21.  Март  (8. Март)

 

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ТЕОФИЛАКТ ИСПОВЕДНИКОТ,

епископот Никомидиски

Во времето на црковните бранувања од иконоборните ереси, благочестивиот Теофилакт дојде во Цариград од источните покраини и се спријатели со големиот светилник на Црквата, свети Тарасиј, кој тогаш сѐ уште беше прв царски советник. Кога умре иконоборниот цар Лав Копроним и се зацари неговиот син Константин со мајка си Ирина, патријархот Павле, наречен Милостивиот, доброволно се одрече од патријаршискиот престол и на негово место за патријарх беше избран свети Тарасиј, кој го свика Седмиот Вселенски Собор и ја проколна иконоборната ерес. Тогаш блажениот Теофилакт заедно со свети Михаил Синадски, се одрекоа од светот, примија монашки чин и пресветиот патријарх Тарасиј ги испрати двајцата во манастир на брегот на Црното Море. Подвизувајќи се таму во монашките трудови, стекнаа голема слобода во своите молитви кон Бога.

Едно лето зафати голема суша и кога сите страдаа без вода, тие се помолија на Бога и направија така што еден сув бакарен сад точеше вода за сите потреби, зашто Господ ја исполнува волјата на оние кои Му се бојат, и Ги услишува нивните молитви.

Доблесниот живот на овие преподобни отци сјаеше како најсјајна ѕвезда и пресветиот патријарх знаеше дека се достојни за висок архиерејски чин. Затоа Михаил го посвети за епископ Синадски и го испрати во Синад, а блажениот Теофилакт за епископ Никомидиски и го испрати во Никомидија. Колкав труд и пожртвуваност за стадото Христово покажа свети Теофилакт сведочат божествените храмови, болниците и гостоприемниците што тој ги изгради, и неизмерната милостина која секојдневно ја правеше. И самиот им служеше на болните, слепите, сакатите и немоќните, и ги обиколуваше сиротилиштата.

Потоа, пресветиот Тарасиј се пресели кај Господа, а цариградскиот патријаршиски престол го зазеде мудриот Никифор. Малку потоа царскиот престол го зазеде Лав Ерменин, иконоборецот, и како таков повторно крена голема бура во Црквата Христова. Пресветиот патријарх Никифор повика одбрани архиереи: Емилијан Кизички, Евтимиј Сардиски, Јосиф Солунски, Евдоксиј Амориски, Михаил Синадски, и овој блажен Теофилакт Никомидиски, и со нив отиде кај злочестивиот цар. Наведувајќи докази од Светото Писмо, овие свети отци го советуваа царот да не прави немири во Црквата Христова со обновувањето на иконоборната ерес која е проколната на Седмиот Вселенски Собор. Но, не можеа да го посоветуваат безумниот цар, па блажениот Теофилакт му рече: „Знам дека не ти е грижа за Божјото долготрпение, и дека не работиш на своето спасение, ами се противиш на древните преданија од светите Отци и ствараш немири во Црквата. Но знај, ќе доживееш страшна и ненадејна смрт“.

Кога го слушна тоа, царот се разбесни, ги истера сите, па донесе одлука и ги испрати на заточение во разни места: Пресветиот патријарх Никифор на островот Проконис, светиот Михаил во Евдокијада, останатите во други места, а свети Теофилакт Никомидиски во градот Стровил, приморска тврдина во кивереотската покраина. Христовиот исповедник и голем поборник за верата помина таму триесет години во тешкотии и злоставувања, од каде што се пресели кај Господа, околу 845-та година.

Потоа царот Лав Ерменин загина од ненадејна и лута смрт како што прорече светителот. И тоа загина на Божиќ во црквата: неговите војници го заклаа со меч. По него царуваа царевите иконоборци: Михаил викан Валвос, потоа Теофил, син на Михаил. Кога починаа, на царскиот престол стапи царицата Теодора со својот син Михаил, а свети Методиј дојде на патријаршискиот престол. Тогаш беззаконската ерес потполно пропадна, а Православието заблеска. Тогаш и чесното тело на нашиот преподобен отец Теофилакт беше пренесено од заточение во Никомидија и положено во никомидиската црква која тој ја беше подигнал во чест и слава на нашиот Бог Христос.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ТЕОДОРИТ,

презвитерот Антиохиски

Царот Константин и неговиот син Констанциј изградија соборна црква во сириска Антиохија, особено велелепна. Оваа црква, народот ја нарече златна, зашто беше позлатена и однадвор и одвнатре и заради многуте садови од чисто злато и сребро што ги имаше во црквата. Царот подари голем имот на црквата за издржување на свештениците чиј број беше значителен. Чувар на сите скапоцености во црквата беше презвитерот Теодорит, свештеник со голема вера и ретка побожност. Уште од младоста тој водеше добродетелен живот и го чуваше своето срце во правоверие. Му угодуваше на Бога со пост, молитва, милостина, грижа за спасението на човечките души и беспрекорно извршување на свештеничката служба.

Кога умре Константиновиот син Костанциј, се зацари законопрестапникот Јулијан (361-363 г.). На почетокот тој се преставуваше како побожен христијанин и ги поврати од заточение епископите кои царот Констанциј ги беше протерал заради верата. Но кога го зацврсти својот престол, Јулијан јавно се одрече од Христа, од Кого одамна потајно се беше одрекол и се предаде себе си на ѓаволот, па започна да ја гони Црквата Христова. Тој не ги истребуваше сите христијани по ред, туку ги мачеше и убиваше христијанските духовни водачи и истакнати световни луѓе. Ги одземаше светите храмови од христијаните и ги претвораше во идолишта; ги пљачкаше црковните скапоцености и имоти. Притоа бедникот зборуваше: „Христијаните не треба да поседуваат никаков имот, зашто нивниот Христос им наредува да бидат сиромашни“. Во тоа страшно време и антиохиската соборна златна црква беше опустошена. Сите нејзини скапоцености, ризници и имоти беа разграбени, свештениците растерани, а свети Теодорит измачен. Тоа се случи вака:

Царот Јулијан имаше вујко, со исто име Јулијан, кој беше роден брат на неговата мајка. Царот го постави него за кнез и мачител на христијаните во источните земји. Овој, првин беше христијанин но, сакајќи да му угоди на својот цар роднина, се одрече од Христа и им се поклони на идолите. Дојде во Антиохија заедно со царскиот ризничар Феликс и, знаејќи дека соборната црква е богата го фати црковниот ризничар, блажениот презвитер Теодорит, додека сите клирици се беа разбегале и сокриле кој каде што нашол. Тој ги зеде клучевите од блажениот Теодорит, го окова и го фрли во темница. Потоа со царскиот ризничар и со голема воена сила појде во црквата Божја да ги собере нејзините украси, злато, сребро и сите скапоцености, и да ги предаде во царската ризница. Влезе во светињата Божја како разбојник и со голема дрскост и бесрамност го пљачкаше црковното благолепие, бесчестејќи ја и сквернавејќи ја светињата Божја. Несреќникот се дрзна да мокри крај самиот свет престол Божји. Потоа седна врз црковните садови изнесени од олтарот и наредени по земјата, и започна да ги исмева и изрече гадни богохулства кон нашиот Господ Исус Христос. Еден од присутните, по име Евзој, го посоветува да не ги бесчести светињите Господови и да не хули на Христа, а тој силно го тресна по главата, велејќи: „Не постои никаква Божја промисла за христијаните, зашто тие се наполно лишени од тоа!“

Откако на таков начин ја опљачка и оскверни Божјата црква, Јулијан се зафати да го мачи служителот Божји, светиот Теодорит. Го изведе окован пред својот безбожен суд и го праша: „Теодорите, зошто за време на царот Константин си ги срушил храмовите на древните богови, а си ги украсил гробовите на мртвите и си наредил врз нив да се градат цркви?“ Светителот му одговори: „Божествените цркви и гробовите на светите се направени и украсени од предците, зашто Бог ги прославува своите свети достојни за Него. Но ти се чудам тебе, кнезу, поради тоа што од христијанин си станал идолопоклоник“.

Тогаш кнезот нареди да го тепаат светителот по лицето. А маченикот продолжи: „Грешиш, Јулијане, што дрвените и камени идоли ги нарекуваш богови“. Тогаш мачителот нареди гол да го обесат светителот и телото да му го стругаат со железни нокти. Три часа го стругаа неговото тело и крв како поток течеше од него, а лицето му сјаеше од радост зашто не чувствуваше никаква болка. Мачителот му рече: „Беднику, принеси им жртва на боговите за да те ослободам од долгот за поарчениот црковен имот. Ако пак не им принесеш, душата ќе ти ја извадам со страшна смрт“. Светителот одговори: „Ти и твојот цар сте бедници зашто го оставивте Христа и се прилепивте до антихристот, и должни сте да горите во вечниот оган. Но јас никому не должам. Должен сум на мојот Господ Христос да ја застапувам вистинската вера сѐ до последниот здив“.

Потоа мачителот повторно му рече: „Ќе добиеш многу одликувања и злато, само ако се одречеш од оној распнат магепсник кого го нарекуваш син Божји“. Светиот маченик му одговори: „Јас се надевам во мојот Господ, Кој на своите слуги им дава место негнилежно, а златото твое нека отиде со тебе во погибел“. Тогаш мачителот нареди да ги горат неговите ребра. Додека го гореа, светиот ги подигна очите кон небото и се молеше, и тогаш двајцата слуги кои го гореа веднаш паднаа на земјата како мртви.

Јулијан нареди веднаш да ги кренат слугите од земјата, и ги праша: „Што се случи со вас?“ Слугите си дојдоа на себе и рекоа: „Ти си безбожен и слеп со душата и затоа не гледаш како четири ангели Божји го штитат слугата Божји. Ене, тие разговараат со него и нам ни се закануваат да не го допираме неговото тело. Затоа, богохулнику, знај дека е голем Богот христијански и сега ние веруваме во Него“.

Посрамен, мачителот нареди тие слуги да ги фрлат во морските длабочини. Кога ги поведоа, светиот маченик Христов им довикна: „Деца мои, одете со мир, а јас ќе ве следам и ќе се радувам заедно со вас во царството небесно“. Потопени во морето, слугите се удостоија на маченички венец од Христа Бога во Кого поверуваа.

А поганиот кнез Јулијан викаше кон свети Теодорит: „Принеси им жртви на боговите!“ Исполнувајќи се со пророчки дар, светиот маченик му рече: „Ти, најрасипаниот и најбеден од сите луѓе, наскоро својата гнасотија ќе ја џвакаш и по малку денови својата погана душа во маки ќе ја повратиш и на вечниот оган ќе му ја предадеш. Веднаш по тебе ќе загине и твојот беззакон цар во Персија, убиен од невидлива рака. Знај дека вашата намера нема да успее зашто вашиот крај е близу“.

Не можејќи да ги слуша ваквите зборови на светителот, гадниот мачител нареди веднаш да му ја отсечат главата. Светителот радосен одеше на смрт, молејќи се на Бога за себе и за целиот свет. Му ја здробија главата со секира и така ја предаде својата душа во рацете Божји во 362 година. Неговото свето тело го погребаа христијаните, и во своите срца ги чуваа пророчките зборови што му ги изрече на мачителот додека страдаше, и чекаа тие да се исполнат.

И се исполни пророштвото негово: Царот Јулијан и кнезот Јулијан, вујко и внук, набрзо загинаа. Овој Јулијан, царевиот вујко, кнезот на источните земји, убиецот на светиот Теодорит, се разболе во истиот час кога со својот меч го оскверни престолот Божји и седна врз светите садови, потсмевајќи им се на светињите и хулејќи на Христа. Веднаш во неговите интимни органи започнаа да се котат црви и од ден во ден болеста се засилуваше, и црвите се повеќе и повеќе го разјадуваа. Најпознатите лекари вложија многу напори за да го излечат, но без никаков успех. Секој миг му беше сѐ полошо и полошо, зашто црвите се множеа многу брзо и го јадеа неговото тело. Осветничката рака Божја беше допрела до него. Се исполнија зборовите на светителот изречени кон мачителот, дека својот измет ќе го џвака зашто му се затворија долните отвори и изметот и мочта му излегуваа низ устата, низ богохулната и погана уста негова. И така, јаден од црвите, тој во страшни маки ја поврати својата бедна душа.

И пријателот негов Феликс, царскиот ризничар, не ја одбегна Божјата казна: Неговата внатрешност беше повредена и од неговата богохулна уста течеше крв и дење и ноќе како од некој извор, и за неколку дена тој умре, предавајќи му ја својата бедна душа на пеколот.

Кога дозна за тоа, злочестивиот цар Јулијан, кога дојде во Антиохија не се осмели да ги бесчести моштите на светиот свештеномаченик Вавил, кој лежел во Аполоновите Дафни, туку нареди христијаните да ги земат оттаму. Потоа, напаѓајќи ги Персијците, Јулијан Отстапник загина таму ( 363 г.), како што претскажа светиот свештеномаченик Теодорит. Гледајќи го исполнувањето на неговото пророштво, христијаните го прославија Христа, вистинскиот Бог, заедно со Отецот и Светиот Дух славен низ вечни векови, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДИОН

Свети Дион бил заклан со нож заради својата вера во Христа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ ЕРМА

Свети Ерма е еден од Светите Седумдесетмина. Свети апостол Павле го спомнува во Посланието до Римјаните: „Поздравете ги Асинкринта, Флегонта, Ерма, Патрова, Ермија и браќата со нив (16, 14). Бил епископ во Филипопол. Овој свет апостол се празнува и на 5 ноември, со Лин, Гај и другите од Седумдесеттемина, а исто така и на 4 јануари со светите Седумдесет апостоли.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ДОМЕТИЈАН

Се претставил во мир.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЛАЗАР МУРМАНСКИ

Овој свет отец бил цариградски монах, испратен пред својот епископ во Новгород да ги опише новгородските светињи. Извршувајќи го тој налог, светиот остана во Новгород. По четири години отиде да го проповеда Евангелието на Онегин кај лопарите и чудите. Многу неволји и маки претрпе тој од дивите жители на тој крај, но Господ го чуваше животот на праведникот. Апостолските трудови на преподобниот Лазар беа овенчани со успех: благодатта Божја ги допре закоравените срца на лопарите, чудите и некои од нив, додека ги гледаа големите подвизи и незлобивоста на преподобниот Лазар, примија и свето крштение. Преподобниот подигна црква на островот Мурмана во чест на Успението на Божјата Мајка. Набрзо кај него започнаа да доаѓаат монаси и преподобниот изгради друга црква во име на Четиридневниот Лазар, која послужи како основа на Мурманскиот манастир, каде преподобниот беше настојател до својот овоземен крај. Доживеа длабока старост и се претстави во 1391 година. Неговите свети мошти почиваат во црквата на неговиот манастир.