23. Март (10. Март)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ КОДРАТ, КИПРИЈАН, ДИОНИСИЈ, АНЕКТ, ПАВЛЕ, КРИСКЕНТ,
и другите со нив
За време на големото гонење на христијаните од страна на незнабожните царови и кнезови, кога исповедниците Христови на разни начини беа луто мачени и убивани, многу христијани ги напуштаа градовите, куќите и своите имоти, бегаа и се криеја по пустините, горите, и пештерите, за беспрекорно да ја сочуваат светата вера во својот Господ Исус Христос. Во тие страшни времиња, побожната жена Руфина побегна од градот Коринт во пустината и се криеше во непроодни места. Кога побегна таа беше бремена, па во пустината роди машко дете и по неколку дена умре. Но Бог, Кој Му дава храна на секое тело и го опсипува со милост секое живо створение, не го остави без својата грижа ниту ова сирото доенче во пелени, туку му беше и татко и мајка, и воспитувач и хранител. Им заповеда на облаците свои, и тие се спуштаа и точеа слатка роса во устата на доенчето. Го хранеа така, сѐ додека не порасна и беше способно само да се храни со пустинско зелје. Живееше како свети Јован Крстител, хранет од Бога и раководен од Светиот Дух. Како младо момче го понајдоа некои христијани и го одведоа во градот. Таму го дадоа да учи за лекар. Тој ги лечеше болните повеќе со благодатта која му беше дадена од небото, отколку со природните лекови. Навикнат на пустинско безмолвие, осаменост и богоразмислување, тој често го напушташе градот и многу денови, па и години поминуваше по горите и пустините. Во градот доаѓаше по потреба зашто ги исцелуваше болните со лекарства, а душевните слабости со словото Божјо, и им стана потребен на сите. Но сепак, не се задржуваше долго во градот туку се враќаше во својата пустинска осаменост сѐ до староста. Луѓето доаѓаа кај него заради духовна корист, слушајќи ги неговите боговдахновени зборови. Меѓу нив беа Киприн, Дионисиј, Анект, Павле и Крискинт, кои пострадаа заедно со него за Господа Христа.
Тие пострадаа на ваков начин: испратен од безбожниот цар Декиј, во Коринт дојде војводата Јасон, да ги мачи и убива христијаните, и тој ги фаќаше и ги фрлаше во темница. Тогаш беше фатен и свети Кодрат со своите блажени пријатели: Кипријан, Дионисиј, Анект, Павле и Крискент и беа фрлени во темница со многу други христијани.
По неколку дена војводата Јасон ги извади христијаните од темницата, пред својот безбожен суд. Меѓу нив најстар беше свети Кодрат. Мачителот започна да му зборува вака: „Кодрате, зошто доброволно сакаш да се предадеш на толку страшни болки? Зошто не им се покориш на царските закони и не им се поклониш на боговите, за со нас да се насладуваш на овој сладок живот?“
Свети Кодрат одговори: „Никој разумен нема да се одрече од овој сладок живот. Но, бидејќи животот ни го подарил Бог, ние треба повеќе да го сакаме дародавецот отколку дарот и со доблесен живот да го славиме и да му благодариме, и со нашите страдања за Него да ја шириме Неговата слава на сите страни. Не треба толку да го сакаме овој живот, та плашејќи се да не го изгубиме да им оддаваме богодолична чест на идолите. Не постои бог кој можеме да го прогласиме за подобар и вистински од Оној, Кој од почетокот нѐ збогатил нас со големи и вечни дарови. Кој може да биде наречен Спасител, освен Исус, Кој за нас претрпе маки и смрт? Затоа ние треба да претрпеме маки за вистинската вера и побожност и за ништо да не отпаѓаме од нив. Оние што се трудат да ги прелестат и предомислат љубителите и ревнителите кон божествените тајни, имаат зла намера и грешна молитва. Ние се држиме до правилата на нашите праотци и затоа немојте да се трудите да нѐ убедите да го оставиме Христа и да преминеме на твоја страна зашто вистината Божја е наш добар советник и законите на побожноста имаат убедлива сила и тие нѐ соединуваат со Бога, Освен тоа, според опшиот природен закон сите мораме да умреме и кога ќе дојде смртниот час тогаш пропаѓаат сите неправедни дела и мисли човечки и светската слава се претвора во прав, а добрите дела и по смртта им донесуваат вечна слава на доблесните луѓе. Затоа ние сме цврсти во својата намера јуначки да пострадаме за Христа и таков пример да им оставиме на другите. Зашто тие што правилно сфаќаат и веруваат, се грижат само за едно: да имаат светли примери за она што е добро, кои ќе ги водат кон совршенство.
На тоа војводата Јасон му рече на светителот: „Ако го почитуваш оној Бог чии добродетели ги уживаш од младоста добро правиш, зашто си благодарен, но, внимавај прповедајќи го Христа Кој бил човек, напразно да не му препишеш божествена природа“. Свети Кодрат му одговори: „Ако сакаш да го отфрлиш гневот и јароста во кроткост да ја претвориш, тогаш ќе кажам нешто за големи работи иако тоа не е лесно, а и јас не сум способен за тоа“. На тоа војводата рече: „Ајде изложи ни го јасно вашето мудрување за Христос“. Тогаш свети Кодрат рече: „Настанувањето на светот се случи според Божјата волја. Сѐ изврши Словото Божјо и сѐ утврди со силата на Духот Свети. Значи, Отецот благоволи, Логосот - Синот ја створи сета твар, а Духот Свети ја утврди. Сите прекрасни работи со одреден почетокот и крај ги створи Бог Творецот за оние кои ги уживаат тие блага да Го фалат и слават Творецот. Тој го створи човечкиот род за да му го даде во наследство целиот видлив свет. И давајќи му дух на живот на првиот човек, го воведе во рајот, а тој со својата створена помошничка доби право да се насладува на рајските градини. Населени од Бога во така прекрасен рај, нашите прародители сметаа дека се должни да му бидат благодарни на својот Творец и Добротвор и водеа доблесен живот, држејќи ја заповедта Божја: да не јадат од плодот само на едно дрво. Но, лукавиот соблазнител ѓаволот понесен од зависта и злобата во срцето, божем грижејќи се за нивното достоинство им предложи да ја прекршат Божјата заповед; и тие се согласија со неговиот лукав предлог. И тогаш, оние што живееја во рајот заедно со Бога, отпаднаа од благодатта Божја и беа истерани од рајот. Од тогаш, врзани со уздите на гревот, започнаа да страдаат во суетни желби, оние што претходно беа учесници во славата Божја. Сожалувајќи се на своето создание и милостиво погледнувајќи на немоќта човечка, Бог благоволи да дојде кај нас бедните и пропаднатите и да поживее со нас и тоа облечен во тело, а не со своето божество. Тоа го направи за да нѐ ослободи од оковите на ѓаволот, да нѐ ослободи од робувањето на смртта и да нѐ избави од гибелта. Бог благоволи Логосот Негов да се всели во утробата на Дева Богородица кога ќе се наврши времето за тоа, и со воплотувањето да се облече во целосен човек. А Пречистата Дева, зачнувајќи од Светиот Дух, Го роди Бога во тело, и така човечките очи навистина го видоа Бога во тело, Кого Го нарекуваме Христос. Војувајќи против власта на ѓаволот, Он ја прошири власта на своето вишно царство, зашто го уништи законот на смртта, со божествената сила ги раскина оковите на смртта, го разори адот, ги изведе од него прародителите со мноштвото нивни потомци, и прв беше наречен Спасител, Оној Кој сите народи и земји ги избави од гибелта. Избавувајќи ги сите од ѓаволските замки, Он го чува своето наследство од пропаст. Он им ја отвори ризницата на Своето милосрдие на сите, зашто сака неговите дарови да бидат заеднички за сите. Од Него ништо не е сокриено: ниту почетокот на нашето раѓање, ниту должината на нашиот живот, ниту нашиот смртен час. За Него ништо не е непознато, но она што Отецот со својот закон го одредил, во тоа очигледно соработува и Синот. Тоа е тој Христос Кого ние Го проповедаме; Он е Оној Кој се грижи за спасението на човечкиот род; Он е Тој што ни го дава неисцрпното богатство на благоста своја, и Кој навистина е секогаш и насекаде, присуствува и им помага на оние кои Му служат“.
Иако се восхитуваше на зборовите на свети Кодрат, сепак, војводата не сакаше да ѝ поверува на вистината што тој ја зборуваше, па рече: „Ми се чини, Кодрате, дека за високи работи зборуваш лаги, зашто Бог го вовлекуваш во човечки сплетки, и велиш дека можела да Го смести девојкина утроба, и да Го носи, и Христа да го роди. И уште велиш дека Он е единствен Бог на земјата, виден како носи човечко тело, и дека нема друг вистински Бог освен Него“.
Свети Кодрат му одговори: „На безбожните луѓе не им доликува да ги испитуваат тајните на верата, зашто не е мала работа да се дознае тоа, нити пак некому лесно му се открива тоа. Ние не им дозволуваме на неверниците да ги разгледуваат нашите светињи. Синот Божји доброволно се понижи себе си, се спушти до обличје на слуга, и Он, Кој е Бог, благоволи да стане човек, за нас да нѐ избави од робувањето на ѓаволот. Но, ти овие работи не можеш да ги разбереш, зашто си полн со неверие и безбожие. Знај дека не можеш да нѐ одвоиш нас од нашиот Господ Христос, ниту со своите вешти лукавства ниту со своите јаросни закани“.
Тогаш војводата нареди гол да го врзат слугата Христов и да го тепаат со железа. Бездушните слуги со свирепост ја исполнија наредбата, а светиот маченик јуначки трпеше. Додека го тепаа, тој му говореше на мачителот: „Зарем не знаеш, војводо, дека сѐ што се прави под присила е спротивно на слободата и нема убедлива сила? Присилувајќи нѐ, ти покажуваш дека си неправеден насилник; а оној што советува и убедува, покажува дека е кроток и човекољубив. Зошто со маки нѐ тераш на идолопоклонство? Немој да се надеваш дека преку насилство ќе нѐ привлечеш кон своето безбожие, и дека поради страв ќе се одречеме од верата. Бидејќи го сакаме Христа, нас не нѐ интересираат никакви ласкања ниту пак им обраќаме внимание на маките што ќе ги измислиш за нас. Христос ни ги олеснува болките со надеж за награда, нѐ зацврстува да не му се покориме на противникот, и нѐ прави храбри и непобедливи во страдалничкиот подвиг.
Уште повеќе разјарен, мачителот нареди да го обесат светителот за нозете и со железни нокти да му го стругаат телото; па под него запалија и оган, за да го печат. Светиот Јуначки трпеше и остануваше непобедлив.
Потоа војводата му се обрати на свети Кипријан, трудејќи се да го придобие со ласкање. Но, иако беше млад, свети Кипријан храбро се подготвуваше да ги прими маките. А свети Кодрат им се обрати: „О пријатели и соподвижници мои, помислете си колку богатства ви се приготвени од Господа! Чест за верата, слава за мачеништвото, а особено за тоа што се удостојувате на милоста Христова, чија помош веднаш ќе ви дојде одозгора. Сега покажете ја својата непоколеблива вера во Христа. Не напуштајте го патот на доблестите, зашто бргу ќе преминете одовде кај Христа. Храбро предајте се на маките, поднесете ги јуначки, та победувајќи го врагот да бидете прославени од Господа и вброени меѓу светите маченици на небото.
Слушајќи ги зборовите на светиот Кодрат, мачителот разбеснет, веднаш нареди гол да го обесат свети Кипријан и исто како Кодрат да го тепаат, стругаат и горат неговото тело. Потоа ги стави на исти маки Дионисиј, Анект, Павле и најпосле Крискент. И откако беше посрамен и победен од нив, тој ги осуди да бидат фрлени на ѕверовите. Но ѕверовите не ги ни допреа светите маченици, па тој донесе одлука - главите да им бидат отсечени со меч, но претходно со врзани нозе да ги влечат по градските улици. И така, светите маченици беа влечени по улиците низ градот, и од незнабошците, а посебно од нивните деца, беа тепани со стапови и камења сѐ додека не ги довлекоа до губилиштето надвор од градот. Тука светите маченици сесрдно се помолија на Господа, па ги приклонија своите свети глави под мечот и беа заклани на 10 март 250 година.
На местото каде беа отсечени нивните чесни глави и земјата се натопи со крв, изби извор на чиста вода како незаборавен потсетник на градот Коринт за страдањето на светите маченици. По погубувањето на светите шесточисленици: Кодрат, Кипријан, Анект, Дионисиј, Павле и Крискент, беа фатени и останатите христијани, и мачени и погубени на разни начини. Така вториот Дионисиј беше заклан со нож, а Викторин, Виктор и Никифор беа ставени во издлабен камен и истолчени во него; на Клавдиј му ги отсекоа рацете и нозете; Диодор сам скокна во огнот кој беше подготвен за него и како во светол дворец се упокои со мир; на Серафион му беше отсечена главата, а Папиј беше фрлен во морето. Овие свети маченици пострадаа од војводата Терциј кој го наследи Јасон. А од војводата Венуст, кој беше во Коринт по Терциј, пострада свети Леонид, кој претрпе многу страшни маки, па беше фрлен во морето.
И светите жени кои во срцата ги чуваа поуките на светиот Кодрат се огледаа на него и беа мачени за Христа. Нивните имиња се: Хариеса, Нунехија, Василиса, Ника, Гали, Галина, Теодора, и многу други и мажи и жени. Едни заклани со меч, други удавени во вода, трети на други начини погубени, прејдоа кај Господа и заедно со својот предводник и учител свети Кодрат, вброени во ликот на светите маченици добија победнички венци од рацете на Христа Бога, Кому со Отецот и Светиот Дух слава за навек, амин.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КОДРАТ НИКОМИДИСКИ
и со него светите маченици САТОРИН, РУФИН и останатите
Во времето на незнабожниот римски цар Декиј и неговиот намесник Валеријан, беа фатени многу христијани по разни градови и села, доведени во градот Никомидија и фрлени во темница. Поради тоа никомидиските христијани ги обзеде голем страв, а и од фактот дека самиот цар веќе се приближува кон нивниот град. Тогаш многу христијани побегнаа во горите и пустините криејќи се од мачителот, а други смело седеа во своите домови, очекувајќи го часот кога ќе се удостојат со какво било страдање да Го прослават Бога. Меѓу нив беше и свети Кодрат, висок, убав и богат, побожен и речит. Тој со злато ги поткупи стражарите на темницата и слободно влегуваше и им ги носеше потребните намирници на затворениците. Ги храбреше да не се плашат од маките за Христа, зашто Он им подготвува вечна награда на небесата.
Тогаш во Никомидија дојде антипатот Перениј, одреди ден за судење на христијаните и пред огромна маса на народ ги изведе на суд сите затвореници. Командантот му рече на антипатот: „Како што нареди власта твоја, господине мој, еве пред тебе стојат сите христијани од темницата“. А антипатот им рече на слугите Божји: „Секој од вас нека го каже своето име, занимање, потекло и татковина“. Блажениот Кодрат, кој дојде да присуствува на ова судење, гледајќи дека некои од браќата се уплашени и пребледени, се исплаши некој од нив да не се одрече од Христа, па силно извика: „Се викаме христијани, по потекло и занимање сме слуги на Господа Исуса Христа, невидливиот Бог, а наша татковина е небото каде Бог ги населува оние што во Него се надеваат“.
Антипатот беше изненаден од ваквата смелост и им рече на слугите: „Фатете го тој лудак и доведете го пред мене!“ Блажениот Кодрат сам притрча и застана пред него и го сврте вниманието на целиот народ. Потоа се прекрсти и му рече на антипатот: „Еве, доброволно излегов пред тебе, да зборувам за моите браќа и да му се спротивставам на ѓаволот. Бргу прави што сакаш, па кога ќе го видиш нашето јунаштво ќе увидиш дека сме непобедливи војници Христови“. Антипатот рече: „Безумнику, најпрвин кажи ми го своето име и потекло!“ Светиот одговори: „Ги реков дека и јас и моите браќа сме христијани и слуги Христови. Нашето име и благородство е да бидеме и да се нарекуваме слуги Христови“.
На тоа антипатот му рече: „Послушај ме пријателе! И јас ќе го известам царот за тебе и тој ќе те постави за војвода, само ако заедно со нас им принесеш жртви на боговите“. Светителот одговори: „Во заблуда си, антипате, говорејќи дека има многу богови. Не, нема многу богови туку постои само еден Бог и Отец од кого е сѐ“. Антипатот рече: „Има многу богови, но царот нареди сега да се принесат жртви на дванаесет од нив, на кои мораш да се поколониш и ти“. Свети Кодрат извика: „Не е добро да постојат многу власти. Еден е Господар, еден е Цар и Бог - нашиот Господ Исус Христос“. Антипатот рече: „Зарем не си слушнал што вели Хомер? за Посејдон? Ги собра облаците, ги разјари ветровите, го покри небото, страшно загрме отецот на боговите, зашто се осмели Посејдон да ја присвои земјата, и така натаму. Ете, гледаш каква е храброста на Посејдон“. А блажениот Кодрат праша: „Дали Хомер и останатите стихотворци слични на него ја зборуваат вистината за вашите богови или не?“ Антипатот одговори: „Вистината ја зборуваат“. Светителот рече: „Ако ја зборуваат вистината, тогаш тие го велат и ова: дека вашите богови се блудници, ненаситници, развратници, творци на неприродни гадости. Навистина се срамам од вас, зашто се поклонувате на такви богови за чии зли дела сега им судите и им изрекувате казни на луѓето. Ги осудувате луѓето кои направиле срамни дела, а почитувате богови чии дела се далеку погадни. Зарем не треба да ги осудите и казните ваквите богови, кои се развратници и мртви духови?“ Антипатот рече: „Започна да хулиш на боговите. Промени се за да не те зграбат рацете на мачителот“. Свети Кодрат одговори: „Никој не може да ми ја одземе мојата смелост: ни ти, ни твојот цар, ни самиот ваш татко сатаната“.
Антипатот се разлути и нареди да го соблечат светителот, да го врзат и да го тепаат со жили, говорејќи: „Кажи го своето име“. Светителот молчеше додека го тепаа, па антипатот ги праша оние околу себе: „Кој е овој? Како се вика?“ Оние кои го познаваа светиот му рекоа на антипатот дека е од висок род и дека се вика Кодрат. Тогаш тој им рече на слугите: „Поштедете го и одврзете го“.
Кога го одврзаа, мачителот му рече: „Што стори, зошто не ни рече дека си од висок род, та ние се посрамивме? И зошто си го презрел своето високородство и си ѝ пристапил на ништовната христијанска вера?“ Светителот одговори: „Повеќе сакам да бидам на прагот на мојот Бог, отколку да живеам во безбожнички шатори“ (Пс, 83, 11). Антипатот му рече: „Покори ми се и принеси им жртва на боговите за да не умреш како злосторник“. Светителот одговори: „Блажен е човекот кој не го следи советот на безбожниците и не застанува на пат на грешници (Пс. 1, 1), не прелестувајќи се од суетите на овој свет“.
Со многу ласкави зборови мамејќи го светителот, антипатот заплака и воздивнувајќи рече: „О, Кодрате, немој да се лишуваш од овој сладок живот“. Велејќи го тоа соблазнителот со марамче си го бришеше лицето. А светиот маченик му рече: „Немој да мислиш дека со лукавство ќе ме измамиш, граблив песу. Не ќе успееш, зашто јас сум слуга Божји“.
Покрај антипатот Перениј седеше војводата Максимијан. Тој му рече на светиот: „Зол човеку, мојот красен господин антипат покажува милост кон тебе, а ти го навредуваш“. Светителот одговори: „Нека плаче тој над тебе и нека го оплакува часот на своето раѓање, а ако и ти се осмелуваш да ни судиш, тогаш нека те уништи нашиот Господ Исус Христос“.
А пак, командантот му рече на антипатот: „Во името на твојата власт, господару мој, ако го оставиш овој да зборува, тој сите ќе нѐ навредува“. Антипатот им рече на своите слуги: „Соблечете го овој и безмилосно тепајте го, сѐ додека не се покори на царскиот закон“. По втор пат тепан, свети Кодрат говореше: „Ти благодарам Боже, што мене грешниот и недостоен Твој слуга ме удостои да страдам заради светото име Твое, за да ме вброиш меѓу љубените слуги Твои. Ти благодарам и Те молам исполни ме со Духот Твој Свет, вразуми ме и утврди ме цврсто да ја одржам верата и дај ми мудрост за да не ме победат беззакониците! Биди ми помошник Господи, и помогни ми добро да го довршам подвигот мој!“
Се молеше така светителот додека жестоко го мачеа, а крв како поток течеше од неговите рани и парчиња месо отпаѓаа од неговото тело. Антипатот го праша: „Дали сега веруваш во нашите богови, Кодрате?“ Светителот одговори: „Идолите на незнабошците се сребро и злато, дело на рацете човечки. Усти имаат, а не зборуваат. Такви се и тие кои ги градат и се надеваат на нив (Пс. 113, 12). Знај дека нема да им принесам жртви на твоите богови ниту пак ќе се покорам на царската заповед. Затоа мачи ме колку сакаш и испрати ме пред Небесниот Цар“. Мачителот му рече: „Беднику, нема да те жалам туку со тешки маки и со горка смрт ќе те усмртам“.
Приквечер го одврзаа светителот и заедно со останатите христијани го одведоа во темницата. Таму му ставија под грбот шајки, а на градите голем камен и со тешки вериги го оковаа целото негово тело. Во таква состојба беше оставен светителот неколку дена, а тој јуначки ги поднесуваше така тешките маки што природата човечка не може да ги поднесе, но семоќната десница Христова го крепеше страдалникот за прослава на Својата божествена моќ.
Откако изминаа многу денови, антипатот Перениј намисли да оди во Никеја и нареди со него да појдат и христијаните од темницата заедно со свети Кодрат. Престојувајќи во Никеја, еден ден Перениј им принесуваше жртви на ѓаволите во идолскиот храм, па нареди да ги доведат и христијаните за да ги примора и нив на тоа.
И покрај тешките маки, свети Кодрат беше здрав и силен и тој ги замоли војниците прв да влезе во храмот. Кога влезе мачителот се запрепасти кога го виде здрав и весел и му нареди да им принесе жртви на боговите. Светителот му одговори: „Јас сум слуга на Исус Христос и Нему Му се принесувам себе си на жртва“. Антипатот му одговори: „Покори им се на царските закони, а не на Христовите!“ Светителот одговори: „Се покорувам на законите на Небесниот Цар, а не на безумните наредби на луѓе кои не го знаат Бога“. Сепак, Светото Писмо ни наредува да се молиме за нив, да се обратат и да ја познаат вистината. Штом земниот цар наредил христијаните да им принесат жртви на боговите или да умрат, еве, ние сме готови да умреме за нашиот Бог Христос“. Антипатот рече: „Зар не гледаш колку христијани им принесоа жртви на боговите наши? Мислиш ли дека си подобар од нив?“ Свети Кодрат одговори: „Бидејќи не сум ги приклонил своите колена пред идолите, навистина сум подобар од сите кои отстапија од Бога Творецот свој. А каде се тие христијани што им принеле жртви на идолите. Јас не гледам ниту еден“. Антипатот нареди да доведат такви.
Тогаш светителот замоли да го одврзат, а антипатот помисли дека сака да се поклони на боговите, па нареди да го одврзат. А тој, веднаш отрча, го дофати големиот идол за нозете и го искрши. Потоа полета и кон другите, но жреците и војниците го фатија. Разјарен, антипатот нареди да го обесат светителот и со остри железа да го стругаат неговото тело. Додека го стругаа, дојдоа оние што отстапиле од христијанската вера. Свети Кодрат во маките им рече: „Бедници! Зошто се одрековте од Христа и се предадовте на ѓаволот? Зар не верувавте дека ќе има воскресение на мртвите? Зар не слушавте за судот Божји, за пеколот, за незгасливиот оган? Каков одговор ќе дадете во славниот и голем ден на доаѓањето на нашиот Спасител Господ Исус Христос, Кој ќе им суди на живите и на мртвите? Сте го оставиле вечното небесно царство заради привремен и ништовен живот. Сте се уплашиле од краткотрајните маки и сте се предале на вечни маки. Ќе видите што ве очекува кога на секого ќе му биде дадено според делата негови. Зарем не ги слушнавте зборовите Господови во Светото Евангелие: „Не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; но бојте се повеќе од Оној, Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот“(Мт. 10, 28).
Кога светителот го изговори тоа, отпаднатите со солзи рекоа: „Се уплашивме од маките, слуго Божји, и се прелагавме како неразумна стока. Како залутани овци, станавме храна на волците и тие нѐ растргнаа. Што да правиме сега, не знаеме“.
А блажениот Кодрат, гледајќи ги како плачат, се исполни со радост и рече: „Не плашете се браќа и не очајувајте! Господ Христос е милостив. Припаднете пред него со солзи и покајание. Исповедајте ја верата Христова, та секој од вас со крвта своја да ги очисти гревовите свои!“
Тие се фрлија на земјата, и со силно плачење и, посипувајќи ги со прав главите свои се удираа со камења по градите. Толку плачеа и кукаа што целиот град Никеја се собра околу нив, и сите се чудеа на таквото нивно жалење поради отстапништвото.
Кога го слушна овој вик, антипатот излезе од идолиштето, па штом разбра што се случува нареди свети Кодарт да го стругаат уште побезмилосно. А тој сесрдно се молеше на Бога за покајниците и кога заврши со молитвата рече: „Господи Исусе Христе, мојата душа нека биде за душите нивни, само помилуј ги!“ Во тој час слугите што го мачеа паднаа како мртви на земјата и наиде светол облак над светителот и покајниците, а антипатот и останатите незнабошци ги опфати темнина. Тогаш сите се исплашија и мислеа дека светот ќе пропадне. Потоа верните слушнаа одозгора гласови на свети ангели кои Го фалеа и славеа Бога. По два часа се расчисти темнината и незнабошците погледнаа кон светите и ја видоа небесната светлина. А антипатот едвај си дојде на себе и нареди да ги фатат сите кои под влијание на зборовите на маченикот се покајаа и повторно кон Христа се вратија, та ги врзаа и сите заедно ги одведоа во темница. Потоа нареди да го одврзат свети Кодрат, да го стават во окови и да го фрлат во темницата.
Утредента антипатот ги изведе пред себе сите христијани, освен свети Кодрат. Цел ден ги измачуваше, час ласкајќи им, час со маки приморувајќи ги на принесување на жртви. Кога виде дека се цврсти и непоколебливи во верата, ги стави на страшни маки, па нареди секого од нив да го одведат во неговиот град и таму жив да го изгорат. И одеа светите страдалници полни со радост, славејќи Го Бога, и така секој од нив го заврши својот живот во своето родно место. Живи изгорени преминаа во небесната татковина.
Потоа антипатот отпатува од Никеја во Апамија и го поведе со себе и свети Кодрат. Одеше таму за да ги фати сите христијани и да ги присилува да им принесат жртви на идолите, по наредба на царот Декиј. Кога дојде во Апамеја, тој влезе во идолиштето и се поклони на идолите, а го внесе внатре и свети Кодрат, и го присилуваше да им принесе жртви на идолите. Потоа им рече на своите пријатели: „Не знам на какви маки да го ставам овој беден христијанин“. А тие молчеа зашто го гледаа маченикот пред себе без месо по телото, туку само со голи коски. Потоа тој нареди да го стават во вреќа и да го фрлат во каллива јама. Утредента нареди да го извадат, мислејќи дека веќе е мртов. Но светителот беше жив и сите се восхитуваа кога го видоа. А маченикот ги крена очите кон небото и велеше: „Ти благодарам, Господи Исусе Христе, што ме крепиш во маките и ми даваш сила да ги посрамам мачителите и да го прославам Твоето свето име“. Потоа му рече на антипатот: „Ништожнику, гледаш ли дека не ти успеваат твоите вештини. Ајде не губи си го времето по мене залудно“. Разјарен, антипатот му одговори: „По целиот пат ќе те мачам, кукавицо, иако се надеваш на своите магии“.
По тоа антипатот отиде во Кесарија и го поведе со себе и маченикот. Таму ги принесе вообичаените жртви во идолиштето и му рече на маченикот: „Многу маки поднесе, па ајде сега пријди и принеси им жртви на идолите“. Светителот одговори: „Многу се трудеше, мачејќи ме и многу се чудам како се умори ти, а јас не. Впрочем, јас сакам уште пострашно да страдам за мојот Бог“.
Бесен, антипатот нареди повторно гол да го врзат за едно дрво и немилосрдно да го тепаат со жили. И ги тепаа голите коски зашто по нив немаше месо, а светиот маченик, пееше: „По плеќите мои ораа грешниците, долги бразди повлекоа...“ (Пс. 128, 1). Антипатот викаше по слугите да го тепаат што посилно зашто не чуствува болки, а светителот му благодареше на Бога, велејќи: „Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови“. А присутните жители на Кесарија што го набљудуваа неговото страдање повикаа: „Амин!“
Антипатот Перениј многу се разбесни и нареди да фатат двајца навидум угледни луѓе, да ги соблечат, па и нив да ги мачат. Толку беа стругани нивните тела што цревата им испопаѓаа на земјата. А тие во маките го молеа свети Кодрат и сите присутни браќа да се молат за нив на Господа. И додека свети Кодрат се молеше, страдалниците долго време молчеа, зашто од големите маки на можеа да зборуваат. Тогаш мачителот нареди да им ги отсечат главите. И така двајцата свети маченици чии имиња беа Саторин и Руфин, отидоа на небото кај Господа Христа.
Потоа антипатот отпатува од Кесарија во Аполонија и на секаде го влечеше со себе светиот маченик Кодрат. Во меѓувреме фаќаше и други христијани за да ги измачува. И кога повторно го тераше светителот да им принесе жртви на боговите, тој му одговори: „Јас Му се поклонувам на вистинскиот Бог Отец и Неговиот Единороден Син и Светиот Дух, и треперам пред Неговата сила; и насекаде ја славам и фалам Неговата неискажана семоќност. На мртвите кипови нема да им се поклонам и не се плашам од тебе зашто имаш краткотрајна власт“.
Антипатот нареди да помешаат оцет со сол, да ја излеваат на неговите рани и да ги стругаат со крпи, а на ребрата да му ставаат вжештено железо, па го фрлија во темница. Утредента антипатот тргна од Аполонија во Хелеспонт. Со себе водеше и врзани христијани, меѓу кои беше и свети Кодрат. Но него го носеа, зашто не можеше да оди од лутите рани на нозете. Кога ја премина реката Рунтак, антипатот го сретна војводата на таа покраина и мноштво христијани од околните села. Навидум, христијаните беа излегле да го пречекаат антипатот, но всушност, тие сакаа да го видат и да му оддадат почит на светиот маченик Кодрат, чија што слава одекнуваше низ цела Азија и низ целиот свет. Антипатот влезе со војводата во едно тамошно село за да преноќева. Утредента отиде да им принесе жртви на демоните и ги присилуваше и христијаните на тоа, па нареди да го доведат свети Кодрат. Го доведоа на кола до жртвеникот, а тој беше со весело лице. Се собра целиот народ за да го види неговото страдање. Тогаш антипатот го праша: Дали се опамети, Кодрате, или сѐ уште стоиш во своето безумие?“ Светителот одговори: „Уште од мал знам за Христос, вистинскиот Бог, затоа што сум христијанин од утробата на мојата мајка“.
Тогаш антипатот нареди да се запали силен оган, да се стави над него железен кревет и врз него да се положи маченикот. Светителот се прекрсти, сам легна на креветот и се одмораше на него зашто огнот воопшто не го повреди. А слугите го засилуваа огнот и истураа врз него врела маст и смола, но светителот пееше: „Боже, избави ме! Боже, дојди ми на помош; побрзај, Господи, да ми помогнеш. Нека се посрамат оние што ја бараат душата моја!“ (Пс. 69, 1-2).
По многу изминати часови, маченикот беше жив и неповреден во огнот, а мачителот бесен од јад нареди да го симнат од креветот и да му ја отсечат главата надвор од селото. Светителот одеше кон губилиштето без ничија помош и пееше; „Благословен е Господ, кој не нѐ предаде нас во плен на нивните заби...“(Пс, 123, 6), Со него пееја и некои од браќата што го следеа. Заблагодарувајќи му се на Бога, свети Кодрат ја преклони својата глава под мечот и го заврши својот живот на десетти март, за време на владеењето на Декиј и Валериј, додека во нас царува нашиот Господ Исус Христос, Кому слава и моќ со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови, амин.
СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА, АНАСТАСИЈА ПАТРИЦИЈКАТА
Во времето на царот Јустинијан Велики, во Цариград имаше една побожна и богобојазлива жена по име Анастасија, ќерка на високородни и богати родители. Таа беше прва патрицијка и дама во дворот на царот Јустинијан. Имајќи страв Божји во срцето свое, таа ревносно ги исполнуваше заповедите Божји, и живееше беспрекорно според нив. Беше многу убава, и со прекрасни душевни особини. Беше толку добра и кротка така што сите што ја познаваа имаа духовна корист од нејзиниот живот, и многумина се трудеа да се уподобат на нејзините доблести. И самиот цар многу ја почитуваше. Но ѓаволот, завидувајќи им на добрите и стварајќи непријателства меѓу луѓето, не ја остави на мир ниту оваа блажена жена, Анастасија. Тој внуши завист спрема доблестите на блажената патрицијка во царицата Теодора, и таа започна непријателски да се однесува спрема слугинката Божја. Кога дозна за тоа од еден свој пријател, Анастасија, полна со божествена мудрост, добро размисли, и си рече: „Анастасија, сега ти се нуди оправдана и вистинска причина, спасувајќи се да ја спасиш својата душа, да ја ослободиш и царицата од неразумната завист и да се здобиеш со царството небесно“.
Откако донесе таква одлука, таа најми една лаѓа, зеде со себе малку злато и без да знае никој, отпатува во Александрија. Таму, во близина на градот подигна манастир, и живееше во него служејќи Му на Бога и грижејќи се само Нему да Му угоди. Во своите раце постојано ја имаше својата рачна работа, а во устата постојано псалмопоението и славењето на Бога. Потоа нејзиниот манастир стана голем и славен, и наречен Патриција, по блажената патрицијка Анастасија.
По неколку години умре царицата Теодора. Тогаш царот се сети на добрата патрицијка Анастасија и на сите страни испрати луѓе за да ја пронајдат. Кога дозна за тоа, оваа овчичка Божја го остави својот манастир, ноќе отиде во Скитот кај ава Данил и му раскажа сѐ за себе. Преподобниот ја облече во машка монашка риза, ѝ го даде името Анастасиј евнухот, и ја одведе во една пештера недалеку од Скитот. Ја затвори таму и ѝ даде правило и устав за живеење. Потоа ѝ нареди никогаш да не излегува од пештерата, ниту пак некого да пушта внатре. Одреди еден брат еднаш неделно да ѝ носи по малку леб и барде со вода.
Оваа навистина дијамантска и храбра душа безизлезно помина дваесет и осум години во пештерата, непоколебливо исполнувајќи го правилото што ѝ го даде старецот. За сето тоа време, неа никој не ја виде, зашто никој ниту доаѓаше, ниту пак некој знаеше за неа, освен братот кој ѝ носеше леб и вода. Па ниту тој не знаеше дека таа е жена, туку сметаше дека е машко, евнух. Кој ум може да ги сфати и кој јазик може да ги искаже подвизите со кои оваа блажена се подвизуваше таму, во текот на дваесет и осум години? Која рака може да го опише она што таа секој ден го принесуваше како жртва на Бога: солзи, воздишки, липање, бдеење, псалмопоение, молитви, читање, стоење, клечење, постови, оскудување во најпотребното? А пред сѐ, кој може да ги опише нападите и војувањата на демоните против неа, па соблазнителното сеќавање на световните сласти и телесните удобности и други слични работи? И како сето тоа го отфрлаше преподобната и ги победуваше напаѓачите? Покрај тоа, дваесет и осум години не излезе од пештерата, жена, која порано многу години живеела во царски палати како патрицијка и постојано се наоѓала во друштво на високи достоинственици и жени! Тоа е она што го поразува секој ум и ја запрепастува мислата: како таа го презре сето тоа, како го искорени од душата сеќавањето на сето тоа, и како стекна толкаво смирение и се навикна на такво постење, воздржување и себеизмачување. Подвизувајќи се така, блажената Анастасија стана сад и живеалиште на Светиот Дух; целосно Му угоди на Бога и се приближи кон својот блажен крај. Провидувајќи го своето заминување кај Бога, таа на една керамида му го напиша на старецот Данил ова: „Чесен Оче, поведи го со себе братот кој ми носеше леб и вода, понеси потребен прибор за погребение, и дојди да го погребеш своето чедо, Анастасиј евнухот“. Го напиша тоа и ја стави керамидата пред вратата од пештерата. На преподобниот Данил тоа му беше откриено од Бога во ноќно видение, и тој му рече на својот ученик: „Брате, поитај до пештерата каде што живее нашиот Анастасиј евнухот, и погледни пред вратата на пештерата. Таму ќе најдеш испишана керамида, земи ја и донеси ја што побргу“. Братот отиде и му ја донесе керамидата на старецот. Старецот ја прочита и се расплака. Зеде сѐ што е потребно за погребение и отиде заедно со братот. Кога ја отворија пештерата, ја најдоа блажената Анастасија во грозница. Ава Данил плачеше над неа, говорејќи: „Блажен си ти брате Анастасиј, зашто грижејќи се и мислејќи постојано на овој смртен час, си го презрел земното царство“. А таа му рече: „Блажен си и ти, нови Аврааме“. Старецот и рече: „Помоли се за нас на Господа“. На тоа, таа рече: „Чесни оче, во овој час мене ми се потребни вашите молитви“. Старецот рече: „Да заминев јас пред тебе, јас ќе се помолев за тебе“. Тогаш таа се подигна, седна на рогозината, ја целиваше главата на старецот и молејќи се за него изговараше зборови на благослов. Потоа старецот го одведе својот ученик пред нејзините нозе, говорејќи: „Благослови го овој ученик мој, а чедо твое!“ А таа, целивајќи го, рече: „Боже на отците мои, Кој во овој час претстоиш овде за да ме одвоиш од ова тело, Ти Господи, Кој ги знаеш сите чекори и патувања што ги направи овој брат, доаѓајќи и заминувајќи од ова пештера заради името Твое и заради немоќта и ништовноста моја, направи духот на светите отци да почива врз него како што почиваше духот на Илија врз Елисеј!“
Потоа, обраќајќи се кон старецот, рече: „Заради Господа, оче, немој по смртта да ја соблекувате облеката од моето тело,за да не се дознае кој сум“. Потоа се причести со Светите Тајни, и рече: „Осени ме, оче, со крстниот знак, и помолете се за мене“. И погледна на десната страна, па рече: „Добро дојдовте! (тоа им го рече на светите ангели), и нејзиното лице започна да сјае како оган. Потоа се прекрсти и рече: „Господи, во Твоите раце го предавам својот дух!“ Велејќи го тоа, ја предаде својата душа во рацете Божји, во 563 година.
Ава Данил и неговиот ученик се расплакаа, и ископаа гроб пред пештерата. Потоа старецот ја соблече својата мантија и му рече на ученикот: „Облечи го, брате, чедото врз облеката што е на него (зашто неговата облека беше ветва и испокината). Кога ја облекуваше блажената, братот случајно ги виде нејзините гради, исушени како лисја, но за тоа не му рече ништо на старецот.
Откако ја погребаа блажената, се упатија кон Скитот. По патот, ученикот му рече на старецот: „Оче, знаеше ли дека евнухот Анастасиј е жена?“ Старецот одговори: „Знаев, чедо, но за да не се обелодени тоа, јас ја облеков во машка монашка облека и ѝ го дадов името Анастасиј. Тоа го сторив за некој да не дознае за неа, бидејќи царот Јустинијан упорно ја бараше насекаде, па и во нашиот крај. Но ете, со благодатта Божја, таа беше сочувана кај нас. И тогаш старецот му го раскажа на својот ученик целото житие на блажената Анастасија. А потоа за него дозна целиот Скит. И беше напишано нејзиното житие за корист на читателите и слушателите, а во слава на Христа Бога, прославуваниот во светиите Негови за навек, амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК МИХАИЛ МАВРУДИС
Овој свет маченик беше од селото Граница во Тесалија. Неговите родители Димитриј и Статира беа побожни, праведни, милостиви луѓе, и ревносни посетители на црковните богослужби. Својот син Михаил тие го одгледаа во секоја скромност и смиреноумие, и го учеа да живее според заповедите Господови, зашто со држењето на заповедите Божји се покажува човековата љубов спрема Бога, според зборовите Господови во Евангелието: „Кој ги има заповедите мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од мојот Отец...“ (Јн. 14, 21. 23). Така, Михаил уште од мал ги извршуваше заповедите Господови. Неговиот татко наскоро се претстави кај Господа и целата грижа за него врз себе ја презеде неговата мајка.
Кога стана полнолетен и зрел човек, Михаил отиде во Солун, се вработи во една продавница за леб, и со својот труд се прехрануваше себе си. Тој поголемиот дел од својата заработувачка го даваше на црквите и сиротите. Редовно ги посетуваше црковните богослужби и со голема срдечност и внимание ги слушаше божествените зборови. Особено многу време поминуваше по црквите за време на Светата Четириесетница.
Еднаш Михаил започна разговор за верата со едно муслиманско дете, синче на својот сосед, кое дојде во продавницата да купи леб, прашувајќи го во што верува и дали го разбира тоа што го верува. При тоа наиде еден Турчин, учител, заслушна за што се разговара, па започна да вика кон Михаил: „Што зборуваш, невернику? Ти ја хулиш нашата прекрасна и славна вера!“ Михаил му одговори“ Јас сум верник и вистински побожен човек со благодатта на мојот вистински Бог, и знам што зборувам и во што верувам.
Спремен сум и со својата смрт да ја посведочам својата вера. А вие, бедници, не знаете ниту што зборувате, ниту што правите. Вие сте во заблуда и талкате во темнина, верата ваша е полна со басни и измислици“.
Додека се водеше овој разговор, се насобраа многу агарјани, и тие го фатија Михаил и го одведоа кај градскиот судија. Му рекоа на судијата: „Слушнавме како овој човек хули на Мухамед и на Бог“. Судијата започна да го сослушува Михаил и да ги запишува неговите одговори. Притоа судијата започна да тврди дека Христос е обичен човек. Тогаш Михаил му ги изложи основните вистини на христијанската вера, докажувајќи дека Христос е единствен вистински Бог и Господ, и единствен Спасител на човекот и на светот од гревот, смртта и ѓаволот. Михаил говореше: „Раѓајќи се како човек, Господ Христос со своите божествени дела и преголеми чудеса посведочи дека е вистински Бог; своето Божество го посведочи и со својот безгрешен живот на земјата, со страдањето, смртта и воскресението од мртвите. По воскресението, вознесувајќи се на небото, Он го почести човекот со седењето од десната страна на Бога Отецот на небесата, од каде и Духот Свој Свет го испрати на Своите ученици и апостоли и ги просвети. А тие потоа ја просветија целата вселена со вистинското богопознание, чинејќи неискажливи чудеса со благодатта Господова“.
Судијата го праша Михаил: „А што мислите за Марија, Која Го родила Исуса?“ Михаил одговори: „Марија Дева Го роди Совршениот и вистински Бог, и совршен човек и ние ја сметаме и исповедаме како вистинска Богородица“. Тогаш судијата го праша: „Како е возможно Бог да се смести во утроба и да се роди?“ Михаил одговори: „Тоа што за луѓето е невозможно и тешко, за Бога е возможно и лесно; и каде што Бог сака, таму се победува природниот поредок. Затоа ние веруваме дека Несместливиот се сместил и родил во времето како човек, на начин, кој само Нему Му е познат“.
Потоа судијата го праша Михаил: „А што мислите за нашиот пророк Мухамед?“ Михаил одговорил: „Од доаѓањето Христово на земјата до денес нема повеќе пророци, како што тоа самиот Господ го објавува, зашто пророците пророкуваа до Јован Крстител. Оттука следува дека вашиот Мухамед не е пророк. Тој живеел по Христа и не изрекол ниту едно пророштво; како тогаш да го наречеме пророк?“
Откако го запиша тоа, судијата бесно погледна во светиот исповедник, и му рече: „Гледаш ли, ти самиот себе се обвини со своите зборови. Виновен си пред законите. Затоа, ако не се покаеш и не го одречеш тоа што го рече, ќе бидеш предаден на огнот; зашто само така можеш да најдеш милост“. На тоа маченикот со силен глас викна: „Верувам во мојот Господ Исус Христос, кој е вистински Бог, и Творец и Создател мој, и спремен сум ако е возможно да поднесам безброј мачења за љубовта Негова. Затоа еве, земете, од моите пари купете дрва, и запалете ме“.
Откако го рече тоа, маченикот плукна во судијата и на хартијата негова, а судијата скокна, го собори маченикот на земјата, и ужасно го истепа со еден стап. Потоа го фрлија во темница. Во темницата го оковаа во двократни синџири. Но маченикот беше потполно спокоен и се молеше на Господа; во него немаше ниту трошка страв; напротив, лицето му блескаше со божествена радост што му ја исполнуваше душата. А кога утредента му дојдоа во посета некои пријатели христијани, светиот маченик им рече: „Браќа, ноќеска додека стоев на молитва ми се јави Господ, ја укрепи немоќта моја и со храброст ја исполни душата моја, велејќи ми: „Михаил, јунаку мој, радувај се како што јас заради тебе и заради целиот човечки род ја положив својата душа и претрпев крсна смрт, така и ти треба да умреш од љубов за Мене, за да живееш и царуваш со Мене. Внимавај, немој да се плашиш од огнот, зашто тој само навидум е страшен, а да се гори во него воопшто не е страшно. Ти ќе го искусиш тоа, окрепен со непобедливата сила моја“. Откако ми го рече тоа, Господ ме благослови и си отиде од мене. А мене ме обзеде таква неизмерна љубов и неискажана радост што просто не можев да се задржам самиот себе. Едвај чекам да дојде тој благословен час во кој ќе се одвојам од овој свет и ќе се соединам со мојот Господ Христос.
Во четвртокот на средопусната недела на Светата Четириесетница, блажениот маченик беше изведен од темницата пред големиот судија. Целиот сјаеше од радост и лицето му блескаше од божествена благодат. Судијата ги прочита сите искази на маченикот, запишани од претходниот судија, и го праша маченикот дали тоа е вистина. Маченикот му одговори: „Не прашувај ме судијо, зашто тоа е поочигледно од сонцето. И сега го исповедам тоа и изјавувам дека е вистинито и точно. Тоа го научив од своите побожни родители како предание од светите Отци. А прв мој учител во сето тоа е самиот Исус Христос, Синот Божји и вистински Бог“. На тоа судијата му рече: „Остави го тоа, кукавицо, и покај се за да добиеш милост од Бога и од нашиот пророк на небото, а ние овде, на земјата, да те опсипаме со почести и слава и да ја одбегнеш горката смрт“. Маченикот му одговори: „Не се одрекувам од мојот Бог. Со ништо нема да ме уплашиш зашто го чекав овој ден како најсветол празник. Каква корист од тоа што ми го нудиш? Среброто твое нека отиде со тебе во погибел. Те молам, не губи време туку испрати ме кај мојот Бог да бидам поставен на трпезата на Света Троица и да се принесам себе како мирисен темјан. За мене не претставуваат ништо привремените мачења! Нема да се одречам од љубовта на мојот пресладок Господ Исус! Он е љубов, и копнеж, и милина, и живот, и воскресение и царство небесно“.
Овие зборови го запрепастија судијата и тој полн со гнев, донесе писмена пресуда - Михаил да биде изгорен во оган. Епархот веднаш го врза блажениот маченик и го поведоа кон губилиштето. А маченикот, угледувајќи се на својот Господ, иташе во смрт како јагне на колење, полн со благодарност и со целиот свој ум беше на небото кај Господа Христа. Кога стигнаа на губилиштето, се насобра многу народ да ја гледа смртта на маченикот. Додека огнот гореше, епархот му предложи на маченикот да се предомисли и да се спаси себе си од смрт. На тоа свети Михаил му рече: „Беднику, престани да хулиш на вистинската вера Христова! Нема да ме придобиеш, па макар да ми дадеш илјада царства. Знај дека мене ме чека вечното и неминливо царство“.
Тогаш светиот маченик влезе во огнот и долго стоеше прав како свеќа, тивко славејќи го Бога; и така ја предаде својата душа во рацете Божји. И сега светиот маченик Михаил заедно со сите светии го слави на небото Христа Господа, сепобедливиот Бог, Кому чест, слава и моќ низ бесконечните векови. Амин.
Свети Михаил пострада во Солун во 1544 година. Неговото страдање и служба за него ги напиша митрополитот Солунски Теона (издадени во Атина во 1908 год.).
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАРКИЈАН
Бил претепан со стапови, и така пострадал за Христа.
СПОМЕН НА АКАТИСТОТ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
Во спомен на избавувањето на градот Цариград од варварските напади со помош на Пресвета Богородица (7-ми век) испеана е пофална песна или химна на Пресвета Богородица, наречена Акатист. Се состои од 12 кондаци и 12 икоси. Прв кондак на Акатистот е химната „Возбраној Војеводје“. Според преданието акатистот го испеал свети Роман слаткопевец, и тој се чита во саботата на петтата недела од Великиот Пост.