16. Март  (3. Март)

 

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕВТРОПИЈ, КЛЕОНИК И ВАСИЛИСК

Откако маченички пострада светиот великомаченик Теодор Тирон, во градот Амасија во темница, за Христа, останаа неговите соборци и блиски другари: Евтропиј, Клеоник и Василиск. Царскиот намесник Публиј кој што го мачеше свети Теодор, загина поразен од гневот Божји. На негово место дојде Асклипиодот, родум од Фригија, многу зол и безбожен човек. Тој им нанесуваше многу зла на христијаните, зашто царот Максимилијан му беше дал власт над нив. Ги присилуваше да им принесуваат жртви на идолите, а непокорните со страшни маки ги погубуваше. Овој намесник Асклипиодот, го повика книгочуварот Евласиј и му нареди да ги прочита претходните судски процеси. Кога се читало страдањето на свети Теодор Тирон сите се восхитувале на неговото трпение. Тогаш намесникот го праша Евласија:

- Каде е дружината на Теодор, што се спомнува во записникот?

Евласиј одговори:

- Во темницата со останатите затвореници.

Потоа царскиот намесник го виде идолиштето на нивната одбивна богиња Јунона, нарекувана мајка на боговите, што го запали свети Теодор, и рикна како лав кон преостаната Теодорова дружина. Веднаш им нареди на војниците да ги доведат светите маченици од темницата. Евтропиј и Клеоник беа родени браќа, родум од Кападокија, а Василиск беше роднина на свети Теодор, родум од Амасија. Кога дојдоа, војниците му рекоа на чуварот:

- Дај ни ја дружината Теодорова.

Тој влезе внатре и им рече:

- Еве, дојде вашиот посакуван и желно очекуван ден, зашто ве бара намесникот. Ве молам да не заборавите на мене во вашето исповедање на верата.

Чуварот им го рече тоа, зашто и дење и ноќе ги набљудуваше како Му се молат на Бога, ги гледаше чудесата што се случуваат, гледаше како ги осветлува неискажлива светлина и како темницата многу пати сама се отвора и веруваше дека Господ е со нив. Светителите тргнаа со радост, додека останатите затвореници останаа да плачат што се лишуваат од нив. Свети Евтропиј им рече:

- Не плачете браќа. Ние повторно ќе се видиме. Молете се на Господа Христа да нѐ удостои маченички да пострадаме за Него, да исчезне безбожното демонување, и вселената да се исполни со благодат Господова.

Кога стигнаа и со светли лица застанаа пред намесникот, тој ги праша:

- Зошто не ви се тажни лицата? Весели сте како да не сте биле во темница.

Блажениот Евтропиј, многу убав на лице и мудар на збор, му рече:

- Нас секојдневно нѐ развеселува Христос, посетувајќи нѐ со благодатта Своја. Намесникот го праша:

- Како се викаш?

Светителот му одговори:

- Името ми е христијанин, а родителите ме нарекле Евтропиј.

Намесникот ласкаво му рече:

- Гледам дека си благороден и воспитан, и дека многу години си ја изучувал мудроста.

Светителот му одговори:

- На духовната мудрост ме научи мојот Господ Исус Христос, во Кого се надевам и одговарам на вашите прашања.

Намесникот му рече:

- Послушај ме и посоветувај ги твоите другари да ѝ се покорат на царската наредба и да им принесат жртви на боговите. Тогаш јас ќе му напишам на царот за тебе, и тој ќе те постави за војвода и ќе ти ја даде целата покраина, ти да управуваш со неа. А ако не ме послушаш, тогаш твоето тело ќе го исечам на парчиња и ќе го дадам на кучињата и ѕверовите како храна. Еве, сите во тебе гледаат. Не одвраќај ги од боговите оние, кои сакаат да им принесат жртва за да не си навлечеш беда, кога тебе и оние со тебе ќе ве подложам на страшни маки.

Свети Евтропиј му одговори:

- Слуго на ѓаволот, престани со прелажување на слугите Божји. Непријателу Божји, протеран од вечните богатства, престани со зборување глупости, смрдео и препреко на добрите дела, началнику на прелеста! Каква е користа од земните минливи богатства и почести, кога ете, и твојот претходен кнез Публиј, мачителот и убиец на свети Теодор сега е под земјата, во пеколот, и гори во неизгасливиот оган? Но, гневот Божји ќе те посети и тебе, беззаконику, и ќе те истреби од земјата. Нема да ме исплашиш со твоите маки, ние сакаме да страдаме за Христа. Он е нашето богатство, чест, сила и слава. Нема да отстапиме од Него, ниту јас, ниту браќата мои, туку сѐ ќе поднесеме за Него.

Намесникот се разгневи од овие зборови и нареди да го тепаат светителот по устата. На оние што го тепаа, веднаш им се исушија рацете.

По наредба на намесникот се водеше записник за сѐ што се случува. Кога виде дека им се исушија рацете на оние што го тепаа светителот, записничарот престана да пишува. Но, некои од христијаните, додека стоеја меѓу народот запишуваа.

Намесникот го праша маченикот:

- Ќе им се поклониш ли на боговите за да останеш жив, или веднаш да те предадам на смрт? Светителот одлучно одби, изговарајќи ги Давидовите зборови: „Идолите на незнабошците се сребро и злато, дело на рацете човечки - уста имаат а не зборуваат, очи имаат но не гледаат, сѐ имаат но се бесчувствителни. Такви се и оние што ги прават, и се надеваат на нив“ (Пс.113, 12, 13), И, ти, сакаш да ме вовлечеш во гибелта затоа што си слеп и глув, но јас нама да отстапам од мојот Господ Исус Христос“.

Тогаш намесникот ги праша свети Клеоник и свети Василиск:

- А што сакате вие? Зарем сте истомисленици со Евтропиј, та и вас да ве ставам на исти маки?

Тие му одговорија:

- Како што верува нашиот брат утврден на каменот Исус Христос, така веруваме и ние и се утврдуваме во Отецот и Синот и Светиот Дух. И ние сакаме да пострадаме за Христа.

Кога го изговорија тоа, намесникот нареди секој од нив посебно да биде земен од четири војници, да биде положен на земјата и безмилосно да биде тепан со воловски жили. Толку ги тепаа што крвави парчиња месо од нив паѓаше по земјата. Тие јуначки трпеа и Му се молеа на Бога. Беше страшно да се гледаат нивните маки, но со помошта Христова страдалниците изгледаа како воопшто да не страдаат. Свети Евтропиј во својата молитва говореше:

- Боже, Седржителу, немој да нѐ презреш! Господи, Ти ги спасуваш праведниците, ги подигаш грешниците, ги обраќаш безбожниците, ги поправаш заблудените, ги казнуваш безумните! Си го врзал ѓаволот, а човекот си го одврзал. Им помагаш на затворениците, и даваш јуначко трпение во маките. И нам дај ни трпение во овие маки заради совршениот маченички венец и дојди ни на помош, како што му дојде на слугата Твој Теодор, и му помогна. Обелодени ја пред луѓето ѓаволската злоба и Твојата добрина и на сите покажи им дека си Ти навистина Царот наш Исус Христос и Тебе единствено Ти се поклонуваме, славејќи Те со Отецот и Светиот Дух за навек.

А свети Клеоник и Василиск рекоа:

- Амин!

Во тој час настана силен земјотрес и целата судница се затресе. Оние што ги тепаа светите маченици отстапија уплашени и изморени, а светителите со невидлива рака беа одврзани и исцелени. И ете, им се јави Господ со ангелите и со свети Теодор. Свети Евтропиј му рече на Господа:

- Ти благодарам мој Господи, што така брзо ме услиша. Кој сум јас мојот Господ да дојде кај мене?

Тогаш се обрати кон Клеоник и Василиск и рече:

- Гледате ли? Еве, нашиот цар Исус Христос заедно со свети Теодор стои во голема слава.

Тие одговорија:

Гледаме.

Свети Теодор рече:

- Брате Евтропиј, твојата молитва е услишена и еве Го Спасителот, ви дојде на помош.

А самиот Господ им рече:

- Кога ве мачеа, јас стоев пред вас и го гледав вашето трпение. Бидејќи јуначки претрпевте сѐ, ќе ви бидам помошник до крајот на вашиот подвиг. Вашите имиња ќе бидат запишани во книгата на животот.

Откако го рече тоа, Господ со свети Теодор стана невидлив.

Војниците што ги мачеа светите, повикаа кон намесникот:

- Те молиме, господару, ослободи нѐ од оваа работа. Ние повеќе не можеме да ги мачиме овие луѓе.

Покажувајќи со прстот кон светите, намесникот рече:

- Ете, овие магепсници со магии ги исплашија моите војници.

Но голем дел од народот што се удостои да го Види божественото видение, повика кон намесникот:

-Тоа не се магии, туку Богот христијански им помага на слугите Свои. Ние го видовме нивниот Цар Христос. И одамна умрениот Теодор го видовме жив, и гласови на ангели слушнавме.

На тоа, намесникот рече:

- Јас ништо не видов, ниту пак нешто слушнав.

Свети Евтропиј му рече:

- Ти не си ја видел божествената појава зашто не гледаш со духовните очи и слепо е срцето твое.

Кога го слушна тоа, намесникот им нареди на војниците да ги врзат светите и да ги одведат во темницата. Затворениците многу се израдуваа на нивното доаѓање, а Христовите страдалници пееја: „Помошта наша е во името на Господ, Кој ги создаде небото и земјата“ (Пс. 123, 8).

Истиот ден, за време на вечерата, намесникот ги праша своите советници што да прави со светите. Еден од нив го посоветува што побрзо да ги убие, зашто ако не го стори тоа, целиот град ќе тргне по нив и ќе отстапи од нивните богови. А особено да не му дозволува на слаткоречивиот Евтропиј да зборува многу. Тогаш решија повторно да го наговараат Евтропиј.

Намесникот испрати војници и го доведоа Евтропиј пред него. Тој го праша:

- Сакаш ли јас лично да те одведам во храмот на нашите богови за да им принесеш жртва?

Свети Евтропиј одговори:

- Не ми паѓа на памет да отстапам од верата Христова.

Намесникот му предложи да седне на трпезата, но тој одби. Кога повторно го замолија да седне заедно со нив, Евтропиј рече:

- Да не даде Бог, јас, слугата Христов, да седнам со осквернетите.

Тогаш намесникот му рече:

- Порано беше добар, Евтропиј, но сега се станал лош.

Светиот му возврати:

- Јас не сум лош, туку ги исполнувам заповедите Божји. Зашто мојот Господ вели: „Никој не може да им служи на двајца господари: зашто или едниот ќе го замрази, а другиот засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре“. Не можете да им служите на Бога и на Мамона. Што општо има меѓу светлината и темнината? Вие сте храм на живиот Бог, како рекол Бог: „ќе се населам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ“ (Мт. 6, 24; 2 Кор. 6, 14. 16).

Кога го слушна тоа, намесникот нареди да донесат пред него злато и други скапоцени работи. Потоа му рече на маченикот:

- Ќе ти го дадам целото ова богатство, ако утре, пред целиот народ изјавиш дека му се покоруваш на намесникот. А потоа моли му се на својот Бог како што сакаш. Еве, земи го сето тоа!

Свети Евтропиј му рече:

- Лукав лажливецу, нема да го искушаш слугата Божји! Како што братот твој, Јуда, засакувајќи го среброто ја погуби својата душа, така и ти ќе погинеш со него. Но, зошто се двоумиш, та не нѐ убиеш? Знај дека ништо нема да нѐ раздели од љубовта Христова.

Откако увиде дека маченикот ни најмалку не попушта, туку напротив сѐ повеќе ги навредува боговите, намесникот им нареди на слугите:

- Водете го Евтропиј во темницата и врзете го заедно со другите.

На заминување, свети Евтропиј му рече:

- Расипана билко, ти не раѓаш род на правдата и наскоро ќе бидеш заклан и фрлен во оган.

Кога влезе во темницата, Евтропиј ги затекна Клеоник и Василиск на молитва, зашто цела ноќ му се молеа на Бога.

Утредента намесникот намисли да им принесе сенародна жртва на боговите. Нареди сите да се соберат во храмот на Артемида заедно со жртвите. Кога се собра народот и дојде намесникот, по негова наредба беа доведени и светите маченици Евтропиј, Клеоник и Василиск. И додека сите им принесуваа жртви на идолите, намесникот го праша Евтропиј.

- Ќе им принесеш ли жртва на боговите за да не ве погубам?

- А свети Евтропиј заедно со своите другари започна да Му се моли на Бога:

- Господи Боже, Седржителу, Ти на небото живееш и на земјата си славен. Ти си го утврдил небото, си ја основал земјата, и сите нас нѐ просветуваш од висините. Ти си бил со свети Теодор во страдањата негови. Биди сега и со нас! Дојди и покажи ја силата Своја и уништи го елинското демонување! Дај на ова место христијаните да Ти принесат бескрвна жртва на Тебе, вистинскиот Бог, зашто Ти си нашиот Господ и Тебе слава Ти вознесуваме со Единородниот Твој Син и Светиот Твој Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Кога светите завршија со молитвата, настанаа грмотевици и силен земјотрес, така што темелите на идолите се потресоа. И побегнаа сите заедно со намесникот, многу исплашени. Падна идолот на Артемида и се искрши на парчиња. Заедно со земјотресот на светителите им дојде глас од небото, говорејќи: „Ја слушнав вашата молитва и отсега на ова место ќе има храм христијански“, Светителите се зарадуваа во Господа.

Кога престана земјотресот сите се вратија и намесникот нареди да се донесе сулфур и смола, да се зовријат три котли и да се излијат врз мачениците. Ги врзаа светите за колци забиени во земјата, а тие му се помолија на Бога пред престојното големо страдање. Слугите ги принесоа котлите со врелиот сулфур и смола, а блажениот Евтропиј им рече:

- Бог нека го сврте против вас делото ваше.

Штом го рече тоа, сила Божја им ги одврза рацете и мачениците сами ги истурија котлите врз себе. Смолата се слеа по нивните тела, потече по земјата како вода, и ги изгоре слугите, а светителите воопшто не ги повреди.

Намесникот се зачуди и запрепасти од таа глетка, но во исто време тоа им го препишуваше на христијанските магии. Потоа на други слуги им нареди со железни нокти да ги дерат светите маченици, па да ги залеваат со сол растопена во оцет. Сето тоа исповедниците Христови јуначки го трпеа. Свети Евтропиј му рече на намесникот:

- Богоомразен безбожнику, измислувај поголеми маки за со поголеми страдања да добиеме поголеми венци од нашиот Господ.

Уште пораздразнет од овие зборови, намесникот им нареди на слугите уште посвирепо да ги мачат. Откако многу ги измачија, повторно ги фрлија во темницата и ги заклучија во окови.

Светителите се молеа, говорејќи:

- Господи Исусе Христе, не нѐ оставај додека да ја пребродиме оваа бура на страдања, и да се ослободиме од лошиот намесник, па да стигнеме во тивкото пристаниште каде што нема болка ниту жалости. Додека така се молеа, им се јави Господ, говорејќи:

- Навистина ви велам, оти за Мене се предадовте на смрт, ќе добиете вечен живот кај Мене заедно со Светите.

Утешени со таквата посета Господова, мачениците уште повеќе зајакнаа во верата.

Утредента намесникот повторно седна на судскиот стол. Кога ги изведоа светителите пред него, тој ги праша:

- Одлучивте ли да им се поклоните на боговите, или сакате да умрете со зла смрт?

Свети Евтропиј му одговори:

- Зар не слушна повеќе пати од нас дека нема да им се поклониме на глувите и неми ѓаволи?

Намесникот веднаш ги осуди на распнување свети Евтропиј и свети Клеоник. Против нив изрече ваква пресуда: „Славниот суд наредува да бидат распнати учителот на магепсниците, Евтропиј, и другиот магепсник Клеоник, затоа што не ја послушаа наредбата на вечните цареви; а Василиск да остане со останатите затвореници во темницата“.

Кога го слушна тоа, свети Василиск повика кон намесникот:

- И мене осуди ме на смрт, зашто сакам да умрам со своите другари и со нив да застанам пред нашиот Бог Христос.

Намесникот му одговори:

- Токму поради тоа што се зарековте дека нема да се разделувате еден од друг, нема заедно да ве погубам.

Свети Евтропиј му рче:

- Навистина си посвиреп од сите ѕверови, но Бог наскоро ќе ти се одмазди, ќе расцветаат благодатни цветови и ќе им донесат плод на црквите Божји.

Ги поведоа свети Евтропиј и свети Клеоник надвор од градот каде беа подготвени крстови за нив. Целиот град одеше по нив, не само христијаните туку и незнабошците. Кога ги здогледаа своите крстови, мачениците рекоа: „Господи, Боже наш, Те славиме и Ти благодариме што нѐ удостои на крсна смрт и нѐ уподоби на Твоето доброволно распетие. Удостој нѐ и на венци на правдата, та страдајќи за Тебе да се удостоиме и прославиме со Тебе во царството Твое. Те молиме и за светата Црква Твоја; стиши ја бурата на незнабошците кои се креваат на слугите Твои; отсега дај му мир на христијанскиот род“. Додека така се молеа, војниците ги приковуваа на крстовите. И дојде глас од небото кој ги повикуваше Христовите страдалници на вечен покој. Светите маченици Евтропиј и Клеоник со молитва ги предадоа своите души во рацете на својот Господ, велејќи:

- Во Твоите раце, Господи, го предаваме духот свој!

Така го завршија својот живот на трети март во триста и осмата година.

Потоа, двајца побожни амасиски граѓани, Коинт и Велоник го молеа намесникот да им дозволи да ги земат телата на мачениците. Тој им дозволи. Велоник го зеде телото на свети Евтропиј, го помаза со мириси, и чесно го положи на својот имот, осумнаесет стадии од градот. А телото на свети Клеоник го зеде Коинт и, помазувајќи го исто така со мириси, чесно го положи на имотот, викан Кима. Од гробовите на мачениците се случуваа многу исцеленија во слава Божја.

А свети Василиск, оставен во темницата, остана таму во окови уште доста време. Кога умре царскиот намесник Асклипиодот, на негово место дојде Агрип. Тогаш свети Василиск беше заклан со меч на 22 мај. Неговиот спомен се празнува на тој ден, во слава на нашиот Бог Христос.

СПОМЕН НА НАШИТЕ ПРЕПОДОБНИ ОТЦИ ЗИНОН И ЗОИЛА

Се упокоиле во мир. Разрешувањето од овој живот ги воведе Зинон и Зоил во подобар живот.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНА ПИАМУНА

Света Пиамуна е Египќанка по раѓање. Не сакаше да се омажи, туку заради Христа, таа започна да се оддава на подвижништво во куката на својата мајка. Како девица, Пиамуна целиот свој живот го помина со својата мајка, јадејќи еднаш во два дена и тоа навечер, додека преку денот предеше лен. Беше удостоена на пророчки дар. Еве еден пример за тоа:

Се случило еднаш во Египет, за време на една поплава на Нил, едно село да нападне друго село, зашто се случувале кавги меѓу селаните околу поделбата на поплавеното земјиште, кои често завршувале со тепачки и убиства. Така, едно село го нападнало селото на Пиамуна. И многу народ со копја и мотики се упатиле кон нејзиното село. Но, тогаш на блажената ѝ се јавил ангел Божји и ѝ го открил претстојниот напад. Таа ги повикала старешините на селото и им рекла: „Доаѓаат кон вас од тоа и тоа село. Излезете им во пресрет и замолете ги да се откажат од својата зла намера за да не пропаднеме сите“. Но, старешините многу се уплашиле и паднале пред нејзините нозе, молејќи ја: „Ние не смееме да излеземе пред нив, зашто го знаеме нивното пијанство и безумие. Но, ако ти имаш милост спрема нас и нашето село, сама излези пред нив, смири ги, и ако можеш убеди ги да се вратат назад“. Светителката не се согласи со тоа, туку цела ноќ остана затворена во својата соба, молејќи Му се на Бога и говорејќи: „ Господи, Ти, Који судиш на својата земја, и никаква неправда не ти е по волја, Твојата света сила нека ги прикова за земјата оние луѓе, таму каде што ќе ги затекне“.

И се случило така, по молитвите на светата девојка. Кога напаѓачите се наоѓале на три милји од селото, останале приковани за земјата околу еден час, и не можеле да се поместат од местото. На самите напаѓачи им беше откриено дека тоа им се случило преку посредството на слугинката Христова, Пиамуна. Затоа, тие испратиле свои пратеници во нејзиното село да бараат мир и им порачале на жителите: „Заблагодарете Му се на Бога и на чистите молитви на праведната Пиамуна, кои ве спасија вас, а нас нѐ одвратија од голем грев“. Света Пиамуна се упокоила во 337 година.