18.  Март  (5. Март)

 

ЖИТИЕ И СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КОНОН ИСАВРИСКИ

Почетокот на светата вера во нашиот Господ Исус Христос, престолнината на Исавриската покраина, Исаврија, го прими од свети апостол Павле, кој таму го проповедаше Бога.

Во тоа време на апостолска проповед, имаше еден човек по име Нестор, кој живееше во едно село викано Биданија. Тој имаше жена по име Нада; со неа доби син - светиот Конон, за кого овде станува збор. Кога Конон порасна, родителите го оженија со една девојка, по име Ана. Но, пред свадбата нему му се јави Архистратигот Михаил во облик на пресветол човек, го поучи во светата вера, го одведе кај реката, го крсти во името на Пресвета Троица, го причести со Божествените Тајни, го осени со крстниот знак и стана невидлив.

Дојде и денот на свадбата. Кога останаа сами во својата соба, Конон стави една запалена свеќа под еден сад и ја праша својата невеста:

- Што е подобро: светлината или темнината?

Таа одговори:

- Светлината е подобра.

Тогаш свети Конон започна да ѝ зборува за верата во Христа, за вистинскиот Бог, и за чувањето на девственоста и чистиот живот.

- Тоа е незалезна светлина, - велеше тој, - а незнабожечката безбожна вера е темнина.

Невестата се согласи со својот свршеник, поверува во Христа и вети дека ќе го чува своето девство. И живееја тие како брат и сестра во чиста девственост, горејќи од љубов кон Бога и служејќи му на Господа.

Потоа блажениот Конон ги посоветува своите родители да се одречат од идолите и ги приведе кон Христа. Тој ги крсти и родителите и невестата своја. Поучувани и водени од светиот Конон, тие живееја богоугоден живот. А неговиот татко, блажениот Нестор, се удостои на маченички венец. Тој беше убиен од идолопоклониците затоа што ги изобличуваше нивните заблуди. По некое време, неговата мајка, блажената Нада, се пресели кај Господа, а по неа и неговата блажена невеста, девицата Ана, отиде во вечните дворови на небесниот Женик Христос. Свети Конон ги погреба во еден гроб, и живееше сам во Бога, предавајќи се на богомислие. Го умртвуваше своето тело, постеше и стоеше на сеноќна молитва. Дури во неговата старост се покажа благодатта на Светиот Дух која беше во него.

Во тој крај, во дивите и непроодни гори имало една страшна и мрачна пештера. Во неа имало идолиште и демонско живеалиште. Таму стоел голем камен идол на поганиот бог Аполон, кој бил особено почитуван во тој крај. Исавријаните имале обичај секоја година на одвратниот празник на Аполон да се собираат таму, да принесуваат жртви и да празнуваат. Една година, кога целиот град се подготвувал да тргне кон тоа место, воден од Светиот Дух, свети Конон дојде во градот. Кога го виде многубројниот народ, едни вооружени и качени на коњи, а други пешки, спремни како за војна, им се обрати со силен глас:

- Луѓе Исавријани, застанете малку, имам нешто да ви кажам. Зошто така војнички сте подготвени? Зарем некој завојувал со вас и ве повикува на мегдан?

А тие му одговорија:

- Не, туку одиме кај богот Аполон да му принесеме жртви и празникот негов да го прославиме.

Светителот ги праша:

- Акој е тој Аполон? Сакам да ми кажете.

Тие му одговорија:

- Тој е наш промислител; тој ни ги дава сите добра и нѐ крепи во војните.

Светителот со потсмев ги праша:

- Сте го слушнале ли некогаш гласот на вашиот бог или некој збор од него?

Тие одговорија:

- Не сме, но нашите татковци ни оставиле обичај да веруваме во него.

На тоа свети Конон рече:

- Татковците ваши, не знаејќи го вистинскиот Бог, беа во заблуда. Да го знаеја вистинскиот Бог немаше толкава ревност да покажуваат кон глув, нем и непотребен идол. Дозволете ми, и јас ќе ви покажам кого почитувате вие и кој е, всушност, вашиот бог. Со мастило ќе го премачкам, и нема да се измие. Со чекан ќе го сокршам, и нема да се врати во својот првобитен облик. Храна ќе му пружам, но нема да посегне да јаде. До кога ќе бидете слепи и нема да го увидувате тоа? Послушајте ме, зашто и јас сум од вашето племе, но мене ми се туѓи делата ваши. Оставете го идолопоклонството и јас ќе ве научам кој Бог да го почитувате, и да Му се поклонувате на Оној Којшто е на небесата. Он е невидлив Бог, севидлив Творец на небото и земјата и сѐ што е во нив. Он е моќен и силен Цар, Кој ги спасува слугите Свои и ги погубува оние што им се поклонуваат на идолите и им принесуваат жртви на демоните. Он не бара крвни жртви, туку сака да го знаат оние што Му приоѓаат без лукавство и да веруваат во Него, знаејќи дека Он е вистински Бог, Отец на Единородниот Син Свој, нашиот Господ Исус Христос, Кој не се одвојува од Отецот, со Кој и вековите ги створи, на чиј живот и царство е заедничар Духот Свет, Кој од Отецот исходи. Овие пак три лица на Божеството се еден Бог. Он е оган Кој ги гори идолослужителите. Ги сака оние кои Него го сакаат и ги прославува оние кои го прославуваат. Неизмерно е милосрден спрема сите кои веруваат во Него и вистински го призиваат.

Додека светителот го зборуваше тоа, народот се вознемири и настана голем метеж. Едни полетаа кон него да го убијат, а други ги попречуваа, сакајќи што повеќе да слушнат од него. Откако народот едвај се смири, го запрашаа светителот:

- Како ќе нѐ убедиш дека постои поголем Бог од нашиот Аполон, кој најмногу го почитуваме? Покажи ни некој знак за да поверуваме во твојот Бог. Гледајќи дека бараат знак, свети Конон ја положи целата своја надеж во Бога, и им рече:

Ајде да појдеме кај Аполоновата пештера на местото на вашиот собор. Вие одете напред, а јас како стар ќе одам по вас. Кој прв ќе стигне, неговиот Бог е вистински и велик, и во него треба да се верува. Ако вие како помлади и на коњи качени, стигнете први, тогаш вашиот Аполон е велик; ако пак, јас, иако стар и без коњ стигнам пред вас, тогаш мојот Бог е поголем од вашиот, и вие ќе бидете должни да верувате во Него.

Сите се согласија и си зборуваа меѓу себе: „Овој старец не ќе може да стигне таму за четири дена по тешкиот и непрооден пат“. И сите тргнаа со брзање, а свети Конон одеше по нив, итајќи со мака. Потоа Му се помоли на Бога и пред него застана светиот Архистратиг Михаил, го зеде, и за миг го пренесе на одреденото место. А оние што брзаа, патуваа цел ден и цела ноќ и кога на изгрејсонце стигнаа, свети Конон им излезе во пресрет. Сите се запрепастија кога го видоа. А тој започна да ги прекорува, велејќи:

- Зошто толку бавно одите? Мене ми здосади да ве чекам, па затоа излегов да ве пречекам.

А тие, мртви уморни, му раскажаа на светителот што се им се случило и го молеа да ги води до Аполоновото место. Кога стигнаа, тој им рече:

- Сега треба да признаете дека мојот Бог е голем, и да поверувате во Него.

А тие му одговорија:

- Не, немој да го обвинуваш нашиот бог што задоцнивме. Ние сме виновни што залутавме од патот. Затоа задоцнивме.

Тие не го одржаа дадениот збор, па светителот ги праша:

- Штом не Му верувате на мојот Бог, тогаш исполнете го тоа што ќе ви го рече вашиот бог.

- Добро, - рекоа тие - само да слушнеме што вели и сѐ ќе исполниме, зашто цврсто веруваме во него.

И повторно се договорија со светителот. Светиот застана пред пештерата и со висок глас го повика идолот:

- Тебе ти зборувам: ти наредувам во името на мојот Господ Исус Христос, излези од идолиштето и дојди кај мене.

И веднаш идолот стана како жив, затрепери и падна од своето место, тркалајќи се по земјата кон светителот. Кога дојде до него стана и застана пред него. Народот се преплаши и сите се развикаа и разбегаа. Тогаш светителот се обиде да ги смири и им велеше да не се плашат. Кога сите се смирија, му се обрати на идолот:

- Кажи ни, бездушен идолу, кој е вистински бог: ти или мојот Господ Исус Христос, Кого јас Го проповедам? Идолот со трепет ги крена своите камени раце кон небото и со многу силен човечки глас изговори: - Единствен Бог е Господ Христос, Кого ти Го проповедаш. Откако го рече тоа, падна и се сокрши.

Кога се случи ова чудо, целиот народ со еден глас повика:

- Еден е вистинскиот Бог!

И многу народ поверува во Христа Бога, па откако ги искршија идолите, примија свето крштение. А пак закоравените во своето неверие, многу тагуваа поради пропаста на Аполоновиот идол. Но, подоцна постепено се убедуваа, гледајќи ги чудесата што ги правеше светиот Конон.

На другата страна од Исавриската покраина, во едно пусто место имаше една пештера. Во неа живееше еден гаден демон кој ги напаѓаше минувачите и стоката како убиец и разбојник, и ги убиваше. Граѓаните му принесуваа многу жртви, молејќи го да не им прави такви пакости и убиства. Но, од тоа имаа само поголема штета. Затоа се собраа и христијаните и неверниците, и го молеа свети Конон да го истера демонот од нивниот крај.

Светителот отиде таму придружуван од народот, застана пред пештерата, и со името Христово му се закани на нечистиот дух и му нареди на видлив начин да излезе од пештерата, за да го види народот. Тој одвнатре го молеше светителот да не му наредува да излезе, за луѓето да не ја видат неговата одвратна појава. Но, светителот строго му нареди и тој излезе во женски облик, како одвратна баба, треперејќи и тресејќи се. И светителот му забрани да прави пакости и го испрати во пеколот. Демонот веднаш стана невидлив, а народот викаше:

- Голем е Богот Којшто Го исповеда Конон! И тогаш многумина од незнабошците поверуваа во Христа.

По тоа свети Конон живееше во своето село Виданија, во својот дом и правеше чуда, исцелувајќи ги болните и истерувајќи ги демоните над кои Бог му беше дал власт.

Се случи еден од највидните граѓани на Исаврија да биде ограбен. Крадци му однеле многу злато. Поради тоа беа клеветени и мачени многу невини луѓе, но украденото злато не можеше да се пронајде. Тој човек заедно со роднините на оние што невино страдаа, дојдоа кај свети Конон и го молеа да се помоли на Бога да се пронајде златото. Светителот се сожали над невините страдалници, отиде во градот, ги крена рацете кон небото и се молеше на Бога сѐ додека не му беше откриено каде се наоѓа украденото злато. Тогаш поведе со себе многу луѓе, отиде далеку во пустината и застана до еден камен, што му беше покажан од Архистратигот Михаил. Под тој камен беше сокриено златото. Светителот им нареди на луѓето да го земат златото и да го однесат во градот. Кога го виде тоа, народот многу се восхитуваше и Го славеше Бога. А ограбениот човек сакаше да дознае кој го украл златото и го праша светителот, но тој му одговори:

- Земи го своето и биди задоволен зашто твоето ти се врати без штета, а уапсените веднаш ослободи ги.

Гласот за тоа се пронесе по целиот крај и многумина се обраќаа кон Бога и од ден во ден растеше и се множеше Црквата Христова.

Додека свети Конон живееше испоснички, во својот дом зогледа цел полк на демони дојдени против него. Сите демони што беа истерани од луѓето и од идолиштата се беа собрале и беа дошле да му наштетат. Кога ги виде, светителот ги врза со името Христово, им нареди да не им прават зло на луѓето и ги испрати на разни страни; едни да копаат по бавчите, други да ораат ниви, трети да сечат дрва, четврти да пасат добиток... И служеа демоните робовски, заробени од свети Конон додека му беше волја, ревносно извршувајќи ја секоја работа што им ја одредуваше, зашто беа врзани со нераскинливите узди на силата Божја, а поробени и потчинети под нозете на Божјиот угодник.

Една ноќ, разбојници го нападнаа светителот, мислејќи дека кај него ќе најдат богатство, зашто беше познат по целиот крај. Тие го врзаа и започнаа да го мачат за да го каже своето богатство. Но, штом започнаа да го мачат, по Божја наредба дојдоа демоните што му служеа на светителот и безмилосно ги претепаа разбојниците и ги оставија едвај живи. Тогаш светителот се помоли за нив, и тие си дојдоа на себе. Тој ги поучи повеќе да не прават разбојништва и ги отпушти со мир.

Демоните го чуваа светителот заедно со неговиот углед, зашто Бог така сакаше. Ако некој од Исавријаните незнабошци се дрзнел да го исмее името на свети Конон, веднаш на невидлив начин бил тепан од демоните. Неговото име беше чесно и страшно за сите. Двајца идолопоклоници започнаа погрдно да зборуваат за него, па веднаш беа нападнати од демоните и, тие, влечејќи ги за косите, ги довлечкаа до светителот и ги фрлија пред неговите нозе. И растеше стравот кај сите незнабошци така што не смееја да му помислат никакво зло.

Еден човек кој крадел од нивите на свети Конон, го фатиле овие невидливи стражари и со ќотек го одвеле кај светителот заедно со неговото магаре, натоварено со полна вреќа род. Светителот го посоветува човекот да не краде и го пушти да си оди.

Додека работела на нивата собирајќи класје по жетварите, една сирота вдовица го оставила своето мало дете на земјата. Наишол волк од шумата и го однел детето. Сите потрчале по него, но не успеале да му го земат од челуста. Тогаш жената отрчала кај чудотворецот Конон паднала пред неговите нозе и го молела да ѝ помогне. Тој им наредил на своите невидливи слуги и тие за миг го фатиле волкот со детето во челуста и го донеле пред светителот. Светителот ѝ го дал на мајката детето живо и здраво и го испратил волкот во шумата.

Други демони започнаа да ги напаѓаат луѓето во тој крај со разни болести, а особено со сипаници. Кога го виде нивното непријателство, светителот Му се помоли на Бога и Бог му даде власт над нив. Тогаш тој ги фати сите и ги протера на пусти места.

Во тоа време настана гонењето на христијаните, и со царска наредба во Исаврија дојде еден војвода, по име Магдон. Тој најпрвин го фати свети Онисиј и го уби со страшни маки. Потоа го фати и свети Конон и го подложуваше на многу ужасни маки за да им принесе жртви на идолите. Кога слушнаа Исавријаните дека војводата го мачи свети Конон, се собраа и вооружени побрзаа кон селото Усорово за да го убијат војводата. Кога дозна за тоа, тој заедно со своите слуги побегна од тие краеви. Исавријаните го одврзаа светителот и, плачејќи над него му ги исчистија раните и со љубов го негуваа. А светиот маченик тагуваше што не му дозволија да пострада, зашто сакаше во маки да умре за својот Христос. Потоа го одведоа во неговиот родителски дом во Виданија, и се грижеа за него.

Две години подоцна, свети Конон Му се претстави на Бога. Се собра целата Исавријска покраина и горко плачеше по него. Го погребаа кај неговите блажени родители и светата невеста негова. По неговото претставување, Исавријаните решија да го претворат во црква неговиот родителски дом. Проширувајќи го домот, тие започнаа да копаат темел и во земјата ги најдоа оние гореспоменати триесет глинени садови, во кои што свети Конон ги затвори демоните. Не знаејќи што има во нив, луѓето се израдуваа мислејќи дека има сокриено злато, и брзо скршија еден од нив. И веднаш демоните излегоа од него во Вид на смрдлив чад, стварајќи страшен виор. Луѓето се преплашија и побегнаа. А пак демоните, летајќи кренаа голема врева, довикувајќи се еден со друг по име. Голем страв завладеа во селото и по заоѓањето на сонцето никој не смееше да се затекне надвор од својата куќа, зашто многу демони се јавуваа и ги плашеа. Тоа беше допуштено од Бога како казна на лакомите луѓе, кои помислија дека во садот има злато, и затоа го скршија. Потоа, по молитвите на свети Конон, тие демонски привиденија и страшила беа протерани, а останатите дваесет и девет садови со демоните во себе останаа и до денес во земјата, под темелот на црквата на свети Конон, чии свети молитви нека и нас нѐ чуваат насекаде неповредени од демоните, за да го славиме Отецот и Синот и Светиот Дух, еден во Троица Бога, во вечни векови. Амин.

Овој прекрасен светител поживеа и пострада во вториот век.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ОНИСИЈ

Светиот маченик Онисиј е современик на светиот маченик Конон Исавриски, но пострадал пред свети Конон.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КОНОН ГРАДИНАРОТ

Овој свети Конон живееше во времето на царот Декиј (249-251г.). Родум беше од градот Назарет. Тој го напушти својот роден крај и отиде во памфилискиот град Мандрон и во местото викано Кармила си уреди една бавча, која ја засадуваше со разноврсен зеленчук и се прехрануваше од неа. Беше толку добар, невин и едноставен, што од срце и душа ги беше отпоздравил војниците кои дошле да го фатат.

Кога војниците му соопштија дека го вика намесникот Публиј, светиот простодушно им одговори:

- Зошто сум му потребен на намесникот кога сум христијанин? Тој нека ги повикува кај себе своите истомисленици и едноверници.

Војниците го врзаа светиот Ковон и го одведоа кај намесникот. Кога го приморуваа да им принесе жртви на идолите, светиот маченик воздивна од дното на својата душа поради заслепеноста и заблуденоста на незнабошците, го укори насилникот и останувајќи непоколеблив во верата Христова, изјави дека ќе остане таков, макар да го подложите и на илјада мачења. Затоа му забија шајки во нозете и го натераа да трча пред колата на намесникот. И добриот светител трчаше сѐ додека можеше. Потоа падна на колена, за последен пат Му се помоли на Бога и ја предаде својата света душа во рацете Божји, во 251-та година.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ МАРКО ПОДВИЖНИК И ЧУДОТВОРЕЦ

Преподобниот Марко, подвижникот и чудотворец е замонашен од својот учител свети Јован Златоуст, во неговата четириесетта година. Бил во еден манастир крај Анкара во Галатија. Потоа тој шеесет години помина во Јудејската или (Нитриската) Пустина. Беше многу трудољубив; се оддаде на изучување на Светото Писмо и целото го знаеше напамет; го достигна врвот на подвижништво и доблестите. Доказ за тоа се многуте поучни и корисни книги што ги напиша, и дарот на чудотворството што го доби од Бога. Беше многу милостив и плачеше над бедата на секое Божјо створение.

Еднаш, додека молитвено тихуваше во својата ќелија, кај него дојде една хиена и го донесе своето слепо малечко. Со својот тажен изглед го молеше светителот да се сожали над малото и да му ги исцели очите. Светителот плукна во слепите очи на малото, се помоли на Бога, и тоа прогледа. По неколку дена, хиената му донесе на светителот една голема овчја кожа, како награда и благодарност за исцелувањето на малото. Но, светителот на сакаше да ја прими наградата сѐ додека таа со знаци не му покажа дека во иднина повеќе нема да ги убива овците на бедните луѓе. Овој светител достигна таква чистота на срцето, што често добиваше Света Причест од ангелски раце. Презвитерот кој што ги причестуваше сите браќа во скитот, го велеше следното:

- Забележав дека за време на давањето на Тајните Христови, јас никогаш не му давав Светиња на Марко подвижникот, туку ангел ја земаше од жртвеникот и му ја даваше нему. Покрај тоа, јас ја забележував само раката што му ја даваше Причеста. Свети Марко и надворешно целиот сјаеше со благодатта на Светиот Дух, Кој беше внатре во него. Беше мал по раст, со долгнавеста глава и брада, целиот озарен со внатрешна благодат Божја. Се упокои во Господа во средината на петтиот век. Според Никифор Калист, нашиот богомудар отец Марко напишал околу четириесет подвижнички списи, од кои девет од нив светиот патријарх Фотиј во својата библиотека со многу пофалби ги нарекува по имиња. Тоа се книгите: „За духовниот закон“, „За оние кои мислат со дела да се оправдаат“, „За покајанието“, „За постот“, „За крштението“, „Разговор на умот со својата душа“, „Разговор со еден схоластик“, и „Послание до монахот Николај“. Преподобен Марко пишувал и против еретиците Мелхиседехити и Несторијанци, и неговата духовна мудрост и подвижничко искуство содржани во тие книги се од толкаво духовно значење, што светите Отци, подвижници, говореле: „Продај сѐ и купи го Марко!“

За духовна корист на читателите ќе наведеме само неколку богомудри изреки и поуки на свети Марко:

Нашиот Господ Исус Христос, Божја Сила и Божја Премудрост, Кој на богодоличен начин промислува за спасението на сите, како што Он сам знае, преку разни догмати ни го положил законот на слободата, кој се состои од една цел, наведена за сите: Покајте се! Значи, целата разноликост на заповедите Божји се сведува само на едно - на заповедта на покајанието.

Не е возможно да се направи ниту едно добро дело без Господ Христос и Светиот Дух.

Кога извршуваш заповед Божја очекувај искушенија, зашто љубовта Христова се испробува преку спротивности.

Не барај совршенство во духовниот закон на слободата во човечките доблести, зашто нема совршен во нив. Неговото совршенство се крие во Крстот Христов.

Барајќи духовен лек, погрижи се за чистотата на својата совест; стори го тоа што таа ти го зборува и ќе најдеш духовна корист. Совеста е природна книга. Кој ја чита на дело, тој ја искусува и чувствува Божјата помош.

Оној што мисли дека без молитва и трпение ќе ги победи искушенијата, тој нема да ги оттргне од себе, туку ќе се заплетка во уште поголеми.

Господ е сокриен во Неговите заповеди и Го наоѓаат оние кои тоа Го сакаат, според мерката на нивното творење на заповедите Негови.

Секој што православно се крстил, таинствено добил благодат од Света Троица, и таа дејствува во секој човек според мерката на неговото творење на заповедите Божји.

Љубовта спрема Бога и ближниот е заповед која во себе ги опфаќа сите заповеди.

Насекаде и незаборавно во срцето свое имај го смирението на нашиот Господ: кој е Он, што станал заради нас, со каква висина на Божествена светлина се открил, и во каква длабочина на смирение слегнал од бескрајна добрина спрема луѓето! Он станал она што сме ние, односно човек, за ние да можеме да станаме тоа што е Он, односно богови по благодат. Логосот Божји станал тело, за телото да стане Логос. Иако богат, Он осиромашел поради нас, за ние да се обогатиме со Неговото сиромаштво. Од преголемо човекољубие, Он се уподобил на нас, за ние да се уподобиме на Него преку секоја добродетел.

Од Христовото доаѓање во светот, со благодатта и силата на Светиот Дух се обновува вистинскиот човек, створен според образот и подобието Божјо.

Треба да се дружиме, да бидеме заедно и послушно да се учиме од духовни и искусни отци. Опасно е да се биде сам и без сведок, особено кога се наоѓаме во духовна борба.

Оној што ги брка од себе болката и понижувањето, нека не мисли дека со помош на други доблести ќе се покае. Зашто празната слава, гордоста и одбегнувањето на болката знаат да му служат на гревот и од десната страна. Ако некој падне во грев и не тагува според големина на својот грев, тој повторно лесно ќе падне во истата замка.

Најпрвин треба да имаме благодат на Светиот Дух која дејствува во срцето, а потоа постепено да влеземе во царството небесно.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ МАРКО АТИНСКИ –ТРАЧЕСКИ

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ИСИХИЈ ПОСТНИК

Уште од пелени добро воспитан во доблестите, големиот Божји угодник Исихиј, се откажа од земната пристрасност и стана живеалиште на Светиот Дух. Тој дишеше за вечното богатство во небесниот Сион. Затоа го напушти својот роден крај во Галатија (Мала Азија) и бараше пусто место. Родум беше од околината на Брусе во приморскиот крај. Барајќи пусто место, светителот навлезе во една гора наречена Мајонис. Но демоните што живееле таму, плашејќи се да не ги избрка од нивното живеалиште, намислија да го одвратат од неговата намера да се насели овде.

Затоа влегоа во едни луѓе кои се викаа Јован и Иларион, и тие, пресретнувајќи го Божјиот угодник, го прашаа каде оди. Кога ја дознаа неговата намера, му рекоа:

- Зарем не знаеш дека тоа место е многу опасно, и ќе бидеш изложен на смрт? Овде има безброј диви ѕверови и лути разбојници.

Тој сфати дека тоа не се човечки туку демонски зборови, па им рече:

- Поради своите гревови, јас заслужувам смрт. Затоа одам да загинам од ѕверовите или од разбојниците.

Го рече тоа, се помоли, и со крстниот знак ги отфрли нечистите духови и телата човечки, и си го продолжи патот. Му се допадна едно место во гората, и таму си направи ќелија и започна да се подвизува со испоснички трудови. Си уреди и бавча од која се прихрануваше. Еднаш, многу птици се нафрлија на неговата бавча и му го јадеа овошјето и зеленчукот. Светителот се помоли на Бога и птиците веднаш испопаѓаа по земјата. А оние што допрва доаѓаа, штом ќе вкусеа од плодовите паѓаа, и како отруени се препелкаа по земјата. Така местото се наполни со многу птици. По некое време преподобниот се сожали на нив, излезе од ќелијата, и им рече:

- Одете си одовде и повеќе немојте да го уништувате мојот монашки труд.

Птиците веднаш одлетаа и никогаш повеќе не се вратија во неговата бавча.

Преподобниот пронајде вода во една долина. Тука подигна црква во чест на светиот апостол Андреј, и заедно со своите ученици живееше во безмолвие и богоразмислување. Еднаш кај него доведоа една луда девојка. Нејзините родители го молеа да го истера нечистиот дух од неа. Откако се помоли на Бога, преподобниот веднаш го истера ѓаволот од девојката, а на нејзините родители им рече:

- Светиот Дух вели дека по мојата смрт на ова место ќе има манастир на свети жени подвижници; и силата на нивната молитва ќе ги истера одовде сите демонски војски. Тоа пророштво изречено од светителот се исполни во свое време.

Еднаш светителот здогледа како еден човек тера претоварена воловска кола. Еден од воловите се сопна и падна на земјата, па не можеше да стане. Човекот притрча и се обидуваше да го крене, но залудно. Паднатиот вол остана неподвижен како тежок камен. Преморен од напрегање, човекот започна да плаче. Кога го виде тоа, преподобниот се сожали, му пријде на волот, го помилува по вратот и како на разумно створение му рече:

- Стани мрзливко, и изоди го својот пат, зашто врагот ќе те претвори во орудие на својата злоба ако те најде непотребен. Го осени волот со крстниот знак, и тој веднаш стана и кротко тргна. Човекот многу се восхити, со благодарност му се поклони на светителот до земја и си отиде радосен.

Навлегувајќи во совршенството на доблестите, светителот се удостои да биде собеседник со ангелите. Триесет дена порано тој од ангел Божји дозна за своето претставување кај Бога. Поради тоа многу се радуваше и се подготвуваше за заминување. Пред смртта ги повика своите ученици и им ги даде потребните поуки. Потоа, на полноќ, ненадејно блесна светлина од небото и ја осветли ќелијата на светителот и целото место. А светителот со радост ги изговори зборовите:

- Господи, во Твоите раце го предавам својот дух!

Така прејде во рајските населби, кон крајот на осмиот век.

Неговото чесно и свето тело беше погребано во гореспоменатата црква на свети апостол Андреј.

Подоцна, околу 781 година, амасијскиот епископ Теофилакт ги пренесе неговите чесни мошти во градот Амасија и ги положи од десната страна на олтарот. А во она пусто место, каде се подвизуваше преподобниот, беше изграден женски манастир, како што прорече тој.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ИРАИДА (РАИСА)

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АРХЕЛАЈ

и со него 152-ца маченици

Овие свети маченици, а меѓу нив и Кирил и Фотиј, пострадаа за Господа заклани со меч, заедно со света Ираида.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕВЛОГИЈ ПАЛЕСТИНСКИ

Роден е од незнабожни и богати родители. По нивната смрт, свети Евлогиј го раздаде на сиромашните огромното богатство што му го оставија тие, а самиот осиромаши ради Христа. Како сиромав одеше низ Палестина, ги поучуваше неверните и ги обраќаше во Христа Бога. Поради тоа беше обвинет кај кнезот. Беше многу мачен зашто не сакаше да им принесе жртви на идолите. Најпосле му ја отсекоа главата со меч. 

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕВЛАМПИЈ

Светиот маченик Евлампиј беше заклан со меч ради Христа, во Палестина.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ПАРТЕН ЈЕРОЃАКОНОТ

Беше убиен од Турците. Тие го каменувале при излегувањето од храмот. Свети Партен се празнува во епископијата Дидимотих во Орестиада, во Тракија.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ЈОВАН БУГАРИНОТ

Овој блажен маченик беше многу убаво и писмено осумнаесетгодишно момче. Еднаш во некакви тешки околности Јован се одрече од Христа. Но набргу потоа увиде колку тежок грев сторил, се покаја, ја напушти својата татковина и отиде во Света Гора. Помина три години во лаврата на свети Атанасиј, служејќи му на еден духовен старец, многу начитан во светите книги. Меѓутоа, совеста постојано го измачуваше заради одрекувањето од Христа и постојано беше тажен, невесел и молчалив, па по самиот негов изглед можеше да се заклучи дека направил некој голем грев што го измачува.

Еден ден, со изговор дека сака да оди во својот роден крај, Јован отпатува во Цариград. Таму стави црвен фес на главата, облече црвени кондури, отиде во џамијата Света Софија и започна да се крсти и да се моли. Присутните Агарјани се вознемирија, му пријдоа, и строго го запрашаа зошто постапува така. Без најмалку страв, Јован им одговори:

- Се крстам затоа што сум христијанин, и како христијанин Му се молам на Христос, Кој е вистински Син Божји и Бог.

Турците се обидоа на разни начини да го одвратат од христијанската вера, но не им појде од рака. Кога видоа дека е непоколеблив во својата вера, му ја отсекоа главата во дворот на џамијата Света Софија. Така блажениот Јован доби венец на мачеништво од Христа Бога, Кому слава и моќ низ сите векови. Амин.

Пострада во Цариград во 1784 година.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ АДРИЈАН ПОШЕХОНСКИ

и неговиот соподвижник ЛЕОНИД

Преподобниот Адријан беше ученик на свети Корнилиј Комењски. Тој е основач и игумен на Успенскиот манастир крај реката Вотха близу Пошехоња, во Јарославската губернија. Со задоволство се занимаваше со иконопис. Беше убиен од разбојници кога беше нападнат манастирот поради плачкање. Неговите свети мошти се прославија со многу чудеса; почиваат во неговата обител. Преподобен Леонид се упокои пред преподобен Адријан и беше погребан во манастирот.