19. Март (6. Март)
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИТЕ 42-ца МАЧЕНИЦИ ОД АМОРЕЈА:
ТЕОДОР, КОНСТАНТИН, КАЛИСТ, ТЕОФИЛ, ВАСОЈ и останатите со нив
Грчкиот цар Теофил, син на царот Михаил наречен Валвос или Травлос, родум од Амореја, водел чести војни со агарјаните во кои и победувал и бил победуван. Во една прилика, тој со голема воена сила се упати кон агарјанската земја, го стави под опсада родниот град на сараценскиот кнез Амирмумна, Созопетар, и жестоко го напаѓаше. А агарјанскиот кнез Амирмумна, кој во тоа време беше на друго место, испрати свои пратеници кај царот Теофил, со молба да се повлече од градот. Но, Теофил се оглуши на молбата, го зазеде градот, го сруши, и се врати со голем плен. Амирмумна беше многу ожалостен и лут поради опустошувањето на својот роден крај и со многу злато започна да собира војници од сите страни: од Вавилонија, Финикија, Палестина, Кесарија и од далечната Африка. По некое време, таа воена сила тој ја сконцентрира во Таре, со намера да го нападне Фригискиот град Амореја, родното место на Теофиловиот татко, царот Михаил Травлост, за да се освети за рушењето на неговото родно место. Кога дозна за тоа, царот Теофил ја собра својата војска од Исток, Запад, и Персија, тргна во војна против непријателот, и дојде во Фригискиот град Дорилеј, оддалечен три дена пешачење од Амореја. Тој беше известен дека сараценската воена сила е неспоредливо поголема од грчката, но сметајќи дека е срамота да се откаже од битката и прекрасниот град да го остави празен, испрати војска во Амореја, за да го брани градот. Таму беа испратени војводите: Константин Друнгариј, патрициј по чин, Аециј, исто така патрициј, Теофил, патрициј, Теодор Кратир, прв царски мечоносец, Милисен и Калист Турмарх, и Васој, и многу други војводи и истакнати луѓе.
Потоа царот Теофил се судри со Амирмумна и настана голем колеж на двете страни. Најпрвин беа надвладеани агарјаните, но потоа, по допуштање Божјо, состојбата се промени, зашто Господ Христос, разгневен поради Теофиловото иконоборство им ја одзеде храброста на неговите војници, и тие се разбегаа оставајќи го својот цар, кого остана да го брани само персиската војска изнајмена со злато. Тогаш царот сигурно ќе загинеше ако не паднеше ноќта. И небесниот Цар се сожали над христијаните, изли ненадеен дожд, и агарјанската војска престана да го гони царот Теофил и неговата разбиена војска.
По оваа лута битка, агарјанскиот кнез веднаш се упати кон градот Амореја, го стави под опсада, и долго време го напаѓаше од сите страни. А царот Теофил побегна во Дорилеј и му испрати молба на кнезот Амирмумна да се повлече од градот Амореја. Но тој, многу лут, бесен заради својот срушен град Созопетар, беше неумолив. Градот храбро му се спротивставуваше и од градските бедеми беше убиен голем дел од агарјанската војска, па кнезот размислуваше да се откаже од заземањето на градот ако не се случеше лукаво предавство од страна на еден од аморејските војсководци, по име Вадицис. Тој несреќник, лут поради некоја расправија со војводата, намисли да го предаде градот на непријателите. На агарјаните кои веќе се повлекуваа од градските бедеми им пушти стрела со писмо во кое со негова рака било напишано следното:
„Вие потрошивте многу време овде и толкав труд вложивте, и зошто сега си заминувате празни? Бидете храбри и пристапете ѝ на онаа страна од градските бедеми, каде што гледате столб на кој има мермерна статуа со лав, и на врвот на столбот палма направена од камен. Тука се наоѓам јас, командувам со тој дел и ќе ви помогнам лесно да го заземете градот, зашто овде бедемите се слаби. Вие знаете како ќе ме наградите за услугата што ви ја правам“.
Таа стрела со писмото му беше однесена на кнезот Амирмумна. Кога го прочита писмото, тој многу се израдува. И веднаш целата негова војска тргна кон посочениот бедем и со помош на лукавиот предавник Вадицис, агарјанската сила влезе во градот. И настана страшен колеж во градот и потоци од христијанска крв течеа по неговите улици. Но, тогаш градот не пострада само од меч туку и од оган, зашто веднаш го запалија од сите страни. Бог ги казнуваше своите луѓе поради ересите што се беа намножиле во тоа време меѓу христијаните. Тогаш ретко кој се спаси од мечот и огнот. А оние што преживеаја, подоцна беа заклани или одведени во ропство. Кога престана колежот, живи беа фатени војводите, кои беа испратени од царот да го бранат градот: Константин, Аециј, Теофил, Теодор, Милисен, Калист, Васој и други истакнати воени старешини, четириесет и двајца на број. А луѓето, жените, момчињата и девојките што го преживеаја колежот ги подготвуваа да ги водат во ропство. Тогаш насилничкиот кнез нареди мажите да се одвојат од жените, девојките и момчињата. И имаше околу седумдесет илјади мажи, а жени, девојки и момчиња далеку повеќе. Тогаш кнезот нареди да бидат заклани сите мажи. Ги остави живи само гореспоменатите војводи и воени старешини. А жените и децата ги раздели со своите војници.
Така, за еден ден, од меч и оган пропадна прекрасниот град Амореја, поради непобожниот цар Теофил, кој им ги одзеде прекрасните икони на црквите и погуби многу свети исповедници поради почитувањето на иконите.
По тоа мачителот Амирмумна ги ослободи Теофиловите пратеници од оковите и ги испрати да го известат Теофил за сѐ.
Кога дозна, тој многу тагуваше и сакаше да ги откупи своите војводи и воени старешини, но кнезот не се согласи, туку посрамени ги врати назад неговите пратеници. Тогаш, од голема тага, по кратко време Теофил умре. Амирмумна ги одведе заробениците во Сирија. А пак Вадицис, кој го предаде градот на непријателот, се одрече од Христа и ја прифати муслиманската вера, награден од кнезот со големи почести и дарови.
Кнезот ги доведе во својата земја четириесет и двајцата заробени војводи, ги окова во вериги и ги затвори во темница, без храна и вода. И тие беа подложени на големи маки, злоставувани не толку од агарјаните колку од отпадникот Вадицис, кој многу зла им чинеше. Наговорени од својот кнез, нечестивите агарјани започнаа да ги убедуваат заробениците да ја примат мухамедовата вера.
Во една прилика кај светите дојдоа некои од најугледни луѓе. Тие започнаа да плачат пред нив, преправајќи се дека божем ги жалат што така долго гнијат во окови, и меѓу себе говореа:
- О, какво зло ги снаоѓа оние што не веруваат во пророкот Мухамед! Еве, овие затвореници оковани во тешки вериги, зарем не се прекрасни луѓе, храбри војводи во борбите, почитувани од својот цар? Зарем немале пред себе преку седумдесет илјади војници утврдени во градот Амореја? Но, сега се предадени во рацете на нашиот кнез. Кој им ја зеде силата и моќта? Никој друг, освен тие што го отфрлаат пророкот Мухамед, додека неговите слуги извојуваа голема победа. Но, не е ни чудно што тие не веруваат во него, зашто никој не ги научил. Оние што грешат поради незнаење лесно може да добијат простување.
Потоа се обратија кон светите:
- Луѓе, тоа што го зборуваме се однесува на вас. Ние сочувствуваме со вас и ве советуваме: Оставете го тесниот пат по кој ви наредува да одите Синот на Марија, и тргнете по оној што е широк и во овој и во оној живот, а го објавува големиот пророк. Примете го учењето на нашиот пророк за да се ослободите од сегашните неволји ваши, и насладете се со даровите Божји што ви се нудат во овој живот. Бог е многу милосрден. Гледајќи како малаксува секој човек што на дело сака да го исполни тешкиот закон Исусов, тој го испрати својот пророк Мухамед да го симне од луѓето секој терет, и да ги ослободи од секоја тешкотија, ветувајќи им веселие во оној живот, по разновидните наслади во овој, и учејќи дека само со вера без дела ќе се спасат оние кои го слушаат.
Кога ги слушнаа таквите бесмислени зборови од агарјаните, овие мудри луѓе се погледнаа меѓу себе и благо се насмевнаа. Потоа ги изговорија Псалмовите зборови: „Законопрестапниците ни ги кажуваа своите брборења, наспроти законот твој, Господи. Сите твои заповеди се вистина“ (Пс. 118, 85). Потоа погледнаа во агарјаните и рекоа:
- Такво ли е учењето на вашиот пророк? Зарем навистина вие верувате дека е праведно и на Бога пријатно, човек да се оддава на секојдневни наслади, нечистотии и страстни желби, и разумот толку да се зароби со сластите, та никогаш да не помисли да се заузда со воздржание? Тогаш каква е разликата помеѓу таквиот човек и неразумните животни? Не, не, о луѓе! Ние не сакаме да бидеме такви, ниту ќе отстапиме од побожниот и чист закон христијански, затоа што сме ученици на оние кои повикуваат кон Бога: „Нема да отстапиме од Тебе, туку заради Тебе нѐ убиваат секој ден; со нас постапуваат како со овци кои се за колење. Ништо не може да нѐ раздвои нас од љубовта Божја, која е во Христа Исуса, ни сегашните сили ни идните“(Рм. 8, 36-39).
Кога го слушнаа тоа, агарјаните си заминаа.
По извесно време повторно дојдоа кај светите некои вешти препирачи, софисти, испратени од кнезот. Тие им донесоа милостина на затворениците и започнаа да прашуваат:
- Зарем има нешто невозможно за Бога?
Светите одговорија:
- Нема. За Него сѐ е возможно зашто тоа ѝ доликува на Неговата природа.
Софистите рекоа:
- Ако за Бога е возможно се, со својата семоќност на кого му направи добро сега? на Грците или на агарјаните? Кому им ги даде најплодните и најславни земни краеви: вам или нам? Чија војска ја умножува? А пак чии полкови ги коси како сено? Зарем Бог е неправеден? Кога би нашол дека ние не ги почитуваме Неговите заповеди, зарем такви добра би ни чинел? И обратно, ако не видел дека сте паднати во неверие спрема пророкот Мухамед, кого Он го испратил, не би ве покорил под нас, и не би ве дал во ропство.
Светите одговорија:
- Кога би им верувале на сведоштвата на пророкот, лесно би увиделе дека вашето умување е лажно. Тоа што вие го зборувате, зарем може да се посведочи со Божественото Писмо, како што можат нашите сфаќања? Во никој случај. А сето она што не може да се посведочи, не е вистина. Одговорете ни: Ако двајца се препираат за една нива, па едниот, не наведувајќи ниту еден сведок, вика и се дере: моја е нивата, а другиот, без кавга, доведе многу честити и веродостојни сведоци кои ќе докажат дека нивата е негова, а не на оној другиот, што би рекле вие сарацените: чија е нивата?
Тие одговорија:
- На оној што има многу сведоци.
- Правилно пресудивте, - им рекоа светите војводи. - Така расудуваме и ние за Мухамед, вашиот учител, и за единородниот Син Божји, нашиот Господ Исус Христос. Господ дојде постанувајќи човек од чиста Дева, дојде, имајќи ги за свои сведоци сите стари свети пророци, кои и вие ги признавате, кои сведочат за Него и за Неговото доаѓање во светот. Потоа дојде и вашиот пророк и законодавец Мухамед, за кого вие велите дека е испратен од Бога. Но, зарем не требало тој да има двајца пророци како сведоци, или барем еден, за очигледно да покаже дека навистина е испратен од Бога?
Софистите се посрамија зашто увидоа дека се победени, а свети Васој рече:
- И сараценскиот законодавец има славен и вистински пророк кој пророкувал за него - свети Исаија. Ако не се навредат овие мудри луѓе, јас би го навел тоа пророштво.
Софистите рекоа:
- Нема да се навредиме, зашто знаеме да им простуваме на оние што во незнаење грешат.
Свети Васој праша:
- Зарем вие не велите дека Мухамед е последен пророк како печат на пророците?
Тие одговорија:
- Да, така е.
Свети Васој рече:
- Свети Исаија, кого и вие го признавате за Божји пророк, во своето пророштво вели: „Господ ќе му ја пресече на Израилот главата и опашката, палмата и трската во еден ден“ (Исаија 9, 14). И самиот пророк ги толкува своите зборови таму: „Старецот и големецот, - тоа е главата; а пророкот - лажниот учител е опашот“ (Исаија 9, 15). Не лутете се луѓе, но зарем вашиот пророк како последен не е опаш, и зарем не ве учи на беззакони дела? Зарем не е безаконие тоа што вашиот пророк ви го пропишал ваквиот закон: "Ако некој маж ја намрази и истера својата жена не смее повторно да ја враќа кај себе, додека таа најпрвин не се состане со друг маж". Да ги оставиме настрана другите беззакони прописи на неговиот закон; ова јасно ни покажува дека пророштвото на Исаија се однесува единствено на вашиот пророк Мухамед.
Софистите одговорија:
- На Мухамед не му се потребни човечки сведоштва, зашто е пророк поставен од Бога, и од Него доби такви закони.
Свети Васој ги праша:
- Дали тој ви донесе од Бога закон да имате многу жени, и за време на вашите постови по цели ноќи да минувате со нив и да се прејадувате?
Тие одговорија:
- Навистина е така.
Останатите светители рекоа:
- Треба да се одговори на вашето прво прашање, каде што тврдите дека вашата вера е подобра, затоа што Бог ви даде победа над нас. Ако е така, тогаш сетете се на старата персиска воена сила, која освои многу земји, и речиси целиот свет го покори под себе; потоа се создаде монархија: Александар Велики ги победи Персијците; потоа Рим завладеа со целиот свет. Сите ли имаа вистинска вера затоа што беа силни во војните? Никако, туку беа прекумерни идолопоклоници, и не знаеја за вистинскиот Бог Творец. Како тогаш вие можете да зборувате дека вашата вера е вистинска затоа што нѐ победивте нас со воена сила? Многупати и нам христијаните ни се случувало да ги победиме своите непријатели. Но, кога живеејќи во непокајание го разгневуваме Христа Бога, Он ги нафрла врз нас, безбожните луѓе, наплатувајќи ни за нашите гревови. Но, и кога нѐ казнува, ние не се одрекуваме од својот Господ, туку молиме од Него милост, а со верата имаме и надеж во Него, дека ќе се смилува на нас. А пак вашиот учител, за кого не постои сведоштво дека е пророк, па дури е спротивен на светите пророци, ние не само што не го прифаќаме, туку и потполно го отфрламе.
Светите поминаа полни седум години во окови, страдајќи во онаа страшна темница. Деновите и ноќите ги минуваа во молитва, пеејќи Давидови псалми и благодарејќи Му на Бога за неговата промисла за нив: затоа што нивните претходни гревови и животот поминат во раскош се очистуваа со ваквите страдања и неволји, и затоа што ги крепи во такво долготрпение за какво порано не можеле ни да помислат.
Додека тие страдаа, на петти март, отпадникот Вадицис дојде во темницата на зајдисонце. Тој потајно го повика Константин кој порано беше секретар кај господинот Константин патрицијот, и кришум му рече:
- Премудар човеку, ти знаеш дека одамна негувам голема љубов спрема твојот патрициј Константин. Сега дознав дека кнезот има намера утре да ве убие сите, ако не ја примете неговата вера. Дојдов да ве известам за тоа, а ти советувај го твојот господин привидно да се согласи со сараценската вера, за да се спаси од смрт. И ти постапи така.
А богољубивиот маж се прекрсти, и му одговори на отпадникот:
- Оди си од нас, беззаконику!
Потоа секретарот му кажа на Константин што слушна од Вадицис. Благодарејќи Му на Бога, патрицијот рече:
- Нека биде волјата Господова!
Тогаш се обрати кон својата дружина, и рече:
- Браќа, да ја поминеме ноќта во молитва!
И станаа, и се молеа пеејќи Давидови песни до самнување.
Утредента рано, испратен од кнезот, во темницата дојде еден свиреп војвода со вооружена војска, ја затвори капијата, ги изведе од темницата светите четириесет и двајца маченици, и ги праша:
- Колку години сте во оваа темница?
Светите одговорија:
-Зошто не прашуваш за работи кои се веќе познати? Ете, се навршуваат седум години откако сме затворени овде.
Војводата рече:
- Зарем за така долго време вие не увидовте колкаво човекољубие покажува кнезот спрема вас? Ете, толку години ве штеди, а можеше да ве погуби. Требаше да бидете благодарни за покажаното милосрдие, да се молите за него, и да го сакате со целото срце.
Светите одговорија:
- Нашиот закон ни наредува да се молиме за оние што нѐ гонат, и зло и неправда ни чинат; затоа се молиме на Бога за вашиот кнез. Но да го сакаме со цело срце, тоа е невозможно, бидејќи ни забрануваат зборовите на светиот пророк Давид, кој вака говори за Бога: „Зар не ги замразив оние, Господи, кои Тебе те мразат, и зар не се гнасам од непријателите Твои?“ (Пс. 138, 21).
На тоа војводата рече:
- Како може некој да се моли за оној што го мрази? Вие лажете кога велите дека се молите за кнезот кого го мразите.
Светите одговорија:
- Вистината ја зборуваме, зашто ние навистина се молиме на Бога за него, за да ги просвети очите на душата негова помрачена од неверие, и да го познае патот на правдата и побожното почитување на Бога, примајќи ја вистинската христијанска вера наместо онаа лажна, што тој ја држи сега и мисли дека е права. И кога тој ќе ја познае и прими правата вера, тогаш не само што ќе го засакаме со целото свое срце, туку и премногу би го почитувале.
Војводата рече:
- Зарем вашите кнезови се толку безумни, та мислат дека без Божја промисла нашиот народ би бил толку многуброен, моќен и силен? Ако Бог нѐ мрази нема така да промислува за нас, и немаше да нѐ умножи и зајакне така, како што сме сега, а тоа и самите го гледате“. Светите одговорија: „Ние не велиме дека вие не сте по Божја промисла, зашто никој не е лишен од Неговата промисла. Макар некој и да не знае за Бога, макар и бесрамно да зборува против Него, сепак по Божја промисла живее на земјата и се движи. Ние велиме дека вие неправилно верувате во вистинскиот Бог, зашто исповедајќи дека Он е Творец на сите видливи и невидливи твари, вие се подбивате со Него кога велите дека Он како Творец и виновник за сите добра, е Творец и виновник и за сите зла, вистини и лаги, правди и неправди, смиреност и гордост, кроткост и јарост, целомудреност и разврат, и други доблести и зли дела, кои нема потреба да ги набројуваме овде. Кога би било вистина тоа што вие го зборувате за Бога, ние би кажале дека вие имате вистинско знаење за Бога. Но, бидејќи вашето вероисповедување се разликува од вистината, како што се разликува темнината од сонцето, како тогаш да не ве изобличуваме? Па дури и мислите дека единствено вие имате вистинско познавање за Бога, а всушност, го немате. И природно е Бог да ве превиде вас, иако сте со Негова промисла“.
Војводата праша: „Зарем сакате да кажете дека постои друг бог, творец на сите зла и на секој грев? Како тогаш можат да постојат два бога, еден добар, а друг зол? И како може да постои свет, кога за него меѓусебно се борат два бога?“ Светите одговорија: „Ние не велиме дека постои друг бог - творец на злото, кој се разликува од Бога - Творецот на секое добро; да не даде Бог! Ние велиме дека еден од ангелите доброволно го избра за себе она што е некорисно и спротивно на доброто и, засакувајќи го тоа, го замрази најпрвин Бога Творецот свој, а потоа и човекот. И нему му е допуштено да ја искушува нашата слободна волја, дали со неа ревнуваме кон Бога, или кон искушувачот. А пак вие, заведени од него, сосема погрешно неговите зла ги припишувате на бестрасниот и неизменлив Бог“. Војводата рече: „Но, нашиот пророк Мухамед нѐ учи дека семоќниот Бог е подеднакво Творец на секое зло и на секое добро човечко дело“. Светите одговорија: „Се гледа, дека Мухамед погрешно го измислил другиот бог, како што некогаш Елините го измислија Агатодемон, и вам ви го даде да му се поклонувате, иако не е бог ниту пак некогаш ќе биде тоа. А ние Го познавме вистинскиот Бог, и Него Го исповедаме, Творецот на секое добро, Кого Го проповедаа светите пророци во Стариот Завет, а во Новиот Завет светите апостоли Христови. И никаков друг бог ние не знаеме“.
Војводата рече: „Не сакате ли денес заедно со нашиот правоверен кнез да му принесеме молитви на Бога по обичајот на нашата вера? Јас за тоа сум пратен кај вас. Ако не се согласите, знам дека некои од вас подоцна ќе се каат што неразумно и упорно останале непокорни“. На тоа светите еднодушно му одговорија: „Го молиме единствениот и вистински Бог, вие, вашиот кнез, и целиот род сареценски да отстапите од безбожните Мухамедови заблуди, и да Му се поклоните и да Му оддадете должна почит на единствениот Бог, Кого Го проповедаат пророците и апостолите Христови. И да не даде Бог ние доброволно да ја напуштиме светлината и да ѝ пристапиме на темнината“.
Војводата им рече: „Внимавајте што зборувате за да не се каете кога ќе бидете казнети“. Светите му одговорија: „Нашите души веруваат во бесмртниот и праведен Бог и во Него се надеваме до последниот здив и нема да се одречеме од нашата вера“. Војводата рече „На Страшниот суд вас ќе ве осуди сиротството на вашите деца и вдовството на сопругите ваши. Сите ќе се лишите од нив ако не ја примите нашата вера. Нашиот велик кнез би можел да му нареди на вашиот сегашен цар, кој сѐ уште е дете да ги пушти жените и децата да дојдат овде кај вас. Ако се обратите и го примите пророкот Мухамед бргу ќе ги видите вашите домашни и ќе се радувате со нив. Во Ромеја сега царува жена Теодора со мало дете Михаил. Таа не може да се спротивстави на наредбите на нашиот велик кнез. А за богатство и имот не грижете се, зашто египетскиот едногодишен данок што ќе ви го поклони семилостивиот кнез како на свои пријатели толку ќе ве збогати, така што и вашите внуци до десеттото колено ќе живеат во изобилие“. Тогаш светите како со една уста извикаа: „Анатема на Мухамед и на сите кои веруваат дека тој е пророк!“
Војводата многу се разгневи на овие зборови и веднаш им нареди на војниците да им ги врзат рацете на сите и како овци да ги водат на колење. Се насобра целиот сараценски народ на тој призор, но дојдоа и христијаните кои живееја овде за да го видат погубувањето на светите маченици. Кога веќе наближија до реката Еуфрат, војводата му рече на свети Теодор Кратир: „Дознав дека ти некогаш си бил свештеник, па си го отфрлил свештеничкиот чин, си станал војник и си започнал да пролеваш човечка крв. Сега лицемерно глумиш дека си христијанин, изобличуван од совеста поради своето одрекување од христијанската вера. Немој да се надеваш во Христа од Кого порано си се одрекол, туку пристапи му на учењето на нашиот пророк Мухамед“.
Маченикот Христов му одговори: „Не е вистина тоа што го зборуваш, војводо, зашто јас никогаш не сум се одрекол од Христа Бога туку сам го оставив свештеничкиот чин поради мојата недостојност. Токму поради тоа сега сум должен и својата крв да ја пролијам за верата Христова и да умрам од љубов за Него, за мојот милосрден Господ да ми прости за тоа што порано му згрешив“. Војводата рече: „Добро, јас само ти предложив да се избавиш од смртта“.
Кога џелатите црнци ги извадија своите мечеви, се случи Теодор Кратир да го стават до патрицијот Константин. Плашејќи се Константин да не падне со духот кога ќе го види неговото обезглавување, Теодор му рече: „Господине мој, бидејќи ти со чинот и доблестите нѐ недминуваш сите нас, треба прв да станеш маченик меѓу нас“. Свети Константин му одговори: „Тебе како особено храбар навистина ти доликува да го направиш тоа. Прв да ја положиш својата душа за Христа, за и јас, и останатите наши другари да појдеме по тебе“.
Тогаш свети Теодор се помоли, му пријде на џелатот и радосно прими славен маченички крај со посекување со меч, а по него и останатите свети по ред без најмалку страв, така што војводата се восхитуваше со каква самодоверба итаат во смрт. Така светите четириесет и двајца маченици го завршија својот живот со јуначка смрт за својот Господ, на шести март 845 година.
Потоа сараценскиот кнез нареди да го обезглават и споменатиот отпадник Вадицис, говорејќи: „Ако беше вистински христијанин, тој не би се одрекол од својата вера. Штом не ја одржа својата вера во Христа, како тогаш може да ја одржи верата во нашиот Мухамед? Тој им стана непријател на своите христијани и ги предаде во нашите раце, па зарем ако настапи зло време, тој нема да стане и наш предавник? Кој не им останал верен на своите, не може да им биде верен и на туѓинците. Никогаш“. И му ја отсекоа главата на тој бедник. Така тој доби од сарацените достојна награда за услугата што им ја направи, предавајќи им го славниот и прекрасен христијански град Амореја.
Утредента, по наредба на кнезот, телата на светите четириесет и двајца маченици ги фрлија во реката Еуфрат, а по нив и телото на закланиот отпадник. Набргу потоа нивните тела се појавија на другиот брег целосни, зашто кон секое тело се беше присоединила неговата глава. А лешот на оној отпадник беше пронајден далеку од светите тела на мачениците, а главата негова далеку од лешот негов.
Тогаш христијаните ги зедоа светите тела и чесно ги погребаа. А главата и лешот на оној предавник ги разнесоа и изедоа крокодилите. За сето тоа нека е слава на нашиот Бог Христос, со Отецот и Светиот Дух, почитуваниот за навек, амин.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК КОНОН,
заедно со неговиот истоимен син КОНОН
Во градот Иконија во времето на царот мачител Аврелијан, живееше еден побожен човек по име Конон. Беше од добар род, полн со страв Божји, а имаше и жена верна во Господа. Живеејќи во љубов кон небесната татковина, тие и дење и ноќе во своите молитви му се молеа на Бога да им подари син. Господ ги услиша нивните молитви, им се роди дете и во истиот ден неговата мајка отиде кај Господа.
Блажениот Конон ги минуваше деновите во молитва, а кога детето имаше седум години тој раздаде на бедните сѐ што имаше, го зеде детето со себе и отиде во манастир. Бог го обдари со толкава благодат што на слепите им даваше вид, лепрозните ги чистеше, ѓаволи истеруваше и најразлични болести исцелуваше.
Реката што минувала низ Иконија на пролет често се излевала од своето корито и им нанесувала многу штети на граѓаните. Еднаш кога водата пак силно надојде целиот народ го молеше човекот Божји, свети Конон, да се помоли на Бога за нив. Светителот одбиваше сметајќи се себе си за грешен и недостоен човек, но, по упорните молби и солзите на народот отиде на брегот на реката, ги крена очите кон небото и рече: „Господи Исусе Христе, како што си го слушнал слугата твој Мојсеј на Црвеното Море и синовите израилеви си ги привел на суво, така слушни ме сега и мене за народот твој да ги види твоите чудеса и да Те слави низ сите векови!“ И кога целиот народ рече „Амин“, веднаш реката се раздели на два дела, а народот со радост го фалеше Бога, Кој ги спасува оние што на Него се надеваат. Тогаш се вратија луѓето и стоката во своите населби од кои беше заминала водата.
Грижејќи се за спасението на човечките души свети Конон разоруваше многу идолски храмови и неверните ги обраќаше кон Христа не само во Иконија туку и во целата таа област. Кога славата на светителот дојде до ушите на некој војвода Дометијан, тој безбожник дојде во Иконија. И никој во градот не смееше да каже дека е христијанин.
Поттикнат од ѓаволот, Дометијан нареди да го фатат човекот Божји, свети Конон, и да го доведат пред него. Кога светителот беше доведен на измачување, Дометијан го погледна и со насмевка му рече: „Здраво благороден старче!“ „Здраво!“ - му одговори светителот. Тој почна да му зборува дека е вистина тоа што го зборуваат за него, како неговиот лик е светол и чесен и очите сјајни како ѕвезди и староста беспрекорна. Исто така, дека слушнал оти бил многу ревносен христијанин, па се осмелува и други да обраќа во неговата вера. Па додаде: „Но сепак, ние не поверувавме на тоа, зашто знаеме дека си благороден и побожен приврзаник на нашата вера“.
На тоа блажениот Конон одговори: „Пишано е дека треба да се слушаат корисни совети, но не и некорисни. Зошто си се згнасил од нашиот Господ, Кој беше фатен и на смрт осуден, на крст распнат и во гроб погребан? Зашто не си се восхитил на Неговото раѓање од пречистата Дева? Зошто не си се восхитил на раѓањето кое ангелите го објавија, радувајќи се и пеејќи: „Слава во висините на Бога а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја?“ Зошто не си се зачудил на силата на Оној, Кој со пет лебови и две риби нахрани пет илјади души. Кој направи такви дела какви што направи Он? На слепородениот, вид му подари и живот на четвородневниот мртовец Лазар. И најпосле, доброволно пострада за спасението на светот при чија што смрт камењата се распаднаа, гробови се отворија и многу свети тела станаа?“
На тоа Дометијан рече: „Кога би било вистина тоа што го зборуваш ти, тогаш целиот свет би поверувал во твојот Христос и силата на Зевс би била уништена“. Свети Конон му одговори: „Силата на Зевс и на сите ваши немоќни богови ќе биде уништена со непобедливата сила на нашиот Господ Исус Христос, Кој ми наредува да ја зборувам вистината во која ќе останам до крај. Зашто Он рече: „Јас сум патот, вистината и животот; никој не доаѓа при Отецот, освен преку Мене. Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе оживее. И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека“ (Јн. 14, 6; 11, 25-26). Нам верните ни одговара преку разни маки и неволји да влеземе во царството Божјо; а синовите на овој свет кои живеат во сластите на светот ќе бидат истерани надвор и ќе отидат таму каде што постојано е плач и крцкање со заби.
Тогаш Дометијан, полн со гнев нареди да го тепаат и да го мачат светиот Конон. А тој му рече: „Јас не се плашам од твоите маки! Брзо прави со мене што сакаш! Стави ме на најтешки маки за мојот Христос!“
Дометијан го советуваше велејќи: „Послушај нѐ и ќе уживаш заедно со нас во нашите радости!“ Но светителот му рече: „Јас сакам да живеам со душата, а не со телото, и да уживам во духовни а не во телесни радости. Но ти, безбожнику, ќе бидеш мачен во адот и на твоите маки ќе им нема крај“.
Дометијан го праша: „Ти поп ли си, лош старецу?“ Маченикот му одговори: „Не сум, зашто не сум достоен за свештеничкиот чин. Оној што ќе се удостои со него се радува со Христос и со ангелите Негови. Но и јас живеам во мојот Господ и Нему Му се поклонувам и во Него се радувам“.
Дометијан го праша: „Имаш ли жена?“ Светиот одговори: „Имав, но таа поживеа малку и отиде кај Христа Бога“. Дометијан го праша: „А деца, имаш ли деца?“ Светиот одговори: „Имам едно дете, син; тој остана во мојата ќелија, но јас сакам и тој да излезе пред тебе“. Дометијан праша: „И тој ли не се поклонува ка нашите богови?“ Светиот одговори „Какво е дрвото, такви му се и гранките. Туку те молам испрати да го доведат за заедно да примиме венец на мачеништво“.
И веднаш беа испратени војници да го доведат младиот Конон. Кога го доведоаа, Дометијан го праша стариот Конон: „Колку години има твојот син?“ А светиот одговори: „Кога го доведоа во манастирот имаше седум години, кога наполни дванесет го поставија за црковен чтец, а сега има седумнаесет години и со благодатта Христова е ѓакон меѓу посветените слуги Божји. Уште од детство го научив да живее во целомудреност и е достоен на мачеништво. Затоа немој да одложуваш, туку мачи нѐ, за заедно да бидеме овенчани од нашиот Бог Христос“. Дометијан го праша: „Како се вика твојот син?“ Светиот одговори: „Исто име има со таткото свој, се вика Конон“.
Обраќајќи се кон младиот Конон, Дометијан започна да му зборува: „Слушни момче! Твојот татко живеел многу години, се оженил, имал деца и доволно се науживал во овој свет. А сега, бидејќи е стар не е ни чудно што сака смрт за себе. Но, ти си млад и туку што си ги вкусил сладостите на овој живот. Зарем ќе тргнеш по неговата волја?“ Младиот Конон му одговори: „Мојот татко ме научи да го познаам единствениот вистински Бог, Творец на сѐ видливо и невидливо и да живеам во Него, чисто и во светост; во нашиот Господ постои бесконечен живот што Он му го дава на секој што го љуби. Мојот татко ме научи дека за безбожните идолослужители се подготвени вечни маки во пеколот, а за праведните Христови слуги - венци на слава небесна во бесконечното царство на нашиот Бог Христос, за Кого ние се распнавме за светот и светот се распна за нас. Ќе ги повторам зборовите на мојот Господ Христос: „Што прави мојот Отец и јас правам, и Синот не може да прави ништо Сам од Себе, ако не Го види Отецот да прави; оти она што го прави Он, тоа исто го прави Синот“ (Јн. 5. 17, 19).
На тоа Дометијан рече: „Ако го погубам твојот татко со страшни маки, ќе се согласиш ли и тебе да те погубам на ист начин?“ Блажениот Конон му одговори: „Се согласувам да умрам заедно со мојот татко, за со него да живеам во царството на нашиот Господ, зашто да се умре за Христос не е смрт туку наоѓање во вечниот живот“.
Тогаш Дометијан му се обрати на стариот Конон: „Навистина, ова момче е помудро од тебе; му недостасува само да ја спознае вистината и да им се поклони на нашите богови“, Свети Конон му одговори: „Момчето добро ја знае вистината и се поклонува само на Оној, Кој вели: „Јас сум вистината“. А на идолите ѓаволски, вашите лажни богови, никогаш нема да им се поклониме ниту тој ниту јас“.
На тоа Дометијан рече: „Послушај го мојот последен збор: пристапи им на боговите за да се спасите од страшните маки и од смртта, и да примите богати дарови од нас“. Стариот Конон му одговори: „О, беззаконику, отфрлен од Бога, зарем не ти реков на почетокот дека сум христијанин и дека сакам да умрам за Христа заедно со мојот син, а ти, пијан и бесен од злоба не ги паметиш моите зборови“.
Тогаш Дометијан нареди да донесат железен кревет и силно да го вжештат. Потоа нареди да ги соблечат светите маченици, да ги положат на тој кревет и да ги печат. Тогаш едни од слугите го распалуваа огнот, други истураа врел елеј врз телата на мачениците, но тие останаа неповредени. Стариот Конон му говореше на Дометијан: „Зарем не се сеќаваш кога ти велев да измислиш најстрашни маки за нас? Еве, ние не ги чувствуваме маките од огнот“.
Тогаш мачителот нареди да се подготви бакарен котел, да се наполни со олово и смола, и да се стави да врие, па ги фрлија светите во него, за да види дали нивниот Бог ќе ги извади оттаму. Фрлени во котелот, светите Му се молеа на Бога: „Господи, Создателу на сите! Чуј нѐ и испрати ни ангел Твој да го разладува овој страшен оган како што некогаш на Тројцата Младенци им ја разладуваше вжештената печка. Почуј нѐ, Господи, и дојди ни на помош за сите да сфатат дека Ти си Син на живиот Бог, Кој си дошол на светот.
И веднаш Господ испрати Свој ангел, кој со небесна роса го разладуваше котелот, и им рече: „Мир на вас, добри војници, верни подвижници, не плашете се зашто со вас е Христос, Кој ќе ве направи победници и ќе ве одведе во вечната радост“.
Потоа Дометијан нареди да ги обесат светите маченици со главата надолу и да ги кадат со смрдлив чад. А свети Конон постариот се насмеа и рече: „О глупаку, до нас не се допре огнот твој, та зарем од чадот да се уплашиме“. И мачени со смрдливиот чад, светите му се потсмеваа на мачителот.
А Дометијан, бесен и посрамен, не знаеше што да прави понатаму, па нареди со дрвена пила да ги престругат мачениците на половина. Кога ги наместија да ги стругат, светите ги замолија слугите да им дадат малку време за молитва. И тие се помолија на Бога, говорејќи: „Господи, Боже сесилен, Ти благодариме што нѐ удостои да пострадаме за светото име Твое, нѐ крепеше во маките, и нѐ покажа како победници над ѓаволот. Те славиме Тебе Христе Боже, и Те молиме: дај ѝ мир на Твојата света Црква и посрами ги и истреби ги оние што ја гонат. Сочувај го и умножи го родот христијански, кој вистински Те слави до свршетокот на светот. Уште Те молиме, Господи, прими ги во мир нашите души за да не се изврши над нас наредбата на мачителот. Нека не се зарадува непријателот наш, и не се пофали говорејќи: Ги погубив како што сакав! Туку земи не нас кај себе пред тој да нѐ преструга, за да познае Дометијан дека сме слуги Твои, а оние што ќе го слушнат тоа да го прославуваат пресветото име Твое за навек!“ И кога рекоа „амин!“, дојде глас од небото кој ги повика. Светите маченици се прекрстија и ги предадоа своите души во рацете Божји. И веднаш настана силен земјотрес, испопаѓаа идолските храмови и се испокршија сите идоли во градот, а Дометијан побегна во својата куќа и се сокри.
Кога слушнаа што се случило со светите маченици, браќата од манастирот дојдоа, ги зедоа нивните чесни тела и ги погребаа чесно во манастирот, славејќи го Отецот и Синот и Светиот Дух, еден во Троица Бога, славен во вечни векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК МАКСИМ
Пострадал за Господа Христа, каменуван.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ АРКАДИЈ
Нашиот преподобен отец Аркадиј беше замонашен уште од младоста и се подвизуваше на островот Кипар во времето на царот Константин Велики. Тој им бил учител на Јулијан Лекарот и Евул, кои потоа пострадаа за време на царувањето на Јулијан Отстапник (361-363 г.). Нивните тела ги погреба свети Аркадиј, а по нив со благодарност кон Господа и самиот премина од овој во оној небесен свет, по 361 година.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЈУЛИЈАН ЛЕКАРОТ И ЕВУЛ
Биле ученици на преподобниот Аркадиј. Пострадале за Господа Христа заклани со меч во времето на безбожниот цар Јулијан Отстапникот (361-363 г.).
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕФРОСИН
Бил задушен во врела вода за Господа Христа.
ПРОНАОЃАЊЕ НА ЧЕСНИОТ И ЖИВОТВОРЕН КРСТ И ЧЕСНИТЕ КЛИНЦИ
од страна на светата царица Елена
Блажената царица Елена, мајката на царот Константин Велики (306-337г.), го пронајде Чесниот и Животворен Крст Господов, кога со таа намера го посети Ерусалим. Тоа опширно е опишано под 14 септември. Пронаоѓајќи го Чесниот Крст, таа половината го остави во Ерусалим, каде се чува и до денес, а втората половина ја пренесе во Цариград, како што за тоа пишува црковниот историчар на тоа време, Сократ (Црковна историја 1, 17) и Созомен (Црковна историја 2, 1). Тие додаваат дека во таа прилика света Елена ги пронашла и чесните клинци, со кои било приковано телото Господово на Крстот, и дека му ги подарила на својот син Константин, а тој од нив си изработил шлем за себе.
СПОМЕН НА НА ЧУДОТВОРНАТА ИКОНА НА МАЈКАТА БОЖЈА
викана „ЧЕНСТОХОВСКА“
Оваа чудотворна икона на Пресвета Богородица била донесена од Цариград во Русија, каде што останала во еден православен храм во Галиција полни три века. Кога Полјаците завладеаја со Русија, латините ја присвоија оваа икона за себе.