добар пример на благочестивото момче: еден се одликуваше со цврста вера; друг, целата надеж ја полагаше единствено во Господа; трет, цветаше во молитвено тихувание и послушание; четврт, победоносно војуваше со своето тело и го потчинуваше на духот... Арсениј ги набљудуваше ваквите подвизи и започна да се угледува на секој од нив, трудејќи се да не пропушти ниту еден добар пример. Со најголемо смирение ги исполнуваше наредбите на игуменот и останатите монаси, непрестајно работеше, не пропушташе ниту едно богослужение, се задоволуваше со најоскудна храна и спиеше многу малку.

Во Печерскиот манастир беше востановено правило секој монах да ги помине сите степени на послушание. И преподобниот Арсениј ги помина нив со голема ревност, трудејќи се и дење и ноќе, а браќата му се восхитуваа на неговите сесрдни трудови и на незлобивоста негова.

Тогаш во Киев живееше свети Кипријан, подоцна митрополит Московски. Кога виде дека Арсениј се одликува со бистар разум и напредува во доблестите, го зеде кај себе и многу го засака. Често разговараше со него и го поучуваше во заповедите Божји, а кога го зазеде престолот на Московската митрополија со себе го поведе и Арсениј и го постави за архиѓакон.

По тоа во родното место на блажениот Арсениј, Твер, избувнаа нереди. Тверскиот епископ Ефтимиј внесе многу немири меѓу својата паства. Како бескомпромисен карактер, тој се мешал во световните работи; немајќи христијанско смирение се одликувал со голема гордост и високоумие. Со своето однесување, тој ги кренал против себе не само кнезовите и болјарите, туку и духовништвото, монасите и мирјаните.

Кога виде дека раздорот се шири, тверскиот кнез Михаил Александрович испрати пратеници во Москва и го повика митрополитот Кипријан кај себе во Твер. Светиот митрополит Кипријан појде поведувајќи со себе двајца грчки митрополити, Михаил и Никандар, светиот Стефан, епископот Пермски Михаил, епископот Смоленски, преподобниот Арсениј, многу архимандрити и игумени. Штом стигнаа во Твер, свети Кипријан заедно со останатите отци се упати во црквата Преображение, отслужи молебен, потоа божествена литургија и на сите им даде благослов.

Четири дена подоцна, митрополитот со целото свештенство ја иследуваше работата на епископот Тверски. На почетокот Ефтимиј се бранеше. Но отците го утврдија неговото неправилно делување, го лишија од чинот и го испратија на заточение во Московскиот Чудов манастир.

Веќе одамна во Твер знаеле за добродетелниот живот на преподобниот Арсениј. Сега кнезот Михаил го моли митрополитот да го постави Арсениј за епископ во неговиот град. „Јас мислам, му велеше кнезот на митрополитот, дека Арсениј може да заведе мир и спокојство во нашиот град. Друг подостоен и подоблесен маж јас не познавам. Покрај тоа, тој се родил овде. И не само јас, туку и многу граѓани знаат за него и неговите благочестиви родители“.

Преосветениот Кипријан се согласи со неговиот предлог и го повика Арсениј. Кога слушна за желбата на кнезот, светиот одлучно одби, велејќи:

- Простете ми господа, но јас сум грешен и недостоен за таков чин. Го призивам Господа за сведок, дека никогаш не сум имал, а и сега немам друга желба освен во осаменост да ги оплакувам своите гревови. Затоа и порано одбив да примам презвитерски чин; а за епископски, грешно е и да помислам.

Долго одбиваше светиот, но најпосле кнезот и митрополитот му рекоа:

- Ако не сакаш да се покориш на нашата волја, ние со свет собор имаме власт да те ставиме под забрана.

Тогаш свети Арсениј се согласи и беше избран за епископ на 24 јули 1390 година. По некое време свети Арсениј пак се обрати со молба до митрополитот Кипријан да го симне од него така тешкиот товар. Но митрополитот го ободри и го наговори да не одбива. Гледајќи ја промислата Божја во тоа, Арсениј ѝ се покори на волјата на митрополитот и на 15 август 1390 година беше ракоположен за епископ Тверски.

Стапувајќи на архипастирскиот престол, светиот најмногу се трудеше да заведе мир и слога во своето духовно стадо. Ревносно го проповедаше словото Божјо; сите кои доаѓаа кај него ги поучуваше како чедољубив татко; во храмот Божји ја учеше паствата своја како грижлив отец. Така светителот ги привлекуваше кон себе сите, давајќи им пример со својот живот. Откако стапи на престолот, започна да води уште построг и посуров живот, наполно потчинувајќи го телото на духот. Сите се восхитуваа на чистотата на неговиот живот и на непрестајното бдеење. Гласот за него се пронесе насекаде и многумина доаѓаа и од далеку, просејќи негови молитви и благослов.

За својот доблесен живот Господ го удостои со дарот на чудотворството. Многу народ доаѓаше кај него. По милоста Божја, тој им даваше најразлични исцеленија на верните. Над едни ја ставаше својата рака, над други читаше молитви, некои ги благословуваше и попрскуваше со света вода, некои ги помазуваше со елеј - сите ги исцелуваше со сесрдна молитва кон Господа.

Иако се наоѓаше во Твер, свети Арсениј не ја заборави Печерската обител каде што го започна својот монашки живот и постојано го имаше на ум животот на нејзините преподобни основачи, Антониј и Теодосиј. Затоа светителот изгради манастир на реката Тмаки, на пет километри од градот Твер, во местото викано Желтиково. Призивајќи Божји благослов, тој подигна и дрвена црква во име на преподобните Антониј и Теодосиј Печерски. Тоа се случи во 1394 година. По десет години, светителот подигна и камена црква во Желтиковиот манастир во чест на Успението на Пресвета Богородица. Великиот кнез Тверски го исполни своето ветување: Му го поклони потребниот имот на манастирот.

Светителот често доаѓаше во својот манастир и меѓу браќата не бараше ниту чест ниту слава, туку сакаше да биде едноставен монах во својот манастир. Тука, тој со своите раце си ископа гробница за себе од бел камен, а од друг камен поклопец за неа. Своите монаси тој ги поучуваше од древниот Патерик Печерски, каде беа изложени подвизите и големите трудови на светите Киево-Печерски подвижници. Свети Арсениј подигна повеќе цркви не само во градот туку и во неговата околина, а во градот го обнови и соборниот храм „Преображение“.

Тверскиот кнез Михаил искрено го почитуваше достојниот пастир. Тој често разговараше со него и добиваше голема духовна корист. Раководен од светителот, великиот кнез градеше храмови Божји, правеше милосрдни дела, им помагаше на сиротите и испраќаше милостина во Цариград. Кога почувствува дека му се ближи крајот, кнезот изрази желба да се замонаши. Свети Арсениј го замонаши и му го даде името Матеј. И наскоро, испратен со благослов од светителот, кнезот - монах, си отиде од овој времен живот.

Мирољубивиот свети Арсениј секојдневно работеше на помирувањето на скараните. Во тоа време често избиваа раздори меѓу кнезовите и, помирувајќи ги, тој постојано им пристапуваше тивко и благо. Угледувајќи се на небесниот Пастир - Христос, тој постојано се грижеше за залутаните овци од своето стадо и ги враќаше кон покајание.

Повеќепати свети Кипријан го повикувал свети Арсениј во Москва заради соборните заседанија.

Блажениот крај на свети Арсениј се случи во текот на Великиот пост во 1409 година. Духовништвото на Тверската епархија секоја година на Неделата на Православието се собира во Твер на свој годишен собир. Се собраа и оваа година; во вторникот, свети Арсениј ги поучуваше како пастир, ги благослови, се прости со нив и ги отпушти. Во четвртокот на втората седмица од постот, светителот тешко се разболе, и му се одзеде јазикот. Утредента кај него дојде великиот кнез Јован Михајлович со браќата и болјарите. Тој повика архимандрити, игумени и свештеници, да извршат елеосвештение над болниот светител. Крај болничкиот одар седеа десеттина црноризци, сакајќи да слушнат проштални зборови од својот епископ. Но, тој не можеше да зборува. Следната ноќ се упокои. Деветнаесет години и седум месеци со голема ревност го пасеше словесното стадо што му беше поверено од Бога. Кога слушна за крајот на праведниот архиереј, кнезот Јован Михајлович дојде со мноштво народ и сите тагуваа и плачеа, говорејќи:

- Потемне нашето сонце; се лишивме од добриот пастир и отец.

Наредниот ден моштите на свети Арсениј беа пренесени од епископијата во Соборната црква, каде граѓаните на Твер се простија со својот пастир. Потоа беше погребан во Желтиковиот манастир, во онаа камена гробница којашто светителот со своите раце ја направи. Многу болни, присутни на неговиот погреб, молејќи се за исцеление добија олеснување во своите болести.

Сега свети Арсениј стои пред престолот Господов заедно со ангелите, славејќи ја Пресветата Троица.

По неговата смрт, граѓаните не престанаа да го почитуваат неговиот спомен. Станувајќи сведоци на чудесата што се случуваат од гробот на светителот, благочестивите жители на Твер го призиваа во своите молитви и добиваа помош и заштита во неволјите. Во 1483 година, 74 години по неговото претставување, по наредба на царот Јован Василевич, епископот Тверски, Васијан, ги извади моштите на свети Арсениј и притоа црквата се исполни со прекрасен мирис. Неговото нетлено тело повторно беше покриено и над ковчегот беше ставено платно со неговиот лик, за поклонение. Со благослов на епископот Васијан беше составена и служба на свети Арсениј и беше востановено месно празнување на светителот во манастирот Желтиково, востановено на Московскиот собор во 1547 година.

Од тогаш започнаа да се случуваат уште повеќе чудеса на неговиот гроб.

Најнеобичното чудо на свети Арсениј се случило во 1566 година. Во тоа време во Твер живеел еден рибар по име Терентиј. На почетокот тој имаше голема вера кон свети Арсениј, а потоа западна во неверие и се помести од умот. Родителите го однесоа во Желтиковата обител, со надеж дека тука нивниот син ќе добие исцеление. Но, тој умре. По два дена неговото тело го однесоа во храмот на Пречиста Богородица, каде почиваа светите мошти. Дотолчени од тага, родителите дури и роптаа против светителот: „Ние се надевавме дека ќе ни се смилуваш, но нашиот син умре. Се угаси во нас сесрдието кон тебе и исчезна верата наша“, Но, Господ не ги дотрпе таквите негодувачки зборови упатени кон неговиот угодник. За време на читањето на Евангелието, мртовецот одеднаш стана и започна горко да плаче поради своите гревови. Тогаш се раскајаа и родителите негови поради своето негодување против светителот. Тогашниот епископ Тверски, Акакиј, праведен и побожен човек, со свои очи го виде воскреснатиот и се увери во вистинитоста на случајот.

Во 1606 година кога Руската земја пострада од нападите на Полјаците и Литванците, непријателите опустошија многу области на Руската држава, па и Тверската област. Тие не ја поштедија и Желтиковата обител. Упаднаа во неа, надевајќи се дека ќе најдат многу богатство. Но, монасите благовремено ги беа сокриле манастирските скапоцености и се беа повлекле во Твер. Само врз моштите на светителот беше останал златоткајната покривка со неговиот лик. Не наоѓајќи ништо во обителта, непријателите беа огорчени. Еден од нив ја дофати покривката со моштите на светителот и ја положи врз својот коњ. Но, штом седна на коњот, наеднаш и коњот и јавачот беа подигнати во воздухот од некаква невидлива сила, па силно треснати од земјата. Од силниот удар умреа и коњот и јавачот, а покривката на чудесен начин се подигна на покривот на Успенскиот храм. Таа покривка и до денес се чува во манастирот.

Во 1637 година во обителта се градела нова соборна камена црква. Затоа моштите на светителот беа привремено пренесени во дрвената црква на преподобните Антониј и Теодосиј Печерски. Еден од браќата по име Гермоген во нетрезна состојба, по вечерната наврати во црквата и заспа недалеку од моштите на светителот. Се пробуди преку ноќта и беше поразен од необично видение: храмот беше силно осветлен; свети Арсениј се подигна и седна врз својата камена гробница. Обземен од ужас, Гермоген посака да бега, но, свети Арсениј го погледна и заканувачки му рече:

- Безобразнику, зошто нетрезен влезе во храмот?

Гермоген падна како мртов. Долго лежеше така, но потоа си дојде на себе и едвај излезе надвор, а потоа долго боледуваше. Но, светителот не само што сакаше да го вразуми, туку сакаше и да го избави од порокот. Кога Гермоген искрено го исповедаше својот грев пред сите и молеше прошка од светителот, тој доби исцеление пред моштите на свети Арсениј.

Светиот угодник Божји им помагаше на страдалниците и по неговите молитви болните добиваа исцеленија. Од многуте чудеса ќе го споменеме и следното:

Во Твер живееше едно момче Герасим, кое беше син на свештеник. На некоја свадба го беа напиле со вино помешано со отровни билки. Од тоа момчето тешко се разболе и помислуваше на смрт. Мачејќи се, Герасим му се обрати на бесплатниот исцелител, Арсениј, дојде кај неговите мошти на денот на неговиот спомен, сесрдно се помоли и угодникот Божји го исцели на чудесен начин.

По многу години, Герасим како клирик се пресели да живее во Москва. Во неговиот дом живееше неговата братучетка Дарија, која долго боледуваше од болест на очите. Со текот на времето болеста се влошуваше, така што Дарија не можеше дури ни да спие и постојано офкаше. Во денот на споменот на свети Арсениј, во домот Герасимов дојде свештеникот од храмот со света вода, и ѝ ги изми очите на Дарија. Во тој час таа се исцели.

Герасим беше запрепастен кога ја виде својата братучетка здрава и посака да ги има во својот дом неговата служба и житие, но во Москва не можеше да ги најде. На негова молба, архимандритот на Желтиковиот манастир му ги испрати житието и канонот од светителот и го замоли да му ги врати откако ќе ги прочита. Герасим брзо се зафати со препишување на житието. Но тогаш му се случи несреќа. Пред да започне да пишува, застана да се помоли и кога се поклони до земја, десното око му се зари во еден клинец кој штрчеше од подот. Герасим едвај се подигна од подот и громогласно повика:

- О, Владико, Господи, смилувај се на мене грешниот!

Во тоа време во домот на Герасим престојуваа монасите од Желтиковиот манастир Јона и Теофил, кои што му го беа донеле житието на свети Арсениј. Гледајќи ги Герасимовите маки, тие започнаа да ја бришат крвта што бликаше од неговата рана и го советуваа да му се помоли на свети Арсениј. И штом Герасим започна да се моли на светителот, крвта веднаш престана да тече. Тогаш сите видоа дека тој го повредил очниот капак, а самото око по милоста Божја му беше здраво. Набрзо раната му заздраве, а Герасим со благодарност и умиление го доврши препишувањето на житието на светителот, по чиишто молитви така брзо беше исцелен.

За време на архимандритот Саватиј се случи следното прекрасно чудо:

Еден селанец, кој живееше во близина на обителта на свети Арсениј, го закопа своето богатство во шумата, сакајќи да го сочува. По некое време дојде повторно на тоа место за да ги земе парите, но не можеше да ги најде. Беше многу тажен поради тоа и започна да плаче. Дури сакаше да се обеси и веќе го беше приврзал јажето за едно дрво. Тогаш, ненадејно пред него застана еден благообразен маж, и му рече: „Чедо, зошто си намислил зло во срцето свое? Зошто сакаш да ја погубиш својата душа и да се осудиш себе си на вечни маки?“

Селанецот се преплаши, па продолжи да плаче. На прашањето од ангелоликиот маж, зошто плаче, тој му одговори дека ги сокрил парите, но сега не може да ги најде. Благообразниот маж удри со жезолот во земјата, и му рече:

- На ова место ќе го најдеш тоа што го бараш.

Селанецот ја раскопа земјата и го најде своето богатство. Поразен од тоа, тој започна да му се заблагодарува на благоликиот маж, и го праша:

- Од каде си, чесен оче, и како се викаш, за да можам да ти се заблагодарам што ме спаси и ми помогна да го пронајдам своето богатство?

- Јас сум Арсениј и живеам во обителта што ја подигнав со мојот труд. Оди таму и принеси Му достојна благодарност на Бога - му одговори светителот.

Селанецот сакаше да се фрли на колена пред старецот, но тој стана невидлив. Тогаш му стана јасно дека овој милолик маж бил самиот свети Арсениј. Доаѓајќи во Желтиковиот манастир, тој му благодареше на Бога и на Неговиот угодник, и раскажа сѐ што му се случило.

Во 1657 година крај кивотот на свети Арсениј се случи ново чудо. Во тоа време во Желтиковиот манастир живееше ѓаконот Јован. Поттикнат од ѓаволот, тој намисли да украде сребрени и златни работи од храмот каде што почиваа светите мошти. Еден ден на пладне, тој ги побара од настојателот клучевите на храмот, влезе во храмот и ги зеде златните и сребрените работи, што стоеја недалеку од кивотот на преподобниот. Поттикнат од лакомост, тој посака да ја земе од моштите и сребрената панагија, која светителот ја носеше на себе уште во овој живот. Одеднаш, непозната сила го фрли крадецот толку далеку од светите мошти, што тој тресна на црковниот под и се онесвести. По некое време влегоа монасите во храмот и го здогледаа Јована како лежи како мртов среде црквата. Тие сфатија што се случило, го изнесоа од црквата, го упатија кај архиепископот Јоасаф и му раскажаа сѐ што виделе. А пак, Јован, тој воопшто не можеше да зборува. Му се беше одзел јазикот, и беше многу раслабен. По наредба на епископот, ѓаконот повторно беше однесен во манастирот, и потоа го одведоа во црквата. Малку по малку тој започна да си доаѓа на себе, и најпосле, раскајан, наполно оздраве.

Многу други чуда се случуваа од светите мошти на славниот светител и пастир Христов, по благодатта на нашиот Господ Исус Христос. Слава Му на Бога за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АНДРОНИК И АТАНАСИЈА

Овие свети маченици пострадаа за Христа, заклани со меч. Поопширно за нив видете под 9-ти октомври.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ ПАРМЕН,

еден од седумте ѓакони

Споменот на овој свет Апостол се врши на 28-ми јули, каде се наоѓа неговото опширно житие.

СПОМЕН НА НАШИТЕ ПРЕПОДОБНИ ОТЦИ САВА И ВАРСОНУФИЈ ТВЕРСКИ

Сава и Варсонуфиј биле родени браќа. Во 1397-та година го основале Савиниот манастир, во Тверската губернија. Во него најпрвин бил игумен преподобниот Варсонуфиј, а по него преподобниот Сава игуменувал педесет години. Преподобниот Варсонуфиј го знаел целото Свето Писмо напамет. И двајцата се погребани во Савиниот манастир.

СПОМЕН НА НАШИТЕ ПРЕПОДОБНИ ОТЦИ САВАТИЈ И ЕФРОСИН ТВЕРСКИ

Преподобен Саватиј ја основал Саватиевската Пустина, на 12 врсти од градот Твер, и тука водел строг подвижнички живот. За да го изнемошти своето тело, тој носел вериги. Се упокоил во првата половина на петнаесеттиот век. Негов достоен и подобен ученик бил свети Ефросин; во пустината поминал шеесет години; се удостоил од Бога на дарот на чудотворството. Се упокоил во втората половина на петнаесеттиот век.