24. Март  (11. Март)

 

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ СОФРОНИЈ,

патријархот Ерусалимски

Свети Софрониј е роден во Дамаск околу 580 година од знаменити, побожни и целомудрени родители, кои се викаа Плинт и Мира. Уште како млад, Софрониј започна да живее живот достоен на своето име. Ја сакаше духовната и световната мудрост и ја чуваше својата девствена чистота. Духовната мудрост и девствената чистота заедно се нарекуваат целомудрие. Според зборовите на свети Јован Лествичник, целомудрието е заеднички назив за сите доблести, а целомудрениот Софрониј беше нивен ревносен исполнувач.

Тој најпрвин ја изучи светската философија, поради што беше наречен софист, односно мудар. Во тоа време името софист означувало голема чест. Така се нарекувани сите најодбрани философи. Но, откако насобра светска мудрост, блажениот Софрониј сакаше да стекне и духовна мудрост. Со таа цел тој ги посетуваше манастирите и пустинските отци, собирајќи духовно богатство од богоносните отци.

Додека ги обиколуваше манастирите околу Ерусалим, тој дојде во општожитието на Теодосиј Велики. Тука го сретна инокот Јован Мосх, презвитер по чин, човек доблесен и многу искусен во световната и духовната философија. Софрониј со целото свое срце се припи кон него и го следеше на сите негови патувања сѐ до неговиот крај, посетувајќи свети отци и опишувајќи ги нивните житија заради духовна корист. За тоа сведочи книгата што ја напишале заедно под наслов Лимонар, а е одобрена на Седмиот Вселенски Собор. Во оваа книга, неговиот учител честопати свети Софрониј го нарекува софист, како рамен на себе во философијата. На некои места го нарекува и свој господин, дури и отец, зашто не го сметал за ученик, туку за пријател, сопатник и сотрудбеник, кој е прекрасен по живот. Блажениот Јован провидел со духот дека Софрониј ќе биде голем пастир и непоколеблив столб на Црквата Христова.

Свети Софрониј живеел со преподобниот Јован доста долго, најпрво, пред својот постриг во Палестина, па во киновијата на Теодосиј Велики, во Јорданската Пустина и во манастирот на свети Сава, кој се нарекувал Нови.

Потоа обајцата ја напуштија Палестина од страв од Персијците и отидоа во пределите на Антиохија Велика.

Во тоа време персискиот цар Хозрој Младиот завојува против Ромеја поради тоа што мачителот Фока, како што за тоа опширно пишува грчкиот историчар Никифор, го убил царот Маврикиј и го зазел царскиот престол. А царот Маврикиј му беше голем добротвор на Хозрој кога тој беше пребегал од Персија во ромејското царство. Тогаш тој како татко му помагаше на Хозрој со пари и војска, го поврати на престолот во Персија и така меѓу ромеите и персијците се створи цврст мир.

Но кога слушна за убиството на својот добротвор Маврикиј, Хозрој беше многу нажален, го раскина договорот за мир со Ромејците и тргна да се освети за него. Персиската војска упадна во многу покраини, а особено во Сирија, Феникија и Палестина и започна да ги пустоши. Тогаш светите отци коишто се подвизуваа во тие покраини ги напуштаа своите манастири и живеалишта и бегаа кој каде што може. Токму во тоа време од Палестина заминаа и светите отци Јован и Софрониј. По нивното заминување, персијците го зазедоа светиот град Ерусалим и заедно со пресветиот патријарх Захариј го однесоа во ропство и Чесниот и животворен Крст Христов, Кој остана четиринаесет години во Персија на голема тага и жалост на целиот христијански свет.

Кога дојдоа во пределите на Антиохија, овие светители започнаа да ги посетуваат тамошните доблесни отци и по својот обичај, како пчели собираа мед од духовни поуки и ги внесуваа во својата книга Лимонар, како мед во саќе. Кога и таму се наближи персиската војска, тие отпловија во Египет и Александрија. И таму ги опишуваа делата и поуките на светите отци што со свои очи ги видоа и со свои уши ги слушнаа. Во тоа време, свети Софрониј сѐ уште не беше пострижан за монах, што се гледа од шеесет и деветтата глава на нивниот Лимонар, каде неговиот учител Јован вели вака: „Стигнавме во Александрија, јас и братот мој, господин Софрониј, пред постригувањето негово и отидовме кај доблесниот слуга Божји, ава Паладиј“. И во сто и десетата глава вели: „Јас и мојот господин Софрониј отидовме во Лаврата оддалечена осумнаесет стадии од Александрија, кај еден многу доблесен старец, Египќанин, и јас му реков на старецот: Господине аво, поучи нѐ како да живееме, зашто господинот софист (Софрониј) сака да се одрече од светот и да стане монах. Старецот ни рече: „Деца, добро правите што го оставате светот заради спасението на своите души. Седете во ќелиите, тихувајте молитвено чувајќи го умот, молете се непрестајно, имајте надеж во Бога, и Он ќе ви го даде своето знаење и ќе го просвети вашиот ум“.

Прекрасните доблести на светиот целомудрен Софрониј се гледаат во тоа што тој како световен човек вложуваше огромен труд патувајќи долго по манастирите и пустините, и многу се грижеше и ревнуваше околу пронаоѓањето на духовно корисни работи, кои би го поучиле на патот на спасението. И пред постригот тој живееше како совршен монах, водејќи совршено монашко житие.

Потоа беше пострижан од својот учител, бидејќи доби тешка болест на очите, и очекуваше да умре. За време на болеста имаше видение. За тоа неговиот учител пишува во сто и втората глава на Лимонарот, говорејќи: „Кога мојот брат Софрониј беше на умирање, крај него стоевме јас и ава Јован схоластикот. Тогаш тој ни рече: Како да одев по некој пат и видов девици како се собраа околу мене и ликуваа, говорејќи: Добро ни дојде, Софрониј! Се венчал Софрониј! А девиците ликуваа пред него затоа што имаа исто име со целомудрието“.

Тоа го напиша за него неговиот учител. По своето оздравување, и веќе во монашки чин, блажениот Софрониј се оддаде на уште поголеми подвизи, грижејќи се за своето спасение и за спасението на другите. Во тоа време во Египет се беше раширила Севировата ерес. Софрониј и неговиот учител многу се бореа со овие еретици. Како мудри и доследни на Светото Писмо, тие во секое препирање ги победуваа еретиците, поради што беа многу сакани од пресветиот патријарх Јован Милостивиот (609-620 г.). Во Житието на свети Јован Милостив, напишано од неаполскиот епископ Леонтиј, се вели дека тој имал обичај во среда и петок да седи пред вратите на црквата и да го прима секој што сакал да дојде кај него, сослушувајќи ја секоја молба, помагајќи, помирувајќи, и творејќи мир меѓу луѓето. А кога ќе му се случело да не му дојде никој со некаква молба додека тој седел таму, бил тажен и со солзи си заминувал дома, говорејќи: „Денес ништовниот Јован не направи ништо, ниту пак нешто му принесе на Бога, за гревовите свои“. А блажениот Софрониј го тешеше, велејќи му: „Оче, денес треба да се веселиш зашто твоите овци живеат мирно без расправии и кавги, како ангели Божји“. Од ова јасно се гледа каква почит и љубов уживал кај пресветиот патријарх свети Софрониј со својот учител.“

И двајцата секој ден учеа нешто ново за духовна корист. Еве еден случај, што го раскажува Јован: Еднаш заедно со мојот господин Софрониј, тргнавме кон домот на Стефан Философот што се наоѓаше покрај патот што води кон црквата „Пресвета Богородица“, изградена од блажениот патријарх Евлогиј, на исток од великиот Тетрафил. Кога стигнавме до домот на философот, затропавме на вратата и вратарот ни рече: „Мојот господин сеуште се одмора, причекајте малку“. Тогаш му предложив на мојот господин Софрониј да отидеме кај Тетрафил. Александријците го почитуваат тоа место зашто велат дека таму царот Александар Македонски ги положил моштите на светиот пророк Еремија, коишто ги донел од Египет кога го основал градот Александрија. Кога стигнавме таму не најдовме никој освен тројца слепци. Седнавме молкум близу до нив, секој со својата книга. А слепците, си разговараа меѓу себе. Еден го прашуваше другиот: „Пријателу, како ослепе ти?“ Оној му одговори: „Во младоста бев морнар. Пловејќи од Африка постојано гледав во морето, поради што очите ми побелеа, и јас ослепев“, Потоа, прашан на кој начин ослепел, вториот одговори: „Бев стаклар. Во една прилика, правејќи стакло од невнимание се изгорев и од тоа го изгубив видот“. Тогаш овие двајца слепци го прашаа третиот, на кој начин ослепел. Тој им одговори: „Кога бев млад, не сакав да работам и да се мачам, туку сакав да се излежувам. Бидејќи немав од што да живеам, јас започнав да крадам и да чинам многу зла. Еден ден, видов поворка со мртовец над кој имаше скапоцена покривка. Тргнав по поворката, за да видам каде ќе го погребаат. Мртвиот го погребаа покрај црквата на светиот Јован. Штом падна ноќта, јас го раскопав гробот, соблеков сѐ од мртовецот и оставив само една наметка врз него. Кога излегов од гробот, мојата зла помисла ми рече: „Врати се и земи ја и наметката, оти е многу убава“. И јас, бедникот, се вратив да ја земам наметката и мртовецот да го оставам гол. Тогаш мртвиот стана и седна пред мене, па ги испружи рацете, со прстите ми го одра лицето и ми ги извади и двете очи. Тогаш јас, несреќникот, едвај се извлеков од гробот. Така останав слеп“.

Откако го слушнавме тоа, господин Софрониј ми даде знак и ние тргнавме. По патот Софрониј ми рече: „Ава Јоване, денес навистина не е потребно уште нешто да научиме, зашто доволно се поучивме духовно: Никој кој прави зло, не може да се сокрие од Бога“.

Од ова јасно се гледа дека обајцата светители, Јован и Софрониј, се грижеа секој ден да стекнат за себе по некоја духовна корист. За време на престојот во Александрија, блажениот Софрониј ги запиша чудесата на светите маченици Кир и Јован, на тој начин оддавајќи им благодарност што му ги исцелија очите. Зашто кога му се разболеа очите, тој прибегна кон овие бесплатни лекари со вера и молитва во нивната црква во Александрија и од нив го доби моленото исцеление.

По некое време во Египет постоеше опасност од персиски напади. Тогаш блажените отци Јован и Софрониј беа приморани да бегат оттаму и отидоа во Синај, потоа на Егејските Острови и најпосле во Рим. И пресветиот патријарх Јован Милостив донесе одлука да бега од варварите. Но, по патот се разболе и во својот роден крај, во градот Амантунт, тој се претстави кај Господа. Подоцна, мудриот Софрониј оддаде должна почит и пофалба за возвишениот живот на светиот Патријарх и неговото неизмерно милосрдие, и го опиша неговото житие.

Блажениот Софрониј со својот учител Јован и уште дванаесет браќа со нив отпатуваа во Рим. По некое време, веќе стар, преподобен Јован, учителот на свети Софрониј, отиде кај Господа (619 г.) Пред смртта, тој му остави завет на својот ученик неговото тело да не го погребува во Рим, туку да го однесе на Синајската Гора. А ако поради варварските напади е невозможно тоа, тогаш да го погребаат во Палестина, во киновијата на свети Теодосиј Велики, каде што се замонаши.

И така се случи. Свети Софрониј го зеде телото на свети Јован, заедно со браќата отиде во Ерусалим, и го погреба телото на својот духовен отец во Теодосиевата киновија. Потоа свети Софрониј отиде во Александрија за да го убеди тамошниот патријарх Кир да не се согласи со монотелитската ерес. Оттаму отиде во Цариград да го убеди и цариградскиот патријарх Сергиј. Но, тие не го послушаа и тој се врати во Ерусалим. Тогаш на патријаршискиот престол во Ерусалим бил Модест наместо патријархот Захариј, кој заедно со Чесниот Крст беше во ропство во Персија.

Набргу по доаѓањето на свети Софрониј во Палестина, Бог благоволи во Ерусалим да бидат вратени од ропство и Чесниот Крст и патријархот Захариј. Тогаш војводата Ираклиј го уби царот Фока тиранинот, го зазеде византискиот престол, завојува против Персија, многу пати ги победи полковите на Хозрој и седум години ги пустошеше неговите градови. Тогаш синот на Хозрој, Сироес, го уби својот татко Хозрој и побара мир од ромејскиот цар Ираклиј. Неговиот прв услов за мир беше персискиот цар да им го отстапи Ерусалим на ромеите, да го врати Чесниот Крст, и со него патријархот Захариј.

Така и се случи. По четиринаесет години, на многу свечен начин Чесниот Крст беше вратен од Персија. Самиот цар Ираклиј на своите плеќи го внесе во Светиот град и пресветиот патријарх Захариј го зазеде својот престол. Но, по неколку години царот Ираклиј го однесе Чесниот Крст Господен во Цариград, за оваа христијанска драгоценост да го заштити од непријателите кои потоа повторно го зазедоа Ерусалим. По враќањето од ропство, патријархот Захариј не седеше долго на својот престол туку се упокои во Господа. По него дојде Модест и поживеа само две години. Кога се претстави Модест, за патријарх беше избран свети Софрониј, во 634 година.

Како што веќе рековме, во тоа време се појави монотелитската ерес, која што учеше дека во Христовата личност, во двете Негови природи, Божествената и човечката, постои една волја и едно дејство, а не дека секоја природа има своја посебна волја и дејство. Учејќи така, тие одрекуваа дека Христос е совршен и во двете природи. Царот Ираклиј свика помесен собор и нареди така да се верува. Со него се согласија цариградскиот патријарх Сергиј (610-638 г.) и римскиот папа Хонориј (625-638 г.), а по нив и александрискиот патријарх Кир, па и цариградскиот патријарх Пир и други. Тогаш, многу православни пострадаа зашто не се согласуваа со таа ерес.

На оваа ерес силно ѝ се спротивстави пресветиот ерусалимски патријарх свети Софрониј. Тој свика помесен собор на кој ја проколна монотелитската ерес и одлуките донесени на овој собор ги испрати на сите страни. Овие одлуки беа читани на Шестиот Вселенски Собор во 680 година, потврдени од светите Отци, и усвоени како правоверни.

Свети Софрониј има напишано многу други, за Црквата корисни беседи, поуки и химни, а и житија на некои светители, како и житието на света Марија Египетска која на натчовечки начин водеше рамноангелски живот во пустината. Свети Софрониј мудро ја пасеше Црквата Божја, затворајќи им ги устите на еретиците.

Со допуштање Божјо повторно имаше варварски напади над Сирија и Палестина, но не од Персијците туку од Арапите мухамеданци. Тие најпрвин го зазедоа градот Дамаск, потоа Витлеем, па го опседнаа Божјиот град Ерусалим и го освојуваа две години. Зашто кога ја победија ромејската војска во Сирија и го убија нејзиниот војвода Сергиј, пресветиот патријарх Софрониј заедно со палестинските христијани се затвори во Светиот град. Постои една негова беседа што ја одржал на Божиќ во опседнатиот град. Во неа, тој како втор Еремија го оплакува разорувањето и опустошувањето на Светите Места што го допуштил Бог поради гревовите човечки, а посебно жали што не може по својот обичај да го прослави раѓањето Христово во Витлеем, зашто Витлеем веќе бил во рацете на агарјаните.

Кон крајот на втората година од опсадата, во 637 година, христијаните биле принудени да се предадат на непријателите и да им го отворат градот. Но, претходно пресветиот патријарх Софрониј му испрати писмо со одредени услови за предавањето на градот на агарјанскиот халиф Омар. Првиот услов беше над христијанската вера и светата Црква Божја да не се врши никакво зло и насилие. Омар го прими тој услов како и останатите. Но, кога христијаните ги отворија капиите, тој лукав никаквец влезе во градот и прашуваше каде се наоѓа храмот Соломонов, сакајќи таму да принесе богохулни молитви. А свети Софрониј кој беше излегол да го пречека, гледајќи го во лицемерно обличје, рече: „Еве, мерзоста на опустошението претскажано од пророкот Данил, ќе биде на свето место“. И многу плачеше заедно со сите христијани, а Омар му предлагаше да ја фрли од себе ритата и да облече кнежевска облека каква што му доликува.

Така, Светиот град Божји го зазедоа агарјаните, а христијанството западна во тешко ропство. Нечестивиот агарјански водач не ги исполни поставените услови за мир што ги вети, и започна да им нанесува многу зла на христијаните. Гледајќи го тоа, свети Софрониј непрестано ридаше и Го молеше Бога да му ја земе душата, за повеќе да не ги гледа страдањата на христијаните и пустошењето на светињите. Бог ја услиша неговата молитва и наскоро тој го заврши својот тажен живот, во 638 година, и премина од земниот солзен Ерусалим во горниот радосен, каде живеат сите кои се веселат во нашиот Господ Исус Христос, Кому слава низ сите векови, амин.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ПИОНИЈ

Апостолот ни наредува да го славиме споменот на светиите: „Сеќавајте се на вашите наставници кои што ви го проповедаа словото Божјо“ (Евр. 13, 7). Тоа треба да го правиме за, сеќавајќи се на нивната вера, живот и доблесен крај, и ние да се огледаме на нив. Од таа причина треба да го славиме и споменот на светиот маченик Пиониј. Додека живееше во светот, тој многумина обрати од демонската заблуда кон Бога. И кога овенчан со мачеништво премина кај Господа, ни остави пример на своите добродетели, та и сега ние го славиме како учител.

На 23 февруари, во градот Смирна се прославуваше празникот на светиот свештеномаченик Поликарп Смирнски. Во таа прилика нечестивите незнабошци ги фатија презвитерот Пиониј, ревносната Савина, Асклипиад, Македониј и презвитерот на соборната црква, Лин, затоа што тогаш беше во ек Декиевото гонење против христијаните. Пиониј претходно беше дознал дека тие ќе бидат уапсени на празникот на свети Поликарп, па постејќи, тој зеде вериги, стави една на себе, друга на Савина, а трета на Асклипиад и тие седеа дома заедно, чекајќи да дојдат по нив. Кога дојде редникот на идолските жртви Полемон со војниците, го праша Пионија: „Знаете ли за царската заповед со која ви се наредува да им принесувате жртви на боговите?“ Пиониј одговори: „Знаеме за заповедта на нашиот Бог, Кој ни наредува само Нему да Му се поклонуваме“. Тогаш Полемон рече: „Ајде одете на соборот, та таму, иако не сакате сепак ќе се покорите“. Савина и Асклипиад одговорија: „Ние Му се покоруваме на живиот Бог“.

Ги одведе Полемон, но не со сила, а кога народот ги виде како добороволно ги носат своите окови, се туркаше околу нив зачудено. Кога светите стигнаа на соборот кај градоначалниците, огромна маса од незнабошци, а особено Евреите, коишто ги имаше многу во Смирна, се собраа на овој призор. Ги изведоа светите на средината, и Полемон рече: „Пиониј, покори ѝ се на царската наредба како што го сторија тоа и останатите и принеси им жртви на боговите, за да не бидете луто мачени“. Пиониј ги испружи рацете кон народот и започна да зборува: „Луѓе, слушам дека се смеете и радувате затоа што некои од нас пристапиле кон вас. Зарем сметате дека е достоен за смев и забава гревот нивен, зашто тие им принесуваат жртви на боговите под присила? Јас сум подготвен со радост да умрам, отколку да ги погазам зборовите на мојот Учител. Се трудам да не отстапам од заповедите Негови на кои одамна навикнав, а и други поучив на нив. Зошто нѐ исмејувате вие, Евреи? Ако сме, како што велите вие, ваши непријатели, сепак сме луѓе. Па уште и тврдите дека ве навредуваме кога ја зборуваме вистината. Но, кажете ни, кого навредивме? Кого гоневме? Кого приморавме да се поклони на идолите? Сметате ли дека вашите гревови се еднакви со гревовите на оние кои сега од страв ги нарушуваат заповедите Божји? Но, кој вас ве присилува да му служите на Велфегор, да јадете жртви од мртви тела, да се состанувате со ќерките на иноплемениците, своите синови и ќерки да ги принесувате како жртва на демоните, да роптате против Бога, да го грдите Мојсеј, во срцата да помислувате за повторно враќање во Мисир? А останатото што сте го сториле ќе го премолчам. Вие дури тврдите дека вас никој не може да ве прелаже. Зар не ги читате своите книги: Исход, Судии, Царства и останатите во кои сте изобличени? А вие, ни укажувате нам на неколкумина од нас, кои под присила им пристапиле на идолите и заради нив ги изобличувате и осудувате сите христијани. Но, размислете, о Евреи, што сакате? Да страдаме како праведни или како неправедни? Зашто, кога и праведникот едвај се спасува, тогаш безбожникот и грешникот каде ли ќе се јават? (1Петар 4. 18). Се приближува Судот на светот и знаците негови се очигледни. Јас сум ги пропатувал сите еврејски краишта, сум ја преминал реката Јордан и сум ја видел земјата која сѐ досега покажува врз себе знаци на гневот Божји поради гревовите на нејзините жители кои убиваат и пљачкаат странски патници. Го видов и Мртвото Море, и водата која по Божја казна отпаднала од својата природа. Но, зошто да се спомнува она што е далеку? Видете го лидискиот крај Декапол, кој изгорен од огнот и до сега стои како казна за безбожниците. Замислете ја планината Етна, нејзиниот вулкан Сицилија и нејзината изгореност. Ако вам и тоа ви изгледа далеку, тогаш погледнете ја топлата вода што извира од земјата. Како се загрева и станува врела? По сето тоа познаваме дека ќе има суд и дека грешниците ќе ги стигне казна од огнот Божји, преку неговиот овоплотен Логос, нашиот Господ Исус Христос. Затоа не им служиме на елинските богови и нема да се поклониме на златниот идол“.

Тоа и многу други работи изговори свети Пиониј, а Полемон и градоначалниците со него и целиот народ го сослушаа во голема тишина. Потоа некои граѓани заедно со Полемон го молеа свети Пиониј, говорејќи: „Согласи се Пиониј, зашто те сакаме поради твојата добрина и кроткост и сакаме да останеш жив“. Светителот им одговори: „И јас мислам дека овој живот е пријатен, но неспоредливо попријатен е оној што го сакаме ние христијаните. Ова што се гледа со телесните очи е убаво, но она невидливото е навистина прекрасно“.

А еден лукав човек, мајтапчија, по име Александар, рече: „Послушај ме Пиониј!“ Светителот му одговори: „Најпрвин ти послушај ме мене зашто тоа што го знаеш ти го знам и јас, а тоа што го знам јас не го знаеш ти“. Потсмевајќи му се на светителот, Александар го праша: „Овие окови, зошто се врз тебе?“ Светителот одговори: „Да не мислите дека одиме да им се поклониме на вашите идоли? Нека ви биде јасно дека одиме во темница и во смрт за нашиот Бог“.

Обидувајќи се со многу други ласкања да го придобие Пиониј, но без успех, Александар рече: „Нема потреба да се трошат зборови, кога тие не сакаат да останат живи“. Народот бараше да го постават Пиониј на попрегледно место за да можат сите да го слушаат, но Полемон не дозволи од страв да не се створи метеж меѓу народот, па му рече на Пиониј: „Ако не сакаш да им принесеш жртви на Боговите барем влези во нивниот храм“. Светителот му одговори: „Каква корист ќе имаат идолите од мојата посета?“ Полемон рече: „Ајде Пиониј, согласи се!“ Пиониј рече: „О, кога вие би се согласиле да станете христијани!“ На тоа, тие силно се насмеаја и рекоа: „Тоа нема да го доживееш, па макар во оган да изгориме!“ Светителот одговори: „Страшно е по смртта да се гори во незгасливиот оган“.

Блажена Савина се насмевна, а Полемон заедно со останатите ја праша: „Зошто се смееш?“ Таа одговори: „Се радувам што сум христијанка, затоа што ќе се радувам вечно“. Безбожниците ѝ рекоа: „Ќе се смееш кога ќе страдаш како што не сакаш, зашто жените кои не им се поклонуваат на боговите се водат во блудилиштето“. На тоа, таа одговори: „Бог ќе се погрижи за мене“.

Потоа започнаа да ги запишуваат имињата на светите што го исповедаат Христа, а ги отфрлаат идолите заедно со нивните одговори. А кога го запишуваа името на Савина, свети Пиониј ѝ дошепна да не го кажува своето вистинско име туку да рече дека се вика Теодотија, за да не дознае нејзината господарка за неа, зашто света Савина беше робинка кај некоја угледна незнабошка. Неколку години пред тоа, за време на царувањето на Гордијан, ова незнабошка се трудела да ја одврати Савина од Христа. Но, бидејќи не успеала во тоа, таа врзана ја избркала во планините каде верните ја хранеле кришум. Потоа, со огромно залагање на свети Пиониј, таа беше избавена од својата господарка. Сега, тој се плашеше таа повторно да не ја земе кај себе, и затоа ѝ рече да го премолчи своето вистинско име.

Откако ги запишаа имињата и одговорите на тројцата светители, ги поведоа кон темницата, а целиот народ одеше по нив, ѝ едвај стигнаа зашто народот за малку ќе ги испоубиеше.

Кога влегоа во темницата оковани заради Христа, ги затекнаа презвитерот на соборната црква Лин и жената од селото Карина, Македонија. Кај нив доаѓаа многу верни и им носеа понуди. Но, тие не сакаа да јадат и сѐ им раздаваа на стражарите. Кај нив дојдоа и оние христијани што отпаднаа од верата поради стравот од мачење, и секој ден тие кукаа пред светите во темницата. Поради нив плачеше и свети Пиониј, говорејќи: „Ново мачење ми го измачува срцето и ми ја кине душата кога гледам како бисерот на Црквата го газат свињи. Деца мои, што повторно со маки ве раѓам додека Христос не се вообличи во вас, зашто слушам дека сега секој е предавник на ближниот свој. Солта ја изгубила силата, расфрлана е надвор и луѓето ја газат. Но, деца мои, нека некој не мисли, дека Бог се изморил. Не Господ, туку ние сме се измориле, зашто Он вели: „Зарем не може мојата рака да ве избави? Или отежна мојот слух, па не можам да ве чујам? Туку гревовите ваши ве одвоија од вашиот Бог“. Согрешивме браќа, ги нарушивме заповедите Господи и беззаконие извршивме, гневејќи го Бога и жалостејќи го ближниот. Зашто еден со друг се јадеме; еден со друг се клеветиме. Сеуште слушам како некои од вас ги повикуваат Евреите во своите зборници. Но, чувајте се да не паднете во најстрашните замки, да не паднете во непростлив грев, којшто е хула на Светиот Дух и да не бидете заедно со Евреите, чиишто раце се извалкани со крв. Ние ниту пророк убивме, ниту Христа го предадовме и распнавме. Но, не е потребно да се зборува многу. Сетете се на тоа што порано ви го зборував. Вам ви е познато како Евреите зборуваат дека Христос бил обичен човек. Па како тогаш целиот свет се наполни со мноштво ученици Негови? Како толку многу луѓе јуначки страдаат за името Негово? Како со името на обичен и смртен човек во текот на толку години се изгонувале демони, и сега се гонат, и ќе се гонат до свршетокот на светот? И како се вршат премногу други чудеса со семоќното име Негово во Црквата на верните? Не сфаќаат бедните Евреи дека нашиот Господ Исус Христос доброволно пострада и умре за нас и воскресна во третиот ден со слава. Тие беззаконици зборуваат дека Христос бил магионичар и како таков станал од мртвите. Но, нека ни покажат кои се тие книги. Нивни или наши, што така зборуваат за Христа? Или, кој праведен човек некогаш такво нешто изрекол? Зарем тоа не е очигледна лага, И оние кои такви лаги зборуваат, зарем не се најпогани беззаконици? И зошто повеќе им се верува на таквите отколку на праведните луѓе? Јас уште од детството ја слушав таа нивна лага. И, како што Самуила не го воскреснаа магии, така ни Христос не воскресна со помош на магии, туку со својата божествена сила ја разори силата на смртта; и како што доброволно пострада и умре, исто така, доброволно и воскресна со својата сила како Бог. Ако пак, тие не сакаат да веруваат во тоа, вие речете им: „И да им принесеме жртви на идолите, ние пак сме подобри од вас зашто вие доброволно им ги принесувате жртвите, а ние го правиме тоа под присила“.

Свети Пиониј ги соколеше отпаднатите, говорејќи: „Браќа, иако паднавте во голем грев принесувајќи им жртви на идолите, не очајувајте, туку вистински покајте се, и повторно со своите срца обратете се кон Христа, својот Бог. Милостив е Он и готов да го прими секој што со покајание Му пристапува. Вас ќе ве прими со радост како свои деца“. А тие со силно лелекање се каеја поради својот грев и повторно се обраќаа кон Христа Бога.

По тоа во темницата дојде Полемон заедно со магистратот Теофил, со војска и народ и, изведувајќи ги светите рече: „Ете, вашиот епископ Евктимон им се поклони на нашите богови и им принесе жртви. Ајде, договорете се и вие, па сторете го тоа. Ако не се согласите, тогаш во храмот на боговите наши ќе ви судат жрецот Лепидон и Евктимон“. Свети Пиониј одговори: „Ако епископот Евктимон им принел жртви на идолите, тоа е негова волја. Ние немаме ништо со тоа, и нема да им принесеме жрви на идолите! Нам треба да ни суди антипатот, а не Лепидон, ниту Евктимон, ниту пак вие“.

Тогаш тие го изнавредија светителот и заминаа. Но, повторно се вратија заедно со војската и народот, лажно говорејќи: „Антипатот испрати да ве водат во Ефес на измачување“. Пиониј одговори: „Нека дојде неговиот пратеник и нека нѐ води“. Теофил праша: „Зар не ми верувате мене кога ви зборувам? Јас сум кнез и треба да ми верувате“. И му фрли јаже околу вратот на Пиониј и го предаде на војниците. Силум ги поведоа светите кон идолскиот храм, а тие викаа: „Христијани сме, и немаме никаква врска со идолите“.

Кога ги доведоа среде плоштадот, свети Пиониј легна на земјата изјавувајќи дека е христијанин и дека не сака да влезе во идолиштето. Тогаш се нафрлија слугите врз него и го тепаа со раце и нозе, па го зграбија и го внесоа во идолиштето пред поганиот жртвеник каде сеуште стоеше несреќниот епископ Евктимон, принесувајќи идолски жртви.

Лепидон праша: „Пиониј, зошто вие не сакате да принесете жртви?“ Светиот одговори: „Затоа што сме христијани“. Лепидон праша: „Кој Бог го почитувате?“ Пиониј одговори: „Оној што ги створи и небото, и земјата, и морето, и сѐ што е во нив“. Лепидон праша: „А кој бил распнат?“ Светиот одговори: „Беше распнат Оној, Кој беше испратен од Отецот за спасението на светот“. На тоа кнезовите силно се насмеаја, а Лепидон започна да го навредува блажениот Пиониј. Потоа силум им ставија венци на светите маченици, зашто таков беше обичајот кај незнабошците кога принесуваа идолски жртви. Тие ги искинаа венците, ги изгазија со нозете и ги исплукаа жртвите.

Поради тоа меѓу незнабошците настана силна врева, па се нафрлија врз светителите и со тепање ги одведоа во темница. Кога свети Пиониј влегуваше во темницата, еден војник силно го удри по главата и го раскрвави. Во истиот миг војникот тешко се разболе, телото му се прекри со рани и едвај дишеше.

Потоа во Смирна пристигна антипатот Квинтилијан. Тој го изведе на суд само свети Пиониј. Откако го испраша и виде дека е непопустлив, нареди гол да го обесат и со железни нокти да му го стругаат телото. По ова мачење го осуди на смрт. Според римските прописи, смртната пресуда гласела вака: „Наредивме, Пиониј, кој исповеда дека е христијанин, жив да биде распнат и изгорен“.

Кога го доведоа до местото на распетието и спалувањето, тој сам ја соблече својата облека, со радост погледна кон небото и Му заблагодари на Бога што го сочува до крај. Тогаш легна на крстот и ги испружи рацете и нозете да го приковаат. Додека му ги забиваа клинците, неверниците го убедуваа да се опамети и да го сочува својот живот. А светителот им рече: „Сакам да заспијам за подобро да станам во денот на сеопштото воскресение“.

Кога го кренаа крстот и го зацврстија, наредија многу дрва околу него и го запалија. Додека огнот се распламтуваше, светителот ги затвори очите и Му се молеше на Бога. Сите мислеа дека веќе е мртов, но по долго време, кога огнот стивна и светителот ја завршуваше својата молитва, ги отвори очите и народот се зачуди кога го виде жив во така силниот оган. Потоа со весел лик изговори: „Господи прими го мојот дух!“ - и се упокои.

Неговото тело беше сосема целосно, недопрено од огнот, а лицето му сјаеше со божествена благодат како очигледен знак на радоста на неговата света душа, која влегла во небесната радост и добила победнички венец од Христовата десница.

Тоа се случи во градот Смирна за време на царувањето на Декиј, од антипатот Квинтилијан во четири часот попладне во сабота на единаесетти март 250 година.

За останатие свети маченици кои беа уапсени заедно со свети Пиониј и во окови држани во темницата, нема писмени податоци за тоа со какви маки го завршиле својот подвиг. Но, сигурно е дека и тие пострадаа за Христа и заедно со свети Пиониј добија небесен живот.

Светиот презвитер Пиониј го напишал житието и страдањето на светиот свештеномаченик Поликарп, епископ Смирнски, а подоцна и самиот се удостоил на чест заедно со него во царството на нашиот Господ Исус Христос, Кој со Отецот и Светиот Дух царува за навек, амин.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ГЕОРГИЈ ДИПИСКИ

Од преголема желба да оди по тесниот и мачен пат Господов, свети Георгиј ги остави жената и децата и се замонаши. Го зеде врз себе благиот јарем Господен, и ги минуваше градовите, селата и пустините оскудувајќи во сѐ, и беше многу измачуван и злоставуван. Бог му го откри денот на неговата смрт и тој отиде во Цариград. Таму помина седум дена во сечесниот храм на свети Јован Богослов, во местото викано Дипија, и се упокои во Господа.

Кога дојдоа христијаните да го погребаат, ги видоа многу тешките вериги што преподобниот постојано ги носеше на себе. А кога видоа и дека целото тело му е полно со рани од нив, сите повикаа: „Господи помилуј!“ Потоа направија мермерен кивот, ги ставија во него моштите на блажениот и ги погребаа во папертата на истиот храм. Овие свети мошти станаа извор на исцеленија за најразлични болни, кои со вера пристапуваа и потоа сведочеа за чудесата што ги направил преподобниот со нив.

Новообјавениот чудотворец, преподобен Георгиј, живееше и се подвизуваше во десеттиот век.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ГЕОРГИЈ СИНАИТ

Овој преподобен живееше во времето на царот Јустинијан (527-565 г.) кога патријарх Ерусалимски беше Петар (524-552 г.). Како што пишува свети Софрониј Ерусалимски (634-638 г.) тој се подвизувал на Синајската Гора и бил многу добродетелен испосник.

Еднаш преподобниот посака да се причести во Ерусалим, во храмот „Воскресение Христово“. Тогаш во истиот миг се случи чудо. Тој веднаш се најде во Ерусалим, кој е оддалечен дваесет дена пешачење од Синај и, присуствувајќи на светата литургија, се причести со Божествените Тајни од рацете на споменатиот патријарх Ерусалимски Петар. По причестувањето, патријархот го праша својот сослужител Мина: „Кога дојде овој ава Синаит?“ Тој му одговори: „И јас, владико, дури сега го видов“. Патријархот му рече: „Кажи му да остане, за заедно да седнеме на трпезата“.

Тогаш Мина го повика преподобниот Георгиј на ручек, а тој му одговори: „Нека биде Божјата волја!“ Потоа се помоли, се поклони, и за миг повторно се најде во својата ќелија на Синајската Гора.

Кога дојде време за ручек, патријархот го побара ава Георгиј, но не го најде и си помисли дека отпатувал. Потоа патријархот го испрати ава Фотин кај епископот во Фаран, со писмо упатено до него и до отците од Синајската Гора, да му го испратат преподобниот Георгиј, бидејќи не останал да руча со него. Додека го читаа патријарховото писмо, отците се чудеа и со мирна совест се сложија дека ава Георгиј никаде не заминувал од Синај, зашто постојано бил овде. За подобро извинување и одбрана, тие испратија тројца јеромонаси кај патријархот: ава Стефан, ава Зосим, и ава Дулитиј. И преподобниот Георгиј му напиша писмо на патријархот во кое пишуваше: „Прости ми најсвети Оче, поминаа седумдесет години откако не сум ја напуштил Синајската Гора, ниту пак сум дошол во Палестина. А кога би дошол, јас би му укажал должна почит на твојот ангел. Освен тоа, нека знае твоето блаженство дека по шест месеци и двајцата ќе отидеме кај Господа и таму постојано ќе бидеме заедно“.

Ова пророштво на преподобниот се исполни, зашто по шест месеци и двајцата се упокоија.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ЕВТИМИЈ,

архиепископ Новгородски

Родителите на блажениот Евтимиј живееја во Велики Новгород. Неговиот татко Михеј беше свештеник при црквата на свети Теодор, а мајка му се викаше Ана. Тие го минуваа животот во чесен брак, но немаа деца и многу тагуваа поради тоа. Во својата тага сесрдно Му се молеа на Господа и на Пречиста Богородица да ја разреши нивната бездетност. Господ ги слушна нивните молитви. Ана зачна и роди син, овој блажен Евтимиј. Набргу по раѓањето, новороденчето беше крстено и на светото крштение го доби името Јован. Беше уште во пелени кога родителите го донесоа во храмот, во кој се молеа Бог да им подари дете, го оставија пред иконата на Мајката Божја, и рекоа: „Царице и Владичице! Еве, ние ти го донесовме оној што ти ни го подари. Според зборовите што ги изрекоа нашите усти во тагата, Тебе како Царица и Владичица ние Ти го предаваме нашето дете. Уреди го неговиот живот како што самата сакаш. Сега го земаме со нас во нашиот дом зашто младенецот не може да живее без мајка“.

Кога дојде време, родителите го дадоа своето дете да ги изучува Божествените книги. Бог го обдари Јована со бистар ум, и додека учеше, тој не се занимаваше со ништо друго, туку само со размислување за божествените предмети. Кога имаше петнаесет години, во него пламна љубовта кон Бога и посака да се одрече од светот и да го прими монаштвото. Тој не знаеше каде ќе го однесе монаштвото зашто намерите Божји се несфатливи, но се грижеше да ја оствари својата желба. Гледајќи од небесните висини што ќе се случи со него во иднина, наскоро Бог му ја исполни желбата.

Тројца иноци, по имиња Ефросин, Игнатиј и Галактион, намислија да се подвизуваат во осаменост и решија да побараат погодно место за тоа. Наскоро тие најдоа такво место на дванаесет врсти западно од Новгород, по име Вјежиште. Освен ридови и шуми, тука немаше ништо друго. Тука тие подигнаа капела во име на Свети Никола, а потоа си направија ќелии за себе. Набрзо кај нив дојде свештеникот Пимен и изрази желба да живее и да се подвизува со нив. Со едногласна одлука тие изградија дрвена црква, повторно во името на Свети Никола во 1411 година и започнаа да водат испоснички живот. Многу маки поднесоа тие од тамошните жители, а особено од еден велможа, кој поттикнат од ѓаволот не сакаше во негова близина да живеат монаси. Но, светиот чудотворец Никола кој не ги остава во неволја обителите посветени на неговото име, кога со вера му се молат за тоа, им доставуваше прехрана на овие монаси. Наскоро овој велможа се разболе. На ногата му се створи голема рана од која многу страдаше. Во болеста своја, тој се сети на свети Никола, му се обрати со молитва, па отиде во неговата обител. Откако се помоли таму, тој доби исцеление. Како благодарност за своето оздравување тој на обителта ѝ подари парче земја во близина и од тогаш со вера и побожност започна да го почитува манастирот „Свети Никола“. Потоа, по благодатта Божја, а со молитвите на свети Никола Чудотворец, бројот на монасите во обителта се зголемуваше и гореспоменатиот Пимен, првиот свештеномонах на обителта, стана нејзин игумен.

По промисла Божја, кај него дојде и момчето Јован, со молба да го замонаши. Пимен го прими момчето, го замонаши и му го даде името Евтимиј. Живеејќи во манастирот, преподобниот Евтимиј се одликуваше со строга послушност во сѐ и браќата се восхитуваа на зрелост на неговиот ум во така млади години. Уште пред да стане полнолетен, тој на сите им стана раководител во монашкиот живот. Откако стекна таков углед во својата обител за него дозна Новгородскиот епископ Симеон. Тој го повика кај себе Евтимиј и, гледајќи дека е исполнет со добри намери, многу го засака. Без оглед на тоа што Евтимиј не сакаше да го остави својот манастир, тој му ја довери управата на црковните имоти. Примајќи на себе нови обврски, преподобниот Евтимиј продолжи да го носи врз себе својот иночки подвиг и во ништо не отстапуваше од исполнувањето на правилата на монашкиот живот.

По неколку години достојно управување со Црквата, владиката Симеон отиде кај Господа. По него, на архиепископскиот престол беше поставен Евтимиј. Тогаш преподобниот Евтимиј се оддалечи во Хутинскиот манастир на свети Спас, и остана во него. По некое време, на молба на старецот од манастирот „Пречиста“ на Лисјата Гора, беше поставен за игумен на тој манастир. Тука тој, како старешина, на мобасите има даваше совршен пример за надѕидување, бидејќи кон сите беше милостив, а со тоа кон сите се однесуваше со почит. Наскоро потоа, сенародниот собор на Велики Новгород посака да го избере за архиепископ и го стави во бројот на другите избраници, не знаејќи дека тој уште од младоста е призван кон епископската служба. И како што апостолот вели дека секоја власт се поставува од Бога (Рм. 13, 1), тогаш како човек може да ја добие ако не е поставен одозгора. Народниот собор и духовништвото на Велики Новгород ги запечатија коцките на избраните, ги донесоа во соборната црква „Света Софија“ и ги положија на светиот престол. При извлекувањето коцката падна на Евтимиј.

На денот на Свети Јован Златоуст на 13 ноември 1429 година, преподобниот свечено беше воведен во храмот „Света Софија“. Тој долго се спротивставуваше на ваквата одлука, но не можеше да се противи на судот Божји, и најпосле се покори на волјата на бирачите. За архиепископ го посвети митрополитот Киевски и на цела Русија, Герасим.

Свесен за величината на чинот, како архиепископ, преподобен Евтимиј со голема ревност се оддаде на подвизите на својата служба, сеќавајќи се на зборовите од Светото Писмо: „Кому му е поверено повеќе, повеќе ќе се бара од него (Лк. 12, 48). Пред примањето на архиепископскиот чин, тој се грижеше само за својата душа, а сега, како епископ, мораше да се грижи и за душите на многумина, за да може да му рече на Господа: „Еве ме мене и децата кои ми ги даде Господ (Ис. 8, 18). При помислата на тоа, преподобниот чувствуваше голема вознемиреност во својата душа, но се надеваше во Бога, и Бог не ја посрами надежта негова.

Преподобен Евтимиј се упокои на 10 март 1458 година.

ПРЕНОС НА МОШТИТЕ НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕПИМАХ,

од Александрија во Цариград

ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНА ТЕОДОРА,

царицата во Арта

Светата и блажена Теодора беше по потекло од Исток, а родители ѝ беа Јован и Елена. Израсна во местото Сервија во Македонија, како миризлив трендафил кој околу себе шири мирис на добродетелно живеење. Нејзините родителите имаа благородничко потекло. Татко ѝ Јован, наречен Петралифис, беше царски намесник и владетел во Солун и во цела Македонија. Иако имаа голема власт, нејзините родители беа побожни и милостиви, и кон сите се однесуваа со љубов и праведност. Таква беше и нивната благочестива ќерка Теодора, која уште од детството водеше добродетелен живот и твореше милостиња.

Во тој период, времињата беа тешки и бурни. Латините го беа зазеле Цариград (1204 г.) и многу зла им беа нанеле на православните. Големото Византиско царство се беше раздвоило на неколку дела, од кои еден дел беше Епирското царство, основано од Михаил Ангел-Комнен (1204-1215 г.), со престолнина во градот Арта, на брегот на Јонското Море. Тој имаше малолетен син Михаил. Кога умре таткото, малолетниот син мораше да бега од Арта на Пелопонез, зашто неговиот стрико Теодор го зазеде деспотскиот престол. Потоа Теодор го зазеде градот Солун од Латините и се прогласи за цар во него. Овде, во Македонија, тој ги најде и децата на севастократорот Јован Петралифис со нивната млада сестра Теодора, којашто браќата внимателно ја чуваа зашто беше многу убава и чиста. Но, наскоро царот Теодор загина во борба со бугарскиот цар Асен II (1218-1241 г.), и на престолот во Арта дојде младиот крал Михаил II Комнен (1237-1271 г.) од Пелопонез. Кога дојде во северните краишта на Македонија и во градот Сервија, Михаил штом ја виде блажена Теодора, веднаш се заљуби во неа. Преку многу посредници, тој се трудеше да ја земе за жена и на крајот успеа. Откако заврши царската свадба, царот и царицата останаа некое време во Сервија, а потоа отидоа во својата престолнина Арта, каде го подигнаа утврдениот град којшто е сочуван до денес.

Михаил се трудеше да управува со своето царство, а светата царица Теодора, иако имаше царска слава и почести, ни најмалку не се погордеа со тоа, туку постојано се трудеше да се украси себе си со секоја добродетел. Таа им стана мајка на сирачињата, заштитничка на вдовиците, и помошничка на сите што имаат потреба. Се грижеше да живее во целомудреност и чистота, но ѓаволот постојано се трудеше да ја отргне од патот на спасението. Кога не му успеа тоа со светителката, тој се сврте кон нејзиниот маж и го наведе на тежок пат. Во срцето на Михаил уфрли нечиста љубов кон една угледна вдовица, по име Гангрина. Таа нечиста страст толку завладеа со него, што тој дури и јавно беше започнал да го чини гревот и Гангрина да ја смета за своја жена, а блажената Теодора за слугинка.

Околу сето тоа светителката покажуваше големо трпение, молејќи се на Бога и постејќи, сѐ додека еден ден грешниот цар не ја протера од дворот. Иако во својата утроба носеше негово дете, блажената царица го напушти дворот, и со своето чедо коешто се роди во меѓувреме, пет години скиташе надвор од својата куќа, во секаква беда и неволја. Но, Господ не ја остави слугинката Своја, туку ѝ испрати ангел чувар. Еден ден ја сретна еден побожен и добродетелен свештеник, и ја запраша која е, и од каде е. Иако не сакаше, сепак на неговото упорно настојување, таа низ солзи му раскажа за себе и за своите страдања. Свештеникот се смилува на неа, ја зеде во својот дом заедно со детето, и така, по промисла Божја, најпосле им дојде крајот на страдањата на блажената царица. Бог ги слушна нејзините секојдневни воздишки и молитви, како што ги слуша молбите на сите праведници свои. Еден ден, кога царот беше надвор од дворецот, дворските големци, исполнети со сомнеж упаднаа во дворецот, и онаа вдовица Гангрина ја натераа да им признае дека таа е виновна за прогонството на царицата Теодора. Во тоа време пристигна и царот, и кога слушна како неговата советничка и согрешничка признала сѐ, се посрами, горко се покаја, и веднаш насекаде испрати слуги да ја бараат царицата Теодора. Ја најдоа во куќата на оној свештеник и ја поведоа со себе. Кога се увери во искреното покајание на својот сопруг, на совет од свештеникот, таа со своето дете се врати во дворецот.

Враќањето на блажената Теодора донесе голема радост во целиот град Арта, а особено го израдува нејзиниот сопруг, кој сега започна да се советува со неа за сѐ. Тој се промени, и заедно со царицата започна да гради храмови Божји и правеше многу добрини. Блажена Теодора подигна прекрасен храм на светиот великомаченик Георгиј во Арта, кој потоа се претвори во женски манастир.

По некое време умре царот Михаил, и блажена Теодора веднаш појде во манастир и стана монахиња. Во монаштвото таа ги умножи своите молитви и своите поранешни доброчинства. Во манастирот се одликуваше со смирение и послушание како претходно никогаш да не била царица. Поживеа во таков подвижнички живот извесно време и дојде време Бог и неа да ја повика кај Себе. Денот на нејзиното претставување и беше откриен од Бога. Тогаш таа смирено Му се помоли на Господа, говорејќи:

„Господи, Боже мој, јас, твојата слугинка, целиот свој живот го очекував овој час. Како сега да не се радувам зашто преминувам од смрт во живот. Но, Те молам, ако е по волја Твоја, остави ме уште шест месеци, за да можам до крај да го довршам и украсам Твојот храм. А, ако пак, не е по волја Твоја, тогаш, еве ја слугинката Господова, нека ми биде според зборовите Твои! “

Милостивиот Господ, Кој има власт над животот и смртта, ѝ го продолжи животот за да го заврши храмот во манастирот и да ги поучи сестрите монахињи. Потоа блажена Теодора мирно ја предаде својата душа во рацете на својот Господ, Кому нека Му е слава и пофалба во сите векови.

Овој храм, и во него моштите на нашата преподобна мајка Теодора се извор на исцеленија и спасение за сите коишто со вера и молитва им пристапуваат.