25. Март  (12. Март)

 

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН И БОГОНОСЕН ОТЕЦ

СИМЕОН НОВ БОГОСЛОВ

Доблеста е огнена и чудесна работа, способна да ја распали жарта на божествената љубов и целата душа да ја претвори во оган. Таа го окрилува умот и го вознесува на небото. Доблеста е во состојба целиот човек да го направи Бог по благодат. Великиот Симеон со целото свое срце ја засака добродетелта, и како никој друг со своите подвизи се искачи на нејзините славни висини. Свети Симеон се роди во Пафлагонија, во местото викано Галата. Неговите родители Василиј и Теофанија беа благородни и богати. Уште како мал, родителите го одведоа во Цариград кај своите роднини кои уживаа голем углед во царскиот дворец. Тие со радост го примија и му дадоа учител за да ги изучи основните работи. Паметен и мудар, Симеон беше многу сериозен, не ги сакаше детските игри, ги одбегнуваше нивните лудории и многу напредуваше во науките. За кратко време стана прекрасен краснописец за што сведочат книгите напишани од неговата рака. Ја изучи световната философија и други науки.

Неговиот стрико имаше намера да го спријатели со тогашните цареви, Василиј и Константин Пофирогенит, зашто беше многу влијателен дворјанин и големец. Но, Симеон не сакаше да има никаква врска со властодржците, за да не го изгуби Бога. По упорното настојување на неговиот стрико, тој се согласи да биде спаторокувикулар и член на Сенатот. Но, по ненадејната смрт на неговиот стрико, тој го остави светот и отиде во познатиот Студитски манастир. Во манастирот го побара својот духовен отец и учител уште од детството, Симеон Богобојазливиот, кој таквиот прекар го доби зашто беше велик во доблестите и совршен во бестрастието. Кога го најде, му ја изложи својата намера и го молеше да го замонаши. Отецот го советуваше да се стрпи, бидејќи едвај има четиринаесет години.

Младиот Симеон го послуша својот духовен отец и се врати во домот на својот стрико. Огнот на божествената љубов постојано гореше во него, и тој со крајна ревност се оддаваше на молитва и читање. Еден ден од својот духовен отец ја доби книгата на свети Марко Подвижник. Кога го прочита делот: „Ако бараш духовна корист, будно внимавај на својата совест, прави сѐ што ти вели таа, и ќе го најдеш тоа што го бараш,“ нему му се стори дека тие зборови доаѓаат од Божјата уста и започна грижливо да внимава на својата совест. Таа божествена стихија во луѓето, секојдневно го советуваше Симеона во неговата духовна загреаност кон сѐ покорисни и покорисни работи за неговата душа и го поттикнуваше на непрестајно растење во доброто. Тој започна да го минува времето во молитви и изучување на Светото Писмо, сѐ до полноќ. Иако беше млад и со нежно тело, тој го пригрна животот на бестелесните битија и не му беа потребни многу години целосно да се одвои од видливите работи и да започне да соѕерцава невидливости Божји. Благодатта на Светиот Дух ја најде неговата душа ослободена од овој свет, целата во љубов спрема Творецот, ја подигна од земјата и ја вознесе во виденија и откровенија Господови.  

Всушност, една ноќ, кога стоеше на молитва и со својот очистен ум беше соединет со Првобитниот Ум, тој виде светлина која дојде кај него одозгора и осветли сѐ како да е ден. Осветлен од таа светлина, нему му изгледаше како целата куќа заедно со неговата ќелија за миг да исчезна и, тој се најде во воздухот сосема заборавајќи на своето тело. Во таа состојба, како што подоцна самиот зборуваше и им пишуваше на своите пријатели, огромна радост го исполни неговото битие и му надојдоа топли солзи. Вчудоневиден од необичноста на ова чудесно случување и ненавикнат на вакви откровенија, тој со силен глас непрестајно викаше: „Господи, помилуј!“. За тоа стана свесен кога си дојде на себе, а во тоа време воопшто не беше свесен дека силно вика и неговите зборови се слушаат надвор. Во оваа светлина тој доби сила и во висините виде многу сјаен облак полн со неискажана слава Божја. Од десната страна на облакот виде како стои неговиот духовен отец Симеон Богобојазливиот и со верност се моли кон оваа Божествена светлина. Наоѓајќи се доста време надвор од себе и гледајќи го својот духовен отец како стои од десната страна на Бога, тој не чувствуваше дали се наоѓа во своето тело или надвор од него, како што самиот подоцна потврди. Долго потоа, кога оваа светлина најпосле се повлече малку, Симеон повторно се виде себе си во своето тело и во ќелијата своја, со срце преполно со неискажлива радост, а устата силно му викаше: „Господи помилуј“, и целиот беше облиен во солзи послатки од секаков мед. Од тој момент, тој почувствува како телото му стана некако лесно и како духовно. Тоа чувство потраја долго време. По ова видение душата на прекрасниот Симеон уште повеќе се рагоре со божествен оган, и тој упорно го молеше својот духовен отец да го замонаши. Но, старецот не сакаше, зашто сметаше дека телото на младиот Симеон не е во состојба да ги издржи суровостите на подвижништвото. По шест години од она необично видение, Симеон намисли да отпатува во својот роден крај по некоја работа, па отиде кај својот духовен отец за да се поздрави со него. Штом го виде, чудесниот старец рече:

- Чедо, сега е време да ги промениш и облеката и животот, ако сакаш.

Момчето праша:

- Оче, зошто порано не ми го рече тоа? Но, еве, јас и сега се одрекувам од светот, само морам да извршам еден царски налог и да отпатувам во мојот крај. Таму ќе го соберам целиот свој имот и на враќање, заедно со себеси ќе ти ги предадам тебе.

Младиот Симеон отпатува за време на Великиот Пост. Во близина на неговиот дом имаше црква и крај неа една мала ќелија, и тој се насели во неа. Тука ги минуваше деновите и ноќите во молитви и читање на Светото Писмо и светите книги. Ја читаше и „Лествицата“ на светителот Јован Лествичник, што ја најде меѓу книгите на своите родители. Еднаш, во „Лествицата“ ги прочита овие редови: „Нечувствителноста е умртвување на душата и смрт за умот пред смртта на телото“. Во овие зборови го најде лекот што го бараше. Затоа започна да се моли меѓу гробовите, бдеејќи и насликувајќи во своето срце ликови на мртовците. Непрекинато водеше внатрешна борба, засилувајќи ги своите постови и бденија и размислувајќи за смртта и за судот.

Една ноќ, додека Симеон се молеше во еден агол од црквата, кај еден сандак полн со мртовечки коски, а вратата на црквата беше затворена, наидоа многу демони со толку силна врева, што му се чинеше дека ја скршат вратата и го бараат за да го фатат. Преплашен, тој ги крена рацете кон небото барајќи помош од Бога. А кога злите духови видоа како со часови стои на молитва неподвижен, победени се повлекоа. Рацете толку му се беа укочиле од големиот напор, што едвај ги свитка и спушти. Кога виде дека вратата е затворена се зачуди и од тогаш стана многу храбар против демоните, уверен дека тие немаат никаква моќ над нас, освен ако сме оставени од Бога.

Живеејќи така, Симеон ги отфрли животните грижи и се занимаваше само со молитви и читање. Кога понекогаш му доаѓаше униние, тој одеше на гробиштата, седнуваше крај некој гроб и во мислите разговараше со мртовците; некогаш тагуваше, а некогаш лелекаше и лееше солзи. Таква беше на почетокот борбата на чудесниот Симеон.

Неговиот татко со солзи го молеше да остане кај него, но тој, со душата над законите наложени од природата, му рече дека е невозможно да остане кај него.

Потоа писмено се одрече од наследството, го зеде тоа што е негово и со своите слуги се врати во Цариград, носен со пламена љубов спрема небесниот Отец. По осум дена стигна во Цариград и веднаш отиде кај својот Божествен старец, падна пред неговите нозе како пред самиот Господ Исус Христос, и му го даде целиот свој имот. Гледајќи ја неговата длабока смиреност и вера, старецот го раздаде на сиромашните и го одведе во манастирот, предвидувајќи ги искушенијата што ќе го снајдат поради својот искушеник. Го одведе кај игуменот Петар, а пак тој, повторно го повери на духовниот отец Симеон Богобојазливиот. Преподобниот му одреди да живее под скалите, во една мала тесна ќелија, каде што Симеон се оддаде на тешки трудови, слушајќи ги неговите поуки. Мудриот наставник му говореше:

- Чедо, ако сакаш да се спасиш и да ги одбегнеш замките на нечестивиот, не разговарај за време на богослужбите, не оди од ќелија во ќелија, туку биди туѓ и срамежлив спрема целиот свет. Постојано размислувај за своите гревови и вечните казни и чувај го својот ум, да не талка ваму-таму. Ако се придржуваш кон тоа, ќе најдеш голема корист.

Симеон ги слушаше овие зборови како да доаѓаат од Божјата уста и неотстапно ги исполнуваше. За да ја скрши неговата волја, старецот често го тераше да прави спротивни работи: го приморуваше да јаде и да спие, а тоа многу го натажуваше Симеона, но сепак, тој поднесуваше сѐ. За да се обелодени колку е немоќна ѓаволската сила, на ѓаволот му беше допуштено да го нападне Симеона. Додека спиеше, тој му навлече тромост по целото тело, така што Симеон мислеше дека од главата до петиците е облечен во некаква тешка вреќа, та не можеше ниту да стои ниту да се помрдне, ниту пак да ја отвори устата или да го слушне пеењето во црквата. Знаејќи дека тоа е ѓаволски напад, јунакот Христов му се спротивстави со трпение и со оружјето на духот. Не го промени местото каде обично стоеше на богослужбите, ниту пак попушти во молитвите. Не можејќи да ја поднесе трпеливоста и големиот отпор на Симеон, врагот побегна и се изгуби во воздухот како густ облак, а светителот се почуствува лесен и целиот духовен. Пресреќен, тој повика: „Господи, Ти ја претвори тагата моја во радост, го симна од мене вреќиштето, и ме опсипа со веселба“ (Пс. 29, 11). Оттогаш никогаш повеќе не седеше за време на богослужбата, угледувајќи се на својот учител.

Откако демонот на очајанието беше така победен, Симеон беше нападнат од демоните на стравот.

Ноќе, додека се молеше, тие ја тресеа неговата ќелија, креваа страшна врева, ствараа страшни привиденија и пред да заспие се појавуваа како црнци, истурајќи врз него оган од своите очи и усти. При секој ваков напад, тој стануваше на молитва, и тие бегаа.

Потоа, секоја ноќ го напаѓаа демоните на блудот, но Симеон имаше таква благодат од Бога, што и во сонот беше буден, односно тогаш подобро ги совладуваше отколку на јаве.

Луди од бес, демоните го напаѓаа со оружјето на зависта. Против него ги кренаа најнемарните меѓу браќата, па дури и игуменот Петар. Но, облечен во Светиот Дух, тој ја одбегуваше омразата, ги исповедаше кај својот отец мислите свои, му ја отвораше целата душа и вооружен се враќаше против демоните. На богослужбите стоеше како столб, секој ден лееше потоци солзи, не обраќајќи внимание на присутните. Некои од монасите се радуваа поради тоа фалејќи го Бога, а други пак, не можеа да го поднесат зашто во него ја гледаа својата осуда за немарност. На овие монаси им се приклучи еден мирјанин, и тие заедно сакаа да му наштетат, да го одвојат од неговиот духовен отец и да го избркаат од манастирот, користејќи разни ласкања и закани за да ја остварат својата намера.

Со советите на неговиот богомудар духовен отец, Симеон остана наполно рамодушен кон нив. Тој му велеше:

- Чедо мое, јуначки поднесувај ги искушенијата од демоните. Тие се испитување на нашите доблести.

Но само што Симеон се врати во својата ќелија, ненадејна светлина го осветли како молња, му проникна во умот го обзеде целиот и го исполни со преслатка радост. Тоа уште повеќе ја окрили неговата душа спрема љубовта Божја, и тој со запален дух и скрушено срце припадна пред Бога со исповедување и благодарност; и додека ничкум лежеше и плачеше, тој виде во духот - како еден светол облак го покри целиот и му ја исполнуваше душата со благодат Божја, сведувајќи ја на безвредност земната цврстина на телесното умување.

Од тогаш, христочезнивиот Симеон ја зголеми својата вера во својот духовниот отец и срцето му стана извор на непресушни умиленија. Му беше дадена таква мудрост и знаење што сите се чудеа и прашуваа. Покрај тоа, сите беа запрепастени од неговото смирение и постојано умиление.

По кратко време неговите противници отидоа кај игуменот и го полнеа со гнев спрема Симеон. Тој го повика кај себе светителот и се обиде со ветувања и закани да го одвои од неговиот учител и да го привлече кај себе. Заборавајќи на својата должност, игуменот беше обземен од завист спрема возвишениот старец. Но, кога виде дека Симеон му е многу верен на својот отец, веднаш издаде наредба и блажениот Симеон беше истеран од манастирот.

Гледајќи ја зависта на игуменот и останатите, свети Симеон го одведе својот ученик кај игуменот на блискиот манастир „Свети Мамант“, познатиот Антониј, и му го повери нему. Но, тогаш нечестивиот го крена против него неговиот татко по тело и некои членови од Сенатот. Тие се трудеа да го вратат Симеона во светот. Тогаш, тој на својот татко му упати зборови што секој татко би требало да му ги упати на својот син: дека ништо не треба да ја замени љубовта Христова.

Неговиот духовен отец, како добар пастир, често го посетуваше својот ученик. Гледајќи го како гори со божествена љубов, тој го замонаши и од тогаш Симеон се оддаде на уште поголеми подвизи. Најмногу се посветуваше на молитвата, безмолвието - побожното тихување, и изучувањето на Светото Писмо; во совршеното соединување со Бога во светлоста на соѕерцанието, за Кого живееше уште пред своето посветување и Кој го осветлуваше уште од лулка.

Секојдневниот начин на живот на овој човек со крајна чистота беше ваков: секој ден се причестуваше со животворното Тело и скапоцената Крв на Господа Христа, а за храна земаше зелје и семиња. Така правеше цела седмица, а пак во недела и на празниците, откако ќе се причестеше, ручаше со останатите браќа на трпезата, со спуштен поглед и секогаш полн со умиление. Потоа одеше во својата ќелија, ја заклучуваше вратата и стоеше на молитва, читаше малку, па кратко се одмораше легнувајќи на земјата. Немаше ниту кревет, ниту покривка, ниту каква било друга удобност за телото; целата негова постела беше - асура, прекриена

со овчја кожа. Но, ни таа постела не ја користеше секоја вечер: зашто во недела и на празниците никој го немаше видено да спие; ноќта ја минуваше во бдеење, и штом ќе изгрееше сонцето повторно стоеше на молитва, целиот во врели солзи. Тој со ништо не го заменуваше разговорот со Бога. Исто така, постојано се трудеше ниту еден празен збор да не излезе од неговата уста, зашто знаеше дека и прекршувањето на една заповед Христова, макар навидум и најмала, претставува голема опасност за душата на оној свет.

Секојдневно тој ги исполнуваше заповедите Христови со огнена душа: целиот внимателен, целиот исполнет со топлината на Светиот Дух, тој во своето срце ревносно правеше саќе од доблести и го полнеше со мед од добродетели. Измиен со солзи и целиот пламен од молитви, тој читаше катизми, потоа од Светото Писмо и Житијата на светиите. По тоа препишуваше свети книги. На звукот од клепалото веднаш одеше во црквата и внимателно го следеше богослужението; за време на светата литургија, горејќи со божествен оган, тој со солзи пристапуваше кон Светите Тајни и се причестуваше. По завршувањето на светата литургија се враќаше во својата ќелија и го земаше својот беден оброк. Потоа се молеше и го изучуваше Светото Писмо, и сѐ така до полноќ; тогаш прилегнуваше малку да се одмори, а во еден часот по полноќ на звукот од клепалото заминуваше на утринско славословие на Бога со останатите браќа, и пак се враќаше во својата ќелија, предавајќи им се на своите свети подвизи. Таков беше текот на подвижничките борби на чудесниот Симеон во текот на едно деноноќие.

За време на Светата Четириесетница тој не јадеше ништо во текот на секоја седмица, освен во сабота и недела. Во текот на тие два дена доаѓаше на заедничката трпеза. Никогаш не спиеше лежејќи, а кога ќе почувствуваше голем замор, ја потпираше главата на рацете и така седејќи спиеше најмногу еден час.

По две години, христочезнивиот Симеон достигна такво духовно совршенство, и благодатта на Светиот Дух толку го просвети и обогомудри, што започна да произнесува прекрасни говори во црквата. Тогаш неговиот духовен отец, гледајќи дека Симеон „дошол до состојба на совршен маж, до полната возраст на Христовото совршенство... (Еф. 4, 13), мудро смисли да го ракоположи за ереј, и на тој начин свеќата да ја постави на свеќникот за да им свети на сите во Црквата Христова. Но, наскоро потоа умре игуменот на манастирот „Свети Мамант“. Патријархот Никола Хрисоверг и браќата го избраа блажениот Симеон за игумен. Тој беше ракоположен за ереј и поставен за игумен, иако упорно се противеше на тоа, сметајќи се за недостоен. За време на неговото ракополагање, додека клечеше и архиерејот ја читаше молитвата над неговата глава, христољубивиот Симеон виде како Светиот Дух во вид на огромна светлина, проста и безоблична, слезе врз него и ја покри неговата света глава. Таа иста светлина, во текот на неговите четириесет и осум години како свештеник, тој ја гледаше како слегува на секоја литургија, како жртва која тој Му ја принесува на Бога. За тоа, самиот говорел и пишувал, препишувајќи го тоа, од сфатлива света смерност, на некое друго лице.

Често прашуван каков треба да биде свештеникот, тој со скрушеност и солзи одговараше:

„Тешко мене, браќа! Не прашувајте ме за тоа! Страшна е таа работа, страшна и да се помисли. Јас во никој поглед не сум достоен да бидам свештеник, кога ќе помислам на страотноста на свештеничкиот призив. Но, иако без сомнение сум ништовен, сепак знам каков треба да биде свештеникот: Свештеникот најпрвин треба да е чист, не само со телото, туку уште повеќе со душата. Но, тоа не е доволно: тој треба да биде без ниту една сенка на гревот, смирен по однесување, скрушен по срце. Кога служи пред светиот престол, треба со умот да Го гледа Бога, а со сетилата предложените Дарови, и во срцето свое да го има Оној Кој без сомнение е присутен во Даровите, за со самодоверба да може да ги принесува своите молитви и како пријател со пријател да разговара со Бога и Отецот и беспрекорно да говори: Оче наш кој си на небесата... како оној којшто со помошта на Светиот Дух кој пребива во Него, го има вистинскиот Бог, Синот Божји по природа“.

Говорејќи го тоа со многу солзи, светителот ги молеше присутните да не го посакуваат ваквиот чин недостојни, ниту да брзаат со примањето на овие возвишени тајни страшни и за ангелите, пред да го стекнат потребното совршенство со многу напорни подвизи. Ги поучуваше напорно да се трудат да ги извршуваат заповедите Божји, да бидат во постојано покајание за своите гревови, зашто ние, како луѓе, грешиме не само со телото, туку и со умот, и со невидливите мисли на нашите души. Затоа, на таков начин, со скрушен дух, секојдневно треба да му принесуваме жртва на Бога за себе и за ближните, и молитви и солзи, и молби што, всушност, е наш таинствен принос, мил на Господа и Он го прима во Својот свет, наднебесен и мислен жртвеник, и ни возвраќа за него со благодатта на Светиот Дух.

Кога служеше света литургија, свети Симеон блескаше целиот и неговото лице добиваше ангелски изглед, и за човекот беше невозможно да гледа во него од блесокот што се лиеше од него, како што не е во состојба да гледа ниту во сонцето.

Благодатта на Светиот Дух се разлеваше по целото негово тело, преобразувајќи го во оган и беше речиси непристапен за човечките очи за време на светата литургија. Неговиот ученик Симеон Ефески, за него вели:

- Еднаш кога со него служев света Литургија, се отворија очите на мојот дух, и јас го видов облечен во патријаршиски омофор и одежди, вдлабочен во тајните Божји.

А Мелетиј, кој беше замонашен од светиот Симеон, тврдеше за него:

- Ние често гледавме како го обвиткува светол облак додека стои во олтарот, за време на светиот Принос.

Како игумен, свети Симеон од темел ги обнови сите манастирски згради освен црквата, бидејќи беа дотраени. А црквата соѕидана уште од царот Маврикиј, во исто време била и гробница. Преподобниот ја исчисти од мртовечките костури, ја посла со прекрасен мермер, ја украси со свети икони и ја снабди со многу други свети предмети. 

Откако го обнови целиот манастир, се зафати со духовна обнова на своите ученици, поучувајќи ги во монашкиот живот, во таа уметност над уметностите и наука над науките. Ги учеше повеќе со своите дела отколку со зборови, воодушевувајќи ги со својот пример на извршување на заповедите Божји. Тој воспостави заедничка трпеза за себе и за своите ученици со варено зелје и леќа. Постапувајќи така, прекумерното смирение го умножуваше во него небесниот дар на умиление. Тоа умиление преку целиот живот му беше и храна и вода. Затоа, тој си беше одредил три пати во денот да се посветува на тој подвиг, и тоа по утрената, за време на светата литургија и по повечерието. Во тие три часа, тој одвоен стоеше на молитва и со солзи му се молеше на Бога.

Една ноќ, додека ги принесуваше своите молитви на Господа, светол облак застана врз неговата чесна глава и целиот го покриваше неколку часови, исполнувајќи го со топлина и неискажана радост. Тогаш, тој слушна еден таинствен глас кој го учеше на чудни и сокриени тајни. Кога исчезна таа светлина, го најде своето срце во мудрост Божја како лие од себе потоци на благодат Божја. Од тогаш, тој повеќе не си припаѓаше на себе, туку благодатта Божја владееше со целото негово битие и од неговиот јазик направи брзописно перо, а од неговиот ум - извор на мудрост Божја. Оттогаш тој учеше и зборуваше за Бога како возљубениот ученик Христов, свети Јован Богослов, и цели ноќи посветуваше на богословието. Пишуваше поуки, некогаш толкувања на Светото Писмо, божествени химни, писма до поединечни ученици. Притоа, тој наполно ги победи сонот, гладот, жедта и другите телесни неопходности. Иако бдееше по цела ноќ, тој не чувствуваше ниту замор, ниту глад, ниту жед. При ова доброволно страдање, благодарејќи на небесната благодат беше здрав, свеж и ведар како ангел.

Поради сето тоа, свети Симеон стана многу познат и неговото стадо се зголемуваше, но не без тешкотии и искушенија. Да спомнеме само едно такво искушение.

Еден ден по утрената, кога светителот ги поучуваше монасите, ненадејно околу триесет монаси ги раскинаа своите облеки како некогаш Ана и Кајафа (Мт. 26, 65) и започнаа силно да викаат по светителот. Тој стоеше неподвижно и сериозно го впери погледот во бунтовниците. Во моментот кога се нафрлија на него, виша сила ги задржа подалеку од него, па не знаејќи што да прават, тие ја напуштија црквата и одјурија кон патријаршијата. Блажениот остана сам со побожните монаси. Кога дотрчаа пред патријаршијата, бунтовниците започнаа да викаат. Патријархот Синесиј ги повика кај себе, ги сослуша нивните бесмислени клевети и утредента го повика кај себе светителот. Тој дојде многу сериозен и ведар, и му го изложи целиот настан на патријархот. Патријархот беше запрепастен од безумието на бунтовниците и ги осуди на прогонство. Но, добриот пастир падна на колена пред него и со солзи го молеше да им прости. Тој едвај се согласи да ја повлече одлуката за прогонството, но не се согласи да се вратат во манастирот, и тие се разотидоа на разни страни.

Добриот пастир неутешно тагуваше и лиеше солзи за изгубените овци. Сакајќи повторно да ги приведе кон Бога, дозна кој каде се наоѓа, им праќаше намирници и многу се трудеше да ги омекне нивните срца. Дури и самиот ги посетуваше, молејќи ги да се вратат и да му простат ако ги навредил, но неговата љубов не допре до нив и тие повеќе не се вратија во манастирот.

Неговиот живот истовремено беше и многу работен, и многу соѕерцателен, возвишен, совршен во зборовите на богословието и во големата мудрост Божја. Такво беше и неговото стадо. Тоа стана како втора заедница на светите Студити, со своите примери, дела, однесувања, карактери или подобро речено, беше хор на бестелесни ангели кои мудро пееја и срдечно му служеа на Бога. Така блажениот секојдневно напредуваше и се зголемуваше бројот на неговото стадо.

Вреди да се споменат и доблестите на еден или двајца негови ученици, за на тој начин да се обелоденат пред сите доблестите на нивниот учител.

Еден евнух, по занимање брозописец, дојде кај блажениот со желба да се замонаши. Блажениот го испраша и го прими во манастирот како искушеник, за да провери дали е способен за монашки чин. Откако се истакна во својата послушност и пламена ревност за доблести, блажениот го замонаши и му го даде името Арсениј.

Гледајќи како овој монах со целата своја душа влегол во духовната борба, ѓаволот му приреди искушение за да го попречи. Знаејќи ја огромната љубов на родителите спрема децата и обратно, тој ја поттикна неговата мајка да појде во Цариград за да го види својот син. Мајката дојде пред манастирската капија и молеше и плачеше да ѝ биде дозволено да го види синот. Вратарот се сожали на неа, отиде да го извести Арсениј, и на крајот му рече:

- Таа вели дека нема да се помрдне од местото, сѐ додека не го види својот мил син.

А вистинскиот ученик на вистинскиот учител, Арсениј, одговори:

- Брате, јас сум веќе мртов за светот. Како да одам да ја видам мојата мајка по тело? Јас имам духовен отец кој ме родил по дух и кој ме закрилува и негува како новороденче. Затоа нема да појдам да ја видам, дури и да слушнам дека издивнала пред манастирската капија.

Вратарот ѝ ги пренесе овие зборови на мајката. Таа остана три дена пред капијата и си замина плачејќи. Се врати во својот дом и никогаш повеќе не го виде својот син.

Сакајќи да го очеличи Арсениј, свети Симеон често пати му даваше разни тешки послушанија, а тој со радост ги извршуваше. Пред Великиот пост, уште неискусен во подвизувањето, тој го замоли блажениот Симеон да му дозволи да не јаде ништо во првата седмица. Светителот се израдува на ваквата негова пламена ревност, но, бидејќи не сакаше тој да се раководи според својата волја, ја одби неговата молба. На упорното настојување на Арсениј, светителот најпосле му дозволи, велејќи:

- Арсениј, би било корисно за тебе да не се раководиш според својата волја. Но, штом сметаш дека е корисно за тебе да ја исполниш својата волја, јас ќе ти дозволам, па ќе видиш што ќе те снајде поради твојата непослушност.

Настапи Великиот пост, и Арсениј како почетник со целата своја душа се оддаде на својот подвиг. Во среда, на првата седмица во три часот попладне, сите браќа ручаа, а Арсениј, угледувајќи се на свети Симеон, не вкуси ништо. Но, на бдението, додека стоеше во хорот, наеднаш му се слоши и се струполи на земјата. Тој стана жртва на непослушноста и страшен пример за другите. Светителот однапред знаеше што ќе се случи со него и му беше наредил на еден од учениците да има при рака малку леб и вино. И кога му се случи тоа на Арсениј, тој нареди да го подигнат и да го поткрепат со вино и леб. Тогаш Арсениј се крена многу посрамен, а светителот му рече:

- Арсениј, ако беше како останатите браќа во сѐ, немаше да те снајде ништо слично на бдението. Но, бидејќи во својата вообразеност и непослушност брзаше пред време да ги надминеш другите за да добиеш прва награда, праведно е што не ја добиваш ни онаа најмалата.

Поради тоа, големо покајание го обзеде Арсениј, му ја измачуваше совеста и тој потона во длабоко смирение. За тоа негово смирение многу допринесоа и уште два настани.

Арсениј ја извршуваше должноста на економ. Еден ден тој го распростре влажното жито да се суши во претсобјето, при што ја остави едната врата отворена заради воздух. Но, однекаде долетаа чавки, добро се најадоа од житото, и скокаа гракајќи. Арсениј ги слушна, дотрча, и кога ги здогледа чавките со преполни гуши и расфрланото жито, се разбесни, ја затвори вратата, и ги уби сите чавки со една мотка. Потоа, многу горд на овој свој потфат, отиде кај блажениот и му раскажа сѐ. Блажениот, божем одобрувајќи ја неговата постапка, му рече:

- Ајде да одиме да го видиме тоа твое добро дело.

Кога отиде и ги здогледа убиените чавки, тој крикна од болка и мака од таквиот неразумен гнев на Арсениј. Потоа ги врза сите чавки на едно јаже и нареди да ги обесат на вратот на Арсениј, и така да го водат по целиот манастир, на потсмев на сите монаси. Арсениј го поднесе овој срам многу смирено, проли многу солзи и себе си се нарекуваше убиец.

Во друга прилика некои пријатели дојдоа да го посетат светителот. Поради некоја болест еден од нив требало да јаде месо од млади гулаби. Жалостивиот блажен Симеон нареди за него да се приготват пржени гулаби. Додека болниот јадеше месо, Арсениј, кој исто така беше на трпезата, го погледна намуртено. Светителот го забележа тоа, и за да го поучи и да го покаже неговото смирение пред гостите, му рече:

- Арсениј, зошто ти не гледаш пред себе со наведната глава, туку ги гледаш тие што поради болест јадат месо, и мислиш дека според побожноста си поголем од нив, затоа што јадеш зелје? Зарем не си слушнал дека Христос вели: „Не она што влегува во устата, го осквернува човекот, туку она што излегува од устата: лоши помисли, убиства, лаги, прељубодејства, кражби, лажни сведоштва, хулење на Бога“ (Мт. 15, 11, 19). Зошто си неразумен и неправедно расудуваш? „Кој јаде нека не го осудува оној што јаде“ (Рм. 14, 3). Затоа сега, еве, и ти јади од овие птици, бидејќи со таквото расудување си повеќе извалкан отколку да си јадел.

И зеде еден гулаб, го фрли пред Арсениј и му нареди да јаде. Запрепастен од ваквата наредба, но знаејќи дека непослушната е попогубна отколку да го изеде месото, Арсениј направи метанија, замоли за благослов, зеде, и започна да џвака плачејќи. Пред да го проголта соџваканото, светителот му рече:

- Доста, плукни сега! Ти си лаком, се нафрлаш на храната и цел гулаб нема да те засити.

Така, без предомислување овој славен ученик на великиот отец, за кого тој даде ветување пред Бога дека ќе го чува до смрт, го исполни својот завет на послушание.

Преподобниот Симеон имаше многу такви сјајни ученици. Еве некои од нив: Премудар Лав, Ероним, Антониј, Јоаникиј, Сотириј, Василиј, Симеон. Стадото Христово, составено и однегувано од свети Симеон беше полно со света духовна ревност и со цела душа му служеше на Господа. Но, тој тагуваше поради тоа што огромната работа и грижи, и управувањето со манастирот го одвојуваа од неговото возвишено и мило безмолвие. Поттикнат од Светиот Дух, тој намисли да се ослободи од игуменската должност за непречено да се оддаде на безмолвниот живот. Со согласност на патријархот Сергиј, тој се повлече од игуменската должност и на своето место го постави својот ученик Арсениј, кој со помош на Светиот Дух беше израснал во совршен човек, способен да биде пастир на стадото Христово. Пред сите браќа, тој на новиот игумен му изрече ваква поука:

- Оче, тебе добро ти е позната мојата љубов кон тебе и кон останатите браќа. Немој никогаш да ја заборавиш мојата приврзаност и солзите мои, што дваесет и пет години, и дење и ноќе, ги пролевав за вас пред Бога. Сеќавајте се на сѐ и угледувајте се на мојата вера и на мојот духовен отец, блажениот Симеон Богобојазлив. Со самодоверба грижи се за твоите отци и браќа и немој за ништо на светот да ја занемариш љубовта нивна. Преку мојата ништовност, Духот Свети тебе те избра за игумен, и затоа, според зборовите Господови, ти треба да бидеш најпоследен од сите и според својата смиреност пред Бога, да им бидеш слуга на сите. На тој начин, како силен ќе ги носиш слабостите на сите, како лекар ќе ги лечиш болестите на своите браќа, како пастир ќе ги враќаш заблудените, ќе ги воспитуваш добрите да бидат плодни во доблестите, и ќе ги отстрануваш од своето духовно стадо неизлечивите, за својата болест да не ја пренесат на здравите овци. Чедо мое, труди се во Господа, да го зголемиш стадото Господово. Немој често да излегуваш од манастирот; доволно ти е еднаш месечно и тоа по потреба; тоа нека го прават други, а ти поучувај ги браќата, обработувајќи ги нивните души. Немој да дозволиш за тебе да се приготвува храна посебно. Трпезата нека биде заедничка, освен поради болест или посета на пријатели. За сите нека се подготвува варено зелје и семиња, а еднаш неделно, и тоа во недела и на празниците Господови, риба. Кротко поучувај ги браќата, како секој треба да се однесува во братството. Против неуредните понекогаш треба да се употреби разумен гнев и стап за укор. Од имотот на својот манастир немој да даваш на своите родители и роднини, зашто ти засекогаш си ја прекинал и заборавил таа врска, и мора да бдееш над манастирскиот имот како над Господов. Должен си со точност да ги испитуваш помислите на секој од браќата, за да знаеш како да раководиш со духовниот живот, и кому какви подвизи да му наложиш. Без тоа, Црквата Божја ќе ја претвориш во ајдучка пештера, и во тој случај нема да ја одбегнеш осудата на гневот Божји. Останатото што е корисно за манастирот и браќата, ќе го најдеш во учењето и преданијата на светите Отци. Ако се придржуваш кон тоа, ако така постапуваш и душата своја од љубов ја полагаш за своите браќа, верен е Бог и твојата награда на небесата ќе биде голема.

Откако вака го поучи новиот игумен, свети Симеон се обрати кон браќата со овие зборови:

- И вие, чеда мои, браќа мои и отци, што ве собрав во Христос, Богот мој, што ве родив со Духот Свет со помош на наставата на зборовите Божји, слушнете ме мене, вашиот недостоен отец и учител. Мошне се намачив, и затоа дајте ми малку слободно време и одмор; дозволете ми да отпочинам и да се позанимавам со самиот себе. Поклонете се пред новиот игумен, примете го како мене самиот, смирете се под моќната рака Божја (1 Петар. 5, 6), и пред оној што отсега ќе биде ваш пастир, според вашиот свет избор. Никој од вас да не ја потценува неговата младост, зашто е голем во знаењето што го дава благодатта. Бидете му послушни, нека никој не му противречи, туку бидете покорни зашто тој бдее и се грижи за вашите души. Кога демоните сеат лоши мисли во вас, вие исповедајте ги кај него со вера. Лошите мисли се како змии: додека се кријат по дупките, живеат и раѓаат многу змии; а штом ќе излезат на отворено, луѓето ги уништуваат. Но, ако вашите лоши помисли преминат на дело, и тогаш не задржувајте се, туку без срам побрзајте пред нозете на вашиот отец со искрено покајание, исповедајте се, и набргу ќе се излечите. Не покажувајте незадоволство кон она што игуменот го зборува и прави, па макар и да е спротивно со мислењето на Отците, туку наведнете ги своите глави пред него за некое време. Потоа, постарите од вас нека го опоменат за тоа, како што пропишува свети Василиј Велики. Трпете го, зашто кој нему му се противи, се противи на власта Божја, како што вели свети апостол Павле (Рм. 13, 2). Вие сте должни да го слушате и да му се покорувате во сѐ како на Господ, што не ги нарушува заповедите Божји или апостолските канони и наредби. Меѓутоа, во сѐ што претставува опасност за Евангелието Христово и законот на Црквата, вие не треба да го слушате не само него кога ви препорачува и наредува такво нешто, туку и ангел од небото ако слезе и започне да ви проповеда нешто спротивно на она што го објавија очевидците на Бога Логосот, светите апостоли. Тоа чувајте го деца мои како аманет Божји, како богатство Божјо во ризниците на срцата свои и умножувајте го трудот свој за да го наследите царството Божјо подготвено за праведниците од постанокот на светот. - А сега, со свет целив целивајте ме и мене и вашиот отец, господинот игумен. Бог нека ви го подари Својот божествен мир кој го надминува секој ум; нека ве води по патот на заповедите Свои; и нека вас, стадото Свое, коишто ја чувате верата во своите отци според Бога, ве умножи во светото монаштво, во народот избран, во царското свештенство во Христа Исуса.

Откако така ги посоветува и игуменот и браќата, пастирот и учител на сите манастирски жители се оддаде на побожно молитвено тихувание и соѕерцание во логосната смисла на нештата, така едниот го водеше стадото, а другиот со молитва го поддржуваше водителот и ги раководеше браќата на патот на внатрешното духовно возраснување и усовршување.

Повлекувајќи се во своето катче, во работилницата на безмолвието, светиот отец Симеон со уште поголема одлучност се оддаде на својата мила философија. Долгиот пат на неговото подвижништвото се завршуваше за него: неговото напредување во усовршувањето ја воздигнуваа неговата душа до сите божествените висини; тешкотиите на светите борби се изменуваа во леснотија или, да употребиме необични зборови, во богосличните одмарања на Бестелесните Сили; под влијание на возвишени сили, природата на неговото тело преминуваше од униженост во негнилежност; него повторно го зафатија виденија и откровенија Господови, и тој однапред ги набљудуваше идните случувања.

Еве што виде еднаш додека стоеше на молитва: воздухот започна да му зрачи на умот негов. Иако беше во својата ќелија, му се чинеше дека се наоѓа надвор; беше ноќ, околу првата стража. Од висините започна да се раѓа нешто како мугра; куќата и сѐ останато исчезна, и тој мислеше дека воопшто не е во куќата. Наполно во екстаза, тој со целиот свој ум ја набљудуваше светлината која му се покажа: малку по малку таа растеше и воздухот стануваше сѐ посветол и посветол, и тој почувствува дека самиот тој, со целото свое тело излегол надвор од земните работи. Но, бидејќи оваа светлина продолжуваше да сјае сѐ посилно и посилно, и над него по сјај стана слична на пладневно сонце, почувствува дека самиот тој се наоѓа среде таа светлост, и дека е полн со радост и солзи од сладост која го обзеде целосното негово тело. Притоа виде како таа светлина на необичен начин се соединува со неговото тело, и постепено продира во него. Необичноста на овој призор го оттргна од претходното набљудување и сега тој целото свое внимание го насочи кон случувањето внатре во него. Набљудуваше сѐ додека таа светлина постепено го исполни целото негово тело, срцето и внатрешноста и сецелиот го стори оган и светлина. И, како претходно куќата, така сега светлината направи тој да го изгуби чувството за облик, положба, тежина, и за изгледот на своето тело. Од таа светлина му дојде глас: „Така ќе се изменат сите кои живи ќе се затекнат на земјата кога ќе одекне последната труба, и такви ќе бидат вознесени на средба со Господ на небото, - како што вели Павле“.

Блажениот помина многу часови во таквата состојба, стоејќи и славејќи го Бога со таинствени зборови, гледајќи ја славата што го опкружуваше и идното блаженство, подготвени за светиите за вечноста. Тогаш блажениот почна да си размислува во себе: „Дали ќе се повратам во претходното обличје на моето тело или ќе останам вака?“ Но, само што почна да размислува, забележа дека сѐ уште носи обличје на тело, зашто навистина се гледаше себе си како со целото свое тело станал светол, безоблична светлина, безлична и бестелесна. Тој многу јасно чувствуваше дека неговото тело е со него, но дека е некако бестелесно и продуховено, зашто немаше ниту тежина, ниту тврдост и беше запрепастен гледајќи се себе си во тело како бестелесен. Светлината која што беше во него, со истиот претходен глас му рече: „По воскресението, во идниот век, такви ќе бидат сите светии, бестелесно облечени во духовни тела: или полесни и потенки и високолетни, или потешки и потромави и кон земјата устремени; тогаш од тоа ќе зависи сечие место, и достоинство, и близина до Бога“.

Откако го слушна тоа, и гледајќи ја неискажаната светлост Божја, богоимениот Симеон боговидец Му изнесе благодарност на Бога, Кој Го прославил човечкиот род и Го направил заедничар со Своето Божество и царство, и повторно се врати во себе, и се најде внатре во својата ќелија, во својата претходна состојба: човек во целото свое битие. Само, како што тој со заклетва им тврдеше на оние на кои што им ги повери и откри овие тајни, тој многу денови ја чувствуваше таа леснотија на телото, не чувствувајќи никаков замор, ниту глад, ниту жед. Со помош на тие чудесности, тој стана целосна своина на Светиот Дух и беше исполнет со божествените дарови Негови. Имајќи апостолски ум и живеејќи и дејствувајќи со Светиот Дух, тој излеваше благодатни зборови од својата уста и зборуваше за Бога како светите апостоли, и преку своите боговдахновени списи ги учеше верните на совршена побожност. Исполнет со Светиот Дух, тој напиша подвижнички зборови за доблестите и пороците. Тоа знаење го стекна со помош на својата практична философија и божествени сознанија; во своите списи го опиша патот за совршено живеење на оние што водат философски живот, односно монасите.

Додека така молитвено тихуваше, блажениот Симеон се занимаваше со работа својствена за безмолвниците, исихастите, и со благодатта на Светиот Дух толку се возвиши, што според животот, учењето и знаењето, се изедначи со светите Отци и богослови од дамнина.

Затоа беше потребно исто како нив, и тој да помине низ огнот на искушенијата и да се испита неговото трпение како кај Јов. Тоа се случи на следниот начин. Богобојазливиот Симеон, тој божествен човек, духовен отец и учител на нашиот чудесен Симеон, достигна добра старост. Помина четириесет и пет години подвизувајќи се во маченичко војување со совеста, и се удостои на апостолска благодат: вршеше исцеленија и чудеса и под вдахнување на Светиот Дух, иако неписмен, состави книга полна со секоја духовна корист. И кога требаше да се одмори од долготрајните трудови на подвижништвото, тој се разболе и отиде кај Господа, напуштајќи го своето многустрадално тело. Како негов ученик, нашиот блажен отец го познаваше добро и него и неговите сјајни доблести и апостолски живот, и поттикнат од едно божествено откровение, состави духовни песни и пофалби во негова чест, и го опиша целиот негов живот. За да ги поттикне другите да се огледаат на неговите доблести, тој секоја година свечено го празнуваше неговиот спомен исто како и на останатите светители, и при тоа изработи и негова икона.

Гласот за тоа дојде до ушите на патријархот Сергиј. Тој го повика светиот старец и побара објаснување за таа работа. Блажениот подробно му изложи сѐ, и му рече дека врз основа на едно божествено откровение напишал духовни химни за својот духовен отец и го опишал неговиот живот. Патријархот изрази желба да го прочита сето тоа. Кога го прочита, се воодушеви, го пофали писателот и го замоли пред празникот да го потсети и тој да испрати свеќи и темјан за прислужување на светецот. Така беше празнувано шест години. Со празнувањето на слугите Божји се слави Бог; прославувајќи ги праведниците Божји, народот духовно се радува, се хранат сиротите, храмовите блескаат, и многу луѓе се поттикнуваат на подражавање на нивните добордетели. Но, ѓаволот со своето добро оружје, зависта, крена многу искушенија и неволји против светиот отец Симеон, на следниот начин:

Во Цариград живееше митрополитот никомидиски Стефан Алексин, многу учен и речовит човек, кој од непознати причини се беше одрекол од епископскиот престол. Поради својата ученост и речитост бил многу ценет и влијателен кај патријархот и царот и неговиот научен углед бил висок меѓу народот. И нашиот блажен отец Симеон поседуваше наука, и тоа вистинската наука на Светиот Дух, и сите го сакаа и ценеа, ѝ се восхитуваа на неговата наука, почитувајќи го не само како мудрец по Дух, туку и како светец. Митрополитот Стефан, кој имал многу високо мислење за себе, а ги потценувал другите, започна да ги критикува и исмева оние што блажениот Симеон го сметаа за светец, и исполнет со завист, се трудеше да му најде некаква вина. Со таа цел, поттикна некои клирици, а тие пак, некои браќа од манастирот на свети Симеон, и тие започнаа да го осудуваат поради тоа што го празнува споменот на својот духовен отец и учител, свети Симеон Богобојазлив. Гласот за тоа дојде до самиот патријарх и останатите архиереи на Светиот Синод. Но, и патријархот и архиереите знаеја дека Стефан го прави тоа поради завист и не му дадоа никакво значење. Тие велеа:

- Што има несогласно со каноните на Православната Црква, кога некој, славејќи ги јавно доблестите, не му наштетува никому, туку напротив им користи на душите?

Но, Стефан не се откажа од својата намера. Постојано му досадуваше на патријархот и на архиереите на Светиот Синод со обвинување против блажениот Симеон за да го суди, но тие не му обраќаа внимание. Тоа траеше две години. Но, на злото му беше допуштено да го надвладее доброто. Со своите упорни клевети Стефан ги поколеба душите на патријархот и на архиереите, и тие му дозволија да поднесе тужба против светителот, за да не го осудат без причина.

Стефан се зафати со работа. Проучувајќи го животот на духовниот отец на светителот, свети Симеон Богобјазлив, Стефан наиде на оваа вистина од неговиот живот:

Бидејќи со крајно бестрастие го умртви своето тело и наполно ги згасна сите вродени движења на телото уште овде на земјата, свети Симеон Богобојазлив кон секое тело што му пристапуваше имаше чувство како леш кон леш. Но, за да ја сокрие ризницата на своето бестрастие, се правеше како да е подложен на страстите, за да ги одбегне пофалбите од луѓето, и за да ги избави од провалијата на смртта душите на многумина. Стефан се наостри на овој чудесен начин на спасување на душата, па тоа му го запишаа како вина на нашиот блажен отец Симеон, обвинувајќи го што празнува таков човек и го слави како светец. Во тужбата до Светиот Синот, тој велеше: „ Неговиот духовен отец е грешник, а тој го слави како светител меѓу светителите; дури и икона негова изработил и му оддава молитвено почитување“.

Блажениот Симеон беше повикан да одговара пред Светиот Синод. Патријархот го праша:

- Симеоне, што треба да значи твојата ревност кон празнувањето на твојот духовен отец, та целиот град да се собира на тоа празнување? Нема сомнение дека јас го одобрувам и поздравувам твојот потфат, но, бидејќи Стефан ни досади на сите, а и понатаму ќе ни досадува, јас те советувам да престанеш со свеченото празнување на покојникот, и неговиот празник да го прославуваш сам со своите монаси. На тој начин ќе го тргнеш од себе големиот бес од твојот тужител, и ние ќе се спасиме од неговото досадување.

На тоа, блажениот одговори:

- Сето она што можам да го кажам за мојата вера во мојот духовен отец и за празнувањето на неговиот спомен, ти, пресвети Владико, подобро го знаеш од мене, слугата твој. А што се однесува до обвинувањата од страна на почитуваниот господин против мене, јас ќе се бранам кога тужителот ќе го докаже тоа што го вели.

На тоа, патријархот рече:

- Твојот одговор е умешен и законски оправдан. Можеш ли сега барем накратко да ни докажеш дека со празнувањето на споменот на својот духовен отец како што се празнуваат древните светители, ти постапуваш согласно со прописите на светите Отци и Апостоли? Тоа ни е потребно за врз основа на свети закони да утврдиме дека ти постапуваш законски.

Мудриот Симеон, познавачот на божествените работи, со смела душа одговори:

- Свети Синоде, кој не ги знае јасните зборови на Спасителот во Евангелието: „Кој вас ве прима Мене ме прима, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил“ (Мат. 10. 40, 41). А очевидците на Бога Логосот, зарем тие во своите Апостолски Установи не велат: „Ти ќе го славиш оној кој ти го проповеда словото Божјо; ќе се сеќаваш на него и дење и ноќе, ќе го чествуваш како посредник на твојата благодат, зашто каде е науката за Бога, таму е и самиот Бог“. Тие уште велат: Кога Бог наредува да ги почитуваме родителите по тело: „Почитувај ги својот татко и мајката своја за да ти биде добро на земјата; и: кој го пцуе својот татко или мајката своја, да се погуби“, дотолку повеќе Светото Писмо нѐ учи нас да ги почитуваме и сакаме нашите духовни родители како наши добротвори и застапници пред Бога. Тие нѐ преродиле, исполнувајќи нѐ со благодатта на Светиот Дух; тие нѐ отхраниле со млекото на зборовите Божји; нѐ утврдиле со своите совети; ги разрешиле нашите гревови и нѐ направиле заедничари и наследници на ветувањата Божји. Нив почитувајте ги, и ним укажувајте им ја секоја чест, зашто тие примиле од Бога власт над животот и смртта. А божествениот Златоуст во својата пофалба на светиот Филигон вели: „Кога оној што ќе опцуе татко или мајка се казнува со смрт, очигледно е дека оној кој ги благословува ќе ужива во животот; кога нашите родители по тело имаат право на толку големо внимание од наша страна, неспоредливо повеќе тоа од нас го заслужуваат нашите духовни отци. Нашите пофалби не ја зголемуваат славата на покојниот, туку нас кои ги изнесуваме, слушаме и разбираме нѐ чинат подобри. На светителите на небото не им се потребни нашите пофалби, но, тие ни користат нам живите, оти нѐ поттикнуваат на подражавање на нивните доблести. А дека му е пријатно на Бога тоа што јас го чинам, сведочи светиот пророк Мојсеј Боговидецот, кој ги пишувал животите на древните праведници, и својот сопствен живот. Еве што вели свети Златоуст, кој изговорил многу пофални беседи за толку многу светители: „Благодатта Божја нам ни ги оставила запишани животите и доблестите на светците за да ни покаже дека и тие биле луѓе како и ние, иста природа со нас, а ги практикувале сите доблести за и нас да нѐ побудат да ги подражаваме. Бог се слави многу повеќе со тоа, отколку со што било друго. Кратко речено, тоа што јас го правам е во слава Божја и за корист и благослов на народот, како што вели и премудриот Соломон: „Споменот за праведникот ќе биде благословен, а името на нечестивите ќе биде проколнато“. (Солом. Ивр. 10, 7). Така и празнувањето на мојот духовен отец што ние го вршиме секоја година е не само во слава Божја, туку и за голема корист на народот. Доказ за тоа се и овие зборови на мудриот: „Кога праведниците се умножуваат народот се весели, а кога нечесниот господари народот офка“ (Солом. Изр. 29, 2). А свети Василиј Велики, величајќи го маченикот Гордиј, вели: „Народот се радува при самото спомнување на праведниците и нивните подвизи, и станува ревносен да се угледа на нивните доблести“, Штетно е да не се прославуваат оние што целиот свој живот го поминале во многу свети подвизи. Како потврда за тоа, јас ќе се повикам на сјајниот свети Григориј Богослов. Тој во својата пофалба на свети Атанасиј Велики вели: „Не е добро и не е безопасно да се прославува споменот на безбожниците, а молкум да се одминуваат јунаците на побожноста“. Но, Свети Синоде, кога така пропишува Евангелието, кога така учат светите Апостоли и светите Отци, како тогаш да се слуша човек кој учи спротивно на тоа? А ако мојот тужител знае нешто подлабоко, коешто јас, или можеби, светите отци или светите апостоли, го превиделе, нека го изложи пред вас, свети владици. Што се однесува до мене, јас молкум ќе го сослушам неговото излагање, а и ќе се потчинам на неговите докази ако се засновани врз Светото Писмо и учењето на светите апостоли и светите отци.

Меѓутоа, тужителот Стефан не можеше да наведе ништо ниту од Светото Писмо ниту од светите отци, со коешто би можел да ги обессили доказите на светителот. Но, и покрај тоа, Синодот беше наклонет на неговата страна. Така заврши ова судско сослушување на нашиот блажен отец Симеон.

Позната вистина е дека зависта е зло кое се бори за првенство. Победена, зависта не сака да се покори; победена, таа не се смирува. Обземениот од неа е спремен за борба. Така, владиката Стефан, исполнет со завист, цели шест години кроеше планови против праведникот и, најпосле успеа да ги крене против него сите архиереи, па и самиот патријарх. Покрај тоа, Стефан придоби и неколкумина од Светиот Синод, кои, болни од безумието Јудино и охрабрени од Стефан и однесувањето на патријархот, една ноќ украдоа икона на која беше изобразен свети Симеон Богобојазлив со други светители и со Господ Христос, и ја однесоа во патријаршијата. Тогаш владиката Стефан издејствува Синодот повторно да го повика блажениот Симеон на испрашување, за да даде објаснување за оваа икона. Пред Синодот блажениот изјави:

- Сметам дека не сум сторил ништо необично и туѓо на преданието на светите отци и светите апостоли, кои од почетокот ги примија обичаите и прописите на Црквата, и наложија да изобразуваме икони на светите отци, да ги почитуваме и да ги целиваме. Значи, јас ја насликав иконата на еден слуга Христов, на еден член од телото Негово, на еден човек кој станал Христолик. Побожно почитувајќи ја неа, јас во овој светител го целивам и обожавам Христа, и овој светител во Христа Бога, бидејќи тој е во Христа со Духот Свет, и Христос во Бога Отецот, и Отецот во Христа Бога, според светите зборови: „Во оној ден вие ќе дознаете дека јас сум во Отецот, и вие во мене, и јас во вас“ (Јован 14, 20). Нашиот свет отец Јован Дамаскин им препорачува на сите верни да ги почитуваат светите икони, велејќи: „Во псалмите и пеењето ние му оддаваме почит на самиот Бог; изобразуваме икони на светците за, гледајќи во нив да ги подражаваме нивните доблести, та и самите да станеме живи икони“. Значи, ако јас ја изопачувам благовеста на спасението, ја изопачувам вистината и верата; ако јас, постапувајќи вака направив нешто што никој од верните досега не го направил во Црквата - нека ми се докаже тоа. Ако пак, напротив, тоа го чинат сите верни ширум целата Црква, а јас единствено поради тоа треба да одговарам како престапник и да ми се суди како на виновник денес, кажете ми, каде е тогаш правдата?

Го рече тоа, направи метанија пред иконата на својот духовен отец, ја целиваше, и ѝ се обрати со овие зборови:

- Свети Симеоне, ти, кој со заедничарењето со Духот Свети си станал сличен на иконата на мојот Господ Исус Христос; ти, кој си го славел Него со умртвувањето на страстите; ти, кој со долготрајното подвизување си се облекол во бестрастие; ти, кој со обилни солзи си се измил себе како во купелот на крштението; ти, кој во себе го носиш Христа, Кого си го засакал, и Кој тебе многу те сакал, и на чудотворства те удостоил; ти, кој со глас од небото си ја посведочил својата рамноапостолна светост, - притекни ми на помош мене ништовниот, мене, на кого, како што гледаш, денес ми судат заради тебе. Издејствувај ми сила, та за тебе и за иконата твоја, или подобро речено Христова, јуначки да ги поднесам понижувањата, прекорувањата и злоставувањата, за и јас да станам заедничар во славата што ти си ја имал уште за време на животот во тело, славата што ми ја покажа во денот кога ме вознесе и јас стоев од десната страна на Бога, славата што уште повеќе ја имаш сега заедно со сите светии.

Завршувајќи ја оваа молитва, блажениот се сврте, го погледна својот тужител некако весело, и рече:

- Ти честитам на твојата упорна борба против праведните работи, красен мој владико. Што чекате уште? Зошто ја одложувате мојата осуда? Сѐ е на твоја страна: престоли, власти, слуги, ушите на сите; сѐ ти стои на располагање, употреби го тоа што ти припаѓа. Еве, јас сум спремен да поднесам сѐ што ми приготвила твојата злоба.

Кога го слушна тоа, Стефан не знаеше што да прави, зашто забележа дека Синодот сѐ уште се колеба со оној остаток на почит спрема Евангелието, и за обвинетиот праведник, кој со таква чистота се држи до Евангелието и се повикува на него. Но сепак, тој го стори тоа што тогаш можеше да го стори: ѝ пријде на иконата, и ги убеди патријархот и архиереите на Светиот Синод од неа да се избрише натписот: „Свети“. Тоа беше сторено; седницата на Синодот завршена, и иконата вратена на блажениот Симеон.

Светителот се врати во својот манастир. Но, упорната злоба ја продолжи својата работа; владиката Стефан успеа да го убеди патријархот да испрати луѓе во обителта на блажениот Симеон, за да ги уништат сите икони на неговиот духовен отец, свети Симеон Богобојазлив. Тој не се сети на светиот Јован Дамаскин и на неговите свети зборови: „Секој човек добро нека го знае ова: кој ќе се осмели да уништи икона Христова, или икона на Мајката Божја, или икона на некој светител, тој е непријател Христов и соработник на ѓаволот и неговите демони“. Испратените луѓе со секири ги удираа иконите по главите, по градите..., унакажувајќи ги и претворајќи ги во прав, а некои што беа на ѕидовите ги премачкаа со вар. Додека го гледаа тоа, монасите и мирјаните заедно со нашиот свет отец Симеон плачеа и ридаа.

Гледајќи како пожарот на злобата станува сѐ посилен, блажениот Симеон ја напиша својата прва Апологија - Одбрана, да му биде при рака ако по втор пат го повикаат на суд. И навистина, не помина долго време, а тој повторно беше повикан на суд. Тогаш му предложија: или да престане да го празнува својот покоен духовен отец, или да биде прогонет од својот манастир и од престолнината. Тогаш блажениот му ја предаде својата Апологија на патријархот; таа беше прочитана пред Светиот Синод; читањето траеше долго. Силината на мислите, убавината на јазикот, достоинственоста на стилот, сјајната примена на наводите од Светото Писмо соединети со ненадминливата сила на вистината - како грмотевица се прекршуваа низ умот на слушателите. Но, тие, немајќи начин да ја обессилат јачината на доказите на светителот, станаа од своите архиерејски престоли, ја ставија оваа работа на гласање, и праведникот го осудија на прогонство.

Светителот среде зима беше протеран далеку од Цариград во едно пусто место, викано Палукитон, оставен таму без ништо, па дури и без храна макар и за еден ден. Без лутина во душата кон своите гонители, светителот му благодареше на Бога, Кој Го допуштил сето тоа. Одејќи по страотно карпестиот рид, тој со вистинска радост во душата читаше псалми: „Господи слушни ја молитвата моја, чуј го молението мое поради Твојата вистина; Услиши ме поради Твојата правда и не стапувај во суд со Твојот слуга, зашто пред Тебе нема да се оправда ниту еден од живите. Непријателот ја прогонува душата моја, го понизил животот мој дури до земјата, ме остави во темнина како оние кои се одамна умрени; опадна духот мој во мене, се вознемири во мене срцето мое“ (Пс. 142, 1-4): „Ете, Бог е моето спасение, на Него се надевам; и не се плашам, зашто Господ е мојата сила, Господ е мојата песна; Он ми е спасение“ (Ис 12, 2).

Во подножјето на ридот најде една црква во урнатини посветена на света Марина, влезе во неа и го прочита Деветтиот час. Откако малку се одмори, му напиша писмо на својот гонител Стефан, во кое говореше:

- Преосветен владико, погледни каква жетва дало семето на твоите упорни борби и говори, каква радост и слава ми донесе, колкави венци ми сплете, со какво умиление ме исполни! Дури и на врвот на духовното знаење ме издигна, нозете на умот мој на камен цврсто ги постави, во гранит ме облече. Од тој гранит во мене врие вода жива, којашто ме покренува, ми говори, и ме тера да ти пишувам. Таа ме исполнува со веселие и не ми дозволува да го чувствувам ова смртоносно искушение, туку како што Трите Момчиња беа сочувани во вжештената печка, така и мене ме чува ненажален и неповреден. За сето тоа, јас ти благодарам, и нема да престанам да се молам за тебе. Затоа, ако имаш уште нешто да ѝ додадеш на радоста и славата на оние кои те сакаат, немој да се двоумиш да го сториш тоа, за да ја зголемиш својата плата и да ја направиш пообилна својата награда од Бога.

На писмото од светителот, Стефан не одговори со зборови туку со дела. Веднаш отиде кај патријархот, убедувајќи го дека божем свети Симеон имал некое скриено богатство во манастирот, со коешто можел така свечено да го празнува празникот на својот духовен отец и да им дели обилна милостина на сиромасите. Тој го убеди патријархот да го бараат тоа божемно богатство, и во исто време да му го одземат целиот имот на светителот: книгите, облеката и останатите работи. Испратените луѓе ја претресоа ќелијата на блажениот и во неа не најдоа ништо, освен неговата власеница, наметките и покривките, зашто истоштен од многу суровото подвижништво, нему му беше тешко да го носи и самото бреме на своето тело. Луѓето го раскопаа подот во ќелијата, ги избушија ѕидовите, го срушија кровот, но, од божемното богатство немаше ни трага. Тогаш собраа сѐ што најдоа и го однесоа.

Блажениот Симеон се израдува кога дозна за тоа, и повторно му напиша писмо на својот гонител Стефан. Во него пишуваше:

- Прекрасни венци додал кон моите венци прекрасниот Венец. Со што да ти возвратам за сите добрини што веќе седум години ги чиниш, а ќе ги чиниш и понатаму? Како ќе се оправдаме пред тебе, што толку ревносно и упорно ги снабдуваш своите пријатели со слатки лекови? Но, ние те молиме, немој да застанеш со својот потфат, немој да престанеш со своите дела. На овие додај и други лекови кои со својата јачина ќе ни ги направат страдањата уште послатки. Ти ја зголеми во мене светлоста, радоста, сладоста, кои преку мирот на помислите чудесно точат неискажано веселие на духот во мене; зголемувај ги во мене и понатаму на сите можни начини зашто така ќе нѐ соединиш со саканиот Господ, заради кого со радосно срце поднесуваме сѐ, и заради Кого ме гледаш во ланците на заточението, во кои ти ме окова.

Споменатата црква на света Марина и местото каде што се наоѓала таа, му припаѓале на еден висок функционер, по име Христофор Фагура. Тој му беше ученик на блажениот Симеон. Кога дозна за прогонството на својот свет учител, веднаш го посети затекнувајќи го и без најнеопходното за живот, па горко заплака и падна пред неговите нозе. Свети Симеон му раскажа сѐ, а тој го замоли да му дозволи да му носи сѐ што му е потребно. На тоа светителот одговори:

- Што ни е потребно, освен леб, сол и вода? Тоа ќе ни биде подрагоцено од најскапоцените јадења. Но, ако сакаш да ни помогнеш, подари ни ја оваа црква, та со текот на времето, ако Бог милостиво погледне на мојата тага, ќе изградиме манастир овде. Со тоа ти ќе стекнеш заслуга и награда пред Бога, а ние ќе имаме работилница за молитва и за вршење на заповедите Христови.

Благодарниот ученик со радост му ја подари црквата на својот свет учител.

Гласот за заточението на светителот допре до многу места и многумина доаѓаа да го посетат. Некои знаеја поради што е во заточение, а некои не. Но, сите тагуваа по него, а тој ги тешеше и во меѓувреме напиша мала книшка, во која искрено и отворено ја изложи целата вистина за своето прогонство. Во таа книшка напиша и писмо до патријархот Сергиј и му го испрати по сенаторот Генесиј. Многу угледни великодостојници отидоа кај патријархот и поведоа разговор за прогонството на светителот; тие укажуваа за неправедноста на ваквата осуда и со тоа го уплашија патријархот; потоа му ги предадоа книшката и писмото. Гледајќи толку голем број знаменити големци пред себе, патријархот се уплаши царот да не дознае за тоа, и нареди книшката и писмото веднаш да се прочитаат. Штом завршија со читањето, патријархот им рече на моќните ученици на светителот:

- Што се однесува до мене, јас никогаш не сум имал лошо мислење за господинот Симеон; од самиот почеток, јас дури и го читав тоа што тој го пишуваше во чест на својот духовен отец, и ми беше задоволство што го запознав неговото житие; наредив тоа да се пее по црквите, неизмерно фалејќи ја верата негова. Меѓутоа, јас не знам поради што настанал спор помеѓу Симеон и владиката Стефан, та овој поткрена безброј тужби, кои што се чиста клевета против него. Тоа што го доживеа од нас, не го доживеа поради грешење во догматското учење на Црквата, туку поради упорното и многу свечено празнување на празникот на својот духовен отец, и поради тоа што неговите тужители секојдневно ми досадуваа за тоа. Тоа е причината што го тргнав од неговиот манастир и од градот. А сега, ако сака, може веднаш да се врати на старешинството во својот манастир и со согласност на Светиот Синод јас ќе го хиротонисам за архиереј на една од најважните епископии. Така достојно ќе се поправи неправдата и нашата доверба во него нема да згасне.

По оваа изјава, патријархот испрати да го доведат светителот. Оваа вест веднаш се разнесе на сите страни и многу народ се собра да го дочека: мирјани и монаси, свештеници и клирици, и сите знаменети сенатори, на кои светителот им беше познат по своите доблести и на кои тој им беше учител и отец. Сите го дочекаа и го допратија до патријархот. Патријархот излезе, го прими заточеникот придружуван од високи личности, и му се обрати со овие зборови:

- Високопреподобен господине Симеон, што мислеше фрлајќи се во ваква неволја? Со тоа ни зададе маки и ги натажи овие твои пријатели и ученици. Да се пропати тоа што ти си го пропатил му доликува на осуденик, но, никако на учен и доблесен човек каков што си ти. Бог ми е сведок дека јас секогаш имав високо и убаво мислење за тебе; и смислив нешто многу поволно по тебе, ако само малку попуштиш во својата жестока упорност. Но, засега послушај ме барем за ова: врати се во својот манастир каде толку многу труд си вложил, а што се однесува до секојдневното празнување на твојот духовен отец, ние нема да ти пречиме, само ти препорачуваме тоа да биде помалку свечено, да трае помалку денови, да се обавува единствено во кругот на твоите монаси и пријателите од страна, додека не се смират или не изумрат твоите завидливци, а потоа празнувај како што ти е угодно и тебе и на Бога.

На тоа светителот одговори:

- Што се однесува до неволјите за кои зборуваш, свети владико, не сум виновен јас туку учениот Стефан. Негова е одговорноста за тоа. А што се однесува до страдањата што сум ги поднел и што можеби понатаму ќе ги поднесам, Му благодарам на мојот Бог, свети владико, што не ги добив како блудник или злосторник, туку како слуга Христов, верен на апостолските канони и прописи. Затоа, јас не само што не се срамам што пострадав поради исполнувањето на заповедите Божји, туку се радувам и се чувствувам блажен што се удостоив поради тоа да бидам осуден на правдина и да претрпам прогонство како старите отци. А пак, што се однесува до твојата некогашна наклонетост кон мене, сведок сум не само јас туку и вистината која владее меѓу нас. Ти често си ми укажувал почести повеќе отколку што сум заслужил; Ти не си имал доволно пофални зборови за мојата вера спрема мојот духовен отец, восхитувајќи се на она што го правам. Признавам, мој владико, за тоа твое расположение кон мене. Но, злото, сатаната, не знам како да се изразам, го направи она што не требало да се дозволи. Тоа зло го изменило твоето срце и светлината ја претворило во темнина. А што се однесува до твоите планови со мене ако се согласам на твојот предлог, еве го мојот одговор: Ако се тоа привремени богатства, човечка слава и земни почести, тие немаат никаква вредност за мене. Јас, слугата твој, одамна ја створив во себе оваа философија: срамот од луѓето го сметам за залог на небесната слава, а славата од луѓето за навреда и подбивање. Но, ако станува збор за работи кои му се пријатни на Бога и и користат на душата, тогаш од сѐ срце ќе им се покорам на твоите наредби. Впрочем, кој не би ти одобрил, владико мој, кога учиш да се почитува она што Христос и неговите ученици го проповедале и наредиле? Тоа е согласно со зборовите на Синот Божји: „Научете ги да пазат сѐ што сум ви заповедал“ (Мт. 28, 20). Значи, согласи се да не учиш согласно со Светото Писмо, следејќи ги светите отци, и ние ќе те примиме како рамен на апостолите, и ќе ги исполнуваме твоите наредби до смрт, а ти ќе нѐ сакаш како слуги и благодарни ученици Христови. Ако пак сакаш да ме направиш архиереј под услов да се одречам од својот духовен отец, од светителот кој ме просвети и кој и сега посредува за мене и ме штити во неволјите како татко полн со љубов, и со тоа сакаш да го навредам Христос, тогаш не можеме ништо да речеме освен: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“ ( Д. А. 5, 29). Ако јас започнам да им угодувам на луѓето, тогаш не би бил слуга Христов (Гал. 1, 10). Добро нека се знае дека ништо од овој свет, па ни самата смрт нема да може да ме раздвои од мојата љубов спрема Христос и спрема мојот духовен отец. И, бидејќи поради правда бев избркан од мојот манастир, јас повеќе нема да се вратам таму додека сум жив, туку ќе умрам пазејќи ги заповедите Христови, зашто Он рекол: „Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонат“ (Мт. 5, 11)“.

Кога патријархот го слушна ваквиот неочекуван одговор, рече:

- Навистина си вистински Студит, полн со љубов за својот отец, господине Симеон; ти ја имаш нивната упорност и можеби таа е достојна за пофалба и е законита.

Потоа во неколку збора ја изрече својата одлука:

- Ти си останал ист, и ни најмалку не си се променил. Неотстапно држиш до празнувањето на својот духовен отец и до верата во него. На сите нас тоа ни изгледа пофално и законито, но ти се покажа сосем непослушен спрема моите зборови. Затоа, отсега живеј каде што сакаш. Биди со своите ученици и ние нема да ти браниме да го празнуваш својот отец каде што сакаш.

Патријархот го рече тоа и ги отпушти во мир.

Доброволниот маченик, блажениот Симеон, радосен излезе од патријаршијата со своите мили деца, моќните великодостоинственици, и со сите нив беше угостен во домот на Христофор Фагура. Таму остана подолго време и им беше од голема духовна корист на многу свештеници, клирици, ѓакони, големци, обични граѓани, жени, деца, старци, и сите кои го познаваа многу го сакаа.

По тоа блажениот се врати во својата омилена пустина, со желба таму да изгради ќелија за себе. Бог направи така што од сите страни започнаа да пристигаат обилни прилози во пари и се насобра многу злато. Полн со надеж во Бога, светителот започна да гради манастир. Тогаш го нападнаа искушенија од сите страни. И демоните и луѓето го заплашуваа, за тој да престане со ѕидањето. Но, преподобниот, цврст како карпа, непоколебливо им се спротивставуваше и со многу маки успеа да го изгради манастирот и да засади лозје и градина. Тогаш околу него се насобра ново стадо монаси. Сега тој го прослави празникот на својот духовен отец многу посвечено од порано, со учество на клирот од Големата црква, мноштво монаси и мирјани. Празнувањето траеше цели осум дена.

Откако малку се одмори, блажениот повторно го пригрна своето молитвено тихувание и наполно им се предаде на своите вообичаени соѕерцанија. Совладувајќи ја материјата и тежината на телото, тој со духот потполно се соединуваше со Бога; неговиот јазик стана огнен јазик, и тој започна да пишува Божествени химни, и без своја волја, гонет од внатрешната сила на духот го објавуваше она што го гледал по пат на откровенија Божји и соѕерцавал во своите виденија кога се наоѓал во натприродното. Преку дејствувањето на Божествениот оган, тој од ден во ден стануваше целиот оган, целиот светлина, Бог по Благодат, и како Син Божји. Оттогаш нему му беше откриена личноста на Бога Отецот. Тој разговараше со Бог како Мојсеј, и воден со прстот Божји, како по табла го испишуваше делувањето на Божествениот оган. Тогаш, тој напиша и многу други свои Слова полни со мудрост и сила.

Но, поттикнати од ѓаволот, соседите на манастирот го засипуваа со навреди, го исмеваа, а понекогаш и рака креваа на него, изнемоштениот старец, а еднаш еден крвник го фрли на земјата со намера да го убие; понекогаш и камења фрлаа по него. Така еднаш, еден од нив фрли огромен камен по него, и, ако го погодеше, светителот ќе останеше мртов на место. Тој повика еден од своите ученици, му го покажа каменот, и му рече:

- Гледаш ли, брате, со што нѐ загрозуваат? Те молам, со добрина стиши ја лутината на тој човек; дај му повеќе од нашата немаштија.

Таков беше овој голем ученик Христов; во сѐ верен следбеник на светите апостоли и подражавател на Господ Христос: гонет, тој трпи, каран, тој благословува; во неволјите се радува бескрајно, зашто се гледа себеси како ги доживува блаженствата Христови". Водејќи евангелски живот, тој со своите чувства беше над светот, а престојувајќи со телото меѓу луѓето на земјата, тој со душата беше со Бога и меѓу ангелите на небото со помош на Божествената светлина. Навистина, тој беше земен ангел и небесен човек. Како небесен човек сјаеше со своите добри дела меѓу луѓето, и со небесното знаење и божествената мудрост ги просветуваше душите кои што со вера му пристапуваа; а како земен ангел, тој ги предвидуваше и претсознаваше идните случувања, и однапред пророчки зборуваше за нив, и тие во свое време се исполнуваа.

Така, на знаменитиот великодостојник Јован, од дворот на царот Василиј, му ја претскажал несреќата што требало да го снајде од царот, по десет години, и несреќата навистина го снашла.

Што се однесува до чудесата на светиот отец наш Симеон, секако дека најголемото негово чудо е самиот живот негов, а уште повеќе неговата богомудрост и богопознание со кои тој апостолски се збогати со вдахновение на Светиот Дух.

Во неговиот манастир немаше вода, и неговите ученици со тешки напори ја носеа оддалеку на своите плеќи. Светителот беше тажен поради тоа, и со солзи го молеше Бога, тајно да му покаже каде би можело да се најде вода. И, Бог му покажа такво место. Но, одбегнувајќи ја човечката слава, тој за тоа не кажа никому. Дури кога смртно се разболе и однапред го дозна денот на своето упокојување, нареди на носилка да го однесат во манастирскиот двор. Таму побара мотика, велејќи: „Благословен Бог“, удри трипати на земјата, и им рече на монасите да ги повикаат бунарџиите за да копаат на тоа место. Но, иако копаа длабоко, тие наидоа на тврда карпа и прекинаа. Известен за тоа во моментот кога на својот писар му ја кажувал својата последна желба и својот завет, светиот старец рече:

- Кажете им на оние што го копаат бунарот да го разбијат врвот на карпата, и од неа ќе потече силна вода.

Навистина, уште при првиот обид, карпата се разби и од неа потече многу бистра и питка вода. Тука направија бунар кој сеуште постои како сведок на моќното посредување на светителот пред Бога.

Вардениската игуманија Ана беше исцелена од светиот отец Симеон на чудесен начин. Таа раскажуваше: „Наеднаш добив жестока треска, висока температура ме гореше одвнатре, и целото тело ми беше немоќно. Поради високата температура многу денови не можев да вкусам ништо, па лекарите кренаа раце од мене и ме оставија сама кај мојата мајка, како леш кој сеуште дише. А мојата мајка, гледајќи дека сум на умирање, ме зеде во своето крило, и горко плачејќи чекаше да ги склопи моите мртви очи. Наоѓајќи се во таква состојба и не знаејќи што се случува со мене, јас одеднаш видов: Блажениот Симеон со испружена рака кон неговиот духовен отец Симеон Богобојазлив доаѓа кон мене. Кога ми се доближи ми рече: „Да си здрава госпоѓо Ана! Каква ли страшна болест те снашла? Зошто неподвижно лежиш во постелата?“ Гласот на светителот како да ме поврати кон себе, јас ги кренав очите, со мака ја отворив устата, и реков: „Умирам, почитуван оче“. Тогаш свети Симеон Студит се сврте кон својот блажен ученик, и рече: „Господине Симеон, фати ја за рака, подигни ја, и дај ѝ да јаде“. Откако ме нахрани со своите свети раце, јас добив сила, станав од постелата, ја повикав својата мајка и ѝ го раскажав своето видение. И јас, која до тој час бев нема и мртва, побарав храна од неа, слатко се најадов и сосема оздравев“.

Никифор, кој во својата четиринаесетта година стана ученик на нашиот преподобен отец Симеон, бил очевидец на многу негови чудеса. По упокојувањето на светиот учител, Никифор се замонашил и како јеромонах, призивајќи го Бога за сведок, ги кажувал чудата на светиот отец Симеон. Првото чудо се однесува за него самиот. Од мал, раскажувал Никифор, јас не сум можел да јадам риба. И кога ќе ме натерале да изедам парче риба, јас сето тоа сум го повраќал. Но, во манастирот, еден ден светителот ми даде на трпезата парче печена риба. Јас му пријдов, но одбив да ја примам. Старецот ме запраша зошто одбивам, и јас му објаснив. Тој молчеше извесно време, веројатно молејќи се на Бога, и ми нареди повторно да му пријдам. Кога му пријдов, ме фати за рака, го благослови парчето риба, и давајќи ми да јадам, ми рече:

- Земи во името на Христа Бога и јади. Во иднина ти со сласт ќе го јадеш тоа што Бог ни го дал како храна.

Тогаш, под дејство на благодатта Божја и по молитвите на мојот отец, јас започнав да јадам риба.

Со текот на времето јас станав дел од навиките на светителот и тој многу ме засака и освен мене никому не дозволуваше да биде со него во ќелијата, раскажуваше Никифор. Не знаев точно поради што го прави тоа, но најверојатно, или поради мојата детска невиност и незлобивост, или поради тоа што заради староста му беше потребно прислужување, или пак по Божја промисла, за да бидам очевидец и сведок на неговото свето живеење. Јас спиев во еден агол од неговата ќелија на подот. На ѕидот висеше една голема икона Деисис и го допираше таванот; пред неа гореше кандило. Една ноќ, како некој да ме разбуди околу полноќ, и јас буден здогледав запрепастувачки призор: видов, Христос ми е сведок дека ја зборувам вистината, светителот стоеше во воздухот спрема иконата, од прилика четири лакти над земјата, со рацете кон небото, и се молеше целиот блескајќи. Како неискусно момче, јас се исплашив, ја вовлеков главата под покривката, и го сокрив лицето. Наутро сеуште уплашен му го раскажав своето видение на старецот. Тој ме искара и ми забрани никому да не кажам за тоа.

Продолжувајќи со своето раскажување, Никифор рече:

- Една сирота жена имаше четиригодишно дете кое беше неподвижно. Измачено од болеста и речиси на умирање, мајката го однесе кај светителот во манастирот. Дотолчена од болка, таа лееше солзи по патот и кришум влезе во манастирската црква, го остави детето на подот, и бргу се врати назад. Кога го најдоа монасите, веднаш му кажаа на преподобниот отец Симеон, и тој, потпирајќи се на својот стап, отиде да го види детето. Кога го здогледа онака јадно, тој жално заплака и од срце крикна. Потоа се сврте кон браќата, и ги праша:

- Што мислите да правите со ова дете?

А ние како договорени одговоривме:

- Треба да го погребаме; тоа е леш и само што не издивнало.

Светителот рече:

- Никако, вашиот одговор е непромислен.

Тогаш го зеде детето и го стави во својот трон. Потоа ни нареди да го спуштиме кандилото кое гореше пред иконата на света Марина, и тој го помаза со елеј од кандилото ова страшно исушено створение, се помоли на Бога, го прекрсти, и детето си дојде на себе, му се поврати силата и здравјето од самиот допир на овие свети раце, застана на своите нозе и започна да оди и да потскокнува низ црквата, па дури побара и храна. Откако јадеше, наполно оздраве и ѝ беше вратено на неговата мајка.

Една жена имаше многу убав син во кој имаше нечист дух. Поттикната од промислата и благодатта од небото, таа го доведе синот во манастирот кај светителот, и застанувајќи пред вратата на црквата, започна да се моли на Бога. Желбата дека сака да го види светиот старец беше доставена до светителот, и тој, достапниот за сите, излезе пред неа со мирен и спокоен чекор. Таа му се поклони коленичејќи, а момчето го впери погледот во ангелската појава на светиот старец, и нечистиот дух веднаш го фрли на земјата, ужасно мачејќи го. Кутрото момче започна да изфрла пена, да чкрта со забите и врескаше како јаре. Потресен од овој болен призор, светителот заплака од дното на својата душа, и откако се изнаплака пред иконата Христова, пред сите нас рече: „Зол и нечист духу, мојот Господ Бог ти наредува; излези од ова створение Божјо!“ Откако го рече тоа, тој зеде елеј од кандилото што гореше пред иконата, го помаза страдалникот, го фати за рака и наполно здрав ѝ го предаде на неговата мајка. Оттогаш злиот демон никогаш повеќе не го нападнал.

Еднаш, патувајќи во својата татковина, светителот стигна до реката Галос во Витинија. Здогледа еден рибар крај реката, и го праша дали има риби да му продаде. Тој му се пожали дека од рани зори е тука, но ништо не уловил. Тогаш светителот му предложи:

- Фрли ја јадицата во мое име и, ако со Божја помош фатиш нешто, тоа ќе ми го продадеш.

Рибарот фати една голема риба и ја стави под својата кабаница. Светителот му рече:

- Како што се договоривме, еве ти пари, а ти дај ми ја рибата што ја фати во мое име.

На тоа рибарот му одговори:

- Таа ми е потребна за еден сенатор, и нема да ти ја продадам.

Светителот си го продолжи патот, а рибата се извлече од кабаницата и скокна во реката.

Еден многу имотен пријател на светителот, по име Орест, ненадејно тешко се разболе. Устата му се искриви до ушите, не можеше да зборува и ослепе. Известен за тоа, светителот го зеде својот стап и тргнавме, раскажуваше Никифор. На влезот од куќата нѐ сретна сопругата на болниот, и низ солзи рече:

- Ете, оче, твојот пријател кој многу те сака умира, и јас ќе останам вдовица, а моите деца сирачиња. Те молам, помогни ми мене, слугинката твоја.

Кога влезе внатре и го здогледа својот пријател како лежи нем, слеп, и во бессознание, светителот заплака од тага и рече:

- Што се случува со тебе пријателе?

Потоа ги крена очите кон Господа молејќи се, ја стави раката врз главата на болниот, му прочита молитва, ја прекрсти неговата глава и болниот веднаш оздраве, се поздрави со светителот и почна да зборува. Оттогаш, од благодарност, Орест не престанал да му испраќа дарови на светителот. Примајќи ги овие дарови од љубов, светиот отец му велеше:

- Брате, треба да Му благодариме само на Бога. Единствено Он може да прави чудеса над сите кои се надеваат во Него. Ние сме Негова творба, створени сме да правиме добри дела за слава Негова, но како што гледаш, ние сме грешни луѓе и во сѐ подложни на исти слабости. Затоа треба внимателно да бдееме над своето живеење, за несвесно или доброволно да не правиме ништо што е спротивно на Божјата волја и да му дадеме место на ѓаволот, да нѐ заплеткува во тешки искушенија. Затоа, брате, бидејќи оздраве со благодатта Божја, немој повеќе да им се поддаваш на злоумието и гревот, за да не те снајде нешто полошо од она што те снашло, зашто во Својата добрина Господ ги упатил зборовите во Евангелието: „Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо“ (Јован 5, 14), не само кон фатениот, туку и кон сите нас.

Во соседството на манастирот живееја двајца браќа, кои многу го напаѓаа светителот поради градбата на манастирот. Тие го навредуваа, му се закануваа и му вршеа разни неправди. На тоа светиот отец кротко им одговараше, ги молеше, и им зборуваше, сакајќи да внесе мир во нивните души. Но, гневот кон светителот се зголемуваше во нивните души и тие речиси го засипуваа со навреди. Тогаш светителот започна да им го предочува Страшниот суд Божји, Кој постои за оние кои ги навредуваат светителите Божји. Едниот од нив, по име Дамјан, крена рака на светителот, го удри, и тој падна на земјата. Но, тој веднаш се сепна, се уплаши од гневот Божји, се покаја, го подигна светиот ереј Божји од земјата, а тој смирено му рече:

- Брате, Бог нека ти го прости овој грев, и нека не ти го задржи.

А пак неговиот брат Антес исфрлаше многу навреди и пцовки кон светителот, и го нарекуваше лицемер и лажливец. Гледајќи ја неговата безочност кон сѐ што е Божјо, во светителот пламна небесна ревност од Светиот Дух, и му рече:

- Ако јас сум лицемер, како што тврдиш ти, и ако сум лажливец кој со вештачко бледило на лицето ги лаже луѓето, како што велиш, тогаш ти добиј такво бледило, нека се подуе и твојот стомак, па совршено лажи ги луѓето како што ги лажам јас.

Во истата ноќ, несреќниот Антес легна да спие и повеќе не стана од постелата, зашто го снајде тешка болест, целиот се поду, лицето му пожолте како лимон, и за неколку дена умре од гневот Божји. Тоа се случи за да се заплашат неуките и неразумни луѓе, и да не го потценуваат светителот и благодатта Божја што е во него. Така се исполни реченото во Апостолските Установи за духовниот живот на нашите отци: „Тие примиле власт од Бога за животот и смртта; да им судат на грешниците и да ги осудуваат на вечна смрт, да ги разрешуваат од гревовите и да ги враќаат во живот оние кои се каат“.

Пред својот овоземен крај, светителот доби болест на срцето, и болеста го прикова за постелата. Таа толку го истошти, што сам не можеше да се помрдне во постелата, па мораше да го помрднуваат и да го свртуваат. Блажениот не сакаше да има покрај себе друг пријател освен мене, раскажуваше Никифор. Но, јас бев сеуште млад и многу подложен на длабок сон. Затоа му се пожалив на светиот старец дека нема да бидам во состојба сам да се грижам за него, бидејќи сум роб на длабокиот сон. На тоа, тој ми рече:

- Легни врз овој сандак покрај мене и одмори се, па ќе се ослободиш од таа слабост.

Следната ноќ, јас направив така и, благодарејќи на благодатта Божја и молитвите на мојот свет отец, од тогаш станав не само лессен, туку и буден во сонот, според зборовите од Светото Писмо: „Јас спијам, но срцето мое е будно; ете го гласот на мојот возљубен... (Песна над песните 5, 2). Но, една ноќ, кога прилегнав на сандакот и задремав, ненадејно како некој да ми викна, и јас се тргнав и го видов ова: рамноапостолниот светител кој од изнемоштеност не можеше ни да се помести во постелата, повторно стоеше во воздухот на висина од четири лакти, сега во поголема светлина, и се молеше на Бога. Поучен од мојот поранешен ваков призор, јас го набљудував со восхитување, и вака си размислував во себе: „Сѐ до ноќта, овој човек не беше во состојба да се помрдне сам. Како сега можел да стане и вака лебдејќи во воздухот да се моли?“ Размислувајќи вака зачуден, јас против своја волја заспав во длабок сон и го оставив светителот, кој и понатаму лебдел во воздухот и се молел. Но, наскоро се разбудив и срцето сеуште силно ми биеше од необичниот и неверојатен призор пред малку, и го видов светителот како лежи во својата постела и се покрил со покривката. Ново изненадување ги скова моите мисли, па започнав да си зборувам во себе: „Ете, благодатта Божја што е одамна во него, го исполнила со сила и моќ болниот, кој е фатен и неподвижен, и го подигнала од земјата во воздухот, заради божественото молење. Божествената сила која уште од неговата младост живее во него се покажа посилна од разорната сила на болеста и немоќта. Таква е силата која што слегува од небото врз светителот со наидување на Светиот Дух. Таа сила е посилна не само од болестите што го разоруваат телото, туку и од маките, и од смртта, и од пеколот“. А кога осамна, прислужувајќи му на светителот, јас се осмелив да му ја кажам ноќната тајна. На тоа, тој ми рече:

- Немој никому да кажуваш за тоа сѐ додека не излезам од телото.

Оваа наредба ја почитував сѐ до сега и никому не ја открив ова тајна.

Со ова се завршува кажувањето на неговиот ученик Никифор, во монаштво Симеон.

Знаејќи дека набрзо ќе се раздели од телото и на доблесна кочија ќе се вознесе на небото во себлажените живеалишта, светиот отец Симеон ги повика своите ученици, им даде поуки и утехи, и им го кажа денот и часот на своето заминување од овој свет. А кога виде како тие плачат, им рече:

- Зошто го оплакувате моето заминување? На дванаесетти март вие ќе ме погребате, и на дванаесетти март повторно ќе ме видите како излегувам од гробот, за да останам со вас. На дванаесетти март блажениот отец се причести со Светите Тајни Христови, како што по обичај го правеше тоа секој ден, и откако рече „амин“, им нареди на своите ученици да пеат погребни песни. Тие пееја плачејќи, а тој ги крена своите свети раце, се помоли кратко со оние малку преостанати свои сили, па мирно и благо рече:

- Во Твоите раце, Христе Царе, го предавам својот дух.

Со овие зборови, славниот и многупобеден борец Христов излезе од своето трпеливо и непобедливо тело, и отиде кај својот Господ. Така, праведникот им се придружи на праведниците, светителот на светителите, богословот на богословите, преподобномаченикот и исповедник, и голем учител на Црквата Христова на исповедниците, учителите и преподобномачениците. По триесет години, неговите мошти беа откриени нетлени на дванаесетти март, според неговото пророштво, полни со благодат и благопријатен мирис. Тие блескаа со чудеса, собираа безброј многу луѓе околу себе, осветувајќи ги нивните души со своето присуство.

Но, како што вели писателот на неговото житие, неговиот ученик Никита Стифат, не само неговите свети мошти туку и телото негово, а и самата облека уште за време на животот мирисале необично, со исклучително прекрасен мирис. Од изобилната благодат Божја што живеела во неговата душа, тој прекрасен мирис се пренесувал и на неговото тело, па со тоа и на оние што доаѓале во допир со него. Кој и да пристапел до него со вера, чувствувал како тој прекрасен мирис од неговата облека ја исполнува со радост и умиление целата негова душа и срце. Ова богато го доживеав не само јас, ученикот негов кој го пишувам ова, вели писателот на житието Никита, туку и многу други. Еве што ми раскажуваше неговиот ученик Теодул:

- Еден ден светителот ми подари едно свое хитонче. Јас го примив подарокот со вера. Го симнав од себе својот хитон, и врз своето голо тело го облеков оној од светителот. На спиење почувствував прекрасен мирис од него и за подобро да уживам во мирисот, јас ја вовлеков главата во хитончето, и едноставно не можев да му се наситам на тоа умиление. Иако многу често го перев овој хитон, тој постојано мирисаше со иста јачина, и сѐ така, сѐ додека не се распадна од употреба и истрошеност.

Што се однесува до наредбата што ми ја даде светителот во однос на неговите списи напишани преку виденија и пророштва, Никита вели:

- За време на својот живот на земјата, блажениот дури и неволно, и дење и ноќе пишувал тајни кои Духот Божји ги доверувал на неговиот ум. Духот Божји, кој дејствувал во него и го поттикнувал, не му давал мир, сѐ додека не го ставел на хартија она што Духот внатре во него го зборувал и творел. Тие ракописи ми ги даваше светителот, и јас ги препишував во тетратки и му ги враќав. Еднаш, јас задржав кај себе еден од неговите ракописи.

Светителот забележал и побарал објаснување од оној по кого го испратив ракописот. Тој не знаел да му објасни. Светителот му се налутил и го избркал. Кога слушнав за тоа, јас се исплашив да не помисли дека посреде има некаква измама од моја страна, и затоа му напишав писмо, му објаснив и се извинив. На тоа, тој ми одговори со следното писмо:

- Го примив твоето писменце, драго мое духовно чедо, но не го одобрувам. Како си можел да претпоставиш дека јас сум помислил дека ти си го задржал ракописот за некаква измама? Јас не знаев дека ти си го задржал ракописот, туку навистина мислев дека слугата од невнимание го изгубил по патот. Затоа му се налутив, а што се однесува до тебе, јас еднаш засекогаш изјавив дека тебе те имам како себе, и дека тебе сум ти поверил сѐ што е во мене, надевајќи се дека со тоа ти ќе ги запознаеш другите луѓе според зборовите Христови упатени кон Неговите ученици: „Она што го слушате на увото, разгласувајте го од покривите“ (Матеј 10, 27), Како тогаш сум можел да претпоставам нешто лошо за тебе? Напротив, причината што те молам моите ракописи да ги препишуваш во тетратки е тие да останат во наследство кај тебе. Но, Бог нека ти прости што си поверувал дека во мене престанала љубовта која „никогаш не престанува“ (1 Кор. 13, 8), освен ако некој своеволно не ја оддалечи од себе. Не, таа останува цела, целосна, неделива; таа радосно ги прима сите кои повторно ѝ се обраќаат и враќаат; и јас сакам, чедо мое, и ти да се соединиш со неа, за да бидеш во состојба да не мислиш зло, ниту она што постои ниту она што не постои, и така да останеш засекогаш, не соблазнувајќи се ниту за мене ниту за другите.

Ова писмо од светиот старец, јас како млад и незрел со своите седумнаесет години, не можев ни да го разберам добро; само го препишав како и сите останати што ги добивав од него. Изминаа шеснаесет години, а јас, опкружен од многу неволји и искушенија заборавив не само на писмото, туку и на неговите боговдахновени списи. Но, благодарејќи на молитвите на мојот свет отец, еден ден ме посети добрината Божја, и јас непречено се вратив во нашиот Студитски манастир, бидејќи исчезнаа сите наши непријатели. Таму се предадов на својата осаменост, покајание, солзи и умиление. Во почетокот на втората седмица од Великиот Пост се најдов во екстаза, ме промени светата десница на Вишниот, и јас имав возвишено видение. Екстазата ги измени сите мои сетила, целата моја природа, сите состојки и внатрешни случувања на моето тело; јас станав - сведок ми е Христос - како без тело, зашто телото што го носев на себе ми се чинеше лесно и како духовно. Не чувствував ни глад, ни жед, ни замор, по слободата и леснотијата кои настанаа во мене во неискажаната тишина на целата моќ на душата моја, и сите мисли на умот мој, и неизразливата стивнатост на срцето мое. Љубовта Божја излеана во мојата душа, ги вознесе на небо сите мои чувства, и јас се најдов во тивка светлина како бестелесно суштество; неизмерна милина и неискажлива радост ја исполнуваа мојата душа цели седум дена, и повеќе не ме вознемируваше никаква страст, помисла, телесна потреба; во исто време, секое чуство за овој свет беше далеку од мене, или отстрането, или исчезнато во небитие. Во таа блажена состојба, јас со преслатко умиление почнав да се сеќавам на љубовта на мојот блажен и свет отец Симеон, кој ме просвети и ме изведе на патот животен. Имав чувство дека некој тајно ме потсетува на работи коишто целосно сум ги заборавил: на побожноста на овој блажен отец, на неговите беспримерни доблести, вечното умиление, секојдневните солзи, смиреноста, благоста, нелицемерната љубов, непрестајната и чиста молитва; на неговото воздржание, пост, сеноќно бдение, трпеливоста во искушенијата, благодарноста во сите неприлики; на неговата милостина, жаловитост, долготрпеливост, благост, искреност; на неговата непоколеблива храброст, упорност за правда и вистина, трезвеност, целомудреност, праведност, православност... На сето тоа треба да се додаде и мудроста на неговите зборови, познавањето на неискажаните тајни Божји, возвишеноста на неговото богословие, смиреноумието негово, потресните виденија како светиот апостол Павле, таинствените откровенија, соѕерцавањето на безграничната божествена светлост, неговото херувимско однесување за време на светата литургија кога тој јасно гледал како Духот Свети слегува да ги осветли Даровите и него; неговите претскажувања, пророштва, проѕорливост; неговите поуки, катихези, списи, толкувања на Светото Писмо, неговите поучни и етички говори, неговите писма, неговите апологетски говори, неговите божествени химни.

Неискусен во ваквото чудесно дејствување на Светиот Дух, јас не знаев од каде ми доаѓа сето тоа, и кој ме потсетува и учи, сѐ додека благодатта Божја не рече: „Тоа е дејствување на Светиот Дух Кој слегол и те теши според зборовите на Христа Бога кон Неговите апостоли, а преку нив и на сите верни: „Утешителот, Духот Свет, Кого Отецот ќе го испрати во Мое име, Он ќе ве научи на сѐ и ќе ви напомни сѐ што сум ви зборувал“ (Јован 14, 26). Додека се случуваше тоа со мене, јас чувствував, Бог ми е сведок, како нешто одвнатре ме тера да го опишам славното доблесно живеење на мојот духовен отец, и во негова чест да составам химни, достојни на неговата голема светост. Јас долго го одлагав тоа, бидејќи порано не се бев занимавал со такво нешто, а и не бев подготвен, зашто во својата четиринаесетта година се одреков од светот и од своето школување. Но, ни дење ни ноќе немав мир од духот кој одвнатре ме поттикнуваше и ме тераше на овој потфат. Не можејќи повеќе да се спротивставам, јас се обидов, и најпрвин составив химни на канони, (песни на канони) на нашиот свет отец Теодор Студит Исповедникот. Тогаш некаква неискажлива милина ја исполни мојата душа, и јас составив погребно слово на нашиот блажен отец, великиот Симеон, химни и пофалби. При составувањето на тоа, мојата рака не можеше да стигне да ги стави на хартија сите мисли што обилно беа диктирани од мојот ум. Откако ги уредив овие состави како што самиот најдобро знаев и умеев, ги дадов на преглед и оцена кај еден човек, многу учен и во духовните и во световните науки. Тој ми рече дека тие не се понедостојни од старите химнописци. Тогаш јас отидов на гробот на мојот блажен духовен отец Симеон, и таму, во присуство на многу побожни луѓе, ја отпеав величината на неговата светост, му прочитав посмртен говор, и според своите способности му оддадов почитување во свештените песни.

Откако го извршив тоа со многу љубов и вера, една ноќ имав вакво видение. Ми се стори како некој да ме повика и ми рече:

- Брате, те вика твојот духовен отец, ајде со мене.

И јас со радост тргнав по него, зашто откако мојот духовен отец отиде кај Господа, јас сеуште не бев удостоен да го видам. Одејќи така, дојдовме до една величествена и сјајна палата; мојот водич ја отвори капијата и ми рече да влезам внатре. Во една пресветла одаја на висок и раскошен диван седеше мојот свет духовен отец, и се одмораше како преславен цар. Лицето му блескаше, а тој како да се насмевнуваше гледајќи ме. Со раката ми даде знак да му пријдам. Целиот радосен, јас потрчав, направив метанија пред него и тој ме прегрна, ме бакна во устата, и со весел и сладок глас ми рече:

- Ти ми причини голема радост, чедо мое мило.

Потоа ја зеде мојата десна рака и ја стави под своето десно бедро. Во другата рака држеше испишана хартија и, покажувајќи ми ја рече:

- Зошто си го заборавил Апостолот кој вели: „И сѐ, што си чул од мене пред многу сведоци, предај го на верни луѓе, кои се способни и други да научат“ (2 Тимотеј 2, 2)“.

При овие зборови јас се разбудив иако видението го имав на јаве, и се најдов себе си во таква радост и душевна милина и блаженство, што посакав да го симнам од себе своето тело и со гола душа да отрчам во живеалиштето на мојот свет отец, меѓу светителите од памтивека, во нематеријалното блаженство.

Јас му го раскажав ова мое видение на еден многу мудар духовен старец, и тој вака ми го протолкува:

- Со зборовите „Ти си ми причинил радост“ светителот ти оддава признание за химните и пофалните зборови што си му ги составил и покажуваат дека светителите, живеејќи во Бога, и по смртта со радост ги примаат химните и пофалните зборови. Бакнежот што ти го дал означува блискост и пријателство на светителите спрема оние кои пишуваат во нивна чест, и благодатта која што тие им ја даваат поради тоа. А пак со ставањето на твојата десна рака под неговото десно бедро, светителот мисли на заклетвата со која Авраам го заколнал неговиот најстар слуга, кога му рекол: „Стави ја твојата рака под моето бедро и заколни се пред Бога (Мојсеј 24, 2-4)“ Така и тебе, како свое духовно чедо, светителот те заколнува неговите списи напишани со помош на Светиот Дух, да ги препишеш и да ги предадеш на верните луѓе, за корист на сите што ќе ги читаат. Светителот сакал да ти го каже тоа, кога те потсетил на зборовите од светиот апостол Павле.

Тогаш јас се сетив на писмата кои одамна ми ги беше упатил светителот, и на неговите боговдахновени списи. И како што ми беше прорекол тогаш, сѐ се исполни во свое време. Сите негови списи повторно дојдоа во мои раце. Тринаесет години биле кај еден човек кој само што не ги беше продал.

Станувајќи наследник на даровите на светителот, кои му беа дарувани од Бога Духот Свет, јас сите списи ги препишував и испраќав на разни страни за корист на човечките души. Се надевам дека за тоа ќе примам награда од Бога, по молитвите на мојот блажен и свет отец.

Сега да кажеме нешто и за чудесата што ги направи светителот по својата смрт, и што непрекинато ги прави.

Еден Јеромонах бил примен во братството на манастирот на света Марина, основан од светиот отец Симеон. Тој започна да учествува во богослуженијата и да служи света литургија. Во еден агол во олтарот на црквата висеше икона на свети Симеон. Еден ден, при поглед на оваа икона, овој јеромонах го зафатија помисли од неверие, и тој почна да се сомнева во светоста на нашиот божествен отец Симеон, и си велеше во себе:

- Од каде и со какви знаци и чудеса посведочува за својата светост овој, за да можам јас да го познаам и да го признаам за светец? Каде се доказите за тоа, како што во Црквата ги има за сите светци од дамнина?

Решетан од таков сомнеж и неверие, еден ден по утрената тој остана сам во црквата, и на своја несреќа започна да ги исмева светителите. Толку ѓаволот му го помрачи умот, што тој бесрамник ѝ пријде на иконата на светителот, ја пружи раката кон неа, и со презир рече:

- Јас никогаш нема да го признаам за светец овој, ниту пак ќе го славам и ќе му се молам.

Но, само што ги изговори овие зборови, лекомисленикот почувствува како испружената рака му се исуши и остана вкочанета во таа положба, и тој не можеше ниту да ја свитка, ниту да ја спушти. Згора на тоа, го зафатија страшни болки и тој започна да лелека и да вика. Дотрчаа монасите и тој им објасни како го снајде оваа казна Божја. Браќата го сожалија, се обратија со молитва кон Бога и божествениот отец Симеон, тие да го ослободат несреќникот од оваа страшна казна. Зедоа масло од кандилото што гореше пред иконата на светителот, ја помазаа неговата исушена рака, и едвај го смилостивија Бога и светителот, та раката му беше ослободена од невидивите окови на гневот Божји.

На самиот празник на светиот отец Симеон се случи нешто слично:

Во манастирот, покрај останатиот народ дојде и познатиот пеач од царскиот манастир Космидија, монахот Игнатиј. За време на бдението, додека Игнатиј прекрасно пееше една песна составена во чест на светителот, и пеејќи погледна кон иконата на светителот, сатаната му уфрли во душата помисли на неверие во однос на блажениот отец. Сакајќи да му ја исчисти душата од тие нечисти помисли, светителот направи така што неговото лице на иконата пламна како пожар и иконата започна да се ниша. Кога го виде тоа Игнатиј, му секна гласот, и тој замолкна неспособен да проговори ниту збор. Прашан што му се случило, тој покајнички и со скрушено срце отворено раскажа сѐ за своето неверие и за чудото што го виде на иконата на светителот.

Двајца побожни мажи Јован и Филотеј се договорија, па заедво се одрекоа од светот, заедно се замонашија и доброволно стапија во подвижнички борби. Со Божја помош, тие во близина на Цариград изградија прекрасен и величествен манастир на морскиот брег. Јован, кој беше со послабо здравје, ја зеде врз себе манастирската економија, а Филотеј си изгради посебна ќелија, за во неа да се оддаде на молитвено тихувание и тешки затворнички подвизи. Пред да се затвори во својата ќелија, тој тргна да се поклони на светињите по Цариград, и да посети духовни луѓе за да се посоветува со нив за својата намера. Така го посети и познатиот Студитски манастир, за посебно да побара совет од Никита Стифат, ученикот на свети Симеон Богослов. Во разговорот со Филотеј, Никита му го раскажа животот на свети Симеон, неговите подвизи, неговите страдања, неговите дарови од Бога и многу му изнакажа за боговдахновените книги што тој ги напиша и ги остави за надѕидување ва Црквата Христова. Додека го слушаше, во душата на Филотеј се разгоре љубов спрема свети Симеон, и тој побара и доби една негова книга. Многу радосен, тој отиде да се затвори во својата ќелија. Но, пред да влезе во својот доброволен затвор, започна топло да Му се моли на Бога да му даде трпение, сила и разум, за цврсто да ги поднесе неволјите и тешкотиите на затворништвото. Една ноќ, тој слушна тропање на вратата и, кога отвори здогледа старец со прекрасен ангелски лик, кој зрачеше со обилна благодат Божја. На прашањето кој е и што бара, старецот со меден глас му одговори:

- Јас сум Симеон кој живее во манастирот на света Марина и дојдов овде за да останам со тебе.

Кога Филотеј го праша зошто му е искината мантијата, светителот одговори:

- Нечисти луѓе го направија тоа без никаква причина.

И продолжи да му зборува:

- А ти, драги Филотеј, зошто толку се грижиш за себе? Еве за што треба да се грижиш и мачиш. Добро запамети го ова: кој сака да стапи во општење со возвишените тајни, треба да се одрече од многу јадење и пиење, и навечер да пие само три чаши. А откако ќе се причести да го прави тоа со умерена трпеза.

Што сакал светителот да му каже со тоа на Филотеј? Еве што: Кога ќе стапиш во борбите на подвижништвото и молитвеното самување и тихување, треба да се очистиш себе си со воздржание, молитви и солзи, за секој ден да бидеш подготвен да ги примиш светите Тајни Христови. Со примањето на Тајните ти побожно ќе тихуваш и ќе се молиш без расеаност, и твојот ум ќе биде просветлен, со богато заедничарење со Духот Свет и соѕерцавање на сокриените тајни Божји, според напишаното: „ А нам ни го откри тоа Бог преку Својот Дух, зашто Духот испитува сѐ, па дури и длабочините Божји“ (1 Кор. 2, 10). Зборувајќи му така на Филотеј, светителот му го допре стомакот со раката, како да сакаше да му го смали. Потоа простувајќи се со него, му рече:

- Ако сакаш дојди кај нас, и ние повторно ќе го прегрнеме нашиот драг Филотеј.

Со овие зборови светителот изчезна од очите на Филотеј, и тој си дојде на себе и почувствува како целата душа му е исполнета со радост. Оттогаш воздржанието стана природно во него и тој строго го водеше својот затворнички живот во доброволна немаштија. За да ја изрази својата благодарност кон светителот за ваквата помош, тој отиде на неговиот гроб, падна ничкум на земјата, и му оддаде молитвено почитување како што му доликува на светител. Таму доби и икона од светителот, ја препиша неговата служба, та и тој секоја година го празнуваше неговиот празник.

Еднаш за време на Светата Четириесетница, ученикот на блажениот Симеон, Никита Стифат, додека ги водел вообичаените свештени борби, по промисла Божја беше нападнат од демонот на блудот. Тој беше во недоумица од каде го снајде тоа и покрај неговото свештено војување, воздржание и самоизмачување. Внимателно истражуваше од каде и поради што се вовлекле во него овие нечисти помисли, во време кога телото му беше сосем исушено од подвигот на постот и речиси целосно умртвено од прекумерното воздржание и бдение. Но, не најде никакво објаснување за тоа, па многу натажен падна со духот, и не знаеше што да прави за да се излечи од ова зло. Дотолчен, тој застануваше на молитва и топло Му се молеше на Бога и на светителот. Еден ден, по својот оскуден појадок се испружи тажен во својата подвижничка јама, и пред да заспие го виде светителот како доаѓа кон него, седна покрај неговата постела, го фати за мантијата, го повика по име, и му рече:

- Чедо мое, зарем ти не знаеш поради што се вовлекле во тебе тие нечисти помисли?

Ученикот се прибра и со страв одговори:

- Се трудам, светителу Божји, да ја откријам причината за тоа, но не успевам.

На тоа светителот му рече:

- Еве, јас дојдов да ти го откријам тоа. Чедо мое, тоа те снајде од твојата гордост и од вообразената самозадоволност на твојот разум. Смири ги своите мисли и себе си, сѐ свое мери со заповедите Христови, и искушението бргу ќе те напушти.

Светителот го рече тоа и исчезна. Штом си дојде на себе, Никита се стрча по светителот, и го праша својот прислужник:

- Го виде ли свети Симеон да излегува одовде?

Потоа Никита грижливо и внимателно го испита својот ум (разум, мисла, расудување) и откри, како што му прорече светителот, очигледна причина за неволјата што неочекувано го снајде за време на светиот Пост. Тој го смири својот дух (разум, ум, дух), не мерејќи ги повеќе своите достигнувања со ништо друго, освен со страдањата Христови и навредите што Он ги поднел, и веднаш беше ослободен од своите искушенија и тешкотии. Тогаш низ солзи и умиление му дојде и утеха од Светиот Дух. За сето тоа, Никита многу му благодареше на својот духовен отец Симеон, и неговата вера и љубов кон него уште повеќе се зголемија. Сакајќи да покаже колку Му е пријатно Нему, а и на неговиот слуга Симеон, и колку ќе биде корисно за верните боговдахновените списи на свети Симеон Богослов да се препишат, Бог со видение му го покажа тоа на Јован, ученикот на Никита. Никита преку откровение беше поттикнат од свети Симеон да ги препишува неговите боговдахновени списи, и затоа со целата своја душа се оддаде на таа работа. А неговиот ученик Јован, имаше вакво видение: Во сонот му се стори како влегува во ќелијата на својот учител Никита, како по својот обичај за духовна поука. Кога се доближи до вратата на одајата во која Никита работел во тишина, тој го здогледа својот учител како седи и многу внимателно ги препишува боговдахновените списи на светиот отец Симеон, кој исто така седеше. Левата рака ја беше потпрел на својот стап, а десната ја испружил кон Никита, и со прстот му покажува зборови од својот ракопис; притоа му зборува од срце и му ги објаснува длабочините на возвишените соѕерцанија и свештеното богословие, кое тој како древните богослови го остави во наследство на Црквата Христова, како извор кој непрекинато точи исцеленија за душите. Јован го препозна светителот иако никогаш го немаше видено за време на неговиот живот на земјата, и засенет од ангелоликиот изглед на светителот, се исплаши и не се осмели да влезе внатре. По кратко време светителот излезе, и Јован слушна како го повика по име, и му рече:

- Јоване, кажи му на мојот Никита: „Чедо мое, побрзај да завршиш со препишувањето на моите дела, па ќе ти се исполни тоа што го сакаш“.

Така Бог ги прославува оние што Него Го слават, и прави Црквата Негова да им укажува големо молитвено почитување. Затоа секоја слава чест и поклонение на нашиот Бог: Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

***

Со целата своја душа, срце, сила, ум, - целиот во Бога, свети Симеон сите свои мисли и чувства ги изведува и сведува на Бога. Затоа целиот негов живот, и секоја мисла, и секое сеќавање, и секој збор, е благовест за Бога. Затоа е удостоен да се нарече Богослов. Тој е трет во Црквата Христова по двајцата свети богослови Јован и Григориј. Неговото Евангелие е секогаш исто, секогаш чудесно, и секогаш чудотворно Христово Евангелие, кое непрестајно го пишува Духот Свет преку светите Божји луѓе, и ќе го пишува сѐ до свршетокот на светот, според пророштвото на првиот свет Богослов. Со исклучителна божествена сила се пишува тоа и преку светиот Симеон Нов Богослов. Според откровенијата и виденијата кои што ги имал од Бога, тој стои меѓу првите по светиот и во сѐ ненадминлив апостол Павле Боговидецот, и христољубениот Јован Тајновидецот. Во своето христочезниво живеење, во своето сесрдно доживување на евангелските благовештенија и блаженства Христови, тој е серафимски огнен и полетен, херувимски видовит и буден. Со благодатта на својата светост ја прозрел тајната на овој видлив свет и ја совладал тежата, тежината и целата материја негова до самото дно. Тој херувимски видовито гледа и согледува како минува обличјето на овој свет: не останува ни камен на камен, ни атом на атом, и се раѓа ново небо и нова земја каде што живее правдата и каде царува и владее Христовиот човек со благодатните подвизи негови. Неговата мисла се преобразува во богомисла, чувството во богочувство, животот во богоживот, и пред нашите очи неговата душа се претвора во сите божествени бесконечности и бескрајности, а неговата мудрост се извива во богомудрост.

Доживувајќи ја многу силно благовеста на Спасителот, свети Симеон го доживува своето спасение на најдлабок и најширок начин: го доживува како очистување, преобразување, осветување, очистување, облагодатување, охристување, обожување, и отроичување. Всушност, сето тоа и е спасение. Секој кој се спасува го доживува тоа според мерата на својот труд, вера, љубов, молитва, пост, смирение, трпение, кроткост, воздржание, и останатите евангелски доблести; а свети Симеон го доживува тоа во најголема можна мера, зашто се исклучително големи и неговиот труд, и неговата вера, љубов, молитва, пост, смирение и сите останати доблести. Што е спасението? Спасението е соединување со Спасителот со помош на светите тајни и светите доблести. Да, спасението не е ништо друго освен доживување на Спасителот со помош на светите тајни и светите доблести. Доживувајќи го Бога и Спасителот Христос како свое спасение, човекот се исполнува со Неговите божествени сили и станува „Бог по благодат“. Господ Христос е Бог по природа, а христијанинот станува „Бог по благодат“. Тоа е стожерна вистина на целокупното евангелско учење на нашиот свет отец Симеон Богослов; а тоа, всушност, е основната вистина на целокупниот богочовечки домострој на спасението Христово. Заради тоа и нашиот Господ Бог Исус Христос станал човек. Тоа е не само вистина туку севистина на Евангелието Христово, севистина која во Црквата Христова постојано живее, бесмртствува, чудотвори и векува од светите апостоли, преку светите отци, и сѐ така до Страшниот суд и сите бесконечни векови. А со тоа е осигурано бескрајно и безгранично усовршување на човечкото битие, неговиот раст „во растот Божји“, неговото развивање „во човек, совршен до полната возраст на Христовото совршенство!“ и во овој и во оној свет, зашто станува Бог, во Бога и по Бога, Кој целиот е безграничен, бесконечен и бескраен.

Овде ќе изнесеме извесен број на богомудри мисли од учењето на овој пресвет Богослов, коишто можат да им бидат од огромна корист на гладните и жедните за Христовите вистини, секогаш божествени, секогаш вечни, секогаш сепреобразувачки, сеобожувачки, секогаш сепобедни и себесмртни. Покрај тоа, сите негови мисли мирисаат на бесмртност и вечност, и доколку човек поревносно се соживува со нив, тие сѐ посилно и посилно мирисаат и душата се исполнува со милина која што ја надлетува херувимската радост...

Господ Христос се нарекува Спасител, вели свети Симеон, затоа што им овозможува спасение на сите со кои се соединува. А спасението е ослободување од сите зла и вечно наоѓање во сите блага во Него, кое наместо смрт дарува живот, наместо темнина светлина, наместо робување на страстите и срамните дела совршена слобода на сите кои се соединиле со Христос, Спасителот на сите. И тогаш, тие стекнуваат неодземлива радост, веселие и радување. Таа радост нема да ја познае, ниту сфати, ниту пак здогледа, никој од оние кои вистински и сесрдно не се прилепиле до Христос, и не се сораствориле со Него во неискажано соединение.

Бог сака да направи богови од нас луѓето. Бог тоа толку силно го сака, што единствено заради тоа слегнал на земјата и се овоплотил. Затоа, ако само посакаме, ништо нема да може да нѐ спречи во тоа, но само ако прибегнеме кон Него со пламено покајание. Доволна е само нашата добра волја, за да нѐ изведе на таква висина. Зашто таму кај што има добра волја, нема никакви препреки“.

Која е целта на овоплотувањето на Бога Логосот? Да нѐ направи заедничари со она што е Негово, откако Он прв стана заедничар со она што е наше. Синот Божји затоа стана Син Човечки, за нас луѓето да нѐ направи синови Божји, воздигнувајќи го нашиот род по благодат во она што е Он самиот по природа, раѓајќи нѐ одозгора со Духот Свет и веднаш воведувајќи нѐ во царството небесно, или подобро речено, дарувајќи ни да го имаме царството Божјо внатре во нас (спор. Лк. 17, 21).

Бог постанувајќи човек се соедини со луѓето и земајќи удел во човештвото, на сите коишто веруваат во Него и покажуваат вера со дела, им даде да земат удел во Неговото Божество, како што Он, Творецот на сѐ, зеде удел во нашата природа. Заради тоа е целиот богочовечки домострој на спасението, заради тоа е слегувањето на Синот Божји на земјата; да нѐ направи заедничари и наследници на Своето Божество и Своето царство, со помош на верата во Него и исполнувањето на заповедите Негови. Оние што строго се придржуваат до заповедите Божји ќе се удостојат да го видат Бога, според мерата на својот труд во тоа, и ќе станат богови по благодат, и синови Божји во нашиот Господ Исус Христос. Благодатта Христова ни се дава за верата во Него, во неа е спасението. Значи, никој не може да се спаси на ниеден друг начин, освен на овој: да прими божествена благодат и да се обожи со неа, односно да стане Бог по благодат“.

Божествена благодат се добива според мерата на очистувањето на срцето; и обратно, според мерата на благодатта се очистува срцето. А кога тоа ќе се случи, човекот целосно станува бог по благодат. Благодатта на Светиот Дух се чува, се држи со вршењето на заповедите Божји, и исполнувањето на заповедите се поставува како темел за добивање на благодатта Божја, та ниту е возможно благодатта на Светиот Дух да остане во нас без вршење на заповедите, ниту извршувањето на заповедите Божји е корисно без благодатта Божја".

Ако сакаш да знаеш што е својствено за Божествената природа, односно каков е Бог, што е околу Бога, што е од Бога, и што е во Бога, тогаш чуј: Бог е светлина, безгранична, несфатлива светлина; и тоа што е во Бога е светлина, соединувано со единството на природата и неразделиво деливо по Лица. Отецот е светлина, Синот е светлина, Духот Свет е светлина - трите Лица се една светлина, проста, несложена, безвремена, севечна, рамночесна, и рамнославна. И сѐ што е од Бога е светлина, зашто нам ни се дарува од светлината; имено: животот е светлина, бесмртноста - светлина: љубовта, мирот, вистината, вратата на царството небесно, самото царство небесно е светлина; рајот, милината рајска, земјата на кротките, венците на животот, самите ризи на Светиите се светлина; Исус Христос, Спасителот и Цар на сѐ е светлина; лебот на пречистото тело Негово е светлина; чашата на пречистата крв Негова е светлина; воскресението Негово е светлина, лицето Негово, рацете, очите, гласот Негов, бидејќи произлегува од светлината; благодатта на Сесветиот Дух е светлина; Утешителот е светлина. Ова и сѐ што слушаш од пророците за неискажливото и натсуштествено Божество е суштествено на еден Беспочетен Почеток, славен во единството на Троичната светлост. Зашто еден е Бог во Отецот, Синот и Светиот Дух; Он е непристапна и предвечна светлина, која има многу имиња, и се нарекува со горенаброените начини, и на уште многу други, и не само што се нарекува туку се произведува тоа во нас, како што нѐ учеа оние што со искуство го дознаа и утврдија тоа. Покрај споменатите, да ти набројам и други светлости Божји: добрината Негова, милоста, жалостивоста, целивот, благоста, утехата, и жезолот Негов и утехата се светлина. Многу од ова се зборува и за нас, но тоа за нас се зборува како за луѓе, а за Него како за Бог. Еве пример за тоа: Бог се нарекува Отец, и луѓето се нарекуваат отци; Христос се нарекува Син Божји, ние се нарекуваме синови човечки; Духот Свети се нарекува Дух Божји, а нашите души се нарекуваат духови; Бог е живот, а ние имаме живот; Бог е љубов, а љубов имаат меѓу себе и многу грешници. Што понатаму? За љубовта човечка, можеш ли да кажеш дека е Бог? Настрана од таква хула! И мирот што ние го имаме меѓу себе кога не се навредуваме и караме поради нешто, може ли да се нарече мир кој го надминува умот? Не. Зборовите човечки се минливи и празни, а зборот Божји е жив, постојан и дејствителен. Исто така и вистината Божја е над умот и над зборовите човечки, Бог неизменлив, вечен и жив. Најпосле, ниту водата што ја имаме ние не е како онаа жива вода, ниту обичниот леб што ние го јадеме не е како лебот на животот. Туку, како што рековме, сето тоа е светлина и Бог е една светлина, и кој зема удел во таа светлина, со самото тоа зема удел во сите добра што ги споменавме: станува кроток, смирен и подготвен за секое добро, зашто и тие добра заедно со другите се светлина и оној што има светлина заедно со светлината ги има и тие добра. Тогаш Бог ја поттикнува кон секое добро душата во која пребива и Он за неа станува секое добро; и таквата душа во која пребива Бог не е оскудна за никакво добро, туку се исполнува и секогаш изобилува со сите неискажани добра Божји, веселејќи се, и живеејќи заедно со небесните Сили.

Каде има длабоко смирение, таму има изобилие на солзи; а каде што го има тоа, таму е и доаѓањето на Светиот Дух; кога пак ќе дојде благодатта на обожаваниот Дух, тогаш во оној во кој што дејствува Он настанува секоја чистота и светост, и тој го гледа Бога и Бог погледнува на него, зашто Господ вели: „На кого ќе погледнам “ (Ис. 66, 2).

Човекот може да ги победи страстите, но не може целосно да ги искорени. Тој добил власт да не врши зло но, не и да не помислува на него. А пак побожноста не е само да се врши добро, туку и да не се помислува на зло. Затоа, кој помислува на зло не може да стекне чисто срце, зашто тоа се валка од нечистите помисли. Да се има чисто срце значи не само да не бидеш вознемируван од никаква страст, туку и да не помислуваш ништо лошо и во себе да го имаш само сеќавањето на Бога со незапирливата љубов. Зашто кога ништо не му пречи на неговото соѕерцание, окото на душата, умот, во чистата светлина јасно го гледа Бога.

Мили мои браќа, огромно и неизмерна е снисходливоста и човекољубието Божјо спрема луѓето. Додека се восхитувам на неискажаната добрина Божја, и треперам, јас зборам: „Потресна е чудотворната сила на заповедите Божји. Во какво чудесно расположение ги воведува оние што ги извршуваат и држат. Еднаш кога малку бев излегол од длабочините на гревовите, и малку се бев ослободив од темнината што ме покриваше, јас започнав да ги исполнувам заповедите Божји. Често притискан од моите лоши навики, јас се плашев за себе, но љубовта и желбата за доброто многу често ме упатуваа кон доброто. Сѐ што работев на почетокот беше само оддалечување од злото, но токму тоа започна да ме поттикнува да правам добро. Во тоа време голема мака ми задаваше лошата навика на сластољубието, која што се уништува со читање на Светото Писмо и навикнување на доброто. Како што наутро, кога сонцето се раѓа мракот постепено отстапува и исчезнува, така и кога доблеста започнува да сјае, таа го брка гревот како темнина и најпосле целосно го уништува. Тогаш ние стануваме добри и добродетелни во сѐ, како што порано сме биле лоши и зли. Така, со помош на малку трпение и добра волја, или подобро речено, со помош на Живиот Бог, ние се обработуваме и обновуваме себе си, откако ќе се очистиме со душата, телото и умот. Тогаш ние стануваме она за кое што порано не сме биле свесни заради нашата помраченост од страстите, и го добиваме она за кое што не сме достојни. Од тоа добив нешто и јас, најнепотребниот и ништовниот од сите. Добро е со голема благодарност да ги објавам добродетелствата што ги примив од Човекољубивиот Бог со благодатта на нашиот Искупител Исус Христос. Јас добив благодат врз благодат, добродетел врз добродетел, оган врз оган и пламен врз пламен. На моите издигнувања и напредување им беа дадени и други издигнувања и напредувања и на крајот од издигнувањето - светлина. На таа светлина друга пресветла светлина, и среде неа заблеска блескаво Сонце, од кое се појави зрак кој исполни сѐ. Беше незамисливо да се сфати тоа со умот. Во тоа време, јас само пролевав преслатки солзи и неискажливо се восхитував. Тогаш Божествениот, Првиот Ум, започна да беседи со мојот сопствен ум, и вака го поучуваше:

- Сфаќаш ли во каква чудесна состојба те вовело Моето човекољубие и Мојата сила заради твојата вера, и заради малото трпение твое кое што сведочи за љубовта твоја? Ете, ти, подложниот на смрт, стана бесмртен; ти, гнилежниот, стана негнилежен. Ете, живеејќи во светот, ти живееш со Мене. Ете, носејќи тело, ти не си допрен од телесните страсти. Ти си мал по тело, но со умот гледаш сѐ.

На тоа, јас со страв и радост, одговорив:

- Господи, кој сум јас грешниот и нечист, та си погледнал на мене, и си се спуштил до разговор со мене? И, Ти, пречистиот, невидливиот, и непристапниот за сите, пред мене се јавуваш пристапен, и сладок, и преубав во благодатта и славата која Те осветлува?

Тоа што го слушнав ми беше речено на таинствен начин, и јас одговорив некако необично. Натприродноста на соѕерцанието ме исполни со восхитување, но Неговата страотност како да ме раздели од телото. Неискажаната красота на Јавениот, го рани моето срце и ме воведе во безгранична љубов. А љубовта не ми даваше повеќе да се обзирам на она што е долу, туку јас се радував како целосно да сум се ослободил од оковите на телото, па сепак сум цел - целосен човек. Ми беше давано уверување дека ми се простени сите гревови, но сепак, јас се гледав себеси како најгрешен од сите луѓе. Не можев да не му верувам на Оној што ми зборуваше, но сепак се плашев да верувам, за да не паднам во горделивост. Често излегувам во висина на соѕерцанија, па сепак се симнувам од неа по своја волја, за да не ја заборавам мерата на човечноста и посигурно да ја сочувам смиреноста. Јас знам многу нешта што многумина не ги знаат, па сепак сум најнеук од сите. Ме радува тоа што Христос, во Кого поверував, ми подари вечно и непоколебливо царство, па сепак, како недостоен на тие богатства, јас плачам, и никогаш нема да престанам да плачам. Не смеам да ја отворам устата за да барам простување на гревовите мои, па сепак, поттикнат од љубовта, јас добивам смелост и Го молам Бога за другите браќа и - говорам по безумие - бивам услишан. Со смелост стојам пред Бога, и се молам како син, а во срцето кружи чувство како да сум туѓ и несмел. Слушам: „Добро, добар и верен слуго! Во малку ми беше верен, над многумина ќе те поставам; влези во радоста на својот господар“, а јас, навистина се чуствувам како да не сум сочувал ниту еден талант од сите дарови што ми се дадени. Ми се чини како да сум ја достигнал крајната висина на доблестите, и во исто време чувствувам дека соборен лежам во бездната на гревовите мои и тонам во очајание. И кога по самочувство бивам понизок од сите, тогаш се воздигнувам над небесата и со љубовта повторно се соединувам со Исус Христос, Богот наш во Кого се надевам, дека кога ќе го симнам од себе оваа земјено и тешко тело, ќе застанам близу до Него, и просветен од Него, појасно ќе ја познаам вечната радост и ликувањето со тамошната љубов.

Брака мои, го напишав ова, не за да стекнам слава од луѓето - да не даде Бог! - туку за да го увидете и познаете неизмерното човекољубие Божјо, колку е лесно бремето на заповедите Негови, и колку е огромно и неспоредливо поголемо дарувањето на приливот на благодатта Негова. Ова го напишав и за да ја познаете висината на смиреноста и знакот на совршената љубов. Го напишав и за да го познаете делото на снисходливоста Божја и дарот на божествената благодат Негова, односно онаа размена што Он ја направи со нас луѓето, земајќи човечка природа и за тоа давајќи ни Божество; и за да го познаете потресниот начин на обновување за нас земните суштества, и како живеат оние кои веруваат во распнатиот Христос, односно оние кои се огледаа на Неговата послушност и смиреност, и решија да тргнат од најлошото кон најдоброто, од гревот кон доблестите, од овоземното кон небесното, од телесното кон духовното, од човечкото кон божественото; и за да видите како се изменуваат оние кои оставаат сѐ од љубов спрема Богот кој нѐ уби, па сепак не се лишуваат од ништо, ниту од сегашното ниту од идното, односно како помрачените чудесно влегуваат во светлината и ѝ се приближуваат на Великата Светлина, и како тие се соединуваат со горните и се поставуваат за богови над долните, како што тоа се случило во дамнина со Мојсеј, и како тие, наоѓајќи се среде сите, ни најмалку не се валкаат себе си од општењето со нив, и правејќи им добро на ближните не поднесуваат никаква загуба во доброто, туку укажувајќи им милост на другите самите добиваат повеќе отколку што даваат, и како тие се смируваат според мерата на издигнувањето, и како се издигнуваат според мерата на смирувањето; од смиреност се лишуваат себе си од сѐ што е неопходно за живот, па сепак не оскудуваат во ништо, хранети со вечниот живот на светата љубов.

Говорејќи за неволјите и искушенијата што го снаоѓале и од видливите и од невидливите непријатели на неговото спасение, како и за неговата борба со нив, свети Симеон Нови Богослов ја опишува милоста и помошта што ја добивал од средбите со Господ Христос. Тој вели:

- Еден ден Ти ме сретна на патот, и тогаш за прв пат Ти блесна во моите слаби очи со пречистиот сјај на божествено лице Свое, и во тој час јас ја изгубив и онаа малку светлина, која, како што ми се чинеше, ја имав, не можејќи да Те познаам. И како сум можел да те видам Тебе и да познаам кој си, кога ни самиот сјај на лицето Твое не можев да го гледам и сфатам? Од тогаш Ти, Најснисходливиот, си благоволил често да доаѓаш кај мене во време кога јас стоев кај изворот; и Ти ја нурнуваше мојата глава во водата, и ми даваше појасно да ја видам светлоста на Твоето лице, па веднаш одлетуваше станувајќи невидлив, не давајќи ми да сфатам кој си Ти што го чиниш ова, од каде доаѓаш и каде заминуваш; ете, ни досега не ми даваш да го сфатам тоа. Доаѓајќи кај мене, и заминувајќи на таков начин мошне долго време, Ти ми се јавуваше малку по малку сѐ појасно, ме миеше со водите Свои сѐ повеќе и повеќе, и ми даруваше да ја видам светлината сѐ почиста и почиста, и сѐ пообилна и пообилна. Правејќи го тоа за мене долго време, најпосле Ти ме удостои да видам страшна тајна. Еднаш кога Ти дојде и ме миеше, како што ми се чинеше, со водите, и многу пати ме нурнуваше во нив, јас ВИДОВ МОЛЊИ од кои што блескав, и зраци од лицето Твое кои се мешаа со водите и, гледајќи се себеси измиен со пресветлите и блескави води, јас станав вонсебен. Како се случи тоа и од каде, и кој беше давател на тоа, не знам, само измиен, јас се радував растејќи во верата, окрилувајќи се со надежта, и излетувајќи до небото... Поминувајќи долго време така со благодатта Твоја, јас видов друга страшна тајна: Ти ме зеде, се вивна на небесата, ме вознесе и мене со Себе, само не знам дали со тело или без, тоа го знаеш единствено Ти, Кој го стори тоа. Откако поминав многу време таму восхитувајќи ѝ  се на величината на славата, јас бев надвор од себе од неизмерните висини нејзини, и целиот затреперив. Но, Ти повторно ме остави сам на земјата, на која што стоев претходно. Доаѓајќи си на себе, се најдов како плачам и се чудам на осиромашувањето свое. Кратко време по тоа, откако ме врати долу, Ти изволи горе на небесата кои се отворија да ми го покажеш лицето Свое како сонце, без обличје и вид. Но и тогаш Ти не ми даде да познаам кој си Ти...

Така, на таков начин Ти ми се јавуваше често, и не ми кажуваше ништо туку се сокриваше и повеќе не се појавуваше.

А јас, гледајќи во водите, како што гледав и претходно, молњи и блескање на лицето Твое, кои повторно ме опкружуваа и кои јас никако не можев да ги дофатам, често се сеќавав како еднаш Те видов горе, и мислејќи во своето незнаење дека тоа бил некој друг, јас повторно со солзи барав да Те видам. Кога најпосле, потиштен од огромна жалост и тага, јас потполно се заборавив самиот себе, и целиот свет околу себе, и сѐ што е во светот, не држејќи во умот ништо од сѐ што е видливо, тогаш повторно ми се јави Ти невидливиот, недопирливиот, недофатливиот. Тогаш чувствував како Ти го очистуваш мојот ум, ги отвараш повеќе очите на душата моја, и ми даваш подобро да ја видам славата Твоја. И како Самиот Ти стануваш сѐ поголем и поголем, и со блескањето се шириш сѐ повеќе и повеќе, и мене ми изгледаше дека со оддалечувањето од темнината Ти се приближуваш сѐ поблиску и поблиску - како што тоа често го доживуваме и во материјалните работи. Зашто кога месечината сјае и облаците брзаат гонети од ветрот, тогаш се чини како и месечината да патува побрзо, иако всушност, таа не патува побрзо од својот вообичаен тек. Така, о Господи, и мене ми изгледаше дека Ти неподвижниот се движиш, дека Ти неизменливиот се менуваш, дека Ти безобличниот се вообличуваш...

А кога потполно го очисти мојот ум, Ти јасно ми се јави во светлината на Духот; и додека мојот ум Те гледаше појасно и почисто, мене ми изгледаше како Ти да излегуваш од некаде, и се појавуваш пресветол, и ми даваш да ги видам цртите на безобличното обличје Твое. Тогаш Ти направи јас да излезам од овој свет; мене ми се чини и од телото мое, зашто Ти не ми даде точно да го сфатам тоа. Но, Ти сјаеше неизмерно, и како што ми се чинеше, ми се јави целиот, и добро Те видов. А кога Те прашав: „О Господи, кој си Ти?“ Тогаш Ти за прв пат ме удостои мене блудниот, да го слушнам и преслаткиот глас Твој, и толку слатко и благо разговараше со мене, што јас станав вонсебен, и се чудев, и треперев, и помислував во себе и велев:

- Каква е оваа слава и ова огромно блескање? Како и поради што се удостоив на таквите блага?

А Ти ми рече:

- Јас сум Бог Кој од љубов спрема тебе станав човек. Бидејќи ме бараше со целата своја душа, од денес ќе бидеш мој брат, и пријател и сонаследник.

Додека го слушав тоа, јас затреперив, исчезна мојата сила и само што душата не ми излезе. Откако се прибрав малку, одговорив:

- Кој сум јас, Господи, и какво добро сум сторил јас бедниот и ништожен, та ме удостојуваш на толкави блага и ме чиниш соучесник и сонаследник на славата Твоја?

Притоа сметав дека оваа слава и радост се над секој ум. А Ти, Владико мој Христе, повторно ми рече:

- Јас зборувам со тебе како пријател со пријател преку Светиот Дух, Кој заедно со мене ти зборува тебе. Ти го дарував ова, единствено за твојата добра волја, и за верата твоја, и ќе ти дадам и повеќе од тоа. Зашто ти, кого што јас гол те создадов, што друго имаш како свое сопствено освен добрата волја, или пак некогаш си имал, за јас да го примам од тебе и во замена за тоа да ти го дарувам ова? Сепак, додека потполно не се разрешиш од телото, нема да го видиш совршеното, ниту пак овде ќе можеш делосно да уживаш во него.

А кога јас на тоа реков:

- Господи, има ли нешто друго посјајно и поголемо од ова? Ќе бидам благодарен ако останам во ваква слава и по смртта.

Тогаш Ти ми одговори:

- Премногу е мала твојата душа, човече, кога ти се задоволуваш само со вакво богатство. Зашто тоа, во споредба со идното богатство се разликува од ова како што небото нацртано на хартија се разликува од вистинското небо; неспоредливо повеќе идната слава се разликува од оваа што ја гледаш сега.

Откако го рече тоа, Ти замолча и малку по малко се сокри од очите мои, сладок и прекрасен Господи мој. И јас не знам, дали јас се оддалечив од Тебе, или Ти си отиде од мене. Сепак, мене ми се стори како да дојдов од некаде и влегов во своето претходно живеалиште, и тогаш целосно се вратив во себе.

Потоа, секавајќи се на чудесноста на славата Твоја и зборовите Твои, Господи, јас плачев: плачев и кога одев, и кога јадев, и кога пиев, и кога се молев и имав неискажана радост што Те познав Тебе, Творецот на сите творенија. Та како можев да не се радувам? - Па сепак, потоа повторно наиде жалоста, жалоста што одамна не сум Те видел. Во таа силна желба повторно да Те видам, еднаш јас тргнав кон светата икона на Пресветата Мајка Твоја да ја целивам, и припаднав кон неа молејќи ѝ се, а Ти, пред да станам, се јави внатре во бедното срце мое, и го осветли. Тогаш јас дознав дека навистина Те имам во себе. Оттогаш започнав да Те љубам Тебе не само поради спомените, односно не само што се сеќавав на Тебе и на славата Твоја, туку затоа што вистински верував дека внатре во мене Те имам Тебе, Ипостасната љубов, зашто вистинската љубов навистина си Ти - Бог. Откако надежта се засади во верата, и се напои со покајание и солзи, се просвети со твојата сопствена светлина, и се вкорени и израсна доброто - тогаш дојде Ти, сјајниот уметник и творец, и со ножот на искушенијата, односно со смиреноста го одрежа вишокот на гранки од помисли кои беа израснале високо, и врз надежта, како на некое младо дрвце, ја накалеми светата љубов Твоја. Јас, гледајќи како оваа љубов расте од ден во ден, и секогаш разговара со мене, или подобро речено, додека гледав како Ти преку неа ме учиш, осветлуваш, и просветуваш, се радувам и веселам како оној што веќе ја надминал секоја вера и надеж, како што вели и светиот апостол Павле: „Како ќе се надева некој на нешто, што го гледа?“ (Рм. 8, 24). Затоа, ако јас Те имам Тебе, на што друго да се надевам уште? Ти, Господи, повторно ми рече:

- Чуј на што да се надеваш. Како што ти, кога го гледаш сонцето во водата не го гледаш самото сонце зашто тогаш гледаш доле, така разбери го и она што се случува во тебе. Затвори се себе сам, и труди се секогаш и секаде да ме гледаш Мене чисто и јасно внатре во себе, како сонцето во чистата вода. Така ти ќе се удостоиш по смртта да ме видиш Мене, како што порано ти реков.

Откако се крстивме со Сесветиот Дух, сите станавме заедничари со Божествената и неискажана природа, деца на Отецот, а браќа Христови... Ако Синот Божји навистина стана син човечки, тогаш Он несомнено и тебе те прави Син Божји во самата стварност. Значи, ако Он стана тело непровидно, тогаш секако и ние стануваме дух не мислено. Но, бидејќи Бог Логосот навистина беше тело, така Он и нас неискажливо нѐ преобразува, и вистински нѐ прави деца Божји. Неизменливиот со Божеството Логос стана човек со примањето на тело; сочувувајќи го човекот неизменлив по душа и тело, Он и мене целиот ме направи Бог. Земајќи го моето осудено тело, Он ме облече во цело Божество. Зашто со крштевањето јас се облеков во Христа, се разбира не на сетилен, туку на духовен начин. И како може да не е Бог по благодат и осиновување оној кој со чувствата, знаењето и соѕерцанието се облекол во Синот Божји? Ако Бог Логосот со знаењето, делото и соѕерцанието целосно стана човек, тогаш треба православно да расудуваме дека и јас преку заедничарењето со Бога целосно чувствено и со знаење станав Бог, секако не по суштина туку со земање удел. Зашто, како што Бог не изменувајќи се, се роди како човек во тело и беше видлив за сите, така Он и мене ме раѓа духовно на неискажан начин и иако јас останувам човек, Он ме прави Бог. Како што Него, видливиот по тело, народот не Го препозна дека е Бог, така и нас луѓето нѐ гледаат како човечки суштества, но што сме станале ние со благодатта Божја, тоа го гледаат само оние луѓе во кои е очистено окото на душата; оние пак, што не се очистиле себе, не го гледаат ниту Бога ниту нас, и не можат да поверуваат дека некогаш навистина сме станале такви... Затоа, ако сакаш да станеш Бог по благодат, не со збор, не со вообразување, не со мисла, не само со вера лишена од дела, туку со опитот, делата и умното соѕерцание, и најтајното знаење, тогаш прави го она што Христос ти го заповеда и го претрпе заради тебе. Тогаш ќе здогледаш како најблескавата светлина се појавува во потполно прочистениот воздух на душата, на нематеријален начин јасно здогледувајќи ја духовната суштина, која навистина продира низ целата душа целосно, И од душата се разлева низ целото тело, бидејќи душата како бестелесна се наоѓа низ целото тело; и ќе засјае телото твое како и душата твоја. А душата повторно, јавувајќи се со светлечка благодат ќе заблеска како Бог. Ако не ја подражаваш смиреноста, страдањата и понижувањата на Христа Господа, и не посакаш да ги претрпиш, тогаш си останал во мракот и тартарот на телото свое, на телото кое е гнилеж...

Кога зборува за дејствувањето на благодатната светлина на Светиот Дух, свети Симеон Богослов благовестува: Непристапната и сеизвршна светлина се јавува на кратко време и се сокрива, и ги брка од срцата страстите една по една. Човекот не може да ги победи страстите ако таа не му дојде на помош; но и тогаш не ги брка сите наеднаш, зашто е невозможно за телесниот човек одеднаш да го прими целиот Дух и да стане бестрастен. Но, кога човекот ќе направи сѐ што може: кога ќе го прегрне воздржанието, ќе се ослободи од страсната приврзаност кон овој свет, ќе се оддвои од своите, ќе ја отсече својата волја, ќе се одрече од светот, трпи искушенија, се моли и плаче и се смирува себеси спрема својата моќ, тогаш на кратко време како слаба и најмала светлина, опкружувајќи го ненадејно умот, го вознесува во вонсебност (во екстаза), но за да не умре, таа бргу го остава со толку голема брзина, што за човек кој ја видел не е возможно ниту да ја сфати, ниту да се сети на нејзината убавина, за тој, сеуште неискусен, да не вкуси од храната на совршените луѓе, и за миг да се распадне и да си наштети на себе, враќајќи ја. И така, од тогаш светлината раководи, окрепува и поучува; кога ни е потребна, таа се појавува и бега; се појавува не кога ние сакаме - само на совршените им се појавува по нивна желба - туку кога сме во неприлики и сосема немоќни, таа доаѓа на помош, раѓајќи се од далеку, и прави да ја почувствувам во своето срце. Запрепастен и задишан јас сакам да ја задржам. Но, наоколу сѐ е само ноќ. И јас со празни и јадни раце, заборавам сѐ, седам и плачам, не надевајќи се дека по втор пат ќе ја видам на таков начин. А кога добро ќе се исплачам и сакам да престанам, тогаш таа доаѓа и таинствено го допира моето теме, и јас се капам во солзи не знаејќи кој е; и тогаш таа силно го озарува мојот ум со слатката светлина. А кога ќе ја распознаам, веднаш одлетува, оставајќи во мене оган на божествена љубов кон неа, кој не дозволува ниту да се смееш, ниту да гледаш кон луѓето, не сакајќи ништо од видливото. Малку по малку огнот со трпение се разгорува и распламтува во голем пожар кој достига до небото. Него го гаснат одморот и грижите околу житејските работи. А да ја мразиш секоја слава, да се газиш себе како ѓубре, Он го сака тоа, и со помош на тоа нѐ учи на семоќната смиреност. Кога го правам тоа и станувам смирен, Он останува неодвоив од мене: разговара со мене, ме просветува, ме гледа, и јас го гледам. Он се наоѓа и во моето срце и на небото. Он ми го толкува Светото Писмо и го умножува знаењето во мене. Он ме учи на тајните кои јас не можам да ги изречам. Он ми покажува како ме вознел од светот, и ми наредува да бидам милостив спрема сите што се наоѓаат во светот. И така, ме опколуваат ѕидови и ме задржува телото, но јас, не се сомневам, навистина се наоѓам надвор од нив. Јас не чувствувам татнеж и не слушам гласови. Јас не се плашам од смртта, зашто ја надминав. Јас не знам што е јад, иако сите ме ожалостуваат. Сластите се горки за мене; сите страсти бегаат од мене, и постојано и дење и ноќе гледам светлина. Денот ми е ноќ, а ноќта ден. Јас и не сакам да спијам, зашто тоа е губиток за мене. А кога ќе ме опколат најразлични зла, и ми се закануваат да ме надвладеат, тогаш, ненадејно наоѓајќи се со светлината надвор од сите радости, жалости и сласти на овој свет, јас се насладувам на неискажаната и божествена радост, уживам во нејзината красота, често ја прегрнувам, целивам, обожавам, и чувствувам голема благодарност спрема оние што ми дадоа можност да го видам она што го сакав, да земам удел во неискажаната светлина, да станам светлина, и од сега да заедничарам во нејзиниот дар, и да Го стекнам Давателот на сите богатства.

Доблеста не е ништо друго освен исполнување на волјата Божја. Секое добро дело што се извршува по заповед Божја се нарекува доблест. Преку верата доаѓа благодатта Божја пред секоја друга доблест, како темел на сите доблести, а со благодатта Божја доаѓа, и останува, и дејствува секоја доблест. Доблеста која што се извршува без благодат Божја пред Бога бива пониска од секое зло, зашто таквата доблест е демонска... Добрите дела кои се без благодатта на Светиот Дух, Бог не ги смета за ништо. Зашто доброто не е добро кога не се случува на добар начин, а невозможно е да се изврши доброто на добар начин без благодатта Христова.

Боговдахновената благовест на светиот апостол Павле: „Ние го имаме Христовиот ум“, нашла свое боговдахновено објаснување во зборовите на светиот Симеон Богослов кои тој ги упатува кон Господа Христа: „Господи, кој, кога ќе те види Тебе, и се почувствува озарен со Твојата слава и Божествената светлина Твоја, не се изменил со умот, душата и срцето, и не се удостоил на друг начин да гледа и слуша? Зашто умот, нурнувајќи се во Твојата светлост, се просветлува и станува светлина, слично на славата Твоја, и се нарекува со Твојот ум. Кој се удостоил да стане таков се удостојува да го има и умот твој и да стане неразделен со Тебе. Како тогаш тој да не гледа и не слуша бестрасно? Откако тој ќе стане Бог по благодат, како воопшто ќе посака нешто материјално, нешто минливо и гнилежно, или нешто што ѝ припаѓа на празната слава? Оној, кој се издигнал над сѐ видливо и се приближил до Бога, односно самиот станал бог по благодат, како би можел да посака да бара слава или раскош од овоземното? Та за него сето тоа навистина е срам, навреда, понижување и бесчестие. За него слава, радост и богатство е Бога Троица и сѐ што е Божјо и од Бога.

Оној што ја соединил својата волја со Божествениот Дух, станал боголик; откако го примил Христа во срцето, тој станал христијанин од Христа, имајќи Го во себе вообличениот Христос, Кој е потполно недостижен и навистина непристапен за тварите воопшто.

Ние сме делови Христови, а Христос деловите наши. И раката моја и ногата моја - Христос. И раката Христова и ногата Христова - јас бедниот. Кога ја покренувам раката го покренувам Христос, зашто раката моја всушност е Он. Божеството е неделиво. Ја покренувам ногата, и гледај, таа блеска како Он. Немој да кажеш дека богохулам, туку признај го тоа и обожавај го Христос кој те направил таков. Зашто и ти, ако посакаш, ќе станеш дел Христов. На тој начин сите делови на секој од нас посебно стануваат делови Христови и Христос - деловите наши; и сите грди делови Он ќе ги направи убави, ќе ги украси со убавината и славата на своето божество и истовремено со тоа ние ќе станеме богови, секогаш соединети со Бога, не забележувајќи никаква дамка по телото наше, туку сите уподобувајќи се во сѐ на телото - Христос, а секој од нас како дел негов, навистина целиот е Христос.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ТЕОФАН СИГРИЈАН,

ИСПОВЕДНИКОТ

Христољупци, историите за животот на светиите секогаш се за восхитување и освојување на душите кои со вера ги слушаат. Описот на Житијата на Светиите распалува ревност во душата и желба за нивно подражавање. Затоа и јас, вели писателот на ова житие, се зафатив да го опишам тоа што се случи во наши дни и да ги изнесам чудесата што со сопствени очи ги видов - животот и чудесата на нашиот од Бога јавен отец Теофан.

Роден крај на преподобниот Теофан беше Цариград, а негови родители беа Исакиј и Теодотија. Исакиј беше роднина на царот Лав Исавријанин и неговиот син Копроним. Тој добиваше високи функции во царската палата и за време на царувањето на Копроним управуваше со островите на Егејското Море. Тогаш иконоборната ерес ја притискаше Црквата и побожните беа многу гонети. Исакиј заедно со својата сопруга Теодотија тајно се држеше до правоверието, и тие се удостоија да бидат родители на таков син, кој како зора требаше да заблеска во Црквата Христова. Му го дадоа името Теофан, што значи Богојавен. Срцето на детето уште од мало чезнееше за монаштво. По раѓањето на богојавеното дете Теофан, неговиот татко поживеа само три години и премина во бесконечниот живот. На умирање остави завет во кој грижата за својот тригодишен син заедно со неговата мајка, му ја довери на царот Константин Копроним, како свој роднина. Детето растеше изучувајќи го Светото Писмо. Кога имаше дванаесет години, еден сенатор кој имаше осумгодишна ќерка по име Мегала, гледајќи го убав, паметен, богат и царски сродник, сакаше својата ќерка да ја ожени со Теофан. Со тоа се согласија и царот, и мајката на Теофан, и ги заветија децата, а свадбата беше одложена до нивното полнолетство. Во меѓувреме умре царот Копроним, и на престолот дојде неговиот син Лав, по мајка нарекуван Хазар, зашто мајка му беше ќерка на хазарскиот кнез Каган, која како незнабошка се викала Хазара, а на крштението го добила името Ирина. По некое време умре и мајката на Теофан, Теодотија, која на својот син му остави огромно богатство.

Во домот на Теофан имаше еден богобојазлив и целомудрен служител по име Прандиј. Теофан многу го сакаше поради неговиот доблесен живот, и го имаше за свој близок советник. Преку честите корисни разговори со него, Теофан го засака целомудрието и размислуваше како да ја сочува девствената чистота. Со целото свое срце го сакаше монаштвото и своето огромно богатство започна да им го раздава на бедните. Кога дозна за тоа, неговиот дедо веднаш се погрижи да ја венча својата ќерка со Теофан. Додека траеше свадбата, Теофан во своето срце многу Му се молеше на Бога да му ја сочува девственоста. Кога се повлекоа во својата соба, тој на својата сопруга започна да ѝ зборува за својата тајна мисла, велејќи:

- Жено, ти знаеш дека нашиот земен живот е краток. Денот на смртта е непознат за нас и безмилосен суд ги очекува оние што често го гневат Бога, минувајќи го животот во сласти и изобилие. Иако бракот е востановен од Бога, сепак световните грижи и брачниот живот го оддалечуваат човечкиот ум од Господа. Знаеме дека за своето привремено страдање Лазар од ангели беше однесен во прегратките на Авраам, а богатиот, кој животот го помина во сласти беше фрлен во адските маки и во пламенот не можеше да добие капка вода за да го накваси јазикот свој. Кратко речено, тесен и тежок е патот што води во живот, а лесен и широк е патот што води кон пропаст. (Мт. 7, 13-14). Значи, ако во овој живот живееме безгрижно, тогаш без сомнение во оној свет ќе дочекаме вечни маки. Поинаку не може да биде. Ако се согласиш, заради твојот татко некое време ќе живееме како божем да сме во врска, но ќе бидеме како брат и сестра. Подоцна, кога Бог ќе ни даде прилика, ќе заминеме јас во машки, а ти во женски манастир. Ќе го предадеме целиот наш живот на Господа, за на оној свет да се удостоиме да бидеме заедно со светите угодници Негови.

Неговата света невеста се согласи со овие зборови, и со весело срце му одговори:

- Мили господине мој, мене не ми се туѓи евангелските зборови на нашиот Спасител: „Ако некој дојде при Мене и не го намрази татка си и мајка си, жена си и децата свои, браќата и сестрите, па дури и душата своја, тој не може да биде Мој ученик. И кој не го зема крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за мене“ (Лк. 14, 26-27; Мт. 10, 38). Ако сакаме да бидеме достојни за нашиот Спасител, да ја оставиме суетата на овој свет, да поживееме чисто и во тајно чувана девственост, додека Господ не нѐ удостои со монашки чин.

Кога ги слушна овие зборови од својата целомудрена невеста, блажениот Теофан се восхити од нејзината благоразумност и му благодареше на Бога. Тие ја поминаа ноќта во молитва, а кога пред зори заспаа, им се јави едно момче со пресветло лице, и им рече:

- Господ се согласи со вашата одлука и ме испрати да ве утврдам во таквиот живот, за цели и беспрекорни да се принесете Нему.

Кога се разбудија, тие си раскажаа еден на друг што видоа, и почувствуваа прекрасен мирис од присуството на ангелот. Восхитени, паднаа на земјата и Му благодареа на Бога.

Овие двајца светии живееја ангелски живот во молитва, пост и псалмопоенија, како две маслинки точеа елеј на милосрдие, и секој ден правеа многу милостиви дела за неволните.

По извесно време, таткото на девојката дозна за Нивниот живот и многу се разочара. Веднаш отиде и му соопшти на царот за тоа, молејќи го да го искара и посоветува неговиот зет да живее според законот на брачноста и да не го расипува имотот залудно.

Царот се налути поради тоа, го повика Теофан кај себе и бесно му се закануваше, наредувајќи му да го промени начинот на живот. Ако пак не го послуша, ќе му ги извади очите и ќе го испрати на заточение.

Наскоро потоа, Теофан доби наредба од царот поради некои народни работи да оди во Кизичкиот крај. Тоа патување го уреди неговиот дедо, за да го спречи и оттргне од вообичаените подвизи на молитвите, постот и воздржанието, и за да не го раздава имотот. На неговата сопруга ѝ беше наредено и таа да појде со него.

И тргнаа на пат по реката Риндакос потоа наречена Велика. Од едната нејзина страна се наоѓа Олимписката покраина, а од другата Сигријанската. Додека патуваа, Теофан здогледа една широка и длабока долина со прекрасна шума во неа, и тоа место многу му се допадна. Застанаа да се одморат тука, и додека сите останаа покрај брегот, Теофан тргна низ долината, застана на едно место во густата шума и започна сесрдно, низ солзи да Му се моли на Господа, говорејќи: „Господи, покажи ми го патот по кој треба да одам!“ Обземен од силна желба за пустински живот, тој размислуваше веднаш да остави сѐ, и да се сокрие во оваа пустина. Уморен од молитвата, седна да се одмори и го здогледа истиот светол ангел што го виде кога беше со својата невеста. Покажувајќи му со прстот кон таа пустина, ангелот му рече: „Ти треба да се населиш овде. Но, почекај додека да го напуштат овој свет оние што ти го попречуваат патот. Тоа ќе се случи наскоро“.

Радосен поради ова видение, свети Теофан се врати на коработ и го продолжи својот пат. Низ Сигриските Гори виде пустински манастири и испосници, и ги посети заедно со својата целомудрена сопруга. Во еден манастир пронајде еден проѕорлив старец по име Григориј. Тој живееше во местото викано Полихонија. Кога му ја кажа желбата на своето срце, старецот му го кажа истото што и ангелот. Полн со дар на предзнаење, тој му рече: „Почекај малку, добро момче, оти наскоро и царот и твојот дедо ќе ги снема од земјата, и ти ќе ја оствариш својата намера. А на неговата сопруга ѝ шепна на увото дека во свое време Теофан ќе се здобие со маченички венец.

Кога стигна во Кизик, покрај средувањето некои државни работи, Теофан често одеше во Сигријанските Гори и ги посетуваше светите отци, удостојувајќи се на нивниот благослов, молитви и поуки. Многу често одеше кај проѕорливиот старец Григориј и кај игуменот на тој манастир Христофор. Во една прилика се задржа кај пустинските отци и од горештината многу ожедне по патот. Не можејќи да најде вода, тој заедно со оние со него легна да се одмори, за да ја смири жедта. Но, кога задрема, одненадеж над неговата глава потече извор со вода, и тој стана, ги повика сите, и восхитени од неочекуваното чудо го славеа Бога. Сите се напија од таа вода, а утредента на тоа место немаше ниту трага од неа. Тоа јасно покажува дека Бог е готов на секое место да му даде сѐ што му е потребно на оној, којшто најпрвин го бара царството Божјо и правдата Негова.

Свети Теофан се задржа во Кизик сѐ додека не ги заврши сите работи со коишто го задолжи царот, па се врати во Цариград, Тогаш се исполнија зборовите на ангелот Божји и пророштвото на преподобниот Григориј: Умре царот Лав Хазар, син на Копроним и внук на Лав Исавријанин; умре и дедото на Теофан, а се зацари благоверната царица Ирина. Тогаш беа слободни и Теофан и неговата невеста. Без никаква пречка, по своја волја, тие го раздадоа целото свое богатство и имот, и Теофан ја пострижа својата невеста во еден девственички манастир на островот Принкип во Мраморното Море крај Витинија, и на тој манастир му даде доста имот за издржување. На постригот таа го доби името Ирина. Во монаштвото целосно Му угоди на Бога и многу чудеса направи, зашто од Бога доби дар на исцелување и истерување на демони. Нејзините чудеса потоа ги опиша пресветиот цариградски патријарх Методиј, фалејќи ги житијата и на двајцата.

Откако ја замонаши својата невеста, свети Теофан го раздаде остатокот од својот имот во Цариград и отиде кај проѕорливиот старец Григориј, во местото Полихонија. Таму беше замонашен и подигна манастир со златото што го понесе со себе. Поживеа долго време покрај овој старец, обучувајќи се во монашките подвизи.

По совет на старецот, потоа Теофан отиде на островот Каловимос каде што во негова сопственост имаше едно мало село, преостанато од имотот на неговиот татко. Таму основа манастир и ги повика браќата од обителта на Теодор, викан Монохерариј, и за игумен им постави добар и искусен човек.

Кога по неколку години се претстави игуменот, браќата го молеа преподобниот Теофан да им биде игумен, но тој одби, се затвори во ќелијата и препишуваше книги, зашто беше краснописец". Продавајќи ги тие книги, тој се издржуваше не само себе си, туку и другите.

Откако помина така шест години, тој повторно отиде во Сигријанската Гора. Се сети на она пусто место каде што го виде ангелот, па отиде таму и се насели во таа пустина. Тука пустината ја насели со пустиножители како град Божји, зашто многумина доаѓаа кај него и остануваа да живеат покрај него. Тогаш се јави потреба да се основа манастир. Во таа пустина една нива му припаѓаше на еден земјоделец. Преподобниот позајми злато од свои познаници, ја купи таа нива, и подигна манастир. Со Божја помош, тој го врати долгот и во обителта имаше сѐ што е потребно за браќата. Беше поставен за игумен на манастирот, и како таков, тој вредно работеше и многу се трудеше, така што неговото трудољубие им беше пример на сите.

Во тоа време беше свикан Седмиот Вселенски Собор на светите отци во Никеја, против иконоборната ерес. Тогаш царуваше благочестивата Ирина, а цариградски патријарх беше пресветиот Тарасиј (787-806 г.). На овој Собор, светите отци ја проколнаа иконоборната ерес и повторно го утврдија почитувањето на светите икони. На овој Собор беше повикан и преподобниот Теофан кој како ѕвезда блескаше меѓу светите отци, и неговото доаѓање им беше од корист на многумина. Додека многумина пристигнаа таму со убава облека, и коли, и коњи, тој дојде на едно слабо магаре и врз себе имаше ветва облека, која беше искината и со многу закрпи. Кога го видоа во вакво смирение и немаштија, сите ги обзеде умиление, зашто сите знаеја дека порано тој беше богат и угледен, и дека заради Бога толку се понижи и осиромаши.

По завршувањето на Соборот, преподобниот се врати во својата обител и ѝ ги донесе побожните догмати на правата вера, одредени на Светиот Собор. Продолжи со своите вообичаени подвизи и со својот пример ги просветуваше сите, и гласот за него се пронесе насекаде. Заради чистотата на својот живот Бог му даде дар на чудотворство, та лекуваше многу болести и истеруваше демони.

Сакајќи да му напакости, ѓаволот се појави како див вепар и го касна преподобниот за палецот од раката, додека тој спиеше. Светителот почувствува силна болка, се разбуди, и сакаше да си го скине прстот поради неподносливата болка. Но, се предомисли, зеде од мирото од животворниот Крст што го имаше кај себе, го премачка својот болен прст, и веднаш се исцели. Од тој ден, тој доби власт над ѓаволите, и со збор ги истеруваше од бесомачните луѓе.

Во една прилика преподобниот спаси 53 лица, коишто патувале со брод, а пак кога патуваше сам, бурата ја претвори во тишина.

Многубројните посетители и бедните коишто доаѓаа во манастирот, секогаш добиваа леб и храна, затоа што преподобниот направи така што брашното и храната никогаш не се трошеа. Еднаш, против светителот негодуваше манастирскиот економ поради тоа што многу храна се трошела за посетителите, а таа им недостасувала на браќата. Тогаш светителот го натера да ја измери сета храна и брашно во манастирот и виде дека ниту една од намирниците не се намалила. Браќата го прославија Бога, а економот падна на земјата и молеше за прошка.

Кога имаше педесет години, преподобниот доби тешка болест на бубрезите. Оттогаш сите останати денови од животот ги помина на болничка постела. Така, оној што со молитва ги исцелуваше болните не сакаше да се помоли на Бога за своето оздравување, туку трпеше со благодарност.

Потоа, така болен, тој требаше да страда, и исповеднички да го заврши својот живот за правоверието, според пророштвото на оној проѕорлив старец Григориј. Бидејќи се сменија неколку ромејски цареви: царот Лав Ерменин го зазеде престолот на Ромејското царство. Овој цар ја обнови иконоборната ерес и повторно ја разбранува Црквата. Го протера од престолот правоверниот патријарх Никифор, исто така и преподобниот Теодор Студит со неговите ученици, а многу други луто измачи и уби поради почитувањето на иконите.

За свети Теофан стои напишано следното:

- Кога патријархот Цариградски, свети Никифор, воден на заточение поминуваше со коработ покрај местото на Теофановата обител, со своите проѕорливи очи, преподобниот Теофан го виде тоа, и му рече на ученикот да му донесе кадилница со жар. Тогаш запали свеќи, стави темјан во кадилницата, се поклони до земја, и се однесуваше како да разговара со лице кое поминува од тука. Прашан од учениците: „Што правиш, оче?“ преподобниот одговори: „Еве, пресветиот патријарх Никифор, неправедно протеран за Православието, оди на заточение, и со кораб поминува покрај нашиот крај. Запалив свеќи и темјан за да му оддадам должна почит на патријархот. Тоа го провиде и свети Никифор, зашто наоѓајќи се на коработ, одеднаш ги преклони колената, на поклонот од светиот старец му одговори со поклон, ја крена раката и благословуваше. Еден од присутните на коработ го праша: „Кого тоа благословуваш, пресвети оче? Пред кого се поклони до земја?“ Неговата Светост одговори: „Еве, игуменот Теофан Исповедник нѐ поздрави и ни оддаде почит со запалени свеќи и темјан; и јас му возвратив на поклонот, зашто и тој како и ние наскоро ќе пострада“.

Така и се случи. Царот Лав Ерменин испрати свои луѓе кај преподобниот Теофан, сакајќи да го придобие на своја страна (околу 816 г.), со почести повикувајќи го и лукаво порачувајќи му:

- Ми претстои војна со непријателите, па ми се потребни твоите свети молитви. Затоа, свети оче, немој да одречеш да дојдеш кај мене. Иако го прозре лукавството на царот, тешко болниот преподобен Теофан тргна да пострада за правата вера. Кога стигна во Цариград, не го одведоа кај царот зашто тој се срамел од неговото чесно лице, и се плашел да не го обезличи. Царот испрати кај него угледни луѓе за да го придобијат со разни ветувања во нивното зловерие, а ако се противи, му беше дадено до знаење дека самиот ќе биде виновен за маките што ќе го снајдат.

Преку пратеникот светителот му одговори на царот:

- Мене не ми е потребно богатство на овој свет. Јас во својата младост оставив сѐ за љубовта Христова, та зарем сега ќе посакам нешто овоземно? Нема потреба царот да ми се заканува како на мало дете. Нека ме стави на какви маки сака, зашто ако е потребно јас дури и во оган ќе скокнам за Православието.

Царските пратеници го известија царот за тоа. Тој се зачуди на неговата бестрашност и му нареди на еден еретик, софист по име Јован, да оди да се препира со преподобниот. Но, пред богоглаголивата уста на светиот отец, софистот беше како нем, и поразен и посрамен се врати назад. Многу разлутен поради тоа, царот нареди преподобниот веднаш да го затворат во една мрачна куќа покрај таканаречената Елевтериска палата и да постават стража. Во тој затвор, стар и болен, преподобниот помина две години. Тука секој ден му испраќале многу злобни еретици. Тие се обидувале да го придобијат за иконоборството, час со ласкање, час со закани. Еднаш царот испрати посебно ласкава порака до светителот, за да потпише изјава за отфрлање на иконите. Светителот вака му возврати на царот:

- Ти, царе, го знаеш Оној што ти го подари царството. Ти знаеш како неопишливиот Бог сепак дозволи да биде опишан, земајќи ја на себе нашата природа и постанувајќи како нас во сѐ, освен во гревот. И, Он, со таа природа обожена во Него, мртви воскресна, слепи просвети, лепрозни очисти, и многу други чудеса направи. Со таа иста природа, Он доброволно прими смрт од завидливите Евреи и, воскреснувајќи во третиот ден со слава, се вознесе на набото и никогаш не се одвојува од Отецот. За таа човечка природа во Христа Бога ни сведочи Евангелието што ние чесно го примаме. Верувајќи во она што е напишано во него, ние веруваме во чудесните дела Христови, и самиот Христос во таа книга Го почитуваме. И кога нас не нѐ осудуваат што го прифаќаме Евангелието во кое делата Христови се опишани со зборови, зошто тогаш да нѐ осудуваат што ја прифаќаме и почитуваме историјата на тие исти евангелски зборови изобразени на иконите? Со помош на иконите и варварите полесно го запознаваат целиот живот Христов на земјата меѓу луѓето и чудесните дела Негови. Огромен број на неписмени луѓе, гледајќи ги чудесата Христови и Неговото доброволно страдање претставено на иконите, Го прославуваат Господ Кој пострада за нас. А ти, отфрлајќи ги светите икони, зарем не им позавиде на нивното спасение? На кој собор некогаш е објавено дека почитувањето на светите икони е грев и сквернавење на светињите? Зарем самиот Христос не го испрати Својот неракотворен лик врз убрусот на едескиот кнез Авгар, заради негово исцеление? Зарем свети апостол Лука не ни остави со бои изработена икона на Пресвета Богородица? Свети Василиј Велики, истражувачот на неискажаните тајни, вели: „Почитувањето што им се укажува на иконите преминува на оригиналот“. Со својата златна уста и свети Јован Златоуст вели: „Јас сакам и од восок направена света икона“. Исто така и свети Кирил изјавува: „Гледајќи го изобразението на страдањето Христово на иконите, често без солзи не можев да поминам покрај тие икони...“. Кога првите Шест Вселенски Собори, пред Седмиот, не забранија да се почитуваат светите икони, ниту да се отфрлат, сметаш ли дека ти си помудар од нив? Царе, твое е да војуваш против иноплемениците. Црковните догмати и закони треба да ги разгледуваат светите Отци, а не царевите“.

Кога го прочита писмото на преподобниот, царот се разбесни и веднаш испрати еден суров дворјанин да ја разори и целосно да ја изгори неговата обител, а сите негови ученици немилосрдно да ги растера. Втор дворјанин испрати кај преподобниот во оној мрачен затвор. Кога дојде, дворјанинот го соблече светиот старец чие тело беше многу изнемоштено од многуте постови, трудови и болести, и започна немилосрдно да го тепа со воловски жили. Потоа повторно го фрли во оној ист затвор и замина. Утредента, по наредба на царот пак дојде тој ист бездушник, го извади преподобномаченикот од затворот и започна да го тепа немилосрдно како претходниот ден.

Потоа царот го испрати светиот на заточение на островот Самотрак, а тој со своите проѕорливи очи го предвиде тоа порано. Кога дојде таму, преподобен Теофан поживеа уште дваесет и три дена и премина во небесната татковина, украсен со венецот на исповедничкото страдање. Неговото чесно тело беше погребано таму во дрвен сандак. Преподобен Теофан се упокои во 817 година.

Бог го прослави Својот угодник и по неговото претставување. На чесните мошти негови им подари целебна сила, така што многу болни добиваа исцеленија кога ќе се допреа до чесната рака негова.

Кога беше убиен злочестивиот цар Лав Ерменин (820 г.), расеаните ученици на свети Теофан повторно се вратија во Сигријанската Гора. Тие го обновија запалениот манастир, ги пренесоа светите мошти на преподобниот од островот Самотрак во својата обител, и чесно ги положија во црквата.

Од нив безбројни чудеса се случуваат во слава на Христа Бога, со Отецот и Светиот Дух славен за навек, амин.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ГРИГОРИЈ ДВОЕСЛОВ, папата Римски

Папата Римски свети Григориј Двоеслов или Собеседник, наречен така поради своите прекрасни беседи, е роден во Рим околу 540 година, од татко Гордијан и мајка блажена Силвија, и двајцата од висок сенаторски род, угледни и богати. Во овој род имаше богоугодни и свети личности: блажениот римски папа Феликс III му беше дедо; потоа света Тарсила, која на умирање видела како ѝ доаѓа Господ Исус и блажена Емилијана, која заедно со Тарсила се удостои на вечен живот, му беа тетки; а и неговата мајка Силвија е вброена во светиите во Римската црква. Таквиот свет род уште повеќе го украси со својата светост блажениот Григориј, кој уште од младоста се навикна на добродетели и богоугодување.

Уште од мал ја сакаше книгата и стана прекрасен философ и паметен човек, полн со знаења и разбирање, поради што беше избран за претор. Но неговата душа не се стремеше кон световното туку кон духовното, и тој сакаше да стане монах. Бидејќи му беа живи родителите го одложуваше своето замонашување, но живееше чист монашки девствен живот. Кога се преtстави неговиот татко, Григориј започна да го раздава имотот на сиромашните и да гради свети манастири. Во Сицилија изгради шест манастири и ги снабди со сѐ што е потребно за нив, а во Рим, својот дом го претвори во манастир во чест на светиот Апостол Андреј, кој се наоѓал во близина на црквата на светите Петар и Павле крај ридот викан Сквара. Се замонаши во тој манастир, оставајќи ја златоткајната световна облека и се облече во костретна монашка риза. Во монашкиот живот го раководеа искусните старци Иларион и Максимијан. Потоа, по долго  време тој стана игумен на таа обител.

Неговата блажена мајка Силвија тогаш живееше близу вратата на свети апостол Павле. Таа и дење и ноќе Му служеше на Господа со пост и молитва, живеејќи на прагот на домот Господен. Се хранеше со свежо градинарско зелје, а од него секојдневно му испракаше и на својот син Григориј. Беше многу милостива кон неволните и бедните и најпосле им го раздаде целиот свој имот. И нејзиниот син Григориј беше толку милостив, и сѐ што имаше го даваше на првиот просјак. Еднаш, додека седеше во својата ќелија и по својот обичај пишуваше книга, кај него дојде еден сиромав (тоа беше ангел Божји), и му рече:

- Смилувај се на мене слуго на севишниот Бог! Јас сум морепловец и преживеав бродолом, при што го изгубив не само тоа што јас го имав, туку и туѓото.

Сиромавољубецот и вистински слуга Христов се сожали на овој човек, го повика својот келијник и му нареди да му даде шест златника. Сиромавиот ги зеде златниците и си отиде. Но, по кратко време, во истиот ден кај блажениот повторно дојде истиот сиромав, говорејќи:

- Смилувај се на мене слуго Божји, зашто јас многу изгубив, а ти малку ми даде!

Блажениот повторно го повика келијникот и му даде уште шест златника. Сиромавиот пак си замина, но дојде и по трет пат лелекајќи:

- Смилувај се на мене, оче, па дај ми уште малку милостина!

Блажениот му рече на келијникот:

- Оди, брате, и дај му уште шест златника.

Но, братот одговори:

- Верувај ми, чесен оче, ниту еден златник не ни остана во келијата.

Блажениот праша:

- Немаш ли нешто друго да му дадеш? Облека или некој сад?

Братот одговори:

- Има само една сребрена чинија во којашто твојата мајка ти испрати расквасена леќа.

Угодникот Божји му рече:

- Оди, брате, и дај му ја таа чинија на сиромавиот, за да не си замине од нас тажен, оти бара утеха во својата неволја. Сиромавиот ја зеде чинијата и си замина весел. И, повеќе не дојде јавно како сиромав да проси милостина, туку невидливо беше тука, покрај блажениот Григориј, го чуваше и му помагаше. Ангелот Господов беше поставен кај светителот со силата на чудесната благодат, со која потоа свети Григориј се прослави зашто во неговата обител се случуваа многу чудеса.

По неколку години (околу 579 г.) римскиот епископ Пелагиј II (578-590 г.), го зеде Григориј од манастирот, го ракоположи за ѓакон и го испрати кај својот апокрисар во Цариград. Таму тој помина околу шест години, живеејќи во еден тамошен манастир. Тука го научи грчкиот јазик и црковните обичаи. Потоа се врати во Рим.

По смртта на римскиот папа Пелагиј, на негово место едногласно беше избран игуменот на манастирот на светиот Андреј, свети Григориј. Но, тој го одбегнуваше таквиот висок чин и почитта од луѓето, и затоа побегна од градот и се криеше низ пустите места. Го бараа насекаде, но не можеа да го најдат, и со тага, сесрдно го молеа Бога да им открие каде се наоѓа слугата Негов. И, во една пуста гора, на местото каде што се криеше свети Григориј, се појави огнен столб висок од земјата до небото. Го најдоа таму, го поведоа кон градот, и без негова волја беше поставен за папа Римски, за време на царувањето на Маврикиј.

Неговото милосрдие беше неискажливо. Тој изгради многу гостоприемници и сиропиталишта не само во Рим, туку и на други места. Свети Григориј го испрати ава Пров во Ерусалим со многу злато, за таму да изгради гостоприемница. На Синајската Гора, за време на целиот свој живот испраќаше прилози за издржување на монасите. Имаше список на сите сиромаси и болни во Рим, и секој ден ги хранеше. Многу пати на својата трпеза ставаше сиромаси и странци и самиот им служеше. Еднаш му нареди на еден брат да повика дванаесет странци на трпезата за да ручаат со него. Кога седнаа, светиот папа виде дека на трпезата се тринаесет. Го повика братот и тивко му рече:

- Нели ти реков да повикаш дванаесет? Зошто си повикал тринаесет?

Исплашен, монахот му одговори:

- Верувај ми, пречесен владико, тие се дванаесет.

Тринаесеттиот не го гледаше никој, освен папата. За време на ручекот, папата често погледнуваше кон тринаесеттиот кој седеше на крајот од софрата, и виде како неговото лице се менува. Час изгледаше сед и стар, час како младо момче. Кога станаа од трпезата, светиот папа Григориј ги отпушти сите, а го задржа тринаесеттиот. Го фати за раката, го одведе во својата соба и му рече:

- Те заколнувам во големата сила на Бога Седржителот, кажи ми кој си и како се викаш?

А тој му одговори:

- Зошто ме прашуваш за име? Тоа е чудно. Но знај, јас сум оној сиромашен морепловец, кој три пати дојде кај тебе во манастирот на свети Андреј, кога ти седеше во својата ќелија и пишуваше. Од тој ден, кога ти со љубов ми даде сѐ што имаше, Господ те означи да бидеш епископ на светата Црква Негова, за Која Он ја проли својата крв, и наследник на светите апостоли Петар и Павле, чии доблести ги подражаваш.

Блажениот Григориј го праша:

- Од каде знаеш дека оттогаш Господ ме означи да станам папа?

Тој одговори:

- Знам, затоа што јас сум ангел на Господа Седржителот. Тогаш Господ ме испрати мене, за да те испита дали од славољубие или од човекољубие правиш милостина.

Кога го слушна тоа, блажениот многу се изненади зашто дотогаш немаше видено ангел, кој дури му се обраќа како обичен човек. А ангелот му рече на светителот:

- Не плаши се. Бог ме испрати да бидам со тебе преку целиот твој живот и Твоите молитви да ги принесувам на Бога, за од Него да добиеш сѐ што бараш со надеж.

Тогаш светиот папа падна на земјата и му се поклони на Господа, говорејќи:

- Кога поради малиот ништовен дар на сиромавиот, Господ ми возвраќа со толку добра, па ме направи и епископ на светата Црква Своја, дури и ангел Свој ми одреде да ме чува, со колку ли добра ќе им возврати на оние што живеат според Неговите заповеди и творат правдина?

Ангелот стана невидлив, а светителот му благодареше на својот Господ, и постојано од сѐ срце им правеше добрини на луѓето и ја твореше Божјата волја.

Еден ден како по обичај служејќи странци на трпезата, според својата смиреност тој сакаше на еден од нив да му ги полие рацете. И додека се сврте да земе вода, оној, на кого што сакаше да му полие вода, исчезна. Внимателно го побара но не го најде, и тоа многу го зачуди. Следната ноќ му се јави Господ во сонот, велејќи:

- Останатите денови ги гостеше моите делови, односно сиромасите, а вчера ме прими Мене самиот.

За смиреноста на свети Григориј сведочи и патријархот Ерусалимски свети Софрониј, во својата книга Лимонар. Таму тој пишува:

Во една прилика го посетивме ава Јован Персиец. Тој ни раскажа за големиот и блажен папа Римски Григориј, говорејќи: „Еднаш посакав да се поклонам на гробовите на светите врховни апостоли Петар и Павле и отидов во Рим. Среде градот се пронесе глас дека папата ќе помине оттука. И јас останав, чекајќи да го видам. Кога наиде кон мене, јас сакав да му се поклонам. Но тој, брака мои, Бог ми е сведок, падна на земјата пред мене, ми се поклони, и не стана сѐ додека не виде дека јас прв сум станал. Ме прегрна, ми даде три златника и нареди да ми се даде сѐ што ми е потребно. А јас го прославив Бога, Кој му даде таква смиреност, љубов, и милосрдие кон сите.

Не треба да го премолчиме ни страшното чудо со пречистите Тајни Христови што се случи по молитвите на овој голем архиереј Божји. Една угледна жена во Рим, донесе просфори за света литургија, а самиот папа чинодејствуваше. Кога му даваше Причест на народот, пристапи и таа жена да се причести со Светите Тајни. Но, кога слушна како светиот папа говори: „Животворното тело на нашиот Господ Исус Христос се дава на...“, таа се насмеа. Папата ја повлече својата рака и ја праша зошто се смее. Жената одговори:

- Ме чуди, владико, како лебот што јас со свои раце го измесив, ти го нарекуваш тело Христово .

Гледајќи го нејзиното неверие, светителот се помоли на Бога и веднаш изгледот на лебот се измени во вид на вистински човек и жената пред себе гледаше крваво човечко месо. И не само таа жена, туку и сите присутни во црквата го видоа тоа. И го славеа Бога утврдени во верата дека во Пречистите Тајни во вид на леб е вистинското тело Христово, а во вид на вино е вистинската крв Христова. Кога светителот повторно се помоли на Бога, човечкиот изглед повторно се претвори во леб. Тогаш жената се причести со страв и цврста вера, примајќи го лебот како тело, а виното како крв Христова.

Ова големо светило на светот, светиот Григориј, ја украси Црквата Христова не само со своето рамноангелско житие и прекрасните чудеса, туку и со многуте книги, многу потребни на православната вера. Додека пишувал, Духот Свети во вид на гулаб летал над него. Тоа многу пати го видел неговиот доблесен архиѓакон Петар, со кој свети Григориј водел разговори кои сочинуваат четири многу корисни и поучни книги; во нив се наоѓаат кратки Житија на светители кои богоугодно живееле во Италија.

Свети Григориј ја пасеше црквата Божја тринаесет години, шест месеци, и десет дена и се претстави кај Господа, во 604 година.

СПОМЕН НА ДЕВЕТТЕ СВЕТИ МАЧЕНИЦИ

Овие свети маченици пострадаа за Христа изгорени во оган.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ И ПРАВЕДЕН ФИНЕС

Светиот праведен Финес е внук на старозаветниот првосвештеник Арон; бил свештеник, па потоа првосвештеник. Праведен и правдољубив, го одбегнувал злото и постапувал според законот Божји. Со тоа го одвратил гневот Божји од синовите Израилеви, а за себе стекнал свето наследство од Бога.

„Финес, синот на Елеазара, син на свештеникот Арон, кога го виде тоа стана среде општеството и зеде во раката копје, и излезе по Израилецот во блудилиштето и ги прободе и обајцата; Израилецот и жената во утробата нејзина; и престана поморот на синовите Израилеви. А умрени од поморот беа дваесет и четири илјади. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: “Финес, синот на Елеазара, син на свештеникот Арон, ја одврати јароста моја од синовите Израилеви, покажувајќи меѓу нив ревност за Мене, и јас не ги истребив синовите Израилеви во ревноста своја. Така кажете им: ете, Јас му давам мирен завет; и тој ќе биде за него и за потомството негово по него завет на вечно свештенство, затоа што покажа ревност за својот Бог и Го омилостиви за синовите Израилеви..." (4 Мојс. 25, 1-18).