26. Март (13. Март)
ПРЕНОС НА МОШТИТЕ НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ НИКИФОР,
патријархот Цариградски
Големиот архиереј Божји, патријархот цариградски, свети Никифор, бил протеран од престолот заради побожното почитување на светите икони од страна на злобниот цар Лав Ерменин, на островот Проконисос. На тој остров имаше манастир што го беше изградил самиот Никифор во чест на светиот маченик Теодор. Тука исповедникот на верата помина тринаесет години во голема оскудност и отиде кај Господа во 828 година. Беше погребан во својот манастир, покрај свети Теодор. Откако изумреа сите цареви иконоборци: Лав Ерменин, Михаил Валвос, и неговиот син Теофил, на царскиот престол седна благочестивата царица Теодора со својот мал син Михаил. Исто така од земјата ги снема и псевдопатријарсите: Теодор Каситер, Теодор Спатарокандилат, Антониј Касимат и Јован Аниј, по занимање магионичар. Овој последниот, како неканонски бил исфрлен од престолот од страна на верниците и повторно бил вратен канонскиот патријарх свети Методиј. Тогаш, во 846 година, и чесните мошти на свети Никофор беа пренесени од Проконисос во Цариград, откако пресветиот патријарх Методиј ја советуваше побожната царица Теодора. Тој ѝ велеше:
- Не е добро најдобриот меѓу патријарсите, свети Никифор, кој поради правоверието е протеран од престолот, и по смртта да остане во прогонство. Неговото свето тело треба да се врати на неговиот престол. Нема да го избегнеме гревот ако го оставиме во заточение. Уште ли ќе трпиме да бидеме лишени од присуството на нашиот отец, кој нѐ воспита во божествените закони во Православието. И овој престолен град, најубав под сонцето, чезнее за светите мошти на својот свет водач и пастир, спремен побожно да ги чува. Повторно нека се израдува Црквата, со добрината на пастирољубивата царица нека го прегрне телото на женикот свој, упокоен во Господа. О, благочестива царице, народот успокоен во Православието со тебе, многу чезнее макар со духот да го слушне гласот на својот пастир. Штом ќе ја види сенката негова како жив ќе го прими и ќе го чува како најскапоцено богатство.
Христољубивата царица се согласи со предлогот на пресветиот патријарх Методиј, и рече:
- Тоа ќе биде од голема духовна корист и за нашите души и за нашето име, славно во последно време.
Не двоумејќи се, патријархот заедно со свештеници и монаси отиде на островот Проконис, следен од многу народ. Кога стигна во манастирот на светиот маченик Теодор, го отвори гробот на светиот Никифор, и сите го видоа неговото чесно тело. По деветнаесет години тоа беше целосно, без никакви знаци на гнилежност, и од себе испушташе прекрасен мирис. Откако отслужи сеноќно бдение и божествена литургија, свети Методиј влезе во гробот, ги прегрна чесните мошти на свети Никифор и како на жив му зборуваше:
- Преблажени, ти се уподоби на свети Јован Златоуст, зашто слични подвизи си зел на себе и слични маки си поднел. Исто како и тој, и ти си доживеал неправедно прогонство поради бестрашното изобличување на беззаконието. И еве, веќе триесет години се наоѓаш во заточение, најпрвин како жив, а потоа како мртов. Дозволи ни сега нам, синовите твои, да те вратиме меѓу своите, и народот кој те сака со радост да те прими и сега како некогаш. Безбожниот цар, кој незаконски те избрка ја доби заслужената казна, а сега побожните цареви тебе мртвиот, како жив те предаваат на твојата Црква. Погледни и види ги насобраните чеда твои, кои дојдоа од секаде, очекувајќи го твоето враќање. Градот твој нека ги добие твоите свети Мошти, тој најскапоцен дар, та украсен со него да се велича и слави повеќе отколку со царската круна!
Откако го рече тоа, пресветиот патријарх Методиј ги подигна од земјата светите мошти, ги положи во нов кивот, па со останатите свештеници ги крена на своите рамења и со псалмопоенија ги внесе во коработ. Кога стигнаа во Цариград, благочестивата царица со нејзиниот син, и целиот сенат, свештенството и народот, со свеќи, кадилници и пеење, радосни излегоа на пристаништето да ги пречекаат чесните мошти на својот патријарх, свети Никифор. Чесните мошти ги однесоа најпрво во црквата Света Софија, од која што некогаш беше протеран. Ова враќање на светите мошти се случи на тринаесетти март, односно во истиот ден кога беше избркан. Истиот ден навечер, соборно беше отслужено сеноќно бдение во црквата Света Софија над чесните мошти на светителот. Утредента ги однесоа во црквата на светите Апостоли и таму чесно ги положија. Беше востановено овде да се врши главното празнување во чест и спомен на исповедникот Христов свети Никифор, а во слава на нашиот Господ Бог, славен со Отецот и Светиот Дух во вечни векови, амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ПУПЛИЈ,
епископот Атински
Овој свештеномаченик беше приемник во епископијата на славниот Дионисиј Еаропагит во Атина. Како епископ бил мачен од неверниците и обезглавен во вториот век. За кратковремените маки наследи вечен живот.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ХРИСТИНА ПЕРСИЈАНКА
Заради непоколебливото исповедање на верата Христова била луто мачена. Толку ја камшикувале што ја испуштила својата душа од страшните маки. Нејзината душа се раздели од измаченото тело и се всели во вечната радост на Господа Христа, во четвртиот век.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АФРИКАН, ПУПЛИЈ и ТЕРЕНТИЈ
Пострадале за Господа во третиот век. Нивниот собор се врши во храмот на Светите Петар и Павле.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АЛЕКСАНДАР
Свети Александар сјаеше како сјајна ѕвезда во темнината на незнабожечката заблуда. Проповедајќи ја христијанската вера, тој ги изобличуваше безумните идолопоклоници. Не можејќи да ја поднесат смелоста и храброста на светителот, тие се трудеа да го придобијат со разни ласкања. Откако не успеаја во тоа, со меч му ја отсекоа главата. Но, Бог го награди со дарот на исцелување: неговите свети мошти ги исцелуваа од болестите сите оние што со вера пристапуваа. Светиот маченик Александар живеел и пострадал во градот Пидна, за време на царот Максимијан Галериј.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АВИВА
Светиот маченик Авива е од Ермупол. Пострадал за верата во Христа, фрлен во една река со камен околу вратот.