20.  Март  (7. Март)

 

СТРАДАЊЕТО НА СЕДУМТЕ СВЕТИ СВЕШТЕНОМАЧЕНИЦИ:

ЕФРЕМ, ВАСИЛИЈ, ЕВГЕНИЈ, ЕЛПИДИЈ, АГАТАДОР, ЕТЕРИЈ и КАПИТОН

За време на царот Диоклецијан, во 296-та година, ерусалимскиот патријарх Ермон испрати многу епископи во разни земји и градови, апостолски да го објавуваат Божјото слово и да го проповедаат Христа. Од нив двајца епископи отпатуваа во автроскитската земја и дојдоа во градот Херсон. И двајцата се трудеа околу проповедањето на вистинскиот Бог на тамошниот незнабожечки народ, просветувајќи ги помрачените со темнината на елинската идолодемонија. Потоа свети Ефрем му го остави народот на свети Василиј, и отиде меѓу Скитите кои живееја покрај Дунав и, проповедајќи го Евангелието таму многумина обраќаше кон Христа. По многу маки и страдања поднесени за Христовото Евангелие, му беше отсечена главата, на седми март. Изобличувајќи ја заблудата на незнабошците во Херсон и покажувајќи им го вистинскиот пат за спасението, свети Василиј предизвика гнев меѓу народот и безбожниците го фатија, немилосрдно го тепаа и го протераа од градот. Тогаш тој отиде во една гора и се насели во една пештера. Таа гора се викала Партенон, односно Девојка, зашто во неа се наоѓало идолиште и идолот на некоја незнабожечка богиња девојка. Свети Василиј живееше во таа гора и се радуваше што беше удостоен да поднесе рани и прогонство заради Христа, но тагуваше и плачеше поради пропаѓањето на човечките души обземени од ѓаволот, и со солзи Му се молеше на Бога за нивно обраќање.

Не помина долго време, а на кнезот херсонски му умре синот единец и беше погребан надвор од градот. Дотолчени од жалост, родителите седеа крај неговиот гроб, тагувајќи и плачејќи. Веќе настапи ноќта, а тие останаа покрај гробот на својот син. Задремаа и во сонот им се јави нивниот покоен син, говорејќи им: „Зошто плачете и ја оплакувате мојата смрт? Вие не можете да ме земете одовде жив затоа што нашите богови не можат да ме воскреснат оти се идоли измислени од ѓаволот и служат за прелажување и погибел на луѓето. Ако сакате да ме имате жив, измолете го оној непознат човек, кого го протеравте од градот, тој да се помоли за мене на својот Бог. Верувајте и вие во Богот, Кого тој Го проповеда зашто е вистински Бог, Кој има власт над живите и мртвите и е моќен да ме подигне од мртвите со живите молитви на оној маж кого вие го протеравте“.

Кога се разбудија, родителите си раскажаа меѓу себе за своето видение и увидоа дека исто виделе, па се восхитија и израдуваа. Веднаш поитаа кон градот и сѐ им раскажаа на своите блиски. Штом осамна, започнаа да го бараат Божјиот човек и го најдоа во споменатата пештера. Кнезот заедно со останатите падна пред неговите нозе и го молеше да го воскресне неговиот син. Светителот одбиваше, говорејќи: „Како можам јас да го сторам тоа, кога сум грешен човек? Но, ако верувате во Богот, Кого јас Го проповедам, ќе го добиете она за што молите, зашто едиствено Он е во состојба да ги подига мртвите од гробовите“. Тие рекоа: „Ако нашиот син оживе, со радост ќе направиме сѐ што ќе посакаш и наредиш“.

Светителот Божји, Василиј, стана и отиде со нив на гробот. Кога го дигнаа каменот од гробот, свети Василиј влезе внатре и, осенувајќи го мртвиот со крстниот знак, долго се молеше. Потоа зеде вода, ја освети и како при свето крштение ја изли врз мртвиот, призивајќи ја Пресвета Троица. И веднаш мртвиот оживе и проговори, славејќи го Бога. Сите присутни ги обзеде страв и ужас, а радоста на родителите беше неискажлива. Сите ги прегрнуваа нозете на светителот, величајќи го и исповедајќи дека вистински Бог е Оној, Кого тој Го проповеда. Тогаш архиерејот Божји, свети Василиј, најсвечено беше воведен во градот. И се крсти кнезот со целиот свој дом, верувајќи во Христа. Многумина кои го видоа тоа чудо им се придружија на верните. Така во Херсон растеше Црквата Божја, а незнабожечките идолишта постепено исчезнуваа.

Кога го виде опустошувањето на своите жртвеници, ѓаволот влезе во срцата на херсонските Евреи, а тие ги наговорија незнабошците да се кренат против христијаните, а особено против нивниот предводник, свети Василиј, и да го убијат. Се собраа многу вооружени незнабошци и ненадејно го нападнаа архиерејот Божји. Го извлекоа од неговиот дом, му ги врзаа нозете и го влечеа по градските улици, тепајќи го со колови и камења и газејќи го со нозете. Кога го довлекоа на местото каде што христијаните беа поставиле столб со крст, светителот Христов, Василиј, ја предаде својата света душа во рацете Божји. Маченички го заврши својот подвиг на седми март, во истиот ден кога и свети Ефрем беше погубен со меч од скитите. Телото на свети Василиј го извлекоа надвор од градот и го оставија да го разнесат птиците и кучињата. Многу денови лежеше непогребано, но со Божја промисла остана недопрено, зашто ноќе над телото на маченикот се јавуваше многу сјајна ѕвезда и волк клечеше крај него, чувајќи го од кучињата, а дење орел кружеше над телото не дозволувајќи им на птиците грабливци да му се приближат, сѐ додека една ноќ не го украдоа христијаните и чесно го погребаа.

По маченичката смрт на светиот епископ Василиј, еден од неговите ученици отиде во хелеспонската страна и таму најде тројца епископи кои го проповедаа Евангелието Христово: Евгениј, Елпидиј и Агатадор. Претходно и тие беа испратени заедно со светите Ефрем и Василиј од страна на пресветиот ерусалимски патријарх Ермон. Овој ученик им кажа за смртта на свети Василиј, а тие го прославија Бога и се договорија да заминат за Херсон за да го наследат свети Василиј. Нивната проповед секојдневно го умножуваше стадото Христово во Херсон, но и против нив се крена ѓаволот преку Евреите и незнабошците. Тие ги фатија светите проповедници, врзани ги влечеа по улиците и ги тепаа со дрвја и камења, сѐ додека не ги предадоа своите свети души во рацете на својот Господ. И нивните тела ги извлекоа надвор од градот и ги фрлија, но христијаните кришум ги зедоа и чесно ги погребаа. Светите три епископи Евгениј, Елпидиј и Агатадор пострадаа исто така на седми март, една година по свети Василиј.

По неколку години, повторно испратен од ерусалимскиот патријарх, во Херсон дојде светиот епископ Етериј, во времето кога Константин Велики веќе беше поверувал во Христа. Кога виде дека незнабошците не им дозволуваат на христијаните да се шират во градот, свети Евтериј отиде во Византија кај царот Константин, му се пожали за тоа и царот издаде наредба: христијаните слободно и непречено да живеат во Херсон, слободно и јавно да се собираат на богослуженија и да се протераат од градот сите што ќе се противат на тоа.

Свети Етериј многу го израдува Христовото стадо со таквата наредба од царот, изгради црква во градот и сѐ добро уреди. Потоа повторно отиде кај царот за да му се заблагодари, но при враќањето се разболе. Кога коработ стигна на островот Ас, светителот се пресели од овој привремен живот во вечниот. Верните го погребаа овде. И свети Етериј се упокои на седми март исто како и претходните свети маченици.

На негово место за епископ на херсонската црква беше испратен блажениот Капитон. Христијаните со радост го дочекаа. Но, се собраа незнабошците и бараа од него знак, со чудо да докаже дека неговата вера е вистинска, за да се уверат во тоа. Чудото ќе биде вакво, говореа тие: да се вжешти голема печка и во неа да влезе епископот, па ако не изгори и ако остане жив, ние сите ќе се крстиме.

Надевајќи се во Бога, свети Капитон се согласи со нивниот предлог и кога сѐ беше подготвено, се облече во архиерејската облека, го стави омофорот на себе, сесрдно Му се помоли на Бога да ја покаже својата божествена сила како доказ на неверниот народ и, откако доволно се помоли, влезе во зажарената печка и стоеше во пламенот околу еден час, молејќи са на Бога со кренати раце кон небото. Но, огнот не се допре до него, а тој стави жар во фелонот и излезе пред пред народот наполно здрав. Сите беа восхитени од ова чудо и громогласно повикаа „Единствен Бог е Богот христијански!“

Херсон и околината ја примија христијанската вера. За тоа беше известен и Константин Велики: за него многу се зборувало на Никејскиот Собор. И сите Го прославија Бога и се восхитуваа на големата вера и слобода што ја има светиот епископ Капитон пред Господа.

По неколку години, додека свети Капитон патуваше од Херсон за Цариград, настана бура и брановите го однесоа коработ на устието на Дњепар. Тамошните незнабошци го ограбија коработ, ги исфрлија од него сите патници, а само архиерејот Божји, свети Капитон, го удавија во водата. Така тој маченички го заврши својот живот на дваесет и први декември, но неговиот спомен се врши на седми март, заедно со претходните херсонски светители кои пострадаа на седми март. Зашто и неговата света душа е придружена со нивните души на небесата, и тие седум архиереи Божји, епископи херсонски, како седум главни ангели стојат заедно пред Пресвета Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух, единствениот Бог, славејќи Го со сите светии за навек, амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ЕМИЛИЈАН МОНАХОТ

Во градот Рим имаше еден човек по име Викторин, кој од својата младост животот го минувал во многу гревови. Подоцна, во својата старост тој си дојде на себе и, сеќавајќи се на гревовите свои трепереше од страв, како ќе излезе пред судотБожји. Затоа, отиде во еден свет манастир, го измоли игуменот да го прими, се одрече од сѐ на овој свет и стана монах. Како монах му беше дадено името Емилијан. Се оддаде на наполна покорност и послушание, исполнувајќи ги сите наредби што ќе му бидат дадени и измачувајќи го своето тело, и дење и ноќе. Постојано имајќи го во душата сеќавањето за смртта, тој секојдневно се подготвуваше за Страшниот суд Божји, и за одговорот што ќе го даде за своите гревови во денот на испрашувањето. Живееше во постојан страв од вечните пеколни маки. Со таквиот страв тој толку го скроти и исуши своето тело, што сите браќа кои од љубов Божја живееја во манастирот, му се восхитуваа и се трудеа да живеат како него, и во послушание да ги стекнат неговите подвизи, та на тој начин да ги очистат гревовите свои. Зашто од ден во ден го гледаа како гладува, малку спие, го мачи и испостува своето тело, и имаа многу корист од него.

Тој манастир се наоѓал на една висока планина која од едната страна имала пештера. Блажениот Емилијан имаше обичај доцна во ноќта кришум да заминува од манастирот во таа пештера и таму цела ноќ со солзи да се моли сѐ до утрената. Но, по многу време, игуменот забележа дека Емилијан излегува од манастирот доцна во ноќта. Не знаејќи каде оди тој, игуменот појде по него. Кога го виде дека влегува во пештерата, тој застана со намера да го чека додека да излезе, за да го праша зошто оди таму. Но за кратко време, одеднаш блесна небесна светлина посилна од сонцето и ја осветли целата таа гора. Тогаш игуменот виде како преподобниот Емилијан стои во пештерата со рацете кренати кон небото и се моли на Бога, и како небесната светлина слегува врз главата на блаженот. Кога го виде тоа, игуменот беше обземен од ужас, се преплаши, и треперејќи започна да бега кон манастирот. Штом стигна пред манастирската капија, слушна глас од небото: „Емилијане, ти се простуваат сите твои гревови!“ Уште повеќе запрепастен од овој глас, игуменот побегна во својата ќелија и молчејќи очекуваше да осамне.

По утрената, сакајќи браќата да добијат духовна корист, игуменот пред сите го праша преподобниот Емилијан: „Брате, каде беше ноќеска?“Преподобниот му се поклони на игуменот и одговори: „Бев во манастирот со браќата и цела ноќ се одмарав“. Но, укорен од игуменот и приморан да не ја сокрива милоста што им се покажува на грешниците кои се кајат, преподобниот Емилијан им ја кажа целата тајна на своите браќа, како светлина и глас од небото слегнаа врз него од престолот на милосрдието.

Тогаш игуменот започна да им зборува на браќата: „Браќа мои, семоќниот Бог можеше и молкум да ги прости гревовите на овој брат, но заради нас му испрати светлозрачна милост со глас, за да ги побуди нашите срца на покајание, и да знаеме, и да се восхитуваме на милоста и човекољубието на нашиот Творец, дека Он не е далеку од оние кои вистински се каат“.

По таквото известување дека му се опростени гревовите, преподобниот Емилијан останатото време од својот живот го помина во духовна радост, и отиде кај недостапната светлина да го слуша гласот на радоста и веселието во населбата на праведниците на небесата кои ликуваат за навек.

СПОМЕН НА НАШИТЕ СВЕТИ ОТЦИ АРКАДИЈ И НЕСТОР,

епископи Кипарски

Овие свети отци биле епископи на градот Тримитунт на Кипар. Доаѓајќи за епископи секој во своето време, тие на Кипар затекнаа силно идолопоклонство и вложија голем труд и многу чуда направија додека го победија идолопоклонството. Се преселија кај Господа во маки, прогонства и во голема скрб.

ПОВЕСТ ЗА ЗАТВОРНИКОТ

на кого Бог му ја откри тајната за примателите на милостина

Некој монах, затвореник, бил славен во својот манастир. Од младоста имал чисто житие, па се оградил од сите житејски сласти и, заклучувајќи се во тесна ќелија, тој му служеше на Бога. Го умртвуваше своето тело со пост и сеноќно бдение, и со многу солзи на Господарот на сите Му принесуваше молитви за себе и за целиот свет, и со целиот свој ум беше внесен во богомислие. На одредено време добиваше храна од раката на ќелијникот. И никогаш ништо не земаше од она што Бог им го испраќал на браќата во манастирот преку христијаните.

Еден ден во манастирот дојде старешината на градот за да донесе милостина и на сите им даде по еден сребреник. Дојде и кај старецот затвореник со златник во рацете и го молеше да го прими. Старецот се посрами од угледниот човек, го зеде златото и го стави во својот џеб. Наредната ноќ, откако го изврши своето молитвено правило легна на рогозината малку да отспие. И имаше вакво видение за примателите на милостина: дојде надвор од себе, и се виде себе си како со останатите браќа од манастирот стојат на широко поле полно со трње, и некое страшно момче (а тоа беше ангел Господов) дојде и ги приморуваше сите монаси, говорејќи: „Жнејте ги трњето!“ Му пријде и нему, и му рече: „Опашај се и жнеј од трњето!“ Затвореникот не сакаше, па ангелот му одговори: „Немаш изговор, зашто вчера со своите монаси си се најмил. Тие од оној христољубец зедоа по еден сребреник, а ти зеде златник, и си должен да жнееш повеќе од другите, зашто си добил поголем наем. А овие трње што ги гледаш, тие се делата на оној човек, од кого вчера сте добиле милостина. Затоа, започни да жнееш со останатите!“

Тргнувајќи се од сонот и размислувајќи за видението, затвореникот се растажи и го повика оној што му го беше дал златникот и го молеше да си го земе. Но, христољубецот не сакаше да го земе и му рече на затвореникот: „Задржи го за себе, оче или ако сакаш, дај го на друг“. Тогаш старецот рече: „Не сакам да ги жнеам трњето на туѓите гревови, зашто не сум во состојба да ги искоренам многуте трње на гревовите свои. И го фрли златникот од својата ќелија и го затвори прозорчето. А оној човек, кога дозна за причината поради која старецот ја одби неговата милостина, започна да го поправа својот живот и голема милостина им правеше на бедните и неволните, сеќавајќи се на Светото Писмо, дека со милостината и со верата се очистуваат гревовите.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ЛАВРЕНТИЈ

Преподобниот Лавренитиј беше родум од градот Мегара во Атика. Неговите родители беа многу побожни и се викаа Димитриј и Киријакија. Се ожени со девојка по име Васила и со неа доби два сина, Јован и Димитриј.

Се занимаваше со земјоделие, а понекогаш и со ѕидарство. Еднаш тој отиде на својата нива што се наоѓаше во близина на градот Коринт. Тука во сон му се јави Пресвета Богородица и му нареди да отиде на островот Саламина и таму да го обнови срушениот храм. Лаврентиј не му поверува на тој глас и не појде. Следната ноќ, Пресветата повторно му се јави и пак му нареди да го стори тоа што му го беше рекла. Но тој и тогаш не појде. По третата ноќ и третото јавување на Мајката Божја, која му го посочувала точното место каде се наоѓа црквата, најпосле тој, целиот во страв од казна за своето неверие, реши да појде на островот Саламина. По морето имаше голема бура, но тој со помош на Пресвета Богородица стигна неповреден на островот. Кога дојде на посоченото место, тој започна да копа и набргу најде Нејзина света икона. Потоа овде ја подигна и обнови некогаш разрушената црква. Самиот стана монах овде, и на постригот го доби името Лаврентиј додека дотогаш се викаше Лампрос. Наскоро потоа се замонаши и неговата жена, а подоцна и неговиот постар син Јован.

Во тој новообјавен манастир набргу се собраа голем број монаси и јеромонаси, на кои по смртта на Лаврентиј, игумен им стана неговиот син Јован. Бидејќи имотот на Богородичниот манастир беше разграбен од Турците, преподобниот се трудеше да го поврати и со своите молитви и чудеса успеа во тоа. Тој на чудесен начин со своите молитви ја исцели болната жена на еден османлија кој беше запоседнал голем манастирски имот со маслинови дрвја во Глифода, та потоа тој го поврати маслинарникот на манастирот.

Живеејќи и подвизувајќи се во овој обновен манастир кој се нарекува Манастир на Богородица Фанеромена (Јавување), преподобниот исцели еден слеп човек и еден обземен од ѓаволот, и уште многу други чудеса направи.

Ова пронаоѓање и јавување на чудотворната икона на Пресвета Богородица и обновувањето на нејзиниот манастир се случило околу 1642 година, а преподобниот Лаврентиј се претставил на 6 март 1707 година.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПАВЛЕ ПРИПРОСТИОТ

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПАВЛЕ ИСПОВЕДНИКОТ

Свети Павле беше епископ на градот Плусиада, во Витинија во Мала Азија, во времето на иконоборната ерес. Гледајќи како противниците на светите икони со голем бес и гнев војуваат против Христовата Црква, за да го изопачат востановеното од светите Апостоли, да ги уништат светите икони, да го разорат благолепието и убавината на светите храмови, преподобниот истапи против нив и со своите зборови ги поразуваше како со стрели. Поради тоа претрпе гонења, прогонства и многу други маки од иконоборците. Борејќи се така јуначки и храбро за Православието, тој ја предаде својата душа во рацете Божји.

Преподобниот Павле се упокои околу 850-та година.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ЕФРЕМ,

патријархот Антиохиски

Свети Ефрем беше патријарх на Божјиот град Антиохија од 526 до 546 година.