22. Март (9. Март)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ ЧЕТИРИЕСЕТ ВЕЛИКОМАЧЕНИЦИ
во Севастија
За време на царувањето на нечестивиот цар Ликиниј, зетот на благочестивиот цар Константин Велики, настана големо гонење на христијаните. Сите христијани беа присилувани да им принесуваат жртви на идолите. Во тоа време беше наредено дури и христијаните кои се наоѓаат во војска да им принесуваат жртви на идолите. Тогаш во ерменскиот град Севастија, со војската управуваше војводата Агриколај, зол и свиреп човек, ревносен служител на демоните. Во неговиот полк имаше четириесет војници од Кападокискиот крај, кои ја исповедаа христијанската вера. Се одликуваа со бестрашност и храброст во битките и со ревносно исполнување на своите задачи, и затоа беа сакани и почитувани од сите. Меѓу нив, во Светото Писмо предничеа Кирион, Кандид и Домн. И во Севастија стигна наредбата сите христијани да им се поклонуваат на идолите. Кога дозна Агриколај дека овие тројца и нивната дружина се христијани, веднаш ги повика кај себе и започна да ги тера да им се поклонат на идолите. Тие еднодушно го одбија. Тогаш тој им се обрати вака: „Како што сте еднодушни, едномислени и храбри во битките, така и сега, еднодушно и едномислено покорете ѝ се на царската наредба и доброволно принесете им жртви на боговите. Ако им принесете жртви на идолите, ќе добиете високи одликувања но, ако не се покорите, ќе бидете лишени од честа и исфрлени од војската!“ Светите војници му одговорија: „Ние се боревме за земниот цар и ги победувавме непријателите во битките, за што и ти самиот си сведок, беднику, и сега многу повеќе ќе се бориме за Бесмртниот Цар и ќе го совладаме и победиме злото и лукавството. А за она што е корисно за нас се грижи Господ“. Војводата им рече: „Не зборувајте многу, туку подгответе се до утре да им принесете жртви на идолите“. Откако го рече тоа, Агриколај нареди да ги одведат во темница. Тој се надеваше дека откако ќе размислат, тие ќе ја променат својата намера.
Кога влегоа во темницата, светите ги преклонија колената на молитва и говореа кон Бога: „Избави нѐ Господи од искушенијата и од соблазните на беззаконикот“. На смркнување, тие започнаа да го пеат псалмот: „Кој живее под закрила на Севишниот, тој престојува во домот на небесниот Бог...“ (Пс. 90, 1-16), и така целиот псалм до крај. По псалмот се молеа, и сѐ така по ред, целата ноќ ја поминаа без спиење. На полноќ им се јави Господ, говорејќи: „Добар е почетокот на вашата намера, но кој ќе претрпи до крај, тој ќе се спаси?“ (Мт. 10, 22). Овој глас Господов го слушнаа сите, се израдуваа и не спиеја до утрото.
Утредента ги изведе војводата пред себе и во присуство на сите свои советници и пријатели, им рече: „Без ласкање и лукавство ви велам: Колку војници и да има нашиот цар, никој не ви е рамен по ништо: ниту по мудрост, ниту по сила, ниту по убавина; нити пак, некого толку сакам, како што ве сакам вас. Затоа, немојте мојата љубов да ја претворите во омраза, туку исполнувајте ги моите наредби“. Свети Кандид, му одговори: „Ние само во Бога бараме љубов и милост“. Па продолжи: „Ти, пак, си свиреп и бездушен човек, и непријател на нашиот Бог, и немој да нѐ сакаш нас, бидејќи си беззаконик и пакосник, обземен од темнината на идолската заблуда, и твоето име Агриколај (од грчки: див, свиреп и измамник) се совпаѓа со ѕверскиот карактер што го имаш!“
Овие зборови го разгневија војводата, и тој, чкртајќи со забите како лав, нареди да ги оковаат светителите и да ги фрлат во темница. Свети Карион му рече: „Ти немаш овластување од царот да нѐ мачиш, туку само да нѐ испрашаш“. Војводата се сепна од овие зборови и нареди да не ги ставаат во окови и да не ги злоставуваат, туку слободни да ги водат во темницата. На стражарот му нареди будно да ги чува, зашто го очекуваше доаѓањето на Ликиниј.
Во темницата светите и дење и ноќе се поучуваа од свети Кирион, зашто тој им говореше: „Браќа, по Божја промисла ние се спријателивме во овој привремен и суетен војнички живот. Затоа да се погрижиме никогаш да не се разделиме; како што заеднички еднодушно живеевме, така заеднички и мачењата да ги поднесеме; и како што на смртниот цар му бевме по волја, да се потрудиме да му бидеме мили и на Бесмртниот цар, Христа Бога“.
По седум дена дојде кнезот Лисиј во Севастија и во осмиот ден, заседавајќи на судот, заедно со војводата Агриколај, ги изведе на суд светите четириесет маченици. И додека ги водеа на неправедниот суд, блажениот Карион ја бодреше својата дружива, велејќи: „Браќа, да не се плашиме од ништо. Зарем Бог не ни помагаше во битките, кога Го призивавме? А сега, тројца се кренале против нас: Агриколај, Лисиј и Сатаната. Всушност, против нас војува единствено невидливиот непријател. И зарем еден ќе победи четириесетмина? Да не даде Бог! Сега треба да го сториме тоа што секој ден го правевме. Со топла молитва да прибегнеме кон Бога. Кога Он ни помага, не ни можат ништо ниту маките ниту оковите. Ајде и сега да запееме: „Боже, услиши ја молитвата моја, чуј ги зборовите од устата моја; дрски луѓе се кренаа против мене, и насилници го бараат животот мој; Тие не мислат на Бога“ (Пс. 53, 3-4). И пееја сѐ до судницата.
Целиот град се беше собрал на овој призор. И кога светите војници застанаа пред Лисиј и Агриколај, кнезот ги погледна и рече: „Знам дека овие јунаци сакаат повисоки чинови“. Потоа им се обрати на светите: „Ќе добиете високи функции и најголеми дарови ако им се поклоните на боговите и им принесете жртви но, ако одбиете, жестоко ќе бидете мачени“.
Тогаш свети Кирион, му рече: „Не само војничката чест, туку и телата наши земи ги од нас, бидејќи нема ништо помило и почесно од Христос, нашиот Бог“. Тогаш кнезот нареди да ги тепаат со камења по устите. А свети Кандид рече: „О кнезу на темнината и учител на секое беззаконие! Обиди се да го сториш тоа, па ќе ја видиш одмаздата“. И кога слугите фрлаа камења по нив, камењата се враќаа и ги удираа нив. Додека го гледаа тоа светите маченици јакнеа во Господа. Кнезот се разјари, дофати еден камен и го фрли по еден од светителите, но каменот падна врз лицето на војводата и му ги искрши забите.
Тогаш свети Кирион рече: „Грешниците ги вадат мечевите, го оптегнуваат лакот свој за да го соборат бедниот и сиромавиот, за да ги прободат оние што се со чисто срце. Но мечот нивни ќе се забие во нивното срце, и лаците нивни ќе се скршат“(Пс. 36, 15). Војводата рече: „Надвладеаја нивните магии!“ А свети Домн на тоа рече: „Надвладеа Господ Христос!, зашто вашите бесрамни лица, кои лаги зборуваат за неговиот Син, Бог ги посрами. Ако не се уверивте дека со нас е Божјата сила, тогаш ставете нѐ на други маки“.
Тогаш слугите им рекоа на светите: „О избезумени непријатели на нашите богови, зошто не им принесете жртви?“ Свети Кирион одговори: „Ние го почитуваме единствениот Бог, и Исус Христос Синот Негов, и Светиот Дух, и се грижиме храбро да го завршиме нашиот подвиг и, победувајќи ја вашата заблуда да добиеме венци на бесмртен живот“.
Тогаш кнезот нареди пак да ги стават во темница, за да размисли што ќе прави со нив. Фрлени во темницата, тие започнаа сесрдно да Му се молат на Бога да ги крепи во маките што им престојат. Ноќта на полноќ, им се јави Господ Христос, и им рече: „Кој верува во Мене, и да умре, ќе живее, Бидете храбри, и не плашете се од краткотрајните маки. Тие бргу ќе поминат. Потрпете малку и пострадајте законито, за да добиете венци!“
Окрепени со таквата утеха од Господа Христа, тие ја поминаа ноќта веселејќи се со духот. А кога осамна, повторно беа изведени пред мачителите. Светите во еден глас им рекоа на судиите: „Правете со нас што сакате! Ние сме христијани, и никогаш нема да им се поклониме на идолите!“ Додека светителите го зборуваа тоа, беше виден ѓавол како стои покрај Агриколај, држејќи меч во десната рака, а во левата змија, и му зборува: „Мој си, бори се!“
Тогаш војводата и кнезот им наредија на војниците да ги врзат сите маченици, да ги одвлечат и да ги фрлат во езерото кое што се наоѓаше крај Севастија.
Тоа се случи кога времето беше многу студено и дуваше силен ветар. Откако голи ги фрлија во езерото, приквечер поставија војници да ги чуваат за некој од мачениците да не излезе од водата. За да ги отежнат нивните маки, мачителот нареди недалеку од нив да затоплат бања, та некои од замрзнатите од студот да се прелестат и да прибегнат во бањата за да се затоплат. Лисиј се надеваше дека војниците нема да го издржат ова измачување, нема да го поднесат студот, бидејќи ноќта беше многу студена и целото езеро беше речиси сковано од мраз. Но мачениците со голема цврстина го поднесуваа тоа страдање, не престанувајќи да се молат и да пеат псалми. И кога околу нив се заледи водата и нивните тела веќе започнаа да се распаѓаат од лутиот мраз, еден од нив, не можејќи повеќе да издржи се стрча кон бањата, но штом го премина нејзиниот праг и ја почувствува топлината, падна мртов и се стопи. Кога го видоа бегалецот светите едногласно повикаа кон Бога: „На кого се разгневи Господи. Зашто оној што отпадна од нас како вода се разли. Но, ние нема да отстапиме од Тебе; оживеј нѐ, и името Твое ќе Го призиваме“ (Пс. 79, 19). Тебе Те слави сета твар и Ти одиш по морето како по суво и ги смируваш разбеснетите бранови. Ти и сега си ист Господи! Ти си ја слушнал молбата на Јаков, кој бегал од заканите на братот Исав; Ти си му помогнал на Јосиф и од напасти си го избавил; Ти си го слушнал Мојсеј кој знаци и чудеса направил во Египет против Фараонот и неговите луѓе, го раздели морето и ги изведе твоите луѓе во пустината; Ти си ги слушнал Твоите апостоли; - чуј нѐ и нас Господи, за да не нѐ потопи бура, да не нѐ проголта длабочина, зашто осиротевме многу. Помогни ни Боже, Спасителу наш, зашто сме во длабока вода и нашите нозе се наквасија со крвта наша. Олесни го нашето бреме, скроти го лутиот мраз Господи, на Тебе се надеваме, за да не се посрамиме. Нека разберат сите дека сме се спасиле затоа што Тебе сме Те призвале!“
Среде ноќта, ги осветли силна светлина од небото. Таа блескаше како сонце и беше топла како летна жештина за време на жетва. Го растопи мразот и ги грееше мачениците Христови. Војниците спиеја, а само чуварот на темницата, Аглај, беше буден и кога виде како светлината ги осветлува мачениците, ги крена очите за да види од каде доаѓа ваквата светлина. Тогаш здогледа како од небото врз главите на мачениците се спуштаат триесет и девет пресјајни венци. Збунет, започна да размислува зошто се триесет и девет, кога страдалниците се четириесет, и му стана јасно дека од нив отпадна оној бегалец што се стрча кон бањата, и затоа има еден венец помалку, па ги разбуди стражарите и се фрли во езерото, силно викајќи: „И јас сум христијанин!“ Потоа застана меѓу светите маченици, и рече: „Господи Боже, во Кого веруваат овие, во Тебе верувам и јас! Вброј ме меѓу нив, и удостој ме заедно со овие твои слуги да страдам за Тебе, та така искушуван да станам достоен за Тебе!“
Темничарот го зазеде местото на издајникот, и повторно бројот на светите четириесет исповедници Христови стана четириесет. А свети Кирион извика: „Кој Бог е толку голем како нашиот? Ти си Бог Кој прави чудеса“ (Пс. 76, 13-14). Зашто тие што беа против нас, Ти си ги оставил зад нас, Господи, и го посрами сатаната. И сите започнаа да го пеат псалмот: „Помагај, Господи, зашто не остана побожен, ги снема верните меѓу синовите човечки!“ (Пс.11, 1).
Кога се раздени, нечестивиот мачител дојде кај езерото, и кога ги виде светите маченици живи во водата, многу се зачуди. Ја стави раката во водата и виде дека е топла. Особено се зачуди кога го здогледа чуварот на темницата како стои меѓу мачениците и ги праша војниците: „Со каква причина го направи тоа?“ Војниците одговорија: „Ние спиевме во длабок сон, а тој цела ноќ не спиел, и наеднаш нѐ разбуди. Тогаш ние видовме како голема светлина ги осветлува мачениците во водата, ја соблече облеката, скокна во езерото и отрча кај нив, викајќи: „И јас сум христијанин!“
Многу разјарен, мачителот нареди сите да ги извадат на брегот. Потоа донесе одлука да ги одведат на мачилиштето и да им ги сокршат колениците. И додека траеше ова страшно мачење, побожната мајка на еден од страдалниците по име Мелитон, кој беше најмлад меѓу нив, со многу совети ги соколеше светите маченици јуначки да ги истрпат маките. Таа посебно се плашеше нејзиниот син, како најмлад меѓу нив да не се уплаши од маките, па пружејќи ги рацете кон него го храбреше и советуваше, говорејќи: „Не плаши се чедо! Гледај, Христос стои пред тебе и ти помага!“ А светите маченици, претепани, и веќе своите души предавајќи ги на Господа, говореа: „Душата наша како птица се избави од замките на ловецот; замката се скина, а ние се избавивме. Помошта наша е во името на Господ, Кој ги створи и небото и земјата“ (Пс.123, 7-8). И откако сите рекоа амин, ги предадоа своите свети души на Бога. Само свети Мелитон, кого неговата мајката го советуваше сѐ уште дишеше.
Тогаш мачителите ги наредија телата на светите маченици да ги натоварат на кола, да ги однесат и да ги изгорат, а младиот Мелитон го оставија, мислејќи дека уште ќе живее. Но, неговата мајка, штом виде дека само нејзиниот син го оставија, ја отфрли женската слабост и, добивајќи машка сила, го зеде синот на своите плеќи и смело чекореше по колата. Носен од својата мајка маченикот Христов, радувајќи се го испушти својот дух. Тогаш мајката ја достигна колата, и мртвото тело на својот син го префрли врз телата на светите. Кога ги одвезоа на местото каде требаше да бидат изгорени, во близина на реката, војниците направија огромна клада, ги ставија врз неа телата на мачениците и ги запалија. Бидејќи телата изгореа и само коските останаа, мачителите си рекоа меѓу себе: „Ако ги оставиме овие коски, ќе ги земат христијаните, па ќе ги поделат и целиот свет ќе го снабдат со нив. Затоа да ги фрлиме во реката, та ниту трага да не остане од нив“.
И ги фрлија во реката остатоците на светите мошти, за потполно да биде уништено сеќавањето за мачениците. Но, Господ, Кој ги чува сите коски на своите угодници, не допушти ни најмала честица да пропадне во водата, туку сите ги сочува. Уште на третиот ден, му се јавија светите маченици на месниот епископ, блажениот Петар, говорејќи: „Дојди ноќе и извади нѐ од реката“. Во темната ноќ, излезе епископот со својот клир на брегот на реката и ги здогледа коските на светите како сјаат во водата како ѕвезди. Тогаш и најмалата коскичка исплива на површината и светеше како свеќа. Ги собраа и чесно ги погребаа.
Така страдалниците за Христа, овенчани од Него, сјаеја во светот како светила: во Бога веруваа, Христа го исповедаа, од Духот Свети не се одрекоа, и беа прославени од Светата Животворна Троица, оставајќи спомен на својот живот, за спасение на сите кои веруваат во Отецот, Синот и Светиот Дух. Имињата на овие свети Четириесет маченици се: Кирион, Кандид, Домн, Исихиј, Ираклиј, Смарагд, Евноик, Валент, Вивијан, Клаудиј, Приск, Теодул, Евтихиј, Јован, Ксантиј, Илијан, Сисиниј, Агиј, Аециј, Флавиј, Акакиј, Екдит, Лисимах, Александар, Илија, Горгониј, Теофил, Дометијан, Гај, Леонтиј, Атанасиј, Кирил, Сакердон, Николај, Валериј, Филоктимон, Северијан, Худион, Мелитон, Аглај.
Светите Четириесет маченици започнаа да ги мачат за Христа на дваесет и шести февруари, а своите души ги предадоа на Бога на деветти март, во 320-та година, за време на владеењето на безбожниот Ликиниј, додека над сите царува нашиот Господ Исус Христос, Кому слава, чест и поклонение, со Отецот и Светиот Дух за навек, амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК УРПАСИЈАН
Кога зацарува пламениот заштитник на идолите, царот Максимијан, вршеше разни насилства во целата околина на Никомидија. Тој ги повика сите сенатори и велможи од своето царство и им објави: „Ако некој од вас упаднал во злата христијанска вера и не сака со покајание да им се врати на нашите милостиви богови, нека го симне од себе знакот на достоинството, појасот, и нека замине од царската палата и од овој град, бидејќи овој град од дамнина им служи на великите богови, а не на некој распнат бог“.
Страв и трепет ги обзеде сите кои веруваа во Христа. Тогаш можеше да се види како биваат искушувани побожноста и верата во Христа, зашто некои христијани побегнаа и се сокрија, а некои се предадоа себе си на маки. Оние што имаа чиста и вистинска вера и љубов кон Бога, презирајќи ги своите тела и исмевајќи го тиранинот, ги фрлија појасите пред него и заминаа. Тогаш и свети Урпасијан, човек со голем ум и челична душа, истапи пред царот и целиот сенат, го фрли појасот и рече: „Царе, бидејќи денес сум војник на небесниот и бесмртен Цар, мојот Господ Исус Христос, земи го појасот, честа и славата, зашто сето тоа е минливо и не користи за ништо“.
Изненаден од неговите зборови, Максимијан речиси занеме и долго молчеше како попарен. Потоа ги протри очите, крвнички го погледна маченикот и викајќи како див ѕвер, им нареди на присутните: „Врзете го овој богохулник и раскинете му го телото со жили“.
Долго го тепаа храбриот борец Христов, кој се молеше со очите вперени кон небото, не жалејќи се ни најмалку. Потоа го симнаа од мачилиштето, а тиранинот им рече на слугите: „Фрлете го во мрачна темница, и таму мачете го сѐ додека не смислам со каква смрт ќе го убијам“. Маченикот се веселеше и радуваше во темницата и му изнесуваше молитви на Господа.
Безбожниот цар измисли специјално оружје за мачење: железна облека. Го облекоа маченикот во железното одело и го обесија за рацете. Тогаш нареди да го горат со оган светителот. Јунакот Христов толку беше горен што телото му се топеше како восок и паѓаше по земјата каде се мешаше со прашина и стануваше каша. Така топен, маченикот Христов, Урпасијан се молеше, а воздухот се исполни со прекрасен мирис и тој како сјајна ѕвезда отиде кај Господа, да го прими венецот на победата. Некои од христијаните беа удостоени да го видат како во неискажан сјај влегува во небото. Пострада околу 295 година.
А безбожниот и беден Максимијан, целиот бесен, нареди внимателно да се собере сѐ што беше испопаѓало по земјата од телото на светителот, исто така и неговите коски, па сето тоа да се расфрли по морето.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ДЕДО, БАБА, ТАТКО И МАЈКА
и нивните две деца
Пострадале за Господа Христа заклани со меч.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ФИЛОРОМ ИСПОВЕДНИК
Преподобниот отец Филором живеел и се подвизувал во Галатија во четвртиот век. За него велат дека бил толку совршен во своите доблести што повеќе личел на ангел отколку на човек. Посебно се прославил со своето трпение. Бил гонет од царот Јулијан Отстапникот и многу страдал за Христа. По смртта на овој опак Христогонител, свети Филором поживеа мирно, на корист на другите и се упокои во својата осумдесетта година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ КЕСАРИЈ,
брат на свети Григориј Богослов
Свети Кесариј е помладиот брат на свети Григориј Богослов. По своето школување во Александрија, Кесариј бил прв лекар во царскиот двор за време на царот Констанциј (350-361 г.). А пак, за време на царот Јулијан Отстапник (361-363 г.) го напуштил дворот. По еден земјотрес во Никеја, Кесариј, кој во таа прилика се спасил на чудесен начин, се повлекол од световната служба посоветуван од својот брат Григориј, го примил светото крштение и се посветил на Бога. Млад се разболел и умрел во 369-тата година. Неговиот брат, Григориј Богослов му одржал пофално надгробно слово.