17. Март  (4. Март)

 

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ГЕРАСИМ ЈОРДАНСКИ

Преподобниот подвижник Герасим се роди во Ликија. Обземен од божествена мисла, уште во својата младост живееше во страв Божји и се замонаши. Најнапред отиде во внатрешноста на Тиваидската Пустина во Египет; поживеа богоугодно таму, а потоа се врати во својот роден крај во Ликија. При крајот на владеењето на царот Теодосиј Младиот, тој отиде во Палестина за да се поклони на Светите Места. Таму се насели во Јорданската Пустина во која што како сјајна ѕвезда блескаше со своите доблести. Овде, покрај реката Јордан подоцна подигна и манастир.

За време на неговиот престој во Палестина беше свикан Четвртиот Вселенски Собор на светите Отци во Халкидон, против безбожниот александриски патријарх Диоскор и архимандритот Евтихиј, кои учеле дека во Господ Исус Христос има една природа, поради што светите Отци ги проколнаа. Тоа се случуваше за време на царувањето на Маркијан и Пулхерија.

По Соборот се кренаа некои еретици, напаѓајќи го овој Собор дека божем ги отфрлил догматите на правата вера, а го обновил Несториевото учење. Меѓу нив беше и некој монах магепсник, Теодосиј. Тој допатува во Ерусалим и ја вознемири цела Палестина. Заведе многумина, меѓу кои имаше и свети луѓе. Кон својата непобожност ја придоби и царицата Евдокија, вдовица на претходниот цар Теодосиј Младиот. И со нејзина помош, а и на многу палестински иноци што ги беше завел, тој го тргна од престолот ерусалимскиот патријарх, блажениот Јувеналиј (422-458), и самиот седна на престолот. Тогаш правоверните се повлекоа во внатрешноста на пустината. Меѓу нив беше и преподобниот Евтимиј Велики, а по него и останатите свети отци.

Во тоа време и преподобниот Герасим беше зафатен со таа измама, но бргу се поправи. За тоа, Кирил Скитополски во житието на Евтимиј Велики пишува вака: Тогаш во Јорданската Пустина имаше еден отшелник по име Герасим, кој неодамна беше дојден од Ликија. Ги помина сите подвизи на монашкиот живот и јуначки војуваше против нечистите духови. И тој, кој ги победуваше и прогонуваше невидливите ѓаволи, беше заплеткан и заведен од видливите ѓаволи - еретиците, и западна во Евтихиевата ерес. А кога слушна за преподобниот Евтимиј, за чиишто доблести ечеше слава на сите страни, Герасим отиде кај него. Тогаш преподобниот Евтимиј се наоѓаше во пустината викана Рува. Живеејќи долго со преподобниот Евтимиј, тој се хранеше со спасоносните зборови од медоточивата уста негова, ја отфрли ереста и се врати во правата вера, каејќи се многу.

Пресветиот патријарх Јувеналиј повторно го зазеде својот престол зашто балгочестивиот цар Маркијан испрати да го фатат лажниот патријарх Теодосиј, за да му се суди. Но, кога дознал за тоа, тој побегнал во Синајската Гора и се сокрил. Тогаш повторно започна да сјае правата вера во Палестина и заведените се обратија, а царицата Евдокија, увидувајќи го својот грев се покаја и повторно се присоедини кон Православната Црква.

Обителта на преподобниот Герасим беше оддалечена триесет и пет стадии од Ерусалим и еден стадиј од реката Јордан. Тој примаше почетници во манастирот, а на искусните отци им даваше отшелнички ќелии во пустината. Имаше не помалку од седумдесет такви пустиножители под негово раководство. Тој им беше дал ваков устав за живот: пет дена секој сам поминувал во својата пустинска ќелија, се занимавал со ракоделие и јадел по малку сув леб, вода и урми; не било дозволено да се пали оган ниту да се јаде вариво во текот на тие пет дена; во сабота и недела сите доаѓале во манастирот, се собирале во црквата на Божествена Литургија, и се причестувале со светите Тајни Христови; потоа имале заедничка трпеза со вариво и со малку вино во слава Божја. Тогаш секој монах го носел тоа што ќе го сработел во изминатите пет дена и го ставал пред нозете на игуменот. Во неделата попладне повторно секој си заминувал во својата ќелија во пустината, понесувајќи со себе малку леб, урми, стомна со вода, и палмови гранки за плетење кошници.

Секој имал само по една стара облека со која го покривал своето тело, рогозина на која се одморал и глинена стомна за вода. Имале заповед од отецот кога заминуваат од ќелијата да ја оставаат вратата отворена, за секој што сака да може да влезе и да земе од нивните бедни работи. И било навистина милина човек да ги види колку апостолски живеат. Како да беа едно срце и една душа и ниту еден од нив ништо не нарекуваше свое, туку сѐ им беше заедничко.

Се зборува и тоа дека еднаш некои од тие пустински отци дошле кај преподобниот Герасим и го молеле да им допушти понекогаш да запалат свеќа во своите ќелии за читање, а понекогаш и оган за да загреат вода за потребите. Тогаш светителот им одговорил: „Ако сакате да имате оган во пустината, тогаш дојдете и живејте во манастирот со почетниците, зашто додека јас сум жив, нема да дозволам пустиножителите да палат оган“.

Кога слушнаа за така строгиот живот на подвижниците раководени од свети Герасим, верните од градот Ерихон си пропишаа закон за себе, во секоја сабота и недела да одат во обителта на преподобниот Герасим и да носат сѐ што е потребно за манастирот: храна, вино, и сѐ останато.

Преподобен Герасим беше толку голем подвижник, таков испосник, што во Светиот Чесен Пост сѐ до Воскресение не јадеше ништо, и само со Света Причест ги крепеше своето тело и душа.

Кај овој преподобен наставник монахувал и блаженот Киријак Отшелник. За тоа во неговото житие се вели: Преподобниот Евтимиј љубезно го прими Киријак, провидувајќи дека врз него ќе почиваат дарови Божји. Наскоро со свои раце го облече во схима и го испрати кај свети Герасим, бидејќи великиот Теоктист беше отишол кај Господа. Кога виде дека Киријак е млад, свети Герасим му нареди да живее во манастирското општожитие во послушание. Спремен за секакви трудови, Киријак по цел ден се трудеше во манастирската служба и по цела ноќ стоеше на молитва, спиејќи сосем малку. Леб и вода земаше на секој втор ден. Гледајќи го таквото негово воздржание во млади години, преподобен Герасим се восхитуваше и многу го засака. Во светата Четириесетница, свети Герасим имаше обичај да оди во најзафрлената пустина наречена Рува, во која што некогаш престојувал и преподобниот Евтимиј. Со себе го земаше и свети Киријак, и таму тој се причестуваше секоја недела од рацете на Герасим. Тие остануваа во пустинско безмолвие сѐ до Цветници. Тогаш се враќаа во обителта со голема духовна корист во душите. По некое време се претстави нашиот преподобен отец Евтимиј. За неговото претставување преподобен Герасим дозна седејќи во својата ќелија, зашто виде ангели Божји како со радост ја носат душата на преподобниот Евтимиј на небото. Тогаш стана, го поведе Киријак со себе, отиде во лаврата на свети Евтимиј и го затекна упокоен во Господа. Го погреба неговото чесно тело и заедно со својот сакан ученик, пак се врати во својата ќелија.

На овој угодник Божји, неразумен ѕвер му послужи како разумен човек. За тоа блажените отци Јован Мосх и Софрониј, во Лимонарот го пишуваат следното: Дојдовме во лаврата на ава Герасим. Тамошните монаси ни раскажаа за ава Герасим дека еднаш во пустината го сретнал еден болен лав и му ја покажал својата нога во која се беше зарил трн, поради што ногата му била отечена и полна со гној. Гледајќи го старецот со тажни очи и молејќи го да го исцели, не со зборови туку со својот смирен изглед, старецот ја фати неговата нога, го извлече трнот, и од неа истече многу гној. Ја исчисти раната, ја завитка со крпа и го отпушти лавот. Откако се исцели, лавот не го напушташе старецот, туку постојано одеше по него како ученик, така што тој се восхитуваше на благоразумноста на ѕверот. И оттогаш старецот го хранеше, давајќи му некогаш леб, некогаш леќа.

Отците од лаврата имаа едно магаре и со него носеа вода од реката Јордан за потребите на браќата. Старецот му нареди на лавот да оди со магарето и да го пасе крај реката. Но, еден ден, пасејќи го магарето, лавот прилично се оддалечи од него и заспа на сонцето. Во тоа време наиде еден човек со камили кој одел за Арабија. Кога го здогледа магарето само без чувар, го фати и го поведе со себе. Кога се разбуди лавот и го побара магарето, не го најде. Тој дојде во лаврата на ава Герасим тажен и дотолчен што го изгубил магарето. А старецот, помислувајќи дека лавот го изел, го праша:

- Каде е магарето?

Лавот стоеше како човек, молчејќи и гледајќи во земјата. Старецот повторно го праша:

- Ти ли го изеде? Нека е благословен Господ, ти нема да си заминеш оттука, туку ќе работиш сѐ што работеше магарето, служејќи му на манастирот.

И оттогаш, по наредба на старецот, ја товараа водата врз грбот на лавот и тој ја носеше од Јордан во манастирот.

Еден ден, кај старецот дојде еден војник заради молитва. Тој го здогледа лавот како носи вода, и кога ја дозна причината, се сожали на него и им даде три златника на отциците да купат магаре за своите потреби и да го ослободат лавот. И беше купено магаре, а лавот беше ослободен.

И помина многу време, а оној трговец од Арабија што го одведе магарето, одеше во светиот град Ерусалим со своите камили за да ја продаде пченицата. Го водеше и магарето со себе. Кога трговецот ја премина Јордан, случајно го сретна лавот. Тој веднаш го препозна магарето, па ненадејно рикна и јурна кон него. Трговецот и оние што беа со него се преплашија и побегнаа, а лавот ја фати со забите уздата како што претходно го правеше тоа кога го пасеше магарето, и го поведе заедно со три камили натоварени со пченица, врзани една за друга. Силно рикајќи од радост што го најде изгубеното магаре, лавот го доведе кај старецот. А преподобниот старец се насмевна тивко и им рече на браќата:

- Ние непотребно го грдевме лавот, мислејќи дека го изел магарето.

И тогаш старецот му даде име на лавот, нарекувајќи го Јордан. Оттогаш лавот често доаѓаше кај старецот и добиваше храна од него. И не се оддвои од лаврата повеќе од пет години.

А кога во 475 година преподобниот ава Герасим отиде кај Господа и отците го погребаа, по промисла Божја лавот не беше во лаврата. Но, по кратко време дојде и го бараше старецот. А ава Саватиј, ученик на ава Герасим, кога го виде лавот, му рече:

- Јордане, нашиот старец нѐ остави осиротени и отиде кај Господа.

И му нудеше храна, говорејќи:

- Земи и јади.

Но, лавот не сакаше да јаде туку погледнуваше наоколу барајќи го својот старец и рикаше многу тажно. Ава Саватиј и останатите старци го милуваа по грбот, говорејќи:

- Старецот отиде кај Господа и нѐ остави нас.

Но, не можеа да го смират да престане да рика тажно. Колку повеќе го тешеа, толку потажно и посилно рикаше и ја изразуваше својата жалост. Тогаш ава Саватиј му рече:

- Ако нам не ни веруваш, тогаш ајде да ти го покажеме местото каде е погребан преподобниот Герасим.

Гробот се наоѓаше во близина на црквата. Ава Саватиј застана покрај гробот и му рече на лавот: - Еве, овде е погребан нашиот старец. Клекнувајќи крај гробот, заплака. А лавот, кога виде како Саватиј плаче и самиот ја удираше главата од земјата и рикаше силно. Потоа рикна застаршувачки и издивна крај гробот на старецот. Тоа се случи, не затоа што лавот имаше разумна душа, туку беше Божја волја да го прослави светиот отец Герасим, кој Него Го прослави не само во животот туку и по смртта, и да ни покаже како ѕверовите му биле послушни на Адам во рајот, пред неговиот пад и истерување. Од ова јасно се гледа дека преподобен Герасим многу Му угоди на Бога, Кому од младоста до староста Му послужи со целото свое срце, и премина кај Него во живот вечен, каде, населен со Светиите, го слави Отецот и Синот и Светиот Дух во вечни векови. Амин.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПАВЛЕ и ЈУЛИЈАНА

и останатите со нив

Oткако издаде заповед сите христијани по целиот свет да им принесуваат жртви на боговите, а да бидат мачени и убивани оние што ќе се противат на тоа, царот Аврелијан лично ја помина Сирија и дојде во Финикија, во градот Птолемаида, за да ги присили на идолски жртви сите христијани. Кога виде како царот влегува во градот, блажениот Павле се прекрсти и ѝ рече на својата сестра Јулијана:

- Биди храбра, сестро моја, и не плаши се! Големо искушение доаѓа на христијаните.

А царот, штом виде дека Павле се прекрсти, нареди да го фатат и да го држат во окови. Утредента се собра целиот град, царот седна на престолот, го изведе блажениот Павле пред себе на суд, и го праша:

- Несреќен човеку, зошто вчера, кога ме виде, се осмели да се прекрстиш? Зарем не си ја слушнал царската заповед издадена против христијаните?

Блажениот Павле одговори:

- Сум слушнал за заповедта твоја, но никој никогаш не може толку да нѐ уплаши нас христијаните, та ние од страв да се одречеме од вистинскиот Бог и да престанеме да го исповедаме Христа, Синот Божји. Маките на кои ти нѐ подложуваш се краткотрајни, но маките одредени од непристрасниот суд Божји се вечни. Исто така и славата што му ја дава на христијанскиот род е вечна. Па кој тогаш е толку безумен да го остави живиот Бог и да се поклонува на глуви и неми богови? Самиот Спасител Исус Христос во Евангелието вели: „Кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен“ (Мт.10,33).

Аврелијан му рече:

- Гледаш ли колку те истрпев. Ајде сега принеси им жртви па боговите за да не те погубам. Блажениот Павле му одоговори: „ Јас не знам за друг Бот освен за нашитот Господ Исус Хрис, тос, на Кого Му служам со целото свое срце.

Тогаш Аврелијан им нареди на мачителите:

- Обесете го на дрво и мачете го, сѐ додека не дојде неговиот Исус Христос да го земе од вашите раце.

Мачителите веднаш ја исполнија нередбата. Додека го мачеа, светиот Му се молеше на Бога и Господ веднаш му ги олесни маките, и тој не чувствуваше никаква болка. Гледајќи ги маките на својот брат, света Јулијана му пристапи на царот, и гласно го праша:

- Насилнику Аврелијан, зошто така свирепо го мачиш мојот брат?

Аврелијан им рече на слугите:

- Оваа жена, жестоко тепајте ја по лицето за да не ни се обраќа вака дрско. А тој несреќник уште пожестоко мачете го, зашто вели дека Христос му е заштитник и помошник.

Блажена Јулијана се насмеа на тоа, и рече:

- Се чудам како е можно ти како цар да си толку луд и да не разбираш дека силата Христова им ги олеснува маките на оние што Го призиваат.

Аврелијан се разлути, ја погледна бесно, и ѝ нареди:

- Пристапи, и поклони им се на боговите, зашто нема да се спасиш од моите раце.

Света Јулијана одговори:

- Јас не се плашам од твоите закани и мачења. На небото постои Бог, Кој може да нѐ спаси нас од твоите безбожнички раце.

Стави ме на секакви маки за да ја видиш помошта на мојот Господ, Кој е со мене.

Аврелијан ѝ рече:

- Многу си убава и затоа не сакам да те погубам. Те молам, вразуми се и принеси им жртви на боговите за да те земам за своја законска жена.

А света Јулијана ги крена очите кон небото, се прекрсти, и весело се насмеа.

Аврелијан ја праша:

- Како се осмелуваш да ја отфрлаш мојата кроткост.

Светителката му одговори:

- Се смеам зашто со моите духовни очи ја гледам божествената убавина на мојот Небесен Женик, Кој, седејќи на светиот престол сака сите луѓе да се спасат. Он ми препорачува доброволно да го примам маченичкиот подвиг, а тебе да те презрам, зашто се нарекуваш цар, а се поклонуваш на дрвја и камења.

Кога го слушна тоа, Аврелијан се разјари и им нареди на мачителите:

- Обесете ја оваа жена и мачете ја безмилосно за да сфати дека стои пред царот на суд.

Додека ја мачеа, нејзиниот брат Павле ѝ рече:

- Не плаши се сестро, од маките на мачителот и од неговите закани. Откако ќе потрпиме малку, ние вечно ќе се одмораме во нашиот Христос.

А света Јулијана му рече на мачителот:

- Ти мислиш дека ме мачиш со најстрашни маки, но јас со помошта на Мојот Христос не чувствувам никаква болка.

Аврелијан ѝ рече:

- Штом се преправаш дека божем не чувствуваш болка, јас ќе те победам со долго мачење.

Светителката му одговори:

- Мојот Христос нема да ме остави, ниту пак ќе допушти ти да ме победиш, зашто ќе ми помага до крај, а тебе ќе те мачи во вечниот незгаслив оган и ќе ги бара од тебе душите што си ги погубил со своите лукави прелести.

Разгневен, Аврелијан нареди да зовријат котел со смола и да ги фрлат Павле и Јулијана во него. Фрлени во котелот тие ги кренаа очите кон небото и се молеа, говорејќи: „Господи, Боже на отците наши Авраам, Исак и Јаков, Кој во Вавилонската земја си слегол во вжештена печка кај трите момчиња и не си дозволил огнот да ги повреди, Ти, Господи Исусе Христе, десницо на Бога Вишниот, се воплоти ради гревовите наши, сакајќи да ги спасиш душите. Сега избави неѐ и нас од овие тешки маки!“

Додека така се молеа, врелата смола се претвори во ладна вода и сите присутни се восхитуваа на силата Божја и Го славеа Бога. А Аврелијан, луд од гнев, сметаше дека тоа е магиска вештина и започна да се заканува со уште пострашни маки, така што нема да им помогнат, како што тој ги нарекуваше, магиските вештини. Свети Павле му одговори:

- Нашиот Бог нема да нѐ остави, а ти никогаш нема да нѐ наговориш да се поклониме на вашите бездушни идоли. Мачи нѐ колку сакаш.

Аврелијан нареди да донесат два железни кревета, да запалат оган под нив, да ги положат на нив светите маченици и врз нив да излеваат врела свинска маст. Кога тоа беше сторено, тој рече:

- Сега ги победив вашите магиски вештини, и дознавте кој е Аврелијан. Нека дојде Христос сега и нека ви помогне!

Света Јулијана одговори:

- Нашиот Христос е овде со нас, и ни помага, но ти не можеш да го видиш зашто не си достоен. Те советувам да го отфрлиш своето безумие и да пристапиш кон Христа. Ако сакаш да пристапиш Он ќе те прими оти е човекољубив и милостив, и лесно ги простува гревовите човечки. Ако не се обратиш, ќе бидеш предаден на вечен оган. Двајца од мачителите, штом видоа дека светителите не ги повреди огнот од вжештените кревети, повикаа:

- Нема друг бог, освен Богот небесен Кој им помага на Павле и Јулијана. Царот се разлути и нареди да ги обезглават, како прелагани и поткупени со злато за мачениците да не бидат жестоко мачени. Кога ги поведоа кон губилиштето свети Павле им говореше:

- Не плашете се, зашто вие никогаш нема да умрете, туку ќе бидете заедно со светите во царството небесно.

Кога го слушнаа тоа, тие започнаа да се молат:

- Господи Исусе Христе, Боже, проповедан од Павле и Јулијана, биди со нас!

И така беа обезглавени. Нивните имиња се Кодрат и Акакиј.

По нивното погубување беа одредени други џелати да ги печат светителите на железните кревети. Тие фрлаа сол во огнот за посилно да гори. Но, светителите не им обраќаа внимание на маките, а мачителот, посрамен, нареди да ги фрлат во темница и да им стават тешки клади и окови, и под нив остри клинци за да се зариваат во нивните тела, па заповедаше будно да внимаваат на нив, за некој од христијаните да не им донесе храна и вода.

На полноќ, додека светителите лежеа на острите клинци и се молеа, силна светлина ја осветли темницата и ангел Господов застана пред нив, и им рече:

- Павле и Јулијано, слуги на вишниот Бог, станете и прославете Го Бога!

Ангелот им пријде, ги раскина нивните окови и тие испопаѓаа, и раните им се исцелија, и станаа здрави. А пред нив се најдоа два наместени кревети и преполна трпеза.

Ангелот им рече:

- Одморете се и поткрепете се со храната што ви ја испрати Исус Христос.

Светите маченици се одморија и Му благодареа на Господа. Кога ја видоа ваквата светлина во темницата, и мачениците ослободени од оковите, и креветите, и трпезата, останатите затвореници дојдоа кај нив и многу се восхитуваа. И сите Го прославија Бога, поверуваа во Него и станаа христијани.

На третиот ден, Аврелијан седна на престолот, ги изведе светите маченици пред себе и ги праша:

- Зарем не се вразумивте од страшните маки на кои ве подложив? Сѐ уште ли нема да се откажете од својата лудост и нема да пристапите кон нашите богови?

Свети Павле му одговори:

- Лудоста - да не се одречам од Христа, засекогаш нека остане во мене и во сите што го сакаат Бога.

Повторно се разлути Аврелијан и нареди и двајцата да ги врзат за дрвото подготвено за мачење, и со железни нокти да им ги стругаат ребрата. А тие во страдањето Му се молеа на Бога: „Господи Исусе Христе, Сине на живиот Бог, помогни ни и не нѐ оставај заради светото име Твое“. Додека така се молеа, Спасителот, Кој невидливо беше пред нив, им ги олеснуваше маките, Еден од џелатите, по име Стратоник, кој беше одреден да ѝ ги струга ребрата на света Јулијана, ранет од нејзината убавина, се воздржуваше од стругањето. А светата, ја сфати неговата мисла, го турна со ногата и му рече да продолжи со тоа што му е заповедано, зашто нејзиниот Цар, Исус Христос, ѝ помага да издржи.

Стратоник ја фрли направата за мачење, отрча кај царот, и му рече:

- Безбожен мачителу, зошто вака неправедно ги мачиш христијаните? Какво зло направија луѓето кои Му служат на вистинскиот Бог, та толку тешко да страдаат?

Царот се запрепасти кога го слушна тоа и долго молчеше. Потоа проговори, и рече:

- Зарем и ти се согласи со нивното безумие?

Стратоник ги крена очите кон небото, ги виде лицата на светите маченици како лица на ангели Божји и, прекрстувајќи се, полета кон идолскиот жртвеник, го собори и го изгази со нозете, викајќи:

- Еве, и јас сум христијанин, прави со мене што сакаш, мачителу!

Целиот бесен, Аврелијан нареди да му ја отсечат главата. Тогаш Стратоник Му се помоли на Бога, говорејќи:

- Господи Исусе Христе, Кој, Павле и Јулијана проповедајќи Те остануваат непобедливи, чувани од Твоето божество, Тебе Те молам: прими ја и мојата душа во Небесното Царство. Кога го рече тоа, му ја отсекоа главата. Христијаните го зедоа неговото тело и го сокрија. Светите Павле и Јулијана цел ден беа мачени и не малаксаа во маките.

Аврелијан ѝ рече на света Јулијана:

- О, нечиста и безбожна жено, како успеа да го опрелестиш џелатот, та поради тебе да ја изгуби главата?

Светителката му одговори:

- Не го прелестив јас, ниту сум виновна за неговата смрт, туку Христос, Кој мене ме избра за невеста Своја, Он го повика кај себе, како достоен. Ако не беше достоен, никогаш не би можел да му пријде на маченичкиот венец. Ти ќе го видиш него како се одмара во царството небесно, а себе си, како во пеколниот пламен гориш. Тогаш ќе се удираш в гради и ќе жалиш, ќе молиш за милост, но нема да ја добиеш.

По тоа, Аврелијан нареди да ги одврзат и да ги фрлат во темница. Истата вечер, нареди да ги одведат во народната бања и таму да ги затворат. Потоа повика магепсници, бајачи и заколнувачи на змии, и им нареди да ги донесат најлутите змии отровници и да ги пуштат кај нив. Заклучени заедно со многу такви змии, светите маченици без страв седеа и пееја, славејќи Го Бога. А змиите лазеа околу нив, без да им наштетат. Останаа затворени таму три дена и три ноќи, а на четвртата ноќ Аврелијан испрати свои пратеници за да видат дали змиите ги изеле Павле и Јулијана. Кога се наближија, пратениците слушнаа како светите пеат и Го слават Бога. Ѕирнаа низ едно таванско прозорче и видоа дека внатре блеска светлина и тие седат заедно, а ангел Божји стои покрај нив и не им дозволува на змиите да им се доближат. Кога го видоа тоа веднаш поитаа да го известат царот.

Утредента Аврелијан повторно седна на судскиот престол и нареди мачениците да се доведат на суд. И кога појдоа бајачите и магесниците да ги земат змиите, тие јурнаа кон нив, ги искасаа и сите се разбегаа. Тогаш слугите царски ги одведоа светите маченици на суд.

Мачителот ги погледна, се насмевна, и рече:

- Сега сум многу расположен за разговор со вас. Се надевам дека нешто важно ќе добијам од вас. Ако ми ја кажете вистината ќе добиете големи дарови и ќе ве направам господари во моето царство. Кажете ми, дали е вистина тоа што го слушнав од оние што ѕирнаа низ прозорчето на бањата? Дали е вистина дека нашиот бог Аполон дојде кај вас и ви помогна, заштитувајќи ве од змиите и вие со свои очи го видовте лицето негово?

Свети Павле му одговори:

- Ние не го познаваме Аполон, ниту некогаш сме го виделе, ние сме од оние што Му служат на вистинскиот Бог. Светиот ангел, кој ни го испрати нашиот Господ Исус Христос да им ги затвори устите на змиите, ти богохулно го нарекуваш свој Аполон.

Аврелијан се налути и нареди со оловни прачки да го тепаат светителот по лицето, и да му говорат:

- Немој така гордо и бесмислено да одговараш! Знај дека пред царот стоиш!

Откако го изнатепаа Павле, мачителот нареди да го тргнат настрана, па ја приведе Јулијана близу до себе и ѝ рече:

- Владетелко на душата моја, те молам и те советувам, немој да го следиш безумието на својот брат. Гледам дека си паметна девојка, па ти предлагам, послушај ме, биди владетелка и царица; ќе те земам за жена и твои златни статуи ќе поставам во сите градови по светот.

Светителката му одговори:

- Никако нема да ме прелажеш Аврелијане и со твоето лукавство нема да ме вовлечеш во вечна смрт. Сакаш да ме лишиш од славата Христова и од царството небесно, но нема да успееш.

Аврелијан нареди да ја оддалечат неа, а повторно да го доведат свети Павле, па му рече:

- Ете, Павле, твојата сестра ми вети дека ќе им принесе жртва на боговите. Затоа ќе ја земам за жена, и таа ќе биде владетелка на целото мое царство. Ајде и ти принеси им жртви на боговите, па ќе ми бидеш пријател и ќе ти дадам високи функции.

Свети Павле му одговори:

- Навистина излага дека божем мојата сестра отстапила од својот Бог и им се придружила на твоите ѓаволи. Не е ни чудно што лажеш, зашто твој татко е ѓаволот. Но, залудно се трудиш, знај дека нема да нѐ прелажеш, иако ни го ветуваш царството на целиот свет.

Аврелијан викна:

- До кога бесрамно ќе нѐ навредувате вие брбливци и неразумници? Толку многу ќе ве мачам што никој нема да ве спаси од моите раце!

Тогаш нареди да се запали силен оган, да се донесат четириесет железни стапови, да се стават во огнот, да му ги врзат рацете и нозете на Павле нанапред, да му провлечат железен кол меѓу нив, да го забијат во земјата, и двајца војници наизменично да го тепаат со вжештените стапови. И се менуваа војниците, и ги менуваа стаповите, земајќи од огнот вжештени. Заедно со тоа Аврелијан нареди да ја одведат света Јулијана во блудилиштето и да ја обесчестат. Многумина од присутните потрчаа, кој по прв да дојде до неа, зашто беше преубава. Кога ја доведоа во блудилиштето, веднаш ангел Господов застана пред неа, и ѝ рече:

- Не плаши се, Јулијано, зашто Господ Бог на Кого Му служиш ме испрати да те заштитам, за да се прослави Неговото свето име, во сите кои Му се плашат.

И ангелот ги заслепе сите кои дрско се беа упатиле кон блажената девојка, не дозволувајќи да ѝ се приближат. А тие ги допираа ѕидовите, не знаејќи каде одат. Кога го виде тоа народот, како со една уста започна да вика:

- Голем е Богот Кој го исповедаат Павле и Јулијана, насекаде ги спасува оние кои Му служат.

Ослепените паднаа на колена и повикаа кон светата:

- Јулијано, слугинко на вишниот Бог, безумно згрешивме пред тебе, но ти, како служителка на добриот Бог, прости ни, и помоли се за нас на твојот Христос, да ни го врати видот.

Светителката се сожали на нив, ги крена очите кон небото и повика кон Господа, говорејќи:

-Вистинит Боже, Исусе Христе, Спасителу на сите луѓе, услиши ме мене слугинката Твоја, покажи ги и сега знаците и чудесата што ги правиш над синовите човечки, и дарувај им вид, за да се прослави светото име Твое.

Откако го рече тоа, ги попрска со вода очите на сите ослепени и тие веднаш прогледаа, па паднаа на земјата и му благодареа на Бога. Потоа отрчаа во христијанската црква, со покајание ги исповедаа своите гревови и станаа христијани, удостојувајќи се со свето крштение.

По наредба на царот, свети Павле немилосрдно беше тепан со оние вжештени стапови од страна на џелатите. При тоа, тој му довикнуваше на Аврелијан:

- Безбожен тиранину, какво зло ти сторив та така бездушно ме мачиш? Мене мојот Господ ми ги ублажува болките, но тебе те чека вечен оган подготвен за тебе и твојот татко, ѓаволот, кој те крена против нас.

Аврелијан го праша:

- Павле, каде е твојата сестра за која ти велиш дека е девица? Ете, сега ја бесчестат во блудилиштето. Зар сѐ уште ја сметаш за девица?

Светителот му одговори:

- Верувам дека мојот Бог, Кој ми ги олеснува болките, ќе ја заштити и мојата сестра и ќе ја сочува од секаква нечистотија зашто ѝ испрати ангел Свој да ја чува.

По еден час свети Павле рече:

- Ете, мојата сестра се враќа неосквернета и доаѓа да ги види оковите и раните мои.

Светителот го зборуваше тоа, гледајќи со своите проѕорливи очи сѐ што се случува со света Јулијана. И кога ја доведоа на суд, здогледувајќи ја, свети Павле многу се израдува, така што лицето му блескаше. Аврелијан ја праша светителката:

- Јулијано, се науживаа ли на твојата убавина?

Светителката му одговори:

- Моја убавина и красота е мојот Христос, Кој испрати ангел Свој и ме сочува мене ништовната, зашто се надевав во Него. Го славам пресветото име Негово, зашто Он е Бог, Кој чудеса чини и нема друг Бог освен Него.

Тогаш мачителот нареди да го одврзат свети Павле.

Царот нареди да се ископа длабока јама и да се запали оган во неа. А кога остана само жарта, нареди да ги фрлат внатре светите маченици Павле и Јулијана. Кога ги доведоа до јамата, тие се прекрстија и сами скокнаа во неа. И стоеја во жарта, пеејќи и фалејќи го Господа, а ангел Господов ги сочува наполно неповредени од вжештената жар. Додека тие пееја: „Благословен си Боже, Царе на вековите, оти си се сетил на ништовноста наша и го изгаси пламенот огнен, сочувувајќи нѐ здрави од јароста на мачителот“, присутниот народ ги слушаше и многумина од незнабошците кога ја видоа силата Божја, од умиление во срцата ги отфрлија идолите и поверуваа во Христа. Тогаш царот нареди со камења да ги затрупаат светите во јамата, но ненадејно удри гром, се појави огнен облак, се изли врз земјата и се слушна глас од небото:

- Аврелијане, ти ќе отидеш во пеколниот оган подготвен за тебе и за твојот татко - ѓаволот.

Аврелијан се преплаши заедно со сите незнабошци, и веднаш нареди да ги извадат светите од јамата и да ги затворат во темница. А тие Го славеа Бога за сите чудеса што ги направи поради нив.

По седум дена, Аврелијан повторно ги изведе на суд. На жреците им нареди да ги донесат сите идоли што ги имаат: златни, сребрени и украсени со скапоцени камења. А кога ги доведоа светите маченици, разјарен им рече:

- Сега пристапете и поклонете им се на боговите, зашто нема да ве поштедам.

На тоа свети Павле се насмеа, и рече: „Ние никогаш нема да Го оставиме Богот, Кој ги створил и небото и земјата. Затоа немој да се надеваш дека ќе нѐ придобиеш за своето зловерие.

Аврелијан рече:

- Зарем мислиш дека овие се идоли? Зарем не сфаќаш каква сила има во нив?

Свети Павле одговори:

- Овој Зевс, за кого ти велиш дека е бог, бил човек, магепсник, страстен и невоздржлив блудник. Прелестувал многу убави девојки, осквернил многу лица, но да не ги набројувам неговите бесрамни и беззакони дела, зашто гледам дека тоа те разгневува. Во секој случај, јас не се плашам од твојот гнев. А овој пак, покрај него, викан Аполон, зарем не е роден од прељуба на некоја жена по име Латона? И тој направил многу гадости подражавајќи го својот татко Зевс. Исто така и вашиот знаменит бог Дионис, зарем не го роди од прељуба Семелија, ќерката Кадмова?

- Лажеш гаду, - викна Аврелијан, - зарем Дионис не беше роден од Јунона, мајката на боговите?

Свети Павле се насмеа, и рече:

- Постои ли бог, роден од жена, кој започнува да бива бог, а порано не бил бог? И зарем богот има жена и со неа раѓа деца?

Тогаш Аврелијан повика:

- Безбожнику, до кога ќе хулиш на нашите богови? Зарем не е роден од жена и вашиот Христос, за Кого велите дека е небесен Бог?

Свети Павле одговори:

- Ти не си достоен да ја чуеш Божјата тајна. Но, за твоите зборови да не им наштетат на присутните, ќе одговорам накратко на твоето прашање. На почетокот Бог ги створи небото и земјата, и сѐ што е во нив. Потоа, според својот образ и подобие го створи човекот, чист, без никакво зло, праведен и побожен; и засади рај полн со сладости; потоа на човекот му створи помошничка од ребрата негови. А вашиот татко, ѓаволот, не можејќи да го гледа човекот во такво блаженство, ја прелага Ева и преку неа го наведе Адам да ја наруши заповедта Божја. Тогаш Адам беше истеран од рајот заедно со Ева; и родија синови и ќерки од кои се насели светот. И целиот човечки род беше подложен на смрт, која што преку гревот влезе во светот. И сите наши праведни отци беа водени во адот, како неправедни, зашто царуваше смртта од Адама и над оние кои не згрешија, престапувајќи како Адам. (Рм. 5, 14). Поради тоа, Отецот небесен, семоќниот Бог, се сожали над родот човечки и, сакајќи да му помогне, го испрати Својот Син да земе на себе човечко тело и да го спаси Адама и со него држаните во адот. А Синот Божји е Логос Очев, роден од Него пред сите векови, Негова Мудрост и Сила, и Десница. За неговото воплотување Архангел Гаврил ѝ донесе благовест на светата Дева, сечиста и сечесна, родена од пророчки царски род. Во нејзината пречиста и осветена утроба невидливо се всели самиот Бог, т.е. Логос Божји, зеде на себе тело, кога ангелот ѝ рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените! Светиот Дух ќе слезе на тебе, и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји“ (Лк. 1, 28. 35). И се роди Син Божји, Логос Божји, од непорочната Дева, облекувајќи се во тело, заради спасение на луѓето. Никој не може да го види Бога онаков каков што е Он, зашто Бог е оган Кој спалува; и не е возможно, човек кој живее на земјата да го види неговото лице и да остане жив. Заради тоа, нашиот Бог, овоплотувајќи се, како бебе беше хранет со млеко, иако совршен по Божеството; потоа Он беше дете, па момче, кое порасна во совршен човек и поживеа со луѓето триесет и три години, минувајќи ги градовите и селата, на сите чинејќи им добро и избавувајќи ги мачените од ѓаволот; потоа доброволно беше распнат на дрвен крст за да му подари спасение на светот, кој пропаднал од ѓаволската измама; и умирајќи со телото, слезе во адот заедно со светата душа Своја, ги разруши вратите на адот, ги изведе душите на светите од темнината и ги одведе на небото; и воскресна во третиот ден од мртвите со телото Свое, и им се јави на учениците, апостолите Свои, и на многу други, кои вистински веруваа во Него, и четириесет дена беше со апостолите, јадејќи и пиејќи заедно со нив; потоа се вознесе на небото, и седи со Своето тело од десната страна на Отецот Свој. Затоа сега ѓаволот маки го сотираат, оти Христос Бог го фрли под нозете на христијаните, да го газат оние што влегуваат во царството небесно. Но, ти си му туѓ на царството небесно, зашто си дел од вечниот пеколен оган, наследството на твојот татко, ѓаволот.

Кога го слушна тоа, Аврелијан се измени во лицето од јарост и, чкртајќи со забите, рече:

- Брбливецу, трпеливо ти дозволив да изговориш многу лаги. Но ќе престанеш ли веќе да ме навредуваш и да хулиш на боговите? Еве, овој е мојот последен збор: Ако не им принесеш жртви на боговите ќе ве мачам до смрт.

А светите Павле и Јулијана со силен глас повикаа:

- Христијани сме и во Христа се надеваме; нема да им се поклониме на твоите богови и од маките не се плашиме. Тогаш Аврелијан нареди да го врзат свети Павле за дрво и да му го запалат лицето. А царскиот гласник викаше:

- Не навредувај го царот, и не хули на боговите!

Тогаш света Јулијана му довикна на царот:

- О, поган мачителу, какво зло ти направи мојот брат, та така страшно го мачиш?

Тогаш царот нареди и неа да ја врзат, и да ѝ го горат лицето. Гледајќи дека е исмеан од светите маченици, Аврелијан истовремено се срамеше и беснееше. И нареди да им ги горат телата. Гледајќи ги нивните страдања, присутниот народ повика:

- Неправедно судиш царе и неправедно ги мачиш! Ако не сакаат да им принесат жртви на боговите, тогаш изречи им смртна пресуда.

Тогаш Аврелијан се уплаши да не се побуни народот и ја изрече смртната пресуда: главите да им бидат отсечени со меч, а телата нивни да ги фрлат на кучињата и ѕверовите, тие да ги разнесат.

Водени на смрт, светите се радуваа, пеејќи ги псалмовите 3борови: „Ти нѐ спаси Господи, од мачителите наши, и ги посрами оние што нѐ мразат“ (Пс. 43, 8). Кога ги изведоа надвор од градот, свети Павле ги замоли џелатите најпрвин да ја погубат света Јулијана, зашто се плашеше таа да не се уплаши кога ќе го гледа неговото погубување. Света Јулијана се прекрсти, радосно ја подаде својата глава и беше обезглавена. Свети Павле Му се заблагодари на Бога, се прекрсти и ја отсекоа и неговата глава. Тоа се случи во 273 година. Нивните тела останаа да лежат непогребани надвор од градот, а војниците одредени од царот ги чуваа оддалеку, за да не ги украдат христијаните. Доаѓаа кучиња, но не се допираа до светите тела; доаѓаа и волци, но и тие не ги допреа, дури и грабливите птици само кружеа над нив. Тоа траеше седум дена и седум ноќи. Тогаш војниците го известија Аврелијан за тоа. А тој рече:

- О, зловерно христијанско магепсништво. Ниту мртви не можеме да ги победиме!

И им нареди на војниците да се повлече стражата за да не им се смеат христијаните.

Кога осамна и христијаните видоа дека нема стражари, ги зедоа многустрадалните тела на светите маченици Павле и Јулијана и ги погребаа чесно, додека царува нашиот Господ Исус Христос, Кому слава со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈАКОВ ПОСТНИКОТ

Смирението станува причина за многу добра и за душекорисни доблести кај луѓето кои Го љубат Бога и живеат според заповедите Божји. Оној кој ќе стекне совршено смирение не се плаши од пад, зашто не се надева на себе, ниту мисли високо за себе. А колку огромна штета, неизлечива рана и погибел нанесува невнимателната високоумна гордост, може да се види од многу примери, а особено од повеста што е пред нас. Оние кои водат небесен живот на земјата, нека се поучат како да внимаваат и да се чуваат да не паднат тогаш, кога мислат дека стојат. Во оваа повест наоѓаме прекрасна поука за животот, науката на смиреноумието; ќе видиме брз пример и вредно станување од гревовниот пад и ќе ја познаеме силата на покајанието. Покајанието е толку моќно пред милосрдниот Бог, и не само што човекот го зема од вратите на пеколот, туку и го воведува во подобар живот од претходниот и со помош на благодатта Господова го оспособува за повозвишени доблести од поранешните. Еве ја таа душекорисна повест:

Во Феникија, во близина на градот Порфирион, живееше еден отшелник, по име Јаков. Одрекувајќи се од минливата суета на овој живот, тој се замонаши и помина петнаесет години во една пештера. Толку напредна во подвижничките подвизи и стана толку голем во доблестите и мил на Бога, што од Него доби власт над ѓаволите. И многу други исцеленија им даваше на луѓето со името на нашиот Спасител Исус Христос, и сите се восхитуваа на неговиот доблесен живот. Кај него доаѓаа не само христијаните, туку и неверните Самарјани. Божествениот маж проѕорливо ги распознаваше и ги поучуваше во Светото Писмо, обраќајќи ги во христијанската вера.

Но исконскиот непријател на човечкиот род, ѓаволот, кој особено ги мрази оние што сесрдно му служат на Бога, се крена против него со своите замки. Сакајќи да го избрка од тие краишта, ѓаволот, како некогаш во Јуда, влезе во еден неверен Самарјанин кој живееше во градот Порфирион и го поттикна да размислува како да го протера Јакова. Самарјанинот насобра едномисленици на своето безбожие и со нив отиде во домот на нивниот поган свештеник. Заеднички се договорија како да го протераат Јаков од својот крај, и решија вака:

Повикаа една блудница, ѝ дадоа дваесет златници и уште толку ѝ ветија за да го наведе на грев Јаков отшелникот, та да имаат причина да го протераат како блудник. Најмената жена отиде доцна во ноќта кај свети Јаков и затропа на вратата, молејќи го да ѝ отвори. Блажениот не отвараше, па таа упорно тропаше и го преколнуваше да ѝ отвори. Најпосле светителот отвори и кога ја виде жената помисли дека е привидение, се прекрсти, и веднаш ја затвори вратата, се сврте на исток и сесрдно Му се помоли на Бога да го тргне од него ѓаволското привидение. Настапи полноќ, а жената не престануваше да тропа; а потоа силно повика:

- Смилувај се на мене слуго на живиот Бог, отвори за да не ме изедат ѕверовите.

Знаејќи дека има многу ѕверови наоколу, а и дека веќе е полноќ, преподобниот неволно ја отвори вратата и ја праша жената:

- Од каде дојде овде? Што бараш овде?

Жената одговори:

- Јас сум од женскиот манастир; игуманијата ме испрати во градот поради една работа, но на враќање ме затекна ноќта, па залутав и се најдов овде. Те молам, човеку Божји, смилувај се на мене и дозволи ми ноќта да ја минам кај тебе, па штом ќе осамне ќе си го продолжам патот.

Преподобен Јаков се сожали, ја пушти внатре, изнесе пред неа леб и вода, ја остави во предната ќелија, а тој се затвори во внатрешната. Жената касна од лебот и се одмори малку. Потоа, преправајќи се дека е болна, започна да плаче и да офка до вратата на преподобниот и го молеше да ѝ помогне. Светителот беше во недоумица што да прави, а таа му рече:

- Те молам, оче, осени ме со крстниот знак, зашто срцето силно ме боли.

Светиот влезе кај неа, запали оган, донесе свет елеј, ја стави левата рака во огнот, а со десната ѝ ги помаза градите на жената со елеј, правејќи крст и загревајќи ѝ го срцето, каде што таа се жалеше на болки. А таа, сакајќи да го наведе на грев, започна да зборува:

- Те молам, оче, нанеси ми уште елеј и со рацете твои загреј го срцето мое за да ми минат страшните болки. Простодушниот Јаков им веруваше на нејзините зборови и го правеше тоа, но плашејќи се да не си нанесе вечни маки, два-три часа ја држеше својата лева рака во огнот, јуначки трпејќи, така што прстите му изгореа и му паднаа во огнот. Блажениот го правеше тоа војувајќи со неподносливи болки против ѓаволското искушение, за да не му дојде некаква нечиста помисла. Кога виде дека раката на светителот цела изгорела, жената се потресе, веднаш стана, се фрли пред неговите нозе удирајќи се во градите, и низ солзи рече:

- Тешко мене, зашто станав живеалиште на ѓаволот.

Светителот многу се зачуди, и ѝ рече:

- Стани жено и објасни ми што значи тоа! Зошто дојде кај мене?

Жената едвај си дојде на себе и му раскажа сѐ, како безбожните Самарјани ја наговорија да го наведе на телесен грев праведниот човек.

Кога го слушна тоа, преподобниот длабоко воздивна и пролеа многу солзи, благодарејќи Му на Бога. Потоа ја поучи, ја благослови и ја испрати кај пресветиот епископ Александар. Кога дојде во црквата, жената Му ги исповедаше сите свои гревови на Бога, пред епископот. Епископот ја поучи и, гледајќи дека искрено се кае, ја просвети со свето крштение. Потоа ја испрати во женски манастир, па ги собра сите христијани и сиот клир, и ги протера од градот и од тој крај сите Самарјани. Потоа отиде кај блажениот Јаков и со татковски зборови го утврди во таквиот живот. А спомената грешница со помош на благодатта Божја, стана света, зашто Му угоди на Бога, и се удостои да добие власт над ѓаволите.

По извесно време ќерката на еден знаменит достоинственик, мачена од нечист дух, започна да го повикува по име свети Јаков. Родителите ја доведоа кај него молејќи го да се смилува на нејзината младост и да го истера нечистиот дух од неа. Светиот човек се помоли на Бога за неа и, ставајќи ја раката над неа, веднаш го истера ѓаволот и девојката оздраве. Родителите му заблагодарија на Бога и, сакајќи да му заблагодарат и на Божјиот човек, му испратија триста златници. Праведниот човек не само што не ги прими, туку не го ни погледна златото, говорејќи:

- Не доликува да се купуваат, ниту пак да се продаваат Божествените дарови. Зашто Светото Писмо вели: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте“ (Мт. 10, 8). Тоа треба да се раздаде на сиромашните. Мене не ми е потребно оти јас живеам во пустината“.

И така ги врати луѓето назад.

Едно момче, чии што нозе под дејство на ѓаволот беа раслабени, беше донесено кај свети Јаков за да се помоли на Бога за него. Преподобниот постеше и се молеше три дена, и го исцели раслабениот, го благослови, и го натера пеш да се врати во својот дом. И многу други болни од разни болести доаѓаа кај него, и светиот ги исцелуваше со своите молитви, и тие здрави се враќаа дома.

Гледајќи дека сите го почитуваат и плашејќи се да не му наштети славољубието, Божјиот човек го напушти тоа место и се насели подалеку, во една пештера покрај реката. Во неа проживеа триесет години, поминувајќи ги деновите и ноќите во молитви и солзи. Долго време се хранеше со тревата што растеше покрај реката. Потоа си направи мала бавча. Работејќи во неа секој ден по малку, тој се хранеше од нејзиниот род. Гласот за неговото житие се пронесе насекаде и заради духовна корист доаѓаа кај него монаси и клирици од триесетина манастири. Па не само духовни туку и световни луѓе доаѓаа кај него, и тој ги поучуваше, а тие се враќаа назад со голема духовна корист.

На таквиот маж, удостоен на таква благодат Божја му беше допуштено да падне со најстрашниот пад, и тоа, како што се мисли, поради тоа што се подаде на горда помисла. Започна високо да мисли за својата светост и богоугодниот живот свој, и се сметаше себе си за нешто големо. Но, ѓаволот влезе во една девојка, ќерка на еден богат човек. Мачејќи ја, тој преку нејзината уста го изговараше името Јаковово, И велеше: „Нема да излезам, додека не ме одведете кај Јаков пустиникот“. Тогаш, по долго барање, родителите го пронајдоа светиот отец, паднаа пред неговите нозе и го молеа да го извади нечистиот дух од нивната ќерка, зашто ниту јадела, ниту пиела, само викала, се кинела и го изговарала неговото име.

Светиот застана на молитва и така од срце Му се молеше на Бога, што местото на кое што стоеше се затресе. Откако ја заврши молитвата, дувна во девојката, велејќи му на нечистиот дух:

- Во името на нашиот Господ Исус Христос, излези од оваа девојка!

Веднаш побегна ѓаволот, а девојката падна на земјата и долго остана безгласна. Свети Јаков повторно Му се помоли на Бога, ја подигна девојката од земјата и им ја предаде на родителите. Сите што го видоа тоа чудо Го прославија Бога. Родителите се плашеа нечистиот дух повторно да не влезе во неа, па го замолија светителот таа да остане кај него уште три дена, додека потполно не оздрави. Девојката остана кај старецот, а родителите отпатуваа.

Како што рековме на почетокот, заради корист на многумина и заради внимание на оние што на земјата водат небесен живот, не треба да се опишува животот на совршените луѓе само со нивните добри дела, туку да се кажуваат и искушенијата што им се случуваат од ѓаволот, па со допуштање Божјо, тие паѓаат и повторно стануваат.

Штом девојката остана кај отшелникот, ѓаволот ја искористи ваквата прилика. Гледајќи го сам со девојката во пусто место, тој покрена во него нечисти мисли и телесна желба и, оној, кого не успеа да го улови блудницата испратена од Самарјаните, оној, кој својата рака во огнот ја изгоре за да ја сочува целомудреноста и чистотата, оној, кој чудеса чинеше, ѓаволи изгонуваше, - страшно распален од блудна страст, заборави на стравот Божји, ги заборави многуте свои многугодишни подвижнички трудови, заборави на дарот на исцелување добиен од Бога, и онака стар, победен од ѓаволот - падна. Легна со девојката, ја упропасти и својата и нејзината девственост, ги оскверни и душата и телото свое, и ги уништи сите свои претходни подвижнички трудови. Но, не му беше доволно што го изврши овој еден тежок грев, туку направи уште потежок.

ѓаволот му уфрли во мислите плашлива помисла, па тој започна да си мисли во себе: „Девојката ќе им каже на родителите дека ја упропастив. Тоа ќе биде страшен и неподнослив срам за мене. Заради неа ќе се најдам во голема опасност.

И тој, поттикнат од ѓаволот, стана, ја уби невината девојка, мислејќи дека на тој начин ќе го сокрие од луѓето својот прв грев и ќе се спаси од срамот. Но, не застана тука, туку се впушти во уште еден грев: телото на девојката, кое што го оскверни со својата нечистотија и немилосрдно го уби со својата рака, не го погреба како што е ред, туку, без никакво сожалување, го фрли во реката.

Таков е плодот на гордото мислење за себе. Ако тој, да не мислеше за себе дека е свет и велик, не би паднал со толку страшни падови, ниту пак ѓаволот би можел да му се потсмее во староста негова, нему, кој во младоста го исмеваше и го газеше врагот.

По таквите тешки гревови, ѓаволот започна да го влече кон последната бездна на гибелта, во најтешкиот грев од сите гревови: во Каиновото и Јудиното очајание. И седејќи во ќелијата, старецот не знаеше што да прави. Само совеста силно го измачуваше и веќе не смееше ни устата своја да ја отвори за молитва, ниту пак умот да го крене кон Бога. Потоа одлучи да побегне оттаму во некоја друга далечна, предалечна земја; да го отфрли монаштвото, да се врати во светот и во староста своја да му служи на светот и на ѓаволот. Излезе од пештерата и тргна по патот замислен, и речиси трчаше, гонет од очајанието како од морска бура. Но, преголемата и неизмерна човекољубивост Христова, што не можат да ја надвладеат гревовите на целиот свет, која сака сите луѓе да се спасат и никој да не загине, - не го презре и овој паднат старец, туку со својата неискажана промисла направи тој да стане од својот пад, и да се поправи. Додека одеше по патот, наиде на еден манастир и сврати во него. Се поздрави со игуменот и браќата и тие му ги измија нозете и му дадоа леб да се поткрепи. Но, тој не сакаше ниту да слушне за храна, туку само тешко воздивнуваше. На браќата кои му понудија леб, им рече:

- Тешко мене, бедниот! Како да ги подигнам очите кон небото? Како ќе се осмелам да го изговорам Името Христово, кое Го посрамив? Како смеам јас, блудникот и убиец, да се допрам до неговите добра?

И исповедаше пред сите сѐ што се случи.

Кога го слушнаа тоа, игуменот и браќата се збунија. Го сожалуваа и го тешеа да не очајува, туку со покајание да ги искупи сторените гревови. Многу го молеа да остане кај нив, но тој не ги послуша и тргна понатаму. По долго патување низ пустината, по промисла Божја, го сретна еден боговдахновен брат и откако го поздрави, тој едвај го измоли да сврати кај него. Старецот Јаков влезе во ќелијата и по долгите молби од братот касна заедно со него малку од предложената храна, па станаа двајцата, Му заблагодарија на Бога и повторно седнаа. Тогаш братот пустиножител му рече на старецот:

- Оче, кажи ми што е корисно за душата; поучи ме мене, твојот син во Христа, и утврди го срцето мое, зашто во мене има најразлични помисли што многу ме вознемируваат.

Тогаш Јаков започна да липа, и плачеше неутешно, удирајќи се во градите, па рече:

- Остави ме, брате, да ги оплакувам своите тешки гревови со коишто го разгневив Бога. Сега, во мојата старост, бев заплеткан од ѓаволот како младо момче и паднав, та целосно пропаднав. Страстите коишто во младоста своја ги победив, сега во староста ме победија; се извалкав во калта на блудот, па се дрзнав и потешки зла од него сторив.

Кога го слушна тоа, братот многу се натажи и го молеше старецот да му го раскаже целото ѓаволско искушение. Тој го молеше од две причини: прво, исповедувајќи ги своите гревови старецот да се побуди на покајание; и второ, самиот тој, слушајќи за падот на старецот да биде повнимателен и да се чува себе си од таквите падови. Јаков започна да му раскажува вака:

Преку педесет години му служев на Бога во подвижништво и пустински живот, јуначки се борев со страстите од што имам и траги по телото. Раката своја ја изгорев во оган заради чистотата; и јас, недостојниот, се удостоив на голема благодат од благиот Бог и многу чудеса направи Бог преку мене, беззаконикот. Најпосле, сатаната влезе во една девојка. Родителите слушнале за благодатта Христова што е во мене, и ја доведоа кај мене да се помолам за неа. И со помош Божја го истерав ѓаволот од неа. Тие ме замолија таа да остане кај мене уште три дена додека потполно да оздрави и ја оставија, а тие заминаа. А во мене пламна телесна желба. Во тој час со заслепен ум, не сеќавајќи се на Бога, јас ја упропастив девојката, но не ми беше доволен тој грев, туку поттикнат од ѓаволот направив и друг, потежок од првиот: ја убив девојката и нејзиното тело го фрлив во реката. Губејќи ја надежта за спасение, јас го напуштив своето живеалиште и сега одам во светот. А што друго би правел? Како да ги кренам очите кон небото? Ако се дрзнам да го повикам името Христово, веднаш ќе падне оган од небото и ќе ме изгори.

Старецот го исповедаше тоа со многу солзи и липање. Братот беше многу трогнат, па го прегрна старецот и му рече:

- Те молам, оче, не малаксувај со душата, и не очајувај за своето спасение, туку верувај дека покајанието наоѓа место во Бога и исповедај Му ги твоите гревови, зашто Он е многумилостив и Неговото милосрдие е неискажано. Кога би немало место за покајание во Бога, како тогаш Давид, кој по примањето на пророчкиот дар паднал во бездната на прељубата и убиството, добил простување на толкуте гревови свои? Кога би немало место за покајанието, како тогаш свети апостол Петар, кому Господ му ги врачи клучевите од царството небесно, и покрај трикратното негово одрекување од нашиот Господ Исус Христос за време на неговото доброволно страдање, по горкото плачење, не само што доби простување, туку се удостои на голема чест, зашто беше поставен за пастир на разумните овци Христови. Значи, ајде да се покаеме додека сеуште имаме време.

Утврдувајќи ја душата на Јаков со таквите зборови, оној брат го молеше да остане да живее кај него, но тој не сакаше. Тогаш братот падна пред нозете на старецот и целивајќи ги, го молеше да не заминува од него, зашто се плашеше старецот да не падне во очајание и да ја погуби својата душа. Но, не можејќи да го умоли, многу плачеше и тагуваше, и сесрдно се помоли на Бога за него, па го отпушти со малку храна за по пат. Го испрати, советувајќи го на покајание, го прегрна и, целивајќи го со солзи се врати во својата ќелија.

Откако измина поголем дел од патот што води во светот, Јаков скршна малку од патот, најде еден стар гроб направен во вид на пештера во кој имаше многу коски, од кои од долгото време некои се беа претвориле во прав, влезе во гробот, ги собра коските и правот од нив, се смести во еден агол и се затвори таму. Падна на колена и со плач и лелек, удирајќи се во градите, Му се исповедаше на Бога, говорејќи:

- Како да погледнам кон Тебе, Боже? Како да ја започнам својата исповед? Како да започнам молитва со својата нечиста уста? И за кој грев најпрвин да молам за прошка? За блудот или за убиството? Дај ми простување на тешките гревови мои, себлаг Господи! Биди милостив кон мене недостојниот, семилостив Боже! Не погубувај ме со моите нечисти дела! Моите беззаконија не се мали: блуд направив, убиство извршив, невина крв пролив, па дури и телото во вода го фрлив, животните и рибите да го изедат. И сега, Господи, Тебе сезнајниот Ти се исповедам, молејќи за прошка, Не презирај ме, Господи, туку според неискажаното човекољубие Свое, помилуј ме мене безбожниот и нечист. Покажи ја на мене преголемата благост Своја и избриши ги сите мои беззаконија, за да не ме потопи врагот во бездната на гревот.

Блажениот Јаков помина десет години во такво исповедање и покајание на своите гревови, погребувајќи го својот живот во гроб. И беше жив мртовец живеејќи со мртвите коски, и со никој жив не општеше. Кога ќе се случеше да наиде некој, тој не разговараше со никого, ниту пак одговараше на прашањата. Во затворениот гроб, тој ја отвораше устата само за молитва кон Бога и за исповедање на гревовите Свои. Се хранеше со зелјето кое растеше околу гробот, колку да не умре од глад. Тие десет години тој ги помина во непрестајни солзи, воздишки и молитви, дење и ноќе липајќи и повикувајќи кон Бога, исповедајќи се и немилосрдно удирајќи се во градите.

Миогумилостивиот Господ, кој не ја сака смртта на грешникот туку да се покае и да биде жив, не го презре ваквото негово покајание. Го услиша неговото лелекање и исповед, му ги прости гревовите и повторно му даруваше благодат на чудотворство. Првото негово чудо по покајанието се случи вака:

Во тој крај настанала голема суша, и сите постеле и се молеле на Бога, но дожд немало. Тогаш на епископот на тој град во откровение му било речено: „Во вашиот крај има еден свет отец кој живее во гроб; ако тој се помоли на Бога за вас, злото ќе престане и плодоносен дожд ќе падне“.

Утредента епископот го повика целото свештенство и народот, им рече што му беше откриено од Бога, па со литија и пеење побожни песни отидоа кај гробот. Епископот затропа на вратата, и со целиот народ го молеше угодникот Божји да се смилува на нивниот крај и да се помоли на Бога. Но, тој молчеше во гробот, и само се удираше во градите, говорејќи во себе: „Биди милостив Христе за многуте страшни беззаконија мои“. Епископот долго тропаше и сесрдно го молеше но, бидејќи не доби одговор се врати во црквата и повторно со солзи држеше молебен. Но, сушата беше сѐ посилна, а луѓето го удвоија својот пост и молитва. И повторно епископот имаше откровение со зборовите: „Оди кај мојот слуга Јаков, за кого ти открив минатиот пат. Ако тој се помоли за вас, веднаш ќе се избавите од злото“.

И епископот со целокупното свештенство и народот повторно отиде кај оној гроб, со многу сесрдни молби слугата Божји да изврши молитва за нив. Но, тој молчеше. Тогаш епископот ја отвори вратичката и го изведе светителот од гробот. Против своја волја, блажениот Јаков ги крена рацете и очите кон небото, и долго се молеше за тие луѓе. И додека сеуште се молеше, падна силен дожд и ветрот престана. Така, всушност, се исполни она што го пишува во пророштвото: „Тогаш ти ќе повикаш - и Господ ќе те чуе, ќе извикаш - Он ќе рече: „Еве ме“. Кога ќе го отстраниш од себе јаремот, кога ќе престанеш да креваш прст и да говориш лошо...“ (Ис. 58, 9).

Народот заедно со епископот се восхитуваше и радуваше на ова преславно чудо и Му благодареше на Бога. Од тој ден, свети Јаков беше многу почитуван кај нив. А денот во кој свети Јаков со своите молитви ги избави од злото и тие добија милост Божја, одредија да го празнуваат секоја година.

Ова чудо беше доказ, дека Бог го примил покајанието на свети Јаков и му ги простил гревовите. Оттогаш започна да прави многу чудеса со благодатта Христова. Кај него доаѓаа многу болни од тој крај и сите добиваа исцеленија. Светиот истеруваше ѓаволи само со својот збор и за кратко време по покајанието изврши поголеми чудеса од поранешните. Во истата година кога измоли дожд од Бога, тој се приближи кон својот овоземен крај. Затоа го повика епископот и го заветуваше по смртта да го погребаат во истиот тој гроб.

По неколку дена се упокои во Господа. Неговата света душа се насели во дворовите Господови со светиите, кои со покајание Му угодиле на Бога. На сите страни се разнесе гласот за неговото претставување. Огромна маса на луѓе, со свеќи, кадилници и мириси, се слеа кај неговиот гроб. Дојде и епископот со целокупното свештенство. Откако го отпеаја и со скапоцени мириси го помазаа неговото свето тело, епископот го погреба во истиот гроб како што му вети пред неговиот крај.

По кратко време епископот подигна црква во име на свети Јаков во близина на оној гроб и неговите чесни мошти ги пренесе во неа. Беше востановено секоја година да се празнува светиот спомен на угодникот Божји, преподобен Јаков, а во слава на Христа Бога, со Отецот и Светиот Дух славен во вечни векови, амин.

Свети Јаков поживеа седумдесет и пет години, во шестиот век.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ГРИГОРИЈ,

архиепископот Кипарски

Бил епископ на градот Констанциј, на островот Кипар. Се упокоил во мир.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ГРИГОРИЈ,

епископот во Асос кај Ефес

Свети Григориј беше по потекло од островот Митилина (Лезвос), од селото Акорна. Неговите родители Георгиј и Марија беа побожни луѓе, полни со доблести. Бидејќи немаа деца, тие со молитви го измолија од Господа малиот Георгиј и многу грижливо го одгледаа, поучувајќи го во Светото Писмо.

Во тоа време стигна заповед од царот: Од островот Митилина во престолнината да се испраќаат деца како заложници, да поминат таму три години, па повторно да бидат вратени кај родителите, а на нивно место да заминат други деца. Така во својата четиринаесетта година беше испратен и блажениот Георгиј. Во тоа време цар беше Мануел Комнен. Живеејќи во Цариград, момчето не се занимаваше со суетни работи, ниту игри, ниту пак со телесни угодувања. Напротив, тоа се подвизуваше и го измачуваше своето тело со пост и строги подвизи, истовремено изучувајќи и духовни науки. Како бистро момче, тој стекна многу знаења од многу науки. Учител му беше светиот старец Агатон. Покрај сите доблести, Георгиј беше особено милосрден. Со сиромашните ја делеше и својата сопствена неделна храна, оставајќи за себе колку да преживее.

Кога дојде време децата заложници да се вратат во своите домови, блажениот Георгиј реши да тргне по тесниот пат на монаштвото и поради тоа се одрече од татковината, родителите, светот и телесните желби, и заедно со својот учител Агатон отпатува на Исток, во манастир изграден од овој преподобен Агатон.

Како послушник во тој манастир, Георгиј помина три години како искушеник на еден рид во близина на манастирот. Потоа во него се јави желба да оди во Ерусалим, да се поклони на тамошните свети места и да ги види тамошните духовни подвижници за подобро да се поучи. Старец Агатон се согласи со него и му даде благослов.

Кога пристигна во Светиот Град, Георгиј најпрвин се поклони на животворниот гроб Господов, а потоа отиде во Јорданската Пустина. Таму најде многу подвижници од чии што подвизи беше восхитен. Гледајќи ги како натчовечки се подвизуваат, тој се уплаши и помислуваше воопшто да не се оддава на такво живеење, Тој свој страв и мисли му ги искажа на еден доблесен и искусен подвижник, и тој веднаш му помогна да ги оттргне од своето срце. Предавајќи се себе си на Господа, блажениот Георгиј остана кај тој старец како послушник и наскоро доби монашка схима и ново име, Григориј.

Оттогаш живееше во пустината и се хранеше само со билки, поминувајќи петнаесет години во најразличи искушенија и напади од лукавите и одвратни демони. Облечен во силата на верата, молитвите и солзите, и со помош на благодатта, преподобниот Григориј ги совлада демонските напади, па се сети на својот старец Агатон и одлучи да се врати назад кај него. Кога се врати, се насели во својата прва ќелија на ридот крај манастирот, и тука ги продолжи своите натчовечки подвизи. Кај него доаѓаа многу монаси и мирјани да се насладуваат на неговите душекорисни поуки.

Во тоа време во епископијата Асос, клириците и монасите бараа од Вселенскиот патријарх и од Синодот да им назначи достоен епископ. Тогаш во Цариград се затекна и ава Агатон, кој го познаваше патријархот. Тој на Патријархот и на Светиот Синод им го раскажа животот на блажениот Григориј и тие со писмо го повикаа во Цариград. Не знаејќи зошто го бараат, Григориј дојде во престолнината и против своја волја беше ракоположен за епископ Асоски во Ефеската митрополија.

Штом го прими врз себе архипастирското бреме, блажениот Григориј ги удвои своите подвизи. Но, покрај личните, тој имаше и пастирски подвизи, богослужение и проповедање на словото Божјо. Целото свое внимание го сврте кон тоа, како да ги приближи душите до исполнување на Божјите заповеди и како да ги принесе кај Бога како чисти и беспрекорни жртви. Притоа мораше да биде и строг и благ.

Напредувајќи така во своето раководење на стадото Христово, тој повторно не остана мирен од лукавиот ѓавол, кој поттикна некои клирици од неговата епископија да го наклеветат кај Патријархот и Синодот, но Бог не дозволи да им се поверува на таквите клевети. Но, откако добија прошка за својот прв грев, истите тие клирици повторно започнаа да го клеветат кај Патријархот и Синодот. Тогаш блажениот Григориј ја напушти епископијата заедно со својот ученик Лав и со чамец премина на островот Тенедос во Егејското Море. Се насели во еден тамошен манастир и својот ученик Лав го пострижа во монашка схима, и му го даде името Леонтиј. Потоа премина на островот Митилина каде го посети своето село и својата мајка, па заедно со Леонтиј отиде на гората викана Пријант. Тука сакаше да подигне манастир, но најпрвин претрпе многу искушенија од демоните и од околните луѓе. Потоа доби од Бога благодатна помош и дар на чудотворство, па ги обрати околните луѓе и подигна прекрасна црква посветена на Пресвета Богородица. Околу црквата изгради ќелии и тоа место се претвори во манастир. Откако слушнаа за неговата светост и подвизи, многу монаси дојдоа во неговиот манастир.

Блажениот Григориј поживеа уште некое време, направи многу чудеса, па се претстави во мир и отиде кај Господа. Од неговиот гроб потече извор на жива и лековита вода во слава Божја, и за спасение на многумина.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ КОДРАТ, АКАКИЈ И СТРАТОНИК

Биле џелати, обратени во верата Христова при страдањето и мачеништвото на светите маченици Павле и Јулијана. Заради тоа биле погубени со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦИ ЈОАСАФ И ВАСИЛИЈ

Преподобниот Јоасаф бил игумен на Псковско - Светогорски манастир. Бил убиен од лифландските Германци во 1299 година заедно со уште 17 монаси. Во исто време бил убиен и преподобниот Василиј, игумен на Спасомирожскиот Псковски манастир. Нивните свети мошти почиваат во нивните обители.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ БЛАГОВЕРЕН ДАНИИЛ,

кнезот Московски

Московскиот кнез Даниил е син на светиот Александар Невски; роден е во 1261 година. Се одликувал со побожност кроткост и мирољубивост. На брегот на реката Москва подигнал црква со манастир на свети Даниил Столпник; во неа го примил монаштвото пред својата смрт; се претставил во 1303 година. А пак во 1652 година, неговите мошти се пронајдени нетлени и почиваат во неговата обител.

СПОМЕН НА БЛАЖЕНИОТ КНЕЗ ВАСИЛИЈ

На 4 март во 1238 година, од страна на Татарите бил убиен блажениот кнез Ростовски, Василиј Константинович.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ГЕРАСИМ ВОЛОГОДСКИ

Преподобен Герасим е роден во Киев. Подигнал манастир на брегот на реката Волга со храм на Пресвета Троица. Се подвизувал строго во светите монашки подвизи; од Господа добил дар на чудотворство. Се упокоил во 1178 година. Неговите свети мошти почиваат во храмот „Пресвета Троица“.